Prva Petrova

1 2 3 4 5

Glava 1

1:1 Петар, апостол на Исус Христос, до повратниците распрснати по Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витанија,

1:2 избрани по предзнаењето на Бог Отецот, и осветени од Духот за пос­луш­ност и попрскување со крвта на Исус Христос: да ви се умножат благодатта и мирот!

1:3 Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нѐ прероди преку воскресението на Исус Христос од мртвите за жива надеж,

1:4 за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува, запазено на небесата за вас,

1:5 кои Божјата сила преку верата ве сочувала за спасение, приготвено да се открие во последното време.

1:6 Затоа радувајте се, макар што мо­же­би сега ќе треба малку и да тагувате по­ради разновидни искушенија,

1:7 та вашата вера испитана да излезе подрагоцена од нетрајното злато, кое сепак се испробува преку оган, за по­фалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос,

1:8 Кого Го сакате, иако не сте Го ви­де­ле, и во Кого верувајќи сега, а не гле­дај­ќи Го, се радувате со неискажлива и славна радост,

1:9 примајќи ја крајната цел на вашата вера – спасението на душите.

1:10 Тоа спасение го бараа и испитуваа пророците што прорекоа за вашата благодат.

1:11 Откако испитаа, во кое или какво време им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше во нив, сведочејќи за Христовите страдања и славата која иде по нив;

1:12 ним им беше откриено дека тие не за самите себе служат, туку за вас со она што ви се јави сега вам преку оние кои го проповедаа Евангелието од не­бото преку Светиот Дух, и во кое копнеат да ѕирнат ангелите.

1:13 Поради тоа, возљубени, препашете ги колковите на умот свој, бидете бодри и имајте целосна надеж дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исус Христос.

1:14 Како послушни чеда, не постапувај­те веќе според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење.

1:15 Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки.

1:16 Зашто напишано е: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.“

1:17 Ако Го нарекувате Отец Оној, Кој непристрасно секому му суди според делата, тогаш поминувајте го времето на својот живот во страхопочит,

1:18 знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши,

1:19 туку со скапоцената крв на не­по­рочното и чисто Јагне – Христос,

1:20 Кој беше предназначен уште пред создавањето на светот, а се јави во последно време заради вас,

1:21 кои преку Него поверувавте во Бо­га, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, та верата ваша и надежта да ви бидат во Бога.

1:22 Откако ги очистивте душите свои со послушност кон вистината преку Ду­хот, за нелицемерно братољубие, сакај­те се еден со друг постојано со чисто ср­це,

1:23 како преродени не од распадливо семе, туку од вечно преку словото на живиот Бог, Кој живее во сите векови.

1:24 Зашто телото е како трева, и секоја човечка слава – како цвет од трева: се исушува тревата, и цветот нејзин паѓа;

1:25 но словото Господово останува засекогаш. А тоа слово е Евангелието што ви беше објавено.

Glava 2

2:1 Отфрлете, пак, од себеси секаква пакост и секаква измама, и лицемерство, и завист, и секакво клеветење,

2:2 како новородени деца бидете желни за вистинско и духовно млеко, та во него да пораснете за спасение,

2:3 бидејќи вкусивте дека Господ е добар.

2:4 Пристапете кон Него, живиот ка­мен, од луѓето отфрлен, но од Бога из­бран, драгоцен,

2:5 вие кои како живи камења сте вгра­дени во духовен дом, свештенство све­то, за да принесете духовни жртви кои Му се на Бога пријатни преку Исус Христос.

2:6 Зашто во Писмото стои напишано: „Еве, на Сион поставувам камен темелник, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами!“

2:7 Вам, пак, кои верувате, Тој ви е чест, а за неверниците – „Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник“,

2:8 камен од кој тие се сопнуваат и ка­мен на кој паѓаат, зашто не му се покоруваат на словото; за тоа се тие и одредени.

2:9 Но вие сте избран род, царско свеш­тенство, свет народ, луѓе придобиени за да ги возвестите совршенствата на Оној Кој ве повикал од темнина во Својата чудесна светлина;

2:10 вие, кои некогаш не бевте народ, а сега сте народ Божји; кои не бевте по­милувани, а сега сте помилувани.

2:11 Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните похоти што војуваат против душата.

2:12 Однесувајте се достојно меѓу незна­бошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата.

