Rimjanite
Glava 1
1:1 Павле, слуга на Исус Христос, повикан за апостол, издвоен за Евангелието Божјо,
1:2 кое Бог однапред го беше ветил преку пророците, во Светите Писма,
1:3 за Својот Син, по тело роден од семето Давидово,
1:4 одреден како Син Божји во силата, по Духот на светоста, преку воскресението од мртвите, Исус Христос, нашиот Господ.
1:5 Преку Него добивме благодат и апостолство за да ги приведеме на послушност кон верата меѓу сите народи во Негово име,
1:6 меѓу кои сте и вие, повиканите од Исус Христос.
1:7 До сите вас во Рим, возљубени од Бога и повикани да бидете свети: благодат и мир од Бог Отецот наш и Господ Исус Христос.
1:8 Пред сѐ, Му благодарам на Мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, зашто за вашата вера се разгласува по целиот свет;
1:9 Бог, Кому Му служам со својот дух, преку Евангелието на Неговиот Син, сведок ми е дека постојано си спомнувам за вас
1:10 секогаш кога во молитвите свои се молам, та со Божја волја некако да ми се даде да дојдам кај вас.
1:11 Зашто копнеам да ве видам, па да ви предадам некој духовен дар за да станете поцврсти,
1:12 односно, взаемно да си помогнеме преку заедничката вера – вашата и мојата.
1:13 Би сакал да знаете, браќа, дека многупати бев на мисла да дојдам кај вас, да имам некаков плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи, но сѐ досега бев попречуван.
1:14 Должник сум кон Елините и варварите, кон мудрите и кон неразумните.
1:15 Затоа, што се однесува до мене, подготвен сум и вам во Рим да ви го проповедам Евангелието.
1:16 Зашто јас не се срамам од Евангелието на Христос, бидејќи тоа е сила Божја која го спасува секого што верува, прво Јудеец, а потоа и Елин.
1:17 Бидејќи во него се открива правдата Божја, од верата и во верата, како што е напишано: „Праведникот преку верата ќе живее.“
1:18 Зашто гневот Божји се открива од небото против секоја безбожност и неправда на луѓето кои вистината ја спречуваат со неправда.
1:19 Па така, она, кое може да се знае за Бога, ним им е откриено, бидејќи Бог тоа им го открил.
1:20 И навистина, она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божественост, согледливи се уште од создавањето на светот, гледано според Неговите дела, па така тие немаат изговор.
1:21 Зашто, кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи;
1:22 тврдејќи дека се мудри, тие обезумија,
1:23 и славата на непропадливиот Бог ја заменија со лик на смртен човек, на птици, на четириножни животни и на лазачи.
1:24 Затоа и Бог, според желбите на срцата нивни, ги предаде на нечистота, па сами да си ги обесчестуваат своите тела.
1:25 Тие ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на создаденото повеќе отколку на Создателот, Кој е благословен во вечни векови. Амин!
1:26 Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни.
1:27 И мажите исто така, напуштајќи го природното општење со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи ја заслужената отплата за својата изопаченост.
1:28 И бидејќи не се обидоа да Го задржат Бога во разумот свој, затоа Бог ги предаде на нивниот изопачен ум – да го прават она што не прилега,
1:29 исполнети со секаква неправда, лукавство, алчност, злоба; полни со завист, убиства, кавги, измами, злонамерност;
1:30 озборувачи, клеветници, богомрасци, насилници, фалбаџии, горделивци, измислувачи на зло, непослушни кон родителите,
1:31 неразумни, неверни, недружељубиви, непомирливи, немилостиви.
1:32 Тие, иако ја познаваат праведната одредба Божја дека оние, што вршат такви дела, заслужуваат смрт, сепак не само што ги вршат, туку се благонаклонети и кон оние што ги вршат.
Glava 2
2:1 И така, немаш изговор, о човеку, кој и да си ти, зашто со каков суд судиш друг, со таков се осудуваш сам, бидејќи ти, кој судиш, го правиш истото.
2:2 А знаеме дека Божјиот суд, кој, паѓа врз оние кои вршат такви работи е според вистината.
2:3 Зар мислиш, о човеку, дека ќе го избегнеш Божјиот суд ти, кој ги осудуваш оние што прават такви работи, какви што правиш и сам?
2:4 Или, пак, го презираш богатството на Божјата благост, стрпливост и долготрпеливост, не разбирајќи дека Божјата благост те води кон покајување?
2:5 Но, поради твојата тврдокорност и непокајаното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога,
2:6 Кој секому ќе му даде според неговите дела:
2:7 живот вечен на оние кои со трпение во добрите дела се стремат кон слава, чест и нераспадливост;
2:8 јарост, пак, и гнев на оние што ѝ се непокорни на вистината, а ѝ се покоруваат на неправдата.
2:9 Неволја и мака за секоја човечка душа која прави зло, пред сѐ за Јудеец, а исто така и за Елин;
2:10 слава и чест и мир на секој што прави добро, пред сѐ за Јудеец, а исто така и за Елин!
2:11 Зашто Бог не е пристрасен.
2:12 Оние што згрешиле без Закон, без Закон ќе загинат; а оние што згрешиле под Закон, според Законот ќе бидат и судени,
2:13 бидејќи пред Бога не се праведни оние што го слушаат Законот, туку ќе се сметаат за праведни само оние што постапуваат според Законот.
2:14 Зашто секогаш кога незнабошците, кои немаат Закон, природно ги извршуваат одредбите на Законот, тогаш тие, иако немаат Закон, се Закон на самите себе;
2:15 тие докажуваат дека делото на Законот е запишано во нивните срца, за што сведочи и нивната совест, а и нивните внатрешни размислувања, со кои меѓусебно се обвинуваат или одбрануваат,
2:16 за оној ден, кога, според моето Евангелие, Бог преку Исус Христос ќе ги суди тајните на луѓето.
2:17 Ете, ти се нарекуваш Јудеец, и се потпираш на Законот, и со Бога се фалиш,
2:18 и ја знаеш волјата Негова, и повеќе разбираш што е подобро, зашто се поучуваш од Законот,
2:19 и уверен си дека си водач на слепци, а светлина на оние што се во мрак;
2:20 наставник на неразумни, учител на младината, зашто образец на знаењето и вистината имаш во Законот.
2:21 Но, како е можно тоа да учиш други, а себе самиот да не се учиш?
