Vtora Timotej

1 2 3 4

Glava 1

1:1 Павле, апостол на Исус Христос по волјата Божја, според ветувањето на животот, животот во Христос Исус,

1:2 до Тимотеј, возљубеното чедо. Бла­годат, милост и мир од Бог Отецот и од Христос Исус, нашиот Господ!

1:3 Му благодарам на Бога, Кому уште од прародителите Му служам со чиста совест, додека постојано те споменувам во молитвите свои дење и ноќе;

1:4 сеќавајќи се за твоите солзи, копне­ам да те видам, за да се исполнам со ра­дост,

1:5 спомнувајќи си за нелицемерната ве­ра кај тебе, која најпрвин се всели во твојата баба Лоида и во мајка ти Евни­ка, а убеден сум дека ја има и во тебе.

1:6 Поради тоа ти напомнувам да ја распалуваш Божјата дарба, која ја имаш во себе преку полагањето на моите раце.

1:7 Зашто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и разбраност.

1:8 И така, не срамувај се од сведо­че­ње­то за нашиот Господ Исус Христос, ни­ту од мене, затвореникот за Него, туку стани соучесник во страдањата за Евангелието Христово по силата на Бо­га,

1:9 Кој нѐ спаси и нѐ повика кон свето звање, не поради нашите дела, туку по Својата добра волја и благодатта, што ни е дадена во Христос Исус пред вечни времиња,

1:10 а откриена сега со јавувањето на нашиот Спасител Исус Христос, Кој ја уништи смртта и го осветли животот и нераспадливоста преку Евангелието,

1:11 за кое сум поставен како проповедник, апостол и учител на незнабошците.

1:12 Затоа и го трпам тоа; но не се срамувам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Тој е моќен мојот залог да го запази за оној ден.

1:13 Имај ги, како пример, здравите збо­рови што си ги чул од мене, со вера и љубов во Христос Исус!

1:14 Запази го добриот залог преку Све­тиот Дух, Кој живее во нас!

1:15 Го знаеш тоа дека мене ме напуш­тија сите во Азија, меѓу кои и Фигел и Ермоген.

1:16 Господ нека му даде милост на до­мот на Онисифор, зашто многупати ме успокои и не се посрами од моите око­ви.

1:17 А, кога дојде во Рим, грижливо ме побара и ме најде.

1:18 Господ нека му даде да најде милост во Него во оној ден! А колку служеше тој во Ефес, ти тоа најдобро го знаеш.

Glava 2

2:1 Чедо мое, зајакнувај во благодатта што ти е дадена од Христос Исус,

2:2 и сѐ што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе кои се способни и други да научат.

2:3 Па така, поднесувај ги страдањата како добар војник на Исус Христос.

2:4 Зашто никој кој служи како војник не се вплетува во работите на секојднев­ниот живот, за да му угоди на својот војсководач.

2:5 А, ако пак, некој се натпреварува, нема да добие венец доколку не се борел според правилата.

2:6 Земјоделецот што се труди прв тре­ба да вкуси од плодот.

2:7 Размисли што ти зборувам и Господ ќе ти даде да разбереш сѐ!

2:8 Спомнувај си Го Господ Исус Хрис­тос од Давидовото семе, Кој воскресна од мртвите, според моето Евангелие,

2:9 поради кое страдам дури до окови, како злосторник. Но словото Божјо не може да се стави во окови.

2:10 Затоа сѐ трпам заради избраните, за да добијат и тие спасение во Христос Исус со вечна слава.

2:11 Верни се зборовите: Ако со Него сме умреле, со Него и ќе живееме.

2:12 Ако истраеме, со Него и ќе царува­ме. А ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас.

2:13 Ако не сме верни, Тој останува ве­рен, бидејќи Сам Себе не може да се одрече.

2:14 Ова напомнувај го заколнувајќи се пред Господ за да не се препираат, зашто препирките ништо не помагаат, а само им штетат на оние што слушаат.

2:15 Погрижи се пред Бога да се до­ка­жеш како работник кој нема од што да се срами кога верно го проповеда словото на вистината.

2:16 А од непристојни и празни зборови бегај, зашто тие ги водат луѓето уште повеќе кон безбожност.

2:17 И словото нивно ќе се пренесува како жива рана. Такви се Именеј и Фи­лит,

2:18 кои застранија од вистината, гово­рејќи дека воскресението веќе се збиднало, и со тоа им попречуваат во верата на некои.

2:19 Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: „Ги познава Господ оние кои се Негови“ и „Да отстапи од неправда секој што го изговара името Господово!“

2:20 Во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени и глине­ни; и едните се за почесна употреба, а другите за нечесна.

