Prva Korintjanite

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16

Glava 1

1:1 Павле, по Божја волја повикан апостол на Исус Христос и братот Состен –

1:2 до црквата Божја во Коринт, до осветените во Христос Исус, повикани светии, заедно со сите оние кои на секое место го повикуваат името на нашиот Господ Исус Христос, нивни и наш.

1:3 Да имате благодат и мир од Бога, нашиот Отец, и Господ Исус Христос!

1:4 Секогаш Му благодарам на мојот Бог за вас поради Божјата благодат што ви е вам дадена во Исус Христос,

1:5 преку Кого станавте богати во сѐ, во секое слово и во секое знаење.

1:6 Зашто се утврди во вас Христовото сведоштво,

1:7 така што не сте лишени од ниеден дар вие, што го очекувате откровението на нашиот Господ Исус Христос.

1:8 Тој ќе ве утврди и до самиот крај за да бидете беспрекорни во денот на на­шиот Господ Исус Христос.

1:9 Верен е Бог, Кој ве повика во заедништво со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ.

1:10 Браќа, ве молам во името на на­ши­от Господ Исус Христос, сите вие да збо­рувате исто, и меѓу вас да нема раздори, туку да бидете совршено соеди­не­ти во еден ум и во исто мислење.

1:11 Зашто од домашните на Хлој чув за вас, браќа мои, дека меѓу вас имало кав­ги.

1:12 Сакам да ви кажам дека секој од вас вели: „Јас сум Павлов“, „А јас сум Апо­лосов“, „Јас сум на Кифа“, „Јас, пак, Христов.“

1:13 Па зар Христос е разделен? Зарем Павле беше распнат за вас? Или пак во името Павлово бевте крстени?

1:14 Му благодарам на Бога што од вас никого не сум крстил, освен Крисп и Гај,

1:15 та никој да не може да рече дека сте биле крстени во мое име.

1:16 Навистина, го крстив уште и Сте­фаниновиот дом. Инаку не знам дали сум крстил и некој друг.

1:17 Зашто Христос не ме прати да крш­тавам, туку да го проповедам Еван­ге­ли­ето, и тоа не со премудри зборови, за да не изгуби од силата крстот Христов.

1:18 Зашто словото за крстот е безумие за оние што пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја.

1:19 Зашто е напишано: „Ќе ја уништам мудроста на мудрите и ќе ја отфрлам разумноста на разумните.“

1:20 Каде е мудрецот? Каде е книж­ни­кот? Каде е препирачот од овој век? Не ја претвори ли Бог мудроста на овој свет во лудост?

1:21 Зашто светот при мудроста Божја не Го позна Бога со мудрост; Бог благоволи со безумието на проповедта да ги спаси оние што веруваат.

1:22 Зашто Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост,

1:23 ние, пак, Го проповедаме Христос распнатиот, Кој е за Јудејците соблазна, а за незнабошците безумие;

1:24 за повиканите, пак, како Јудејци, така и Елини, Христос Божја сила и Божја мудрост.

1:25 Зашто Божјото безумие е помудро од луѓето, и Божјата слабост е посилна од луѓето.

1:26 Гледате, браќа, какви сте вие, по­ви­каните: не мнозина сте мудри по тело, не мнозина силни, не мнозина благородни;

1:27 но Бог го избра она што е безумно за овој свет за да ги посрами мудрите; Бог го избра она што е слабо во светот за да ги посрами силните;

1:28 Бог ги избра и неугледните и през­рените на овој свет, и оние што не зна­чат ништо, за да ги уништи оние што значат нешто,

1:29 та никој да не се пофали пред Бога.

1:30 Од Него сте и вие во Исус Христос, Кој за нас стана мудрост од Бога, и пра­ведност, и осветување, и откуп,

1:31 па да биде, како што е напишано: „Кој се фали, во Господ нека се фали.“

Glava 2

2:1 И јас, браќа, кога дојдов кај вас, не дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво со возвишена беседа или мудрост,

2:2 бидејќи бев решил да не знам меѓу вас ништо друго освен за Исус Христос, и тоа – Распнатиот.

2:3 И јас пристапив меѓу вас со немоќ, и страв, и со голема растрепереност.

2:4 И словото мое, и проповедта моја, не се состоеше од уверливи зборови на човечка мудрост, туку во покажувањето на Духот и силата,

2:5 та верата ваша да не почива на чо­вечката мудрост, туку на силата Божја.

2:6 Ние сепак ја проповедаме мудроста меѓу совршените, но не мудроста од овој свет, ниту, пак, онаа на владете­ли­те на овој свет, кои се минливи,

2:7 туку ја проповедаме Божјата муд­рост, сокриена во таинство, која Бог ја предодредил уште пред вековите за наша слава,

2:8 која никој од владетелите на овој свет не ја спознал; зашто, ако ја беа спознале, тогаш немаше да Го распнат Господ на славата.

2:9 Но, како што е напишано: „Она што око не видело, уво не чуло, ниту на чо­век на ум му дошло, тоа Бог го пригот­вил за оние кои Го љубат.“

2:10 А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот продира во сѐ, па дури и во длабочините Божји.

2:11 Бидејќи, кој човек знае што има во човекот, освен човечкиот дух кој живее во него? Па така и Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух.

2:12 Но ние не го примивме духот од овој свет, туку Духот Кој доаѓа од Бога, за да го знаеме она што ни е дарувано од Бога;

2:13 па тоа и го проповедаме не со збо­рови научени од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух: толкувајќи го она што е духовно со духовни поими.

2:14 Телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух: за него тоа е без­умство; и не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита.

2:15 Духовниот, пак, човек испитува сѐ, а него никој не може да го испитува.

2:16 Зашто, кој го спознал умот Гос­по­дов, та да го објасни? А ние имаме ум Христов.

Glava 3

3:1 Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на те­лесни, како на деца во Христос.

3:2 Со млеко ве напоив, а не со јадење, зашто уште не можевте да го примите, а и сега уште не можете,

3:3 бидејќи уште сте телесни. И навис­тина, штом меѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе?

3:4 Зашто, кога еден вели: „Јас сум Пав­лов“, а друг: „Јас сум Аполосов“, не сте ли тогаш телесни?