2:22 Ти, кој проповедаш да не се краде, а крадеш; кој велиш да не се врши прељуба, а прељубодејствуваш; ти, кој се гнасиш од идолите, а крадеш од храмовите;
2:23 ти, кој се фалиш со Законот, а престапувајќи го Законот, зарем не Го срамотиш Бога?
2:24 „Зашто поради вас името Божјо се хули меѓу незнабошците“, – така стои напишано.
2:25 Обрезанието е навистина полезно, но ако го извршуваш Законот. Ако, пак, правиш престапи против Законот, обрезанието твое станува необрезание.
2:26 И така, ако необрезаниот ги пази одредбите на Законот, тогаш нема ли неговото необрезание да се смета како обрезание?
2:27 И необрезаниот по тело, извршувајќи го Законот, нема ли да те осуди тебе, кој и покрај Писмо и обрезание си станал престапник на Законот?
2:28 Зашто не е прав Јудеец оној, кој е таков по надворешност, ниту право обрезание она, кое е надворешно, врз телото,
2:29 туку оној, кој е внатрешно таков, и она обрезание, што е во срцето, по дух, а не по буква. Неговата пофалба не потекнува од луѓето, туку од Бога.
Glava 3
3:1 Која е предноста на Јудејците, или која е ползата од обрезанието?
3:2 Голема, на секој начин, и пред сѐ што ним им се доверени Божјите објавувања.
3:3 Па што, ако некои не поверувале? Дали нивната безверност ќе ја уништи Божјата верност?
3:4 Никако! Нека се признае дека Бог е вистинит, а секој човек лажлив, како што е напишано: „За да се покаже дека си праведен во зборовите Свои, и да победиш кога ќе ти се суди.“
3:5 Ако, пак, нашата неправедност ја истакнува Божјата праведност, што би можеле да речеме тогаш? Дали е Бог несправедлив, кога се гневи? Говорам како човек.
3:6 Никако! Зашто, како Бог ќе може да го суди светот?
3:7 Зашто, ако вистината Божја се возвеличува преку мојата лага за слава Негова, па зошто тогаш да бидам осуден како грешник?
3:8 Зарем тогаш не би требало да правиме зло, за да излезе добро? Впрочем така и хулат некои луѓе на нас и велат дека така учиме. Тие се справедливо осудени.
3:9 Па дали имаме некакво предимство? Ни најмалку, зашто веќе ги обвинивме, како Јудејците така и Елините, дека се сите под грев,
3:10 како што е напишано: „Нема праведен ниту еден,
3:11 нема разумен, нема кој да Го бара Бога;
3:12 сите се отклонија, заедно станаа развратни; нема кој да прави добро, нема ниту еден.“
3:13 „Грлото нивно – отворен гроб; со јазиците свои мамат; под јазиците нивни – змиски отров,
3:14 устата нивна е полна со клетва и горчина.
3:15 Нозете нивни им се брзи за пролевање крв;
3:16 пустошење и маки по нивните патишта;
3:17 тие не го познаа патот на мирот.
3:18 Страв Божји нема пред очите нивни.“
3:19 Знаеме дека сѐ она, за што зборува Законот, се однесува на оние, што се под Законот, за да се затвори секоја уста, и така целиот свет да стане виновен пред Бога,
3:20 зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој; бидејќи преку Законот се познава гревот.
3:21 А сега независно од Законот се јави Божјата праведност, посведочена од Законот и од Пророците.
3:22 Божјата праведност преку верата во Исус Христос е во сите и врз сите оние што веруваат. Зашто нема разлика,
3:23 сите згрешија и лишени се од славата Божја.
3:24 Но ќе бидат оправдани преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Исус Христос.
3:25 Него Бог Го постави со крвта Своја да биде жртва за помирување преку верата, за да ја покаже Својата праведност во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение,
3:26 за да ја покаже Својата праведност во сегашно време, дека е Тој справедлив и дека го оправдува секого што верува во Исус.
3:27 Каде е, пак, пофалбата? Таа е исклучена. Според кој закон? Дали според оној на делата? Не, туку според законот на верата.
3:28 Така ние заклучуваме дека човекот се оправдува со верата, без делата на Законот.
3:29 Или можеби Бог е пак само на Јудејците, а не и на незнабошците? Се разбира, Тој е и на незнабошците,
3:30 бидејќи еден е Бог, Кој ќе ги оправда обрезаните по вера и необрезаните преку вера.
3:31 А дали го укинуваме Законот преку верата? Никако, туку уште посилно го утврдуваме.
Glava 4
4:1 А што би можеле да кажеме дека добил нашиот прататко по тело Авраам?
4:2 Зашто ако Авраам се оправдал со дела, тој заслужува пофалба, но не пред Бога.
4:3 Впрочем што вели Писмото? – „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност.“
4:4 На оној што работи, платата му следува не по милост, туку по долг.
4:5 Напротив, оному, кој не работи, а верува во Оној Кој го оправдува безбожникот, верата му се смета за праведност.
4:6 Така и Давид го нарекува блажен оној човек, кому Бог му смета за праведност независно од делата, велејќи:
4:7 „Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени;
4:8 блажен е оној човек кому Бог нема да му смета за грев!“
4:9 А дали ова блаженство се однесува само за обрезаните или и за необрезаните? Бидејќи велиме дека на Авраам верата му се сметаше за праведност.
4:10 Кога му се сметаше? По обрезанието или пред обрезанието? Не по обрезанието, туку пред обрезанието.
4:11 И знакот на обрезанието тој го доби како печат на праведност што доаѓа од верата, која ја имаше пред обрезанието, за да биде татко на сите необрезани што веруваат, та и ним тоа да им се смета за праведност,
4:12 и да им биде татко на обрезаните, но не на оние кои обрезанието само го примиле, туку кои врват и по стапките на верата од нашиот татко Авраам, пред обрезанието.
4:13 Впрочем ветувањето кон Авраам или кон семето негово – дека ќе биде наследник на светот – беше дадено не преку Законот, туку преку праведноста на верата.
4:14 Зашто ако можат да бидат наследници само оние што имаат Закон, тогаш и верата нема никакво значење, и ветувањето е поништено;
4:15 зашто Законот породува гнев; каде што, пак, нема Закон, нема ни престап.
