Psalmi
Glava 1
1:1 Блажен е оној човек, што не оди на советот на безбожниците, не застанува на пат на грешници и не седи во друштво на развратници,
1:2 туку му омилел законот Господов и за законот Негов дење и ноќе грижливо размислува;
1:3 тој е како дрво посадено крај вода изворска, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не венее; и во сѐ што прави, напредува.
1:4 Но не се такви безбожниците; тие се како прав, што го разнесува ветрот.
1:5 Затоа безбожниците нема да се одржат на судот, ниту грешниците – во соборот на праведните.
1:6 Зашто Господ го знае патот на праведните; патот, пак, безбожнички ќе пропадне.
Glava 2
2:1 Зошто се бунат народите, и племињата смислуваат лоши работи?
2:2 Се креваат царевите земски, и кнезовите се собираат заедно против Господ и Неговиот Помазаник.
2:3 „Да ги раскинеме веригите нивни и да го отфрлиме од себе јаремот нивни.“
2:4 Оној, Кој живее на небесата, им се смее, Господ им се подбива.
2:5 Тогаш во гневот Свој ќе им говори и со јароста Своја ќе ги вџаши, велејќи:
2:6 „Јас си поставив Свој Цар на Сион, на Мојата света гора!“
2:7 Ќе ја објавам одлуката Господова, Тој Ми рече: „Ти си Син Мој, Јас денес Те родив.“
2:8 И побарај од Мене, и ќе Ти ги дадам народите во Твое наследство, и краиштата на земјата – во Твое владеење.
2:9 Ти ќе ги пасеш со железен жезол; ќе ги разбиваш како грнчарски сад.
2:10 И сега цареви, вразумете се; поучете се, судии земни!
2:11 Служете Му на Господ со страв и со трепет.
2:12 Почитувајте Го Синот, та да не се разгневи, и на патот свој да не погинете; зашто Неговиот гнев брзо ќе се разгори. Блажени се сите, кои кај Него прибегнуваат.
Glava 3
3:1 Господи, колку многу се намножија противниците мои! Мнозина се креваат против мене;
3:2 мнозина велат за душата моја: нема помош за него во Бога!
3:3 Но Ти, Господи, си штит мој, слава моја; Ти ја подигаш главата моја.
3:4 Со гласот свој викам кон Господ, и Тој ме слуша од Својата света гора.
3:5 Легнувам, спијам и станувам, зашто Господ ме чува.
3:6 Не се плашам од многу илјади луѓе, што од сите страни навалиле на мене.
3:7 Стани Господи! Спаси ме, Боже мој! Зашто Ти ги удираш по лице сите мои непријатели и им ги здробуваш забите на грешниците.
3:8 Од Господ е спасението. Твојот благослов нека биде врз народот Твој.
Glava 4
4:1 Кога викам, чуј ме, Боже, правдо моја! Кога бев притеснет, Ти ми даде простор. Смилувај ми се и слушни ја молитвата моја.
4:2 Синови човечки, до кога ќе ја срамотите славата Моја? До кога ќе сакате суета и ќе барате лага?
4:3 Знајте дека Господ го запазил Својот верен; Господ слуша кога викам кон Него.
4:4 Не грешете, гневејќи се; размислете во срцата свои и на постелите свои, и замолкнете!
4:5 Принесете жртва на правда и надевајте се на Господ.
4:6 Мнозина велат: ќе видиме ли нешто добро? Осветли нѐ со светлината на лицето Свое, Господи!
4:7 А мене Ти си ми го исполнил срцето со радост поголема отколку онаа кога ќе се роди во изобилие пченица и вино.
4:8 Затоа мирно легнувам и спијам; зашто Ти, Господи, ми даваш спокојна починка.
Glava 5
5:1 Чуј ги, Господи, зборовите мои, разбери ги воздишките мои.
5:2 Чуј го гласот на мојот повик, Царе мој и Боже Мој, зашто Тебе Ти се молам!
5:3 Наутро го слушаш гласот мој, наутро застанувам пред Тебе и чекам.
5:4 Зашто Ти си Бог, Кој не сака беззаконија; за лошиот нема место кај тебе:
5:5 безбожниците нема да опстојат пред очите Твои; Ти ги мразиш сите што вршат неправда.
5:6 Ти ги уништуваш сите лажливци; од крвопиец и лукав Господ се гнаси.
5:7 А јас, пак, според Твојата голема милост, ќе влезам во Твојот храм и ќе паднам ничкум пред Твоето светилиште, со почит кон Тебе.
5:8 Господи, води ме во Твојата правда, поради непријателите мои, патот Твој пред мене порамни го.
5:9 Зашто во устата нивна нема вистина; во срцето им е измама; грлото им е отворен гроб; на јазикот, пак, ласкање.
5:10 Казни ги, Боже, нека пропаднат од сопствените совети; поради многуте нечесни работи отфрли ги, бидејќи се кренаа против Тебе.
5:11 Па нека се зарадуваат сите, кои прибегнуваат кај Тебе: вечно нека се радуваат. Закрили ги, нека се радуваат во Тебе оние, што го сакаат името Твое.
5:12 Зашто Ти, Господи, го благословуваш праведниот и со милоста Своја го закрилуваш, како со штит.
Glava 6
6:1 Господи, не карај ме во јароста Своја и не казнувај ме во гневот Свој.
6:2 Смилувај се на мене, Господи, бидејќи сум немоќен; исцели ме, Господи, зашто коските ми се тресат;
6:3 и душата ми е потресена. А Ти, Господи до кога?
6:4 Врати се, Господи, избави ја душата моја, спаси ме поради милоста Своја,
6:5 бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе?
6:6 Се уморив воздивнувајќи; секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја.
6:7 Од скрб ми се помрачи окото мое, ми ослабе поради сите мои непријатели.
6:8 Отстапете од мене сите вие, кои вршите неправда, зашто Господ го услиша гласот на мојот плач.
6:9 Господ ја услиша молбата моја, Господ ја прими молитвата моја.
6:10 Ќе се посрамат и уплашат сите мои непријатели; ќе се повлечат и веднаш ќе се засрамат.
Glava 7
7:1 Господи, Боже мој, кај Тебе се засолнувам, спаси ме од сите што ме гонат, и избави ме;
7:2 зашто тие како лавови ќе ме зграбат, ќе ме влечат, а ќе нема кој да спасува.
7:3 Господи, Боже мој, ако го направив тоа, ако има неправда во рацете мои;
7:4 ако зло им вратив на пријателите мои, или без причина сум ги ограбил непријателите,
7:5 нека ја гони непријателот душата моја, и нека ја стигне, и нека го згази животот мој на земјава, душата во прав нека ми ја претвори.
7:6 Стани, Господи, во гневот Свој; крени се против жестината на непријателите мои; стани, Господи, Ти Си одредил суд.
7:7 Нека се собере народен собир околу Тебе; и Ти издигни се над него високо.
7:8 Господ им суди на народите. Суди ми, Господи, според правдата моја и според невиноста моја.
7:9 Стави ѝ крај на злобата на нечестивите, а праведниот зацврсти го, Ти, кој ги испитуваш срцата и бубрезите, праведен Боже.
7:10 Бог ми е штит, Тој ги спасува оние што се со чисти срца.
7:11 Бог е праведен судија, и секојдневно предупредува.
7:12 Ако не се покаете, Тој ќе го очисти Своето оружје, ќе го затегне Својот лак и ќе го насочи,
7:13 и затега смртна стрела, а стрелите Свои ги вжарува.
7:14 И, ете, кај безбожникот сѐ повеќе неправда, па се зачна злоба, а тоа роди беззаконие,
7:15 па си копа и ископа јама, и падна во јамата, што ја направи,
7:16 и злобата негова му падна на главата негова, а врз неа и насилството негово слезе.
7:17 Го прославувам Господа поради правдата Негова и Му пеам на името на Господ, Севишниот.
Glava 8
8:1 Јахве, Господи наш, колку е величествено името Твое по целата земја! Си ја издигнал славата Своја над небесата.
8:2 Од устата на новороденчињата и доенчињата си ја создал похвалата Своја заради непријателите Твои, за да го замолкнеш непријателот и одмаздникот.
8:3 Кога ќе ги погледам небесата, дела на прстите Твои, па месечината и ѕвездите, што си ги поставил Ти:
8:4 Што е тоа човек, та си спомнуваш за него, или син човечки, па се грижиш за него?
8:5 Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го овенчал,
8:6 и си го поставил над делата од рацете Твои, и сѐ си потчинил под нозете негови;
8:7 овците и воловите сите, и ѕверовите полски;
8:8 птиците небески и рибите морски, сѐ што се движи по морските патишта.
8:9 Јахве, Господи наш, колку е величествено името Твое по целата земја!
Glava 9
9:1 Те прославувам Тебе, Господи, со сето срце свое, ги раскажувам сите чудеса Твои;
9:2 се радувам и се веселам во Тебе, го воспевам името Твое, Севишен!
9:3 Кога се повлекоа непријателите мои, се сопнаа, и погинаа пред Тебе.
9:4 Бидејќи Ти се зазеде за мене и ме одбрани; седна на престолот Свој, досуди праведен суд.
9:5 Им запрети на незнабошците, го погуби нечестивиот; името им го сотре за сите векови.
9:6 Непријателот исчезна во вечни урнатини; градовите му ги разруши, и загина споменот за нив.
9:7 Но Господ вечно седи на престолот; го подготвил престолот Свој за суд;
9:8 Тој ќе му суди на светот според правда, на луѓето ќе им суди праведно.
9:9 Господ им е тврдина на угнетените, крепост во време на неволја.
9:10 Нека се надеваат на Тебе оние кои го знаат името Твое, бидејќи не ги оставаш оние што Те бараат.
9:11 Пејте Му на Господ Кој живее на Сион, кажувајте ги на народите делата Негови;
9:12 бидејќи Тој се одмаздува за крв; ја помни; не ги заборава пискотниците на угнетените.
9:13 Смилувај се, Господи, на мене; погледај како страдам од непријателите мои, Ти, Кој ме избавуваш од портите на смртта.
9:14 За да можам да ги искажам сите славослови за Тебе пред портите на ќерката Сионска и да воскликнувам радосно за спасението Твое.
9:15 Попаѓаа незнабошците во јама, што сами ја направија; во замка, која сами ја наместија, се фати ногата нивна.
9:16 Господ се појави и пресуди; во делата на рацете свои грешникот се заплетува.
9:17 Ќе заминат во пеколот сите грешници, сите народи, кои Бога Го забораваат.
9:18 Зашто нема засекогаш да биде заборавен сиромавиот, и надежта на бедните нема никогаш да пропадне.
9:19 Стани, Господи, за да не се засили човекот; народите нека примаат суд пред Тебе.
9:20 Заплаши ги, Господи, за да разберат незнабошците дека се само луѓе.
Glava 10
10:1 Зошто стоиш далеку Господи, зошто се сокриваш во време на неволји?
10:2 Во горделивоста нечестивиот ги мачи бедните бездушно, и тие паѓаат во замките негови.
10:3 Бидејќи грешникот се гордее со лакомството на душата своја, колне и Господа Го презира.
10:4 Во својата горделивост, грешникот вели: „Ќе нема истрага!“, а во себе мисли: „Бог не постои!“
10:5 Патиштата негови се секогаш успешни, судовите Твои се многу високи, за да мисли на нив, а на непријателите свои им се потсмева.
10:6 И во срцето свое си вели: нема да бидам соборен, во ниеден род зло нема да ме снајде!
10:7 Устата му е полна со клетви, измами и навреди; под јазикот негов пакост и неправда.
10:8 Седи во заседа покрај селата, на скришни места за да убива невини, очите негови демнат беспомошни.
10:9 Исчекува скришум како лав во пештера, со намера да фати беден, и кога ќе фати, го одвлекува во својата мрежа.
10:10 Се притајува, прилегнува и тогаш беспомошниот паѓа совладан.
10:11 Па вели во срцето свое: Бог заборавил, го сокрил лицето Свое, никогаш нема да види.
10:12 Стани, Господи, Боже мој, нека се крене раката Твоја, не ги заборавај угнетените.
10:13 Зошто безбожникот Го презира Бога, зошто во срцето свое да вели – Бог не казнува?
10:14 Но Ти гледаш, зашто ги забележуваш маките и навредите; во Свои раце ги одмеруваш; беспомошниот Тебе Ти се предава, Ти си му помошник на сиракот, бедниот Тебе ти се предава.
10:15 Сотри ја мишката на грешникот и на лукавиот; казни му ја пакоста за да ја нема повеќе!
10:16 Господ е вечен цар, во сите времиња; ќе ги снема незнабошците од земјата Негова.
10:17 Господи, Ти ги слушаш желбите на кротките; закрепи ги срцата нивни, отвори го увото Свое!
10:18 Дај правда за сиракот и за угнетениот, па да престане човекот на земјата да задава страв.
Glava 11
11:1 Кај Господ се засолнувам! Зошто ѝ велите на душата моја: „Одлетај во гората своја како птица
11:2 зашто, грешниците го затегнаа лакот, ја притегнаа стрелата своја на тетивата, па од мрак да стрелаат на чистите по срце.
11:3 Ако темелите се разурнати, што може праведниот да стори?“
11:4 Господ е во Својот свет храм. Господ е на престолот небесен; очите Негови гледаат, веѓите Негови ги испитуваат синовите човечки.
11:5 Господ го испитува и праведниот и безбожникот, а Неговата душа ги мрази оние што уживаат во насилство.
11:6 На грешниците ќе пушти дожд од разгорен јаглен, оган и сулфур, а силен ветар ќе им биде дел во чашата нивна.
11:7 Зашто Господ е праведен, ја сака правдата: лицето Негово ќе го гледаат праведниците.
Glava 12
12:1 Помагај, Господи, зашто не остана побожен, ги снема верните меѓу синовите човечки!
12:2 Лага му кажува секој на ближниот свој; од дволично срце устите зборуваат лага.
12:3 Нека ги истреби Господ сите лажливи усти и секој јазик што се возвеличува;
12:4 оние што зборуваат: „Јазикот е наша сила; устата ни е со нас; кој е господар над нас?“
12:5 „Заради страдањата на сиромасите и лелекот на бедните ќе се кренам сега, вели Господ, ќе му донесам спас на оној што копнее по него.“
12:6 Зборовите на Господ се зборови чисти, сребро во оган исчистено од земја, седумпати пречистено.
12:7 Ти, Господи, ќе нѐ одбраниш и ќе нѐ запазиш од овој род довека.
12:8 Нечестивите одат наоколу додека ниските работи се возвишуваат меѓу луѓето.
Glava 13
13:1 До кога, Господи, сосема ќе ме забораваш, до кога ќе го одвраќаш лицето Свое од мене?
13:2 До кога ќе носам бол во душата своја, и ќе жалам во срцето свое дење и ноќе? До кога непријателот мој ќе се издига над мене?
13:3 Погледај, слушни ме, Господи, Боже мој! Просветли ги очите мои, за да не заспијам во смрт;
13:4 да не рече непријателот мој: „Го надвив.“ Гонителите мои ќе се зарадуваат, ако потклекнам.
13:5 Јас, пак, се надевав на Твојата милост; срцето мое ќе се зарадува заради спасението од Тебе; ќе Му пеам на Господ, Кој ми направи добрини и ќе го воспевам името на Севишниот Господ.
Glava 14
14:1 Рече безумниот во срцето свое: „Нема Бог.“ Се развратија луѓето, вршат гнасни дела, нема кој да прави добро.
14:2 Господ погледна од небесата со внимание кон синовите човечки, за да види, има ли некој разумен, кој Го бара Бога.
14:3 Сите застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро, нема ниту еден.
14:4 Зар нема да се вразумат сите злосторници, кои така го јадат народот Мој, како што јадат леб, и кои не Го повикуваат Господа?
14:5 Таму тие ќе се тресат од страв, каде што нема страв, зашто Господ е со родот на праведните.
14:6 Вие ги осуетувате намерите на сиромашниот, но Господ е негово прибежиште.
14:7 Ах да дојде од Сион спасение на Израел! Кога Господ ќе ги обнови благословите над Својот народ, тогаш ќе се зарадува Јаков, и ќе се развесели Израел.
Glava 15
15:1 Господи, кој може да престојува во Твоето живеалиште? Кој може да се всели на Твојата света гора?
15:2 Оној, што оди непорочно, што врши правда и во срцето свое говори вистина.
15:3 Кој не клевети со јазикот свој, не прави зло на ближниот свој и не го навредува ближниот свој;
15:4 во неговите очи, злобникот е ништожен, а ги почитува оние што имаат страхопочит кон Господ; кој кога се колне на својот ближен, не порекнува;
15:5 кој не дава пари на заем за лихва и не прима поткуп против невин. Кој така постапува, нема никогаш да се поколеба.
Glava 16
16:1 Закрили ме Боже, зашто кај Тебе се засолнувам.
16:2 Му реков на Јахве: „Ти си Господ мој: без Тебе, нема блаженства за мене.“
16:3 По светиите, кои се на земјата – вистинските благородници – со радост копнеам.
16:4 Оние што следат туѓи богови, ги намножуваат своите страдања; јас нема да ги принесувам нивните крвави преливи и со устата своја нема да ги спомнам нивните имиња.
16:5 Господ е дел на моето наследство и од чашата моја. Ти си Оној Кој го држи в раце наследството мое.
16:6 Меѓите ми паднаа на најубавото; зашто наследството ми е најубаво.
16:7 Ќе Го благословувам Господа, Кој ме вразумува; па дури и ноќе ме учи мојот внатрешен глас.
16:8 Секогаш пред очи ми е Господ, зашто Тој е од мојата десна страна, за да не се поколебам.
16:9 Заради тоа се радува срцето мое, и воскликнува јазикот мој; па дури и телото мое спокојно почива,
16:10 зашто Ти нема да ми ја оставиш душата моја во пеколот, ниту, пак, светецот Твој да види распаѓање.
16:11 Ти ми го покажа патот на животот; полнота од радост има пред Твоето присуство; вечно блаженство е во Твојата десница.
Glava 17
17:1 Слушни ја, Господи, правдата моја, чуј го мојот повик, прими ја молитвата моја што не излегува од лажлива уста.
17:2 Од Твоето присуство нека излезе пресудата за мене; очите Твои нека ја гледаат правдината.
17:3 Ако го искушаш срцето мое, ако ме посетиш ноќе; ако ме провериш: нема да најдеш злонамерност во мене. Не згреши устата моја,
17:4 како што прават другите; поради зборовите на устата Твоја, јас го одбегнував патот на насилниците.
17:5 Стапките мои беа непоколебливи на патиштата Твои, нозете мои не застранија.
17:6 Кон Тебе викам, зашто Ти ќе ме чуеш, Боже; приклони го увото Свое кон мене, и чуј ги зборовите мои.
17:7 Покажи ја чудесната милост Твоја, Ти, кој ги избавуваш оние што се засолнуваат од непријателите – покрај Твојата десница.
17:8 Пази ме како зеница на окото; засолни ме под сенката на Твоите крилја,
17:9 од лицето на нечестивите, кои ме напаѓаат, од непријателите на душата моја, што ме опкружуваат;
17:10 тие срцето свое го затворија за милост, а со устата своја – горделиво зборуваат.
17:11 Гонејќи ме, сега ме опколуваат; тие ги управија очите свои за да ме соборат на земја;
17:12 тие се како лав, подготвен за лов и како лавче, кое стои во заседа.
17:13 Стани, Господи, пресретни ги и собори ги; со Својот меч спаси ја душата моја од нечестивиот,
17:14 а со раката Своја од луѓето, Господи, од луѓето чиј дел е само овој живот. Нека им се наполнат стомаците со твоите добра, нека се наситат нивните синови и нека им остават од вишокот на децата свои.
17:15 А јас ќе го гледам лицето Твое во правда, ќе се наситам од ликот Твој, кога еднаш ќе се разбудам.
Glava 18
18:1 Те љубам, Господи, крепост моја!
18:2 Господ е моја карпа, моја тврдина и мој избавител, Бог мој, засолниште мое, во кое се засолнувам; мој штит, сила на спасението мое и крепост моја.
18:3 Ќе Го призовувам Господа, достоен за слава и ќе се спасам од непријателите свои.
18:4 Јажињата на смртта ме испреплетоа, и погубни потоци ме вознемирија;
18:5 пеколни мрежи ме заробија, смртни стапици ме стегнаа.
18:6 Во мојот очај Го повикав Господа и кон мојот Бог извикав. И Тој од Својот свет храм го чу гласот мој, и мојот вик стигна до Неговото уво.
18:7 Се затресе и се разниша земјата; затреперија и од темел се поместија горите, зашто Господ се разгневи;
18:8 се крена дим од Неговите носници и од устата Негова пламна оган, кој проголтува сѐ; вжарени јаглења отскокаа од Него.
18:9 Ги наведна Тој небесата и слезе, – а мрак падна под нозете Негови.
18:10 И седна на херувим, па полета и се понесе на ветерни крилја.
18:11 Од мракот направи Свој заклон, и сенка околу Себе – од густи облаци полни со вода.
18:12 Од молскање бегаа од Него облаците, градот и огнените јаглења.
18:13 И загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас: град и разгорени јаглења.
18:14 И ги пушти стрелите Свои и ги распрсна, ги распали молњите – и ги растури.
18:15 Морските дна се појавија, и основите на вселената се разоткрија од страшната закана Твоја, Господи, од здивот на носниците Твои.
18:16 Тој посегна од висините, и ме прифати, па ме извлече од многуте води.
18:17 Ме избави од силните мои непријатели и од оние кои ме мразат, од оние што се посилни од мене.
18:18 Тие се кренаа против мене во денот на мојата несреќа, но Господ беше потпора моја.
18:19 Ме изведе Тој на пространо место и ме избави, зашто ме засака.
18:20 Ме награди Господ според мојата правда, и според чистотата на моите раце ми врати,
18:21 зашто ги запазив патиштата на Господ и не се оддалечив од мојот Бог;
18:22 зашто сите заповеди Негови се пред мене, и наредбите Негови не ги отстранив од себе.
18:23 Бев непорочен пред Него и се пазев од беззаконија.
18:24 И ми даде Господ според мојата правда, и по чистотата на рацете мои пред очите Негови.
18:25 Со светиите Ти постапуваш свето, со невин човек – си благ,
18:26 со чистиот – чисто, а со лукавиот – според неговото лукавство,
18:27 зашто Ти ги спасуваш угнетените, а горделивите ќе ги понизиш.
18:28 Зашто Ти го осветлуваш моето светило, Господи; мојот Бог ја осветлува темнината моја.
18:29 Со Тебе и чети совладувам, со мојот Бог и ѕид ќе прескокнам.
18:30 Бог мој, непорочен е Неговиот пат, Господовите зборови со оган се пречистени; Тој е заштитник на сите, кои се засолнуваат кај Него.
18:31 Зашто, кој е Бог, освен Господ, и кој е тврдина освен нашиот Бог?
18:32 Бог е Оној Кој ме препашува со сила и патот ми го расчистува.
18:33 Ми ги прави нозете како на елен и ме поставува на височини;
18:34 ми ги обучува рацете за борба, и мускулите мои ги прави да затегнуваат бронзен лак.
18:35 Ти ми даде заштита за моето спасение, Твојата десница ме прифати; Твојата поддршка ме издигна.
18:36 Ми даваш сигурност за чекорите мои, и нозете мои не се подлизнуваат.
18:37 Ги гонев непријателите мои и ги стигнав, и не се вратив, додека не ги победив;
18:38 ги притиснав, и тие не можеа да станат, паднаа под нозете мои,
18:39 зашто Ти ме препаша со сила за борба и ги собори пред мене оние, што станаа против мене;
18:40 Ти ги натера во бегство непријателите мои, и ги истребив сите оние, што ме мразат;
18:41 тие повикаа, но немаше кој да ги спаси: и кон Господ, – но Тој не ги чу.
18:42 Ги иситнив како прав на ветар, ги згазив како кал по патиштата.
18:43 Ти ме избави од народ бунтовен, ме постави за поглавар над народ, чии луѓе не ги познавав, и тие сега ми служат;
18:44 тие и мојот шепот го слушаат, туѓинците ми се покоруваат;
18:45 туѓинците бледнеат и треперат, излегувајќи од своите тврдини.
18:46 Да живее Господ, и нека е благословена Карпата моја! И нека се величи Бог на моето спасение.
18:47 Бог, Кој одмаздува за мене, Кој ми ги покорува народите,
18:48 Избавител од моите гневни непријатели! Ти ме возвиси над оние, што стануваат против мене, и ме избави од насилникот.
18:49 Поради тоа Те славам пред народите, Господи, и го воспевам името Твое;
18:50 Ти Кој му даваш величествени победи на царот Свој и му правиш милост на Твојот помазаник Давид и на потомството негово – довека.
Glava 19
19:1 Небесата ја објавуваат Божјата слава, а за делата на рацете Негови известува сводот небесен.
19:2 Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива.
19:3 Нема јазик, ниту, пак говор, во кој не се слуша нивниот глас.
19:4 Сепак, нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краиштата на светот. На небото му постави шатор на сонцето, кое
19:5 излегува како младоженец од брачното легло, се радува како силен јунак што ја прелетува патеката.
19:6 Од крајот на небесата е излезот негов, и патувањето негово до другиот крај; ништо не е сокриено од топлината негова.
19:7 Непорочен е законот Божји – душите ги укрепува; верно е откровението на Господ – ги учи неуките,
19:8 и Господовите повелби се праведни – го веселат срцето; Господовата заповед зрачи светлина; ги просветлува очите.
19:9 Страхопочитта кон Господ е чиста – пребива довека; судовите Господови се вистина – сите се праведни;
19:10 поскапи се од злато и од скапоцени камења – послатки се од восочен мед.
19:11 Слугата Твој ги пази; а кој ги пази, голема награда добива.
19:12 Кој може да ги согледа своите грешки? И од оние тајни гревови очисти ме,
19:13 и од горделивост запази го слугата Твој, за да не овладее со мене. Тогаш јас ќе бидам непорочен и ќе бидам очистен од големите престапи.
19:14 Зборовите на устата моја и помислите на срцето мое нека бидат благоугодни пред Тебе, Господи, Карпо моја и избавителе мој!
Glava 20
20:1 Нека те слушне Господ во тежок ден, да те заштити името на Бог Јаковов.
20:2 Да ти испрати помош од светилиштето и од Сион да те поткрепи.
20:3 Нека си спомне за секоја твоја жртва; и сепалениците твои да бидат примени.
20:4 Да ти го даде Господ и она што ти срце сака; и сите твои помисли да ги исполни.
20:5 Ќе се зарадуваме на твоето спасение и во името на нашиот Бог ќе ги подигнеме нашите знамиња. Да ги исполни Господ сите твои молби.
20:6 Сега знам дека Господ ќе му помогне на Својот помазаник, ќе го услиши од светите Свои небеса, со силата на Неговата победоносна десница.
20:7 Едни – со коли, други – со коњи, а ние со името на Господ, нашиот Бог, се фалиме:
20:8 тие ќе се препнат и ќе паднат, а ние ќе се кренеме и ќе стоиме прави.
20:9 Господи, дај му победа на царот и слушни нѐ кога Ти се молиме!
Glava 21
21:1 Господи, со Твојата сила се весели царот и за спасението од Тебе безмерно се радува!
21:2 Ти му даде, она што срцето негово посака, и молбата на устата негова не ја отфрли,
21:3 зашто Ти го пресретна со добри благослови, му стави на главата круна со скапоцени камења.
21:4 Тој побара од Тебе живот, а Ти му даде долг живот во векови.
21:5 Голема е славата негова поради помошта од Тебе; Ти го покри со чест и величие.
21:6 Ти положи на него вечен благослов, развеселувајќи го со радоста на лицето Твое,
21:7 зашто царот се надева на Господ и поради милоста на Севишниот нема да потклекне.
21:8 Раката Твоја ќе ги најде сите Твои непријатели, десницата Твоја ќе ги најде сите што Те мразат.
21:9 Кога ќе се појавиш, ќе ги направиш како огнена печка; гневот Господов ќе ги погуби, и оган ќе ги проголта.
21:10 Ти ќе го уништиш плодот нивни од Земјата, и семето нивно – меѓу човечките синови.
21:11 Ако смислат против Тебе зло и се договораат, – не ќе можат ништо да направат.
21:12 Ти ќе ги натераш во бегство, а од Твоите лакови ќе пуштиш стрели во лицето нивно.
21:13 Издигни се, Господи, со Твојата сила! Ние ќе ја воспеваме и ќе ја прославуваме Твојата моќ.
Glava 22
22:1 Боже мој, Боже мој, зошто ме остави? Зошто си далеку за да ми помогнеш, за да ги чуеш моите повици?
22:2 Боже мој! Те призивам дење – и Ти не слушаш, и ноќе – и нема мир за мене.
22:3 Сепак, Ти си свет, опкружен со пофалби од Израел.
22:4 На Тебе се надеваа татковците наши; се надеваа и Ти ги избави;
22:5 кон Тебе викаа, и се спасуваа; на Тебе се надеваа, и не се посрамија.
22:6 А јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот.
22:7 Сите, што ме гледаат, ми се подбиваат; нишајќи ги главите, велат:
22:8 „Тој се надеваше на Господ, нека го избави, нека го спаси, ако Му е угоден!“
22:9 Но Ти ме изведе од утробата, ме успокои на мајчините гради.
22:10 Кон Тебе сум приврзан уште од зачнувањето мое; од утробата на мајката моја Ти си мој Бог.
22:11 Не оддалечувај се од мене, зашто неволјата е близу, а нема кој да ми помогне.
22:12 Многу јунци ме обиколија, дебели јунци ме опкружија,
22:13 ја отворија устата против мене како лав, кој го раскинува својот плен и рика.
22:14 Јас се разлеав како вода; сите мои коски се разглобија, срцето мое стана како восок, се топи во моите гради.
22:15 Силата моја се исуши како цреп, јазикот ми се залепи за непцата, во смртоносен прав ме фрли.
22:16 Глутница кучиња ме опколија, цела чета од злочинци се врти околу мене; ми ги прободоа рацете и нозете.
22:17 Можам да си ги пребројам сите коски мои, а тие гледаа и ме презираа;
22:18 ги разделија меѓу себе алиштата мои, за облеката моја фрлија ждрепка.
22:19 Но Ти, Господи, не оддалечувај се од мене! Сило моја, побрзај ми на помош!
22:20 Избави ја од меч душата моја, и од пците еднородната моја.
22:21 Запази ме од устите лавовски и од роговите биволски спаси ме.
22:22 Ќе го објавувам името Твое на браќата и сестрите свои, сред собранието ќе Те фалам.
