Prva Solunjanite
Glava 1
1:1 Од Павле, Силван и Тимотеј – до црквата на Солуњаните во Бог Отецот наш и во Господ Исус Христос, благодат вам и мир од Бог Отецот и Господ Исус Христос!
1:2 Секогаш Му благодариме на Бога за сите вас, сеќавајќи се на вас во молитвите наши, непрестано,
1:3 го споменуваме делото на вашата вера, трудот на вашата љубов и истрајноста во надежта ваша во нашиот Господ Исус Христос пред Бога и Отецот наш.
1:4 Знаеме, возљубени браќа од Бога, дека сте избрани,
1:5 зашто нашето Евангелие не дојде кај вас само со слово, туку и во сила и во Светиот Дух, и во полна увереност: сами знаете какви бевме меѓу вас заради вас.
1:6 И вие се угледавте на нас и на Господ, кога во големи маки го примивте словото со радост на Светиот Дух,
1:7 така што станавте образец за сите верници во Македонија и Ахаја.
1:8 Зашто од вас одекна словото Господово не само во Македонија и Ахаја, туку и во секое место се пронесе славата за верата во Бога, така што нема потреба ние нешто да зборуваме.
1:9 Впрочем, верниците сами разгласуваат за нас, за нашето доаѓање кај вас, и како од идолите се обративте кон Бога за да Му служите на живиот и вистински Бог,
1:10 и да Го очекувате од небесата Неговиот Син, Кого Тој Го воскресна од мртвите, Исус, Кој нѐ избавува од гневот што доаѓа.
Glava 2
2:1 Вие сами знаете, браќа, дека нашето доаѓање кај вас не беше залудо;
2:2 напротив, откако пострадавме и бевме поругани во Филипи, како што знаете, ние се охрабривме во нашиот Бог да ви Го проповедаме Божјото Евангелие со тешка борба.
2:3 Зашто нашиот поттик не произлегува ни од заблуда, ниту од нечисти побуди, ниту од лукавство,
2:4 туку, како што Бог нѐ удостои да ни Го довери Евангелието, така и зборуваме – не за да им угодуваме на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува срцата наши.
2:5 Зашто никогаш не сме се послужиле со ласкави зборови, како што знаете; ниту со помисли за корист: Бог е сведок!
2:6 И не баравме слава од луѓе – ниту од вас, ниту од други,
2:7 иако можевме и да се наметнеме како Христови апостоли. Но сепак ние бевме меѓу вас така нежни, како што се однесува мајката кога ги дои своите деца.
2:8 Така полни со љубов кон вас, бевме готови да ви го предадеме не само Евангелието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги.
2:9 Спомнете си браќа за нашиот труд и мака: работејќи дење и ноќе за да не му додеваме никому од вас, ние ви Го проповедавме Евангелието Божјо.
2:10 Сведоци сте вие, како и Бог, дека свето, праведно и беспрекорно постапувавме пред вас, кои верувате.
2:11 Зашто знаете дека секого од вас, како татко децата свои,
2:12 ние го поттикнувавме и утешувавме и преколнувавме да живее достојно за Бога, Кој ве повикал во Своето царство и слава.
2:13 Затоа и непрестано Му благодариме на Бога, зашто, откако го примивте словото Божјо од нас, го примивте не како слово човечко, туку – како што е – слово Божјо, кое и дејствува во вас, кои верувате.
2:14 Вие, браќа, станавте подржаватели на Божјите цркви во Христос Исус, што се во Јудеја, бидејќи и вие исто така претрпевте од своите сонародници, како и оние од Јудејците
2:15 што ги убија Господ Исус и пророците, и нас нѐ избркаа, и на Бога не Му угодија, и на сите луѓе им се противат;
2:16 тие што ни пречат да им зборуваме на незнабошците, за да се спасат и со тоа секогаш ги дополнуваат гревовите свои; но гневот ги достигна на крај.
2:17 А ние, браќа, откако бевме одвоени од вас за кратко време, далеку од очи, но не и од срце, со уште поголема желба се грижевме да ве видиме.
2:18 Поради тоа, ние, а најмногу јас, Павле, неколкупати посакавме да дојдеме кај вас; но нѐ попречи сатаната.
2:19 Зашто, кој е нашата надеж или радост, или венец за пофалба? Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус Христос при Неговото доаѓање?
2:20 Да, вие сте нашата слава и радост!
Glava 3
3:1 Поради тоа, не можејќи веќе да трпиме, сметавме дека ќе биде добро во Атина да останеме сами,
3:2 и го испративме Тимотеј, нашиот брат и слугата Божји, и нашиот сотрудник во Евангелието Христово, за да ве укрепи и утеши во вашата вера,
3:3 та никој да не се поколеба во тие маки; зашто сами знаете дека затоа сме определени.
3:4 Бидејќи ние, и кога бевме кај вас, ви претскажувавме дека ќе страдаме, како што и стана, и вие знаете.
3:5 Поради тоа и јас, не можејќи веќе да трпам, пратив да дознаам за верата ваша да не би ве искушал некако Искушувачот, та да отиде залудо нашиот труд.