4:16 Затоа тоа е од верата, за да биде по милост, та и ветувањето да биде заздравено не само по Законот, туку и по верата за сите потомци Авраамови, кој ни е татко на сите нас,
4:17 според напишаното: „Те поставив да бидеш татко на многу народи“ – пред Бога, Кому тој Му поверува, Кој ги оживува мртвите и го повикува да суштествува, она што не суштествува.
4:18 Авраам, без никаква основа за надеж, поверува со надеж дека ќе стане татко на многу народи, според реченото: „Такво ќе биде твоето потомство.“
4:19 И откако не ослабна верата негова, тој не помисли дека телото негово е веќе безживотно, зашто беше речиси стогодишен, и дека утробата Сарина е речиси веќе безживотна;
4:20 и во ветувањето Божјо не се посомнева со неверие, туку остана со цврста вера и Го прослави Бога,
4:21 наполно уверен дека Тој е силен да го изврши она што го ветил.
4:22 Затоа тоа му се сметаше за праведност.
4:23 Но, не само за него е напишано дека му се сметаше,
4:24 туку и за нас: ќе ни се смета, ако веруваме во Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исус Христос, нашиот Господ,
4:25 предаден за нашите гревови и воскреснат за наше оправдание.
Glava 5
5:1 И така, оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос.
5:2 Преку Него со верата добивме и пристап кон оваа благодат, во која стоиме, и се гордееме со надежта во славата Божја.
5:3 Но не само тоа, туку се гордееме и со маките, знаејќи дека од маката се раѓа трпението;
5:4 од трпението, пак – искуство, а од искуството – надеж.
5:5 Надежта пак, не посрамотува. Зашто љубовта Божја е излеана во нашите срца преку нам дадениот Свети Дух.
5:6 Зашто, уште кога бевме слаби, Христос во одреденото време умре за безбожниците.
5:7 Навистина, тешко би можел некој да умре за праведник, а за добар, можеби, некој и би се решил да умре.
5:8 Но Бог ја докажа љубовта Своја кон нас, со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни.
5:9 Затоа сега, откако веќе сме оправдани со крвта Негова, многу повеќе ќе се спасиме преку Него од гревот.
5:10 Зашто, ако се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, уште додека бевме непријатели, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле.
5:11 А освен тоа, и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого добивме сега помирување.
5:12 Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, зашто сите згрешија.
5:13 Навистина и порано уште пред Законот имаше грев во светот, но гревот како таков не може да се прифати, кога нема закон.
5:14 А сепак смртта царуваше уште од Адам, па сѐ до Мојсеј и над оние што не погрешија според престапот на Адам. Тој е пралик на Оној што требаше да дојде.
5:15 Но со дарот не е исто како и со престапот. Зашто ако поради престапот на еден изумреа мнозина, тогаш Божјата благодат и дарот преку благодатта на еден Човек, Исус Христос, во многу поголемо изобилство ќе се излее врз мнозина.
5:16 А тој дар е сосема поинаков од гревот на еден што погрешил, зашто судењето за еден престап води кон осудување, а дарот – од многу престапи кон оправдување.
5:17 Бидејќи, доколку со престапувањето на еден завладеала смртта преку едниот, дотолку повеќе оние, што го примија изобилието на благодатта и дарот на праведноста, ќе царуваат во животот преку еден – Исус Христос.
5:18 И така, како што преку еден престап дојде осудувањето на сите луѓе, така и преку праведното дело на еден дојде врз сите луѓе оправданието, кое дава живот.
5:19 Зашто, како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни.
5:20 А притоа дојде и Законот за да се наголеми престапот. Каде што, пак, се намножи гревот, таму благодатта се јавува во голема изобилност,
5:21 та, како што гревот завладеал со смртта, така и благодатта да завладее преку праведноста за живот вечен, преку Исус Христос, нашиот Господ.
Glava 6
6:1 Што, пак, да речеме? Ќе останеме ли во гревот, за да се наголеми благодатта? Никако!
6:2 Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме во него уште?
6:3 Зар не знаете дека сите оние што бевме крстени во Исус Христос, во Неговата смрт бевме крстени.
6:4 И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, за да можеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот.
6:5 Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението,
6:6 знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот;
6:7 бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот.
6:8 А ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме,
6:9 знаејќи дека Христос, откако воскресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него.
6:10 Тоа што Тој умре, за гревот умре еднаш засекогаш, а животот што го живее, за Бога го живее.
6:11 Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ.
6:12 И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади!
6:13 Не препуштајте му ги на гревот вашите органи на телото како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото како орудија на праведноста.
6:14 Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта.
6:15 Па што? Да грешиме ли, бидејќи не сме под Законот, туку под благодатта? Тоа никако!
6:16 Дали знаете дека, ако му се предавате некому како робови за послушност, робови сте му на оној кому му се покорувате: или на гревот, кој води во смрт, или – на послушноста, која води кон праведност?
6:17 Но, благодарејќи Му на Бога, вие, иако бевте робови на гревот, од сѐ срце се покоривте на оној образец на поука, на која ѝ се предадовте.
6:18 И така ослободувајќи се од гревот, вие станавте робови на праведноста.
6:19 Ви зборувам како човек, поради слабоста на вашата човечка природа. Како што ги препуштивте органите на вашето тело во телесна служба на нечистотата и беззаконието за беззаконие, така и сега оставете ги деловите од вашето тело да ѝ робуваат на праведноста која води во светост.
6:20 Додека му бевте робови на гревот, бевте слободни од праведноста.
6:21 А каков плод имавте тогаш? Дела, од кои сега се срамувате, бидејќи нивниот крај е смртта.
6:22 Но сега, кога се ослободивте од гревот и Му станавте служители на Бога, имате плод кој води во светост, а крајот – животот вечен.
6:23 Зашто, платата, што ја дава гревот, е смрт, а подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ.
Glava 7
7:1 Или, пак, не знаете, браќа, – им зборувам на такви што го познаваат Законот – дека Законот има власт над човекот додека е тој жив?
7:2 Омажената жена е поврзана преку законот со мажот, додека е тој жив; ако умре мажот, таа се ослободува од законот, кој ја сврзал со мажот.
7:3 Затоа, ако се омажи за друг маж, додека ѝ е уште жив нејзиниот маж, таа ќе стане прељубница; ако, пак, умре мажот, таа е слободна од законот, и нема да биде прељубница, кога ќе се омажи за друг човек.
7:4 Па така и вие, браќа мои, за Законот преку телото на Исус Христос умревте, за да Му припаднете на Друг, на Оној Кој беше воскреснат од мртвите, та да Му принесеме плод на Бога.
