Osija

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14

Glava 1

1:1 Слово Господово што беше упатено до Осија, син Беериев, во деновите на јудејските цареви Озија, Јотам, Ахаз, Езекија и во деновите на израелскиот цар Јеровоам, синот Јоасов.

1:2 Почеток на словото Господово до Осија. Му рече Господ на Осија: „Оди и земи жена блудница, па роди деца од блудство; зашто оваа земја многу блудствува, откако отстапи од Господ.“

1:3 И тој отиде и ја зеде Гомер, ќерката на Дивлаим, која зачна и му роди син.

1:4 Тогаш Господ му рече: „Стави му име Јизреел, зашто уште малку и Јас ќе му се одмаздам на Јехуевиот дом за крвта пролеана во Јизреел и ќе го укинам царството на Израел,

1:5 и во тој ден ќе го скршам лакот на Израел во долината Јизреел.“

1:6 Таа пак зачна и роди ќерка, и Тој му рече: „Именувај ја Ло-Рухама, зашто Јас веќе нема да го помилувам домот Израелов, и да им проштевам.

1:7 А домот Јудин ќе го помилувам и ќе ги спасам Јас, нивниот Господ Бог, не со лак, ниту со меч, ни со војска, ниту со коњи и коњаници.“

1:8 Потоа, откако ја одби од доење, од­ново зачна и роди син.

1:9 И Тој му рече: „Наречи го со името Ло-Ами, зашто вие не сте Мој народ, и Јас нема да бидам ваш Бог.“

Glava 2

2:1 „Но бројот на синовите Израелови ќе биде како песокот морски, кој не ќе може ни да се измери ниту да се изброи; и место да им речат – вие не сте Мој народ – ќе им се рече – вие сте сино­ви на живиот Бог.

2:2 И ќе се соберат синовите Јудини и синовите Израелови заедно и ќе си пос­тават еден старешина и ќе излезат од земјата, зашто голем е денот на Јиз­реел.

2:3 Речете им на браќата свои: ‚Ами‘ и на сестрите свои ‚Рухама‘.

2:4 Судете се со својата мајка, распра­вајте се; зашто таа не е Моја жена, и Јас не сум ѝ маж нејзин; нека го отфрли блудството од лицето свое и прељубо­дејството од градите свои, за да не ја сотрам,

2:5 за да не ја соблечам гола и да не ја покажам како во денот на нејзиното раѓање, и да не ја направам пустелија, за да не ја претворам во сува земја и да не ја усмртам со жед.

2:6 И децата нејзини нема да ги помилувам, зашто тие се деца од блудство.

2:7 Бидејќи мајката нивна блудствуваше, се осрамоти онаа, која ги зачна, зашто си велеше – ќе тргнам по љубов­ниците свои, кои ми даваат леб и вода, волна и лен, масло и пијалак.

2:8 Ете, затоа Јас ќе ѝ го препречам патот нејзин со трње и ќе ја заградам со ограда, и таа не ќе може да ги најде па­теките свои;

2:9 ќе се впушти по љубовниците, но нема да ги стигне; ќе ги бара, и нема да ги најде; и ќе си рече: ќе се вратам и ќе појдам кај првиот маж; зашто тогаш ми беше подобро, отколку сега.

2:10 А таа не знаеше дека Јас ѝ давав жито, вино и масло и ѝ го намножував среброто нејзино и златото, од кое му направија идол на Ваал.

2:11 Затоа ќе си го земам житото Свое, и виното Свое, кога за тоа ќе му дојде времето и ќе ја одземам волната Своја и ленот Свој, со што се покрива голотијата нејзина.

2:12 И сега ќе ја откријам срамотијата нејзина пред очите на нејзините миле­ници, и никој не ќе ја избави од раката Моја.

2:13 И ќе укинам кај неа секаква веселба, празниците и новомесечијата нејзини, и саботите и сите нејзини прослави.