22:23 Вие, што имате страхопочит кон Господ, восфалете Го! Целото семе Јаковово нека Го прославува; нека се бои од Него целото семе Израелово,
22:24 зашто Тој не ја презре маката на страдалникот, не го сокри лицето Свое од мене, а ме послуша кога Те повикав.
22:25 За Тебе е похвалата моја во великото собрание; ќе ги исполнам ветувањата свои пред оние што имаат страхопочит кон Него.
22:26 Ќе јадат сиромасите и ќе се најадат, ќе Го фалат Господа оние што Го бараат; нека живеат срцата ваши довека!
22:27 Ќе се сетат и ќе се обратат кон Господ сите земни краишта, и ќе се поклонат пред Тебе сите племиња на народите,
22:28 зашто царството е Господово, и Тој е владетел над народите.
22:29 Нему ќе Му се поклонат сите заспани во земјата; пред него ќе паднат сите што слегуваат во земјата. А душата моја ќе живее за Него.
22:30 Потомството мое ќе Му служи, за Господ ќе им се проповеда на идните родови;
22:31 за избавувањето од Него ќе им се соопштува на луѓето, што ќе се родат, зашто сето тоа Господ го изврши.
Glava 23
23:1 Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува,
23:2 Тој ме одмара на зелени пасишта и ме води на тихи води,
23:3 ја закрепнува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое.
23:4 Кога би тргнал и по долината на смртната сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезол и Твојата палка ме успокојуваат.
23:5 Си приготвил пред мене трпеза пред очите на непријателите мои, си ја помазал главата моја со миризливо масло; и чашата моја се прелева.
23:6 Само добрина и милост ќе ме придружуваат преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни.
Glava 24
24:1 Господова е земјата и сѐ што ја исполнува, вселената и оние што живеат во неа,
24:2 зашто Тој ја основа врз морињата, и на реки ја утврди.
24:3 Кој може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на Неговото свето место?
24:4 Оној, чии раце се невини и чие срце е чисто, кој не си ја продава душата своја на лажни работи и не се заколнува лажно.
24:5 Тој ќе добие благослов од Господ и награда од Бога, Својот Спасител.
24:6 Таков е родот на оние што Го бараат Него, кои Го бараат Бог Јаковов!
24:7 Подигнете ги, порти, главите свои, бидете подигнати вие, вечни врати, за да влезе Царот на славата!
24:8 Кој е тој Цар на славата? – Крепкиот и силниот Господ, силниот во војна Господ.
24:9 Подигнете ги, порти, главите свои, бидете подготвени вие, вечни врати, за да влезе Царот на славата!
24:10 Кој е Царот на славата? – Господ над војските – Тој е Цар на славата!
Glava 25
25:1 Кон Тебе, Господи, ја издигнувам душата своја.
25:2 Боже мој, во Тебе се надевам, да не се посрамам, да не ликуваат над мене непријателите мои,
25:3 да не се посрамат оние што се надеваат на Тебе; да се посрамат оние, што со леснотија изневеруваат.
25:4 Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои.
25:5 Упати ме кон Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден.
25:6 Спомни си ги штедростите Твои, Господи, и милостите Твои, зашто се вечни.
25:7 Гревовите на младоста моја и престапите мои не споменувај ги; по милоста Своја сети се на мене, заради Твојата доброта, Господи!
25:8 Добар и праведен е Господ, грешниците ги изведува на пат,
25:9 ги упатува понизните кон правда и ги учи понизните на Своите патишта.
25:10 Сите патишта Господови се милост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и уредбите Негови.
25:11 Заради Твоето име, Господи, прости ми го гревот мој, зашто е голем.
25:12 Кои се тие што имаат страхопочит кон Господ? Ним Тој ќе им покаже кој пат да го изберат.
25:13 Нивната душа ќе почива во добро, нивното семе ќе ја наследи земјата.
25:14 Близок им е Господ на оние што имаат страхопочит кон Него; ним им го открива заветот Свој.
25:15 Очите мои секогаш се кон Господ, зашто Тој ги вади од стапица нозете мои.
25:16 Погледни на мене и смилувај се на мене, зашто сум самотен и во мака.
25:17 Скрбите на срцето мое олесни ми ги; извади ме од мојата потиштеност.
25:18 Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои.
25:19 Погледај ги моите непријатели, колку многу се намножија и колку многу ме мразат!
25:20 Запази ја душата моја и избави ме, за да не се посрамам, зашто во Тебе се надевам.
25:21 Непорочноста и правдата нека ме чуваат, зашто во Тебе се надевам, Господи.
25:22 Избави го, Боже, Израел од сите неволји негови.
Glava 26
26:1 Оправдај ме, Господи, бидејќи одев непорочно и непоколебливо верував во Господ.
26:2 Искушај ме, Господи, испитај ме; отвори ги утробата моја и моето срце.
26:3 Твојата милост е пред очите мои, а јас одам во Твојата вистина,
26:4 со луѓе суетни не седам и со престапници на законот Твој не се дружам;
26:5 го намразив друштвото на злонамерните; со нечестивите нема да седнам;
26:6 ги мијам рацете свои во невиноста и го обиколувам жртвеникот Твој, Господи,
26:7 за да ја разгласувам похвалата Твоја и да ги раскажувам сите Твои чудесни дела.
26:8 Господи, го возљубив домот, во кој престојуваш и местото каде што пребива славата Твоја.
26:9 Не погубувај ја душата моја со грешници и животот мој со крвопијци,
26:10 во чии раце има злочини, чија десница е полна со поткупи.
26:11 Јас, пак, одам во својата непорочност, избави ме, Господи, и помилуј ме.
26:12 Ногата моја стои на прав пат, во собранијата ќе Те благословувам, Господи.
Glava 27
27:1 Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се плашам? Господ е крепост на мојот живот, од кого ќе стравувам?
27:2 Кога се приближија до мене злобни противници и непријатели за да го изедат телото мое, се сопнаа и паднаа.
27:3 И полк да се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе бидам полн со доверба.
27:4 Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да се поучувам во Неговиот свет храм,
27:5 зашто во злочест ден Тој би ме сокрил во Својата скинија, би ме сокрил под покривот на Своето живеалиште; би ме искачил на карпа.
27:6 Тогаш главата моја ќе се издигне над непријателите што ме опкружуваат; и јас ќе принесам во скинијата Негова жртва поради радоста, па ќе пеам и ќе Го фалам Господа.
27:7 Чуј го, Господи, гласот мој, бидејќи кон Тебе викам смилувај ми се и услиши ме.
27:8 Срцето мое ми вели: „Барај го лицето Негово!“; и јас го барам лицето Твое, Господи.
27:9 Не сокривај го од мене лицето Свое; не одбивај го во гневот слугата Твој. Биди мој помошник; не отфрлувај ме и не оставај ме, Боже, Спасителе мој!
27:10 Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прибере.
27:11 Научи ме, Господи, на Твојот пат и води ме по рамна патека, поради непријателите мои;
27:12 не предавај ме на своеволноста на непријателите, зашто останаа против мене лажни сведоци со насилство во нивните носници.
27:13 Но јас верувам дека ќе ја видам Господовата добрина во земјата на живите.
27:14 Надевај се во Господ, биди бодар; нека е цврсто срцето твое; надевај се во Господ!
Glava 28
28:1 Кон Тебе, Господи, викам, карпо моја; не оглушувај се кон мене, та да не заприлегам при Твоето молчење на оној што слегува во гроб!
28:2 Чуј го гласот на молитвите мои, кога викам кон Тебе, кога кревам раце кон Твојот свет храм.
28:3 Не земај ме со нечестивци и злосторници, кои со ближните свои говорат за мир, а во срцето смислуваат зло.
28:4 Возврати им, Господи, според нивните дела, според нивните лоши постапки; според делата на нивните раце, возврати им го она што го заслужиле!
28:5 Бидејќи тие немаат почит кон делата на Господ, ниту кон делата на рацете Негови; Тој ќе ги собори и нема да ги подигне.
28:6 Благословен е Господ, зашто Тој го чу гласот на молитвите мои.
28:7 Господ е крепост моја и штит мој; во Него има верба срцето мое и Тој ми помага; затоа се радува срцето мое и јас ќе Го прославувам со песна.
28:8 Господ е крепост на Својот народ и спасоносно прибежиште за Својот помазаник.
28:9 Спаси го народот Свој и благослови го наследството Твое; биди им Пастир и носи ги довека!
Glava 29
29:1 Воздајте Му на Господ, синови Божји, воздајте Му на Господ слава и моќ,
29:2 воздајте Му слава на Господ на името Негово, поклонете Му се на Господ во Неговото светилиште.
29:3 Гласот Господов е над водите; Бог на славата грми, Господ над силните води.
29:4 Гласот Господов е во силата, гласот Господов полн со величественост.
29:5 Гласот Господов крши кедри; ги крши Господ кедрите леванонски,
29:6 и направи како теле да потскокнува Ливан, а Сирион – како младо биволче.
29:7 Гласот Господов фрла огнен пламен.
29:8 Гласот Господов ја потресува пустината; ќе ја затресе Господ пустината Кадис.
29:9 Гласот Господов ги породува бремените кошути и ги оголува горите; и во храмот Негов секој ја возвестува славата Негова.
29:10 Господ седи на престолот над водите, и ќе седи Господ како цар довека.
29:11 Господ ќе му даде сила на Својот народ, Господ со мир ќе го благослови народот Свој.
Glava 30
30:1 Ќе Те величам, Господи, зашто ме извлече и не допушти непријателите мои да се радуваат над мене.
30:2 Господи, Боже мој, повикав кон Тебе, и Ти ме исцели.
30:3 Господи, Ти ја изведе душата моја од светот на мртвите и ме спаси од слегување во гроб.
30:4 Пејте Му на Господ, верници Негови, благодарете Му на Неговото свето име,
30:5 зашто гневот Му трае само миг, а вечна е милоста Негова: плачот трае преку ноќта, но утрото носи голема радост.
30:6 И јас си реков во изобилието мое: „Нема да се поколебам довека.“
30:7 Господи, според милоста Твоја Ти ме утврди како гора; но штом го сокри лицето Свое, јас се исплашив.
30:8 Тогаш кон Тебе, Господи, повикав и на мојот Бог, Му се помолив:
30:9 „Каква полза од крвта моја, ако слезам во гроб? Ќе Те слави ли правот, ќе ја објави ли тој верноста Твоја?“
30:10 Чуј ме, Господи и смилувај се, биди помошник мој.
30:11 Ти ја претвори тагата моја во радост, го симна од мене вреќиштето и ме препаша со веселба,
30:12 за да Те слави душата моја и да не замолкне; Господи, Боже мој, вечно ќе те славам!
Glava 31
31:1 Кај Тебе, Господи, се засолнувам, о да не се посрамам никогаш; според праведноста Своја спаси ме.
31:2 Приклони го увото Твое кон мене, побрзај да ме избавиш. Биди ми Бог заштитник и прибежиште за да се спасам.
31:3 Зашто Ти си карпа моја и крепост моја, заради името Твое поведи ме и управувај со мене.
31:4 Изведи ме од оваа стапица, која потајно ми ја поставија, зашто Ти си мој заштитник.
31:5 Во Твоите раце го предавам духот свој; Ти си ме откупил, Господи, Боже на вистината.
31:6 Не ти се мили оние што почитуваат ништожни идоли, но јас имам верба во Господ.
31:7 Ќе се радувам и ќе се веселам поради Твојата милост, зашто Ти погледна на маката моја и ја спаси од патила душата моја,
31:8 и не ме предаде во рацете на непријателите мои; нозете мои ми ги постави на чистина.
31:9 Смилувај се кон мене, Господи, зашто сум потиштен од скрб: ми се исушија од тага окото мое, душата моја и утробата моја.
31:10 Го минувам во жал животот мој, и годините мои – со воздишки; изнеможе силата моја, и коските мои се свиткаа.
31:11 Пред сите непријатели мои станав за прекор, дури и пред соседите мои, а и плашило за познатите мои; оние што ќе ме видат на улица, бегаат од мене.
31:12 Заборавен како мртовец сум во срцата на луѓето; станав како скршен сад,
31:13 бидејќи чув дека мнозина околу мене погубно шепотат, и кога ќе се соберат заедно, се договораат и душата моја да ми ја одземат.
31:14 Јас, пак, имам верба во Тебе, Господи, и велам: Ти си мој Бог.
31:15 Дните мои се во Твоите раце; избави ме од рацете на непријателите мои и од гонителите мои.
31:16 Нека засветли лицето Твое над слугата Твој; спаси ме поради Твојата милост.
31:17 Господи, не допуштај да се посрамам, поради тоа што кон Тебе повикав; нечестивите нека се посрамат и нека замолкнат во светот на мртвите.
31:18 Да онемеат лажливите усти, што говорат лошо против праведниот со горделивост и презир.
31:19 Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои имаат страхопочит кон Тебе, и што си ја приготвил за оние, кои имаат верба во Тебе пред очите на синовите човечки!
31:20 Ќе ги сокриеш под покривот на лицето Свое од човечките завери, ќе ги заклониш од нападите на јазиците противнички.
31:21 Нека е благословен Господ, зашто ја пројави кон мене Својата чудесна милост кога бев обиколен како град под опсада!
31:22 Во малодушноста своја си реков: отфрлен сум од очите Твои; но Ти го слушна гласот на молитвата моја, кога повикав кон Тебе.
31:23 Љубете Го Господа сите светии Негови, зашто Господ ги чува верните Свои, а им отплатува на оние, кои гордо постапуваат.
31:24 Бидете силни и нека крепне срцето ваше, сите вие што имате верба во Господ!
Glava 32
32:1 Блажени се оние, чии престапи им се простени, и чии гревови се покриени!
32:2 Блажен е оној човек, кого Господ не го смета за виновен, и во чиј дух нема измама!
32:3 Додека молчев, се сушеја коските мои од секојдневното мое воздишување,
32:4 бидејќи и дење и ноќе тежеше над мене раката Твоја, се сушев како на летен припек.
32:5 Тогаш го признав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: „Ќе Му ги исповедам на Господ моите престапи,“ и Ти ми ја прости вината на гревот мој.
32:6 Затоа секој побожен човек нека Ти се моли навреме, и тогаш притисокот од многуте води нема да го достигне.
32:7 Ти си мое прибежиште, од маката со која сум опкружен Ти ќе ме избавиш; ќе ме опкружиш со спасоносни звуци.
32:8 „Ќе те вразумам,“ – вели Бог – „Ќе ти го покажам патот, по кој да одиш; ќе бдеат очите Мои над тебе.“
32:9 „Не бидете како коњ или како маска, кои немаат разум, чија дивина со узда и оглавник се скротува за да ти се покоруваат.“
32:10 Многу маки ќе го снајдат грешникот; но оној кој има верба во Господ, него милост ќе го опкружува.
32:11 Веселете се во Господ и радувајте се, праведници: радувајте се сите кои сте со чисти срца.
Glava 33
33:1 Радувајте се, праведници, во Господ: на праведниците им прилега да Го слават.
33:2 Славете Го Господа со лира, пејте Му на харфа со десет жици,
33:3 пејте Му нова песна; пејте Му умешно и со восклик,
33:4 зашто словото на Господ е право, и сите дела Негови се извршени во верност.
33:5 Тој сака праведност и суд праведен; со милоста Господова е исполнета Земјата.
33:6 Преку словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни.
33:7 Тој ги собира како во мев морските води; бездните ги става во сокровишта.
33:8 Нека има страхопочит кон Господ целата Земја; нека треперат пред Него сите жители на светот,
33:9 зашто Тој рече и тие настанаа; Тој заповеда и се создадоа.
33:10 Господ ги руши помислите на незнабошците, ги спречува намерите на народите.
33:11 А замислата Господова вечно останува; мислите на срцето Негово од род во род.
33:12 Блажен е оној народ, на кој Господ му е Бог, и луѓето, кои Тој ги избрал за наследство Свое.
33:13 Од небесата гледа Господ, ги гледа сите синови човечки;
33:14 од престолот, на кој седи, ги набљудува сите, кои живеат по Земјата:
33:15 Тој, Кој на сите ним им ги создал срцата, пази на сите дела нивни.
33:16 Не го спасува царот голема војска; голема сила ни јунакот нема да го спаси.
33:17 Несигурен е коњот за спасување, со големата сила своја не може да избави.
33:18 Но, ете, очите Господови се врз оние, кои имаат страхопочит кон Него и кои имаат верба во милоста Негова,
33:19 дека Тој ќе ја спаси душата нивна од смрт и во време на глад ќе ги прехрани.
33:20 Душата наша се надева во Господ: зашто Тој е наш помошник и наш заштитник,
33:21 зашто во Него ќе се весели срцето наше; зашто во светото име Негово веруваме.
33:22 Милоста Твоја нека биде над нас, Господи, онака како што Ти се надеваме.
Glava 34
34:1 Ќе Го благословувам Господа во секое време; похвала за Него секогаш ќе има во мојата уста.
34:2 Со Господ ќе се фали душата моја! Нека го чујат тоа понизните и нека се зарадуваат.
34:3 Величајте Го Господа со мене, и заедно да го возвишуваме името Негово.
34:4 Го побарав Господа, и Тој ме чу и од сите стравови мои ме избави.
34:5 Кон Него погледнете и разведрете се и лицата ваши нема да се посрамат.
34:6 Несреќниот вика и Господ го слуша и го спасува од сите негови неволји.
34:7 Ангел Господов се улогорува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува.
34:8 Вкусете и ќе видите, колку е добар Господ! Блажен е оној човек, кој кај Него прибегнува!
34:9 Имајте страхопочит кон Господ, сите праведници Негови, зашто ништо нема да им недостига на оние кои имаат страхопочит кон Него.
34:10 Осиромашија и огладнеа богатите, а оние што Го побараа Господа, не ќе бидат лишени од секакви добра.
34:11 Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да имате страхопочит кон Господ.
34:12 Сака ли човек да живее и да види добри денови,
34:13 нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги,
34:14 нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него.
34:15 Очите на Господ се насочени кон праведните, и ушите Негови – кон молитвите нивни.
34:16 Но лицето на Господ е против оние што вршат зло; ќе го истреби од Земјата споменот за нив.
34:17 Кога викаат праведните, Господ ги слуша и ги спасува од сите маки нивни.
34:18 Блиску е Господ до оние со скршено срце, и смирените по дух ќе ги спаси.
34:19 Бројни се маките на праведните, но од сите нив Господ ќе ги избави.
34:20 Господ ги чува сите коски нивни; ниедна од нив нема да се скрши.
34:21 Злото му носи смрт на грешникот; оние, што го мразат праведниот, ќе платат.
34:22 Господ ќе ги спаси душите на слугите Свои, и никој од оние, кои прибегнуваат кон Него, нема да биде осуден.
Glava 35
35:1 Осуди ги, Господи, оние кои ме осудуваат, и собори ги оние што се борат против мене;
35:2 земи оружје и штит и дојди ми на помош;
35:3 извади го мечот и пресретни ги гонителите мои; кажи ѝ на душата моја: „Јас сум спасение Твое!“
35:4 Нека бидат посрамени и исмеани оние што ја бараат душата моја: нека се повлечат и нека се посрамат, оние што ми мислат зло;
35:5 нека бидат како прав пред ветрот, и ангел Господов да ги прогонува,
35:6 патот нивни нека биде темен и лизгав, и ангел Господов да ги прогонува,
35:7 бидејќи без причина поставија тајна мрежа за моја пропаст, без причина ѝ копаат гроб на душата моја.
35:8 Нека дојде врз нив ненадејна замка и мрежата нивна, што ја поставија за мене, да ги улови самите нив; нека се сплеткаат во неа и нека загинат.
35:9 А мојата душа ќе се радува во Господ, ќе се весели поради спасението од Него.
35:10 Сите коски мои ќе речат: „Господи, кој е подобен на Тебе, Кој спасуваш слаб од силен, беден и сиромав од ограбувачите нивни?“
35:11 Се кренаа против мене злобни сведоци: и за она што не го знам ме сослушуваат;
35:12 ми враќаат зло за добро, и душата моја запаѓа во осаменост.
35:13 А кога тие боледуваа, јас се облекував во вреќиште, ја истоштував душата моја со пост, и молитвата ми се враќаше во градите мои.
35:14 Постапував така, како тој да беше ближен мој, мој брат; одев тажен со наведната глава како оној што тагува по сопствената мајка.
35:15 А сега, кога јас паднав, тие се зарадуваа и се собраа против мене, ми задаваа рани, а да не знам зошто, ме кинеа и не престануваа;
35:16 ме доведоа до искушение, ми се потсмеваа многу и со забите свои крцкаа против мене.
35:17 О, Господи, до кога ќе го гледаш тоа? Оттргни ја душата моја од нивните навалувања, мојата осамена душа – од тие лавови.
35:18 Тогаш ќе Ти благодарам Господи, на големото собрание, меѓу многуброен народ ќе Те восфалувам;
35:19 не допуштај да се зарадуваат над мене оние, кои ми се непријатели без причина, кои ме мразат без вина и намигнуваат со очите.
35:20 Зашто тие не мислат за мир, туку смислуваат измами против мирните во земјата.
35:21 Ги отворија устите свои против мене, велејќи: „Аха! Аха! Очите наши видоа!“
35:22 Ти виде Господи, немој да премолчиш; Господи, не отстапувај од мене!
35:23 Стани, разбуди се да ме одбраниш, о Боже мој и Господи мој, води ја мојата парница!
35:24 Пресуди ми според Твојата праведност, Господи, Боже мој, та да не ликуваат оние над мене;
35:25 за да не речат во срцата свои: „Ни се исполни желбата!“ и да не кажат: „Го проголтавме.“
35:26 Нека бидат посрамени и исмејани сите, кои се радуваат на мојата несреќа; да се облечат во срам и бесчестие, оние што се гордеат над мене.
35:27 Нека се зарадуваат и нека се развеселат, оние што го сакаат моето праведно дело, и непрестајно нека велат: „Велик е Господ, Кој му се радува на доброто на Својот слуга!“
35:28 И јазикот мој ќе зборува за праведноста Твоја и за Твојата похвала секој ден.
Glava 36
36:1 Гревот му зборува на грешникот; длабоко во неговото срце, нема страв Божји пред очите негови,
36:2 зашто тој самиот на себеси си ласка, место да го увиди своето беззаконие и да го намрази;
36:3 зборовите на устата негова се неправда и измама; тој не сака да се вразуми, и да врши добро;
36:4 на леглото свое смислува беззаконие, останува на лош пат, од зло не се гнаси.
36:5 Господи, Твојата милост е до небесата, Твојата вистина – до облаците!
36:6 Твојата праведност е како моќните гори, а судовите Твои како голема бездна! И луѓе и добиток спасуваш Ти, Господи!
36:7 О колку е скапоцена Твојата милост, Боже! Синовите човечки се засолнуваат под Твојата закрила;
36:8 тие се ситат од изобилието на Твојот дом, и од потокот на Твојата красота ги напојуваш;
36:9 зашто во Тебе е изворот на животот: во Твојата светлина ние гледаме светлина.
36:10 Продолжи ја милоста Своја кон оние кои Те познаваат, и спасението Свое кон оние со чисто срце.
36:11 Нека не ме гази ногата горда, и раката на грешникот да не ме гони.
36:12 Таму паднаа оние што вршат беззаконие; соборени се и не можат веќе да станат.
Glava 37
37:1 Не жести се поради злобниците и не завидувај им на оние што вршат беззаконие,
37:2 зашто тие ќе се исушат како трева, и како зелје набргу ќе свенат.
37:3 Верувај во Господ и прави добро, за да живееш на земјата и да уживаш во спокојство.
37:4 Сета радост нека ти биде во Господ, и Тој ќе ти даде што ќе посака срцето твое.
37:5 Довери Му го патот свој на Господ и во Него верувај и Тој ќе делува;
37:6 и ќе ја изведе правдата твоја како светлина, и справедливоста твоја – како пладне.
37:7 Биди кроток пред Господ и на Него надевај се. Не жести се на оној, кој успева на патот свој, на човек кој врши беззаконие.
37:8 Воздржи се од лутина и остави ја јароста, не жести се – самиот да не правиш зло,
37:9 зашто оние што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господ, ќе ја наследат земјата.
37:10 Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш.
37:11 А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир.
37:12 Грешникот смислува зло против праведниот и чкрта со забите против него,
37:13 но Господ му се потсмева, зашто однапред гледа дека му се ближи крајот.
37:14 Грешниците ги вадат мечевите, го оптегнуваат лакот свој за да го кутнат бедниот и сиромавиот, за да ги прободат оние што се со чисто срце.
37:15 Но мечот нивни ќе се забие во нивното срце, и лаците нивни ќе се скршат.
37:16 Малото богатство кај праведниот е многу подобро отколку големото богатство на грешниците.
37:17 Зашто мишките на грешниците ќе спласнат, а на праведниците Господ им ги поткрепува.
37:18 Господ ги знае патиштата на непорочните; и нивното наследство ќе биде вечно:
37:19 во зло време нема да бидат посрамени и во деновите на глад ќе бидат сити;
37:20 зашто грешниците ќе загинат, и непријателите Господови ќе ги снема како полска убавина, ќе исчезнат како дим.
37:21 Грешникот зема на заем и не враќа, а праведниот е милостив и дава,
37:22 зашто оние, кои Господа Го благословуваат, ќе ја наследат земјата, а оние што тој ги проколнува, ќе бидат истребени.
37:23 Господ ги зацврстува стапките на човекот и мили Му се неговите патишта:
37:24 па и ако се сопне, нема да падне, зашто Господ го држи за рака.
37:25 Бев млад, и остарев, но не видов оставен праведен човек ниту децата негови леб да просат;
37:26 тој секој ден знае да се смилува и на заем да дава, и потомството негово ќе биде благословено.
37:27 Клони се од зло и прави добро, па ќе живееш вечно;
37:28 зашто Господ ја сака правдата и не ги остава верниците Свои; нив вечно ќе ги чува, а потомството на безбожниците ќе биде истребено.
37:29 Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно.
37:30 Устата на праведниот кажува мудрост, а јазикот негов изговара правда.
37:31 Законот на неговиот Бог е во срцето негово; стапките негови нема да се сопнат.
37:32 Грешникот го демне праведниот и бара да го убие;
37:33 но Господ нема да го предаде во негови раце и нема да го осуди, кога ќе биде суден.
37:34 Надевај се на Господ и остани на Неговите патишта; Тој ќе те воздигне за да ја наследиш земјата; и ќе го гледаш истребувањето на грешниците.
37:35 Видов страшен безбожник, кој се превознесуваше и издигаше како кедар леванонски.
37:36 Поминав и, ете, го нема; го побарав, и не го најдов.
37:37 Види го непорочниот, гледај го праведниот: има напредок за мирниот;
37:38 а безбожниците сите ќе бидат истребени, нивното наследство ќе се затре.
37:39 Спасението, пак, на праведните доаѓа од Господ и Тој е нивни заштитник во тешко време;
37:40 им помага Господ и ги избавува; ги избавува од грешниците и ги спасува, зашто кај Него прибегнуваат.
Glava 38
38:1 Господи, во јароста Своја не карај ме и во гневот Свој не казнувај ме,
38:2 зашто стрелите Твои се забија во мене, и Твојата рака тежи врз мене,
38:3 нема ништо здраво на моето тело од Твојот гнев; во коските мои нема мир поради гревот мој;
38:4 зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа.
38:5 Смрдат и гнојат раните мои поради безумието мое.
38:6 Се згрбавив и се стопив сосема, цел ден натажен одам;
38:7 слабината ми е воспалена, нема здраво место на телото мое.
38:8 Исцрпен сум и дотолчен; рикав поради воздишките на срцето мое.
38:9 Господи, пред Тебе се сите мои копнежи, и мојата воздишка не е сокриена од Тебе.
38:10 Срцето засилено ми бие, ме напушти силата моја, и светлината на очите мои, – и неа ја нема во мене.
38:11 Моите пријатели и моите ближни се приближија и не се доближија; застанаа подалеку од мене,
38:12 а оние што ја бараат душата моја, ми поставуваат примки, говорат за пропаст и секој ден кројат сплетки;
38:13 а јас, пак, како глув не слушам и како нем сум, кој не ја отвора устата своја;
38:14 станав како човек што не слуша и што во устата своја нема одговор,
38:15 зашто на Тебе, Господи, се надевам; Ти ќе одговориш, Господи, Боже мој.
38:16 Зашто се молам само да не се погордеат над мене; и кога ќе ми се поколебаат нозете мои, тие да не се кренат над мене.
38:17 Готов сум да паднам, и болот мој секогаш е со мене.
38:18 Беззаконието свое го признавам и ќе жалам поради гревот мој.
38:19 А оние што ми се непријатели без причина се силни, и се намножија оние што неправедно ме мразат,
38:20 ми враќаат зло за добро, ми станаа противници, зашто јас сум за добро.
38:21 Не оставај ме, Господи, Боже мој, не оддалечувај се од мене;
38:22 побрзај да ми помогнеш, Господи, Спасителе мој!
Glava 39
39:1 Си реков: ќе пазам на патиштата мои, за да не згрешам со јазикот свој; ќе ја зауздам устата моја додека е грешникот пред мене.
39:2 Онемев и се смирив, и замолкнав, но јадот мој се зголеми.
39:3 Пламна срцето мое во мене и додека размислувам оган се разгорува во мислите мои. Проговорив со јазикот свој:
39:4 кажи ми го, Господи, мојот крај, и колкав е бројот на моите дни, за да знам колку е краткотраен мојот живот.
39:5 Ете, Ти си ми дал дни колку една педа, и векот мој е како ништо пред Тебе. И навистина, сѐ е суета, секој човек што живее.
39:6 Навистина, човек оди како сенка и залудно се измачува; собира богатство, а не знае кому ќе му го остави.
39:7 И сега што да очекувам Господи? Надежта моја е во Тебе.
39:8 Спаси ме од сите беззаконија; не допуштај да бидам поруга на безумниот.
39:9 Занемев и не ја отворам устата, зашто Ти така направи.
39:10 Отстрани ги од мене ударите Твои, изнемоштувам од Твојата силна рака.
39:11 Го казнуваш човекот за гревот, сѐ што му е најмило му го уништуваш како молец; навистина, човекот е само здив.
39:12 Услиши ја, Господи, молитвата моја и почуј ја молбата моја; не биди безгласен кон моите солзи, зашто сум привремен гостин кај Тебе и придојден, како сите мои предци.
39:13 Допушти ми да здивнам, пред да заминам и да ме нема веќе.
Glava 40
40:1 Трпеливо се надевав на Господ, и Тој се наклони над мене и ја чу молитвата моја,
40:2 и ме изведе од длабината на јазот и од длабока тиња, па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои;
40:3 а во устата моја вложи нова песна – похвала за нашиот Бог. Мнозина ќе видат, и страв ќе ги опфати и ќе се надеваат на Господ.