7:5 Зашто, кога живеевме во телото, тогаш страстите гревовни, преку Законот, дејствуваа во органите, за да ѝ принесеме плод на смртта;
7:6 но сега, ние сме слободни од Законот, откако умревме за она за што тој нѐ држеше врзани, за да Му служиме на Бога со обновен дух, а не според старата буква.
7:7 Што да речеме пак? Зар Законот е грев? Никако! Но јас го разбрав гревот преку Законот, зашто и похотата не би ја познал, ако Законот не велеше: „Не биди похотлив!“
7:8 Но гревот, поттикнат од заповедта, предизвика во мене секаква похота; бидејќи гревот без Законот е мртов.
7:9 Некогаш живеев без Законот; но кога дојде заповедта, гревот оживеа.
7:10 Јас, пак, умрев, и се покажа дека заповедта, назначена за да даде живот, истата води во смрт,
7:11 зашто гревот, поттикнат од заповедта, ме измами и преку неа ме умртви.
7:12 Така, значи, Законот е свет, и заповедта света, справедлива и добра.
7:13 Па така, доброто ли за мене стана смрт? Никако! Но гревот, за да се покаже дека е грев, ми предизвикува преку доброто смрт, та преку заповедта гревот да стане премногу грешен.
7:14 Зашто знаеме дека Законот е духовен, а јас, пак, сум телесен, продаден на гревот како роб.
7:15 Не го разбирам тоа што го правам; бидејќи не го правам она што сакам, туку она што го мразам, тоа го правам.
7:16 Ако, пак, го правам она што не го сакам, тогаш се согласувам со Законот дека е добар.
7:17 Значи, тоа веќе не го правам јас, туку гревот, што живее во мене.
7:18 Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; навистина желба за добро во мене има, но не и сила да го правам тоа.
7:19 Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам.
7:20 А штом го вршам она што не го сакам, не го вршам веќе јас, туку гревот, кој живее во мене.
7:21 И така, во себе наоѓам ваков закон: кога сакам да го правам доброто, злото ми е близу.
7:22 Бидејќи, според својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји,
7:23 но во своите телесни делови гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме држи заробен во гревовниот закон, кој е во моите органи.
7:24 Колку несреќен човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова тело на смртта?
7:25 Му благодарам на својот Бог преку Исус Христос, нашиот Господ. И така, јас самиот со умот свој му служам на Божјиот закон, а со телото – на гревовниот закон.
Glava 8
8:1 И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос.
8:2 Зашто законот на Духот, кој дава живот во Христос Исус, ме ослободи од законот на гревот и на смртта.
8:3 Она, што законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, подобно на телото на гревот, и како жртва за гревот, Тој го осуди гревот во телото,
8:4 за да се исполни заповедта на Законот во нас, кои живееме не по телото, туку по Духот.
8:5 Зашто оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното.
8:6 Копнежот на телото е смрт, а копнежот на духот – живот и мир.
8:7 Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може.
8:8 А оние, кои живеат по телото, не можат да Му се допаднат на Бога.
8:9 Вие живеете не по тело, туку по Дух, само тогаш ако Духот Божји живее во вас. Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов.
8:10 Ако, пак, Христос е во вас, телото е мртво за грев, а духот живее поради праведноста.
8:11 Но ако Духот на Оној Кој Го воскресна Исус од мртвите живее во вас, тогаш Оној Кој Го воскресна Христос од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас.
8:12 И затоа, браќа, ние не сме му должници на телото за да живееме по телото;
8:13 бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе бидете живи.
8:14 Сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји;
8:15 зашто вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: „Ава, Оче!“
8:16 Самиот Дух му сведочи на нашиот дух дека ние сме чеда Божји.
8:17 А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници: наследници на Бога и сонаследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме.
8:18 Зашто мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата која треба да се открие кон нас.
8:19 И секое создание со нетрпение го очекува откривањето на синовите Божји,
8:20 зашто и созданието не ѝ се покори на суетата доброволно, туку по волјата на Оној Кој го покори, а со надеж,
8:21 дека и самото создание ќе се ослободи од ропството на распадливоста при славното ослободување на чедата Божји.
8:22 Зашто знаеме дека целото создание заедно со нас стенка како во породилни болки.
8:23 И не само тоа, туку и ние самите, кои ги имаме првините на Духот, воздивнуваме во себе, очекувајќи посинување и откупување на нашето тело.
8:24 Зашто со таа надеж бевме спасени. А надежта што се гледа не е вистинска надеж. Зашто, кој би се надевал во тоа што го гледа?
8:25 Кога се надеваме, пак, на она што не го гледаме, со трпение го очекуваме.
8:26 Исто така и Духот нѐ поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување.
8:27 А Оној Кој ги истражувал срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Тој по волјата на Бога посредува за светиите.
8:28 А знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро;
8:29 зашто оние, кои однапред ги позна, нив и ги предопредели да бидат сообразни со ликот на Неговиот Син, та Тој да биде првороден меѓу многуте браќа.
8:30 А оние што ги предопредели, тие и ги повика, и кои ги повика, тие и ги оправда; кои ги оправда, тие и ги прослави.
8:31 Што да речеме, пак, на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?
8:32 Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сѐ?
8:33 Кој ќе ги обвини избраниците Божји? Бог е Тој Кој ги оправдува!
8:34 Кој е тој што ќе суди? Христос Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога и се застапува за нас!
8:35 Кој ќе нѐ одвои од љубовта кон Христос? Дали неволјата? Или маката? Или прогонот? Или гладот? Или голотијата? Или погибелта? Или мечот?
8:36 Како што е напишано: „Заради Тебе секогаш нѐ убиваат; нѐ сметаат како овци за клање.“
8:37 Но во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној Кој нѐ возљуби.
8:38 Зашто сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината,
8:39 ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ.
Glava 9
9:1 Ви зборувам вистина во името на Христос, не лажам – тоа го сведочи мојата совест во Светиот Дух –
9:2 дека има голема тага и непрестана болка во моето срце.
9:3 Зашто повеќе би сакал јас да бидам проклет и одвоен од Христос за браќата свои, моите сродници по тело.
9:4 Тие се Израелци – ним им припаѓа посинувањето и славата и заветите, ним им беше даден Законот, и богослужењето и ветувањата;
9:5 нивни се и татковците, од кои потекнува и Христос, Кој е Бог на сите, благословен до века. Амин!