3:5 Што е, впрочем, Павле, а што Апо­лос? Не се ли тие служители преку кои вие поверувавте, и тоа според она колку кому Господ му дал?

3:6 Јас посадив, Аполос полеа, но Бог направи да израсне.

3:7 Затоа, ниту оној кој сади е нешто, ниту, пак, оној што полева, туку Бог, Кој прави да израсне.

3:8 Кој сади и кој полева се едно; а секој ќе ја добие својата награда според својот труд.

3:9 Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божјо здание.

3:10 Според Божјата благодат, што ми е дадена, јас, како мудар градител, поставив темел, а друг надѕидува; само секој нека пази како надѕидува.

3:11 Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, а таа е Исус Христос.

3:12 Ако некој ѕида врз таа основа со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама,

3:13 сечие дело ќе се покаже јасно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита какво е делото на секого.

3:14 И, ако делото на оној што ѕидал ос­тане, тој ќе прими награда.

3:15 А оној чие дело ќе изгори, тој ќе биде оштетен, а самиот ќе се спаси, но како низ оган.

3:16 Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас?

3:17 Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие.

3:18 Никој нека не се лаже; ако некој мисли дека е мудар меѓу вас во овој свет, нека стане безумен, за да биде му­дар.

3:19 Зашто мудроста од овој свет е без­умство пред Бога, како што е на­пи­ша­но: „Тој ги лови мудрите во нивното лукавство.“

3:20 И пак: „Господ знае дека размисли­те на мудрите се суетни.“

3:21 И така, никој нека не се фали со лу­ѓе, бидејќи сѐ е ваше:

3:22 било Павле или Аполос, или Кифа, било светот или животот, или смртта, било сегашното или идното, – сѐ е ваше,

3:23 вие, пак, сте Христови, а Христос – Божји.

Glava 4

4:1 И така, секој човек нека нѐ смета нас за служители Христови и управници на Божјите таинства,

4:2 а од управниците понатаму се бара секој од нив да се покаже верен.

4:3 За мене ништо не значи да бидам суден од вас, или од судот на другите луѓе; јас и самиот не се судам себе,

4:4 зашто во ништо не се чувствувам ви­новен; но со тоа не сум оправдан: судија ми е Господ.

4:5 Затоа, пак, не судете ништо предвре­ме, додека не дојде Господ, Кој ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата; и тогаш секој ќе прими пофалба од Бога.

4:6 Ова браќа го применив на себе и на Аполос заради вас, за да се поучите од нас на онаа изрека: „Не повеќе од она што е напишано“, и да не се гордеете еден пред друг поради некого.

4:7 Зашто, кој ти дава предимство? Што имаш, што не си примил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?

4:8 Презаситени сте веќе, се збогативте веќе и се зацаривте без нас; камо среќа да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас!

4:9 Мислам дека нас апостолите Бог нѐ прикажа најпоследни, како осудени на смрт, бидејќи станавме глетка за светот – на ангелите и на луѓето.

4:10 Ние сме безумни заради Христос, а вие сте мудри во Христос; ние сме не­моќни, а вие сте силни; вие сте славни, а ние бесчесни.

4:11 До овој час ние и гладуваме, и жед­нееме, и необлечени одиме, нѐ бијат и скитаме по светов,

4:12 се трудиме, работејќи со свои раце. Кога нѐ проколнуваат, ние благословуваме, а кога нѐ гонат – трпиме;

4:13 кога хулат на нас, ние утешуваме. Станавме како ѓубриште на овој свет, како исфрлен смет од сите луѓе до сега.

4:14 Но ова ви го пишувам не за да ве посрамам, туку да ве вразумам како мои возљубени чеда.

4:15 Зашто, ако имате и десетина илјади учители во Христос Исус, сепак немате многу татковци, бидејќи јас ве родив во Исус Христос преку Евангелието.

4:16 Затоа, ве молам, бидете мои подра­жаватели, како што сум јас на Христос!

4:17 Браќа, затоа го пратив кај вас Ти­мотеј, кој ми е возљубено и верно чедо во Господ; тој ќе ви ги напомни патиш­тата мои во Христос, како што учам на­секаде и во секоја црква.

4:18 Некои се возгордееја, како да не ќе дојдам кај вас;

4:19 но наскоро ќе дојдам кај вас, ако са­ка Господ, и ќе ги познаам не збо­ро­ви­те, туку силата на оние што се возгор­деале,

4:20 зашто царството Божјо не е во збо­рови, туку во сила.

4:21 Што сакате? Со стап ли да дојдам кај вас, или со љубов и кроток дух?

Glava 5

5:1 Од секаде се слуша дека кај вас има блудство и тоа какво што нема ду­ри ни кај незнабошците, односно дека некој држи таткова жена.

5:2 А вие уште се гордеете, место да плачете. Нека се исфрли од вашата средина оној што го направил тоа дело.

5:3 Јас, пак, иако со телото не сум кај вас, а само со духот, веќе го осудив, ка­ко да сум меѓу вас, оној што го направил тоа.

5:4 Во името на нашиот Господ Исус Христос, кога ќе се соберете вие и мо­јот дух, со силата на нашиот Господ Исус Христос,

5:5 да го предадете на сатаната, за по­гу­бување на неговото тело, та духот негов да биде спасен во денот на нашиот Гос­под Исус Христос.

5:6 Вашето фалење не е добро. Не зна­ете ли дека малку квас го потквасува целото тесто?

5:7 Затоа, исчистете го стариот квас, та да бидете ново тесто, како што сте бес­квасни; зашто Христос, Пасхата наша, беше жртвувана за нас.

5:8 Па да празнуваме не со стар квас, ниту со квас од злоба и лукавство, туку со пресни лебови во чистота и вистина.

5:9 Ви пишав во писмото свое – да не се мешате со луѓе што блудствуваат,

5:10 но не и воопшто со блудниците од овој свет, или со користољупци, или со грабачи, или со идолопоклоници, зашто, инаку, би требало да излезете од овој свет.

5:11 Но сега ви пишувам да не се дру­жите со оној кој, нарекувајќи се брат, си останува блудник, или користољубец, или идолопоклоник, или хулник, или пијаница, или грабач; со таков дури и да не јадете.