40:4 Блажен е оној човек што верува во Господ и не се обраќа кон горделивите, кон оние што застрануваат по лажни богови.
40:5 Многу чудесни дела си направил, Господи, Боже мој, многу мисли чудесни – кој може да се спореди со Тебе!? Почнав да ги објавувам и да зборувам за нив, но тие број немаат!
40:6 Жртви и приноси Ти не бараш, но ушите ми ги отвори; сепаленица и жртва за грев Ти не побара.
40:7 Тогаш реков; еве, идам; во свитокот на книгата за мене е напишано;
40:8 со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот закон е во срцето мое.
40:9 Ја објавив Твојата правда во големото собрание; не ѝ бранев на устата моја; Ти го знаеш тоа, Господи.
40:10 Твојата правда не ја сокрив во срцето мое, ја објавив верноста Твоја и спасението Твое; и не ги затаив Твојата милост и Твојата верност од собранието.
40:11 Но, Господи, не отстранувај го милосрдието Твое од мене; Твојата милост и Твојата верност нека ме пазат постојано,
40:12 зашто зла безбројни ме опкружија; ме притиснаа беззаконијата мои, и не можев дури ни да гледам, – тие се повеќе од влакната на главата моја; а и срцето мое ме остави.
40:13 Благоволи, Господи, да ме избавиш; Господи, побрзај ми на помош!
40:14 Нека се засрамат и нека поцрвенат сите, кои бараат да ја погубат душата моја! Нека бидат вратени назад и нека бидат предадени на потсмев оние, кои ми сакаат зло.
40:15 Нека се скаменат од срам оние, кои сакајќи да ми се наругаат велат: „Аха! Аха!“
40:16 А нека се зарадуваат и нека се развеселат во Тебе сите, кои Те бараат, и оние што сакаат спасение од Тебе непрестајно нека зборуваат: велик е, велик – Господ!
40:17 А јас сум сиромав и беден; но Господ се грижи за мене. Ти си помошник мој и заштитник мој, Боже мој, не задоцнувај.
Glava 41
41:1 Блажен е оној што се грижи за бедните! Во злочест ден Господ ќе го избави.
41:2 Господ ќе го пази и ќе го одржи во живот и ќе му даде среќа на земјата; и нема да го предаде во рацете на непријателот негов.
41:3 Господ ќе му помогне кога лежи болен в постела. Ти ја исцелуваш секоја болка при болеста негова.
41:4 А за себе, јас повикав: „Господи, смилувај се на мене, излекувај ја душата моја, зашто згрешив пред Тебе!“
41:5 Непријателите мои во злоба се распрашуваат за мене: „Кога ќе умре, и кога ќе загине името негово!?“
41:6 И ако некој дојде да ме види, говори лага; неговото срце собира неправда во себе, и тој, штом ќе излезе надвор, расправа.
41:7 Сите мои непријатели шепотат меѓу себе против мене, помислувајќи ми зло:
41:8 „Смртна болест го фатила; кој еднаш легне, веќе нема да стане!“
41:9 Дури и пријателот мој, во кого имав доверба, кој јадеше мој леб, ја крена ногата против мене.
41:10 А Ти, Господи, смилувај ми се, исправи ме, та да им возвратам.
41:11 По тоа ќе дознаам дека сум ти мил, кога непријателот мој нема да се погордее над мене;
41:12 а мене, пак, ме прифати поради мојата незлобивост и зацврсти ме пред Себе вечно.
41:13 Нека е благословен Господ, Бог Израелов, од века до век! Амин, амин!
Glava 42
42:1 Како што кошутата копнее по водни извори, така и душата моја, Боже, копнее по Тебе!
42:2 Душата моја жедува за Бога, за живиот Бог: кога ќе дојдам и ќе го гледам лицето Божјо?
42:3 Солзите мои беа леб за мене и дење и ноќе, кога секој ден ми зборуваа: каде е твојот Бог?
42:4 Се сетив на тоа и ја излив душата своја: како чекорев со мноштвото, ги предводев до Божјиот дом – при гласно воскликнување и прославување, како на голем празник.
42:5 Зошто тагуваш, душо моја, и зошто си вознемирена? Надевај се на Бога, бидејќи јас пак ќе Го славам мојот Помошник, мојот Бог.
42:6 Тагува душата моја во мене, поради тоа ќе си спомнувам на Тебе од земјата Јорданска, од Ермон и од гората Мицар.
42:7 Бездна повикува бездна со гласот на Твоите водопади; сите Твои води и Твои бранови навалија на мене.
42:8 Дење Господ ми ја покажува милоста Своја, а јас ноќе ќе Му пеам и ќе Му се молам на Бога на мојот живот.
42:9 Ќе Му речам на Бога: Ти си моето засолниште. Зошто ме заборави? Зошто одам нажален додека непријателот ме притиска?
42:10 Трошејќи ги коските мои, непријателите мои се подигруваат со мене, велејќи ми секој ден: каде е твојот Бог?
42:11 Зошто тагуваш, душо моја, и зошто си вознемирена? Надевај се на Бога, бидејќи Него јас пак ќе Го прославувам, мојот Помошник, мојот Бог.
Glava 43
43:1 Пресуди ми, Боже, и расправи ја тужбата моја против безбожниот народ. Избави ме од неправеден и лукав човек.
43:2 Бидејќи Ти си засолниште мое, Боже, зошто си ме отфрлил? И зошто одам така нажален додека непријателот ме мачи?
43:3 Испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина да ме водат и да ме доведат во Твојата света гора и во Твоето живеалиште.
43:4 И ќе пристапам до Божјиот жртвеник, до Бога, мојата радост. На харфа ќе Те славам, Боже, Боже мој!
43:5 Зошто тагуваш душо моја, и зошто си вознемирена! Надевај се на Бога, бидејќи пак ќе Го прославувам Него, мојот Помошник, мојот Бог.
Glava 44
44:1 Боже, со ушите наши чувме, а татковците наши ни раскажуваа за делото што си го направил во нивните дни, во деновите древни.
44:2 Ти со Твојата рака си истребил народи, а нив си ги населил; си уништил народи, а нив си ги раширил;
44:3 бидејќи тие не со меч ја придобија земјата, и нивните мишки не ги спасиле, туку Твојата десница и Твојата мишка и светлината на Твоето лице, зашто Ти беа по волја.
44:4 Боже, само Ти си цар мој и Бог мој, Кој му извојува победа на Јаков.
44:5 Со Тебе, ги потиснавме нашите непријатели, и со Твоето име ќе ги уништиме оние, што стануваат против нас;
44:6 зашто јас нема да се надевам на мојот лак и мечот мој нема да ме спаси;
44:7 туку Ти нѐ спаси од непријателите наши и ги посрами оние што нѐ мразат.
44:8 Со Бога се фалевме секој ден и Твоето име вечно ќе го прославуваме.
44:9 Но сега Ти нѐ отфрли и нѐ посрами, па не излегуваш, Боже, со нашите војски;
44:10 нѐ сврти во бегство пред непријателите наши, и оние, што нѐ мразат, нѐ ограбуваа.
44:11 Нѐ предаде како овци на клање и нѐ растури меѓу незнабошците.
44:12 Евтино го продаде народот Свој, не бараше висока цена за нив;
44:13 нѐ предаде за презир кај соседите наши, за потсмев и хулење на оние, кои живеат околу нас;
44:14 нѐ направи за приказ меѓу незнабошците, и мнозина ја вртат главата.
44:15 Секој ден срамот мој е пред мене, и црвенило го покрива лицето мое,
44:16 од гласот на оној што се потсмева и од клеветникот, пред очите на непријателите и одмаздниците.
44:17 Сето тоа нѐ снајде нас, но ние не Те заборавивме Тебе и не го нарушивме Заветот Твој.
44:18 И не отстапи срцето наше, и стапките наши не се отклонија од Твојот пат,
44:19 кога нѐ порази во местото, каде што живеат чакали и нѐ покри со смртна сенка.
44:20 Ако го бевме заборавиле името на нашиот Бог и да ги бевме протегнале рацете наши кон туѓ бог,
44:21 зар Бог тогаш немаше да дознае за тоа? Зашто Тој ги знае тајните на срцата.
44:22 Заради Тебе нѐ убиваат секој ден, нѐ сметаат како овци определени за клање.
44:23 Разбуди се, зошто спиеш, Господи!? Разбуди се, и не отфрлај нѐ засекогаш!
44:24 Зошто го одвраќаш лицето Свое, ја забораваш бедата наша и неволјата наша?
44:25 Бидејќи душата наша се понизи до прав, а утробата ни се прилепи за земјата,
44:26 стани, Господи, и помогни ни, избави нѐ поради љубовта Твоја.
Glava 45
45:1 Од срцето мое се изливаат благи зборови; Му ги посветувам на Царот стиховите мои; јазикот ми е како перо на брзописец.
45:2 Ти си најпрекрасниот меѓу синовите човечки, благодат се излива од Твојата уста; затоа Бог Те благословил довека.
45:3 Препаши го на бедрото мечот Свој, о силнику: во Својата красота и убавина!
45:4 И така величествен, поитај победоносно заради вистината, кротоста и правдата, и Твојата десница ќе покаже чудесни дела.
45:5 Изострени се Твоите стрели, народите ќе паднат пред Тебе, – тие ќе се забодат во срцата на царските непријатели.
45:6 Твојот престол, Боже, е вечен: жезолот на правдата е жезол на Твоето царство.
45:7 Ти ја љубиш праведноста и го мразиш беззаконието; затоа, Бог, Твојот Бог, Те помаза со миризливо масло на радоста повеќе од Твоите собраќа.
45:8 Сите Твои облеки мирисаат на смирна, алој и касија; кога излегуваш од дворците од слонова коска, харфи те развеселуваат.
45:9 Царски ќерки се во Твојата почесна придружба; царицата стои покрај Тебе оддесно, украсена со офирско злато.
45:10 Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое: заборави го твојот народ и домот на таткото твој!
45:11 Зашто Царот ја посака твојата убавина, зашто Тој е твој Господар и приклони Му се тогаш ти.
45:12 И ќерката тирска ќе Му се поклони со подароци и најбогатите меѓу народот ќе ја бараат твојата благонаклоност.
45:13 Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато;
45:14 во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа одат девици, нејзини другарки.
45:15 Ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец.
45:16 Место твоите татковци, овде ќе бидат твоите синови; Ти ќе ги поставиш за кнезови по целата земја.
45:17 Ќе го спомнуваат името Твое од род во род; затоа народите ќе Те слават од век до век.
Glava 46
46:1 Бог ни е нам прибежиште и сила, докажан помошник, во неволја.
46:2 Затоа нема да се уплашиме, па макар и земјата да се разниша, и горите да се срушат во срцето морско.
46:3 И ако бучат и се креваат водите нивни, и да се тресат горите од жестината нивна.
46:4 Речните потоци го веселат Божјиот град, Светото живеалиште на Севишниот.
46:5 Бог е среде него; тој нема да се разниша: Бог ќе му помогне уште пред зори.
46:6 Се збунија народите; се потресоа царствата; го пушти Својот глас, и земјата се топи.
46:7 Господ Саваот е со нас, Јакововиот Бог е наше прибежиште.
46:8 Дојдете и видете ги делата Божји – пустошењата што ги направи Тој на Земјата.
46:9 Прекратувајќи ги војните до крајот на Земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби копјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори.
46:10 Застанете и разберете дека Јас сум Бог, возвишен над народите, возвишен над Земјата.
46:11 Господ Саваот е со нас, Јакововиот Бог е наше прибежиште.
Glava 47
47:1 Заплескајте со рацете, сите народи воскликнете кон Бога со радосен глас;
47:2 зашто Севишниот Господ е страшен, Голем Цар е над целата земја.
47:3 Тој ни покори под нозе луѓе и народи;
47:4 Тој ни одбра наследство за нас, достоинственоста на Јаков, кого го возљуби.
47:5 Се искачи Бог при восклици, Господ со трубен звук.
47:6 Пејте Му на нашиот Бог, пејте; пејте Му на нашиот Цар, пејте,
47:7 зашто Бог е Цар над целата Земја; пејте Му псалм!
47:8 Бог е Цар над народите, Бог седи на светиот Свој престол;
47:9 незнабожечките кнезови се собираат како народ кон Авраамовиот Бог, зашто земните заштитници Му припаѓаат на Бога, Тој е возвишен над сите.
Glava 48
48:1 Голем е Господ и многу фален во градот на нашиот Бог, на Својата света гора.
48:2 Прекрасна возвишеност, радост на целата земја е гората Сион; на северната страна нејзина е градот на големиот Цар.
48:3 Бог, Кој е во Неговите тврдини, се покажа како сигурна одбрана.
48:4 Зашто, ете, се собраа царевите земни и сите дојдоа заедно,
48:5 па, откако видоа, се восхитија, се стаписаа и збунети побегнаа:
48:6 страв ги опфати таму, па се мачеа како жена родилка;
48:7 како силен ветар што ги разбива таршишките кораби.
48:8 Како што чувме, така и видовме во градот на Господ Саваот, во градот на нашиот Бог: Бог го основа за довека.
48:9 Ја спомнуваме, Боже, милоста Твоја среде храмот Твој.
48:10 Името Твое, Боже, како и Твојата слава досегаат до краиштата на земјата: Твојата десница е полна со победа.
48:11 Нека се весели гората Сион, и да се радуваат јудејските ќерки заради Твоите судови.
48:12 Одете околу Сион и обиколете го, избројте ги кулите негови.
48:13 Видете ги бедемите негови, разгледајте ги неговите дворци, за да му раскажете на идниот род,
48:14 дека овој Бог е наш Бог во сите векови: Тој ќе ни биде пастир вечен.
Glava 49
49:1 Чујте го ова сите народи; внимавајте вие сите што живеете по светот,
49:2 мали и големи, богати и сиромаси заедно.
49:3 Устата моја ќе говори мудрост, и мислата на срцето мое – разбирливи нешта.
49:4 Ќе го наклонам увото свое кон поучни изреки: со харфа ќе ја изложам гатанката моја.
49:5 Зошто да се плашам во тешки денови, кога беззаконието на моите предавници ќе ме опколи?
49:6 Вие, што имате верба во силите свои и се фалите со големото богатство свое, чујте:
49:7 Никој не може себеси да се искупи, ниту може човекот да Му плати откуп на Бога,
49:8 ниту цена за откуп на душата своја, бидејќи таа е превисока,
49:9 дури и да се мачи долго, да живее вечно и гроб да не види.
49:10 Зашто и мудрите умираат, неразумните и безумните загинуваат заедно, а го оставаат богатството на други.
49:11 Нивните гробови ќе им бидат вечни домови, живеалиштата од род во род, иако земјите нивни ги носат имињата нивни.
49:12 И човек што живее неразумно, прилега на животните што загинуваат.
49:13 Таква им е судбината на безумниците, крајот на оние што се задоволни со својот дел.
49:14 Тие се како овци определени за во пеколот, смртта им е пастир, а в зори праведните ќе господарат над нив; силата нивна ќе се истроши, пеколот ќе им биде дом.
49:15 Но Бог ќе ја спаси душата моја од раката на пеколот, милостиво ќе ме прими.
49:16 Не плаши се кога човек се збогатува, кога богатството на домот негов расте;
49:17 зашто, умирајќи, ништо нема да земе, ниту, пак, богатството негово ќе појде по него;
49:18 макар што при животот негов се сметал за среќен – а тебе те фалат кога си угодуваш –
49:19 и тој ќе им се придружи на своите предци, нема никогаш да види светлина.
49:20 Човек, кој неразумно живее, сличен е на животните што загинуваат.
Glava 50
50:1 Бог над боговите, Господ, говори и ја повикува земјата од сончевиот изгрев до запад.
50:2 Од Сион, кој е врв на убавината, заблескува Бог;
50:3 доаѓа нашиот Бог, и нема да молчи; пред Него ќе има оган што проголтува, околу Него бура.
50:4 Тој ќе ги повика небото горе и земјата, за да му суди на Својот народ:
50:5 „Соберете ги кај Мене светиите Мои, кои Ми се заветуваа преку жртва!“
50:6 И небесата ќе ја огласат Неговата праведност, зашто Бог е судија.
50:7 „Чуј, народе Мој, и Јас ќе говорам, Израеле, ќе сведочам против тебе: Јас сум Бог, Твој Бог.
50:8 Нема да те прекорувам поради твоите жртви; твоите сепаленици секогаш се пред Мене;
50:9 нема потреба да примам телци од твојот дом, ниту козли од стадата твои,
50:10 зашто Мои се сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата.
50:11 Ги познавам сите птици небески, и убавината на полињата е пред Мене,
50:12 ако огладнам, нема да ти кажам тебе, зашто Моја е вселената и сѐ што ја исполнува.
50:13 Зар Јас јадам јунешко месо и пијам крв јарешка?
50:14 Принеси Му на Бога благодарствена жртва и исполнувај ги своите завети пред Севишниот.
50:15 И повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, а ти ќе Ме прославиш.“
50:16 А на грешникот Бог му вели: „Зошто напамет ги кажуваш Моите одредби и со уста го спомнуваш Мојот завет?“
50:17 А самиот ја мразиш поуката Моја и зад грб ги фрлаш зборовите Мои?
50:18 Кога ќе видиш крадец, се зближуваш со него и со прељубници се дружиш;
50:19 устата твоја е полна со злоба, и јазикот твој измами плете;
50:20 седиш и го клеветиш братот свој, синот на својата мајка го озборуваш.
50:21 Ти го изврши тоа, а Јас молчев; ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти. Ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое.
50:22 Разберете го ова вие, кои Го заборавате Бога, за да не ве раскине, па тогаш ќе нема избавител.
50:23 Кој принесува жртва благодарствена, тој Ме прославува, и кој го следи Мојот пат, нему ќе му го соопштам Божјото спасение.
Glava 51
51:1 Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои.
51:2 Измиј ме темелно од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев,
51:3 зашто престапите мои ги знам и мојот грев е секогаш пред мене.
51:4 Против Тебе, само против Тебе згрешив и пред Тебе зло извршив, така што Ти си праведен кога ќе пресудуваш и беспрекорен кога ќе судиш.
51:5 Ете, грешен сум роден, грешник уште од кога ме зачна мајка ми.
51:6 Ти ја сакаш вистината во срцето, и внатре во мене ме учиш на мудроста Твоја.
51:7 Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег.
51:8 Дај ми да чујам радост и веселба, нека се зарадуваат коските што Ти ми ги здроби.
51:9 Одврати го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија.
51:10 Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене.
51:11 Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене.
51:12 Врати ми ја радоста на спасението од Тебе и благороден дух зацврсти во мене.
51:13 Тогаш ќе ги научам престапниците да одат по Твоите патишта, и грешниците кон Тебе ќе се обраќаат.
51:14 Ослободи ме од пролеаната крв, Боже, Боже на моето спасение, и јазикот мој ќе пее за Твоето избавување!
51:15 Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја;
51:16 зашто, жртви не ти се мили, кога би ти принел сепаленици, Ти не би ги примил.
51:17 Жртвата пред Бога е срушен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш.
51:18 Господи, направи му добро на Сион, според благоволението Свое, обнови ги ѕидовите ерусалимски.
51:19 Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите сепаленици; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци.
Glava 52
52:1 Зошто, се фалиш, силнику, со пакост? Беззаконија вршиш по цел ден!
52:2 Јазикот твој погубни работи измислува; како наострен брич ти е – сплеткару!
52:3 Ти повеќе го засака злото отколку доброто, лагата, отколку вистината,
52:4 ти, лукав јазику, засака секакви погубни зборови!
52:5 Поради тоа Бог, до крај ќе те уништи, ќе те истргне и ќе те искорне од живеалиштето твое, и коренот твој – од земјата на живите.
52:6 Ќе видат праведните, ќе се уплашат и ќе му се потсмеваат, па ќе речат:
52:7 „Ете човек, кој немаше прибежиште во Бога, туку имаше верба во големото богатство свое, и побара прибежиште во благосостојбата!“
52:8 А јас, пак, сум во Божјиот дом како плодна маслина и се надевам на милоста Божја во сите векови.
52:9 Вечно ќе Те славам за она што го направи, и ќе Го величам името Твое, пред светиите Твои, зашто тоа е добро.
Glava 53
53:1 Рече безумникот во срцето свое: „Нема Бог!“ Станаа развратни луѓето и гнасни во беззаконијата; нема кој да прави добро.
53:2 Бог погледна од небесата кон синовите човечки, за да види, има ли некој што е разумен, што Го бара Бога.
53:3 Сите тргнаа по лош пат, сите се расипани; нема кој да прави добро, нема ниеден.
53:4 Зар нема да се вразумат оние што вршат беззаконие, оние што го јадат народот Мој, како што го јадат лебот, но Бога не Го повикуваат?
53:5 Ќе затреперат тие од страв, страв каков што досега немало, зашто Господ ќе им ги растури коските на оние што те опколуваат. И тие ќе се посрамат, зашто Бог ги отфрли.
53:6 Ех, кога би можело да дојде спасението за Израел од Сион?! Кога Бог ќе ги врати заробените од народот Свој, тогаш ќе се зарадува Јаков и ќе се развесели Израел.
Glava 54
54:1 Боже, со името Твое спаси ме и со силата Твоја избори се за мојата правда.
54:2 Боже, услиши ја молитвата моја, чуј ги зборовите од устата моја;
54:3 зашто дрски луѓе се кренаа против мене, и насилници го бараат животот мој; тие не мислат на Бога.
54:4 Ете, Бог ми помага; Господ е заштитник на животот мој.
54:5 На непријателите мои Тој ќе им врати за злото; ќе ги истреби со вистината Своја.
54:6 Со сесрдност Ти принесувам жртва, го прославувам името Твое, Господи, зашто е добро,
54:7 зашто Ти ме избави од секоја неволја и окото мое презриво ги гледа непријателите мои.
Glava 55
55:1 Чуј ја Боже, молитвата моја и не криј се од моето молење;
55:2 погледај ме и услиши ме. Нажален сум во тагата моја
55:3 и збунет сум од гласот на непријателите, од притисокот на грешниците, зашто вршат врз мене беззаконие и со гнев разгоруваат непријателство против мене.
55:4 Срцето мое затрепери во мене, и смртен страв ме спопадна;
55:5 страв и трепет ме сполетаа, и стравотии ме обзедоа.
55:6 И јас реков: „Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и да се успокојам;
55:7 далеку би отишол и би се сместил во пустината;
55:8 би побрзал да си најдам засолниште од бурата и виорот.
55:9 Смути ги, Господи, и раздели ги нивните јазици, зашто видов насилство и расправии во градот.“
55:10 Дење и ноќе обиколуваат покрај ѕидовите негови; и во него беззаконие, мака и неправда има;
55:11 а не недостасува ни измама и лукавство по улиците негови.
55:12 Да ме беше навредил непријателот мој, тоа би го поднел, и завидливецот мој да се беше покажал силен, јас ќе се сокриев;
55:13 но тоа беше ти, човеку, кој си како јас, другар мој и пријател мој,
55:14 со кого радосно се дружев и сме оделе заедно во Божјиот дом!
55:15 Смртта нека дојде на нив; да слезат живи во пеколот, зашто пакост има среде нив, во живеалиштата нивни.
55:16 Јас, пак, Бога ќе Го повикам, и Господ ќе ме слушне.
55:17 Навечер и наутро, и напладне ќе молам и ќе викам, и Тој ќе го чуе гласот мој,
55:18 ќе ја избави во мир душата моја од оние, кои ми се приближуваат, зашто многу ги има што се против мене,
55:19 Бог ќе ме чуе и ќе ги понизи; Оној, Кој вечно царува, зашто во нив нема промена; тие не се плашат од Бога.
55:20 Ги креваат рацете свои против оние, со кои живееја во мир, го нарушија Неговиот завет.
55:21 Говорот им е мек како кајмак, а во срцето им е непријателство; зборовите им се како масло, но тие се стрели.
55:22 Пренеси ја на Господ маката своја, и Тој ќе те поткрепи. Тој нема да дозволи праведниот човек да пострада.
55:23 Ти, Боже, ќе ги фрлиш во погибелна јама; крвниците и измамниците нема да поживеат ни половина од деновите свои. Јас, пак, во Тебе се надевам!
Glava 56
56:1 Смилувај се Боже, на мене, луѓето ме газат, напаѓајќи секој ден, душманот ме притиска.
56:2 Моите непријатели по цел ден ме газат, зашто мнозина се оние, кои ме напаѓаат.
56:3 Кога страв ќе ме спопадне, во Тебе се надевам, Севишен.
56:4 Божјото ветување го славам; на Бога се надевам. Нема да се плашам; што може да ми направи човек?
56:5 Секој ден ги извртуваат зборовите мои; сите нивни мисли упатени против мене се зло.
56:6 Се собираат и се кријат, ги набљудуваат чекорите мои, упорно работат против мојот живот.
56:7 Плати им за нивниот злочин со гнев Боже, собори ги народите!
56:8 Ти ги броеше моите маки, солзите мои ги собираше во мешина. Зар не е сѐ запишано во Твојата книга?
56:9 Непријателите мои ќе се вратат назад, секогаш кога Те призовувам; по тоа знам дека Бог е за мене.
56:10 Божјото ветување го славам; се фалам за зборот Господов,
56:11 во Бога имам верба, не се плашам; што може да ми направи човекот?
56:12 Ме обврзуваат, Боже, ветувањата што Ти ги дадов; благодарствени молитви ќе Ти упатам.
56:13 Зашто Ти ја избави душата моја од смрт, а и нозете мои од сопнување, за да одам пред Бога во светлината на живите.
Glava 57
57:1 Смилувај се, Боже, на мене. Смилувај се, зашто во Тебе се надева душата моја, и во сенката на крилјата Твои ќе се засолнам додека не минат опасностите.
57:2 Викам кон Бога Севишниот, кон Бога, Кој ми прави добро.
57:3 Тој ќе прати од небото и ќе ме спаси; ќе ги посрами оние, кои ме газат. Ќе ја испрати Бог Својата милост и Својата верност.
57:4 Лежам среде лавови кои растргаат синови човечки; та нивните заби се копја и стрели, а јазикот им е остар меч.
57:5 Возвиши се на небесата, Боже, и по целата земја нека биде Твојата слава!
57:6 Тие подготвија стапица за нозете мои; и ја приклештија душата моја: ископаа пред мене јама, но сами паднаа во неа.
57:7 Подготвено е срцето мое, Боже, спремно е срцето мое, ќе пеам и ќе свирам.
57:8 Разбуди се, душо моја, разбудете се харфо и лиро! Јас ќе ја разбудам и зората.
57:9 Ќе Те славам, Господи, меѓу народите, ќе Те воспеам меѓу племињата,
57:10 зашто Твојата милост се возвеличи до небесата, и Твојата верност се протега сѐ до облаците.
57:11 Возвиши се, Боже, над небесата и по целата земја нека биде Твојата слава!
Glava 58
58:1 Дали навистина кажувате правда? Судите ли праведно, вие, човечки синови?
58:2 Во срцето свое кроите беззаконие, вашите раце плетат насилство на Земјата.
58:3 Се отуѓија грешниците од мајчиното крило, се заблудеа од утробата мајчина, говорејќи лага.
58:4 Јароста им е како змиски отров, како отровот на глувата аспида, која ги затнува ушите свои,
58:5 и не го слуша гласот на бајачот, вражачот вешт во вражањето.
58:6 Бог нека им ги скрши нивните заби во устите нивни; разби ги, Господи, челустите лавовски!
58:7 Нека се разлијат како вода што истекува; како изгазена трева нека се исушат!
58:8 Како полжав што се топи да се растопат, како пометнат плод, сонце да не видат никогаш!
58:9 Пред котлите ваши да осетат топлина од запаленото трње, сирово или суво, виор нека ги однесе!
58:10 Ќе се зарадува праведниот, кога ќе ја види одмаздата над безбожниците; ќе ги мие нозете свои во крвта на грешникот.
58:11 И ќе рече човекот: навистина има награда за праведниот! Навистина има Бог, Кој суди на Земјата!
Glava 59
59:1 Спаси ме од непријателите мои, Боже мој, заштити ме од оние што стануваат против мене!
59:2 Избави ме од оние, што вршат беззаконија; спаси ме и од крвниците;
59:3 зашто, ете, тие ја демнат душата моја; ме напаѓаат силните без престап мој и без грев мој, Господи.
59:4 Без моја вина навалија на мене; стани, излези ми во пресрет и погледај.
59:5 Ти, Господи, Боже на силите, Боже Израелов, разбуди се и казни ги сите овие народи и не поштедувај ниеден од оние што вршат беззаконие.
59:6 Навечер тие се враќаат, вијат како кучиња и одат околу градот.
59:7 И, ете, блујат со јазикот свој; во устата имаат меч, „Зашто, – си велат тие, – кој ќе чуе?“
59:8 Но Ти, Господи, им се смееш; им се подбиваш на сите безбожни народи.
59:9 Сило моја, Тебе те очекувам, зашто Ти си, Боже, мое прибежиште.
59:10 Мојот Бог, ќе ме пресретне со љубов, Бог мој, Кој ми ги покорува моите непријатели.
59:11 Не убивај ги, за да не заборави мојот народ; растури ги со силата Своја и победи ги, Господи, заштитниче наш.
59:12 За гревот на устата нивна; за зборот во устата нивна нека се фатат во гордоста своја, бидејќи само клетви и лаги кажуваат.
59:13 Истреби ги во гнев, и нема веќе да ги има; за да увидат дека Бог управува над Јаков и до краиштата на земјата.
59:14 Навраќаат секоја вечер, завиваат како кучиња, и одат околу градот;
59:15 тие скитаат барајќи храна, а кога нема да се заситат, ги поминуваат ноќите 'ржејќи.
59:16 Јас, пак, со песна ќе ја славам Твојата сила и од рани зори ќе се зарадувам со Твојата милост, бидејќи Ти ми беше закрила и прибежиште во денот на мојата несреќа.
59:17 Сило моја, Тебе Ти пеам, зашто Ти си закрила, Боже мој, милост моја.
Glava 60
60:1 Боже, Ти нѐ отфрли и нѐ растури, се разгневи, но сега обнови нѐ пак!
60:2 Ја потресе земјата и ја расече; стегни ги пукнатините нејзини, зашто таа се ниша.
60:3 Ти му покажа на Твојот народ жестокост и нѐ напои со заносно вино.
60:4 На оние, што се бојат од Тебе, им даде знак за да се избават од убојниот лак.
60:5 За да се избават Твоите возљубени, спаси нѐ со Твојата десница и услиши нѐ.
60:6 Рече Бог во Своето светилиште: „Со веселба ќе го разделам Сихем и ќе ја премерам долината на Сукот заради поделба.