2:14 И ќе ги запустам лозјата нејзини и смоквите, за кои таа беше рекла: ‚тоа ми се подароци, со кои ме даруваа љу­бовниците мои;‘ и Јас ќе ги опустошам, и полските животни ќе ги изедат.

2:15 И ќе ја казнам за деновите поминати во служење на Вааловците, кога им кадела и ги китела со обетки и грив­ни, одела по љубовниците свои, а Мене Ме заборавила, вели Господ.

2:16 Поради тоа Јас ќе ја привлечам и ќе ја одведам во пустина, па ќе му зборувам на нејзиното срце.

2:17 И ќе ѝ ја вратам лозата нејзина и долината Ахор како трем на надеж; и таму таа ќе пее како во деновите на својата младост и како во денот кога излезе од египетската земја.

2:18 И во тој ден, вели Господ, ти ќе Ми велиш – мажу Мој, и нема повеќе да Ми велиш – Ваалу Мој.

2:19 И ќе ги отстранам од устата нејзина имињата на Вааловците, и нема по­веќе да се спомнува името нивно.

2:20 И во тоа време поради нив ќе склу­чам сојуз со животните полски, со пти­ците небески и со лазачите по земјата; а лак, и меч, и војна ќе истребам од таа земја, и ќе им дозволам да живеат во мир и сигурност.

2:21 И ќе те свршам за Себе вечно, и ќе те свршам за Себе во правда и спра­ведливост, во благослов и милосрдност.

2:22 И ќе те свршам за Себе во верност и ти ќе Го познаеш Господа.

2:23 И во тој ден Јас ќе се одзовам, вели Господ, Јас, ќе му се одзовам на Небото, а тоа ќе ѝ се одзове на Земјата,

2:24 и Земјата ќе му се одзове на житото и виното и маслото; а тие ќе му се одзоват на Јизреел.

2:25 И ќе ја посеам за Себе на земјата, и ќе ја засакам Ло-Рухама и ќе му речам на Ло-Ами: ‚Ти си Мој народ‘, а тој ќе рече: ‚Ти си мој Бог!‘“

Glava 3

3:1 Потоа Господ ми рече: „Оди и повторно засакај ја жената, која ги са­ка злото и прељубата, како што Господ ги сака синовите Израелови, а тие гле­даат по туѓи богови и ги сакаат нивните пити од грозје.“

3:2 Ја откупив за петнаесет сребреници и за гомер и полугомер јачмен;

3:3 па ѝ реков: „Ќе останеш кај мене подолго време; не блудствувај и не оди со други; а и јас нема да ти приоѓам.“

3:4 Зашто синовите Израелови ќе оста­нат долго време без цар, без кнез и без жртви, без жртвеник, без ефод и без јавување.

3:5 Потоа синовите Израелови ќе се по­вратат и ќе Го побараат Господа, својот Бог, и Давид, својот цар, ќе се чудат пред Господ на Неговата благост во последните дни.

Glava 4

4:1 Чујте го словото Господово, синови Израелови; зашто Господ ќе им су­ди на жителите од оваа земја, зашто нема ни вистина, ни милосрдие, ниту знаење за Бога на земјата.

4:2 Клетва и измама, убиство, кражби и прељубодејства многу се распространија, и една крв по друга крв се лее.

4:3 Затоа таа земја ќе тагува, и ќе гинат сите што живеат на неа, заедно со полските животни и птиците небески; дури и рибите во морето ќе загинат.

4:4 Но никој да не се суди и никој никого да не обвинува; но со тебе свеште­нику, морам да се судам!

4:5 Ти ќе се препнуваш дење, и со тебе пророкот се препнува ноќе, а Јас ќе ја погубам твојата мајка.

4:6 Мојот народ гине што нема разум, зашто ти си го отфрлил разумот, и Јас ќе те отфрлам од Моето свештенство; бидејќи го заборави законот на својот Бог, и Јас ќе ги заборавам децата твои.