5:12 Затоа, дали треба јас да ги судам надворешните? Нели ги судите вие внат­решните?

5:13 Надворешните, пак, ќе ги суди Бог, а вие исфрлете го лошиот меѓу вас.

Glava 6

6:1 Дали некој од вас, кога има спор про­тив друг, би се осмелил да се суди пред неправедни, а не пред светии?

6:2 Не знаете ли дека светиите ќе го су­дат светот? Ако, пак, вие го судите светот, не сте ли достојни да судите за по­мали работи?

6:3 Не знаете ли дека ангели ќе судиме, а не, пак, она секојдневното?

6:4 А кога имате спор за работи од овој свет, за судии земете ги оние кои од црквата се сметаат за безначајни!

6:5 За ваш срам велам: зарем меѓу вас нема мудар, кој може да расуди меѓу браќата свои?

6:6 Туку брат со братот се суди, и тоа пред неверници!

6:7 Многу срамно е веќе тоа и за вас што имате спорови меѓу себе. Зошто поскоро не трпите неправда? Зошто поскоро не ја претрпите штетата?

6:8 Но вие сами навредувате и нанесува­те неправда и ограбувате, и тоа браќата свои.

6:9 Или не знаете дека неправедните не­ма да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ниту идоло­поклониците, ни ракоблудците, ни ма­желожниците,

6:10 ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни раз­бојниците нема да го наследат царството Божјо.

6:11 А такви беа и некои од вас; но се из­мивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог.

6:12 „Сѐ ми е допуштено!“ Но не е сѐ по­лезно: „Сѐ ми е допуштено!“ Но ништо не сакам да завладее над мене.

6:13 Храната е за стомакот, а стомакот за храната; но Бог и неа и него ќе ги уништи. Телото, пак, не е за блудство, а за Господ, а Господ – за телото.

6:14 А Бог и Господ Го воскресна, и нас ќе нѐ воскресне со силата Своја.

6:15 Зар не знаете дека телата ваши се делови од Христос? Ќе ги земам ли де­ловите од Христос и да ги направам делови на блудница? Тоа никако!

6:16 Или, пак, не знаете дека оној, кој со блудница се соединува, станува едно те­ло со неа? Зашто е речено: „Обата ќе бидат едно тело.“

6:17 А кој се соединува со Господ, еден дух е со Него.

6:18 Бегајте од блудството! Секој грев, што го прави човекот, е надвор од телото, а блудникот греши против своето тело.

6:19 Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не при­па­ѓа­те само на себе?

6:20 Зашто скапо сте платени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји.

Glava 7

7:1 А за она што ми пишавте – добро е човек да не се допира до жена.

7:2 Но, за да се избегне блудството, се­кој нека си има своја жена, и секоја же­на свој маж.

7:3 Мажот да ја извршува својата дол­жност спрема жената, а исто така и же­ната – спрема мажот.

7:4 Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената.

7:5 Не лишувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да ѝ се посветите на молитвата и пак да бидете заедно за да не ве напаствува сатаната, поради вашето невоздржување.

7:6 Ова, пак, ви го велам како до­пуш­та­ње, а не како заповед.

7:7 Зашто сакам, сите луѓе да бидат ка­ко мене; но секој си има своја дарба од Бога – еден на ваков начин, друг на по­инаков.

7:8 А на неженетите и на вдовиците им велам: добро ќе им биде ако останат како мене.

7:9 Но, ако не можат да се воздржат, не­ка се женат и мажат; бидејќи подобро е да се женат и мажат, отколку да горат од страст.

7:10 А на женетите и мажените им запо­ведам – не јас, туку Господ – жената да не се разделува од мажот, –

7:11 ако, пак, и се раздели, нека не се премажува, или, пак, да се помири со мажот свој, – а и мажот да не ја остава жената своја.

7:12 А на другите им зборувам јас, а не Господ: ако некој од браќата има жена, безверничка, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава;

7:13 и ако некоја жена има маж, без­вер­ник, а тој е согласен да живее со неа, таа да не го остава.

7:14 Зашто маж безверник се осветува преку жената која верува, и жена без­верничка се осветува преку мажот, кој верува; инаку децата ваши би биле не­чисти, а сега се свети.

7:15 Ако некој безверник сака да се раз­веде, нека се разведе; во такви случаи братот или сестрата не се заробени; зашто за мир нѐ повикал Бог.

7:16 Зашто, од каде знаеш, жено, дека ти не ќе го спасиш мажот? Или од каде знаеш, о мажу, дека ти не ќе ја спасиш жена ти?

7:17 Само секој нека постапува така ка­ко што му определил Бог, како го по­ви­кал Господ. Така заповедам по сите цр­кви.

7:18 Обрезан ли е повикан некој, нека не крие; необрезан ли е повикан некој, не­ка не се обрезува.

7:19 Обрезанието е ништо, и необре­за­нието е ништо, а чувањето на Божјите заповеди е сѐ.

7:20 Секој да си остане во звањето во кое е повикан.

7:21 Ако си повикан како роб, да немаш грижа; но, дури и ако можеш да станеш слободен, уште повеќе ползувај се од ропството.

7:22 Зашто кој е повикан во Господ како роб, станува Господов ослободеник; ис­то така и кој е повикан како ослободе­ник станува роб Христов.

7:23 Вие сте скапо платени! Не станувај­те робови на луѓе!

7:24 Секој што е повикан, браќа, во него нека остане и пред Бога.

7:25 А што се однесува до девиците, за нив немам заповед од Господ, но давам совет како човек, кој е помилуван од Господ да биде верен.

7:26 Поради сегашната потреба го на­оѓам за добро ова: добро е за човекот да остане таков.

7:27 Сврзан ли си со жена, не барај раз­вод; разврзан ли си од жена, не барај жена.

7:28 Но, ако се ожениш, нема да згре­шиш; и девицата, ако се омажи, нема да згреши. Но таквите ќе имаат телесни неволји, а јас, пак, повеќе би сакал да ве поштедам.

7:29 Ова ви го велам, браќа, зашто времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат;

7:30 и кои плачат – како да не плачат; и кои се радуваат – како да не се радуваат; и кои купуваат – како да немаат ништо,

7:31 и кои се ползуваат од овој свет – ка­ко да не се ползуваат; зашто ликот на овој свет е минлив.