60:7 Мој е Галаад, и Мој е Манасија, и Ефрем е шлем на главата Моја, и Јуда е жезол Мој.
60:8 Моав Ми е леген за миење, врз Едом го фрлам чевелот Свој,
60:9 Кој ќе ме воведе во укрепениот град? Кој ќе ме доведе до Едом?
60:10 Зар не Ти, Боже, Кој нѐ отфрли? Ти веќе не излегуваш, Боже, со нашите војски.
60:11 Помогни ни против непријателите, зашто од човекот нема спасение.“
60:12 Со Бога храбро ќе се бориме, Тој ќе ги уништи нашите мачители.
Glava 61
61:1 Услиши го, Боже, моето молење, прими ја молитвата моја.
61:2 Кон Тебе викам од крајот на земјата, зашто срцето ми папса. Подигни ме на висока карпа,
61:3 зашто Ти си моето прибежиште, крепосен заклон од непријателот.
61:4 Дај ми да се населам вечно во Твоето живеалиште да се засолнам под покривот на Твоите крилја.
61:5 Зашто Ти, Боже, ги чу моите молитви и им даде наследство на оние, кои се бојат од Твоето име.
61:6 Додај му уште денови кон деновите на царот и продолжи му ги годините од род во род,
61:7 за да владее вечно пред Бога; милост и верност испрати му за да го чуваат.
61:8 И така, со песна ќе го воспевам Твоето име и ќе ги извршувам своите завети секој ден.
Glava 62
62:1 Само во Бога се успокојува душата моја, од Него е моето спасение.
62:2 Зашто Тој е Бог мој, и мој Спасител. Тврдина моја: нема да се поколебам.
62:3 До кога ќе притискате врз човекот? Го уривате сите вие како наклонет ѕид и накривена ограда!
62:4 Намисливте да го уништите моето достоинство со лага; со устата своја благословувате, а со срцето свое колнете.
62:5 А ти, душо моја, само на Бога чекај, зашто само во Него е мојата надеж.
62:6 Само Тој е моја Карпа и Спасител мој: тврдина моја и нема веќе да се колебам.
62:7 Во Бога е моето спасение и мојата слава; Бог ми е силна карпа и прибежиште мое.
62:8 Надевајте се во Него сите луѓе во секое време; отворете го срцето ваше пред Него: Бог е нашето прибежиште.
62:9 Синовите човечки се само суета; синовите човечки се лага; кога би ги ставиле на мерило, тие сите заедно би биле полесни од здив!
62:10 Не верувајте во насилство и не посакувајте грабеж; кога богатството расте, не приврзувајте го срцето кон него.
62:11 Еднаш Бог рече, а двапати јас го чув тоа дека силата е во Бога,
62:12 дека во Тебе, Господи, е силата Божја и дека во Тебе има милост, зашто Ти му плаќаш на секого според делата негови.
Glava 63
63:1 Боже, Ти си мојот Бог, Тебе Те барам; за Тебе зажедне душата моја. За Тебе копнее телото мое како земја пуста, неплодна и безводна!
63:2 И така со поглед Те барав во светилиштето Твое, за да ја видам Твојата сила и Твојата слава.
63:3 Зашто милоста Твоја е подобра од животот, устата моја ќе Те фали.
63:4 Така ќе Те благословувам во животот мој, и во Твое име ќе ги кревам рацете мои.
63:5 Како со маст и масло се наситува душата моја, и со радосен глас ќе те фали устата моја.
63:6 Кога ќе се сетам за Тебе во постелата моја, во ноќните часови за Тебе размислувам,
63:7 зашто Ти си ми помошник и под сенката на Твоите крилја Ти пеам.
63:8 Кон Тебе се прилепува душата моја, Твојата десница ме поддржува.
63:9 А оние кои сакаат да ме лишат од мојот живот, ќе слезат во длабочината на земјата.
63:10 Ќе бидат предадени на силата на мечот; ќе станат плен на чакалите.
63:11 А царот ќе се зарадува во Бога, и секој ќе се фали, кој во Него се колне, бидејќи ќе замолкне устата на лажливците.
Glava 64
64:1 Чуј го, Боже, гласот мој, кога Ти се молам; зачувај ми го животот мој од непријателот што ме застрашува.
64:2 Сокриј ме од тајните завери на грешниците, од плановите на злочинците.
64:3 Тие ги наострија јазиците свои како меч, тие исфрлаат ранливи зборови, како стрели,
64:4 за да стрелаат скришно на непорочниот; тие стрелаат ненадејно врз него, без страв.
64:5 Тие цврсто се договорија за зло; се договорија како да ја прикријат замката, па си рекоа: кој ќе нѐ види?
64:6 Сонуваат за злодела, скришни заговори кројат. Зашто, човековото срце и ум се длабока бездна.
64:7 Но Бог ќе ги застрела, ќе ги рани ненадејно.
64:8 Сопствениот јазик пропаст ќе им донесе; сите оние што ќе ги видат ќе се стаписаат.
64:9 И секој човек ќе се уплаши. Ќе се раскажува за делата Божји и ќе размислуваат за она што Тој го изврши.
64:10 А праведниот ќе се развесели во Господ и ќе прибегне кај Него; и ќе се веселат сите кои се праведни по срце.
Glava 65
65:1 Тебе, Боже, Ти припаѓа похвалата на Сион, и Тебе ќе Ти се даваат завети.
65:2 Ти услишуваш молитви, кај Тебе ќе дојде секоја плот.
65:3 Кога грешни дела нѐ совладуваат, Ти ги простуваш нашите престапи.
65:4 Блажен е оној, кого Ти си го избрал и примил да живее во Твоите дворови; дај да се наситиме со добрини од Твојот дом, од светоста на Твојот храм.
65:5 Преку чудесни дела ни одговараш и нѐ избавуваш, Боже, Спасителе наш, Ти си надеж на сите земни краишта и на оние што се далеку преку морето.
65:6 Ти, Кој горите си ги поставил со силата Своја и со моќ си се препашал,
65:7 Ти Кој ја замолкнуваш морската бучава, шумот што го прават брановите, и буните кај народите.
65:8 И се плашат сите оние што живеат на крајот на светот, од чудесата Твои: Ти создаваш радост каде што утрото се раѓа и вечерта заоѓа.
65:9 Ти ја посетуваш Земјата, ја напојуваш, ја збогатуваш: потокот Божји е полн со вода; си им приготвил храна на луѓето, бидејќи така си ја подготвил:
65:10 ги напојуваш браздите нејзини, и ги порамнуваш грутките нејзини и со дождовни капки ја благословуваш да раѓа плодови;
65:11 ја овенчуваш годината со Твојата добрина и колите Твои полни се со плодови.
65:12 Се појавуваат пасишта по пустините и ритчињата се исполнуваат со радост.
65:13 Ливадите се китат со стада, а долините се редат со плодови: сите воскликнуваат и пеат.
Glava 66
66:1 Воскликни Му на Бога, Земјо цела!
66:2 Воспејте го името Негово, воздајте Му слава и похвала!
66:3 Кажете Му на Бога: колку се страшни делата Твои! Поради големината на силата Твоја, ќе Ти се покоруваат непријателите Твои.
66:4 Целата земја Ти се покорува и Ти пее, Ти пее на Твоето име!
66:5 Дојдете и видете ги делата Божји, колку е страшен во чудата Свои за синовите човечки.
66:6 Тој го претвори морето во суво; преку река минаа со нозе; таму се зарадувавме во Него.
66:7 Со Својата моќ Тој владее вечно; Неговите очи гледаат на народите за да не се кренат бунтовниците.
66:8 Благословувајте Го, народи, нашиот Бог и искажете Му похвала гласно.
66:9 Тој ѝ даде живот на душата наша и не дозволи да потклекнат нозете наши;
66:10 Ти нѐ испита, Боже, нѐ очисти, како што среброто со оган се пречистува.
66:11 Ти нѐ воведе при примка, ни стави товар на нашите плеќи.
66:12 Допушти луѓето да ни се качат на глава. Минавме низ оган и вода, но нѐ изведе да здивнеме.
66:13 Ќе влезам во Твојот дом со сепаленица, ќе Ти ги исполнам моите завети,
66:14 што ги изговорија усните мои и ги искажа устата моја кога бев во неволја.
66:15 Мрсни сепаленици ќе Ти принесам Тебе, со кадило од овни, ќе Ти принесам Тебе и волови и кози.
66:16 Дојдете и чујте вие сите кои се боите од Бога и ќе ви раскажам сѐ што направи Тој за душата моја.
66:17 Повикав кон Него со устата моја и Го возвеличив со јазикот свој.
66:18 Да мислев беззаконие во срцето мое, Господ немаше да ме услиши.
66:19 Но ме услиши Господ, го чу гласот на молењето мое.
66:20 Нека е благословен Бог, Кој не ја отфрли молитвата моја и не ме остави без милоста Своја!
Glava 67
67:1 Боже, биди милостив кон нас и благослови нѐ; осветли нѐ со лицето Свое,
67:2 за да се спознае на Земјата патот Твој, и меѓу сите народи спасението од Тебе.
67:3 Да Те прославуваат народите, Боже, сите народи да Те прославуваат.
67:4 Племињата нека се развеселат и нека се радуваат, зашто праведно им судиш на народите, и ги водиш народите на Земјата.
67:5 Народите нека Те прославуваат, Боже, сите народи нека Те слават!
67:6 Земјата го даде својот плод; Бог, нашиот Бог нѐ благослови.
67:7 Да нѐ благослови Бог и сите земни краишта нека Го почитуваат.
Glava 68
68:1 Нека се крене Бог, и да се распрснат непријателите Негови; нека се разбегаат пред лицето Негово оние што Го мразат.
68:2 Како што димот исчезнува, така да исчезнат; како што восокот се топи од оган, така да загинат грешниците од лицето Божјо!
68:3 А праведните да се развеселат, да се зарадуваат пред Бога и да Го прославуваат во радоста.
68:4 Пејте Му на Бога, пејте Му на Неговото име; направете Му пат на Оној, Кој се движи по небото; името Му е Господ, и радувајте се пред Него.
68:5 Татко на сираците и Заштитник на вдовиците; Тој е Бог во Своето свето место.
68:6 Бог им дава домови на напуштените, ги ослободува од окови затворениците, а непокорните остануваат да живеат во пеколна пустина.
68:7 Боже, кога Ти излегуваше пред Твојот народ, кога чекореше по пустината,
68:8 земјата се тресеше и небесата истураа дожд пред Бога, Бог на Синај – пред Бога, Бог Израелов.
68:9 Изобилен дожд изли Ти, Боже, врз Твоето наследство, и кога тоа изнемоштуваше, Ти го поткрепуваше.
68:10 Стадата Твои живеат на неа; во Својата добрина, Боже, Ти се погрижи и за сиромасите.
68:11 Господ дава наредба; голема е придружбата на известителите:
68:12 цареви на армии бегаат ли бегаат, а жените по домовите пленот го делат.
68:13 Додека вие почивавте меѓу стадата, крилјата на гулабицата заблескаа во сребро, а нејзините пердуви со злато.
68:14 Кога Семоќниот ги разбиваше царевите, снег паѓаше на Селмун.
68:15 Горо моќна, горо Башанска, горо со бројни врвови, горо Башанска!
68:16 Зошто гледаш завидливо, горо со бројни врвови, кон гората што Бог ја посака за Свое пребивалиште, каде што Господ ќе престојува довека?
68:17 Божјите коли се безброј – на илјада илјади; Господ на Синај, доаѓа во светилиштето.
68:18 Ти се возвиси високо, плени плен, прими дарови од луѓето, дури и од противниците на Божјото пребивалиште таму.
68:19 Нека е благословен Бог, Кој нѐ носи од ден во ден, Бог, нашето спасение.
68:20 Нашиот Бог е Бог, Кој спасува; во власта на Господ е избавувањето од смртта.
68:21 Но Бог ќе им ги скрши главите на непријателите Свои и влакнестото теме на оние што остануваат во своите гревови.
68:22 Господ рече: од Башан ќе ги вратам, ќе ги извлечам од морските длабочини,
68:23 за да ти се натопи ногата твоја и јазикот на твоите кучиња во крвта на непријателите.
68:24 Го видов Твоето величествено доаѓање, Боже, доаѓањето на мојот Бог и Цар во светилиштето:
68:25 напред одеа пејачите, а на крајот свирачите, а во средината – девојки со тимпани:
68:26 „Во собранијата благословувајте Го Бога, Господа, вие, што сте од семето Израелово!“
68:27 Таму беше Венијамин, најмладиот; кнезовите Јудини – со своите чети, кнезовите Завулонови, кнезовите Нефталимови.
68:28 Покажи ја Боже, силата Твоја, снагата Твоја, Боже, како што правеше со нас во минатото.
68:29 Поради Твојот храм во Ерусалим, царевите ќе Ти принесуваат дарови.
68:30 Скроти ги ѕверовите во мочуриштата, воловите со телињата на народите, згази ги под нозете оние кои се лакомат по почести, растури ги народите кои уживаат во војна.
68:31 Нека се донесе бронза од Египет, Етиопија брзо нека подаде раце кон Бога.
68:32 Царства земни, пејте Му на Бога, славете Го Господа,
68:33 Кој се вози на небо, на небесата исконски. И, ете, Тој го испраќа Својот глас, Својот силен глас.
68:34 Подајте Му слава на Бога! Над Израел е Неговото велелепие, а силата Негова на облаците.
68:35 Чудесен си Ти, Боже, во светоста Своја; Бог Израелов – Тој ќе му даде сила и крепост на Својот народ. Нека е благословен Бог!
Glava 69
69:1 Спаси ме, Боже, зашто водите стигнаа до гушата моја!
69:2 Потонав во длабока тиња, каде што нема дно; влегов во морска длабочина и бура ме потопи.
69:3 Изнемоштев од викање; засипна грлото мое; попуштија очите мои, чекајќи Го мојот Бог.
69:4 Оние, што ме мразат без причина, се намножија повеќе од косата на главата моја: непријателите мои, кои ме гонат неправедно, се засилија; она што не сум го зел, бараат да го вратам!
69:5 Боже, Ти го знаеш моето безумие, и гревовите мои не се сокриени од Тебе.
69:6 Да не се посрамат поради мене сите оние, што се надеваат на Тебе, Господи, Боже на силите. Да не се посрамат поради мене оние, кои Те бараат, Боже Израелов,
69:7 зашто заради Тебе поднесувам исмејување, и срам го обзеде лицето мое.
69:8 Туѓ станав за браќата свои, туѓинец за синовите на мајка ми моја.
69:9 Бидејќи ревноста за Твојот дом ме изеде, и навредите на оние што Те хулат, паѓаат врз мене;
69:10 и постам со душата своја, но и тоа ми го земаат за зло.
69:11 Место облека облекувам вреќа; и со тоа им станав за приказ;
69:12 против мене зборуваат оние што седат пред портите и пијаниците пеат за мене.
69:13 Јас, пак, молитвата моја ја упатувам кон Тебе, Господи; во благопријатно време, Боже, со големата Своја милост услиши ме заради вистината на спасението од Тебе;
69:14 изведи ме од калта за да не потонам; да се избавам од оние, кои ме мразат, а и од длабоките води;
69:15 за да не ме потопи водниот вртеж, и длабината да не ме проголта, да не ја затвори над мене бездната својата уста.
69:16 Услиши ме, Господи, зашто блага е Твојата милост; поради големата Твоја милосрдност погледај ме;
69:17 не одвраќај го лицето Свое од слугата Твој, зашто сум потиштен; услиши ме брзо;
69:18 наклони се кон душата моја и искупи ја; поради моите непријатели, спаси ме.
69:19 Зашто Ти го знаеш мојот подбив, мојот срам и моето засрамување: познати Ти се сите мои непријатели.
69:20 Навредите ми го скршија срцето, очаен сум, очекувајќи некој да ми се сожали, но го немаше, и да ме утеши некој; но не го најдов.
69:21 И ми дадоа жолчка да јадам и кога зажеднев – со оцет ме напоија.
69:22 Трпезата нивна нека им биде примка, гоштевањето – стапица;
69:23 да им се помрачат очите, та да не гледаат, и бедрата нивни ослаби ги засекогаш;
69:24 излиј го врз нив гневот Свој, и јароста на Твојот гнев нека ги обземе;
69:25 домовите да им ги запустиш, и во шаторите нивни да не остане никој жив;
69:26 зашто оној кого Ти го порази, тие го гонат, и со тоа ги умножија болките од раните мои.
69:27 Притури вина врз вината нивна, за да не добијат прошка од Тебе.
69:28 Нека бидат избришани од книгата на живите и да не бидат запишани меѓу праведните.
69:29 Јас, пак, сум беден и страдам; нека дојде од Тебе, Боже, спасението за мене!
69:30 Ќе го славам името на мојот Бог со песна, ќе го возвеличувам во благодарност,
69:31 и тоа ќе Му биде поугодно на Господ, отколку теле или јунец со рогови и со копита.
69:32 Нека го видат тоа оние што страдаат и нека се зарадуваат. Нека ви живнат срцата вам, кои Го барате Бога,
69:33 зашто Господ ги услишува сиромасите и не ги презира затворениците Свои.
69:34 Нека Го слават небесата и земјата, морето и сѐ што живее во него;
69:35 зашто Бог ќе го спаси Сион, ќе се изградат градови во Јудеја, и таму ќе ги наследат;
69:36 и ќе се веселат таму оние што го сакаат името Негово.
Glava 70
70:1 Боже, дојди ми на помош; побрзај, Господи, да ми помогнеш.
70:2 Нека поцрвенеат и нека се засрамат оние, што ја бараат душата моја! Нека се уплашат, нека се уплашат и засрамат оние, кои ми пожелуваат зло.
70:3 Нека отстапат и нека се посрамат оние што ми викаат: „Аха! Аха!“
70:4 Нека се зарадуваат и развеселат во Тебе сите, кои Те бараат, и кои Те сакаат Тебе, Боже, и кои сакаат спасение од Тебе, и нека велат: „Велик е Господ!“
70:5 Јас, пак, сум беден и сиромав; помогни ми Боже, Ти си, Господи, помошник мој и избавител мој, не доцни!
Glava 71
71:1 Кај Тебе Господи, се засолнувам, не допуштај да бидам посрамен никогаш!
71:2 Избави ме поради праведноста Своја и спаси ме; приклони го увото Свое кон мене и спаси ме.
71:3 Биди ми карпа за мое прибежиште, изведи ме на место сигурно – зашто Ти си моја крепост и мое прибежиште.
71:4 Боже мој, избави ме од рацете на грешникот, од рацете на престапникот и насилникот,
71:5 зашто Ти си моја надеж, Господи, моја верба од младоста моја.
71:6 За Тебе цврсто се држам од раѓањето мое; Ти си мој покровител од мајчината ми утроба; за Тебе вечно ќе пеам.
71:7 За многумина бев како некое чудо, но Ти си мојот силен помошник.
71:8 Полна ми е устата со похвала, и со песна ја величам славата Твоја; и цел ден да пеам за Твоето велелепие.
71:9 Не отфрлај ме на старост, кога ќе почне силата моја да исчезнува, не напуштај ме,
71:10 зашто непријателите мои зборуваат против мене; и оние, кои ја демнат душата моја, се договараат меѓу себе,
71:11 велејќи: „Го остави Бог; гонете го и фатете го, зашто нема кој да го избави.“
71:12 Боже мој, не оддалечувај се од мене; Боже мој, побрзај ми на помош!
71:13 Да се посрамат и да исчезнат оние што ја клеветат душата моја; да поцрвенат и се засрамат оние, што ми сакаат зло.
71:14 Јас, пак, секогаш ќе се надевам во Тебе и ќе Те славам сѐ повеќе.
71:15 Устата моја ќе разгласува за Твоите праведни дела, и секој ден за делата на спасението од Тебе, зашто не им го знам бројот.
71:16 Ќе влезам славејќи ги моќните дела на Господ Бог; ќе ја величам Твојата праведност – само Твојата.
71:17 Боже, Ти ме поучуваше од младоста моја, и јас сѐ досега ги објавувам чудесата Твои.
71:18 И во староста, кога ќе обелам, Боже, не напуштај ме, за да ја објавувам мишката Твоја, силата Твоја и правдата Твоја на сегашниот род и на идниот,
71:19 силата Твоја и правдата Твоја, Боже, досега дури до вишното небо, преку која изврши големи дела, Боже. Кој е сличен на Тебе?
71:20 Колку големи и тешки маки ми прати, но Ти пак ќе ме оживееш, и пак ќе ме изведеш од земните длабочини.
71:21 Ќе ми го зголемиш достоинството и пак ќе ме утешиш.
71:22 И јас ќе ја славам на харфа Твојата верност, Боже мој; ќе Те воспевам на лира, Светецу Израелов!
71:23 Ќе се радува устата моја, кога ќе Ти пеам, и душата моја, која си ја избавил.
71:24 И јазикот мој секогаш ќе зборува за Твојата правда, кога ќе поцрвенеат и ќе се засрамат оние, кои ми пожелуваа зло.
Glava 72
72:1 Боже, дај му го на царот Својот праведен суд, а на царевиот син – Својата праведност,
72:2 за да им суди со праведност на Твоите луѓе и на сиромасите Твои со праведен суд.
72:3 Горите нека им донесат мир на луѓето, и ритчињата – праведност.
72:4 Нека ги брани бедните меѓу луѓето, нека ги спаси синовите на сиромасите, а угнетувачот нека го понизи.
72:5 Нека живее, додека постои сонцето и месечината – од род во род.
72:6 Нека биде како дожд на ливада, како капки што наросуваат земја.
72:7 Во Негово време нека се зацари правда, и нека има изобилен мир сѐ додека не ја снема месечината.
72:8 И нека владее од море до море и од Реката до краиштата на Земјата.
72:9 Пред Него нека паднат на колена жителите на пустината, и непријателите Негови нека ја лижат прашината;
72:10 царевите на Тарсис и островјаните дарови нека му принесуваат; и царевите на Сава и Сева дарови нека му донесуваат.
72:11 И нека Му се поклонуваат сите цареви; нека Му служат сите народи;
72:12 зашто Тој избави беден кога вика и сиромав и беспомошен.
72:13 Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите;
72:14 од угнетувања и насилства ќе ги избави душите нивни, бидејќи е скапоцена нивната крв пред очите Негови.
72:15 Нека поживее, па ќе Му даваат арабиско злато; и нека Му се молат непрестајно, секој ден нека Го благословуваат;
72:16 Нека има на земјата жито во изобилство, до врвовите на горите; плодот Негов ќе се издига над Ливан, а во градовите луѓето нека се размножуваат како тревата по земјата,
72:17 Неговото име нека биде вечно: нека Му трае славата сѐ додека постои Сонцето; и во Него нека бидат благословени сите земни племиња, а и сите народи нека Го сметаат за блажен.
72:18 Нека е благословен Господ Бог, Бог Израелов, Кој единствен прави чудеса;
72:19 и нека е благословено Неговото славно име довека, и со славата Негова нека се исполни целата Земја! Амин и амин!
72:20 Завршија молитвите на Давид, Јесеевиот син.
Glava 73
73:1 Колку е добар Бог кон Израел, кон оние што се со чисто срце!
73:2 А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни, –
73:3 зашто им позавидев на беззакониците, гледајќи го напредокот на грешниците,
73:4 зашто не страдаат, нивните тела се цврсти и јадри.
73:5 Немаат маки како другите, човечки неволји не ги засегаат.
73:6 Затоа горделивоста им е како веришка околу вратот, а насилството им е облека.
73:7 Очите им се подуени од сало, а од срцата им се излеваат безумија.
73:8 Се подбиваат и злобно зборуваат, се закануваат надмено со насилство.
73:9 Ја креваат устата против небото, а јазикот нивен ја обиколува земјата.
73:10 Затоа народот Мој по нив се залетува, и мана не им наоѓа.
73:11 И вели: „Како ќе дознае Бог, и има ли знаење во Севишниот?“
73:12 Ете, такви се грешниците, секогаш спокојни, богатство напластуваат.
73:13 И си реков: зар залудо го чував чисто срцето свое и во невиност ги миев рацете свои?
73:14 И се изложував на непријатности секој ден и на срам секое утро?
73:15 Но ако речев: ќе расудувам и јас така, – тогаш ќе го изневерев родот на Твоите синови.
73:16 И сакав тоа да го разберам, но тоа беше тешко за мене,
73:17 сѐ додека не влегов во Божјото светилиште и не го разбрав нивниот крај.
73:18 Навистина, си ги поставил на лизгаво место, на пропаст ги соборуваш!
73:19 Како пропаднаа, како ненадејно исчезнаа и загинаа однесени од ужасот!
73:20 Како што човек го презира сонот кога ќе се разбуди, така, Ти, Господи, ќе ги презреш нив, кога ќе се разбудат!
73:21 Кога душата ми беше огорчена, кога се јадосував однатре,
73:22 безумен бев и не разбирав, како добиче бев пред Тебе.
73:23 Но јас сум секогаш со Тебе: Ти ми ја придржуваш десницата моја,
73:24 ме водиш со советот Свој и ќе ме примиш во Твојата слава.
73:25 Кого Го имам јас на небото освен Тебе? А кога сум со Тебе на земјата ништо друго не барам.
73:26 Може да изнемошти срцето мое и телото мое; но Бог е сила на срцето мое и наследството мое.
73:27 Зашто, ете, оние, што се оддалечуваат од Тебе, пропаѓаат; Ти го истребуваш секого, кој отстапува од Тебе.
73:28 А мене ми е добро да сум до Бога, на Господ ја полагам надежта моја, за да ги раскажувам сите дела Твои.
Glava 74
74:1 Зошто, Боже, нѐ отфрли засекогаш? Зошто гневот Твој се разгоре на овците од Твоето пасиште?
74:2 Сети се на Твојот народ, кого уште од порано го придоби, ги избави со жезолот како наследство Твое, и на гората Сионска, на која Ти се насели!
74:3 Зачекори кон вечните урнатини, непријателот уништи сѐ во светилиштето Твое.
74:4 Твоите непријатели викаа во Твоето Собрание, поставија свои знаци таму.
74:5 Мафтаа и кршеа со секири кај горниот влез,
74:6 со секира и дрвен чекан ги искршија дрвените резби;
74:7 го запалија со оган Твоето светилиште, го осквернија местото, на кое името Твое престојува, до земја го разурнаа.
74:8 Рекоа во срцата свои: „Ајде докрај да ги истребиме!“ И ги изгореа сите Божји светилишта во земјата.
74:9 Знаците свои не ги гледаме, нема повеќе ни пророк, и никој од нас не знае, до кога?
74:10 До кога, Боже, ќе се гордее над нас непријателот? Вечно ли противникот ќе го презира името Твое?
74:11 Зошто ја повлекуваш раката Своја и десницата Своја во пазувите Свои ја криеш?
74:12 Но Бог, Царот мој е уште од пред вековите, Тој приготвува спасение среде Земјата!
74:13 Боже, со силата Своја Ти го расече морето и ги сотре главите на водните страшила.
74:14 Ти му ја здроби главата на Левијатанот и им ја даде како храна на пустинските животни.
74:15 Ти ги отвори изворите и потоците, ти ги исуши реките непресушни.
74:16 Твој е денот и Твоја е ноќта: Ти ги постави светилата и сонцето;
74:17 Ти ги создаде сите граници на Земјата, летото и пролетта Ти ги определи.
74:18 Сети се сепак на ова; непријателот Го навреди Господа; луѓе безумни го презираат Твоето име.
74:19 Не предавај ја на ѕверовите душата на Својата грлица; не заборавај ги засекогаш душите на сиромасите Твои.
74:20 Погледај на Својот завет, зашто сите мрачни домови по земјата се исполнија со беззаконици.
74:21 Да не се врати посрамен потиснатиот; сиромавиот и бедниот нека го прославуваат Твоето име.
74:22 Стани Боже, според правдата Своја пресуди; сети се како секој ден Те хули безбожникот.
74:23 Не заборавај ја викотницата на Твоите непријатели, буната на оние што Те мразат, која постојано се крева против Тебе.
Glava 75
75:1 Те фалиме Тебе, Боже, Те фалиме, името Твое е близу. Луѓето ги разгласуваат твоите чудесни дела!
75:2 Кога ќе дојде време, ќе судам според правда.
75:3 Кога се заниша Земјата и сите, што живеат на неа, Јас ги зацврстив столбовите нејзини.
75:4 Им велам на дрските: не бидете дрски! И на грешниците: не дигајте рог,
75:5 не кревајте го високо вашиот рог, не говорете дрско,
75:6 зашто издигањето не доаѓа ни од исток, ни од запад, ниту, пак, од пустината;
75:7 но Бог е судија: едни унижува, а други возвисува.
75:8 Зашто чашата е во раката на Господ, со вино пенливо, промешано, Тој налева од неа и до талог ќе го испијат сите грешници на земјата!
75:9 Јас, пак, вечно ќе се радувам, ќе Му пеам на Јакововиот Бог,
75:10 ќе им ги скршам роговите на сите грешници, а рогот на праведните ќе се возвиси.
Glava 76
76:1 Познат е Бог во Јудеја; големо е Неговото име во Израел.
76:2 Во Шалем е Неговото место, а Неговото живеалиште – на Сион.
76:3 Таму Тој ја порази силата на стрелите, штитот и мечот и војната.
76:4 Посветол си од светлината, повеличествен од древните гори!
76:5 Се збркаа сите што беа со храбро срце; заспаа и им папсаа рацете.
76:6 Од Твојата закана, Боже Јаковов, се скаменија и коњаниците и коњите.
76:7 Ти си страшен, и кој ќе опстане пред Тебе, кога ќе се крене Твојот гнев!?
76:8 Од небесата се чу глас дека ќе судиш; Земјата се уплаши и занеме,
76:9 кога Бог стана да суди, за да ги спаси сите угнетени по Земјата,
76:10 зашто и преку човековиот бес Ти ќе се прославиш, а и остатокот од нив ќе Те прославува.
76:11 Заветувајте се на Господ, вашиот Бог, и исполнувајте ги заветите; сите, што сте околу Него, принесувајте дарови, на Страшниот,
76:12 Кој ги скротува духовите на кнезовите, од Кој се плашат и земните цареви.
Glava 77
77:1 Со гласот свој викам кон Бога, со гласот свој кон Бога, за да ме чуе.
77:2 Во денот на тагата моја Го барам Бога ноќе, со издигнати раце кон Него неуморно; но душата моја не може да се утеши.
77:3 Го спомнувам Бога и воздивнувам, размислувам и духот мој малаксува.
77:4 Будни се очите мои, се вознемирив и не можам да говорам.
77:5 Размислував за дамнешните дни, и се сетив за старите години.