2:21 И така, ако некој се очисти од тоа, тој ќе биде сад за почест, осветен, прис­пособен за употреба на господарот и приготвен за секое добро дело.

2:22 Одбегнувај ги, исто така, и мла­деш­ките копнежи, и стреми се кон праведноста, верата, љубовта, мирот со оние што Го повикуваат Господ од чисто срце!

2:23 Глупави и празни расправии избегнувај, знај дека тие породуваат кавги!

2:24 А слугата Господов не треба да вле­гува во расправии; туку да биде кроток кон сите, способен да поучува и да поднесува зло,

2:25 со кротост да ги превоспитува про­тив­ниците за да би можел Бог да им да­де покајание, за да ја познаат вистината,

2:26 и да се ослободат од мрежата на ѓа­волот кој ги уловил живи за да ја исполнуваат неговата волја.

Glava 3

3:1 Но ова знај го: во последните де­н­ови ќе настанат тешки времиња.

3:2 Зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непокорни кон родителите, неблагодарни, неправедни, безбожници,

3:3 непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци,

3:4 предавници, пребрзи, надуени, по­веќе сластољубиви отколку богољубиви,

3:5 на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив бегај!

3:6 Кон нив припаѓаат и оние што се завлекуваат по куќите и измамуваат жени што се претоварени со гревови и обземени од разни похоти,

3:7 жени, кои секогаш се учат и никогаш не можат да дојдат до спознание на вистината.

3:8 Па, како што Јаниј и Јамвриј му се противеа на Мојсеј, така и тие ѝ се противат на вистината, бидејќи се луѓе со изопачен ум, отпаднати од верата.

3:9 Но нема да успеат повеќе, зашто безумието нивно ќе им стане јасно на сите, како што се случи и со оние двајца.

3:10 Ти го следеше моето учење, поведение, целта, верата на мојата великодушност, љубовта, трпеливоста,

3:11 на моите прогони и страдања, што ми се случија во Антиохија, и во Ико­ни­ја, и во Листра, какви прогони претрпев; и од сѐ Господ ме избави.

3:12 А и сите, што сакаат да живеат по­божно во Христос Исус ќе бидат го­не­ти.

3:13 А лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото, како заблудувачи и заблудени.

3:14 Но ти остани во тоа што си го нау­чил и што ти е поверено, знаејќи од ко­го си го научил,

3:15 бидејќи уште од малечок ги познаваш Светите Писанија, што можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христос Исус.

3:16 Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за казнување, поправање и поучување во праведност,

3:17 за да биде Божјиот човек усовршен и совршено подготвен за секое добро дело.

Glava 4

4:1 И така, те заколнувам пред Бога и нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе им суди на живите и мртвите, кога ќе дојде Тој и Неговото царство:

4:2 проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука.

4:3 Зашто ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но, водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот;

4:4 тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се свртат кон бајки.

4:5 Но ти во сѐ биди трезвен, претрпи зло, направи дело достојно на благовестител, службата своја исполнувај ја добро!

4:6 Зашто јас веќе се изливам како жрт­ва леаница, а времето за моето заминување настапи.

4:7 Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив.

4:8 Понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото појавување.

4:9 Погрижи се да дојдеш кај мене ско­ро!

4:10 Зашто Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниот свет, и отиде во Солун; Крискент – во Галатија, Тит – во Далмација. Само Лука е со мене.

4:11 Земи го Марко и доведи го со себе, зашто ми е нужен во службата!

4:12 А Тихик го пратив во Ефес.

4:13 Кога ќе дојдеш, донеси ја наметката што ја оставив во Троада, кај Карп и книгите, а особено пергаментите.

4:14 Ковачот Александар ми направи големо зло. Ќе му врати Господ според делата негови!

4:15 Од него пази се и ти, бидејќи тој не­обично многу се воспротиви на нашите зборови!

4:16 При мојата прва одбрана никого не­маше кај мене: сите ме оставија. Нека не им се прими за грев!

4:17 Но Господ беше со мене и ме зак­репна, та преку мене да се утврди Бла­говестието и да чујат сите незнабошци; и јас се избавив од устата на лавот.

4:18 Господ ќе ме избави од секакво ло­шо дело и ќе ме запази за Своето небес­но царство. Нему слава во вечни векови. Амин!

4:19 Поздрави ги Прискила и Акила, и Онисифоровиот дом.

4:20 Ераст остана во Коринт. А Трофим го оставив болен во Милит.

4:21 Побрзај да дојдеш пред зимата! Те поздравуваат Евул, Пуд, Лин, Клавдија и сите браќа.

4:22 Господ Исус Христос нека е со тво­ј­от дух! Благодат на сите вас! Амин!