7:32 Јас, пак, сакам вие да бидете без грижи. Неженетиот се грижи за Гос­по­дови работи, – како да Му угоди на Гос­под;

7:33 а женетиот се грижи за световни работи – како да ѝ угоди на жената.

7:34 Тука е разликата меѓу жената и де­војката. Немажената жена се грижи за Господови работи – како да Му угоди на Господ, за да биде света со телото и со духот; а омажената се грижи за светов­ни работи – како да му угоди на мажот свој.

7:35 Ова ви го зборувам за ваша корист, не да ви поставам стапица, туку при­мерно и непречено да бидете приврзани на Господ.

7:36 Ако некој мисли дека е срамно де­вицата негова да му остане таква во на­предната возраст, тој нека прави како сака; нема да погреши; таквите нека се мажат.

7:37 А кој е тврд во срцето свое и нема потреба, а има власт над својата волја, па реши во срцето свое да ја зачува својата девица, тој добро прави.

7:38 Така оној, кој ќе ја омажи својата девица, добро прави; а оној, што нема да ја омажи, подобро прави.

7:39 Жената е врзана додека е жив мажот нејзин; а ако умре мажот нејзин, таа е слободна да се премажи за кого са­ка, но само во името на Господ.

7:40 Само, поблажена е ако си остане та­ка, според моето мислење; а мислам де­ка и јас имам Дух Божји.

Glava 8

8:1 Што се однесува, пак, до месото клано за идоли, мислам дека сите имаме знаење. Но, знаењето возгордејува, а љубовта надградува.

8:2 Ако некој мисли дека нешто знае, тој уште не осознал како треба да знае.

8:3 Ако, пак, некој Го љуби Бога, Бог него го познава.

8:4 А по однос јадењето на идолски жртви, знаеме дека идолот не е ништо на светов и дека друг Бог нема, освен Единиот.

8:5 Зашто, макар и да има таканаречени богови, било на небото, било на земјата, како што има многу „богови“ и многу „господари“,

8:6 сепак, ние имаме само еден Бог Отец, од Кого е сѐ, и ние сме во Него, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сѐ и ние сме преку Него.

8:7 Но тоа знаење го нема секој: некои според досегашната навика за идолите, го јадат месото на жртвите идолски, а совеста нивна им се осквернува бидејќи е нејака.

8:8 Храната не нѐ приближува кон Бога. Ниту добиваме нешто ако јадеме, ниту нешто губиме ако не јадеме.

8:9 Но пазете, пак, таа ваша слобода да не стане на некој начин спрепка за сла­бите.

8:10 Зашто ако некој те види тебе, што имаш знаење, како седиш на трпеза во идолопоклонички храм, нема ли него­ва­та совест, бидејќи е нејак, да биде поттикната да јаде идолски жртви?

8:11 И покрај твоето знаење ќе пропадне нејакиот, братот за кого умрел Христос.

8:12 И така, грешејќи против браќата и ранувајќи ја нивната нејака совест, вие грешите против Христос.

8:13 Затоа, штом храната го соблазнува мо­јот брат, тогаш нема никогаш да ја­дам месо, за да не го соблазнувам својот брат.

Glava 9

9:1 Не сум ли јас апостол? Не сум ли јас слободен? Не Го видов ли Исус Христос, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господ?

9:2 Ако за други не сум апостол, за вас сепак сум. Бидејќи вие сте печатот на моето апостолство во Господ.

9:3 Ова е мојата одбрана против оние што ме осудуваат:

9:4 Зар немаме право да јадеме и да пи­еме?

9:5 Зар немаме право да водиме со себе сестра, жена верничка, како и другите апостоли и браќата Господови и Кифа?

9:6 Или само јас и Варнава немаме пра­во на издршка?

9:7 Кој војувал некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не пие од неговото млеко?

9:8 Зар го зборувам ова само како чо­век? Не го вели ли истото и Законот?

9:9 Бидејќи во Мојсеевиот закон е напи­шано: „Не врзувај ја устата на вол што врши.“ Зар Бог се грижи за воловите?

9:10 Или го вели тоа, главно, за нас? – Да, за нас е напишано тоа; зашто, оној што ора, треба да ора со надеж, и кој врши, да врши со надеж дека ќе го до­бие она што го очекува.

9:11 Ако сме го посеале кај вас духовното, многу ли е, ако го ожнееме кај вас телесното?

9:12 Ако други имаат право на дел од ва­шиот посед, тогаш немаме ли ние уште повеќе? Но ние не го користевме тоа право, туку сѐ трпиме за да не направи­ме некаква пречка на Христовото Еван­гелие.

9:13 Не знаете ли дека оние што свеш­те­нодејствуваат, се хранат од свети­лиш­те­то, и кои служат на жртвеникот, делат со жртвеникот?

9:14 Така и Господ заповедал проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието.

9:15 Но јас не ползував ништо од тоа; и не го напишав ова за да се направи така за мене. Зашто за мене е подобро да ум­рам, отколку некој пофалбата да ми ја одземе.

9:16 Зашто, ако проповедам Евангелие, тоа не е за моја пофалба: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене ако не го про­поведам.

9:17 Ако доброволно го вршам тоа, то­гаш имам награда; а ако без своја волја – тогаш е тоа само извршување на служба што ми е доверена.

9:18 А каква ми е наградата? Про­по­ве­дајќи да го предавам Евангелието бес­платно, не ползувајќи го своето право од благовестувањето.

9:19 Зашто, иако сум слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам:

9:20 за Јудејците станав Јудеец, за да придобијам Јудејци; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и тие под Закон;

9:21 за оние што се без закон, станав ка­ко да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христос, за да ги придобијам и оние што се без закон.

9:22 За слабите станав слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та на каков и да било начин да спасам некои од нив.

9:23 А ова го правам поради Еван­ге­ли­ето за да бидам соучесник во него.

9:24 Не знаете ли дека оние што се натпреваруваат на стадион, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така тр­чајте и вие, за да добиете.

9:25 Секој натпреварувач се воздржува од сѐ: тие – за да добијат распадлив ве­нец, а ние – нераспадлив.