9:6 А не е можно словото Божјо да изневерило: бидејќи не се Израел сите оние што се од Израел.
9:7 Ниту, пак, се сите потомци Авраамови, затоа што се негови чеда; но речено е: „Од Исак потомството ќе се нарече со твое име.“
9:8 Односно, не чедата на телото се чеда Божји, туку чедата на ветувањето ќе се признаат како потомци.
9:9 Бидејќи зборовите на ветувањето се овие: „Во тоа време ќе дојдам и Сара ќе има син.“
9:10 И не само таа, но и Ревека, која наеднаш зачна од Исак, нашиот татко,
9:11 зашто, уште додека не се беа родиле близнаците и сѐ уште ништо не беа направиле, добро или лошо, за да остане Божјата одлука, онаа според слободен избор, да не зависат од делата, туку
9:12 според Оној Кој повикува, ѝ беше речено: „Постариот ќе му служи на помладиот“,
9:13 како што е напишано: „Јаков го возљубив, а Исав го намразив.“
9:14 Што да речеме пак? Зар има неправда во Бога? Никако!
9:15 Зашто Тој му рече на Мојсеј: „Ќе покажам милост кон оној што ќе го помилувам, и сожалување кон оној што ќе го сожалам.“
9:16 И затоа, изборот не зависи од оној кој пожелува, ниту од оној кој трча, туку од Бога, Кој покажува милост.
9:17 Зашто Писмото му вели на фараонот: „Токму за тоа те издигнав, за да ја покажам над тебе Својата моќ и името Мое да биде проповедано по целата земја.“
9:18 Па така, му искажува милост кому што сака, и го закоравува кого што сака.
9:19 Но ти секако ќе ми речеш: „А зошто тогаш уште нѐ кори?“ А кој може да се спротивстави на Неговата волја?
9:20 Ама, човеку, кој си ти што така се спориш со Бога? Зарем она што е ракотворено ќе му рече на својот мајстор: зошто си ме направил такво?
9:21 Или, пак, грнчарот – зарем не е господар над својата глина, па од една и иста смеса да направи еден сад за почесна, а друг за нечесна употреба?
9:22 Што, ако Бог, сакајќи да го покаже гневот Свој и да ја пројави Својата моќ, со голема долготрпеливост трпел некои садови на гневот, приготвени за погибел,
9:23 за да го покаже богатството на Својата слава над садовите на милосрдието што Тој однапред ги приготвил за слава,
9:24 над нас, кои нѐ повика не само од Јудејците, туку и од незнабошците?
9:25 Така се вели и во книгата на Осија: „Ќе го наречам Мој народ оној кој не беше Мој народ, и возљубена – онаа што не беше возљубена.“
9:26 И на она место, каде што им беше речено: „Вие не сте Мој народ“, таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог.
9:27 А Исаија извика за Израел: „Кога Израеловите синови би биле бројни како морскиот песок, само остатокот ќе биде спасен“,
9:28 зашто ќе го заврши делото и ќе реши по правда: „Господ ќе го изврши во потполност словото на земјата.“
9:29 И како што прорече Исаија: „Ако Господ Саваот не ни беше оставил потомство, ќе станевме како Содом и ќе заприлегавме на Гомора.“
9:30 И што да кажеме сега? Незнабошците, кои не бараа праведност, добија праведност, и тоа праведност што доаѓа од верата.
9:31 И Израел, кој тежнееше кон некаков закон за праведност, не го достигна Законот на правдата.
9:32 Зошто? Зашто не го побара од вера, туку од делата на Законот. Се препна од каменот за сопнување,
9:33 како што е напишано: „Еве, полагам на Сион камен за сопнување и карпа за соблазна; и секој, кој верува во Него нема да се посрами.“
Glava 10
10:1 Браќа, желбата на моето срце и на мојата молитва кон Бога за Израел е за негово спасение.
10:2 Јас им сведочам дека тие имаат ревност за Бога, но не според сознанието.
10:3 Зашто, не знаејќи за Божјата праведност и тежнеејќи да воспостават своја сопствена праведност, тие не ѝ се подредија на Божјата праведност,
10:4 бидејќи крајната цел на Законот е Христос, за да биде оправдан секој што во Него верува.
10:5 Мојсеј пишува за праведноста на Законот: „Кој ќе го исполни, тој ќе биде преку него жив.“
10:6 А праведноста од верата вели: „Да не речеш во срцето свое: Кој ќе се искачи на небото?“, што значи да се симне Христос,
10:7 или: „Кој ќе слезе во бездната?“, што значи да се изведе Христос од мртвите!
10:8 А што вели таа? – „Блиску до тебе е словото, во твојата уста и во твоето срце“, односно словото на верата, што го проповедаме,
10:9 зашто, ако со устата исповедаш дека Исус е Господ и во срцето свое поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе се спасиш;
10:10 бидејќи со срцето се верува за оправдание, а со устата се исповеда за спасение.
10:11 А и Писмото вели: „Секој кој верува во Него, нема да се посрами.“
10:12 Нема разлика меѓу Јудеец и Елин, зашто еден и ист е Господ на сите, богат за сите кои Го повикуваат.
10:13 Бидејќи секој кој ќе го повика името Господово, ќе биде спасен.
10:14 Но како да Го повикаат Оној во Кого не поверувале? Како, пак, да поверуваат во Оној за Кого не слушнале? А како да слушнат, ако нема кој да проповеда?
10:15 И како да проповедаат, ако не бидат испратени, како што е напишано: „Колку им се прекрасни нозете на оние, што благовестат мир, што го благовестат доброто.“
10:16 Но Евангелието сите не го послушаа. Зашто Исаија вели: „Господи, кој поверува во она што го проповедавме?“
10:17 Затоа, верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката – од Божјото слово.
10:18 Но велам: зар тие не слушнаа? Напротив. „Гласот им се разнесе по целата земја, и зборовите нивни – до краиштата на вселената.“
10:19 Пак велам: зар Израел не разбра? Најнапред Мојсеј кажа: „Јас ќе ве раздразнам до љубомора со оние кои не се народ; со неразумен народ ќе ве разгневам.“
10:20 А Исаија се осмели да каже: „Ме најдоа оние кои не Ме бараа, им се открив на оние, кои не прашаа за Мене.“
10:21 За Израел, пак, вели: „Постојано ги подавав рацете Свои кон народ непослушен и бунтовен.“
Glava 11
11:1 И затоа, ви велам: Зар Бог го отфрли Својот народ? Никако! Зашто и јас сум Израелец, од семето Авраамово, од коленото Венијаминово.