2:13 И така, покорувајте се на секоја чо­вечка власт, поради Господ: било на цар, како на врховна власт,

2:14 било на управители на Негови пра­теници за да ги казнат злосторниците, а за да ги пофалат добротворците!

2:15 Зашто, таква е волјата Божја, – со добротворство да го замолкнуваме незнаењето на безумните луѓе,

2:16 како слободни, а не како такви што ја употребуваат слободата како покривка за вршење зло, туку – како слуги Божји.

2:17 Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, имајте страхопочит кон Бо­га, царот почитувајте го!

2:18 Слуги, покорувајте им се на господарите свои, не само на добрите и крот­ките, туку и на лошите!

2:19 Зашто, тоа ви оди во прилог, ако некој, од сознание за Бога, поднесува скрб, страдајќи несправедливо.

2:20 Зашто, каква е пофалбата, ако трпите кога ве тепаат поради престапи? Но, ако трпите кога правите добро и страдате, тоа Му е угодно на Бога.

2:21 Бидејќи вие сте за тоа повикани, зашто и Христос пострада за вас, оста­вајќи ни пример за да врвиме по Него­вите стапки:

2:22 Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама;

2:23 кога на Него хулеа, Тој не им од­враќаше со хули; кога страдаше, не се закануваше, туку се потпираше на Оној Кој праведно суди.

2:24 Тој сам ги носеше нашите гревови на крстот во телото Свое, та ослободени од гревовите да живееме за правдата: „Преку Неговата рана се исцелив­те.“

2:25 Зашто бевте како овци изгубени, кои немаат пастир, но сега се обративте кон Пастирот и Чуварот на вашите души.

Glava 3

3:1 А така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та, ако не­кои од нив не му се покоруваат на сло­вото, преку поведението на своите жени да се придобијат без приговор,

3:2 кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот.

3:3 Вашата убавина да биде не надво­решна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки,

3:4 туку – внатрешна, во срцето на скриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога.

3:5 Зашто така некогаш се украсуваа и светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на мажите свои,

3:6 како што Сара го слушаше Авраам, нарекувајќи го господар. Вие сте нејзини чеда; ако правите добро, не плашете се од ништо.

3:7 Така и вие, мажите, живејте со сво­ите жени во разбирање и почитувајте ги како послабо суштество и како со­наследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши.

3:8 А најпосле, бидете сите еднодушни, сочувствителни, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни;

3:9 не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив: благословувај­те, знаејќи дека за тоа сте повикани за да наследите благослов.

3:10 „Зашто, кој го сака животот и сака да види добри денови, нека го пази ја­зи­кот свој од зло, и усните негови да не зборуваат лаги.

3:11 Нека одбегнува зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него –

3:12 бидејќи очите на Господ се вперени кон праведните, и ушите Негови – кон нивните молитви, а лицето Господово е против оние кои прават зло за да ги истреби од земјата.“

3:13 И кој ќе ви направи зло, ако пра­ви­те добро?

3:14 Но, ако и страдате за правда, бла­жени сте; не плашете се од она од што тие се плашат и не бојте се;

3:15 туку Господ Бог почитувајте Го во срцата свои; а бидете секогаш подготвени со кротост и страхопочит за одговор на секого кој од вас ќе побара сметка за вашата надеж.

3:16 Имајте чиста совест, та со тоа, што ве напаѓаат како злосторници, да се посрамат тие што ве кудат поради вашиот добар живот во Христос.

3:17 Зашто, ако ѝ е угодно на Божјата волја, подобро е да страдате правејќи добро, отколку вршејќи лошо.

3:18 Бидејќи и Христос, за да нѐ доведе кај Бога, еднаш пострада за гревовите наши, праведник за неправедните; вис­тина, умре по тело, но оживеа со духот.

3:19 Во него откако слезе, им проповеда и на духовите кои беа в затвор,

3:20 кои некогаш не се покорија кога Божјата долготрпеливост ги оче­ку­ваше, во времето на Ное, при правењето на ковчегот, во кој малкумина, од­нос­но осум души се спасија од водата.

3:21 Образецот на таа вода – крштавањето, но не отстранувањето на телесната нечистотија, туку ветувањето на Бога добра совест – нѐ спасува сега и нас преку воскресението на Исус Христос,

3:22 Кој, откако се вознесе на небото, е оддесно на Бога, а Кому Му се покоруваат ангелите, властите и силите.

