Sofonija

1 2 3

Glava 1

1:1 Словото Господово упатено до Софонија, синот на Кушиј, син Гедалиев, син Амариев, син Езекиин, во деновите на Јошија, син Амонов, цар јудејски.

1:2 Сѐ ќе истребам од земјата, вели Господ;

1:3 ќе ги збришам луѓето и животните, ќе ги истребам птиците небески и ри­бите морски и ќе направам да паднат безбожниците; ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата, вели Господ.

1:4 И ќе ја протегнам раката Своја врз Јудеја и врз сите жители на Ерусалим; ќе ги истребам од тоа место остатоците на Ваал, името на служителите негови со свештениците негови,

1:5 и оние, кои на покривите се поклонуваат на небесната војска, и од поклониците оние што се колнат во Гос­под, но се колнат и во својот цар,

1:6 како и оние, што отстапија од Гос­под, не Го бараат Господа ниту прашу­ваат за Него.

1:7 Замолкни пред лицето на Господ Бог, зашто близу е денот Господов. Ве­ќе го приготви Господ жртвеното кла­ње, ги определи и гостите свои.

1:8 Во денот на жртвата Господова, Јас ќе ги казнам кнезовите, синовите на царот и сите, што се облекуваат во об­леки на туѓинци;

1:9 ќе ги казнам во оној ден сите, кои го прескокнуваат прагот, што го исполнуваат домот на својот Господ со насил­ство и измама.

1:10 И во тој ден, вели Господ, ќе има вик кај Рибните Порти и ридање во новиот дел на градот, а и големо уривање на ридови.

1:11 Плачете жители на Махтеш, зашто загинаа сите трговци; истребени се сите што мерат сребро.

1:12 А во тоа време Јас ќе го прегледам Ерусалим со светило и ќе ги казнам оние, кои седат на своите остатоци и велат во срцето свое: „Господ не прави ни добро ни лошо“;

1:13 пак ќе станат богатствата нивни пљачка и куќите нивни ќе се запустат; иако градеа куќи, тие нема да живеат во нив; садеа лоза, но вино нема да пијат од неа.

1:14 Близу е денот велик на Господ, бли­зу е – и брзо доаѓа. Горчлив е гласот на денот Господов, ќе завика тогаш дури и најхрабриот.

1:15 Тој ден е ден на гнев, ден на жалост и на мачнотија, ден за запустување и уривање, ден на темнина и на мрак, ден облачен и маглив,

1:16 ден на труба и на боен повик против утврдените градови и високите кули.

1:17 И Јас ќе ги притеснам луѓето, и тие ќе се тетерават како слепи, зашто згрешија против Господ, и растурена ќе биде крвта нивна како прав, и телата нивни како смет.

1:18 Ни среброто нивно, ниту златото нивно не ќе може да ги спаси во денот на гневот Господов, а од огнот на рев­носта Негова ќе биде уништена целата земја, и тоа ќе биде ненадеен крај на сите жители нејзини.

Glava 2

2:1 Соберете се, соберете се, народи бесрамни,

2:2 додека не бидете одвеани како пле­ва, додека уште не е дојден врз вас пламнатиот гнев Господов, додека не настапил денот на јароста Господова.

2:3 Побарајте Го Господа, сите скромни на земјата, вие што ги извршувате законите Негови; побарајте ја правдата, побарајте ја понизноста; можеби ќе бидете заштитени во денот на гневот Господов.

2:4 Зашто Газа ќе биде напуштена и Ашкелон ќе запусти, Ашдод ќе биде изгонет среде ден, а Екрон ќе се искорени.

2:5 Тешко им на жителите од приморскиот крај, на народот од Крит! Словото Господово е против вас, Ха­нанци, земјо филистејска! Јас ќе те истребам, и во тебе нема да има жи­тели,

2:6 па ќе стане приморскиот крај ливада, овчарско пасиште и ограда за добиток.

2:7 И тој крај ќе му припадне на остатокот од домот Јудин, и ќе пасат таму и во куќите на Ашкелон вечерта ќе ја поминуваат, зашто Господ, нивниот Бог, ќе ги посети и ќе им ја измени судбината.

2:8 Го чув хулењето од Моав и навре­дите од синовите Амонови, како се подигруваат со Мојот народ и како се шират во пределите негови.

2:9 Но жив сум Јас, вели Господ Саваот, Бог Израелов: Моав ќе биде како Содом, и синовите на Амон ќе бидат ка­ко Гомора, земја на коприви, соларник, пустина за навек; остатокот од Мојот народ ќе ги плени, и оние што ќе оста­нат од Мојот народ, ќе ги наследи.