11:2 Бог не го отфрли Својот народ, кој однапред го одбра. Или, пак, не знаете што кажува Писмото за Илија, како тој Му се пожали на Бог Израелов, велејќи:
11:3 „Господи, ги убија пророците Твои и ги раскопаа жртвениците Твои; јас останав сам, и сакаат да ми ја земат душата.“
11:4 А како му вели Божјиот одговор: „Си оставив седум илјади мажи, кои не ги свиткаа колената пред Ваал.“
11:5 Така и во сегашно време има еден остаток избран по благодат.
11:6 Но, ако е по благодат, не е веќе по дела, зашто тогаш благодатта не би била благодат.
11:7 И што тогаш? Израел не го доби она што го бараше; избраните, пак, го добија, а другите се закоравија,
11:8 како што е напишано: „Бог им даде дух што не чувствува: очи да не гледаат и уши да не слушаат, сѐ до денешниов ден.“
11:9 И Давид вели: „Трпезата нивна да им биде стапица, клопка, соблазна и отплата;
11:10 да им се замрачат очите нивни за да не гледаат, и грбот нивни да им се свитка засекогаш.“
11:11 Ви велам пак: зар се сопнаа за да паднат? Не! Но со нивниот престап дојде спасението за незнабошците, за да се возбуди во нив ревност.
11:12 Ако, пак, нивниот престап значи богатство за светот, и нивниот намален број – богатство за незнабошците, колку повеќе ќе значи нивната потполност.
11:13 Вам, незнабошци, ви велам; до колку сум јас апостол на незнабошците, ја прославувам својата служба,
11:14 та некако да возбудам ревност во својот род по тело, и некого од нив да спасам.
11:15 Зашто, ако нивното отфрлање значи измирување за светот, тогаш што ли друго ќе значи нивното примање, ако не оживување од мртвите?
11:16 Ако првиот дел од тестото е свет, тогаш свето е и целото тесто: и ако е коренот свет, свети се и гранките.
11:17 Ако, пак, некои од гранките се скршени, а ти, кој си дива маслинка, си бил прикалемен на нивното место и си станал заедно со нив соучесник во сочниот корен на маслинката,
11:18 не биди горделив пред гранките! А ако сепак, се возгордееш, треба да знаеш дека ти не го држиш коренот, туку коренот тебе!
11:19 Но ти тогаш ќе кажеш: гранките беа откршени за да бидам јас прикалемен.
11:20 Добро. Тие поради неверие беа откршени, а ти поради вера се држиш: немој да бидеш горделив, туку имај страв.
11:21 Зашто, ако Бог не ги поштедил природните гранки, нема ни тебе да те поштеди.
11:22 Гледај ја, пак, Божјата благост и строгост: строгост кон отпаднатите, а благост кон тебе, ако издржиш во благоста; во спротивно, и ти ќе бидеш отсечен.
11:23 Но, тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог има моќ пак да ги прикалеми.
11:24 Зашто, ако си ти откинат од маслинка која е по природа дива, и против природата си прикалемен на питома маслинка, тогаш колку полесно ќе бидат прикалемени на својата маслинка оние кои по природа потекнуваат од неа.
11:25 Сакам, браќа, за да не си помислите во себе дека сте мудри, да ја знаете оваа тајна: дека закоравувањето само со еден дел падна врз Израел, додека да настапи потполноста на незнабошците.
11:26 И така целиот Израел ќе биде спасен, како што е напишано: „Ќе дојде од Сион Ослободителот и ќе ја одврати безбожноста од Јаков.
11:27 И тоа им е ним завет од Мене кога ќе ги одземам нивните гревови.“
11:28 Со оглед на Евангелието, тие се непријатели Божји поради вас; но со оглед на изборот, тие се возљубени од Бога заради татковците,
11:29 зашто даровите и повикот Божји се неотповикливи.
11:30 Како што и вие некогаш бевте непослушни кон Бога, а сега се здобивте со милост, поради нивната непослушност,
11:31 така и тие сега станаа непослушни, поради вашето помилување, та и самите да се здобијат со милост.
11:32 Зашто Бог ги затвори сите со непослушност, па кон сите да покаже милост.
11:33 О, длабочино на богатство, мудрост и знаење Божјо! Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта!
11:34 Зашто, кој ја познал мислата на Господ? Или, кој Му бил советник?
11:35 Или, кој однапред Му дал нешто за да му биде отплатено?
11:36 Зашто, сѐ е од Него, според Него и за Него. Нему слава во вечни векови. Амин!
Glava 12
12:1 Браќа, во името на Божјото милосрдие ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, како ваша духовна богослужба.
12:2 Не сообразувајте се со овој век, туку преобразете се со возобновување на вашиот ум за да можете да испитувате и осознавате што е волјата Божја: што е добро, благоугодно и совршено.
12:3 Зашто, заради благодатта што ми е мене дадена, на секого од вас му кажувам да нема за себе повисоко мислење отколку што треба да има; туку нека има за себе поскромно мислење за да расудува според мерката на верата што Бог на секого му ја одмерил.
12:4 Зашто, како што во едно тело имаме многу органи, но сите органи не дејствуваат на еднаков начин,
12:5 така и ние мнозина сме едно тело во Христос, а секој поединечно сме органи еден на друг.
12:6 Според дадената благодат имаме различни дарби: ако е тоа пророчка дарба, тогаш нека биде во сразмерот со верата;
12:7 ако е тоа дарба за служење, нека служи; ако ли е пак тоа дарба за поучување – нека поучува!
12:8 Ако е пак за утешител – нека утешува; дарител ли, нека дарува штедро; кој управува, нека управува со усрдност; кој прави милосрдие, нека го врши тоа со добра волја.
12:9 Љубовта нека не биде лицемерна; стојте настрана од злото, прилепувајте се кон доброто.
12:10 Со својата братска љубов сакајте се срдечно едни со други; натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг.
12:11 Во усрдноста да не сте колебливи; бидете со горлив дух; служете Му на Господ;
12:12 радувајте се во надежта; во маката бидете трпеливи, а во молитвата постојани;
12:13 помагајте им на светиите во нивните потреби; трудете се да бидете гостопримливи;
12:14 благословувајте ги оние што ве гонат; благословувајте ги и не ги проколнувајте.
