Naum
Glava 1
1:1 Пророштво за Ниневија; книга за видението на Наум од Елкош.
1:2 Господ е Бог љубоморен и одмаздник, Господ е страшен во Својот гнев: Господ им се одмаздува на непријателите Свои; не ги поштедува ни противниците Свои.
1:3 Господ е бавен на гнев, а силен во моќта, така што не го остава виновникот без казна; патот Господов е во виор и бура, а облаците се прав под нозете Негови.
1:4 Ќе му се закани на морето, и тоа пресушува, и сите реки пресушуваат: овенува Башан и Кармил, и свенува цветот на Ливан.
1:5 Горите се тресат пред Него, и ридовите се топат, земјата потреперува пред лицето Негово, и вселената и сѐ што живее во неа.
1:6 Кој може да устои против гневот Негов? И кој може да го издржи пламенот од Неговата јарост? Гневот Негов се излива како оган; карпи се распаѓаат пред Него.
1:7 Добар е Господ; Тој е прибежиште во ден на неволја. Тој ги заштитува оние, кои прибегнуваат кај Него,
1:8 дури и при силни води. Тој ќе ги докрајчи Своите непријатели, ќе ги прогони Своите душмани до најцрната темнина.
1:9 Што сте намислиле против Господ? Тој ќе стави крај на сѐ, ниеден противник нема повторно да се крене.
1:10 Зашто, како плот од трње и како од вино пијани, тие ќе бидат наполно проголтани, како сува слама.
1:11 Од тебе произлезе оној, што смислува зло против Господ, и подготвува нечесен заговор.
1:12 Вака вели Господ: „Макар што се силни и многубројни, тие ќе бидат исклани и ќе исчезнат; а тебе, иако те казнував, нема веќе да те казнувам.
1:13 И сега ќе го скршам јаремот што те стега и ќе ги раскинам оковите твои.“
1:14 А за тебе, Ниневијо, Господ нареди: нема да продолжи родот твој; од домот на твојот бог ќе ги истребам идолите резани и лиени; во него ќе ти направам гроб зашто си безвредна.
Glava 2
2:1 Ете, по горите се стапките на благовесникот, кој најавува мир: празнувај ги, Јудејо, твоите празници, извршувај ги заветите свои, зашто преку тебе нема веќе да минува нечестивиот; тој е наполно уништен.
2:2 Се крева против тебе уништувач: пази ги тврдините, чувај го патот, зацврсти ги бедрата, собирај сили.
2:3 Зашто Господ ќе го обнови величието на Јаков, како величието на Израел, зашто пакосници ги запустија и лозјата им ги сотреа.
2:4 Штитовите на неговите јунаци се црвенеат: војниците негови носат пурпурни облеки; колите бојни ќе фрлаат оган во денот кога ќе ги построи; напаѓачите ќе се исправат.
2:5 Колите ќе траскаат по улиците и ќе се судираат една со друга, ќе изгледаат како запалени факли, и ќе светкаат како молњи.
2:6 Тој ги повикува јунаците свои, се фрлаат во рововите, брзаат кон ѕидините на градот, опсадата е веќе подготвена.
2:7 Градските порти кај реките се отвораат, палатата трепери.
2:8 Решено е: Господарката ќе биде во плен одведена, а слугинките нејзини ќе тагуваат како гулаби, удирајќи се в гради.
2:9 Ниневија, откако беше основана, беше како преполнето езеро, а тие бегаат пред нејзините води. „Стојте, стојте!“ Но никој не се свртува да погледа.
2:10 Грабајте сребро, грабајте злато; нема крај на натрупаните скапоцени работи.
2:11 Ограбена, опустошена и разурната е таа – срцата се топат, колената треперат; сите чувствуваат болки во бедрата, а лицата им се пребледени.
2:12 Каде е сега леглото на лавовите и пасиштата на лавчињата, каде што одеа лав, лавица и лавче, и никој не ги плашеше?
2:13 Каде е лавот што грабаше за да им носи на лавчињата и им даваше на лавиците, полнејќи ги со плен пештерите свои и леглата свои со грабеж?
2:14 Ете, Јас сум против тебе, вели Господ Саваот, и ќе ги претворам во дим твоите бојни коли, и меч ќе ги исече лавчињата твои, и ќе го истребам од земјата грабежот твој; повеќе нема да се чуе гласот на твоите пратеници.
Glava 3
3:1 Тешко му на крвничкиот град! Тој е полн со измама и убиства; грабењето не престанува во него.
3:2 Се слуша плускање на бичеви и трескот од тркала како и од потскокнување на бојни коли.
3:3 Коњаниците потскокнуваат, болскаат мечеви и светкаат копја. Многу убиени и купишта трупови! На труповите им нема крај; и се сопнуваат од нив.
3:4 Сето тоа е за многуте блудствувања на убавата на изглед развратница, вешта во магии, која со блудот свој заведува народи, а со магиите – племиња.
3:5 Ете, Јас сум против тебе, вели Господ Саваот, ќе ја кренам полата од твојата облека врз твоето лице и ќе им ја покажам на народите твојата голотија, и на царствата – срамотиите твои.
3:6 Ќе нафрлам врз тебе нечистотии, ќе те направам презрена, и ќе те направам за срам.
3:7 И секој, штом ќе те види, ќе побегне од тебе и ќе рече: „Разурната е Ниневија! Кој ќе ја пожали? Каде да најдам утешител за тебе?“
3:8 Зар си подобра од Но-Амон, кој лежи меѓу речните ракави на Нил; чиј окоп е морето, и тоа му служеше како ѕид.
3:9 Етиопија и Египет со безбројно множество луѓе ти служеа како поткрепа; а и народите на Пут и Либија ти идеа на помош.
3:10 Па сепак и таа отиде во ропство; дури и децата ѝ се здробени – по сите градски крстосници; а за првенците нејзини фрлија ждрепка, и сите големци се во вериги оковани.
3:11 И ти така ќе се опиеш и ќе се криеш; и ќе бараш засолниште од непријателите свои.
3:12 Сите твои градови се како смокви со зрели плодови: ако ги затресеш, ќе паднат право во устата на оној што сака да ги јаде.
3:13 Погледни си го народот: во твојот дом се само жени, на непријателите твои ширум им се отвораат портите на земјата, и оган ги проголта твоите резиња.
3:14 Зафати си вода за опсадата; зацврсти ги тврдините; влези во кал, гази глина, направи калапи за печење тули.
3:15 Таму оган ќе те проголта, меч ќе те исече, ќе те изеде како гасеница, макар и да сте се намножиле како гасеници, па и да сте се намножиле како скакулци.
3:16 Трговците во тебе се повеќе од ѕвездите на небото; но тие како скакулците ќе се распрскаат и ќе одлетаат.
3:17 И кнезовите твои се како скакулци, а војводите – како рој мушички, кои во студено време се гнездат во пукнатини, а кога ќе изгрее сонцето се разлетуваат, и нема да го распознаеш местото каде што биле.
3:18 Спијат твоите пастири, царе асирски, почиваат твоите големци; твојот народ се распрснал по горите, и нема кој да го прибере.
3:19 Нема лек за твојата рана, лута е раната твоја. Сите, што ќе чујат за тебе, ќе ракоплескаат, зашто кој можеше да се спаси од твојата сурова свирепост?