Vtora Petrova

1 2 3

Glava 1

1:1 Симон Петар, слуга и апостол на Исус Христос, до оние на кои преку правдата на нашиот Бог и Спасител Исус Христос им се падна еднаква вера како и нам.

1:2 Благодатта и мирот со познавањето на Бог и Христос Исус, нашиот Господ, да ви се умножат.

1:3 Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сѐ што е потребно за животот и побожноста, а преку познанието на Оној Кој нѐ повика со Својата слава и совршенство,

1:4 преку кои ни се дарувани многу го­леми и драгоцени ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа ако се оддалечите од гнилежот на овој свет;

1:5 затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење,

1:6 кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпението побожност,

1:7 кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста љубов.

1:8 Зашто, ако овие доблести ги има во вас и се умножуваат, тие нема да ве ос­тават празни, ниту бесплодни во позна­нието на нашиот Господ Исус Христос.

1:9 А кој ги нема овие доблести, тој е слеп, кусоглед и заборава дека се очис­тил од поранешните гревови.

1:10 Браќа, затоа уште повеќе насто­ју­вај­те да го зајакнете вашиот позив и из­бор, зашто, ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите,

1:11 бидејќи по таков начин ќе ви се овозможи слободен влез во вечното царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

1:12 Поради тоа секогаш ќе се трудам да ви ги напоменувам овие работи, иако ги знаете, и утврдени сте во сегашната вистина.

1:13 А и право е, додека сум во ова тело, да ве потсетувам,

1:14 бидејќи знам дека наскоро ќе го ос­тавам моето тело, како што Господ наш, Исус Христос, ми откри.

1:15 А ќе се погрижам на ова да се потсетувате секогаш и по мојата смрт.

1:16 Зашто ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени приказни, туку самите бевме очевидци на Него­во­то величие.

1:17 Зашто Тој прими чест и слава од Бог Отецот, кога од Велелепната Слава Му дојде ваков глас: „Овој е Мојот воз­љубен Син, со Кого се исполнува Мојата добра волја.“

1:18 И тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме со Него на светата гора.

1:19 А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што нему му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца.

1:20 Знајте го прво тоа дека ниедно про­рош­тво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот.

1:21 Зашто никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале поттикнати од Светиот Дух.

Glava 2

2:1 А во народот имаше и лажни проро­ци, како што и меѓу вас ќе има лажни учители, кои ќе внесат погубни ереси и, откако се одречат од Господ, Кој ги откупил, ќе навлечат врз себеси брза погибел.

2:2 И мнозина ќе појдат по нивните не­чистотии, и поради нив патот на вистината ќе биде похулен.

2:3 И, побудувајќи ве од користољу­би­вост, ќе ве привлекуваат со ласкави збо­рови; но нивното осудување е одамна готово, и нивната погибел не дреме.

2:4 Зашто Бог, кога не ги поштеди анге­лите што згрешија, туку ги фрли во пеколот со вериги на мракот, ги предаде да бидат држани до судот;

2:5 и кога не го поштеди првиот свет, туку, кога нанесе потоп врз безбожниот свет, го запази само осумчленото семејство на Ное, проповедникот на правдата;

2:6 и градовите Содом и Гомора ги осу­ди на разурнување и ги претвори во пе­пел, оставајќи ги како пример на ид­ни­те безбожници,

2:7 а го избави праведниот Лот, кого го осрамотија беззакониците со нечистиот живот.

2:8 Зашто, кога живееше праведникот меѓу нив, гледајќи ги и слушајќи ги беззаконските дела, тој секојдневно ја из­мачуваше својата праведна душа;

2:9 значи Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, а непра­ведните да ги држи во маки за судниот ден;

2:10 а најмногу оние што се управуваат според телото во неговите гнасни по­хоти, кои ја презираат власта, дрски се, горди и не се плашат да хулат на власта,

2:11 но дури ни ангелите, кои се пос­наж­ни и посилни од нив, не изговараат за нив хула пред Господ.