9:26 Јас, пак, така трчам, но не како без цел; не се борам како оној што удира по ветар,

9:27 туку го истоштувам и го поробувам телото, та проповедајќи им на другите, да не бидам и самиот отфрлен.

Glava 10

10:1 Браќа, не сакам да не знаете дека татковците наши сите беа под облак и сите минаа преку морето,

10:2 и сите во Мојсеј се крстија во об­ла­кот и во морето;

10:3 и сите јадеа иста духовна храна;

10:4 и сите пиеја исто духовно пиење; зашто пиеја од духовната карпа, што ги придружуваше; а таа карпа беше Хрис­тос.

10:5 Но повеќето од нив не беа по волјата Божја, затоа загинаа во пустината.

10:6 А тоа беа примери за нас, за да не бидеме похотливи по злото, како што тие беа похотливи.

10:7 Не бидете ниту идолослужители, ка­ко некои од нив, за кои е напишано: „Народот седна да јаде и да пие, па ста­на да игра.“

10:8 И да не блудничиме, како некои од нив што блудничеа, и во еден ден загинаа дваесет и три илјади.

10:9 И да не Го искушуваме Христос, ка­ко што некои од нив Го искушуваа, и за­гинаа од змии.

10:10 Не мрморете, како што некои од нив замрмореа, па загинаа од Истре­би­телот.

10:11 Сето тоа ним им се случуваше да служат како пример, а беше запишано нам за опомена, до кои стигна крајот на вековите.

10:12 Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне.

10:13 Друго искушение вас не ве зафати, освен човечкото; но верен е Бог, Кој не­ма да допушти да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со ис­ку­шението ќе ви даде и излез, за да мо­же­те да издржите.

10:14 Затоа, возљубени мои, одбегнувајте го служењето на идолите.

10:15 Ви зборувам како на разумни: ра­судете сами за ова што ви го кажувам,

10:16 Чашата на благословот, која ја бла­гословуваме, не е ли заедништво со крв­та Христова? Лебот, што го кршиме, не е ли заедништво со телото Христово?

10:17 Бидејќи лебот е само еден, едно те­ло сме ние многуте, зашто сите сме причесници од еден леб.

10:18 Гледајте го Израел според телото: оние што јадат од жртвите, не се ли причесници со жртвеникот?

10:19 А што да кажам? Дека идолските жртви се нешто, или дека идолот е нешто?

10:20 Не! Но она што го принесуваат нез­набошците како жртва, го принесуваат на демони, а не на Бога; јас, пак, не са­кам да бидете во заедништво со де­мо­ни­те.

10:21 Не можете да пиете од Господовата чаша и од чашата на демоните; не мо­жете да учествувате на Господовата тр­пеза и на трпеза на демоните.

10:22 Дали, пак, ќе побудиме завист во Господ? Та посилни ли сме од Него?

10:23 „Сѐ е допуштено!“ Но не е сѐ по­лез­но: „Сѐ е допуштено!“ Но сѐ не се на­градува.

10:24 Никој нека не ја бара својата лична полза, туку ползата на другиот.

10:25 Сѐ што се продава на пазар, јадете без какво и да било испитување поради совеста;

10:26 зашто „Господова е земјата и она што ја исполнува.“

10:27 Ако ве покани некој од безверните и вие посакате да одите, јадете сѐ што ќе ви изнесат, без никакво испитување поради совеста.

10:28 Но, ако некој ви рече: тоа е идолска жртва, не јадете – заради оној што ви го рекол тоа, и поради совеста. Зашто „Господова е земјата и она што ја ис­полнува.“

10:29 Но не зборувам за совеста твоја, ту­ку на друг; зошто мојата слобода да би­де судена од туѓа совест?

10:30 Ако, пак, во јадењето учествувам со благодарност, зошто да бидам хулен по­ради тоа, за кое благодарам?

10:31 И така било да јадете, или да пиете, или нешто друго да правите, сето тоа правете го за слава Божја.

10:32 Не станувајте соблазна ни за Ју­деј­ците, ни за Елините, ниту за црквата Божја,

10:33 како што и јас им угодувам на сите во сѐ и не ја барам својата полза, туку ползата на мнозина, за да бидат спа­се­ни.

Glava 11

11:1 Угледајте се на мене, како и јас на Христос!

11:2 Ве пофалувам, браќа, зашто во сѐ си спомнувате за мене и ги држите пре­да­нијата така како што сум ви ги предал.

11:3 Сакам уште да знаете дека глава на секој маж е Христос; а на жената ма­жот е глава; на Христос, пак, глава е Бог.

11:4 Секој маж, кој се моли или пророкува со покриена глава, ја срамоти својата глава;

11:5 а, пак, секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срамоти главата своја, зашто тоа е исто како да е истрижена.

11:6 Ако жената не сака да се покрива, тогаш нека се стриже; ако, пак, е грдо за жена да се стриже или бричи, тогаш нека се покрива.

11:7 И така, мажот не треба да ја покрива главата своја, зашто е образ и слава Божја, а жената е слава на мажот.

11:8 Зашто не е мажот од жената, туку жената од мажот;

11:9 и мажот не е создаден за жената, ту­ку жената за мажот.

11:10 Затоа жената треба да има на гла­вата свој знак од власта на мажот над неа поради ангелите.

11:11 Па сепак, ниту жена е без маж, ни­ту маж е без жена во Господ.

11:12 Зашто, како што е жената од ма­жот, така е и мажот преку жената; а сѐ е од Бога.

11:13 Просудете сами во себе: доликува ли жена да Му се моли на Бога гологлава?

11:14 Нели и самата природа ве учи дека е срамно за мажот да има долга коса?

11:15 Но, ако жената си ја остави косата, тоа е украс за неа, бидејќи косата ѝ е да­дена место превез.

11:16 Но, ако некој сака да се препира, ние немаме таков обичај, ниту црквите Божји.

11:17 А заповедајќи ви го ова, не можам да ве пофалам дека за подобро, туку за полошо се собирате.

11:18 Прво, пак, слушам дека, кога се со­бирате в црква, се појавуваат расколи меѓу вас, во што делумно верувам.

11:19 А потребно е меѓу вас да има и раз­делувања, за да се истакнат подостој­ни­те меѓу вас.

11:20 Но, кога се собирате така заедно, тоа не значи дека јадете вечера Гос­по­дова:

11:21 зашто на јадењето секој брза да ја земе својата вечера пред другите, така што еден останува гладен, а друг се опива.

11:22 Немате ли куќи за да јадете и пи­ете? Или ја презирате црквата Божја и ги срамотите оние, што не се имотни? Што да ви речам? Да ве пофалам ли за тоа? Не пофалувам!

11:23 А јас го примив од Господ она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб,

11:24 и, откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас, правете го ова за спомен Мој!“

11:25 По вечерата, исто така, зеде и ча­ша, па рече: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!“

11:26 Зашто, секогаш, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека Тој не дојде.

11:27 Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, ви­новен ќе биде спрема телото и крвта на Господ.

11:28 Но, секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша.

11:29 Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово.

11:30 Па затоа меѓу вас има многу немоќни и нејаки, а мнозина и умираат.

11:31 Зашто, ако бевме се испитувале са­ми себе, тогаш немаше да бидеме осуде­ни.

11:32 Но судејќи нѐ, Господ нѐ превос­пи­тува, за да не бидеме осудени заедно со светот.

11:33 Затоа, браќа мои, кога се собирате на јадење, дочекувајте се еден со друг.

11:34 Ако е, пак, некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осуда. А другото ќе го наредам, кога ќе дојдам.

Glava 12

12:1 А за духовните дарови, не сакам, браќа, да не знаете.

12:2 Знаете дека, кога бевте незнабошци, се влечевте кај немите идоли, како да ве водеа.

12:3 Затоа ви давам на знаење дека никој, кој зборува преку Божјиот Дух, не вели: „Проклет да е Исус!“, и никој не може да каже: „Исус е Господ!“, освен преку Светиот Дух.

12:4 Постојат разни дарби, но Духот е еден и ист;

12:5 има разни служби, но Господ е еден и ист;

12:6 и разни дејства постојат, но Бог е еден и ист, Кој извршува сѐ во сите.

12:7 А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза;

12:8 зашто, на еден му се дава преку Ду­хот да зборува со мудрост, на друг – да зборува знаење, преку истиот Дух;

12:9 на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дарби за лекување, преку истиот Дух;

12:10 на друг – чудотворства, на друг – да пророкува, на друг – да ги разликува ду­ховите, на друг – разни јазици, на друг – да толкува јазици.

12:11 Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака.

12:12 И како што е телото едно, а има многу делови, и сите делови од тоа те­ло, па колку и да се тие, едно тело се, – така и Христос.

12:13 Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и си­те сме со еден Дух напоени.

12:14 Зашто и телото не се состои само од еден дел, туку од многу.

12:15 Ако ногата рече: бидејќи не сум ра­ка, не сум дел од телото, зар само заради тоа таа не припаѓа на телото?

12:16 И ако увото рече: бидејќи не сум око, не сум дел од телото, зар поради тоа увото не припаѓа на телото?

12:17 Ако целото тело би било око, тогаш каде ќе е слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде е мирисот?

12:18 Но Бог ги наредил деловите, секој од нив во телото така, како што по­са­кал.

12:19 Ако сите тие би биле само еден дел, тогаш каде е телото?

12:20 А сега се, пак, многу делови, но се­пак едно тело.

12:21 И не може окото да ѝ рече на раката: „Не си ми потребна“, ниту, пак, гла­вата на нозете: „Не сте ми потребни.“

12:22 Напротив, оние делови од телото, кои ни изгледаат послаби, се многу попотребни;

12:23 и на оние делови на телото, за кои сметаме дека се помалку чесни, им од­даваме повеќе почит; и нашите срамни делови добиваат поголема пристојност.

12:24 Пристојните, пак, делови немаат потреба од чест. Но Бог го составил те­лото така, што им дал изобилна почит, на органите што ја немаат.

12:25 За да нема раздори во телото, но де­ловите подеднакво да се грижат едни за други.

12:26 А кога страда еден дел, тогаш стра­даат сите делови; и кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови.

12:27 Вие сте телото Христово, а поодделно – членови.

12:28 И некои од вас Бог постави во Црк­вата: прво за апостоли, второ за пророци, трето за учители; потоа даде дарби за чудеса и исцелување; па за помагање, за управување и за зборување на разни јазици.

12:29 Та сите ли се апостоли? Сите ли се пророци? Сите ли се учители? Сите ли се чудотворци?

12:30 Сите ли имаат дарба да лекуваат? Сите ли зборуваат на разни јазици? Си­те ли се толкувачи?

12:31 Стремете се кон поголеми дарби. А сега ви покажувам еден многу повозви­шен пат:

Glava 13

13:1 Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи.

13:2 Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум.

13:3 И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми ко­рис­ти.

13:4 Љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива,

13:5 не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло,

13:6 не се радува на неправда, туку се ра­дува на вистина,

13:7 сѐ покрива, во сѐ верува, на сѐ се на­дева, сѐ поднесува.

13:8 Љубовта никогаш не пропаѓа. А пророкувањата? Ќе минат. Јазиците? Ќе замолкнат. Знаењето? Ќе исчезне.

13:9 Зашто само делумно спознаваме и само делумно пророкуваме;

13:10 а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното.

13:11 Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детското.

13:12 Сега гледаме како низ огледало, не­јасно, а тогаш – лице в лице; сега спознавам делумно, а тогаш ќе спознаам совршено како што и сум спознаен.

13:13 А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта.

Glava 14

14:1 Стремете се кон љубовта; рев­нувај­те за духовните дарови, а осо­бено да пророкувате.

14:2 Зашто оној, кој зборува на друг ја­зик, тој не им зборува на луѓе, туку на Бога; бидејќи никој не го разбира, а со Духот кажува тајни;

14:3 кој, пак, пророкува, тој им зборува на луѓето за надградување, охрабрува­ње и утешување.

14:4 Кој зборува на друг јазик, тој се надградува сам себе; а кој пророкува, тој ја надградува Црквата.

14:5 Но јас би сакал сите вие да зборува­те на други јазици, а уште повеќе да пророкувате: зашто, кој пророкува, е поголем од оној, кој зборува јазици – ос­вен ако и ги толкува, за да се надградува Црквата.