3:6 Сега, откако се врати Тимотеј кај нас од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека секогаш имате добар спомен за нас и копнеете да нѐ видите, како и ние вас,
3:7 ние, и покрај сета мака и неволја, се утешивме за вас, браќа, со вашата вера;
3:8 зашто ние сега живееме, кога вие стоите во Господ.
3:9 Каква благодарност, навистина, можеме да Му воздадеме на Бога за вас за сета радост со која се радуваме поради вас пред нашиот Бог,
3:10 кога дење и ноќе многу усрдно се молиме, за да го видиме вашето лице и да го дополниме она што ѝ недостига на вашата вера?
3:11 А сам Бог и Отецот наш и Исус Христос, нашиот Господ, нека го насочи патот наш право кон вас!
3:12 Вам, пак, Господ да ви даде да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, каква што и ние имаме кон вас,
3:13 и да ги утврди вашите срца, та да бидат непорочни во светоста пред Бога и Отецот наш при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Негови светии! (Амин!)
Glava 4
4:1 И така, браќа, ве молиме и ве заколнуваме во Христос Исус, онака, како што научивте од нас како треба да живеете и да Му угодите на Бога, како што и постапувате, сѐ повеќе во тоа да напредувате;
4:2 Вие знаете какви пораки ви дадовме од името на Господ Исус.
4:3 Ова е волјата Божја, вашата светост: да се воздржувате од блудство,
4:4 и секој од вас да знае да го пази својот сад во светост и честитост,
4:5 а не во похотна страст, како незнабошците, кои не Го познаваат Бога,
4:6 и да не престапува и го измамува во тоа братот свој; бидејќи Господ за сето тоа се одмаздува, како што ви зборувавме и сведочевме порано.
4:7 Зашто Бог не нѐ повика кон нечистота, туку во светост.
4:8 А кој го отфрла тоа, тој отфрла не човек, туку Бога, Кој Го даде Својот Дух Свети во нас.
4:9 За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам, зашто вие сами сте научени од Бога да се сакате еден со друг,
4:10 бидејќи така и постапувате со сите браќа по цела Македонија. И ве поттикнуваме, браќа, уште повеќе да напредувате,
4:11 и усрдно да се грижите да живеете мирно, да си ја извршувате сопствената работа и да работите со свои раце како што ви заповедавме;
4:12 да постапувате чесно спрема надворешните и да не зависите од никого.
4:13 Браќа, не сакаме да бидете во незнаење за оние кои се упокоени, за да не тажите како и другите, што немаат надеж.
4:14 Зашто, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така Бог и упокоените преку Исус, ќе ги доведе со Него.
4:15 Ова, пак, ви го велиме преку словото Господово, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господ, нема да стигнеме пред упокоените.
4:16 Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите;
4:17 а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ.
4:18 Па затоа, утешувајте се еден со друг со тие зборови.
Glava 5
5:1 А за времињата и часовите, браќа, нема потреба да ви се пишува,
5:2 бидејќи вие самите многу добро знаете: денот Господов ќе дојде како крадец во ноќно време.
5:3 И додека уште велат: „Мир и безбедност!“, Тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст и не ќе можат да избегнат.
5:4 Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да може да ве затече како крадец.
5:5 Бидејќи сите вие сте синови на светлината и синови на денот; ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината.
5:6 И така, да не спиеме како и другите, туку да бидеме будни и трезни.
5:7 Зашто оние што спијат, ноќе спијат, и оние што се опиваат, ноќе се опиваат.
5:8 Ние, пак, како синови на денот, да бидеме трезни и облечени во оклопот на верата и љубовта и шлемот на надежта за спасение,
5:9 зашто Бог нѐ определи не за гнев, туку да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос,
5:10 Кој умре за нас, та ние да живееме заедно со Него, било кога сме будни, или кога спиеме.
5:11 Поради тоа утешувајте се меѓу себе и надградувајте се еден со друг онака како што и правите!
5:12 И ве молам, браќа, да ги уважувате оние што се трудеа меѓу вас, и ве водат во Господ, и оние кои ве утешуваат.
5:13 И кон нив да имате преголема љубов заради нивното дело. Живејте во мир меѓу себе!
5:14 Браќа, ве молам, поучувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, поткрепувајте ги слабите и бидете долготрпеливи кон сите.
5:15 Гледајте никој никому да не враќа зло за зло; туку секогаш барајте добро еден на друг, и на сите!
5:16 Радувајте се секогаш!
5:17 Молете се постојано!
5:18 Благодарете за сѐ, зашто таква е волјата Божја во Христос Исус спрема вас!
5:19 Не гаснете Го Духот!
5:20 Пророштвата не ги омаловажувајте!
5:21 Сѐ испитувајте, за доброто држете се!
5:22 Клонете се од секакво зло!
5:23 А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ, и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!
5:24 Верен е Оној, Кој ве повикува. Тој и ќе го направи тоа.
5:25 Браќа, молете се за нас!
5:26 Поздравете ги сите браќа со свет целив!
5:27 Ве заколнувам во Господ ова послание да им го прочитате на сите свети браќа.
5:28 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Амин!