4:7 И колку повеќе се размножуваа, толку повеќе и грешеа против Мене; затоа славата нивна ќе ја претворам во срам.

4:8 Тие се хранат со гревовите на Мојот народ, и кон беззаконијата негови се стреми душата нивна.

4:9 И што ќе стане со народот, тоа ќе се случи и со свештеникот; ќе го казнам според патиштата негови и ќе му платам според делата негови.

4:10 Ќе јадат – и нема да се наситуваат; ќе блудствуваат и нема да се раз­множуваат, зашто престанаа да Му слу­жат на Господ.

4:11 Блудството, виното и пијалаците ги овладеале срцата нивни.

4:12 Мојот народ се обраќа до парче др­во, и неговиот жезол му дава одговор; зашто духот на блудството ги вовел во заблуда, па блудствувајќи, тие отстапија од својот Бог.

4:13 Принесуваат жртви по планинските врвови и по ридовите, кадат под даб, то­пола и брест, зашто тие имаат добри сенки; затоа ќерките ваши блудствуваат, а снаите ваши прељубодејствуваат.

4:14 Нема да ги казнувам ќерките ваши кога блудствуваат, и снаите ваши кога прељубодејствуваат, зашто вие самите сте блудници и со љубовници принесувате жртви, а простиот народ гине.

4:15 Ако ти, Израеле, блудствуваш, Јуда барем да не греши; и не одете во Гилгал, не влегувајте во Бет – Авен и не колнете се со клетвата: жив е Господ!

4:16 Израел е тврдоглав како упорна ју­ница; па како да ги пасе Господ како јагниња на широка ливада?

4:17 Ефрем се поврзал со идолите; остави го!

4:18 После пијанството нивно му се предаваат на блудството; повеќе го сакаат срамот отколку честа.

4:19 Ветрот ќе ги притегне со крилјата свои, и тие ќе се засрамат од своите пагански жртви.

Glava 5

5:1 Чујте го ова свештеници, и внимавај ти, доме Израелов, и приклони го увото, доме царев, зашто вам ќе ви се суди, зашто бевте замка во Мицпа и оптегната мрежа во Тавор.

5:2 Длабока јама ископаа престапни­ците, но Јас ќе ги казнам сите нив.

5:3 Ефрем Јас го познавам, но и Израел не е сокриен од мене; зашто и ти блудствуваш, Ефреме, а ти, Израеле, се оскверна.

5:4 Делата нивни не ги оставаат да се обратат кон својот Бог, зашто блудството нивно е внатре во нив, па затоа и Господа не Го познаваат.

5:5 И гордоста на Израел сведочи против нив; затоа и Израел и Ефрем паднаа поради беззаконијата свои; а ќе падне и Јуда со нив.

5:6 Со овци и со волови ќе тргнат да Го бараат Господа и нема да Го најдат; Тој се оттргнал од нив.

5:7 Тие Го изневерија Господа, зашто изродија туѓи деца; затоа сега и тие и нивните имоти ќе бидат уништени.

5:8 Затрубете со рог во Гива, со труба во Рама, и викајте во Бет-Авен: „Во бој, Венијамине!“

5:9 Во денот на казнувањето Ефрем ќе стане пустина; Јас го изјавувам тоа меѓу колената Израелови.

5:10 Водачите на Јуда станаа како оние што преместуваат меѓи; ќе го излеам врз нив гневот Мој како вода.

5:11 Ете, Ефрем е угнетен, кај него правдата се гази, зашто посака да оди по суетни работи.

5:12 Јас ќе бидам како молец за домот на Ефрем и како црв за домот на Јуда.

5:13 Кога ја согледа Ефрем болеста своја и Јуда раната своја, тргна Ефрем кон Ашур и се обрати до големиот цар за помош; но тој не ќе може да ве излекува, и нема да ви ја исцели раната ваша.

5:14 Зашто Јас сум како лав за Ефрем и како лавче за домот на Јуда; Јас, Јас ќе раскинам и ќе си заминам; ќе однесам и никој нема да ги спаси.

5:15 Ќе тргнам и ќе се вратам во Своето место, додека тие не признаат дека се виновни, и не го побараат лицето Мое. Можеби во својата мака ќе Ме поба­раат.

Glava 6

6:1 Ќе велат: „Ајде да се вратиме кај Господ, зашто Тој нѐ рани и Тој ќе нѐ исцели, нѐ удри – и ќе ни ги преврзе раните наши;

6:2 ќе нѐ оживее за два дена, а во третиот ќе нѐ подигне, и ние ќе живееме пред лицето Негово.

6:3 И така, сега да се стремиме да Го познаеме Господа; а Тој сигурно ќе дој­де кај нас, како утрена зора, ќе ни дојде како дожд; како доцен и ран дожд ќе ја натопи земјата.“

6:4 Што да правам со тебе, Ефреме? Што да правам со тебе, Јудо? Вашата љубов кон Мене е како утрена магла и како роса што брзо исчезнува.

6:5 Затоа Јас ги судев преку пророците и ги биев со зборови од устата Своја. А тоа што го барам од вас е јасно како светлина.

6:6 Јас повеќе сакам милост, отколку жртва, и познавање на Бога, а не жртва сепаленица.

6:7 А тие, како Адам, го прекршија за­ветот, и таму Ме изневерија.

6:8 Галаад е град на беззаконици, полн со траги од крв.

6:9 Свештениците се здружени разбој­ници, тие убиваат по патот за Сихем, срамни работи вршат.

6:10 Во домот Израелов гледам ужасни работи; таму Ефрем блудствува, Изра­ел се осквернува.

6:11 И за тебе, Јудо, е определена казна кога ќе го повратам од ропство Мојот народ.

Glava 7

7:1 Штом ќе посакам да го излечам Израел, се открива неправдата на Ефрем и злосторството на Самарија, зашто тие лажат, и крадец провалува, и разбојник граби по улиците.

7:2 И не помислуваат во срцето свое дека Јас ги помнам сите нивни беззаконија; а сега ги обиколија нивните де­ла; пред лицето Мое се.

7:3 Со злосторства го веселат царот свој и со лагите свои – кнезовите.

7:4 Од прељубодејство тие сите горат како печка вжарена која пекарот по­веќе не ја разгорува, додека не го замеси тестото, и тоа скисне.

7:5 „Денот е на царот наш!“ – велат кнезовите, опијанети од вино, а тој се ракува со опијанетите.

7:6 Од сплетките нивни срцето им се вжарува како печка: гневот тлее во нив цела ноќ, а утрината се разгорува како огнен пламен.

7:7 Тие сите се распалени како фурна и си ги голтаат судиите свои; нивните цареви паѓаат и никој од нив не вика кон Мене.

7:8 Ефрем се смешал со народите, и станал како пита непревртена.

7:9 Туѓинци му ја одземаат силата негова, но тој не забележува, косата му по­белела, а тој не знае.

7:10 И гордоста на Израел сведочи против нив – и покрај сето тоа не се обра­ќаат кон Господ, својот Бог, и не Го бараат.

7:11 А Ефрем стана како глупав гулаб – без разум: ги повикуваат Египќаните на помош, а потоа се приклонуваат кон Асирија.

7:12 Каде и да појдат, Јас ќе ја фрлам мрежата Своја врз нив; како птици не­бески ќе ги кутнам; ќе ги казнам, како што беше речено во нивното собрание.

7:13 Тешко ним, зашто отстапија од Мене; погибел за нив, зашто се одметнаа од Мене. Јас ги спасував, а тие Ме лажеа.

7:14 А не повикаа кон Мене од сѐ срце, кога пискаа по леглата свои; ридаа на своите постели заради леб и вино, а против Мене се бунтуваа.

7:15 Додека Јас ги поткрепував и им да­вав сила, тие коваа зло против Мене.

7:16 Тие се свртуваа кон лажни богови; станаа како скршен лак. Заради нивната горделивост, кнезовите ќе им изгинат од меч, а Египќаните ќе им се смеат.

Glava 8

8:1 Стави ја трубата на уста! Непријателите како орли го напаѓаат Домот Господов, зашто тие го нарушија заветот Мој и го престапија законот Мој.

8:2 Иако викаат кон Мене: „Боже мој, ние Те познаваме; ние сме Израел.“

8:3 Израел го отфрли доброто; затоа непријател ќе го гони.

8:4 Си поставуваа цареви свои, без Мене; си избираа кнезови, пак без Мене; од среброто свое и од златото свое направија идоли: тоа им е за погибел.

8:5 Го мразам телето твое, Самаријо; се распали гневот Мој против нив; до кога ли не ќе можат да се исчистат оние што се во Израел?

8:6 И него уметник го направил, тоа не е бог; затоа ќе биде скршено на пар­чиња телето твое, Самаријо!

8:7 Бидејќи сееја ветар, бура ќе пож­неат; житото нема да им 'рти, нема да даде брашно; ако, пак, и даде, туѓинци ќе го изедат.

8:8 Проголтан е Израел; меѓу народите сега е како скршен сад.

8:9 Тие скитаат осамени како диви ма­гариња; Ефрем со подароци ја купуваше благонаклоноста на другите.

8:10 Па, иако праќаше дарови на народите, наскоро Јас ќе ги соберам, и тие ќе почнат да страдаат од царот и кнезовите;

8:11 иако Ефрем изгради многу жртве­ници за грев – за грев и му послужија тие исти жртвеници.

8:12 Му напишав важни закони, но тој ги сметаше за туѓи.

8:13 Во жртвените приноси Мене Ми принесуваат месо и го јадат; на Господ тие не Му се угодни; сега Тој ќе се присети за нивното бесчестие и ќе ги казни за гревовите нивни; ќе ги врати во Египет.

8:14 Израел го заборави Создателот свој, за себе си изгради дворци, а и Јуда изгради многу утврдени градови; но Јас ќе испратам оган врз градовите негови – и тој ќе му ги проголта дворците негови.

Glava 9

9:1 Не радувај се, Израеле, со преголема веселба како другите народи, зашто блудствуваш, откако отстапи од својот Бог – и ги засака даровите од блуд по сите житни гумна.

9:2 Гумното и кацата нема да ги на­хранат, а виното ќе ги измами.

9:3 Тие нема веќе да живеат во земјата Господова: Ефрем ќе се врати во Еги­пет и во Асирија ќе јадат нечисто.

9:4 Нема да вршат преливи со вино за Господ, и неугодни ќе Му бидат жртви­те нивни; лебот ќе им биде како леб на нажалени: сите што ќе го јадат, ќе се осквернуваат, зашто нивниот леб е само за душите нивни, а во домот Господов тој нема да се внесе.

9:5 Што ќе правиш во деновите на соби­рите и во деновите на празниците Гос­подови?

9:6 Зашто сите ќе си заминат пред запустувањето; Египет ќе ги прибере, Мемфис ќе ги погребе; нивните сребрени драгоцености коприви ќе ги прекријат, во шаторите нивни ќе обраснат трнливи грмушки.

9:7 Дојдоа деновите на твојата казна, дојдоа деновите за одмазда. Нека раз­бере Израел дека е глупав претска­жувачот, безумен е оној што изјавува дека е вдахновен, поради многуте ваши беззаконија и големата омраза.

9:8 Бог ме испрати како пророк, за да го предупредам Неговиот народ Израел. Но тие насекаде мрежа ми поставуваат, дури и во Божјиот дом му се противат на пророкот.

9:9 Многу ниско паднаа, останаа раз­вратни како во деновите на Гива; но Тој ќе се присети за нивните беззаконија, ќе ги казни за нивните гревови.

9:10 Како грозје во пустина го најдов Израел; како ран плод на смоква, ги видов Јас татковците нивни, но тие отидоа кај Ваал-Пеор и се оддадоа на срамни работи, па и самите станаа нечисти како и нивните љубимци.

9:11 Славата на Ефрем ќе одлета како птица; нема да има кај нив ни раѓање, ни бременост, ниту зачнување.

9:12 Па макар и да одгледаат деца свои, Јас ќе ги одземам; зашто тешко ним, кога ќе ги оставам.

9:13 Ефрем е како да го гледам Тир, се поставил на убаво место; но Ефрем ќе ги изведе децата свои на клање.

9:14 Дај им, Господи, а што да им да­деш? Дај им утроба што не раѓа, и – суви гради.

9:15 Сето зло им е во Гилгал; таму ги замразив Јас поради нивните лоши дела; ќе ги изгонам од Мојот дом, нема повеќе да ги сакам; сите нивни кнезови се отстапници.

9:16 Поразен е Ефрем; се исуши коре­нот нивни – плод нема да имаат; и ако родат, Јас ќе го умртвам нивниот сакан плод во утробата нивна.

9:17 Ќе ги отфрли мојот Бог, зашто тие не Го послушаа, па затоа ќе скитаат меѓу народите.

Glava 10

10:1 Израел е рагранета лоза; колку повеќе таа има плод, толку повеќе се умножуваат жртвениците; колку му е поплодна земјата, толку по­веќе се украсуваат идолите.

10:2 Измамничко е срцето нивно, и затоа ќе бидат казнети: Тој ќе ги разруши нивните жртвеници, ќе ги здроби идо­лите нивни.

10:3 Сега тие велат: „Немаме цар, зашто немавме страхопочит кон Господ, а и зошто ни е цар?“

10:4 Зборуваат, даваат лажни завети, склучуваат сојузи; правдата се претворила во неправда и расте по браздите на нивните ниви.

10:5 За телето во Бет-Авен ќе плачат жителите на Самарија; ќе заплаче за него народот негов, и жреците негови, кои се радуваа со него, ќе плачат по славата негова, зашто неа ќе ја снема од него.

10:6 И тој самиот ќе биде врзан и одведен во Асирија како дар на големиот цар; посрамен ќе биде Ефрем, и ќе се засрами Израел поради својата одлука.

10:7 Уништена е Самарија, нејзиниот цар ќе биде исфрлен како лушпа на површината на водата.

10:8 И ќе бидат истребени идолските светилишта на Авен, гревот Израелов; во трње и боцки ќе обраснат жртве­ниците негови, па ќе им речат на планините – покријте нѐ, а на ридовите, паднете врз нас!

10:9 Повеќе згреши, Израеле, отколку во деновите на Гива; а и таму да запреше, немаше ли да те стаса војна, како и беззакониците гивејски?

10:10 Ќе ги казнам како што ќе посакам; ќе се соберат против нив народите, и тие ќе бидат казнети поради двојниот нивни престап.

10:11 Ефрем е обучена јуница, свикната да врши, и Јас Самиот на нејзиниот убав врат ќе ѝ ставам амут; па Ефрем ќе влече, Јуда ќе ора, а Јаков ќе ја дроби земјата.

10:12 Сејте правда – па ќе жнеете милост; разорувајте нова земја, време е да Го побарате Господа, и така Тој, штом ќе дојде, да ве облее со благослов.

10:13 Оравте безбожност, жнеевте беззаконие, јадевте плод на лагата, зашто ти се надеваше на своите коли, на многуте војници.

10:14 И ќе дојде војна на твојот народ, и сите твои тврдини ќе бидат разрушени, како што Шалман го разруши Бет-Ар­бел во денот на битката: мајка биваше убивана заедно со децата.

10:15 Ете, така ќе ви направам, доме Израелов, поради неправдата ваша; во рани зори ќе загине царот Израелов.

Glava 11

11:1 Кога Израел беше млад, Јас го сакав и од Египет го повикав како Мој син.

11:2 Но колку повеќе ги повикував, толку повеќе се оддалечуваа од Мене, принесуваа жртви на Вааловци и им кадеа на идоли.

11:3 Јас Самиот го учев Ефрем да оди, го носев на рацете Свои, а тие не сфаќаа дека се грижев за нив.

11:4 Ги привлекував со нежност и со љубов, и Јас бев за нив како оној, што ја олабавува уздата од устата нивна, и кротко им подавав храна.

11:5 Тие ќе се вратат во Египет; Ашур – ќе му биде цар, зашто тие не посакаа да се вратат кај Мене.

11:6 И меч ќе беснее по нивниот град, ќе ги уништи неговите заштитници, и ќе ги проголта поради нивните сплетки.

11:7 Народот Мој е наклонет кон отста­пување од Мене. Кон Севишниот пови­куваат, но никој не им помага.

11:8 Како да те дадам, Ефреме? Како да те предадам, Израеле? Како да те на­правам како Адма? Да ти направам како што му направив на Цевоим? Срцето Ми се вознемирува, затреперува утробата Моја од жалост.

11:9 Нема да постапам според јароста на гневот Свој, и нема да го истребам Ефрем, зашто Јас сум Бог, а не човек, Светец меѓу вас; Јас нема веќе во гнев да доаѓам.

11:10 По Господа тие ќе одат. Како лав ќе го издигне Тој гласот Свој, ќе го пушти гласот Свој – и ќе побрзаат кон Него синовите од запад,

11:11 ќе полетаат од Египет како птици, и од Асирија – како гулаби, и ќе ги населам во домовите нивни, вели Господ.

Glava 12

12:1 Ефрем Ме опкружил со лаги, а домот Израелов – со измами; но Јуда сѐ уште се држи за Бога, и верен Му е на Светецот.

12:2 Ефрем пасе ветар и трча кон ис­точниот ветар, по цел ден си ги намно­жува лагите и насилствата, склучува сојуз со Ашур, а во Египет праќа масло.

12:3 Но и со Јуда Господ ќе има суд – Тој ќе го казни и Јаков за постапките него­ви, и Ќе му плати според делата негови.

12:4 Уште во утробата мајчина тој го по­тиснуваше брата си, а кога порасна, тој се бореше и со Бога.

12:5 Тој се бореше против ангел – и го победи; заплака и Го замоли; во Ветил Тој нѐ најде и таму зборуваше со нас.

12:6 А Господ е Бог над силите; Јахве е името Негово.

12:7 Врати се и ти кон својот Бог; биди милостив и справедлив, и секогаш надевај се на твојот Бог.

12:8 Хананецот има неверни мерила во раката своја и сака да онеправдува.

12:9 И Ефрем вели: „Сепак се збогатив, насобрав многу имот, макар што во сите мои работи не можат да најдат ништо незаконско, што би било грев.“

12:10 Јас сум твојот Господ Бог уште од земјата египетска: пак ќе те населам да седиш во колиби како во деновите на празникот.

12:11 Јас им зборував на пророците и ги умножував виденијата, а и преку пророците ќе донесам уништување.

12:12 Во Галаад има беззаконија, тие ќе бидат уништени. Во Гилгал колат за жртви телци, а жртвениците им стојат како купишта камења на меѓите од нивните ниви.

12:13 Избега Јаков во Арам и Израел служеше за жена, а за жена и овци па­сеше.

12:14 Преку пророк го изведе Господ Израел од Египет и преку пророк Тој го пазеше.

12:15 Ефрем многу Го разгневи Господа, па затоа Господ ќе ја остави крвта негова на него, и ќе му плати за неговите навреди.

