Prva Timotej
Glava 1
1:1 Павле, апостол на Исус Христос, по повелба на Бога нашиот Спасител и Господ Исус Христос, нашата надеж,
1:2 до Тимотеј, вистинското чедо по вера. Благодат, милост и мир од Бог Отецот наш и Христос Исус нашиот Господ!
1:3 Како што на тргнување за Македонија те молев да останеш во Ефес да им заповедаш на некои да не проповедаат друго учење,
1:4 и да не се занимаваат со басни и бескрајни родословија, кои повеќе предизвикуваат расправии, отколку Божјо устројство во верата.
1:5 А целта на оваа заповед е: љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера.
1:6 Некои, откако не ги постигнаа тие работи, се оддадоа во празнословија,
1:7 и сакаат да бидат учители по Законот, но не разбираат ни што зборуваат, ниту што тврдат.
1:8 А ние знеме дека Законот е добар, ако некој законски го применува.
1:9 Знаејќи дека Законот не е установен за праведник, туку за беззаконици и непокорници, за нечестиви и за грешници, за неправедни и осквернители, за таткоубијци и мајкоубијци, за човекоубијци,
1:10 за блудници, за мажеложници, трговци со робје, клетвопрестапници, скотоложници, лажливци, и за сѐ друго, што е спротивно на здравата наука,
1:11 според славното Евангелие на блажениот Бог, кое ми е мене доверено.
1:12 Му благодарам на Христос Исус, нашиот Господ, Кој ми даде сили, зашто сметаше дека заслужувам доверба, кога мене ме постави на служба,
1:13 мене, кој порано бев хулител, гонител и насилник; но ме помилува, бидејќи тоа го правев без да знам, во неверие.
1:14 Но заедно со верата и љубовта во Христос Исус изобилуваше и благодатта на нашиот Господ.
1:15 Верен е тој збор и достоен е сосема да се прифати: Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас.
1:16 Па затоа бев помилуван, за да ја покаже Исус Христос прво на мене сета долготрпеливост, како пример на оние кои ќе поверуваат во Него за живот вечен.
1:17 А на Царот на вековите, на Нераспадливиот, Невидливиот, Единствен Премудар Бог – нека е чест и слава во сите векови. Амин!
1:18 Чедо Тимотеј, оваа заповед ти ја предавам според пророштвата кои прво тебе те посочија да се бориш како добар војник потпирајќи се на нив,
1:19 имајќи вера и добра совест, која некои ја отфрлија и претрпеа бродолом во верата;
1:20 меѓу нив се Именеј и Александар, што ги предадов на сатаната за да се научат да не хулат.
Glava 2
2:1 Молам, пред сѐ, да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе:
2:2 за царевите и за сите што се на власт, та да поживееме тих и мирен живот во потполна побожност и достоинство.
2:3 Тоа е добро и угодно пред нашиот Спасител Бог,
2:4 Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината.
2:5 Зашто еден е Бог и еден е Посредник меѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус,
2:6 Кој се даде Себе како откуп за сите – а тоа се посведочи во свое време;
2:7 па затоа сум поставен како проповедник и апостол – зборувам вистина во Христос, не лажам – како учител на незнабошците во верата и вистината.
2:8 Мажите сакам да се молат на секое место, кревајќи чисти раце без гнев и расправии.
2:9 Исто така и жените, облечени пристојно, со срамежливост и чесност да се украсуваат, не со плетенки, ни со злато, со бисери, или со скапоцени облеки,
2:10 туку со добри дела, како што им прилега на жени што ѝ се посветуваат на побожноста.
2:11 Жената нека прима поука во мир и потполна потчинетост.
2:12 На жената не ѝ допуштам да поучува, ниту да господари над мажот, туку да биде мирна.
2:13 Бидејќи најпрвин беше создаден Адам, а потоа Ева;
2:14 и Адам не беше измамен, туку жената беше измамена и направи престап.
2:15 Но ќе се спаси преку раѓање деца, ако остане во верата, љубовта и во светоста со разборитост.
Glava 3
3:1 Верно е словото: тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра работа.
3:2 Епископот треба да е непорочен, маж само на една жена, разбран, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува;
3:3 не пијаница, ни насилник, ни алчен, туку кроток, мирољубив и не среброљубив;
3:4 својата куќа добро да ја управува и да ги држи чедата во послушност со сета сериозност.