2:10 Тоа ќе им биде цената за гордоста нивна, зашто се подигруваа и се ширеа над народот на Господ Саваот.

2:11 Страшен ќе биде за нив Господ: Тој ќе ги истреби сите земни богови, и Нему ќе Му се поклонат – сите од своите места, сите острови на народите.

2:12 И вие, Етиопјани, ќе бидете пора­зени од Мојот меч.

2:13 Потоа Господ ќе ја протегне раката Своја на север, ќе го уништи Ашур, а Ниневија ќе ја претвори во урнатина, во место суво како пустина,

2:14 и стада ќе лежат по неа и секаков вид животни: буф и еж ќе ноќеваат врз столбовите, утки и гаврани ќе гракаат по праговите, зашто нивните кедарски градби ќе запустат.

2:15 Тој ли е прочуениот град, кој жи­вееше безгрижно и во срцето свое си велеше: „Јас сум и нема друг освен мене!?“ И еве, ќе стане урнатина, легло за ѕверови! И секој што ќе помине покрај него, ќе потсвирне и ќе мавне со раката.

Glava 3

3:1 Тешко на непокорен, осквернет и насилнички град!

3:2 Не слуша повик, не прифаќа поука, не се надева на Господ, не се приближу­ва до својот Бог.

3:3 Кнезовите негови се како лавови што рикаат, судиите негови – вечерни волци, кои до утрината не оставаат ниту една коска.

3:4 Пророците негови се луѓе лесномислени, неверни; свештениците негови ја осквернуваат светињата, ги кршат законите.

3:5 Господ е праведен среде него, не врши неправда, секое утро го произнесува Својот суд на видело, но беззаконикот не знае за срам.

3:6 Јас ги истребив народите – разруше­ни им се тврдините; ги опустив улиците нивни, така што никој не оди по нив; разорени се градовите нивни: нема ниту еден човек, нема жител.

3:7 Јас реков: „Можеби ќе се исплаши од Мене, ќе прими поука; не е можно да ги заборавиле бројните Мои походи.“ Но, не! Тие грижливо се трудеа да ги расипат сите свои дела.

3:8 И така, чекајте Ме, вели Господ, до оној ден, кога ќе се кренам како судија; што Јас одлучив да ги соберам народите, да ги свикам царствата, за да го излијам врз нив Мојот гнев, сета јарост на Мојот гнев; зашто од огнот на јароста Моја ќе биде уништена целата земја.

3:9 Тогаш Јас пак ќе им дадам на чистите народи уста да го призовуваат името на Господ и да Му служат еднодушно.

3:10 Од краиштата отаде реките на Етиопија поклониците Мои – Моите растурени деца – ќе Ми принесат да­рови.

3:11 Во тој ден ти нема да се срамуваш за твоите бунтовни постапки, со кои грешеше против Мене, зашто тогаш Јас ќе ги отстранам од твојата средина горделивите фалбаџии и нема повеќе да се гордеат на Мојата света гора.

3:12 Но ќе оставам среде тебе народ скромен и понизен, и тие ќе бараат за­крила во името Господово.

3:13 Остатоците од Израел нема да вр­шат неправда, нема да зборуваат лага, и во устата нивна нема да се најде јазик сплеткарски. Тогаш ќе пасат и ќе лежат, и никој нема да ги вознемирува.

3:14 Радувај се, ќерко Сионова, ликувај, Израеле, весели се и радувај се од сѐ срце, ќерко ерусалимска:

3:15 Господ ја одмени пресудата над тебе, го изгони непријателот твој. Гос­под, Царот Израелов, е среде тебе: нема повеќе да се плашиш од зло.

3:16 Во оној ден ќе му речат на Еруса­лим: „Не бој се“ и на Сион: „Да не за­слабнат рацете твои.“

3:17 Господ, твојот Бог, е среде тебе. Тој е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе те обнови според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни,

3:18 како на празничен ден. Ќе ја от­странам неволјата од тебе, за да не го носиш повеќе срамот.

3:19 Ете, Јас ќе ги притеснам сите твои мачители во она време, ќе го спасам она што е куцо, ќе ги соберам расеаните и ќе им дадам чест и слава по целата зем­ја, каде што беа под срам.

3:20 Во она време ќе ве доведам, во она време ќе ве соберам вас, зашто ќе ве направам прочуени и почитувани меѓу сите народи на земјата, кога ќе ја изменам вашата судбина пред очите ваши, вели Господ.