12:15 Радувајте се со оние што се радуваат и плачете со оние што плачат!
12:16 Бидете меѓу себе едномислени; не ставајте си во умот високи работи, туку предајте се кон скромни нешта; не мислете дека сте мудри;
12:17 и никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе.
12:18 Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе.
12:19 Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Зашто е напишано: „Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатувам – вели Господ.“
12:20 И така, ако непријателот твој е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го; зашто, правејќи го тоа, ти ќе му натрупаш жар на главата негова.
12:21 Не допуштај злото да те победи, туку победи го злото со добро.
Glava 13
13:1 Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт што не е дадена од Бога, и оние што ги има се одредени од Бога.
13:2 Затоа, оној што се противи на власта, тој се противи на Божјата наредба. А оние, што се противат, ќе паднат под осуда.
13:3 Зашто, началниците не се страшни за добрите дела, туку за лошите; сакаш ли, пак, да не се плашиш од власта, тогаш прави добри дела, па ќе добиеш и пофалба од неа;
13:4 зашто таа е служител Божји за твое добро. Ако, пак, правиш зло, тогаш страхувај, бидејќи таа не носи залудо оружје; таа е служител Божји и со гнев се одмаздува на оној што прави зло.
13:5 Затоа е нужно да се покорувате, и тоа не само поради страв, туку и поради совеста своја.
13:6 Затоа и данок плаќате, зашто тие се Божји службеници, и со тоа постојано се занимаваат.
13:7 И така, дајте секому што сте му должни: кому сте му должни данок – нека му се даде данок; кому царина – царина; кому страхопочит – страхопочит; кому чест – чест.
13:8 И не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг; зашто оној што го љуби ближниот, го исполнува Законот.
13:9 Бидејќи заповедите: „Не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, не барај туѓо!“, и секоја друга заповед се содржат во овие зборови: „Љуби го ближниот како самиот себеси!“
13:10 Љубовта не му прави зло на ближниот; и така, љубовта е исполнување на Законот.
13:11 И тоа правете го, знаејќи го ова време: веќе дојде часот да се разбудите од сонот, зашто спасението е сега поблиску до нас отколку кога поверувавме.
13:12 Ноќта одминува, а денот се приближи; да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината.
13:13 Да живееме пристојно како дење – не во срамни гоштевки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист;
13:14 туку облечете се во Господ Исус Христос, и грижата за телото не претворајте ја во страсти.
Glava 14
14:1 Слабиот во вера прифатете го, но без расправии за мислењата!
14:2 Еден верува дека може да јаде сѐ, а слабиот во верата јаде само зеленчук.
14:3 Кој јаде, нека не го укорува оној што не јаде; и кој не јаде, нека не го осудува оној што јаде, бидејќи Бог го прифатил.
14:4 Кој си ти што му судиш на туѓ слуга? Пред својот господар тој стои или паѓа, а ќе стои исправено, зашто Бог има моќ да го исправи.
14:5 Така некој разликува еден ден од друг, а некој друг, пак, сите денови ги смета еднакви. Секој нека биде наполно уверен во своето мислење.
14:6 Оној што ги разликува деновите, ги разликува за Господ; и кој не ги разликува деновите, за Господ не ги разликува. Кој јаде, за Господ јаде, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господ не јаде и Го фали Бога.
14:7 Зашто никој од нас не живее за себе и никој не умира за себе;
14:8 туку, било да живееме или да умираме, за Господ живееме и за Господ умираме, – ние Му припаѓаме на Господ. Според тоа – живееме ли, умираме ли – Господови сме.
14:9 Бидејќи Христос затоа и умре и воскресна и оживеа, за да господари и над мртвите, и над живите.
14:10 А ти, зошто го осудуваш братот свој! Или ти, што го укоруваш братот свој? Зашто сите ќе застанеме пред судот Христов.
14:11 Зашто е напишано: „Јас сум жив, вели Господ, зашто пред Мене ќе се свитка секое колено и секој јазик ќе Го славослови Бога.“
14:12 И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе.
14:13 Затоа, пак, да не се судиме еден со друг, туку подобро расудувајте за тоа вака: не поставувај му на својот брат спрепка или соблазна.
14:14 Знам и уверен сум преку Господ Исус Христос дека нема ништо нечисто само по себе; освен кога некој мисли дека е нешто нечисто, за него тоа е нечисто.
14:15 А ако, пак, братот твој се скрби поради тоа што го јадеш, ти веќе не постапуваш според љубовта. Не погубувај го со своето јадење оној за кого Христос умре.
14:16 Нека не се хули на она што е добро според вас!
14:17 Царството Божјо не е во јадењето или пиењето, туку во праведност и мир и радост во Светиот Дух.
14:18 Зашто, оној кој Му служи на Христос со овие работи, тој Му се допаѓа на Бога и мил им е на луѓето.
14:19 И така, да го бараме она што служи за мир и взаемно надградување.
14:20 Поради јадење не уривај го делото Божјо! Навистина сѐ е чисто, а тешко е за оној човек, кој јаде поради соблазна;
14:21 подобро е да не јадеш месо, да не пиеш вино и да не правиш ништо од кое братот твој би можел да се сопне, или да се соблазнува, или, пак, да слабее.
14:22 Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога. Блазе на оној кој не се осудува себе самиот за она што го одобрува.
14:23 А ако некој се сомнева кога јаде, осуден е; зашто не јаде со вера; а сѐ што не е според верата, грев е.
14:24 На Оној кој може да ве зацврсти, според моето Евангелие, и проповедањето за Исус Христос, според откривањето на тајната која била замолкната од вечни времиња,
14:25 а која сега се јави, и според пророчките Писма, а по заповедта на вечниот Бог им стана позната на сите народи за да ги доведе во послушност кон верата,
14:26 на Единствениот, мудар Бог, преку Исус Христос нека е слава во сите векови! Амин
Glava 15
15:1 Ние, силните, должни сме да ги поднесуваме слабостите на немоќните, и да не си угодуваме на себеси.
15:2 Секој од нас должен е на својот ближен да му угодува со она што е добро за неговата надградба.
15:3 Зашто и Христос не си угоди на Себе Самиот, туку како што е напишано: „Подбивите на оние што Ти се подбиваа, паѓаат врз Мене.“
15:4 А сѐ што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж.