77:6 Размислував ноќе со срцето свое, а духот мој ме испитуваше;
77:7 зар Господ засекогаш отфрла и не сака ли повеќе да биде благонаклонет,
77:8 или засекогаш престанала Неговата милост, и Неговите ветувања се пресекле за сите родови?
77:9 Зар Господ заборавил на штедроста Своја? Зар во гневот Свој ќе го затвори Своето милосрдие?
77:10 Па си реков: „Ова е мојата болка: десницата на Севишниот се изменила.“
77:11 Ќе си спомнам за делата на Господ; ќе се потсетам на дамнешните чудесни дела;
77:12 ќе ги разгледувам сите Твои дела и ќе мислам на Твоите моќни дела.
77:13 Боже, Твојот пат е свет. Кој бог е толку голем, како нашиот Бог!?
77:14 Ти си Бог, Кој прави чудеса; Ти ја покажа силата Своја меѓу народите;
77:15 Ти со мишката Своја го избави Твојот народ, синовите на Јаков и на Јосиф.
77:16 Те видоа, Боже, водите, Те видоа водите и се разбрануваа, и бездните затрепереа.
77:17 Од облаците се излеа вода, загрмеа небесата зашто стрелите Твои пролетуваа.
77:18 Татнежот на Твојот гром се разнесуваше низ виорот; светкавици ја осветлуваа вселената; Земјата трепереше и се тресеше.
77:19 Твојот пат водеше низ морето, Твоите патеки преку моќните води, но Твоите траги не се познаваа.
77:20 Ти ги водеше како стадо луѓето Твои преку раката на Мојсеј и Арон.
Glava 78
78:1 Слушни ги народе мој поуките мои, нека чуе увото ваше што зборува устата моја.
78:2 Ја отворам устата своја со парабола и ќе зборувам за непознатите работи од старо време,
78:3 работи што ги чувме и дознавме и што ни раскажуваа татковците наши,
78:4 нема да ги криеме од нивните деца, на идниот род ќе му раскажуваме за славата на Господ и силата Негова, и чудесата Негови што Тој ги изврши.
78:5 Тој подигна сведоштво во Јаков и положи закон во Израел, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои,
78:6 за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца,
78:7 да ги полагаат надежите свои во Бога, да не ги забораваат делата Божји, да ги чуваат Неговите заповеди
78:8 и да не бидат како татковците нивни – род тврдоглав и бунтовен, непостојан по срце и не Му остана верен на Бога со духот свој.
78:9 Синовите Ефремови, вооружени, стрелајќи со лакови, отстапија во денот на битката:
78:10 тие не го запазија заветот на Бога и не сакаа да одат по Неговиот закон.
78:11 Ги заборавија Неговите добрини и чудеса, што им ги беше покажал,
78:12 чудесата што пред очите на нивните татковци ги направи во египетската земја, во полињата на Цоан;
78:13 го раздвои морето и ги преведе преку него, и ги постави водите како насип;
78:14 дење ги водеше со облак, а по цела ноќ – со огнена светлина;
78:15 разби карпа во пустината и ги напои како од голема бездна.
78:16 Од карпата изведе вода, и води потекоа како реки.
78:17 Но тие продолжуваа и понатаму да грешат пред Него и да Го огорчуваат Севишниот во пустината:
78:18 Го искушуваа Бога со срцето свое, барајќи храна за своето лакомство,
78:19 па Го нападнаа Бога, велејќи „Може ли Бог да приготви трпеза во пустина?“
78:20 Ете, Тој удри во карпа – и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Тој да му даде и леб, може ли да му приготви месо на Својот народ?
78:21 Поради ова што го чу, Господ се разгневи и пламна во гнев, и оган се разгоре против Јаков и гнев се крена против Израел,
78:22 затоа што не поверуваа во Бога и не се надеваа на спасението во Него.
78:23 Тој им заповеда на облаците одозгора и се отворија вратите на небесата,
78:24 па им истури дожд од мана да јадат, и им даде леб небесен.
78:25 Леб ангелски јадеше човекот: Тој им испрати храна до наситување.
78:26 Го раздвижи од небото јужниот ветар и со силата Своја го дотера југозападниот ветар,
78:27 па ги обложи со месо како со прав и со птици пернати како со песок морски:
78:28 ги нафрла среде нивниот табор, околу нивните живеалишта,
78:29 и тие јадеа и се заситија: и тоа што го сакаа, им го даде.
78:30 Но уште не беше минала нивната желба, и храната уште им беше во устата нивна,
78:31 а гневот Божји дојде врз нив, ги уби нивните најсилни и израелските момчиња ги погуби.
78:32 При сето тоа тие продолжуваа да грешат и не поверуваа во чудесата Негови.
78:33 И така им минеа дните нивни попусто и годините нивни во ужас.
78:34 Кога ги убиваше, тогаш Го бараа, се обраќаа и прибегнуваа кон Бога,
78:35 и се сеќаваа дека Бог е нивен помошник и дека Севишниот Бог е нивен избавител.
78:36 Но со устата своја Го мамеа, со јазикот свој лажеа пред Него;
78:37 срцето нивно не Му беше наполно верно, и тие не беа цврсти во заветот Негов.
78:38 Но Тој, Милостивиот, им го простуваше гревот и не ги истребуваше, многупати ја отстрануваше јароста Своја и не го разгоруваше сиот Свој гнев:
78:39 Тој ќе си спомнеше дека се тие тело и здив што оди и не се враќа.
78:40 Колкупати Го беа огорчувале во пустината и Го беа разгневувале во безводната земја!
78:41 И отстапуваа и одново Го искушуваа Бога и Го раздразнуваа Светецот Израелов;
78:42 не се сеќаваа на Неговата рака, ни на денот кога Тој ги избави од непријателот;
78:43 кога ги покажа во Египет Своите знаци и во полињата на Цоан – Своите чудеса;
78:44 и ги претвори реките нивни и потоците нивни во крв, за да не можат да пијат;
78:45 испрати на нив бубачки да ги боцкаат и жаби да ги уништат;
78:46 житото нивно го предаде на гасеници и трудот нивен на скакулци;
78:47 лозјата им ги исчука со град и смоквите нивни – со слана.
78:48 И добитокот нивен го уништи со град, а имотот нивен – со оган;
78:49 го испрати врз нив гневот на јароста Своја, јарост, и гнев, и маки – одред зли ангели;
78:50 го отвори патот на Својот гнев, не ги поштеди од смрт ни душите нивни и добитокот нивен го предаде на помор;
78:51 уништи сѐ што беше првородено во Египет, првините од нивниот труд во шаторите на Хам.
78:52 Тогаш го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо преку пустината:
78:53 ги водеше сигурно, и тие не се уплашија; непријателите нивни ги покри морето –
78:54 и Ги воведе во светата Своја гора, онаа, која десницата Негова ја беше придобила;
78:55 и ги изгони од пред лицето нивно народите, а земјата им ја раздели со ждрепка во нивно наследство, и ги насели израелските колена во полињата нивни.
78:56 Но тие Го искушуваа и Го огорчуваа Бога Севишниот и не ги пазеа наредбите Негови.
78:57 Отстапија и се оттргнаа како татковците нивни, се претворија во искривен лак.
78:58 Го разгневуваа на ридовите свои и со своите идоли Го раздразнуваа.
78:59 Бог го чу тоа, се разгневи многу, го отфрли Израел;
78:60 ја отфрли скинијата во Силом, во која се всели Тој меѓу луѓето;
78:61 и ја предаде во ропство нивната крепост и убавината нивна во рацете на непријателот;
78:62 па го предаде Својот народ на меч и се разгневи на Своето наследство.
78:63 Момчињата нивни оган ги голташе, и за девојките нивни немаше свадбени песни;
78:64 свештениците нивни паѓаа од меч, и вдовиците нивни не беа оплакувани.
78:65 Тогаш се разбуди Господ како од сон, како јунак од вино совладан,
78:66 и ги порази непријателите Свои од зад грб и ги предаде на вечен срам.
78:67 И го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра коленото Ефремово,
78:68 туку го избра коленото Јудино, гората Сион, која ја возљуби.
78:69 И изгради светилиште Свое како небото и како Земјата го утврди засекогаш,
78:70 и го избра Давид, својот слуга, го зеде од овчите стада,
78:71 и од овците што се јагнат го доведе за да го пасе народот Негов, Јаков и Израел, наследството Негово.
78:72 И Тој ги пасеше со чисто срце и ги водеше со Својата мудра рака.
Glava 79
79:1 Боже, незнабошците дојдоа во Твоето наследство, го осквернија светиот Твој храм, Ерусалим го претворија во урнатини.
79:2 Мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа како храна на птиците небески, а телата на Твоите светии – на земните ѕверови;
79:3 ја пролија нивната крв како вода околу Ерусалим, и немаше кој да ги погребе.
79:4 Станавме за потсмев на соседите наши, срам и подбив за оние што се околу нас.
79:5 До кога, Господи, ќе се разгневуваш постојано, до кога ќе гори љубомората Твоја како оган?
79:6 Излеј го гневот Свој врз народите што не Те познаваат, и врз царствата, кои не го призиваат името Твое,
79:7 зашто тие го испојадоа Јакова и местото негово го опустошија.
79:8 Не спомнувај ги нашите поранешни беззаконија, туку побрзај да нѐ пресретнеш со Својата милосрдност, зашто многу сме понижени.
79:9 Помогни ни, Боже, Спасителе наш, поради славата на името Твое, избави нѐ и очисти нѐ од гревовите наши заради името Твое!
79:10 Зошто незнабошците да велат: „Каде е нивниот Бог?“ Барем пред очите наши да ја видиме одмаздата над незнабошците за пролеаната крв на Твоите слуги.
79:11 Да дојде пред Тебе офкањето на окованите; со силата на Твојата мишка зачувај ги синовите осудени на смрт.
79:12 Седумкратно врати ги во пазувите на нашите соседи хулењата, со кои Те хулеа Тебе, Господи.
79:13 А ние, пак, народот Твој и овци од Твоето пасиште, вечно ќе Те славиме и од род во род ќе разгласуваме за Тебе похвала.
Glava 80
80:1 Пастиру Израелов, послушај! Ти, Кој го водиш Јосиф како стадо, Кој седиш на херувимите, заблескај!
80:2 Пред Ефрем, Венијамин и Манасија издигни ја силата Своја и дојди да нѐ спасиш.
80:3 Боже, поврати нѐ; нека светне лицето Твое, и ние ќе се спасиме!
80:4 Господи, Боже на силите, до кога ќе бидеш гневен на молитвата од слугите Твои?
80:5 Ќе ги храниш ли со леб од солзи, и напојуваш со солзи изобилно?
80:6 Нѐ направи показ за кавги меѓу нашите соседи, и нашите непријатели ни се смеат.
80:7 Господи, Боже на силите, поврати нѐ! Нека светне лицето Твое, и ние ќе се спасиме!
80:8 Ти ја пренесе од Египет лозата, ги изгони народите и ја посади;
80:9 исчисти за неа место, и ги зацврсти корењата нејзини, и таа ја исполни земјата.
80:10 Горите се покрија од сенката нејзина, и гранките ѝ се како кедрови моќни;
80:11 таа пушти гранки до морето и ластари до реката.
80:12 Зошто ја сруши нејзината ограда, па да ја берат сите, што минуваат по патот?
80:13 Горскиот вепар ја подгризува, и полската ѕверка ја јаде.
80:14 Боже на силите! Сврти се, погледај од небесата и види го и посети го ова лозје;
80:15 и утврди го она што го посади десницата Твоја; погледај и на синот, што си го одгледал за Себе.
80:16 Тоа е со оган обгорено и раскопано; од страв пред Твоето лице нека пропаднат!
80:17 Твојата десница нека биде над човекот на Твојата десница, синот, кого си го одгледал за Себе.
80:18 А ние нема да отстапиме од Тебе; оживеј нѐ, и ние ќе го призиваме Твоето име.
80:19 Господи, Боже на силите, поврати нѐ; нека свети лицето Твое, и ние ќе се спасиме!
Glava 81
81:1 Радувајте се во Бога, нашата Сила, воскликнете кон Бога Јаковов;
81:2 запејте песна, удрете во тимпан, на милозвучна лира со харфа;
81:3 затрубете со труба во новомесечје, во определено време, во денот на вашиот празник,
81:4 зашто тоа е закон за Израел, наредба од Бог Јаковов.
81:5 Тој го установи тоа како сведоштво за Јосиф, кога тој излезе од египетската земја, каде што чу јазик што не го знаеше:
81:6 „Јас го симнав товарот од рамениците негови, и му ги ослободив рацете негови од кошницата.
81:7 Во маката своја ти Ме повика, и Јас те избавив; при гром те чув, кај водите на Мерива те испитав.
81:8 Чуј, народе Мој, и Јас ќе ти посведочам, ако Ме послушаш, Израеле!
81:9 Да немаш друг бог и да не му се поклонуваш на друг земен бог!
81:10 Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од египетската земја; отвори ја устата своја, и Јас ќе ја наполнам.
81:11 Но Мојот народ не го послуша гласот Мој, Израел не Ми се покори;
81:12 затоа Јас ги оставив на нивните закоравени срца; нека одат по мислите свои.
81:13 О, да беше Ме послушал Мојот народ и Израел да одеше по Моите патишта!
81:14 Веднаш ќе ги покорев нивните непријатели и ќе ја свртев раката Своја против оние што го оскрбуваа.
81:15 Оние, што Го мразат Господа, би ползеле до Него, и нивниот крај би бил запечатен засекогаш.
81:16 А Мојот народ ќе го хранев со најдобра пченица и ќе ги наситував со мед пештерски.“
Glava 82
82:1 Бог застана во собранието на „боговите“; меѓу „боговите“ изрече суд:
82:2 До кога ќе судите неправедно и спрема нечестивите ќе покажувате пристрасност?
82:3 Бидете праведни кон сирак и беден, праведен и сиромав;
82:4 ослободувајте го сиромавиот и бедниот од рацете на нечестивите.
82:5 Не знаат, не разбираат, во темнина одат; сите земни основи се разнишаа,
82:6 Јас реков: „Вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот;
82:7 но вие ќе умрете како и сите луѓе, и ќе паѓате како секој кнез.“
82:8 Стани, Боже, суди ѝ на Земјата, зашто Твои се сите народи.
Glava 83
83:1 Не премолчувај, не оглушувај се и не мирувај, Боже!
83:2 Зашто ете Твоите непријатели вреват, а оние што Те мразат, кренаа глава;
83:3 против Твојот народ зло наумија и се советуваат против Твоите приврзаници;
83:4 рекоа: „Да одиме и да го истребиме меѓу народите, па да не се спомнува повеќе името Израел!“
83:5 Се договорија еднодушно, склучија против Тебе сојуз;
83:6 шаторите на Едом и Јишмаелците, на Моав и Агарјаните;
83:7 Гевал, Амон, Амалик и Филистејците со оние што живеат во Тир,
83:8 бидејќи и Ашур се придружи кон нив, па станаа помош за синовите Лотови.
83:9 Направи им го истото, како што им направи на Мидјаните, како и на Сисера, како и на Јавин кај потокот Кишон,
83:10 кои беа истребени во Ен-Дор и станаа ѓубриво за земјата.
83:11 Постапи со нив, со нивните кнезови, како со Орев и Зев и со сите нивни кнезови, како со Зевеја и Салмана,
83:12 бидејќи рекоа: „Да го присвоиме за себе светилиштето Божјо!“
83:13 Боже мој, заповедај да станат како виор и како плева пред ветар;
83:14 како оган што изгорува дубрави, и како пламен што запалува гори,
83:15 така и Ти подгони ги со Својот виор, застраши ги со Својот гнев!
83:16 Исполни ги лицата нивни со бесчестие, па да го побараат името Твое, Господи!
83:17 Да се засрамат и да се збунат засекогаш, да се посрамат и да загинат,
83:18 и да познаат дека Ти си Тој, чие име е Господ и дека Ти си единствен Севишен над целата Земја.
Glava 84
84:1 Колку се мили Твоите живеалишта, Господи на силите!
84:2 Копнее душата моја, сакајќи да е во Господовите дворови; срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог.
84:3 И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката гнездо, каде што ќе ги положи пилињата свои, при олтарите Твои, Господи на силите, царе мој и Боже мој!
84:4 Блажени се оние, кои живеат во домот Твој; тие постојано Те фалат.
84:5 Блажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе и во чие срце се патиштата Твои.
84:6 Преминувајќи ја Сушната Долина, тие ја претвораат во извори, и дожд ја покрива со вирови;
84:7 минуваат од сила во сила, додека не Го видат Бога, на Сион.
84:8 Господи, Боже на силите, услиши ја молитвата моја, послушај, Боже Јаковов!
84:9 Боже, заштитнику наш, погледај и види го лицето на твојот помазаник!
84:10 Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар отколку – илјада дни надвор. Повеќе би сакал да стојам на прагот пред Божјиот дом, отколку да живеам во шаторите на нечестието.
84:11 Бидејќи Господ Бог е сонце и штит, Тој дава благодат и слава; Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно.
84:12 Господи на силите, блажен е оној човек, кој се надева во Тебе!
Glava 85
85:1 Господи, Ти омиле земјата Твоја, го врати од пленство Јаков.
85:2 Ти им ги прости беззаконијата на Твоите луѓе, ги покри сите нивни гревови,
85:3 го смири сиот Свој гнев, ја ублажи јароста на гневот Свој.
85:4 Поврати нѐ, Боже, спасение наше, и одврати ја Твојата јарост од нас.
85:5 Зар вечно ќе се гневиш на нас, или ќе го протегаш гневот Свој од род во род?
85:6 Нема ли, Боже, да се повратиш, и пак да нѐ оживееш, и луѓето Твои да се зарадуваат во Тебе?
85:7 Покажи ни ја, Господи, Твојата милост, и подари ни спасение.
85:8 Ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог, зашто Тој ќе зборува за мир на Својот народ и на Своите светии, и на оние што со срцето свое Му се обраќаат Нему.
85:9 Да, спасението од Него е блиску до оние, кои се бојат од Него, за да ја насели славата своја во нашата земја.
85:10 Милоста и вистината ќе се сретнат, праведноста и мирот ќе се целиваат.
85:11 Верноста ќе изникне од земјата, а праведноста ќе се појави од небото.
85:12 Зашто Господ ќе даде добро и нашата земја ќе го даде својот плод;
85:13 праведноста ќе оди пред Него и на патот ќе ги става стапките свои.
Glava 86
86:1 Приклони го, Господи, увото Свое и услиши ја молитвата моја, зашто сум беден и сиромав.
86:2 Зачувај ја душата моја, зашто сум посветен на Тебе; спаси го слугата Твој, Боже мој, кој се надева во Тебе.
86:3 Помилуј ме, Господи, зашто кон Тебе викам секој ден.
86:4 Развесели ја душата на Твојот слуга, зашто кон Тебе, Господи, ја издигам душата своја;
86:5 зашто Ти, Господи, си добар, кроток и многумилостив кон сите, кои Те повикуваат.
86:6 Чуј ја, Господи, мојата молитва и послушај го гласот на молбата моја.
86:7 Во денот на мојата мака повикав кон Тебе, и Ти ме чу.
86:8 Меѓу боговите нема таков каков што си Ти, Господи, и нема дела како Твоите.
86:9 Сите народи што си ги создал Ти, ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, Господи, и ќе го прославуваат името Твое,
86:10 зашто Ти си велик и правиш чудеса, – Ти си Бог единствен!
86:11 Упати ме, Господи, кон Твојот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина; и дај ми непоколебливо срце, за да го почитувам името Твое.
86:12 Ќе Те славам, Господи, Боже мој, од сѐ срце и вечно ќе го прославувам името Твое,
86:13 зашто Твојата милост кон мене е голема: Ти ја спаси душата моја од адските длабини.
86:14 Боже, законопрестапниците станаа против мене, и многуте насилници ја бараат душата моја: тие Те немаат Тебе пред себе.
86:15 Но Ти, Боже, Кој си штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен,
86:16 погледни на мене и помилуј ме; дај му ја Твојата сила на слугата Свој и спаси го синот на слугинката Твоја;
86:17 покажи со мене чудо за добро, па да видат оние, што ме мразат, и да се засрамат, зашто Ти, Господи, ми помогна и ме утеши.
Glava 87
87:1 Основите Негови се горите свети.
87:2 Господ ги сака портите Сионски повеќе од сите населби на Јаков.
87:3 Граде Божји, преславно се зборува за тебе.
87:4 „Ќе ги спомнам меѓу оние кои ме знаат, Рахав и Вавилон; и Филистејците, и Тир, и луѓето од Етиопија, и тие се родија таму.“
87:5 А за Сион ќе речат: тој и тој човек се роди во него, и Самиот Севишен го зацврсти.
87:6 Кога ќе се пребројуваат народите, Господ ќе напише: овие се родија овде.
87:7 Оние што пеат се радуваат; пеат и велат – сите наши извори се во Тебе.
Glava 88
88:1 Господи, Боже на моето спасение, дење Те повикувам и ноќе сум пред Тебе:
88:2 за да дојде пред Тебе молитвата моја, приклони го увото Свое кон молбата моја, Господи,
88:3 зашто душата моја е полна со јад и животот ми се приближи до адот.
88:4 Се изедначив со оние што слегуваат во гроб; станав како немоќен човек,
88:5 како фрлени и ранети што лежат во гроб, за кои Ти веќе не се сеќаваш; тие се оттурнати од Твојата рака.
88:6 Ме положи во подземен ров, во мрак и во смртна сенка.
88:7 Ја истури врз мене Твојата јарост, и со сите Свои бранови ме поразуваш.
88:8 Ти ги оддалечи од мене моите познати, ме направи одвратен за нив; затворен сум и не можам да излезам.
88:9 Очите мои ослабеа од тага: цел ден викам кон Тебе, Господи, ги протегам рацете кон Тебе.
88:10 Зар за мртовци ќе правиш чуда? Зар сенките ќе се кренат и ќе Те слават?
88:11 Зар во гроб некој ќе кажува за Твојата милост и за Твојата вистина – во местото на распаѓањето?
88:12 Зар во темнината ќе ги објавуваат Твоите чудеса, и во земјата на заборавот – Твојата правда?
88:13 Но јас повикав кон Тебе, Господи, и наутро молитвата моја доаѓа пред Тебе.
88:14 Зошто, Господи, ја оттурнуваш душата моја и го одвраќаш лицето Свое од мене?
88:15 Јас сум несреќен и од раната младост се мачам; страдам во ужас и очаен сум.
88:16 Над мене се надви Твојата јарост, Твоите заплашувања наполно ме скршија.
88:17 Секој ден ме опкружуваат како вода: од сите страни ме опседнуваат.
88:18 Ти го оддалечи од мене ближниот и пријателот; мракот ми е единствен другар.
Glava 89
89:1 Милоста Твоја, Господи, вечно ќе ја воспевам, од род во род ќе ја разгласувам со устата своја Твојата вистина.
89:2 Зашто рече: милоста е за вечност установена, а на небото Ти ја утврди Твојата верност.
89:3 „Јас поставив завет со Моите избраници, му се заколнав на Мојот слуга Давид:
89:4 за вечност ќе го одржувам твоето потомство, од род во род и ќе го утврдувам твојот престол.“
89:5 И небото ќе ги прославува, Господи, Твоите чудесни дела и Твојата вистина во собранијата на светиите.
89:6 Зашто, кој на облаците ќе се споредува со Господ и кој од синовите Божји ќе се изедначи со Господ?
89:7 Во соборот на светиите Бога Го прославуваат; велик е и страшен за сите што се околу Него.
89:8 Господи, Боже на силите, кој е моќен како Тебе? Силен си Ти, Господи, и верноста Твоја Те опкружува.
89:9 Ти управуваш со силата на морето и силните бранови негови Ти ги скротуваш.
89:10 Ти го скрши Рахав како труп, со Твојата крепка рака ги распрсна непријателите Свои.
89:11 Твои се небесата и Твоја е Земјата; вселената и она што ја исполнува, Ти си ги основал.
89:12 Север и југ Ти си ги создал; Тавор и Ермон за Твоето име се радуваат.
89:13 Силна е Твојата мишка, цврста е раката Твоја, високо е издигната десницата Твоја!
89:14 Праведноста и правдата се основа на Твојот престол; милоста и верноста одат пред Твоето лице.
89:15 Блажени се луѓето што го познаваат трубниот глас. Тие одат во светлината на Твоето лице, Господи;
89:16 за Твоето име се радуваат цел ден и со Твојата праведност се возвишуваат,
89:17 зашто Ти си похвала на силите нивни и со Твоето благоволение се издига нашиот рог,
89:18 бидејќи нашата заштита доаѓа од Господ и од светецот Израелов, нашиот Цар.
89:19 Некогаш Ти си им зборувал на Твоите верни во видение и си рекол: „Јас му дадов помош на силниот, го издигнав избраникот меѓу Мојот народ.
89:20 Го најдов Мојот слуга Давид; со своето свето масло го помазав.
89:21 Раката Моја ќе остане со него, и мишката Моја ќе го закрепнува.
89:22 Непријателот не ќе може ништо да му направи, и синот на беззаконието нема да го собори.
89:23 Ќе ги уништам пред него непријателите негови и ќе ги победам оние што го мразат.
89:24 И Мојата верност и Мојата милост се со него, и преку Моето име ќе се возвишува неговиот рог.
89:25 И ќе ја положам над морето раката негова, и над реките – десницата негова.
89:26 Тој ќе ме повикува: Ти си мој Отец, мој Бог и крепост на моето спасение.
89:27 И Јас ќе го направам првороден син, повисоко од земните цареви,
89:28 засекогаш ќе му ја зачувам Мојата милост и Мојот завет со него ќе биде верен.
89:29 И ќе го продолжам засекогаш неговото потомство и неговиот престол, – колку деновите на небото.
89:30 Ако синовите негови го остават Мојот закон и не одат по Моите заповеди;
89:31 ако ги нарушат Моите наредби и не ги запазуваат Моите наредби,
89:32 тогаш ќе го казнувам со жезолот нивното престапништво, и со рани – нивното беззаконие;
89:33 но милоста Своја нема да ја отстранам од него и верноста Своја нема да ја изневерам.
89:34 Нема да го повредам Мојот завет и нема да го изменам она, што излегло од устата Моја.
89:35 Еднаш се заколнав во светоста Своја: нема да го лажам Давид!
89:36 Неговото потомство вечно ќе пребива, неговиот престол ќе биде како сонце пред Мене,
89:37 засекогаш ќе стои како месечината, верен сведок на небото.“
89:38 Но Ти го отфрли и го презре, се разгневи на Твојот помазаник;
89:39 го разруши заветот со Твојот слуга, ја оскверни круната негова во земниот прав;
89:40 ги разруши сите негови огради, ги претвори во урнатини неговите крепости.
89:41 Го ограбуваат сите што поминуваат по патот; тој стана за потсмев на своите соседи.
89:42 Ти ја возвиши десницата на неговите противници, ги зарадува сите непријатели негови;
89:43 Ти му откажа помош на мечот негов и во борбата не го поткрепи;
89:44 ја одзеде од него чистотата и го урна на земја престолот негов;
89:45 ги скрати деновите на младоста негова и го покри со срам.
89:46 До кога, Господи? Ќе се криеш ли непрестајно? До кога ќе гори гневот Твој како оган?
89:47 Спомни си, колкав е векот мој: за каква суета си ги создал сите синови човечки!
89:48 Кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види? Кој може да се спаси од силата на гробот?
89:49 Каде се Твоите поранешни милости, Господи, за кои му се заколна на Давид во Твојата вистина?
89:50 Сети се, Господи, на подбивите од слугите Твои што ги носам во пазувите свои од многуте народи;
89:51 на подбивите од Твоите непријатели, Господи, со кои ги валкаат чекорите на Твојот помазаник.
89:52 Нека е благословен Господ во сите векови! Амин, Амин!
Glava 90
90:1 Господи, Ти си ни прибежиште од род во род.
90:2 Дури уште пред да се појават горите, и пред создавањето на Земјата и на вселената, отсекогаш и засекогаш Ти си Бог.
90:3 Го враќаш човекот во прав, и велиш: „Обратете се синови човечки!“
90:4 Зашто пред Твоите очи илјада години се како вчерашен ден, што поминал, и колку една стража преку ноќта.
90:5 Ги однесуваш како сон, како трева што зеленее наутро:
90:6 наутро ќе процути и ќе зазелени, а навечер паѓа и се исушува.
90:7 Така и ние исчезнуваме од Твојот гнев, и од Твојата јарост сме растревожени.
90:8 Ти си ги поставил пред Себе нашите беззаконија, нашите скришни гревови се во светлината на лицето Твое.
90:9 Сите наши дни минуваат под Твојот гнев, годините ни свршуваат како здив.
90:10 Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и мака, бидејќи брзо минуваат и ние одлетуваме.
90:11 Кој ја знае силата на Твојот гнев, па во стравот пред Твојата јарост да се плаши?
90:12 Научи нѐ така да ги броиме нашите дни, па да се здобиеме со мудро срце.
90:13 Сврти се, Господи, до кога вака? Смилувај се на Твоите слуги!
90:14 Исполни нѐ изутрина со Твојата милост, Господи, за да се зарадуваме и се развеселиме во сите наши дни,
90:15 развесели нѐ за оние дни, кога нѐ понизуваше, за годините, во кои видовме зло.
90:16 Нека се видат кај слугите Твои делата Твои, и Твојата славна сила – кај чедата Твои.
90:17 И благоволението на нашиот Господ Бог нека биде со нас, и дај да ни успеат делата на рацете наши, дај им успех на делата на рацете наши.
Glava 91
91:1 Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небесниот Бог.
91:2 И ќе Му рече на Господ: Ти си мој застапник, Ти си мое пребивалиште, Бог мој, и на Тебе ќе се надевам!
91:3 Зашто Тој ќе те избави од стапицата на ловецот, и од чумата погубна.
91:4 Со плеќите Свои ќе те осени и под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност: Неговата верност е штит и одбрана.
91:5 Нема да се уплашиш од ноќен страв, ни од стрела што лета дење,
91:6 од чумата што пустоши во темнина, од зараза што опустошува напладне.
91:7 Покрај тебе ќе паднат илјада, и десет илјади десно од тебе; но до тебе нема да се приближат;
91:8 само ќе гледаш со очите свои и ќе ја гледаш казната на нечестивите.
91:9 Зашто, Господ ти е засолниште, надеж моја, Севишниот го избра за свое прибежиште;
91:10 зло нема да ти се случи, и неволја нема да се приближи до шаторот твој;
91:11 затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за тебе, да те чуваат на сите патишта твои.
91:12 Ќе те понесат на раце, да не ја сопнеш од камен ногата своја;
91:13 на отровница и на змија ќе нагазуваш, лав и змеј ќе згазуваш.
91:14 „Бидејќи се надеваше во Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое.
