Vtora Solunjanite

1 2 3

Glava 1

1:1 Павле, Силван и Тимотеј до црк­вата на Солуњаните во Бог Отецот наш и Господ Исус Христос:

1:2 благодат вам и мир од Бог Отецот наш и Господ Исус Христос!

1:3 Должни сме секогаш да Му благода­риме на Бога за вас, браќа, онака како што прилега, затоа што верата ваша не­обично многу расте, и заемната љубов кај сите вас изобилува,

1:4 така што ние самите се фалиме со вас во Божјите цркви за вашето трпение и вера и покрај сите прогони и ма­ки, што ги поднесувате:

1:5 тоа е доказ за праведниот Божји суд дека вие ќе се удостоите со царството Божјо за кое страдате.

1:6 Бидејќи справедливо е пред Бога да им ги врати маките ваши на оние што ве мачеа,

1:7 а вам, на мачените, да ви возврати спокојство заедно со нас, кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила,

1:8 во распламнат оган да им се одмаздува на оние кои не Го познаваат Бога, кои не го послушаа Евангелието на на­шиот Господ Исус Христос.

1:9 Тие со вечна погибел ќе бидат каз­не­ти далеку од лицето на Господ и од сла­вата на Неговата моќ,

1:10 кога ќе дојде Тој за да биде прос­ла­вен во оној ден сред Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што по­ве­руваа, а исто така и вие, бидејќи со вера го примивте нашето сведоштво.

1:11 Затоа и се молиме секогаш за вас да ве удостои нашиот Бог за звањето и да ја исполни со сила секоја желба за добрина и секое дело на верата,

1:12 та да се прослави во вас името на нашиот Господ Исус Христос, и вие во Него по благодатта на нашиот Бог и на Господ Исус Христос.

Glava 2

2:1 А што се однесува до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и нашето собирање кај Него, ве молам, браќа,

2:2 да не се поколебате лесно во мисли­те свои и да ве обзема ужас, било поради некој дух, било поради некој збор, или преку послание, небаре како од нас испратено, дека божем веќе настапил Христовиот ден.

2:3 Никој да не ве измами на ниеден начин; зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта,

2:4 кој се противи и се превознесува над сѐ што се нарекува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, претставувајќи се себе самиот како Бог.

2:5 Не помните ли дека уште кога бев кај вас ви зборував за тоа?

2:6 Сега знаете што го задржа него да се открие во свое време.

2:7 Тајната на беззаконието веќе деј­ствува, само тоа нема да биде извршено додека не се оттргне оној што ја задр­жу­ва сега;

2:8 тогаш ќе се открие и беззаконикот, кого што Господ (Исус) ќе го убие со здивот на устата Своја и преку појавата на Своето доаѓање ќе го истреби.

2:9 Доаѓањето на тој беззаконик ќе биде по дејство на сатаната, со секаква сила и знаци и лажни чудеса,

2:10 и со секакво неправедно измамува­ње меѓу оние кои загинуваат, затоа што не ја примиле љубовта на вистината та да би се спасиле.

2:11 И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата,

2:12 та да бидат осудени сите кои не по­веруваа во вистината, а ја засакаа не­правдата.

2:13 Ние, пак, сме должни да Му благодариме на Бога за вас секогаш, воз­љу­бе­ни од Господ браќа, затоа што од по­че­токот, преку осветувањето од Светиот Дух и преку верата во вистината, Бог ве избра за спасение,

2:14 кон кое ве повика преку нашето Евангелие за да ја придобиете славата на нашиот Господ Исус Христос.

2:15 И така, браќа, стојте и држете ги преданијата што ги научивте било пре­ку нашето слово, било преку нашето послание.

2:16 А сам Господ наш, Исус Христос, и Бог и Отец наш, Кој нѐ возљуби и преку благодатта Своја ни даде вечна утеха и добра надеж,

2:17 нека ги утеши срцата ваши и да ве утврди во секое слово и добро дело!

Glava 3

3:1 Потоа, браќа, молете Му се на Бога за нас, та словото Господово да се распространува и да се слави на секое место, како и меѓу вас,

3:2 и да се избавиме од жестоки и злобни луѓе, бидејќи немаат сите вера.

3:3 Но верен е Господ Кој ќе ве утврди и запази од лукавиот.

3:4 Ние сме уверени за вас во Господ де­ка го вршите и дека ќе го вршите она што ви го заповедаме.

3:5 А Господ нека ги насочи срцата ва­ши право кон љубовта Божја и трпението Христово!

3:6 Ви заповедам, браќа, исто така во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат кој живее не­уредно, а не според преданието што го добивте од нас!

3:7 Сами знаете како треба да се угледате на нас, бидејќи ние не живеевме неуредно кај вас,

3:8 ниту, пак, кај некого јадевме леб да­рум, туку работевме со труд и мака де­ње и ноќе за да не му додеваме на никого од вас.

3:9 И не поради тоа што немавме власт, туку за да бидеме пример, та да се угледате на нас.

3:10 Зашто, кога бевме меѓу вас ви го за­поведавме ова – кој не сака да работи, тој нека и не јаде.

3:11 Но слушаме дека некои од вас жи­веат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи;

3:12 на таквите им заповедаме и ги мо­лиме во нашиот Господ Исус Христос да работат тивко и да си го јадат својот леб.

3:13 А вам, браќа, да не ви здодејува да правите добро.

3:14 Ако некој не ги послуша нашите зборови од ова послание, обележете го и не дружете се со него, за да се посрами;

3:15 но не сметајте го за непријател, ту­ку поучувајте го како брат.

3:16 А Сам Господ на мирот нека ви да­де мир секогаш и во секое дело! Господ нека е со сите вас!

3:17 Своерачен поздрав од мене, Павле; тоа е белег во секое послание; јас пи­шу­вам така.

3:18 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин.