Plačot na Eremija
Glava 1
1:1 Како остана пуст градот, некогаш полн со народ! Стана како вдовица; некогаш голем меѓу народите; кнезот над областите сега плаќа данок.
1:2 Горко плаче ноќе, а солзите му паѓаат по образите. Од сите оние што го сакаа, сега нема никој да го утеши; сите негови пријатели го изневерија и му станаа непријатели.
1:3 Поради беда и ропство Јуда се пресели; се насели меѓу незнабошци, и не најде спокој; сите што го гонеа, го притеснија.
1:4 Патиштата на Сион тагуваат, зашто нема кој да оди на празник; сите негови порти запустеа; свештениците воздивнуваат, момите негови се нажалени, а и самиот е во тага!
1:5 Непријателите негови станаа господари; на противниците негови им е добро, бидејќи Господ испрати врз него страдања поради неговите бројни беззаконија; децата негови отидоа во ропство пред непријателот.
1:6 И отиде од ќерката Сионова сета нејзина слава; кнезовите нејзини се како елени, што не наоѓаат пасиште; обессилени, тие бегаат пред терачот.
1:7 Се присетува Ерусалим во деновите на својата беда и на своите страдања за сите свои убавини, што ги имаше во поранешните дни, а сега, пак, народот падна од непријателска рака, и нема кој да му помогне; непријателите гледаат на него и се смеат на неговата пропаст.
1:8 Тешко згреши Ерусалим, па затоа и стана одвратен; сите што го почитуваа, сега го гледаат со презир, зашто ја видоа голотијата негова; и тој самиот воздивнува и го крие своето лице.
1:9 Нечистотија имаше по полите негови, но тој не помислуваше за својата иднина, па поради тоа многу се понизи и падна, и нема сега кој да го утеши. „Погледај, Господи, на мојата мака, зашто непријателот се возгордеа!“
1:10 Непријателот посегна по сѐ што му беше најдраго; и тој гледа како незнабошците влегуваат во неговото светилиште, оние, за кои си заповедал да не влегуваат во Твојот храм.
1:11 Сиот негов народ воздивнува, барајќи леб, ги дава своите скапоцени работи за храна – душата да ја поткрепи. „Погледај, Господи, и види колку сум презрен!“
1:12 Нека не ве снајде ова сите вас, кои врвите по патот. Погледајте и видете – има ли болка каква што е мојата болка, која ме постигна, каква што Господ ја испрати врз мене во денот на Својот пламенен гнев?
1:13 Тој испрати оган одозгора во коските мои, и огнот ги опфати; распосла мрежа за нозете мои, ме кутна ничкум, ме остави да тагувам секој ден.
1:14 Јаремот на беззаконијата мои го стегна со раката Своја; околу вратот ми ги обеси; силата ми ја одзеде; Господ ме предаде во раце, од кои не можам да се заштитам.
1:15 Сите јунаци од мојата средина Господ ги собори; свика против мене мнозина за да ги истреби младинците мои, како во каца ја изгази Господ девојката, ќерката Јудина.
1:16 Заради тоа јас плачам: окото мое, окото мое солзи лие, зашто далеку е од мене утешителот, кој би ја оживеал душата моја; синовите мои пропаднаа, бидејќи непријателот ги надвладеа.
1:17 Сион ги протега рацете, но за него нема утешител. Господ заповеда непријатели да го опколат Јакова; Ерусалим стана нечистотија меѓу нив.
1:18 Праведен е Господ, зашто не му се покорував на словото Негово. Чујте, сите народи, и погледнете ја мојата болка; момите мои и момчињата мои отидоа во ропство.
1:19 Ги повикувам пријателите свои, но тие ме измамија; свештениците мои и старешините мои умираат во градот, барајќи храна за да ја поткрепат душата своја.
1:20 Погледај, Господи, во каква мака сум, утробата моја трепери, срцето ми се превртува, бидејќи жестоко се противев на Тебе; однадвор меч ми ги покоси децата, а дома – смрт.
1:21 Слушаат како офкам, а утешител немам; за мојата неволја чуја сите мои непријатели и се зарадуваа, бидејќи Ти го направи тоа; о, да беше му заповедал на претскажаниот ден да дојде, па и тие да станат како мене!
1:22 Нека се појави пред Тебе сета злоба нивна; и постапи со нив како што постапи со мене за сите мои гревови, зашто тешки се офкањата мои, и срцето мое е натажено.
Glava 2
2:1 Како ја помрачи Господ во гневот Свој ќерката Сионова! Од небесата ја симна славата Израелова и не се потсети за подножјето на нозете Свои во денот на Својот гнев.
2:2 Господ ги сотре сите живеалишта на Јаков, не ги поштеди; ги разруши во јароста Своја сите тврдини на ќерката Јудина, ги кутна на земја, ги отфрли царството негово и кнезовите негови, како нечисти.
2:3 Во жестокиот гнев Свој ги скрши сите рогови Израелови, ја повлече десницата Своја од непријателот и се разгори против Јаков како огнен пламен, кој проголтува сѐ наоколу;
2:4 го затегна лакот Свој како непријател, ја управи десницата Своја како непријател и уби сѐ што е мило за очите; врз скинијата на ќерката Сионова ја излеа како оган јароста Своја.
2:5 Господ стана како непријател, го истреби Израел, ги разори сите домови негови, ги разруши тврдините негови и умножи при ќерката Јудина тага и плач.
2:6 И ја сруши скинијата Своја како градина; го разори местото Свое во собранието, Господ направи на Сион да се забораваат празниците и саботите; и во Своето гневно негодување отфрли и цар и свештеник.
2:7 Го отфрли Господ жртвеникот Свој, го одврати срцето Свое од светилиштето Свое, ги предаде на непријателите ѕидовите на дворците нивни; во домот Господов тие се развикаа како во празничен ден.
2:8 Господ реши да ги разруши ѕидовите на ќерката Сионова, оптегна јаже, не ја одврати раката Своја од разрушувањето; ги сосипа надворешните тврдини, и ѕидовите беа заедно со нив разрушени.
2:9 Портите нејзини во земја потонаа; Тој ги искрши и ги уништи резињата нивни; царот нејзин и кнезовите нејзини се меѓу незнабошците; Законот веќе не се чита, и пророците нејзини веќе не се удостојуваат со виденија од Господ.
2:10 Старешините на ќерката Сионова седат на гола земја и молчат, си ги посипуваат со пепел главите свои, се препашуваат со вреќиште; ги наведнале главите кон земјата девојките ерусалимски.
2:11 Ми отекоа од солзи очите мои, утробата ми се превртува, срцето ми се кине, зашто гине ќерката на мојот народ, кога децата и доенчињата умираат од глад по плоштадите на Ерусалим.
2:12 Умирајќи како ранети по градските улици, тие им велат на мајките свои: „Каде има жито и вино?“ и ги испуштаат душите свои во мајчините прегратки.
2:13 Што да ти кажам и со што да те споредам, ќерко ерусалимска? Што да ти направам, за да те утешам, девојко, ќерко Сионова? Зашто раната твоја е како море голема; кој може да те исцели?
2:14 Пророците твои ти кажуваат работи неостварливи и лажни, не го откриваа твоето беззаконие, за да те одвратат од твоето ропство, и искажуваа лажни откровенија, кои те доведоа до прогонство.
2:15 Раце плескаат за тебе сите што минуваат по пат, си потсвирнуваат и си ги нишаат главите за ќерката ерусалимска, па велат: „Ова е градот, што го нарекуваа совршенство на убавината, радост на целата земја?“
2:16 Ги отвориле устите на тебе сите непријатели твои, си потсвирнуваат и си крцкаат со забите свои, велејќи: „Го проголтавме, та само овој ден и го чекавме ние, го дочекавме и го видовме!“
2:17 Господ го изврши она, што беше определил, го исполни зборот Свој, изречен во поранешните времиња, безмилосно го разори и го предаде на непријателот, кој ликува над тебе, го крена високо рогот на твоите непријатели.
2:18 Срцето нивно повикува кон Господ. Карпо на ќерката Сионова! Леј солзи дење и ноќе, не давај си мир, не затворај ги зениците на очите свои!
2:19 Станувај, викај ноќе при почетокот на секоја стража; излевај го како вода срцето свое пред лицето на Господ; протегај ги кон Него рацете свои за душата на децата свои, кои умираат од глад по аглите на сите улици.
2:20 „Погледај, Господи, и види: кому си му направил вака – жените да го јадат плодот свој – децата, од нив отхранети? Во светилиштето Господово да биваат убивани свештеник и пророк?
2:21 Децата и старците лежат мртви по улиците; момите и момците мои паднаа од меч; Ти ги убиваше во денот на Твојот гнев, колеше безмилосно.“
2:22 Како на празник ги повика сите мои ужаси, и во денот на гневот Господов никој не се спаси, никој не побегна; оние, што бев ги отхранила и одгледала, непријателот ми ги истреби.
Glava 3
3:1 Јас сум човек, кој видов мака од палката на Неговиот гнев;
3:2 Тој ме поведе и воведе во темнина, а не во светлина.
3:3 Тој се сврте само против мене и цел ден ме биеше со раката Своја;
3:4 го исцеди телото мое и кожата моја, ги здроби коските мои;
3:5 ме загради и ме опколи со горчила и маки;
3:6 ме постави во темно место, како одамна умрените;
3:7 ме огради со ѕид, да не можам да излезам, ми направи тешки вериги;
3:8 и, кога викав и пискав, ја одбиваше молитвата моја;
3:9 со камења ги прегради патиштата мои, ги попречи патеките мои.
3:10 Тој стана за мене како мечка во заседа, како лав на скришно место;
3:11 ме истера по беспаќа и ме раскина, ме уништи;
3:12 го затегна лакот Свој и ме постави како цел за стрела;
3:13 ги прострела бубрезите мои со стрели од торбата Своја.
3:14 Станав потсмев за сиот народ мој, негова секојдневна шега.
3:15 Ме презасити со горчила, со пелин ме напои;
3:16 со камен ми ги скрши забите мои, со пепел ме покри.
3:17 Избега мирот од душата моја; заборавив за добри работи
3:18 и реков: дотраја животот мој и надежта моја од Господ.
3:19 Помисли на моето страдање и на мојата мака, за пелинот и за жолчката.
3:20 Душата моја постојано се сеќава на тоа и премалува во мене.
3:21 Еве што му одговорив на срцето мое и поради тоа имам надеж:
3:22 по милоста на Господ не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато;
3:23 тоа се обновува секое утро; верноста Негова е голема!
3:24 Господ е дел мој, ми вели душата, па така на Него ќе се надевам.
3:25 Добар е Господ кон оние, кои се надеваат на Него, кон душата, која Го бара.
3:26 Добро му е на оној, кој трпеливо го очекува спасението од Господ.
3:27 Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја.
3:28 Сам ќе седи и ќе молчи, бидејќи Господ му го ставил бремето врз него.
3:29 Нека ја допре устата своја до земјата, можеби уште има надеж.
3:30 Го подава образот свој на оној, кој бие, да трпи навреди до презаситување,
3:31 бидејќи Господ не отфрла за навек.
3:32 Пратил ли неволја, Тој и ќе се смилува според Својата голема милост.
3:33 Зашто Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги ожалостува синовите човечки.
3:34 Но, кога ги газат со нозете сите затвореници на земјата,
3:35 кога неправедно осудуваат човек пред лицето на Севишниот,
3:36 кога му се нанесува неправда на човекот во неговиот спор: зар Господ не гледа?
3:37 Кој вели – „Бива и она што Господ не заповедал да биде?“
3:38 Зар не доаѓаат и злото и доброто од устата на Господ?
3:39 На што се жалат живите луѓе? Секој за гревовите свои?
3:40 Да ги испитаме и да ги истражиме патиштата свои и да се вратиме кај Господ.
3:41 Нека го подигнеме срцето свое и рацете свои кон Бога, Кој е на небесата.
3:42 Ние згрешивме и се противевме, Ти не нѐ поштеди.
3:43 Ти се облече со гнев и нѐ прогони, нѐ умртвуваше, и не нѐ жалеше;
3:44 Ти се сокри во облак, за да не продре молитвата наша;
3:45 смет и гнасотија нѐ направи меѓу народите.
3:46 Широко ги отворија устите против нас сите наши непријатели.
3:47 Ужас и јама, пустош и разорение – тоа е делот наш.
3:48 Потоци солзи лее окото мое за погибелта на ќерката од мојот народ.
3:49 Окото ми се прелива и не престанува, бидејќи нема одмор
3:50 сѐ додека Господ не погледне милостиво и види од небесата.
3:51 Окото мое е причина да страда душата моја заради сите ќерки на мојот град.
3:52 Постојано се силат непријателите мои да ме уловат како птичка, без никаква причина.
3:53 Го фрлија во јама животот мој и ме засипаа со камења.
3:54 Водата се подигна над главата моја; па си реков – „Загинав.“
3:55 Го повикав името Твое, Господи, од длабоката јама.
3:56 Ти го чу гласот мој; не затнувај го увото Свое за мојата воздишка и за мојот плач!
3:57 Ти се приближуваше, кога ќе повикав кон Тебе, и велеше – не плаши се!
3:58 Ти го заштитуваше, Господи, делото на мојата душа; го избавуваше мојот живот.
3:59 Ти гледаш како ме угнетуваат, Господи; пресуди го делото мое.
3:60 Ти ја гледаш сета одмазда нивна, сите намери нивни против мене.
3:61 Ти ги слушаш, Господи, навредите нивни, сите намери нивни против мене,
3:62 зборовите на оние, што стануваат против мене, и лукавствата нивни против мене секој ден.
3:63 Погледај, седнат ли, станат ли, јас сум подбивна песна за нив.
3:64 Казни ги, Господи, според делата на рацете нивни;
3:65 прати им закоравеност на срцето нивно и проклетсвото Твое врз нив;
3:66 гони ги, Господи, со гнев и истреби ги од поднебјето!
Glava 4
4:1 Како потемне златото, како се измени најчистото злато! Камењата од светилиштето се расфрлени по сите крстопати.
4:2 Синовите на Сион, некогаш ценети како најчисто злато, а сега ги ценат како земјани садови, дела на грнчарски раце!
4:3 Дури и ѕверовите подаваат града и ги хранат рожбите свои, а ќерката на мојот народ стана жестока како ној во пустина;
4:4 јазикот на доенчето се прилепува до непцето поради жед; децата бараат леб, но никој не им подава.
4:5 Оние, што јадеа слатки, гинат по улиците; одгледаните во пурпур, се валкаат во смет.
4:6 Казната за бесчестието на ќерката на мојот народ ја надминува казната на Содом; тој беше срамнет за миг, и раце човечки не се допреа до него.
4:7 Кнезовите ѝ беа почисти од снег, побели од млеко; тие беа телесно поубави од корал, изгледот им беше како сафир;
4:8 а сега лицето им е потемно од сѐ што е црно; не ги познаваат ни улиците; кожата им се прилепила за коските, па станала сува како дрво.
4:9 Убиените со меч минаа подобро од оние, што глад ги убива, зашто тие бавно умираат поради недостиг од полски плодови.
4:10 Дури и жалостивите жени ги вареа со рацете децата свои, за да им бидат храна, кога гинеше ќерката на мојот народ.
4:11 Господ го излеваше Својот гнев, ја излеа јароста од гневот Свој, и на Сион запали оган, кој ги проголта основите негови.
4:12 Царевите земни и сите жители по вселената не веруваа дека противникот и непријателот влегол во портите ерусалимски.
4:13 Сето тоа е поради гревовите на лажните пророци, поради беззаконијата на свештениците негови, кои меѓу него пролеваа крв на праведници;
4:14 скитаа по улиците како слепи, се осквернуваа со крв, така што не беше можно човек да се допре до одеждите нивни.
4:15 „Отстранете се, нечисти!“ им викаа: „Отстранете се, отстранете се, не допирајте се!“ и тие се отстрануваа посрамени; талкаа од народ до народ, но никој не ги прифаќаше.
4:16 Лицето на Господ ги расеа; Тој нема веќе милостиво да ги погледне, бидејќи не го почитуваа лицето на свештениците, кон старците милост немаат.
4:17 Очите ни се веќе истрошени, очекувајќи залудо помош; од нашата стражарска кула чекавме народ, кој не можеше да нѐ спаси.
4:18 А тие демнеа на стапките наши, за да не можеме да одиме по улиците наши; нашиот крај наближува, деновите наши се исполнија; крајот ни дојде.
4:19 Оние, што нѐ гонеа, беа побрзи од орлите небески; по горите нѐ гонеа, ни поставуваа заседи по пустините.
4:20 Духот на нашиот живот, помазаникот Господов, уловен е во нивните јами; оној, за кого велевме: „Под сенката Негова ќе живееме меѓу народите.“
4:21 Радувај се и весели се, ќерко Едомова, жителко на земјата Уц! И до тебе ќе дојде чашата: ќе се опиеш и ќе се разголиш.
4:22 Ќерко Сионова, казната за твоето беззаконие се сврши; Тој нема повеќе да те гони; но беззаконието твое, ќерко Едомова, Тој ќе го казни и ќе ти ги разоткрие гревовите твои.
Glava 5
5:1 Спомни си, Господи, што нѐ снајде; милостиво погледај и види го срамот наш!
5:2 Наследството наше мина на туѓинци, куќите наши – на луѓе од други племиња;
5:3 останавме сираци, без татко; мајките наши се како вдовици.
5:4 Водата своја ја плаќаме за сребро, дрвата наши ги купуваме со пари.
5:5 На вратот имаме јарем, и нѐ гонат; исцрпени сме и не ни даваат да здивнеме.
5:6 Протегаме рака кон Египќаните и кон Асирците, за да се нахраниме со леб.
5:7 Татковците наши грешеа: нив ги нема веќе, а ние трпиме казна за нивното беззаконие.
5:8 Робовите ни се господари, а нема кој да нѐ избави од рацете нивни.
5:9 Храната си ја набавуваме со страв – пред мечот во пустината.
5:10 Од лут глад, кожата ни поцрнела како печка.
5:11 Жените ни ги бесчестат на Сион, девојките – во градовите јудејски.
5:12 Кнезовите ги изобесија со свои раце, лицата на старците не ги почитуваа.
5:13 Момците носеа воденички камења, а децата паѓаа под товари дрва.
5:14 Старците веќе не седат пред портите; момците не пеат.
5:15 Се сврши радоста на срцето наше; нашите ора се претворија во тага.
5:16 Падна венецот од нашата глава; тешко нам, што згрешивме!
5:17 Поради тоа и боледува срцето наше; поради тоа и потемнеа очите наши.
5:18 Бидејќи запусте гората Сион, лисици одат по неа.
5:19 Ти, Господи, остануваш вечно; престолот Твој е од род во род.
5:20 Зошто наполно нѐ забораваш, нѐ оставаш долго време?
5:21 Врати нѐ кон Себе, Господи, и ние ќе се вратиме; обнови ги деновите наши како во старо време.
5:22 Зар наполно си нѐ отфрлил, зар без мерка си се разгневил на нас?