Glava 13

13:1 Кога Ефрем зборуваше, сите трепереа. Тој беше првак во Из­раел; но се огреши со Ваал и загина.

13:2 И сега продолжува да греши: напра­вија идоли излеани од сребро, онака како што сами ги замислуваат – уметничка работа – па им велат на луѓето ним да им принесуваат жртви и да ги целиваат телињата.

13:3 Поради тоа тие ќе бидат како утрена магла, како роса што брзо исчезнува, како плева што ветар ја однесува од гумното, како дим од оџак.

13:4 Но Јас сум Господ, твојот Бог уште од земјата египетска – и ти не треба да имаш друг Бог освен Мене; нема Спа­сител освен Мене.

13:5 Јас те хранев во пустината, во засу­шената земја.

13:6 Јас ги хранев и тие беа сити; а кога се заситуваа, срцето им се возгордуваше, и поради тоа Мене Ме забораваа.

13:7 И Јас ќе бидам како лав за нив, како леопард што им демне покрај патот.

13:8 Ќе напаѓам врз нив како мечка, чии мечиња се грабнати: ќе им ги истргнувам срцата нивни и ќе ги изедам таму како лавица, полските ѕверови ќе ги раскинуваат.

13:9 Ќе те уништам, Израеле, кој ќе ти помогне?

13:10 Каде ти е сега царот за да те спаси? Каде се твоите кнезови да те бранат, оние за кои велеше: „Дај ни цар и началници!“

13:11 Јас ти дадов цар во гневот Свој и ти го одзедов во јароста Своја.

13:12 Врзано е беззаконието на Ефрем, се чува гревот негов.

13:13 Родилните маки го обзедоа, но тој е неразбран син, не излегува навреме од утробата.

13:14 Од власта на пеколот ќе ги откупам, од смртта ќе ги избавам. Смрт – ка­де ти е силата? Каде ти е тебе, пеколу, победата? Сочувството е скриено од Моите очи.

13:15 Иако е Ефрем плоден меѓу браќата, ќе дојде источен ветар, ќе се крене вет­рот Господов од пустината, и ќе го пресуши изворот негов, и ќе го однесе богатството од сите сокровишта.

Glava 14

14:1 Самарија ќе страда, зашто се крена против својот Бог; од меч ќе паднат тие, нивните деца на камен ќе бидат разбивани, а бремените жени ќе бидат распарувани.

14:2 Врати се, Израеле, кај Господ твојот Бог; зашто ти пропаѓаш поради своето беззаконие.

14:3 Подгответе се молитвено, и обрате­те се кон Господ и речете Му: „Прости ни ги сите беззаконија наши и прими го тоа што е добро, а ние ќе принесеме жртва од устата наша.“

14:4 Ашур повеќе нема да нѐ спасува; и нема повеќе да јаваме на коњи и на своите уметнички творби да им велиме: „О, богови наши; зашто само Ти си милосрден кон сираци.“

14:5 Ќе ги излекувам од одметнувањето нивно, благонаклоно ќе ги засакам, зашто гневот Мој се одврати од нив.

14:6 Јас ќе бидам роса за Израел; тој ќе цвета како крин и ќе пушти корења како дрвјата на Ливан.

14:7 Ќе се рашират гранките негови, и убавината негова ќе биде како убавина на маслина, и мирисот од него како мирис од Ливан.

14:8 Ќе се вратат под Мојата сенка, и ќе имаат жито во изобилие – па ќе цветаат како лоза, ќе станат славни како виното леванонско.

14:9 Зошто ти се идолите, Ефреме? Јас те слушам и се грижам за тебе; Јас сум како зелен кипарис: од Мене ти доаѓаат плодовите.

14:10 Кој е мудар, нека го разбере ова; кој е разумен нека го познае тоа. Зашто патиштата Господови се прави, и пра­ведниците одат по нив, а беззакониците се сопнуваат од нив.