Glava 4

4:1 Бидејќи, пак, Христос пострада со телото за нас, тогаш вооружете се вие со истата мисла; зашто кој ќе пос­трада со телото, тој прекинал со гревот,

4:2 та преостанатото време на животот во телото да не го проживее веќе со чо­вечки похоти, туку според волјата Бож­ја.

4:3 Зашто доволно е што минатото вре­ме на животот го поминавте во вршење волјата на незнабошците, живеејќи во нечистотија, во похоти, во пијанство, во прејадување, во препивање и во не­чес­тиво идолопоклонство.

4:4 Затоа тие и се чудат што не се дру­жите со нив во тој ист неуреден живот, и хулат на вас.

4:5 Но тие ќе одговараат пред Оној Кој е готов да им суди на живите и на мрт­вите.

4:6 Зашто и на мртвите им беше про­по­ведано Евангелието да примат суд како луѓе по телото, а да живеат со духот по Бога.

4:7 Но близу е крајот на сѐ. Па бидете мудри и бодри во молитвите.

4:8 А пред сѐ, имајте постојано љубов меѓу себе; зашто „љубовта покрива многу гревови.“

4:9 Бидете гостољубиви еден спрема друг без негодување.

4:10 Служете си еден на друг, секој со дарбата што ја примил, како добри управители на разнообразната Божја благодат.

4:11 Ако некој говори, нека знае дека зборува Божји зборови; ако некој слу­жи, нека служи според силата која Бог ја дава, та во сѐ да се прослави Бог пре­ку Исус Христос, чија слава и владеење се вечни. Амин.

4:12 Возљубени, не чудете се на огненото искушение, што ви се праќа за да ве испита, како нешто необично да ви се случува.

4:13 Напротив. Ако учествувате во страдањата Христови, тогаш радувајте се, та кога ќе се јави Неговата слава да се зарадувате и развеселите.

4:14 А ако ве укоруваат поради името Христово, блажени сте, зашто Духот на славата, Духот Божји почива на вас: тие, значи, на Него хулат, а вие – Го прославувате.

4:15 Никој, пак, од вас да не страда како убиец, или крадец, или злосторник, ни­ту како оној што се меша во туѓи ра­бо­ти;

4:16 но, ако страда како христијанин, да не се срамува, туку да Го прославува Бога за такво учество.

4:17 Зашто време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие?

4:18 И кога праведникот одвај се спасува, тогаш што ќе стане од без­бож­ни­ци­те и грешниците!?

4:19 И така, оние што страдаат според волјата на Бога, нека Му ги предадат Нему, како на верен Создател, душите свои, правејќи добро.

Glava 5

5:1 Оние, кои се меѓу вас свештеници, ги молам јас, кој и самиот сум свештеник, и сведок на Христовите страдања и соучесник во славата, што ќе се открие:

5:2 пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради срамна печалба, туку од сѐ срце.

5:3 И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото.

5:4 А кога ќе се јави Пастиро­на­чал­ни­кот, ќе добиете венец на слава што ни­когаш не свенува.

5:5 Исто така и вие, помладите, покорувајте им се на старешините; а сите, пак, покорувајте се еден на друг и здобијте се со понизност, бидејќи „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“

5:6 Понизете се под крепката рака Бож­ја, за да ве воздигне кога ќе дојде времето.

5:7 Сите ваши загрижености префрлете ги врз Него, зашто Тој се грижи за вас.

5:8 Бидете трезвени, бидете будни, заш­то вашиот противник, ѓаволот, оби­ко­лува како лав што рика и бара некого да проголта;

5:9 спротивете му се со тврда вера, зна­ејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот.

5:10 А Бог на секоја благодат, Кој ве по­вика за Својата вечна слава во Исус Христос, Сам, по вашето кратко стра­дање, да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи.

5:11 Нему слава и власт во веки веков. Амин!

5:12 По Силван, нашиот верен брат, ка­ко што мислам, ви го напишав ова крат­ко послание, за да ве утешам и уверам дека ова е вистинската Божја благодат. Останете цврсто во неа!

5:13 Ве поздравува црквата во Вавилон, избрана заедно со вас, и Марко, синот мој.

5:14 Поздравете се еден со друг со целив на љубов. Мир на сите вас, што сте во Христос. Амин!