14:6 Сега, ако дојдам кај вас, браќа, и ви зборувам на други јазици, каква полза ќе имате од мене, ако не ви соопштувам или со откровение, или со знаење, или со пророштво, или со поука?

14:7 И бездушните предмети, како кавалот или гуслата, што даваат глас, ако не даваат разни гласови, како ќе се разбере што свири кавалот или гуслата?

14:8 Зашто, ако трубата не дава разбирлив глас, тогаш кој ќе се готви за бит­ка?

14:9 Така и вие, ако со јазикот свој не из­говарате разбирливи зборови, како ќе се разбере она што го зборувате? Ќе бидете како оние кои говорат во ветер.

14:10 Во светот има којзнае колку разни гласови, и ниеден од нив не е без зна­че­ње.

14:11 Ако, пак, не го разбирам значењето на тие гласови, тогаш за оној што збо­рува ќе бидам туѓинец, а и тој за мене туѓинец.

14:12 Така и вие, бидејќи сте ревнители за духовни дарови, грижете се да ги до­биете во изобилство, за надградување на Црквата.

14:13 Затоа, оној што зборува на друг ја­зик, нека се моли за дар да може да го толкува.

14:14 Зашто, ако се молам на друг јазик, се моли мојот дух; умот, пак, мој ос­та­нува бесплоден.

14:15 Па што да се прави? Ќе Му се мо­лам со дух, ќе се молам и со ум; ќе Го воспевам Бога со дух, ќе Му пеам со ум.

14:16 Зашто, ако благословуваш со дух, како ќе рече „амин!“ на твоето благода­рење простиот човек, кога не разбира што велиш?

14:17 Ти благодариш убаво, но другиот не се надградува.

14:18 Му благодарам на Мојот Бог, зашто зборувам на други јазици повеќе од сите вас;

14:19 но в црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик.

14:20 Браќа, по умот немојте да бидете како деца; за злото бидете како дечиња, а по умот зрели.

14:21 Во Законот е напишано: „На други јазици и со друга уста ќе му зборувам на овој народ, но и така нема да Ме пос­луша, вели Господ.“

14:22 Затоа јазиците не се знак за оние што поверувале, туку за оние што не поверувале; пророкувањата, пак, не се за оние што не веруваат, туку за оние што веруваат.

14:23 Ако, пак, целата Црква се собере на едно место и сите почнат да зборуваат на непознати јазици, а дојдат и прости луѓе или безверници, нема ли да речат дека сте полуделе?

14:24 Но, ако сите пророкуваат, а дојде некој прост човек или безверник, него сите ќе го обвинат и сите ќе го осудат,

14:25 така што тајните на срцето ќе му се откријат, и тој, ќе падне на колена, ќе Му се поклони на Бога и ќе рече: „Навистина, Бог е во вас.“

14:26 Па што, браќа? Кога ќе се собира­те, и секој од вас има – кој псалм, кој поука, кој јазик, кој откровение, кој толкување, – сѐ нека биде за надградување.

14:27 Ако некои зборуваат на непознат јазик, двајца или најмногу тројца, нека зборуваат по ред, а еден да толкува.

14:28 Ако пак, нема толкувач, тогаш в црква да молчат, а нека си зборуваат во себе и на Бога.

14:29 Пророците, пак, да зборуваат двајца или тројца, а другите да расудуваат.

14:30 Но, ако на некој друг што седи му дојде откровение, тогаш првиот нека замолчи.

14:31 И така, еден по друг можете сите да пророкувате, та сите да се поучувате и сите да се охрабрувате.

14:32 И пророчките духови им се покоруваат на пророците;

14:33 зашто Бог не е Бог на безредие, ту­ку на мирот. Како што е по сите цркви меѓу светиите,

14:34 жените ваши по црквите да молчат: ним не им е допуштено да зборуваат, туку да се потчинуваат, како што вели и Законот.

14:35 Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома; зашто срамно е жена в црква да зборува.

14:36 Зар од вас излезе словото Божјо? Или, пак, само до вас стигна?

14:37 Ако некој мисли дека е пророк или надарен со дух, нека знае дека ова што ви го пишувам е заповед Господова.

14:38 А кој не разбира, нека не разбира.

14:39 И така, браќа, настојувајте да пророкувате, но не забранувајте да се збо­рува и на други јазици.

14:40 Сѐ нека биде достојно и уредно.

Glava 15

15:1 Браќа, ви напоменувам за Еван­гелието, Кое ви го проповедав, а кое вие го примивте и во Кое стоите.

15:2 Преку Него и се спасувате, ако Го држите како што ви проповедав, освен ако не сте поверувале напразно.

15:3 Ви го предадов најнапред она што го бев и примил, дека Христос умре за на­шите гревови, според Писмата;

15:4 дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата,

15:5 и дека му се јави на Кифа и потоа на Дванаесетте;

15:6 после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа;

15:7 потоа му се јави на Јаков, и потоа на сите апостоли,

15:8 а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче,

15:9 зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црк­ва.

15:10 Со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во ме­не, не беше напразна, но повеќе се пот­рудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене.

15:11 И така, било јас, или тие, така про­поведаме, и вие така поверувавте.

15:12 И ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како тогаш не­кои меѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите?

15:13 А штом нема воскресение на мрт­вите, тогаш и Христос не воскреснал;

15:14 ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш напразна е нашата проповед, празна е и вашата вера.

15:15 Би се покажале како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме против Бога дека Го воскреснал Христос, Кого што не Го воскреснал, ако навистина мрт­ви­те не воскреснуваат.

15:16 Зашто, ако мртвите не воскреснува­ат, и Христос не воскреснал;

15:17 ако, пак, Христос не воскреснал, напразна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови;

15:18 тогаш и оние, што умреле за Хрис­тос, пропаднале.

15:19 И, ако само во овој живот се надева­ме на Христос, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе.

15:20 Но, ете, Христос воскресна од мрт­вите, и со тоа стана првина за упокоените.

15:21 Бидејќи смртта дојде преку чо­ве­кот, така и воскресението од мртвите, стана преку Човек.

15:22 И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат ожи­ве­ани;

15:23 но секој по свој ред: Христос е пр­виот плод; потоа, при Неговото доа­ѓа­ње, ќе воскреснат сите што се Хрис­тови.