91:15 Ќе повика кон Мене, и ќе го чујам; со него ќе сум во неволја; ќе го избавам и ќе го прославам,
91:16 ќе му дадам многу денови и ќе му го јавам спасението од Мене.“
Glava 92
92:1 Добро е да се слави Господ и да Му се пее на името Твое, Севишен,
92:2 да се возвестува наутро милоста Твоја, и секоја ноќ – Твојата верност,
92:3 на десетострунена харфа и на лира.
92:4 Зашто Ти ме развесели, Господи, со Твоите дела, на делата на Твоите раце им се радувам.
92:5 Колку се големи делата Твои, Господи! Многу се длабоки Твоите помисли!
92:6 Безумниот човек не ќе може да ги узнае, неразумниот нема да го разбере ова:
92:7 дури грешниците и да никнуваат како трева, и кренат глава оние што вршат беззаконие, тоа е за да бидат истребени засекогаш,
92:8 Ти си, Господи, Севишен секогаш!
92:9 Зашто, еве, непријателите Твои, Господи, ќе пропаднат и ќе се растураат сите што вршат беззаконие;
92:10 а мојот рог Ти го вознесуваш како рог на еднорогот, и ме помазуваш со чисто масло.
92:11 Моите очи го видоа падот на непријателите мои, и ушите мои го слушнаа тресокот на побунетите против мене злосторници.
92:12 Праведниот цути како палма, се издига како кедар леванонски.
92:13 Тие се засадени во домот Господов, ќе цутат во дворовите на нашиот Бог;
92:14 тие и во староста ќе бидат плодни, сочни и полни со свежина,
92:15 за да возвестуваат дека е праведен Господ, мојата Карпа во Која нема неправедност.
Glava 93
93:1 Господ се зацари; се облече во величественост, Господ се препаша со сила, Тој вселената ја зацврсти и нема да се разниша.
93:2 Твојот престол е утврден од почетокот на времето; Ти постоиш отсекогаш.
93:3 Ги издигнаа реките, Господи, ги издигнаа реките гласовите свои.
93:4 Но од бучењето на многуте води, од големината на морските бранови, почудесен е Господ во висините Свои!
93:5 Сведоштвата Твои се многу вистинити. На твојот дом, Господи, му припаѓа светост за вечни времиња.
Glava 94
94:1 Боже, Господи на одмаздата, Боже на одмаздата, покажи се!
94:2 Стани, Судијо на Земјава, дај им отплата на горделивите!
94:3 До кога нечестивите, Господи, до кога нечестивите ќе се фалат,
94:4 ќе мрморат и говорат дрско, до кога ќе зборуваат така сите злосторници?
94:5 Го газат Твојот народ, Господи, и го угнетуваат Твоето наследство;
94:6 вдовица и туѓинец убиваат, и сирак усмртуваат.
94:7 Па велат: Господ нема да види, Бог Јаковов нема да дознае!
94:8 Вразумете се, вие што сте безумни! И дали вие, луѓе, некогаш ќе се опаметите?
94:9 Оној, Кој го насадил увото, нема ли да чуе, и Оној што го поставил окото, нема ли да види?
94:10 Оној, Кој ги вразумува народите, и Кој го учи човекот на знаење, зар нема да казни?
94:11 Господ ги знае човечките мисли, знае дека се тие суетни.
94:12 Блажен е оној човек, кого го вразумуваш Ти, Господи, и го поучуваш на Твојот закон,
94:13 за да му дадеш мир во лошите денови, додека за грешникот не се ископа гроб!
94:14 Зашто Господ нема да го отфрли Својот народ и нема да го остави Своето наследство,
94:15 зашто правдата не ќе се врати кај праведните и сите прави по срце ќе ја следат.
94:16 Кој ќе се крене за мене против лукавите или кој ќе стои покрај мене против злосторниците?
94:17 Да не ми беше помогнал Господ, душата моја брзо ќе се преселеше во светот на мртвите!
94:18 Кога помислив: ногата ми се поколеба, – Твојата милост Господи, ми помогна!
94:19 Кога се намножуваа тешкотиите во срцето мое, Твоите утехи ја развеселуваа душата моја.
94:20 Па зар до Тебе ќе се приближи престолот безбожнички, оној што работи спротивно на законот Твој?
94:21 Ја ловат душата на праведниот и осудуват невини на смрт.
94:22 Но Господ е мое прибежиште и Бог мој – сигурна тврдина моја.
94:23 Тој ќе им плати за нивното беззаконие, и за нечестивоста нивна ќе ги погуби, Господ Бог ќе ги погуби.
Glava 95
95:1 Дојдете да Му пееме на Господ и да воскликнеме кон Карпата на нашето спасение!
95:2 Да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да Му воскликнеме,
95:3 зашто Бог е велик Господ и Цар голем над сите богови.
95:4 Зашто во Неговите раце се сите земни длабочини, а горските височини се исто така Негови.
95:5 Бидејќи Негово е морето, и Тој го создаде, а рацете Негови го создадоа и копното.
95:6 Дојдете да Му се поклониме и да паднеме ничкум, да клекнеме пред лицето на Господ, нашиот Творец;
95:7 зашто Тој е Бог наш, а ние сме народ од Неговото пасиште и овци од Неговите раце. О, денес да бевте го послушале Неговиот глас!
95:8 „Не ожесточувајте ги срцата ваши, како во Мерива, како во оној ден во Маса во пустината,
95:9 каде што Ме искушуваа вашите татковци, Ме испитуваа иако ги видоа делата Мои.
95:10 Четириесет години Ме јадеше тој народ и реков: тие се народ со заблудени срца, кои не ги почитуваат патиштата Мои,
95:11 па затоа се заколнав во гневот Свој дека тие нема да влезат во Мојот мир.“
Glava 96
96:1 Запејте Му на Господ песна нова, запеј Му на Господ, цела Земјо!
96:2 Пејте Му на Господ, благословувајте го името Негово, благовестете го од ден на ден спасението од Него;
96:3 разгласувајте ја меѓу народите славата Негова, и на сите народи – чудесата Негови;
96:4 зашто велик е Господ и достоен за пофалба, страшен е Тој над сите богови.
96:5 Бидејќи сите богови на незнабошците се идоли, а Господ ги создаде небесата.
96:6 Слава и величие се пред лицето Негово, сила и великолепие – во светилиштето Негово.
96:7 Воздајте Му на Господ, племиња народни, воздајте Му на Господ слава и чест;
96:8 воздајте Му на Господ слава на името Негово, принесете жртви и влезете во Неговите дворови;
96:9 поклонете Му се на Господ во светите дворови Негови. Да затрепери пред лицето Негово целата Земја!
96:10 Кажете им на народите: Господ се зацари! Затоа цврста е вселената, нема да се разниша. Тој управува праведно со народите.
96:11 Нека се развесели небото и да се возрадува Земјата, нека се раздвижи морето и она што го исполнува;
96:12 нека се радуваат полињата и сѐ што е на нив, да ликуваат сите дрвја по дубравите,
96:13 пред лицето на Господ, зашто иде, зашто Тој иде да ѝ суди на Земјата. Тој ќе ѝ суди на вселената по правда, и на народите – според Својата вистина.
Glava 97
97:1 Господ се зацари: нека се радува Земјата; нека се веселат многубројните острови.
97:2 Облак и мрак е околу Него; праведност и правда се основа на Неговиот престол.
97:3 Пред Него оган врви и ги гори непријателите Негови наоколу.
97:4 Неговите молњи ја осветлуваат вселената; Земјата гледа и трепери.
97:5 Горите се топат како восок од лицето на Господ, од лицето на Господ, по целата Земја.
97:6 Небесата ја разгласуваат Неговата праведност, и сите народи ја гледаат Неговата слава.
97:7 Нека се засрамат сите, кои се поклонуваат на ликови, кои се фалат со своите идоли. Поклонете Му се сите „богови.“
97:8 Чу Сион и се зарадува, се веселат ќерките Јудини заради Твоите пресуди, Господи,
97:9 зашто Ти си, Господи, Севишен на целата Земја, повисок си од сите богови.
97:10 Господ ги сака оние што го мразат злото. Ја чува Господ душата на Своите светии; од раката на нечестивите ќе ги избави.
97:11 Светлина засветли над праведниот, а за правите по срце – радост.
97:12 Радувајте се, праведни, во Господ и славете го Неговото свето име.
Glava 98
98:1 Запејте Му на Господ нова песна, зашто создаде чудесни работи; Неговата десница Му помогна и Неговата света мишка.
98:2 Господ ја објави Својата победа, пред очите на народите ја откри Својата правда.
98:3 Се присети Тој за Својата милост и на верноста Своја кон домот Израелов; сите краишта земни го видоа спасението од нашиот Бог.
98:4 Воскликни Му на Господ, цела Земјо; запеј, радуј се и пеј;
98:5 пејте Му на Господ со лири, со лири и со глас псаломски;
98:6 во труби и во рог затрубете пред Царот – пред Господ.
98:7 Нека шуми морето и сѐ она што го исполнува: вселената и сите што живеат во неа;
98:8 да заплескаат со раце реките и заедно со горите да се зарадуваат пред лицето на Господ!
98:9 Зашто Тој доаѓа да ѝ суди на Земјата. Тој ќе ѝ суди на вселената по правда и народите – правично.
Glava 99
99:1 Господ се зацари: нека треперат народите! Тој седи на херувими: нека се затресе Земјата!
99:2 Велик е Господ на Сион и возвишен е Тој над сите народи.
99:3 Нека го слават името Твое велико: зашто тоа е свето!
99:4 Ти си силен Цар, Кој сака праведен суд; Ти утврди правда; правда и праведност Ти изврши во Јаков.
99:5 Превознесувајте Го Господа, нашиот Бог, поклонувајте Му се во подножјето на нозете Негови, зашто тоа е свето!
99:6 Мојсеј и Арон беа меѓу свештениците Негови, а Самоил меѓу оние, кои го повикуваа името Негово. Тие Го повикуваа Господа и Тој ги слушаше.
99:7 Во облаков столб Тој им говореше, зашто тие ги пазеа Неговите заповеди и наредби, што им ги даваше.
99:8 Господи, Боже наш, Ти ги слушаше. Боже, Ти беше милостив спрема нив, но ги казнуваше сите нивни лоши постапки.
99:9 Возвишувајте Го Господа, нашиот Бог, и поклонувајте се на Неговата света гора, зашто свет е Господ, нашиот Бог.
Glava 100
100:1 Воскликни Му на Господ, цела Земјо!
100:2 Служете Му на Господ со радост; излегувајте пред Него со восклик!
100:3 Знајте дека Господ е Бог, дека Тој нѐ создаде нас, а не ние самите; Негови сме – Негов народ и овци од Неговото пасиште.
100:4 Влегувајте низ Неговите порти со славословие, во Неговите дворови со песна; славете Го, фалете го името Негово,
100:5 зашто добар е Господ: Неговата милост е вечна и Неговата верност е од род во род.
Glava 101
101:1 Ќе пеам за верноста и за правдата – Тебе, Господи, ќе Ти свирам!
101:2 Ќе размислувам за патот непорочен: кога ќе го достигнам? Среде мојот дом ќе одам со чисто срце.
101:3 Нема да ставам пред очите мои ништо пакосно; ги мразам делата на отпадниците – тие нема да се прилепат за мене.
101:4 Развратно срце нема да се прилепи до мене; за лукавиот не сакам да знам.
101:5 Оној што тајно го клевети ближниот свој, ќе го погубам; оној што е со горделиви очи и ненаситно срце, не го поднесувам.
101:6 Очите ми се управени кон верните по земјата, за да седат со мене; кој оди по патот непорочен, тој ќе ми служи.
101:7 Нема да остане во мојот дом оној, кој прави сплетки; кој говори лага, не можеше да остане пред очите мои.
101:8 Секојдневно ќе ги истребувам сите нечестиви од земјата, за да ги истребам од Господовиот град сите злосторници.
Glava 102
102:1 Господи, услиши ја молитвата моја и повикот мој нека дојде до Тебе!
102:2 Не одвраќај го лицето Свое од мене, во денот на мојата жалост приклони го увото Твое кон мене; во денот, кога Те повикувам, услиши ме бргу,
102:3 зашто дните ми исчезнуваат како дим, а коските мои горат како оган;
102:4 попарен сум како трева, срцето ми е исушено, така што заборавам и лебот свој да го јадам;
102:5 од гласот на моите воздишки коските ми се залепија за телото мое.
102:6 Заприлегав на пеликан во пустина; станав како був во урнатини;
102:7 не спијам, седам како самотна птица на покрив.
102:8 Секој ден ме навредуваат непријателите мои, и фалејќи се, ме проколнуваат.
102:9 Јадам пепел како леб и пијалакот свој со солзи го мешам.
102:10 Поради гневот и јароста од лицето Твое бев подигнат, а потоа соборен.
102:11 Дните мои исчезнуваа како вечерна сенка и јас се сушам како сено.
102:12 А Ти, Господи, вечно пребиваш; и името Твое е од род во род.
102:13 Стани, смилувај му се на Сион, зашто време е да се смилуваш на него – зашто дојде времето;
102:14 бидејќи на Твоите слуги им омилеа и камењата негови и за правот негов жалат.
102:15 Незнабошците ќе се заплашат од името на Господ, а сите земни цареви – од Твојата слава.
102:16 Зашто Господ ќе го изгради Сион и ќе се појави во славата Своја;
102:17 ќе погледне милостиво на молитвите од беспомошните и нема да ги презре молбите нивни.
102:18 Нека се запише ова за следниот род, та идното поколение да Го слави Господа,
102:19 зашто се јави од светата Своја височина, Господ од небесата погледна на Земјата,
102:20 за да ги чуе офкањата на окованите, да ги ослободи осудените на смрт,
102:21 за да го разгласат името Господово на Сион и похвалата Негова во Ерусалим,
102:22 кога ќе се соберат народите и царствата заедно да Му служат на Господ.
102:23 Тој ми ја откажа заштитата Своја на патот мој, ги скрати дните мои.
102:24 Боже мој! Не земај ме на половината од деновите мои! Твоите години се од род во род.
102:25 Во почетокот Ти, Господи, ја основа Земјата, небесата се дело на Твоите раце;
102:26 тие ќе пропаднат, а Ти ќе пребиваш; сите тие – како облека ќе оветвеат, и како наметка Ти ги менуваш и тие исчезнуваат.
102:27 Но Ти си секогаш истиот, и Твоите години нема да завршат.
102:28 Синовите на Твоите слуги ќе се веселат и потомството нивно ќе се зацврсти за навек.
Glava 103
103:1 Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име!
103:2 Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној,
103:3 Кој ги очистува сите твои беззаконија, Кој ги исцелува сите твои болести;
103:4 Кој го избавува од пропаст твојот живот, Кој те овенчува со милост и со добрини.
103:5 Кој го исполнува со добра животот твој, како на орел ти ја обновува твојата младост.
103:6 Господ им дава милост и правда на сите угнетени.
103:7 Тој му ги покажа Своите патишта на Мојсеј, на Израеловите синови – делата Свои.
103:8 Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив;
103:9 Тој не се гневи до крај, ниту вечно се лути.
103:10 Тој не постапува со нас според нашите беззаконија и не ни плаќа според нашите беззаконија;
103:11 зашто, колку е големо растојанието од небото до Земјата, толку е голема милоста на Господ спрема оние што се бојат од Него;
103:12 колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечува Тој од нас нашите престапи;
103:13 како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него.
103:14 Зашто Тој го знае нашиот состав, помни дека сме прав.
103:15 Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој;
103:16 ќе дувне ли над него ветар, и веќе го нема, и местото негово веќе не го памети.
103:17 А милоста на Господ е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него, и правдата Негова е од чеда на чеда,
103:18 кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови.
103:19 Господ го поставил Својот престол на небото, и царството Негово владее над сѐ.
103:20 Благословувајте Го Господа – сите ангели Негови, вие крепки по сила, кои го извршувате Неговиот збор, слушајќи го гласот од зборот Негов;
103:21 благословувајте Го Господа – сите Негови војски, Негови служители, кои ја исполнувате волјата Негова;
103:22 благословувајте Го Господа сите Негови дела, по сите места на Неговото владеење. Благословувај Го, душо моја, Господа!
Glava 104
104:1 Благословувај Го, душо моја, Господа! Господи, Боже мој, Ти си многу велик; во слава и величественост Си се облекол;
104:2 Ти, Кој се облекуваш со светлина како со облека, си го прострел небото како шатор;
104:3 на вода си ги поставил Твоите дворови, облаците си ги направил како Своја кола, на крилјата од ветрот патуваш.
104:4 Ветровите ги правиш Свои гласници, а огнот и пламенот – Свои слуги.
104:5 Ти си ја поставил Земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш.
104:6 Си ја покрил со бездна како со облека, води стојат над горите.
104:7 Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се разбегуваат;
104:8 се издигаат до горите, се спуштаат во долините, на места што си им ги определил.
104:9 Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту ќе се вратат да ја покријат Земјата.
104:10 Си управил извори во долините: меѓу горите течат води,
104:11 ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите магариња ја гаснат жедта своја.
104:12 Покрај нив живеат птици небесни, меѓу гранките пуштаат глас.
104:13 Ти ги напојуваш горите од своите височини, од плодовите на Твоите дела се наситува Земјата.
104:14 Ти правиш да расте трева за добитокот и растенија за потреба на луѓето, за да произведат храна од земјата
104:15 и вино што го весели срцето на човекот, и маслото од кое блеска лицето негово, и лебот што го закрепнува срцето на човекот.
104:16 Се напојуваат дрвјата по полето, кедрите леванонски, што си ги посадил;
104:17 на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штрковите.
104:18 Високите гори – на срните; камењата – прибежиште на зајаците.
104:19 Тој ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето знае кога ќе зајде.
104:20 Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови;
104:21 лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе.
104:22 Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла;
104:23 човекот излегува по своја работа и работи до вечерта.
104:24 Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; Земјата е полна со Твои созданија.
104:25 Ете го морето, големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни;
104:26 таму пловат кораби, таму е левијатанот што си го создал да игра во него.
104:27 Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме.
104:28 Им даваш – примаат, ја отвораш раката Своја – се наситуваат со блага;
104:29 го одвратиш ли лицето Свое – се збунуваат, им го одземеш ли духот нивен – умираат и во земјата своја се враќаат.
104:30 Го праќаш ли духот Свој – се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата.
104:31 Нека пребива вечно славата на Господ; нека се весели Господ за делата Свои!
104:32 Погледнува ли кон Земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие се димат.
104:33 Ќе Му пеам на Господ преку целиот мој живот, ќе Му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам.
104:34 Нека Му биде мила беседата моја! Ќе се веселам во Господ.
104:35 Нека ги снема грешниците од Земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Господа! Алилуја!
Glava 105
105:1 Славете Го Господа; повикувајте го Неговото име; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови.
105:2 Славете Го и пејте Му; кажувајте ги сите Негови чудеса.
105:3 Фалете се со Неговото свето име: нека се весели срцето на оние, кои Го бараат Господа.
105:4 Барајте Го Господа и утврдувајте се, барајте го секогаш лицето Негово.
105:5 Спомнувајте ги чудесата Негови, што ги направи, чудесата Негови и судовите од устата Негова,
105:6 вие, семе Авраамово, слуги Негови, синови Јаковови, избраници Негови.
105:7 Тој е Господ, Бог наш; Неговите судови се по целата земја.
105:8 Тој вечно го помни заветот Свој, зборот што го заповедал во илјада родови,
105:9 што му го ветил на Авраам, и заклетвата Своја на Исак;
105:10 и му го поставил тоа како закон на Јаков и како вечен завет на Израел,
105:11 велејќи: „Тебе ќе ти ја дадам Хананската земја во ваше наследство.“
105:12 Тогаш тие беа уште малку на број, многу малку, и беа придојдени во неа,
105:13 па одеа од народ во народ, од едно царство кон друг народ;
105:14 никому не му дозволуваше Тој да ги угнетува и цареви за нив караше:
105:15 „Не допирајте се до Моите помазани, на Моите пророци не правете им зло!“
105:16 И пушти глад во таа земја и секој лебен клас го сотре.
105:17 Испрати пред нив човек: како роб беше продаден Јосиф.
105:18 Ги стегнаа во окови нозете негови, железо околу вратот негов,
105:19 додека се исполни зборот негов: зборот Господов го потврди.
105:20 Царот прати по него, го одврзаа, кнезот над народите го ослободи.
105:21 Го постави за домаќин над домот свој и управител над сиот имот свој,
105:22 за да ги поучува кнезовите според својата волја и старешините негови да ги учи на мудрост.
105:23 Тогаш дојде Израел во Египет, и Јаков се всели во Хамовата земја.
105:24 Го умножи Бог многу Својот народ и го направи посилен од непријателите негови.
105:25 Се преврте срцето нивно и тие го замразија народот Негов, и почнаа да им пакостат на слугите Негови.
105:26 Го испрати Мојсеј, слугата Свој, и Арон, кого го избра.
105:27 Тие ги покажаа меѓу нив Неговите знаци и чудесата Негови во Хамовата земја.
105:28 Испрати темнина и се смрачи, и тие не се спротивставија на зборот Негов.
105:29 Ја претвори водата нивна во крв и ја уништи рибата нивна.
105:30 Се исполни земјата нивна со жаби, дури и собите на царот нивен.
105:31 Тој заповеда: и нападнаа рој муви и мушички по сите нивни предели.
105:32 Наместо дожд, испрати врз нив град, оган што ја гореше земјата нивна,
105:33 и ги уништи лозјата нивни и смоквите нивни, ги сотре сите дрвја во нивните предели.
105:34 Рече и нападнаа скакулци и гасеници безброј;
105:35 и ја изедоа сета трева по земјата нивна, ги испојадоа сите плодови на нивите нивни.
105:36 И го погуби секое првородено во земјата нивна, првините од сиот нивен труд.
105:37 Ги изведе Израелците со сребро и злато, и немаше болен во племињата нивни.
105:38 Се зарадува Египет поради нивното излегување, бидејќи го беше обзел страв од нив.
105:39 Тој им простре облак како покрив и оган, за да им свети ноќе.
105:40 Бараа, и Тој им прати потполошки и со леб небесен ги наситуваше.
105:41 Расцепи камен и потекоа води, потекоа како река по безводната земја,
105:42 зашто се сети на Својот свет збор кон Авраам, Својот слуга.
105:43 Па го изведе Својот народ со радост, Своите избрани – со веселба,
105:44 и им даде незнабожечки земји, и така наследија плодови од други народи,
105:45 за да ги чуваат наредбите Негови и да ги исполнуваат законите Негови. Алилуја!
Glava 106
106:1 Алилуја! Славете Го Господа, зашто е добар, зашто Неговата милост е вечна.
106:2 Кој ќе ја искаже силата на Господ, кој ќе ја разгласи сета похвала Негова?
106:3 Блажени се оние што се држат до правдата и вршат праведност во секое време.
106:4 Сети се на мене, Господи, во благоволението Свое кон Твојот народ; помогни ми кога ќе ги спасуваш нив,
106:5 за да ги видам во добрини Твоите избраници, за да се развеселам со веселбата на Твојот народ, за да се пофалам заедно со Твоето наследство.
106:6 Згрешивме ние и татковците наши, правевме беззаконија, постапувавме нечестиво.
106:7 Нашите татковци во Египет не ги ценеа Твоите чудеса, не ги помнеа многуте милости Твои и се побунија кога се приближија до Црвеното Море.
106:8 Но Тој ги спаси заради името Свое, за да им ја покаже силата Своја.
106:9 Му се закани на Црвеното Море, и тоа се исуши; и ги преведе по бездните како по пустина;
106:10 и ги спаси од рацете на оние што ги намразија и ги избави од рацете на непријателите.
106:11 Водите ги покрија нивните непријатели; не остана ниеден од нив.
106:12 И тие поверуваа на зборовите Негови и Му испеаја похвала.
106:13 Но тие набргу ги заборавија делата Негови, не го дочекаа Неговото решение;
106:14 се занесоа од похотливоста во пустината, па Го искушуваа Бога во безводната земја.
106:15 Тој го исполни нивното барање, но прати и пораз за душите нивни.
106:16 Му позавидоа на Мојсеј во логорот и на Арон, светецот Господов.
106:17 Се отвори земјата, го голтна Датан и ја покри дружината на Авирон.
106:18 И пламна оган врз нив, и пламенот ги изгори нечестивите.
106:19 Направија теле на Хорив и му се поклонија на идолот.
106:20 Ја заменија својата слава со лик на теле, што јаде трева.
106:21 Го заборавија Бога, својот Спасител, Кој изврши големи дела во Египет,
106:22 чудеса во Хамовата земја, страшни дела при Црвеното Море.
106:23 И рече дека ќе ги истреби, но Мојсеј, Неговиот избраник, се застапи за нив во пукнатината, за да ја одврати јароста Негова, та да не ги погуби.
106:24 Тие ја презреа саканата земја, не Му веруваа на зборот Негов;
106:25 и роптаа во шаторите свои, не го послушаа гласот Господов.
106:26 Тој крена рака и им се заколна дека ќе ги погуби во пустината,
106:27 ќе го расее нивното семе меѓу народите и дека ќе ги растури по земјите.
106:28 Тие се придружија кон Ваал-Пеор и јадеа жртви, принесувани на мртви,
106:29 Го дразнеа Бога со делата свои, и на нив падна погибел.
106:30 Но стана Пинеас, се зазеде и поморот престана.
106:31 И тоа му се прими за праведност од род во род довека.
106:32 И Го разгневија Бога кај водите на Мерива, и Мојсеј настрада заради нив,
106:33 зашто тие го огорчија духот негов, и тој згреши со устата своја.
106:34 Не ги истребија народите, за кои им беше рекол Господ,
106:35 туку се смешаа со незнабошците и свикнаа на нивните дела;
106:36 им служеа за нивните идоли, кои им станаа замка,
106:37 и ги жртвуваа синовите свои и ќерките свои на злите духови;
106:38 и проливаа невина крв, крвта на синовите свои и на ќерките свои, што им ги жртвуваа на хананските идоли, па земјата се извалка од таа крв;
106:39 се осквернија со делата свои, блудствуваа со постапките свои.
106:40 Се разгоре гневот на Господ против Неговиот народ, и Му омрзна наследството Негово,
106:41 па ги предаде во рацете на непријателите и завладеаја над нив оние што ги мразеа.
106:42 Непријателите нивни ги угнетуваа, и тие се покоруваа под нивната рака.
106:43 Многупати ги избавуваше, но тие беа бунтовни со своите намери, па беа понижени поради своите беззаконија.
106:44 Па сепак, Тој погледна на нивната потиштеност, кога ги слушаше нивните молби,
106:45 си спомна на Својот завет со нив, се сожали поради големата милост Своја;
106:46 па поттикна сожалување спрема нив кај оние што ги беа заробиле.
106:47 Спаси нѐ, Господи, Боже наш, и собери нѐ од незнабошците за да го славиме Твоето свето име, да се фалиме со Твојата слава!
106:48 Нека е благословен Господ, Бог Израелов, отсекогаш засекогаш! И сите луѓе нека велат: Амин! Амин! Алилуја.
Glava 107
107:1 Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова!
107:2 Така да велат избавените од Господ, оние што ги откупи од непријателска рака.
107:3 И ги собра од земјите, од исток и од запад, од север и од морето.
107:4 Тие скитаа по безводната пустина и нигде пат ниту населен град не најдоа;
107:5 трпеа глад и жед, душата им ослабна во нив,
107:6 но во жалоста своја Го повикаа Господа, и Тој ги избави од нивните неволји
107:7 и ги поведе по правиот пат, за да одат кон населен град.
107:8 Нека Го слават Господа за милоста Негова и за чудесата Негови што им ги направи на синовите човечки:
107:9 зашто Тој ја напојува жедната душа и душата гладна ја исполнува со блага.
107:10 Тие седеа во темнина и смртна сенка, оковани со сиромаштија и железо;
107:11 бидејќи не се покорија на зборовите Божји и се противеа на волјата на Севишниот.
107:12 Тој го скрши нивното срце со мака, се сопнаа, и немаше кој да им помогне.
107:13 Тогаш во тагата своја повикаа кон Господ, и Тој ги спаси од маките нивни;
107:14 ги изведе од темнината и смртната сенка и ги раскина оковите нивни.
107:15 Нека Го слават Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела кон синовите човечки,
107:16 зашто Тој ги здроби бронзените порти и ги скрши железните резиња.
107:17 Неразумните страдаа поради своите грешни патишта и поради беззаконијата свои!
107:18 Од секоја храна им се одвраќаше душата, и се приближија до вратата на смртта.
107:19 Но во тагата своја повикаа кон Господ, и Тој ги спаси од неволјите нивни;
107:20 го испрати Своето слово, ги излекува и ги спаси од пропаст.
107:21 Нека Го прославуваат Господа за милоста Негова спрема синовите човечки!
107:22 Нека Му принесуваат похвална жртва и нека ги разгласуваат делата Негови со радост.
107:23 Оние што запловија по море на кораби, што имаа работа по големите води –
107:24 тие ги гледаа делата на Господ и чудесата Негови во длабочините.
107:25 Тој рече – и настана бурен ветер и високо ги издигна морските бранови;
107:26 се издигаа до небесата, слегуваа до бездната; нивната присебност се губи во неволјата;
107:27 тие се збунуваат, се нишаат како пијани, и сета нивна мудрост им исчезнува.
107:28 Тогаш во скрбта своја повикаа кон Господ, и Тој ги изведе од маките нивни.
107:29 И ѝ заповеда на бурата и таа се претвори во тивок ветрец и брановите молкнаа.
107:30 Тие се развеселија, зашто стивнаа, а Тој ги упати кон нивното сакано пристаниште.
107:31 Нека Го прославуваат Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела спрема синовите човечки!
107:32 Нека Го возвеличуваат со собранието народно и нека Го слават во советите на старешините!
107:33 Тој претвора реки во пустина, и водни извори – во сушна земја,
107:34 земја плодородна – во солница, поради злобата на оние што живеат во неа.
107:35 Тој претвори пустина во езеро, а сува земја – во земја со водни извори;
107:36 таму насели гладни, а тие изградија град за живеење;
107:37 засеаја ниви, насадија лози, и тие им даваат свои плодови.
107:38 Тој ги благословуваше, и тие многу се размножуваа, и добитокот нивен Тој не им го намалуваше.
107:39 Кога беа проредени и пострадаа од притисокот на злото и од неволјата,
107:40 Тој изли презир над кнезовите и ги остави да скитаат по пустината, каде што нема патишта.
107:41 Но бедниот го извлече од сиромаштија, го умножи родот негов како овчо стадо.
107:42 Праведните го гледаат тоа и се радуваат, а секоја злоба си ја затвора устата своја.