3:5 Зашто, кој не умее да ја управува својата куќа, како тогаш ќе се грижи за Црквата Божја?
3:6 Да не е новопокрстен, за да не се возгордее и да падне под осуда, како ѓаволот.
3:7 Тој треба уште да има и добар углед кај надворешните за да не биде укоруван и да не падне во стапицата на ѓаволот.
3:8 Ѓаконите, исто така, треба да бидат чесни, не дволични, да не се страсни за вино, ниту алчни за гнасна печалба;
3:9 да ја пазат тајната на верата со чиста совест.
3:10 И тие треба најнапред да бидат испитани, та после, ако се непорочни, да станат служители.
3:11 Исто така и нивните жени треба да бидат чесни, да не се клеветнички, туку трезвени и верни во сѐ.
3:12 Ѓаконите треба да бидат мажи на една жена, добро да управуваат со децата свои и куќата своја.
3:13 Зашто оние што служат добро како ѓакони, се здобиваат со угледна положба и голема смелост во верата што ја имаат во Исус Христос.
3:14 А ова ти го пишувам со надеж дека скоро ќе дојдам кај тебе.
3:15 А, ако случајно се позабавам, да знаеш како треба да се однесуваат во Божјиот дом, кој е Црква на живиот Бог, столб и потпора на вистината.
3:16 А, несомнено, голема е тајната на побожноста. Бог, Кој се јави во тело, беше оправдан во Духот, виден од ангелите, проповедан на народите, веруван во светот, вознесен во слава.
Glava 4
4:1 А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамнички духови и злодуховски учења,
4:2 преку лицемерството на оние што зборуваат лага и имаат догорена совест;
4:3 кои забрануваат да се стапува во брак и наметнуваат воздржување од јадења што ги создал Бог, за да бидат употребувани од оние кои веруваат и ја познаваат вистината.
4:4 Зашто, секое нешто создадено од Бога е добро и ништо не е за отфрлање, ако се прима со благодарност,
4:5 бидејќи се осветува преку словото Божјо и со молитва.
4:6 Ова советувај им го на браќата и ќе бидеш добар служител на Исус Христос, хранет со зборовите на верата и на доброто учење што си го примил.
4:7 Од нечисти и од бапски приказни бегај, а обучувај се во побожност;
4:8 зашто телесното обучување е малку корисно, а побожноста е полезна за сѐ, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот.
4:9 Тие зборови се верни и достојни да бидат целосно прифатени.
4:10 Затоа и се трудиме и се бориме, зашто се надеваме на живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, а посебно на оние кои веруваат.
4:11 Ова препорачувај го и поучувај!
4:12 Никој нека не ја презира твојата младост, туку на верните да им служиш како пример во слово, поведение, љубов, дух, вера и чистота!
4:13 Додека дојдам, занимавај се со читање на Писмото, со утешување и со поучување!
4:14 Не занемарувај ја дарбата што е во тебе, и која ти беше дадена по пророштво заедно со полагање раце врз тебе од свештенството!
4:15 Грижи се за тоа, на тоа предади се, та успехот твој да им стане јасен на сите!
4:16 Пази на себе и на учењето; биди истраен во тоа, зашто, ако постапуваш така, ќе се спасиш и себе самиот и оние што те слушаат.
Glava 5
5:1 Не укорувај старец, туку почитувај го како да ти е татко; помладите, пак, како да ти се браќа;
5:2 старите жени – како мајки, младите – како сестри, со сета чистота.
5:3 Вдовиците почитувај ги, но вистинските вдовици.
5:4 Ако, пак, некоја вдовица има деца или внуци, тие најнапред нека се научат да го почитуваат својот дом и со тоа да им возвратат со дар на родителите свои, бидејќи тоа е добро и угодно за Бога.
5:5 А онаа што е вистинска вдовица и останала сама, таа се надева на Бога и пребива во молитви и молења дење и ноќе.
5:6 Но онаа, пак, што живее распуштено, таа умрела уште додека е жива.
5:7 Порачувај им го уште и тоа, да бидат беспорочни.
5:8 Ако некој не се грижи за своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и полош е од безверник.
5:9 Во попис да се запише само таква вдовица која не е помлада од шеесет години, и ако имала само еден маж,
5:10 и има сведоштва за добри дела; отхранила деца, била гостољубива, миела нозе на светии; ако им помагала на пострадани и на секое добро дело усрдно се посветувала.