15:24 А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила.

15:25 Бидејќи Тој треба да царува „додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.“

15:26 А како последен непријател ќе биде уништена смртта,

15:27 зашто „сите ги покори под нозете Негови“; а кога се вели: „Сѐ Му е Нему покорено“, очевидно е дека се изоставува Оној, Кој Му потчини сѐ.

15:28 Кога, пак, ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Му потчини сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ.

15:29 Инаку, што ќе направат оние, кои се крштаваат за мртвите? Ако мртвите не воскреснуваат, зошто тие тогаш се крштаваат за нив?

15:30 Зошто, пак, и ние секој час се под­ложуваме на опасност?

15:31 Секој ден умирам, браќа, се колнам во пофалбата ваша, која ја имам во Христос Исус, нашиот Господ.

15:32 Ако во Ефес, човечки речено, се борев со ѕверови, каква е мојата полза? Ако мртвите не воскреснуваат – „Да ја­деме и да пиеме, бидејќи утре ќе ум­ре­ме!“

15:33 Не лажете се: „Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!“

15:34 Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Зашто некои од вас не зна­ат за Бога – за ваш срам го велам ова.

15:35 Но ќе рече некој: како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат?

15:36 Безумниче, тоа што го сееш ти, не­ма да оживее, ако не умре.

15:37 А кога сееш, не го сееш телото, кое треба да настане, туку голо зрно, на пример пченично или некое друго;

15:38 но Бог му дава тело, какво што са­ка, и тоа на секое семе негово сопствено тело.

15:39 Не е секое тело исто тело: друго е телото на човек, друго е телото на жи­вотно, друго на риба, друго на птица.

15:40 Има тела небесни и тела земни, но друг е блесокот на небесните и друг на земните;

15:41 друг е блесокот на сонцето; друг е блесокот на месечината, инаков е, пак, на ѕвездите; па и ѕвезда од ѕвезда по блесокот се разликува.

15:42 Така е и со воскресението на мрт­ви­те: се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање;

15:43 се сее во бесчестие – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила;

15:44 се сее тело душевно – воскреснува тело духовно. Ако има тело душевно, има и тело духовно.

15:45 Па така е и напишано: „Првиот чо­век Адам стана жива душа“, а последниот Адам – животворен дух.

15:46 Но не е прво духовното, туку ду­шев­­ното, а потоа духовното.

15:47 Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото.

15:48 Каков е земјениот, такви се и земје­ните; и каков е Небесниот, такви се и небесните;

15:49 и како што го носиме ликот на земјениот, така ќе го носиме и образот на Небесниот.

15:50 А ова ви го велам, браќа, дека телото и крвта не можат да го наследат цар­ството Божјо, ниту распадливоста ја наследува нераспадливоста.

15:51 Еве, тајна ви кажувам; сите нема да се упокоиме, туку сите ќе се измениме,

15:52 одеднаш, за еден миг на око, на пос­ледната труба: зашто ќе затруби, и мрт­вите ќе воскреснат нераспадливо, а ние ќе се измениме;

15:53 зашто распадливото треба да се об­лече во нераспадливост, а смртното – да се облече во бесмртност.

15:54 А кога ова распадливо ќе се облече во нераспадливост, и она смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: „Победата ја проголта смртта.“

15:55 „О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?“

15:56 Осилото на смртта е гревот, а силата на гревот е Законот.

15:57 Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос.

15:58 И така, браќа мои возљубени, би­де­те постојани, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи де­ка трудот ваш пред Господ нема да биде залуден.

Glava 16

16:1 А што се однесува до соби­ра­њето милостина за светиите, пра­ве­те и вие онака, како што одредив по црквите во Галатија;

16:2 во секој прв ден од седмицата секој од вас да оддели и остави кај себе колку што може, така што собирањето да не се врши кога ќе дојдам.

16:3 А кога ќе дојдам, оние што ќе ги од­обрите, нив со писма ќе ги испратам, за да го однесат вашиот дар во Ерусалим.

16:4 Ако, пак, е потребно да отидам и јас, тогаш ќе појдат со мене.

16:5 Ќе дојдам кај вас, откако ќе ја поминам Македонија, зашто низ Македонија само ќе минам.

16:6 А можеби кај вас и ќе се задржам, па дури и да презимувам, та вие да ме придружувате насекаде, каде што ќе одам.

16:7 Зашто не сакам сега веќе да ве ви­дам само патем; а се надевам, ако до­пушти Господ, меѓу вас да поминам не­кое време.

16:8 А во Ефес ќе останам до Педе­сет­ни­ца,

16:9 зашто за мене се отвори голема и за работа погодна врата, а противници има многу.

16:10 Ако, пак, дојде Тимотеј, гледајте меѓу вас да биде безбеден; зашто тој го извршува делото Господово како и јас.

16:11 Никој да не го презира, туку испра­тете го во мир, та да дојде кај мене, зашто го очекувам со браќата.

16:12 А што се однесува до братот Апо­лос, многу го молев да дојде кај вас со браќата; но, навистина, не сакаше сега да дојде, а ќе дојде, кога ќе биде погодно.

16:13 Бидете бодри, стојте во верата, др­жете се машки, бидете крепки.

16:14 Секое ваше дело нека биде во љу­бов.

16:15 Ве молам уште, браќа: знајте дека домот на Стефанин е првиот плод на Ахаја и дека се определи да им служи на светиите.

16:16 Покорувајте им се и вие на такви и на секого, што соработува и се труди!

16:17 Се радувам што дојдоа Стефанин, Фортунат и Ахаик: тие го пополнија вашето отсуство,

16:18 зашто го успокоија духот мој и ваш. Почитувајте ги таквите!

16:19 Ве поздравуваат црквите од Азија; многу ве поздравуваат Акила и Прис­кила со својата домашна црква.

16:20 Ве поздравуваат сите браќа. Поз­дравете се еден со друг со свет целив!

16:21 Ве поздравувам јас, Павле, своерач­но.

16:22 А оној што не Го љуби Господ Исус Христос, нека биде проклет, Маран-а­та.

16:23 Благодатта на Господ Исус нека би­де со вас,

16:24 и љубовта моја со сите вас во Хрис­тос Исус.