107:43 Кој е мудар и го пази ова, ќе ја разбере милоста Господова.
Glava 108
108:1 Подготвено е срцето мое, Боже; ќе пеам и ќе воспевам. Разбуди се душо моја!
108:2 Разбудете се, харфо и лиро! Ќе ја разбудам зората.
108:3 Ќе Те славам, Господи, меѓу народите; ќе Те воспевам меѓу племињата,
108:4 зашто повисока од небото е Твојата милост, и до облаците достига Твојата верност.
108:5 Издигни се над небесата Боже, и славата Твоја нека биде по целата Земја,
108:6 за да се избават Твоите возљубени; спаси ме со Твојата десница и услиши ме.
108:7 Бог рече во своето светилиште: „Ќе се вознесам и ќе го разделам Сихем и ќе ја измерам долината Сукот;
108:8 Мој е Галаад, Мој е Манасија, Ефрем е шлем на главата Моја, Јуда е Мој скиптар;
108:9 Моав Ми е леген за миење, врз Едом ќе ја фрлам обувката Своја, над Филистејците ќе славам победа.“
108:10 Кој ќе ме доведе до укрепениот град? Кој ќе ме доведе до Едом?
108:11 Зар не си Ти, Боже, Кој нѐ отфрли и не излегуваш, Боже, со нашите војски?
108:12 Дај ни помош против непријателите, зашто човечката заштита е суетна.
108:13 Во Бога ќе имаме сила; Тој ќе ги прегази непријателите наши.
Glava 109
109:1 Боже, похвало моја, не премолчувај,
109:2 зашто против мене се отворени грешни и лажливи усти; зборуваат со лажлив јазик против мене;
109:3 отсекаде ме опкружуваат со злобни зборови, и без причина ме напаѓаат;
109:4 место да ми возвратат со љубов, тие стануваат против мене, а јас се молам;
109:5 ми враќаат зло за добро, омраза – за љубов:
109:6 „Постави над него грешник, и ѓаволот да застане десно од него.
109:7 Кога ќе му се суди, нека биде осуден, и молитвата негова да се прими за грев;
109:8 дните негови да бидат кратки, а неговото достоинство друг да го земе;
109:9 децата негови да останат сираци, а жената му – вдовица;
109:10 децата негови да скитаат и да станат просјаци, изгонети надвор од своите домови.
109:11 Заемодавецот да му земе сѐ што има, и туѓинци да го разграбаат трудот негов;
109:12 нека нема кој да го заштити, да нема и кој да се смили над сираците негови;
109:13 потомството негово да загине, и да се избрише името негово во следниот род;
109:14 да биде спомнато пред Господ беззаконието на татковците негови, и гревот на мајка му да не се очисти;
109:15 тие секогаш да бидат пред очите на Господ, и да се избрише споменот нивни на земјата.
109:16 Зашто не помислил да покаже милост, туку ги гонеше бедните, сиромасите, и оние со скршено срце, за да ги уништи;
109:17 засакал клетва – па таа нека го стигне: не посакал благослов, – тој нека се оддалечи од него;
109:18 нека се облече во клетва како во облека; и таа нека влезе во него како вода, и како масло – во неговите коски;
109:19 та да му биде како облека, во која се облекува, и како појас, со кој секогаш се опашува.“
109:20 Таква нека биде отплатата од Господ на оние што ме мразат и на оние што лошо зборуваат против душата моја.
109:21 А мене, Господи, Господи, заштити ме заради Твоето име, зашто е блага милоста Твоја; избави ме,
109:22 зашто сум беден и сиромав, и срцето мое во мене е рането.
109:23 Исчезнувам како сенка што се оддалечува; ме гонат како скакулец.
109:24 Колената ми изнемоштија од пост, а телото мое ослабе.
109:25 Им станав за потсмев; оние што ме гледаат, нишаат со главите свои.
109:26 Помогни ми, Господи, Боже мој, спаси ме поради Твојата милост.
109:27 Нека разберат дека е тоа Твојата рака и дека, Ти, Господи, си го направил тоа.
109:28 Тие проколнуваат, а Ти, пак, благослови; и оние што стануваат против мене нека бидат посрамени, а Твојот слуга да се зарадува.
109:29 Нека се облечат во презир противниците мои и како со облека да се покријат со својот срам,
109:30 и јас со устата моја многу ќе Го славам Господа и меѓу мнозина ќе Го прославувам,
109:31 зашто застана од мојата десна страна, за да ја спаси мојата душа од оние што ме гонат.
Glava 110
110:1 Му рече Господ на мојот Господ: „Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.
110:2 Жезолот на Твојата сила ќе Ти го прати Господ од Сион: владеј меѓу непријателите Свои.
110:3 Подготвен е Твојот народ за денот кога ќе ги поведеш Своите војски на светите гори; како роса од утробата на зората, со Тебе се младите борци.
110:4 Се заколна Господ и нема да се покае: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.“
110:5 Господ, Кој е од Твојата десна страна, во денот на гневот Свој, Тој ќе ги порази царевите;
110:6 ќе изврши суд над народите, ќе ја исполни земјата со трупови, ќе ги скрши главите на многумина на Земјата.
110:7 Од потокот на патот ќе пие, и затоа високо ќе ја крене главата.
Glava 111
111:1 Алилуја! Ќе Те славам, Господи, од сѐ срце во советот на праведните и во собранието.
111:2 Големи се делата на Господ, нека размислуват за нив сите што уживаат во нив.
111:3 Неговото дело е слава и великолепие, а правдата Негова вечно ќе постои.
111:4 Незаборавни ги направи чудесата Свои, милостив и штедар е Господ.
111:5 Им дава храна на оние, кои се бојат од Него; вечно го помни заветот Свој.
111:6 Силата на делата Свои му ја покажа на Својот народ, за да му ги даде незнабошците во наследство.
111:7 Делата на рацете Негови се верност и правда; и верни се сите заповеди Негови,
111:8 утврдени засекогаш, засновани врз верност и правдина.
111:9 Тој му испрати избавување на Својот народ; засекогаш го установи Својот завет. Свето е и страшно името Негово.
111:10 Почеток на мудроста е стравот од Господ; здрав разум имаат сите, кои според неа постапуваат. Похвалата Негова пребива вечно.
Glava 112
112:1 Алилуја! Блажен е оној човек, кој се бои од Господ и кому му се мили Неговите заповеди.
112:2 Неговото потомство ќе биде силно на земјата; родот на праведните ќе биде благословен.
112:3 Слава и богатство ќе има во неговиот дом; и правдата негова ќе преуспева вечно.
112:4 На праведните во темнина им изгрева светлина; тие се благородни, милостиви и справедливи.
112:5 Има добро за човек што е дарежлив и на заем дава; тој праведно ги извршува своите работи;
112:6 и никогаш нема да се разниша; праведниот останува во вечен спомен.
112:7 Од лоши гласови нема да се уплаши; срцето му е спремно, зашто се надева на Господ.
112:8 Срцето му е цврсто: тој нема да се уплаши, кога – годе ќе погледне во непријателите свои.
112:9 Тој разделува, дава на сиромаси; правдата негова останува вечно; неговиот рог ќе се возвиши во слава.
112:10 Грешниот, кога ќе го види тоа, ќе се јадосува, ќе крцка со забите свои и ќе се топи. Желбата на грешникот пропаѓа.
Glava 113
113:1 Алилуја! Фалете го, слуги Господови, фалете го името на Господ.
113:2 Нека е благословено името Господово отсекогаш и засекогаш.
113:3 Од исток до запад нека се прославува името на Господ.
113:4 Возвишен е над сите народи Господ; Неговата слава е над небесата.
113:5 Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој живее во височините,
113:6 и Кој од високо гледа на небото и на земјата;
113:7 Кој од прав го издига сиромавиот и од калта го вади бедниот,
113:8 за да го постави со кнезовите, со кнезовите на народот негов.
113:9 Кој неплодната ја вселува в куќи како мајка, што се радува меѓу многуте деца. Алилуја!
Glava 114
114:1 Кога Израел излезе од Египет, домот Јаковов – од туѓ народ,
114:2 Јудеја стана Божјо светилиште, Израел област Негова.
114:3 Морето виде и избега; Јордан се врати назад.
114:4 Горите се разиграа како овни, и ритчињата – како јагниња.
114:5 Што ти стана тебе море, па бегаш, и тебе, Јордане, па назад се враќаш?
114:6 Зошто се разигравте, гори, како овни, и вие, ритчиња, како јагниња?
114:7 Трепери Земјата пред лицето на Господ, пред лицето на Бог Јаковов,
114:8 Кој камен претвора во водно езеро и карпа – во воден извор.
Glava 115
115:1 Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај му слава, заради Твојата милост, заради Твојата вистина,
115:2 да не речат незнабошците: „Па каде е нивниот Бог?“
115:3 Нашиот Бог е горе на небесата; врши сѐ, што сака.
115:4 А идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на човечки раце:
115:5 уста имаат, а не зборуваат, очи имаат, но не гледаат;
115:6 имаат уши, но не слушаат; имаат ноздри, но не мирисаат;
115:7 раце имаат, но не пипаат; нозе имаат, но не одат; тие не пуштаат глас од грлото свое.
115:8 Слични на нив се и оние што ги прават, такви се и оние што се надеваат на нив.
115:9 Доме Израелов, надевај се во Господ; Тој е наш помошник и заштитник.
115:10 Доме Аронов, надевај се во Господ; Тој е наш помошник и заштитник.
115:11 Вие кои се боите од Господ, надевајте се во Господ; Тој е ваш помошник и заштитник.
115:12 Господ се сеќава на нас и нѐ благословил, го благословил домот Израелов, го благословил домот Аронов,
115:13 ги благословил оние, кои се бојат од Господ, мали и големи.
115:14 Нека ви придаде Господ вам повеќе, вам и на вашите деца.
115:15 Благословени да сте од Господ, Кој ги создаде небото и земјата.
115:16 Небесата се Господови небеса, а земјата Тој им ја даде на синовите човечки.
115:17 Не ќе Те слават мртвите, Господи, ниту оние што слегуваат во местото на молкот,
115:18 туку ние живите ќе Го благословуваме Господа отсега и засекогаш.
Glava 116
116:1 Се радувам дека Господ ќе го услиши гласот на моето молење,
116:2 зашто го приклони кон мене Своето уво, и затоа ќе Го повикувам преку сите мои дни.
116:3 Смртни болки ме обзедоа, пеколни маки ме стигнаа; се најдов во неволја и мака.
116:4 Тогаш го повикав името Господово: О, Господи, избави ја душата моја!
116:5 Милостив е Господ и праведен, и милосрден е нашиот Бог.
116:6 Господ ги пази слабите: бев во мака и Тој ми помогна.
116:7 Врати се, душо моја, во својот мир, зашто Господ постапи добро со тебе,
116:8 бидејќи душата моја ја истргна од смрт, очите мои – од солзи, и нозете мои – од сопнување.
116:9 Одам со благодарност пред лицето на Господ во земјата на живите.
116:10 Верував и кога говорев: во голема мака сум.
116:11 Во мојата необмисленост си реков: секој човек е лажливец.
116:12 Што да Му дадам на Господ за сите Негови добрини што ми ги направи мене?
116:13 Ќе ја земам чашата на спасението и името на Господ ќе го повикам.
116:14 Заветите ќе Му ги упатам на Господ пред целиот Негов народ.
116:15 Скапа е во очите на Господ смртта на Неговите светии.
116:16 О, Господи, јас сум слуга Твој, јас сум слуга Твој и син на Твојата слугинка. Ти ги скрши моите окови.
116:17 Тебе ќе Ти принесам благодарствена жртва;
116:18 ќе ги исполнам заветите мои на Господ пред сиот Негов народ.
116:19 Во предворјето на домот Господов, среде тебе, Ерусалиме!
Glava 117
117:1 Фалете Го Господа, сите народи, прославувајте Го, сите луѓе,
117:2 зашто се зацврсти Неговата голема милост на нас, и верноста Господова пребива вечно.
Glava 118
118:1 Славете Го Господа, зашто Тој е добар, зашто милоста Негова е вечна.
118:2 Нека каже сега домот Израелов дека милоста Негова е вечна.
118:3 Нека рече сега домот Аронов дека милоста Негова е вечна.
118:4 Нека кажат сега сите, кои се бојат од Господ: дека милоста Негова е вечна.
118:5 Кога бев на мака, Го повикав Господа и Тој ме услиши и на ширина ме изведе.
118:6 Господ е мој помошник, нема да се плашам: што може да ми направи човек?
118:7 Господ ми е помошник: и јас победоносно ќе гледам на непријателите мои.
118:8 Подобро е да се надевам во Господ, отколку да се надевам во човек.
118:9 Подобро е да се надеваш во Господ, отколку да се надеваш во кнезови.
118:10 Сите народи ме опколија, но со името Господово јас ги разбив;
118:11 ме опседнаа, ме обиколија, но со името Господово јас ги победив.
118:12 Ме опкружија како пчели околу сотка, па се запалија како оган во трње: со името Господово јас им се противставив.
118:13 Ме турнаа силно за да паднам, но Господ ми помогна.
118:14 Господ е крепост моја и сила; Тој стана мое спасение.
118:15 Глас на радост и на спасение се слуша во домовите на праведните; десницата на Господ дава сила!
118:16 Десницата Господова ме возвишува, десницата Господова дава сила.
118:17 Нема да умрам, но ќе живеам и ќе ги разгласувам делата Господови.
118:18 Господ строго ме казни, но на смрт не ме предаде.
118:19 Отворете ми ја вратата на правдата: ќе влезам во неа, ќе Го прославувам Господа.
118:20 Ете, тоа е вратата Господова, праведните влегуваат низ неа;
118:21 ќе Те славам, зашто ме услиши и стана спасение мое.
118:22 Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник.
118:23 Тоа е од Господ, и прекрасно е во очите наши.
118:24 Ова е денот што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него.
118:25 О, Господи, спаси нѐ! О, Господи, побрзај!
118:26 Нека е благословен оној, кој оди во името на Господ! Ве благословуваме од домот Господов.
118:27 Бог е Господ и Тој нѐ осветлува; образувајте празнична придружба до роговите на жртвеникот.
118:28 Бог мој си Ти и Тебе ќе Те славам; Бог мој си Ти и Тебе ќе Те превознесувам.
118:29 Славете Го Господа, зашто Тој е добар, зашто милоста Му е вечна.
Glava 119
119:1 Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов.
119:2 Блажени се оние кои ги пазат сведоштвата Негови и од сѐ срце Го бараат,
119:3 оние кои не вршат беззаконие, туку одат по Неговите патишта.
119:4 Ти заповеда грижливо да се пазат Твоите заповеди.
119:5 О, да се управат моите патишта за да ги чувам Твоите заповеди!
119:6 Тогаш нема да се засрамам, гледајќи ги сите Твои заповеди.
119:7 Ќе Те славам Господи со чисто срце, кога ќе ги научам Твоите праведни судови.
119:8 Ќе ги пазам Твоите заповеди; не оставај ме сосема.
119:9 Како момчето ќе го запази во чистота патот свој? – Ако ги пази зборовите Твои!
119:10 Со сето срце мое Те барам, не дозволувај да застранам од Твоите заповеди.
119:11 Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе.
119:12 Благословен си Ти, Господи! Научи ме на Твоите повелби.
119:13 Со устата своја ги разгласив сите уредби од устата Твоја.
119:14 По патот на Твоите сведоштва се насладувам како во секое богатство.
119:15 Ќе размислам за Твоите заповеди и ќе ги управувам очите мои на патот Твој.
119:16 Од повелбите Твои ќе се поучувам, нема да ги заборавам Твоите зборови.
119:17 Покажи милост кон Твојот слуга, и ќе живеам и ќе ги пазам Твоите зборови.
119:18 Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон.
119:19 Придојден сум на земјава, не сокривај ги од мене Твоите заповеди.
119:20 И копнее душата моја во секое време да ги сака Твоите уредби.
119:21 Ти ги укоруваш горделивите; проклети да се оние, кои се отклонуваат од Твоите заповеди.
119:22 Отстрани го од мене прекорот и презирот, зашто ги пазев Твоите прописи.
119:23 Кнезовите седат и ме клеветат, а Твојот слуга размислува за Твоите повелби.
119:24 Сведоштвата, пак, Твои се поука моја, а наредбите Твои – советници.
119:25 Душата моја лежи во прав: оживи ме според зборот Твој.
119:26 Патиштата мои Ти ги кажав, и Ти ме чу; научи ме на Твоите повелби.
119:27 Вразуми ме да го разберам патот на Твоите повелби и јас ќе размислувам за Твоите чудеса.
119:28 Душата моја засолзи од тага, зацврсти ме со зборовите Твои.
119:29 Отстрани го од мене патот на лагата и научи ме на законот Твој.
119:30 Го избрав патот на вистината, и не ги заборавив Твоите судови.
119:31 Се приврзав за сведоштвата Твои, Господи: не ме посрамувај.
119:32 Ќе брзам по патот на Твоите заповеди, кога ќе го прошириш моето разбирање.
119:33 Покажи ми го, Господи, патот на Твоите наредби и ќе се придржувам за нив до крај.
119:34 Поучи ме, и ќе се држам за законот Твој и ќе го пазам со сето срце свое.
119:35 Упати ме на патеката на Твоите заповеди, зашто многу ја засакав.
119:36 Приклони го срцето мое кон Твоите сведоштва, а не кон лакомства.
119:37 Сврти ги очите мои за да не гледам суета: оживи ме на Својот пат.
119:38 Во слугата Свој внеси збор Свој за да се бои од Тебе.
119:39 Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам, зашто Твоите уредби се прекрасни.
119:40 Ете, јас копнеам по Твоите правила: Оживеј ме според Својата праведност.
119:41 И нека милоста Твоја, Господи, пријде на мене, и спасението од Тебе според зборовите Твои, –
119:42 и јас ќе им одговорам на оние што ме навредуваат, зашто верувам во зборовите Твои.
119:43 Не одземај го сосема од устата моја словото на вистината, зашто јас се надевам на Твоите уредби.
119:44 И ќе го чувам Твојот закон засекогаш и во векови.
119:45 Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди.
119:46 И ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам;
119:47 им се насладувам на Твоите заповеди, кои многу ги засакав;
119:48 ќе ги протегнам рацете свои кон Твоите заповеди, кои ги возљубив, и ќе размислувам за Твоите наредби.
119:49 Спомни си за словото Твое кон Твојот слуга, со кое си му дал надеж.
119:50 Тоа ме утешува во неволјата моја, зашто Твоето слово ме оживува.
119:51 Горделивите жестоко ме напаѓаат, но јас не се отстранив од Твоите закони.
119:52 Кога си спомнувам за Твоите уредби од старина, Господи, се утешувам.
119:53 Лутина ме обзема од нечестивите што го напуштаат Твојот закон.
119:54 Повелбите Твои ми беа песна кога патував во некое место.
119:55 Ноќе го споменувам името Твое, Господи, и го пазам законот Твој.
119:56 Тој стана мој, зашто ги пазам Твоите правила.
119:57 Дел мој си Ти, Господи, – си реков – ќе го пазам законот Твој.
119:58 Му се помолив на лицето Твое од сѐ срце: помилуј ме, според словото Твое.
119:59 Размислувам за Твоите патишта и ги свртувам нозете мои кон Твоите уредби.
119:60 Брзам и не се колебам да ги запазам Твоите заповеди.
119:61 Замки од нечестиви ме опкружија, но јас не го заборавив Твојот закон.
119:62 На полноќ станувам да Те величам поради Твоите праведни уредби.
119:63 Јас сум меѓу оние што се бојат од Тебе и кои ги пазат Твоите правила.
119:64 Со Твојата милост, Господи, Земјата е полна; научи ме на Твоите повелби.
119:65 Добрини си му направил, Господи, на Твојот слуга според Твоето слово.
119:66 Научи ме на добро и на разумно, зашто верувам во Твоите заповеди.
119:67 Пред моето страдање бев застранил, а сега го пазам Твојот збор.
119:68 Ти си добар, Господи, и поради добрината Твоја научи ме на Твоите повелби.
119:69 Се зголеми неправдата од гордите врз мене, но јас од сѐ срце ги пазам Твоите правила.
119:70 Срцето им е бездушно како сало, но јас уживам со Твојот закон.
119:71 Добро ми е што бев понижен, за да се научам на Твоите повелби.
119:72 Законот на Твојата уста за мене е подобар отколку илјадници златници и сребреници.
119:73 Твоите раце ме создадоа и изградија: вразуми ме, и ќе се научам на Твоите заповеди.
119:74 Оние, кои се бојат од Тебе, кога ќе ме видат ќе се зарадуваат, затоа што се надевав во Твоите зборови.
119:75 Знам, Господи дека Твоите судови се праведни, и според справедливоста Твоја Ти ме казни.
119:76 Па нека ми биде милоста Твоја утеха, според Твоето слово кон Твојот слуга.
119:77 Нека пријде на мене Твојата штедрост, и јас ќе живеам, зашто законот Твој е утеха моја.
119:78 Нека се посрамат горделивите, зашто неправедно и без вина ме обвинуваат; а јас ќе размислувам за Твоите правила.
119:79 Нека ми се приклонат оние што се плашат од Тебе, за да ги научат Твоите уредби.
119:80 Нека биде срцето мое непорочно во Твоите повелби, та да не се посрамам.
119:81 Копнее душата моја за Твоето спасение; јас се надевам во Твоите зборови.
119:82 Очите мои попуштија од желба за Твоето слово, велејќи: кога ќе ме утешиш?
119:83 Зашто станав како мев во дим, но Твоите повелби не ги заборавив.
119:84 Колку долго ќе чека Твојот слуга? Кога ќе извршиш суд над моите гонители?
119:85 Горделивите ми ископаа јама; тие го кршат Твојот закон.
119:86 Сите Твои заповеди се вистина. Неправедно ме гонат: помогни ми!
119:87 За малку ќе ме убиеја на земјата, но јас не ги оставив Твоите заповеди.
119:88 Според Твојата милост зачувај ми го животот, и јас ќе ги пазам сведоштвата од Твојата уста.
119:89 Ти постоиш вечно, Господи; Твоето слово засекогаш е утврдено на небото;
119:90 Твојата верност е од род во род. Ти си ја поставил Земјата, и таа стои.
119:91 Според Твоја волја постојат денес; сѐ што постои, Тебе ти служи.
119:92 Да не беше Твојот закон утеха за мене, јас ќе загинев во неволјата своја.
119:93 Никогаш нема да ги заборавам Твоите правила, зашто преку нив ме оживуваш.
119:94 Твој сум јас, спаси ме, зашто ги барав Твоите правила.
119:95 Нечестивите демнат за да ме убијат, но јас пазам на уредбите Твои.
119:96 Го видов крајот на секое совршенство, но Твоите заповеди се безгранични.
119:97 Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него.
119:98 Со Твојата заповед ме направи помудар од непријателите мои, зашто таа е секогаш со мене.
119:99 Станав поразумен од сите учители мои, зашто сведоштвата Твои се моја поука.
119:100 Поумен станав од старите, зашто ги пазам Твоите заповеди.
119:101 Ги задржувам нозете свои од секаков лош пат, за да го пазам словото Твое.
119:102 Од твоите уредби нема да се откажам, зашто Ти ме поучи.
119:103 Колку се слатки за грлото мое зборовите Твои, послатки се од мед во устата моја.
119:104 Преку твоите заповеди станав разумен; затоа го замразив секој лажен пат.
119:105 Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја.
119:106 Се заколнав и реков дека ќе ги пазам Твоите праведни судови, и ќе ги исполнувам.
119:107 Многу сум нажален, оживи ме, Господи, поради Твоето слово.
119:108 Прими ги моите благодарници, Господи, и научи ме на Твоите уредби.
119:109 Животот ми е постојано во опасност, но Твојот закон не го заборавив.
119:110 Нечестивите ми поставија замка, но јас не се отстранив од Твоите заповеди.
119:111 Твоите уредби ми се вечно наследство, тие се голема радост за срцето мое.
119:112 Го натерав срцето свое да ги извршува повелбите Твои, секогаш и до крај.
119:113 Оние со дволично срце ги замразив, но Твојот закон го сакам.
119:114 Ти си ми заштита и штит: во Твоето слово се надевам.
119:115 Иставете се од мене злосторници, за да ги запазам заповедите на мојот Бог.
119:116 Поддржи ме според Твоето слово, и јас ќе живеам; не посрамувај ме во надежта моја;
119:117 помогни ми, и ќе се спасам: и Твоите повелби постојано ќе ги пазам.
119:118 Ти ги презираш оние, кои отстапуваат од Твоите повелби, зашто нивните мисли се неправедни.
119:119 Сите грешници земни ги сметаш за 'рѓа, затоа засекогаш ги засакав Твоите уредби.
119:120 Од страв пред Тебе трепери телото мое, и од Твоите судови се плашам.
119:121 Го правев она што е право и праведно; не предавај ме на моите угнетувачи.
119:122 Заложи се за доброто на Својот слуга, та да не ме сотрат горделивите.
119:123 Очите ми копнеат, очекувајќи го спасението од Тебе, и словото на Твојата правда.
119:124 Постапи со Твојот слуга според милоста Своја и научи ме на Твоите повелби.
119:125 Слуга Твој сум јас: вразуми ме и ќе ги познаам уредбите Твои.
119:126 Време е, Господи, да се дејствува: Твојот закон го осквернија.
119:127 Затоа ги засакав заповедите Твои и од топаз и од злато повеќе.
119:128 Затоа се управував според сите Твои заповеди и лажниот пат го замразив.
119:129 Прекрасни се Твоите сведоштва: затоа душата моја ги запазува.
119:130 Објавувањето на Твоите зборови просветува и скромните ги вразумува.
119:131 Со отворена уста копнеам, зашто жеден сум за Твоите заповеди.
119:132 Погледај кон мене и помилуј ме, како што постапуваш со оние, кои го сакаат Твоето име.
119:133 Управувај ги стапките мои според Твоето слово и не допуштај со мене да овладее никакво беззаконие.
119:134 Избави ме од човечко насилство за да ги пазам Твоите заповеди,
119:135 озари го Твојот слуга со светлината на лицето Твое, и научи ме на Твоите заповеди.
119:136 Од очите мои потоци солзи течат, зашто не го пазат Твојот закон.
119:137 Праведен си Ти, Господи, и праведни се Твоите пресуди.
119:138 Твоите сведоштва, што си ги дал, се засновани на правда и целосна вистина.
119:139 Ревноста моја ме јаде, зашто непријателите мои ги заборавија Твоите слова.
119:140 Твоето слово е темелно испитано, и Твојот слуга го сака.
119:141 Мал сум и презрен, но Твоите правила не ги заборавив.
119:142 Твојата праведност е вечна праведност, и Твојот закон е вистина.
119:143 Скрб и мака ме обзедоа; Твоите заповеди се моето уживање.
119:144 Твоите уредби се праведни довека; вразуми ме, и ќе живеам.
119:145 Те повикувам со сето срце мое, услиши ме, Господи, – и ќе ги пазам повелбите Твои.
119:146 Тебе Те повикувам: спаси ме, за да ги пазам Твоите уредби.
119:147 Ја испреварувам зората и викам; на Твоето слово се надевам.
119:148 Очите мои се отвораат пред утринската стража, за да се поучам на Твоите слова.
119:149 Чуј го мојот глас, според милоста Своја, Господи; според Твојата правда, зачувај ме во живот.
119:150 Се приближија оние што ме прогонуваат со зла намера; од законот Твој тие се оддалечија.
119:151 Но Ти си близок, Господи, и сите Твои заповеди се вистина.
119:152 Одамна знам за Твоите уредби, зашто си ги утврдил засекогаш.
119:153 Погледај на мојата потиштеност и избави ме, зашто не го заборавив Твојот закон.
119:154 Пресуди според мојата правда и искупи ме; заради словото Твое оживеј ме.
119:155 Далеку е спасението од нечестивите, зашто тие не ги бараат Твоите повелби.
119:156 Голема е Твојата милост, Господи, според Твојата правда оживи ме.
119:157 Многумина ме гонеа и мачеа, но од Твоите уредби јас не отстапив.
119:158 Ги гледам неверниците и се гнасам, зашто словата Твои не ги пазат.
119:159 Погледни како ги сакам заповедите Твои, запази ми го животот, Господи, поради Твојата милост.
119:160 Вистината е основа на Твоите слова; и секоја Твоја праведна одредба трае вечно.
119:161 Кнезовите ме гонат без вина, но срцето мое се плаши само од Твоите зборови.
119:162 Се радувам на Твоето слово, како оној кој нашол големо благо.
119:163 Ја замразив неправдата и се гнасам од неа; а Твојот закон го сакам.
119:164 Седумпати на ден Те прославувам за Твоите праведни одредби.
119:165 Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон, и за нив нема соблазна.
119:166 Го чекам спасението од Тебе, Господи, и Твоите заповеди ги извршувам.
119:167 Душата моја ги пази Твоите уредби, и јас многу ги засакав.
119:168 Ги пазам Твоите заповеди и Твоите сведоштва, зашто сите мои патишта се пред Тебе, Господи.
119:169 Нека допре до Тебе молбата моја, Господи; вразуми ме според Твоите зборови.
119:170 Нека барањето мое дојде пред Тебе; избави ме според Твоето слово.
119:171 Од устата моја нека се произнесе похвала, кога ќе ме научиш на Твоите повелби.
119:172 Јазикот мој нека ги разгласи Твоите зборови, зашто сите Твои заповеди се праведни.
119:173 Нека ми биде Твојата рака на спасение, зашто Твоите заповеди ги избрав.
119:174 Копнеам, Господи, за спасение од Тебе и Твојот закон е мојата наслада.
119:175 Нека живее душата моја и нека Те слави; и Твоите уредби нека ми помогнат.
119:176 Се заблудив како загубена овца: побарај го Твојот слуга, зашто не ги заборавив Твоите заповеди.
Glava 120
120:1 Кон Господа повикав во потиштеноста своја, и Тој ме услиши.
120:2 Господи, избави ја душата моја од лажлива уста и од измамнички јазик.
120:3 Што ќе ти се даде и уште што ќе ти се направи, лажлив јазику?
120:4 Изострени стрели на силник, разгорени со пустински јаглен!
120:5 Тешко мене, што морам да живеам во Мешех, да престојувам во шаторите кидарски.
120:6 Долго живееше душата моја со оние што го мразат мирот.
120:7 Јас сум за мир, но штом проговорам – тие се за војна.
Glava 121
121:1 Ги кренав очите кон горите; од каде помош ќе ми пристигне?
121:2 Мојата помош е од Господ, Кој ги создаде небото и Земјата.
121:3 Тој нема да дозволи да се помести ногата твоја; нема да задреме Оној, Кој те пази;
121:4 не дреме и не спие Оној, Кој го пази Израел.