5:11 А помлади вдовици не примај, зашто кога страстите ќе ги одвратат од Христос, ќе посакаат да се мажат.
5:12 Тие заслужуваат осуда, зашто ја отфрлиле порано дадената верност.
5:13 Освен тоа, шетајќи од куќа до куќа, навикнуваат да бидат безработни; и не само безработни, туку се и јазичарки, љубопитни и зборуваат што не прилега.
5:14 Заради тоа, сакам помладите вдовици да се мажат, да раѓаат деца, да бидат домаќинки и да не му даваат никаков повод на противникот за хулење;
5:15 зашто некои веќе скршнаа по сатаната.
5:16 Ако некој верник или верничка има во куќата вдовици, нека се грижи за нив, за да не се товари Црквата, па да може да пригледува вистински вдовици.
5:17 А свештениците, што добро ја извршуваат својата управителска служба, нека се удостојуваат со двојна почит; а најмногу, пак, оние кои се трудат во словото и во поуката.
5:18 Зашто Писмото вели: „Не заврзувај уста на вол кој врши“, и: „Работникот ја заслужува својата плата.“
5:19 Обвинение против презвитери не прифаќај, освен пред двајца или тројца сведоци.
5:20 А оние што грешат, искарај ги пред сите, па и другите да имаат страв.
5:21 Те заколнувам пред Бога, пред Господ Исус Христос и пред избраните ангели да го пазиш ова без предрасуда и ништо да не правиш по пристрасност.
5:22 Раце на никого не полагај пребрзо, ниту, пак, на туѓи гревови да стануваш соучесник! Пази се себе чист!
5:23 Не пиј веќе само вода, но употребувај по малку и вино, поради стомакот и честите боледувања!
5:24 Гревовите на некои луѓе се јасни и однапред ги водат на суд, а на некои по нив одат.
5:25 Исто така и добрите дела се јасни; а оние што не се такви, не можат да се сокријат.
Glava 6
6:1 Оние, кои се наоѓаат под јарем, робовите, господарите свои нека ги сметаат како достојни за секаква почест, за да не се хули името Божјо и учењето.
6:2 Оние, пак, кои имаат господари што поверувале, нека не презираат зашто се верници; туку со поголема усрдност да служат, бидејќи тие што ги добиваат нивните услуги се верни и возљубени. Така поучувај и советувај!
6:3 Кој поучува инаку и не оди по здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и според учењето за благочесноста,
6:4 тој е помрачен од горделивоста. Не знае ништо и е болен од празни препирки и распрашувања, од кои произлегуваат зависта, карањето, хулењето, лошите мисли;
6:5 залудни препирки меѓу луѓето што имаат изопачен ум, лишени се од вистината; тие мислат дека побожноста служи за трговија. Бегај од такви!
6:6 А голема печалба е, навистина, да биде човек благочестив и задоволен со себе.
6:7 Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме.
6:8 Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни.
6:9 А оние што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во стапици и во многу неразумни и штетни страсти, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел.
6:10 Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на што некои му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки.
6:11 Но ти, човеку Божји, бегај од ова и стреми се кон праведноста, побожноста, верата, љубовта, трпеливоста и кротоста!
6:12 Бори се со добриот подвиг на верата; освој го вечниот живот за кој си и повикан и си дал добра потврда пред многу сведоци.
6:13 Ти заповедам пред Бога, Кој сѐ оживотворува, и пред Христос Исус, Кој ја посведочи добрата исповед пред Понтиј Пилат,
6:14 да ја запазиш заповедта чиста и беспрекорна сѐ до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос,
6:15 кое, кога ќе му дојде времето, ќе Го открие блажениот и единствен Владетел, Цар над царевите и Господар над господарите,
6:16 Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го види. Нему нека Му е чест и сила во сите векови. Амин!
6:17 Заповедај им на богатите од овој свет да не се гордеат, ниту да се надеват во непостојаното богатство, туку на живиот Бог, Кој ни дава за наслада сѐ во изобилие;
6:18 нека прават добро, нека се збогатуваат со добри дела, да бидат штедри и сочувствителни.
6:19 И на таков начин да си собираат сокровиште – добра основа за иднината, за да постигнат живот вечен.
6:20 О Тимотеје, пази го она што ти е предадено и бегај од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука,
6:21 на која некои ѝ се предадоа и се отклонија од верата. Благодатта нека биде со тебе. Амин.