2:12 А тие, како неразумни животни, созданија по инстинкт се фаќаат и се уништуваат, хулејќи го она што не го разбираат, во својата погибел ќе загинат,

2:13 добивајќи казна за вршење неправда. Тие секојдневниот живот во раскош го сметаат за уживање; тие се срам и грев, насладувајќи се со своите измами, додека јадат со вас;

2:14 имаат очи полни со прељубодејство и ненаситни се на грев, ги мамат не­ут­вр­дените души; имаат срце привикнато на лакомство: тие се чеда на проклетството!

2:15 Откако го оставија вистинскиот пат и се заблудија, тргнаа по стапките на Восоровиот син Валаам, кој засака плата за вршење неправда,

2:16 но беше изобличен за своето беззаконие: неразумното животно проговори со човечки глас и го запре безумството на пророкот.

2:17 Тие се безводни извори, облаци и магли од бура разнесувани; за нив е ре­зер­виран мракот на темнината засекогаш.

2:18 Зашто, говорејќи празни зборови, ги мамат на телесни похоти и не­чис­то­тија оние кои тукушто се оттргнале од тие што живеат во заблуда.

2:19 Им ветуваат слобода кога тие са­ми­те се робови на развратот, зашто кога некој некого победува, тој и го поробува.

2:20 Зашто, ако ги избегнале световните скверности преку познанието на Господ и Спасителот наш Исус Христос, и пак се плеткаат во нив и бидуваат победени, тогаш за такви последното ќе им биде полошо од првото!

2:21 За нив би било подобро да не го беа познале патот на правдата отколку, откако го познаа, да отстапат од светата заповед која им е предадена.

2:22 Ним им се случува според вистинската поговорка: „Песот се враќа на својата блујавица“ и „Искапената свиња – во калта.“

Glava 3

3:1 Еве, возљубени, како веќе ви го пишувам второто послание во кое со напомнување ви го разбудувам ваши­от чист разум

3:2 за да се потсетите на зборовите, по­рано кажани од светите пророци, и на заповедта од Господ и Спасителот, дадени преку вашите апостоли.

3:3 Најнапред знајте го тоа дека во пос­ледните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе се подбиваат и ќе живеат според своите похоти.

3:4 Ќе велат: „Каде е ветувањето на Не­говото доаѓање? Зашто, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така како од создавањето на светот.“

3:5 Тие намерно забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода со силата на Божјото слово,

3:6 преку кое, тогашниот свет загина, потопен од вода.

3:7 А сегашните небеса и земјата, па­зе­ни од истото слово, се чуваат за оган во денот на судот и погибелта на нечес­ти­вите луѓе.

3:8 Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господ еден ден е како илјада години, а илјада години – како еден ден.

3:9 Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат.

3:10 И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори.

3:11 И така, бидејќи сето тоа ќе се разруши, каков треба да ви биде вашиот свет живот и побожноста ваша,

3:12 додека го очекувате и посакувате скорото доаѓање на Божјиот ден, во кој небесата ќе се разрушат и основите во оган ќе се стопат?

3:13 Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правда.

3:14 Затоа, возљубени, додека го очекувате тоа, погрижете се пред Него да излезете спокојни, неосквернети и непорочни;

3:15 и долготрпеливоста на вашиот Господ сметајте ја како спасение – како што ви напиша и возљубениот наш брат Павле, според дадената му мудрост;

3:16 како што зборува за тоа и во сите свои посланија, во кои има некои работи тешки за разбирање, што неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел.

3:17 А вие, возљубени, знаејќи го ова од­напред, пазете се од измамата на беззакониците за да не бидете одведени со нив, и да не отпаднете од својата утврденост,

3:18 туку да напредувате во благодатта и во познанието на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Нему слава и сега и за вечни времиња. Амин!