121:5 Господ е Твој чувар; Господ е твоја закрила од кај твојата десна рака.
121:6 Сонцето дење нема да те гори, ниту месечината ноќе ќе ти штети.
121:7 Господ ќе те запази од секакво зло и ќе ја чува душата твоја.
121:8 Господ ќе го пази излегувањето твое и влегувањето твое отсега и довека.
Glava 122
122:1 Се зарадував кога ми рекоа: „Да одиме во домот Господов!“
122:2 Ете, нозете наши стојат во твоите дворови, Ерусалиме, –
122:3 Ерусалим, кој е изграден како град, излиен во една целина.
122:4 Таму се искачуваат племињата, Господовите племиња, сведоштвото Израелско, за да се слави името Господово.
122:5 Зашто таму се поставија престолите судиски, престолите на домот Давидов.
122:6 Молете се за мир за Ерусалим и нека им биде добро на оние, кои те сакаат!
122:7 Нека има мир околу ѕидовите твои и спокојство во кулите твои.
122:8 Поради браќата мои и блиските мои ќе речам: „Мир во тебе!“
122:9 Заради домот на Господ, нашиот Бог, ти пожелувам добро.
Glava 123
123:1 Ги кревам очите мои кон Тебе, Кој царуваш на небесата.
123:2 Ете, како што се очите на слугите свртени кон рацете на господарите нивни, како очите на слугинката – кон раката на господарката нејзина, така и нашите очи гледаат кон Господ, нашиот Бог, сѐ додека не се смилува.
123:3 Смилувај се на нас, Господи, смилувај се, зашто многу сме понижени со презир;
123:4 зашто се преполни душата наша од надменоста на дрските и од презирот на горделивите.
Glava 124
124:1 Да не беше Господ со нас, – нека каже Израел, –
124:2 да не беше Господ со нас, кога луѓето се кренаа против нас, –
124:3 живи ќе нѐ проголтаа, кога пламна нивната јарост против нас;
124:4 вода ќе нѐ потопеше, поток ќе го однесеше животот наш;
124:5 бурна вода ќе ја однесеше нашата душа.
124:6 Нека е благословен Господ, Кој не нѐ предаде во плен на нивните заби.
124:7 Душата наша се избави како птица од примка на ловци: примката се скина, а ние се избавивме.
124:8 Помошта наша е во името на Господ, Кој ги создаде небото и Земјата.
Glava 125
125:1 Кои се надеваат во Господ, тие се како гората Сион: нема да се поколеба, ќе живее вечно.
125:2 Околу Ерусалим има гори, а Господ е околу Својот народ отсега и засекогаш.
125:3 Зашто Господ нема да го остави жезлото на грешниците врз земјата на праведните, за да не ги посегаат праведниците рацете свои кон беззаконие.
125:4 Господи, направи им добро на добрите и на оние со чисто срце.
125:5 А оние што свртуваат кон крив пат, нив Господ ќе ги одведе со оние што вршат беззаконие. Мир на Израел!
Glava 126
126:1 Кога Господ ги врати сионските заробеници, ние бевме како во сон;
126:2 тогаш устата ни се исполни со радост, и јазикот наш – со весела песна; тогаш меѓу незнабошците се говореше: „Големи дела изврши Господ над нив!“
126:3 Големи дела изврши Господ на нас: ние се развеселивме.
126:4 Врати ги, Господи заробените наши, како потоците во Негев.
126:5 Оние што сеат со солзи, нека жнеат со голема радост.
126:6 Одеа и плачеа оние што носеа свое семе; но со радост ќе се вратат, носејќи ги своите снопја.
Glava 127
127:1 Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудо ќе бдее стражата.
127:2 Залудно вие станувате рано, доцна легнувате и го јадете лебот уморни; на оние кои Тој ги сака ним им дава сон.
127:3 Ете, наследството Господово се синовите, дар од Него е породот.
127:4 Она што се стрелите во раката на силниот, тоа се младите синови.
127:5 Блажен е оној човек, кому му е исполнет тегарчикот со нив! Тие нема да се засрамат, кога ќе се препираат со непријателите нивни пред портите.
Glava 128
128:1 Блажени се оние, кои се бојат од Господ, кои одат по Неговите патишта!
128:2 Ќе јадеш од плодовите на рацете свои: блазе тебе и добро ќе живееш.
128:3 Жената во домот твој ќе биде како лоза плодовита, синовите твои – како новонасадени маслини околу трпезата твоја.
128:4 Ете, така ќе биде благословен оној човек кој се бои од Господ.
128:5 Господ ќе ги благослови од Сион; и ти ќе ги гледаш добрата ерусалимски во сите дни на твојот живот;
128:6 и ќе ги видиш синовите на синовите твои. Мир нека е на Израел!
Glava 129
129:1 Честопати тие ме напаѓаа уште од младоста моја – нека каже Израел.
129:2 Честопати тие ме напаѓаа од младоста моја, но не ме совладаа.
129:3 На плешките мои орачи ораа, долги бразди повлекуваа.
129:4 Но Господ праведен ги расече јажињата на нечестивите.
129:5 Нека се засрамат и нека се свртат назад сите, кои го мразат Сион!
129:6 Нека бидат како тревата на покрив, која се исушува пред да израсне,
129:7 со која жетварот нема да ја исполни раката своја, ни прегратката своја оној што ја врзува во снопови!
129:8 А минувачите да не викаат: „Благослов Господов на вас; ве благословуваме во името на Господ!“
Glava 130
130:1 Од длабочините викам кон Тебе, Господи.
130:2 Господи, чуј го гласот мој. Ушите Твои нека го чујат гласот на молењето мое, –
130:3 Господи, ако гледаш на беззаконијата, – тогаш кој ќе се одржи, Господи?
130:4 Но во Тебе има простување, за да Те почитуваат.
130:5 Заради името Твое, Господи, чекав долго на Тебе, чекаше душата моја на Твојот збор;
130:6 душата моја Го чека Господа: Од утрената стража па до ноќната, од утрената стража нека се надева Израел на Господ.
130:7 Зашто милоста е во Господ и голем е откупот во Него.
130:8 И Тој ќе го избави Израел од сите негови беззаконија.
Glava 131
131:1 Господи, срцето мое не се вознесува, ниту очите мои се креваат високо; не копнеам по големи работи ниту по она што е над моите сили.
131:2 Но ја скротив и ја успокоив душата моја како дете кон мајката своја; душата во мене е како кај доенче.
131:3 Нека се надева Израел на Господ отсега и довека.
Glava 132
132:1 Сети се, Господи, на Давид и на сета негова ревност,
132:2 како што се заколна пред Господ, и Му вети на Јакововиот Бог:
132:3 „Нема да влезам под шаторот на домот свој, и нема да легнам на леглото мое;
132:4 нема да им дадам сон на очите мои, ни дремка на веѓите мои, ниту одмор на слепоочниците мои,
132:5 додека не најдам место за Господ, дом за Јакововиот Бог.“
132:6 Ете, ние чувме дека е во Ефрата, го најдовме во Јаарските полиња;
132:7 да влеземе во неговиот дом, да се поклониме пред местата каде што стојат нозете негови.
132:8 Стани, Господи, дојди во местото каде што е Твојата почивка, Ти и светиот ковчег Твој.
132:9 Твоите свештеници нека се облечат во праведност; Твоите светии нека се зарадуваат.
132:10 Поради Давид, Твојот слуга, не одвраќај го лицето Свое од Твојот помазаник.
132:11 Му се заколна Господ на Давид со верност, и од неа нема да се откаже: „Од плодот на твојата утроба ќе поставам на престолот твој.
132:12 Ако твоите синови го пазат Мојот завет и Моите сведоштва, на кои ќе ги научам, тогаш и синовите нивни ќе седат вечно на твојот престол.“
132:13 Зашто Господ го избра Сион, Му омиле да живее во него.
132:14 „Тоа е моето одмориште засекогаш: тука ќе се населам, бидејќи многу го засакав.
132:15 Ќе го благословувам и преблагословувам трудот негов, сиромасите негови со леб ќе ги наситувам;
132:16 свештениците негови ќе ги облечам во спасение, и светиите негови радосно ќе воскликнуваат.
132:17 Таму ќе кренам рог за Давид, му подготвив светилник на Мојот помазаник.
132:18 Непријателите негови ќе ги облечам во срам, а на него ќе блешти круна.“
Glava 133
133:1 Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат еднодушно!
133:2 Тоа е како скапоцено миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова;
133:3 како роса Ермонска, која паѓа на горите Сионски, зашто Господ дал благослов и живот вечен.
Glava 134
134:1 Благословувајте Го сега Господа, сите слуги Господови, што стоите ноќе во домот Господов.
134:2 Кренете ги рацете ваши ноќе кон светилиштето и благословувајте Го Господа!
134:3 Нека те благослови Господ од Сион, Создателот на небото и Земјата.
Glava 135
135:1 Алилуја! Фалете го името Господово, фалете го, слуги Господови,
135:2 вие кои стоите во домот Господов, во дворовите од домот на нашиот Бог.
135:3 Фалете Го Господа, зашто Господ е добар; пејте Му на името Негово, зашто тоа е мило;
135:4 зашто Господ го избра Јаков за Себе, Израел за Свој сопствен посед.
135:5 Бидејќи знам дека Господ е велик и дека нашиот Господ е над сите богови:
135:6 Господ прави сѐ што ќе посака, на небото и на Земјата, во морињата и во сите бездни;
135:7 доведувајќи облаци од краиштата на земјата, молњи при дожд создаде, Тој, Кој ги изведува ветровите од скровиштата нивни,
135:8 Оној, Кој ги порази првородените во Египет од човек до добиток,
135:9 покажа знаци и чудеса среде тебе, Египте, на фараонот и врз сите слуги негови,
135:10 порази многу народи и истреби силни цареви:
135:11 Сихон, царот аморејски, и Ог, царот башански, и сите цареви ханански;
135:12 и му ја даде нивната земја во наследство на Својот народ Израел.
135:13 Господи, името Твое е вечно; Господи, споменот за Тебе е од род во род.
135:14 Зашто Господ ќе го штити Својот народ и ќе биде милостив над слугите Свои.
135:15 Идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на раце човечки;
135:16 имаат уста, но не говорат; имаат очи, но не гледаат;
135:17 имаат уши, но не слушаат ниту, пак, во устата нивна има здив.
135:18 Слични на нив ќе бидат и оние, кои ги прават, и секој кој на нив се надева.
135:19 Доме Израелов, благословувај Го Господа! Доме Аронов, благословувај Го Господа!
135:20 Доме Левиев, благословувај Го Господа! И вие, кои се боите од Господ, благословувајте Го Господа!
135:21 Нека е благословен Господ од Сион, Кој живее во Ерусалим!
Glava 136
136:1 Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова.
136:2 Славете Го Бог на боговите, зашто е вечна милоста Негова.
136:3 Славете Го Господа над господарите, зашто е вечна милоста Негова,
136:4 Единиот Кој прави големи чудеса, зашто е вечна милоста Негова;
136:5 Кој премудро го создаде небото, зашто е вечна милоста Негова;
136:6 Кој ја утврди Земјата врз водите, зашто е вечна милоста Негова;
136:7 Единиот Кој ги создаде големите светила, зашто е вечна милоста Негова;
136:8 сонцето – да управува со денот, зашто е вечна милоста Негова;
136:9 месечината и ѕвездите – да управуваат со ноќта, зашто е вечна милоста Негова.
136:10 Кој го порази Египет и првородените негови, зашто е вечна милоста Негова;
136:11 Кој го изведе Израел од средината нивна, зашто е вечна милоста Негова;
136:12 со цврста рака и подигната мишка, зашто е вечна милоста Негова;
136:13 Кој го раздвои Црвеното Море, зашто е вечна милоста Негова;
136:14 и го преведе Израел среде него, зашто е вечна милоста Негова;
136:15 а фараонот и војската негова ги фрли во Црвеното Море, зашто е вечна милоста Негова.
136:16 Кој го преведе Својот народ преку пустината, зашто е вечна милоста Негова;
136:17 Кој порази големи цареви, зашто е вечна милоста Негова;
136:18 и ги погуби силните цареви, зашто е вечна милоста Негова;
136:19 Сихон, царот аморејски, зашто е вечна милоста Негова;
136:20 и Ог, царот башански, зашто е вечна милоста Негова;
136:21 и му ја даде земјата во наследство, зашто е вечна милоста Негова;
136:22 во наследство на Својот слуга, Израел, зашто е вечна милоста Негова;
136:23 Кој се сеќава на нас во нашето понижување, зашто е вечна милоста Негова;
136:24 и нѐ избавува од непријателите наши, зашто е вечна милоста Негова;
136:25 и Кој дава храна на секоја плот, зашто е вечна милоста Негова.
136:26 Славете Го небесниот Бог, зашто е вечна милоста Негова.
Glava 137
137:1 Крај реките вавилонски – таму седевме и плачевме, кога ќе се сетевме на Сион;
137:2 на врбите, среде Вавилон, ги закачивме нашите харфи.
137:3 Зашто таму, оние што нѐ заробија и кои нѐ одведоа, побараа од нас радосна песна, велејќи ни: „Пејте ни од песните сионски!“
137:4 Како да запееме Господова песна на туѓа земја?
137:5 Ако те заборавам тебе, Ерусалиме, – нека ме заборави мојата десница,
137:6 нека се залепи јазикот мој за непцето мое, ако не те помнам, ако не го поставам Ерусалим над секоја моја радост.
137:7 Сети се, Господи, на синовите Едомови, во денот на Ерусалим, кога тие говореа: „Разрушете, разрушете го до темелите негови!“
137:8 Ќерко вавилонска, опустошителко, блажен е оној, што ќе ти врати за делото што ни го направи!
137:9 Блажен е оној што ќе ги заграби и ќе ги разбие од камен децата твои.
Glava 138
138:1 Ќе Те славам Тебе, Господи, со сето срце свое и ќе Ти пеам пред ангелите Твои, зашто ги слушна сите зборови на устата моја.
138:2 Се поклонувам пред светиот Твој храм и го славам името Твое за милоста Твоја и за верноста Твоја, зашто го возвеличи името Свое свето над сѐ.
138:3 Во оној ден кога ќе Те повикам, услиши ме брзо, внеси бодрост во душата моја.
138:4 Ќе Те прославуваат, Господи, сите земни цареви, штом ќе ги чујат зборовите од Твојата уста,
138:5 и ќе воспеваат за патиштата Господови, зашто е голема славата Господова.
138:6 Зашто возвишен е Господ: и понизниот го гледа, а горделивиот оддалеку го познава.
138:7 Кога ќе се најдам во неволји – Ти живот ми даваш, ја пружаш раката и Твојата десница ме спасува.
138:8 Господ ќе направи што е добро за мене! Твојата милост, Господи, е вечна; делата на рацете Свои не оставај ги!
Glava 139
139:1 Господи, Ти си ме испитал и ме знаеш.
139:2 Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалеку ги разбираш мислите мои.
139:3 Одам или лежам, Ти сѐ гледаш, сите патишта мои си ги предвидел.
139:4 Уште зборови не ми дошле до јазикот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш:
139:5 Ти ме опкружуваш, зад мене си, пред мене си; раката Твоја е положена над мене.
139:6 Се восхитувам на Твоето знаење, – тоа е превисоко, не можам да му пријдам!
139:7 Каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам?
139:8 Ако се искачам на небото – Ти си таму; ако слезам во Подземјето, Ти си и тука.
139:9 Ако ги земам крилјата на зората и се преселам на крајот од морето, –
139:10 и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи.
139:11 Ако речам: можеби темнина ќе ме покрие, но и ноќта е како светлина околу мене;
139:12 и темнината нема да биде темнина за Тебе; и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина.
139:13 Зашто Ти си ја создал мојата внатрешност и ме оформи во мајчината ми утроба.
139:14 Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го знае.
139:15 Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, додека настанував во тајност, исткаен во длабините на земјата.
139:16 Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден.
139:17 Колку ми се недостапни Твоите мисли, Боже, колку се многубројни!
139:18 Да ги пребројам – но тие се побројни и од песокот; се будам и сѐ уште сум со Тебе.
139:19 Кога би сакал да ги убиеш, Боже, грешниците; иставете се од мене, крвопијци!
139:20 Подмолни се во помислите свои, суетно се креваат Твоите непријатели.
139:21 Зар не ги замразив оние, Господи, кои Тебе Те мразат, и зар не се гнасам од непријателите Твои?
139:22 Со полна омраза ги замразив; ги сметам за непријатели.
139:23 Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; испитај ме и запознај ги патеките мои;
139:24 и види дали сум на пат на беззаконија, и упати ме на вечен пат.
Glava 140
140:1 Спаси ме, Господи, од злобен човек и избави ме од насилници;
140:2 тие смислија зло во срцето свое, секој ден зачнуваат војни;
140:3 ги изострија јазиците свои како змија; под устите им е аспидин отров.
140:4 Запази, ме, Господи, од рацете на нечестив човек. Избави ме од луѓе насилници, кои смислија да ми подметнат нога.
140:5 Горделивите тајно поставија стапица, и распнаа примки од јажиња за мене; на патот ми поставија примка.
140:6 Јас Му реков на Господ: Ти си Бог мој: слушни го, Господи, гласот на моето молење.
140:7 Господи, Господи, сило на моето спасение! Ти, Кој во денот на битката ја засолни главата моја,
140:8 не давај, Господи, да му се исполни желбата на нечестивиот; не давај да постигнат, што намислија за да не се возгордеат.
140:9 Главата своја да не ја подигнат оние што ме опколија; нека падне врз нив злобата на нивната сопствена уста.
140:10 Нека паднат врз нив жарени јаглења; да бидат фрлени во јама, па да не станат.
140:11 Клеветникот нема да се одржи на земјава; злото ќе го одвлече неправедниот човек во погибел.
140:12 Знам дека Господ ќе покаже правда за угнетените и милост за сиромасите.
140:13 Да, праведниците ќе го исповедаат името Твое, и непорочните ќе се населат пред лицето Твое.
Glava 141
141:1 Господи, кон Тебе повикав: слушни ме, чуј го гласот на молењето мое, кога повикувам кон Тебе!
141:2 Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан, а воздигањето на рацете мои – како жртва вечерна.
141:3 Постави, Господи, стража пред устата моја и врата на усните мои;
141:4 не давај да застрани срцето мое кон зло, да врши грешни дела заедно со луѓето, кои вршат беззаконија; јас нема да се гоштевам од нивните наслади!
141:5 Праведниот нека ме казнува, светиот нека ме изобличува, но не давај миро на грешник да ја помаже главата моја; зашто и молитвата моја се противи на нивната злоба.
141:6 Кога ќе бидат предадени на оние што ќе ги казнат, тогаш ќе сфатат дека моите зборови беа пријатни.
141:7 Како кога грутка земја ќе падне се растура, така ќе се растурат коските нивни во пеколот.
141:8 Но кон Тебе, Господи, Господи, се управени очите мои; во Тебе се надевам, не оставај ме без одбрана!
141:9 Запази ме од стапиците што ми ги поставија, и од примките на оние што вршат беззаконија.
141:10 Грешниците нека паднат во своите мрежи, додека јас да поминам.
Glava 142
142:1 Со гласот свој викам кон Господ, со гласот свој Му се молам на Господ.
142:2 Ќе го излијам пред Него молењето мое: маката моја пред Него ќе ја кажам.
142:3 Ако изнемошти духот мој, Ти ја знаеш мојата патека, на патот, по кој одев, тие скришно примки ми поставија.
142:4 Се обѕирав надесно и гледав, а таму никој кој ме познава: нема каде да избегам; никој не се грижи за душата моја.
142:5 Повикав кон тебе, Господи, и реков: „Ти си мојата надеж и мој дел во земјата на живите.
142:6 Прими ја молитвата моја, зашто многу сум понижен; избави ме од моите гонители, зашто тие се посилни од мене.
142:7 Изведи ја од темнина душата моја, за да го прославувам името Твое. Околу мене ќе се соберат праведните, зашто Ти ќе постапиш добро со мене.“
Glava 143
143:1 Господи, слушни ја молитвата моја, чуј го молењето мое поради Твојата верност; услиши ме според Твојата праведност
143:2 и не стапувај во суд со Твојот слуга, зашто пред Тебе нема да се оправда ниту еден од живите.
143:3 Непријателот ја прогонува душата моја, го скршил животот мој дури до земјата, ме остави во темнина како оние кои се одамна умрени;
143:4 опадна духот мој во мене, се скамени во мене срцето мое.
143:5 Се сеќавам на дамнешните дни и размислувам за сите Твои дела, расудувам за делата на Твоите раце.
143:6 Ги протегнав кон Тебе рацете мои, душата моја е жедна за Тебе како сува земја.
143:7 Услиши ме, поскоро, Господи: духот мој премале; не одвраќај го лицето Свое од мене, за да не заприлегам на оние, што слегуваат во гроб.
143:8 Соопшти ми ја рано милоста Твоја, зашто во Тебе се надевам, Господи. Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам, зашто кон Тебе ја издигам душата своја.
143:9 Избави ме, Господи, од моите непријатели, зашто кај Тебе прибегнав.
143:10 Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја, зашто Ти си мојот Бог. Твојот благ дух нека ме води по прав пат.
143:11 Заради Твоето име, Господи, зачувај ми го животот; поради Твојата праведност – избави ја од неволја душата моја.
143:12 Според милоста Твоја истреби ги непријателите мои и погуби ги сите, кои ја измачуваат душата моја, зашто јас сум слуга Твој.
Glava 144
144:1 Нека е благословен Господ, Карпата моја, Кој ги учи рацете мои за борба и прстите мои за војна.
144:2 Тој е милост моја и прибежиште мое, мој застапник и избавител мој – и јас на Него се надевам. Тој ми го потчинува мојот народ мене.
144:3 Господи, што е човекот, па внимаваш на него, или син човечки – та да се сеќаваш на него?
144:4 Човекот е како здив; дните негови одминуваат како сенка.
144:5 Господи, приклони ги небесата Свои и слези; допри се до горите, и тие ќе се здимат;
144:6 болсни со молњи и растерај ги, пушти ги стрелите Свои и распрсни ги;
144:7 подај ја раката Твоја од височини, изведи ме и избави ме од многуте води, од рацете на туѓински синови,
144:8 чии усти кажуваат лага и чија десница е десница на неправдата.
144:9 Боже, нова песна ќе Ти испеам, ќе Ти свирам на харфа со десет жици.
144:10 Ти им даруваш спасение на царевите, Ти го избави Твојот слуга Давид од остар меч.
144:11 Избави ме и отми ме од рацете на туѓинските синови, чии усти лага говореа и чија десница е десница на неправдата.
144:12 Дај синовите наши да се како нови насади во младоста своја, нашите ќерки – накитени и украсени како столбови во храмот.
144:13 Да ни бидат полни житниците наши, во изобилие со секаква храна; да се плодат овците наши по пасиштата свои.
144:14 И воловите да ни се угоени, да нема паѓање на оградите, ни ропство, ниту офкање по улиците наши.
144:15 Блажен е оној народ, кој го има тоа! Блажен е оној народ, на кого Господ му е Бог!
Glava 145
145:1 Ќе Те превознесувам, Боже мој, царе мој, и ќе го благословувам името Твое сега, секогаш и во сите векови.
145:2 Секој ден ќе Те благословувам и ќе го фалам името Твое сега, секогаш и во сите векови.
145:3 Велик е Господ и достоен за голема похвала и величието Негово нема крај.
145:4 Од род во род ќе се фалат делата Твои и за силата Твоја ќе се прикажува.
145:5 За велелепната слава на Твојата светост ќе зборуваат и за Твоите чудеса ќе известуваат.
145:6 Ќе говорат и за силата на Твоите страшни дела, и ќе прикажуваат и за Твоето величие.
145:7 Ќе ја воспеваат славата на Твојата изобилна добрина, и ќе се радуваат на Твојата праведност.
145:8 Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив.
145:9 Добар е Господ спрема сите, и Неговите милости се во сите Негови дела.
145:10 Нека Те прославуваат, Господи, сите Твои дела, и нека Те благословуваат светиите Твои,
145:11 и нека ја проповедаат славата на Твоето царство, а да прикажуваат и за силата Твоја.
145:12 За да им се кажува на синовите човечки, за Твојата сила и за велелепната слава на Твоето царство.
145:13 Твоето царство е царство на сите векови, а владеењето Твое над сите поколенија; верен е Господ во сите Свои зборови и свет во сите Свои дела.
145:14 Господ ги придржува сите што паѓаат и ги подига свитканите.
145:15 Очите на сите се управени кон Тебе, и Ти им ја даваш нивната храна навреме;
145:16 Ти ја отвораш раката Твоја и исполнуваш сѐ што е живо со сите негови потреби.
145:17 Праведен е Господ во сите Свои патишта и свет во сите Свои дела.
145:18 Близу е Господ до сите, кои Го повикуваат, до сите, кои вистински Го призиваат.
145:19 Тој им ја исполнува желбата на оние, кои се бојат од Него, ги услишува молитвите нивни, и ги спасува.
145:20 Господ ги пази сите кои Го сакаат, а сите грешници ќе ги истреби.
145:21 Устата моја ќе Му искаже похвала на Господ; секое тело ќе го благословува името свето, сега, секогаш и во сите векови.
Glava 146
146:1 Фали Го, душо моја, Господа!
146:2 Ќе Го фалам Господа додека сум жив; ќе Му пеам на мојот Бог додека постојам.
146:3 Не надевајте се во кнезовите и во синовите човечки, во нив нема спасение.
146:4 Излегува духот негов и тој се враќа во земјата: во тој ден исчезнуваат сите негови планови.
146:5 Блажен е оној, кому му е помошник Јакововиот Бог и чија надеж е во Господ, неговиот Бог,
146:6 Кој ги создаде небото и Земјата, морето и сѐ што е во нив, Кој вечно ја пази вистината,
146:7 Кој извршува правда за угнетените, им дава леб на гладните; Господ крши окови на затворени.
146:8 Господ им ги отвора очите на слепите, Господ ги исправа подгрбавените, Господ ги сака праведните.
146:9 Господ ги пази придојдените, ги поддржува сираците и вдовиците, а патот на нечестивите го разурнува.
146:10 Господ ќе царува вечно; твојот Бог, Сионе, е од род в род.
Glava 147
147:1 Фалете Го Господа, зашто е добро да Му се пее на нашиот Бог, зашто на Добриот Му прилега похвала.
147:2 Господ го гради Ерусалим и ќе ги собере расеаните синови на Израел.
147:3 Тој ги исцелува скршените по срце и ги преврзува раните нивни.
147:4 Го определува бројот на ѕвездите и на сите им дава име.
147:5 Велик е Господ наш и голема е силата Негова, а разумот Негов – неизмерлив е.
147:6 Господ ги подига понижените, а грешниците ги понижува до земја.
147:7 Пејте Му секогаш славословија на Господ: на лира пејте Му на нашиот Бог,
147:8 Кој го покрива небото со облаци, подготвува дожд за земјата, прави да расте трева по горите и растенијата за полза на човекот,
147:9 на добитокот му ја дава храната негова и на малите врани кога гракаат.
147:10 На коњската сила не гледа Тој, ниту Му е мила брзината на човечките нозе.
147:11 Господ ги почитува оние, кои се бојат од Него и кои се надеваат во Неговата милост.
147:12 Слави Го, Ерусалиме, Господа; пофали Го, Сионе, твојот Бог.
147:13 Тој ги зацврсти резињата на вратите твои, ги благословува твоите синови во Тебе;
147:14 го утврдува мирот во Твоите предели, со јадра пченица те заситува;
147:15 го испраќа на земјата Своето слово; Неговиот збор брзо оди;
147:16 дава снег како волна; сипува мраз како пепел;
147:17 фрла град Свој како залаци; пред Неговиот мраз кој може да устои?
147:18 Ќе го испрати Својот збор, и сѐ се растопува; ќе дувне со ветрот Свој, и води потекуваат.
147:19 Тој му го објави словото Свое на Јаков, Своите повелби и Своите уредби – на Израел.
147:20 За никој друг народ Тој не го направил тоа, и Своите судови ним не им ги јавил.
Glava 148
148:1 Алилуја! Фалете Го Господа на небесата, фалете Го, на висините.
148:2 Фалете Го, сите ангели Негови, фалете Го, сите војски Негови.
148:3 Фалете Го, сонце и месечино, фалете Го сите ѕвезди и светила.
148:4 Фалете Го, небеса на небесата и води над небесата.
148:5 Нека го фалат името на Господ, зашто Тој заповеда – и се создадоа;
148:6 ги постави засекогаш и за вечни времиња; даде наредби кои нема да се нарушат.
148:7 Фалете Го Господа од Земјата, вие, сите чудовишта и бездни;
148:8 огнот и градот, снегот и мразот, и ти, бурен ветру, кој го исполнуваш словото Негово;
148:9 гори и сите возвишенија, плодородни дрвја и сите кедри,
148:10 ѕверови и сиот добиток, влекачи и птици крилати,
148:11 цареви земни и сите народи, кнезови и сите земни судии,
148:12 момчиња и девојки, старци и деца –
148:13 сите нека го фалат името на Господ; зашто е само Неговото име возвишено; Него Го фалат на небото и на Земјата.
148:14 Тој ќе ја подигне силата на Својот народ; Тој ги прославува сите Свои светии, синовите Израелови, на народот, кој Му е близок.
Glava 149
149:1 Алилуја! Запејте Му на Господ нова песна; похвала за Него да се чуе во храмот на светиите.
149:2 Нека се весели Израел на Својот Создател; а синовите на Сион нека се радуваат на својот Цар.
149:3 Нека го фалат името Негово во оро, со тимпани и со лири нека Го слават,
149:4 зашто Господ го сака Својот народ и ќе ги возвиши кротките, спасувајќи ги.
149:5 Ќе се развеселат светиите во слава, ќе се зарадуваат врз леглата свои.
149:6 Славословија за Бога ќе има во устите нивни и двоостер меч – во рацете нивни,
149:7 за да извршат одмазда над народите, за казна над племињата,
149:8 да ги врзат во верига царевите нивни и нивните властелини – со железни окови на рацете;
149:9 да го извршат над нив напишаниот суд. Тоа ќе биде славата за сите Негови светии.
Glava 150
150:1 Алилуја! Фалете Го Бога во Неговата светиња, фалете Го во цврстината на силата Негова.
150:2 Фалете Го поради Неговите силни дела, фалете Го поради многуте величија Негови.
150:3 Фалете Го со трубен звук, фалете Го со харфа и цитра.
150:4 Фалете Го со тимпани и во оро, фалете го на струни и со свирка;
150:5 фалете Го со милозвучни цимбали, фалете Го со кимвали громогласни!
150:6 Сѐ што дише – нека Го фали Господа! Алилуја.