15:5 А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие меѓу себе, според примерот на Христос Исус,
15:6 та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос.
15:7 Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими, заради славата Божја.
15:8 Но велам дека Исус Христос стана служител на обрезаните поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците,
15:9 а, пак, незнабошците да Го прослават Бога за милосрдието, како што е напишано: „Затоа Те прославувам, Господи, меѓу незнабошците и ќе Го воспеам Твоето име.“
15:10 И понатаму се вели: „Развеселете се, незнабошци, со Неговиот народ!“
15:11 И понатаму: „Фалете Го Господ сите незнабошци, и прославете Го, сите народи!“
15:12 Исаија, исто така вели: „Ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од него ќе владее над народите; на Него ќе се надеваат народите.“
15:13 А Бог на надежта нека ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува.
15:14 И јас сум уверен за вас, браќа мои, дека и вие сте полни со добрина, исполнети со секакво знаење и дека можете да се поучувате еден со друг.
15:15 Но ви пишав, браќа, нешто малку послободно, за да ве потсетам со благодатта што Бог ми ја даде,
15:16 за да Му бидам служител на Исус Христос меѓу незнабошците и свештенодејствено да го извршувам Божјото Евангелие, за да бидат незнабошците благопријатен принос, осветен од Светиот Дух.
15:17 И така, со тоа можам да се пофалам во Исус Христос кај Бога,
15:18 зашто не се осмелувам да говорам за она што Христос не го извршил преку Мене со зборови и дела,
15:19 со силата на знаци и чуда, со силата на Божјиот Дух, која ги води незнабошците кон послушност во верата, така што Евангелието Христово го распространува од Ерусалим и неговата околина и сѐ до Илирик.
15:20 И така, се погрижив да го проповедам Евангелието не таму каде што името Христово беше веќе познато, за да не ѕидам врз туѓ темел.
15:21 Но, како што е напишано: „Оние, на кои не им е јавено за Него, ќе видат; и оние што не беа чуле, ќе разберат.“
15:22 Токму тоа многупати ме попречуваше да дојдам кај вас.
15:23 Сега, пак, бидејќи нема веќе место за мојата работа во овие земји, а уште од пред многу години копнеев да дојдам кај вас,
15:24 кога ќе тргнам за Шпанија, се надевам дека ќе ве видам на минување и дека натаму вие ќе ме испратите, откако најнапред ќе ви се порадувам.
15:25 А сега одам во Ерусалим за да им послужам на светиите,
15:26 зашто Македонија и Ахаја одлучија да дадат некаков прилог за сиромашните светии во Ерусалим.
15:27 Тие така тоа го одлучија, а и должни им се. Бидејќи, ако незнабошците станаа соучесници во нивните духовни блага, тогаш тие се должни ним да им служат со материјални блага.
15:28 А откако ќе го направам ова и ќе им го запечатам овој плод, преку вашата земја ќе заминам за Шпанија.
15:29 А знам дека, кога ќе дојдам кај вас, ќе дојдам со полн благослов на Христовото Евангелие.
15:30 Браќа, ве молам поради нашиот Господ Исус Христос и поради љубовта на Духот, помагајте ми со своите молитви кон Бога за мене,
15:31 за да се избавам од оние што не веруваат, кои се во Јудеја, и моето служење во Ерусалим да им биде благопријатно на светиите;
15:32 та радосен да дојдам кај вас со Божјата волја и да се успокојам со вас.
15:33 А Бог на мирот нека биде со сите вас. Амин!
Glava 16
16:1 Ви ја препорачувам нашата сестра Фива, која е служителка на црквата во Кенхреја:
16:2 примете ја во Господ, како што им прилега на светии, и помогнете ѝ во она во што ќе има потреба од вас, бидејќи и таа им беше помошничка на мнозина, а и мене.
16:3 Поздравете ги Прискила и Акила, моите соработници во Христос Исус,
16:4 кои за мојата душа ја положија својата глава; ним им благодарам не само јас, туку и сите цркви од скорообратените незнабошци и нивната домашна црква.
16:5 Поздравете го мојот возљубен Епенет, кој е првиот плод во Христос за Азија.
16:6 Поздравете ја Маријам, која многу се грижеше за вас.
16:7 Поздравете ги Андроник и Јуниј, моите сонародници и созатвореници, кои се прочуени меѓу апостолите и кои уште пред мене станаа Христови.
16:8 Поздравете ми го возљубениот во Господ Амплијат!
16:9 Поздравете го нашиот соработник во Христос Урбан и мојот возљубен Стахиј!
16:10 Поздравете го докажаниот верник во Христос Апелија! Поздравете ги домашните од Аристовуловото семејство!
16:11 Поздравете го мојот сонародник Иродион! Поздравете ги домашните на Наркис, тие, кои се во Господ.
16:12 Поздравете ги Трифен и Трифос, трудбеничките за Господ. Поздравете ја почитуваната Персида, која многу се трудеше за Господ.
16:13 Поздравете го избраниот во Господ Руф, како и неговата и моја мајка!
16:14 Поздравете ги Асинкрит, Флегонт, Ермин, Патрова, Ерма и браќата со нив!
16:15 Поздравете ги Филолог и Јулија, Ниреја и неговата сестра, и Олимпа и сите со нив светии!
16:16 Поздравете се еден со друг со свет целив! Ве поздравуваат сите цркви Христови!
16:17 Ве молам, браќа, пазете се од оние, кои предизвикуваат раскол и соблазни против учењето кое сте го научиле и бегајте од нив!
16:18 Зашто таквите не Му служат на нашиот Господ Исус Христос, туку на стомакот свој, и со слатки и ласкави зборови ги заведуваат срцата на простодушните.
16:19 Вашата послушност во верата на сите им е позната: затоа јас се радувам за вас, но сакам да бидете мудри во доброто и прости во злото.
16:20 А Бог на мирот наскоро ќе го сотре сатаната под нозете ваши. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Амин!
16:21 Ве поздравуваат мојот соработник Тимотеј и моите сродници Луциј, Јасон и Сосипатар.
16:22 Ве поздравувам во Господ и јас Терциј, кој го напиша ова послание.
16:23 Ве поздравува Гај, домаќинот мој и на целата црква. Ве поздравува Ераст, градскиот благајник и братот Кварт.
16:24 (Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин!).