Mudri izreki

Glava 1

1:1 Изреки на Соломон, син Давидов, цар израелски,

1:2 за да се познае мудроста и поуката, за да се разберат изреките на разумот;

1:3 за да се усвојат правилата на бла­горазумието, правосудието, судот и правината;

1:4 да им се даде на простите разумност, на младите – знаење и расудување.

1:5 Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои, и разумниот ќе најде мудри совети,

1:6 за да разбира мудра изрека и длабок збор, зборовите на мудреците и нивните гатанки.

1:7 Почеток на мудроста е стравот Гос­подов; само глупавите ги презираат мудроста и поуката.

1:8 Слушај ја, синко, поуката на својот татко и не отфрлај го заветот на мајка си,

1:9 зашто тоа е красен венец за главата твоја и украс за вратот твој.

1:10 Синко, ако те мамат грешници, не попуштај;

1:11 ако кажат: „Дојди со нас, да напра­виме заседа за убиство, да го пречекаме непорочниот без вина,

1:12 жив да го голтнеме, како што голта пеколот, и цел како оној што слегува во гроб;

1:13 да си натрупаме секаков скапоцен имот, да ги наполниме куќите наши со плен;

1:14 ти ќе фрлаш ждрепка заедно со нас, една торба ќе има за сите нас.“

1:15 Синко, не оди на пат со нив, за­држи си ја ногата од патеките нивни,

1:16 зашто нозете нивни трчаат кон злото и брзаат крв да пролеваат;

1:17 зашто напразно е да се распнува мрежа пред очите на сите птици.

1:18 Но тие прават заседа против крв­та своја, демнат против душите свои.

1:19 Такви се патиштата на секој, кој е алчен на туѓ имот: тоа му го одзема животот на оној, што го заграбил.

1:20 Мудроста говори високо на улицата, го крева гласот свој по плош­тадите,

1:21 проповеда во главните места за со­бирање, при влезовите на градските порти смело говори:

1:22 „До кога, незнајници, ќе го сакате незнаењето? До кога бујните ќе се насладуваат со бујноста? До кога глупавите ќе го мразат знаењето?

1:23 Обрнете се кон моите изобли­чу­вања; еве, јас ќе го излеам духот свој врз вас, ќе ви ги кажам зборовите свои.

1:24 Јас викав, а вие не послушавте; ја протегав својата рака, но никој не ја забележа;

1:25 вие ги отфрливте моите совети, не внимававте кога ве изобличував.

1:26 Затоа ќе се насмеам на вашата по­гибел; ќе се зарадувам кога ќе ве снајде ужас,

1:27 кога ќе ве нападне ужас како бу­ра, и зло како виор ќе мине над вас, кога ќе ве снајде неволја и мака.

1:28 Тогаш ќе ме викаат, но јас нема да чујам; ќе ме бараат и нема да ме најдат.

1:29 Затоа што го намразија знаењето и не го примија стравот Господов;

1:30 затоа што не го примија мојот совет и ги презреа моите разобличу­вања.

1:31 Поради тоа тие ќе јадат од плодо­вите на своите патишта и ќе се наситуваат од своите замисли.

1:32 Зашто неразумните ќе ги убие нивната упорност, а глупавите ќе ги погуби нивната негрижа;

1:33 но кој мене ме слуша, ќе живее безопасно и спокојно, не плашејќи се од злото.“

Glava 2

2:1 Синко, ако ги примиш зборовите на Моите заповеди, и ги зачуваш во себеси,

2:2 ако увото твое внимателно ја слу­ша мудроста, ако срцето твое се приклони кон размислување;

2:3 ако ги повикаш знаењето и разумот;

2:4 ако ги бараш како сребро и ги истра­жуваш како ризница, –

2:5 ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога.

2:6 Зашто Господ дава мудрост; од устата Негова доаѓаат знаењето и разумот;

2:7 Тој го зачувува за праведните спасението; Тој е штит за оние кои живеат непорочно;

2:8 Тој ги чува патиштата на правдата и ја брани патеката на оние, кои Го по­читуваат.

2:9 Тогаш ќе ги разбереш правдата и правосудието, правината и секој до­бар пат.

2:10 Кога мудрост ќе влезе во срцето твое, и знаењето ќе ѝ биде пријатно на душата твоја,

2:11 тогаш расудувањето ќе те брани, разумот ќе те чува,

2:12 за да те спаси од лош пат, од човек, кој говори лага,

2:13 од оние, што ги напуштиле патиш­тата на правдата, за да одат по патот на темнината;

2:14 од оние, што се радуваат, вршејќи зло, кои се восхитуваат на расипаност,

2:15 чии патишта се криви, и кои талкаат далеку од правиот пат;

2:16 за да те спаси од туѓа жена, која ги засладува зборовите свои,

2:17 која го остава пријателот на младоста своја, и која го заборава заветот на својот Бог.

2:18 Домот нејзин води кон смрт, и па­теките нејзини – кон пеколот;

2:19 никој од влезените кај неа не се враќа и не стапнува врз патот на животот.

2:20 Затоа оди по патот на добрите и придржувај се кон патеките на пра­ведните,

2:21 зашто праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа;

2:22 а беззакониците ќе бидат истребе­ни од земјата, и вероломните – искоренети од неа.

Glava 3

3:1 Синко, не заборавај ја поуката моја и срцето твое да ги чува за­поведите мои;

3:2 зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир.

3:3 Милоста и вистината да не бидат скудни во тебе: обеси ги на вратот свој, напиши ги врз плочите на срцето свое,

3:4 па ќе најдеш милост и благоволение пред очите на Бога и на луѓето.

3:5 Надевај се на Господ од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум.

3:6 По сите свои патишта размислувај за Него, и Тој ќе ти ги покаже твоите патеки.

3:7 Не сметај се за мудрец; имај страв од Господ и бегај од злото:

3:8 тоа ќе биде здравје за твоето тело и лек за твоите коски.

3:9 Давај Му принос на Господ од имотот твој и од првините на плодо­вите од твоите придобивки,

3:10 и твоите житници ќе се исполнат до врвот, а твоите преси ќе се прелеваат од вино.

3:11 Не занемарувај ја, синко, казната од Господ, и да не ти е тешко од Него­вото укорување;

3:12 зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој што го љуби.

3:13 Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил ра­зум;

3:14 подобро е да ја добиеме неа, откол­ку ризници со сребро и злато;

3:15 таа е поскапа и од скапоцените ка­мења; и сѐ што ти е мило, не може да се спореди со неа.

3:16 Во десницата нејзина е долговеч­носта, а во левицата ѝ е богатството и честа;

3:17 патиштата нејзини се пријатни па­тишта, и сите патеки нејзини се спокој­ни.

3:18 Таа е дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, оние кои ја запазуваат.

3:19 Господ со мудрост ја основа земјата, со разум ги утврди небесата;

3:20 преку Неговата мудрост се отвораат бездните, и облаците пуштаат роса.

3:21 Синко, не испуштај ги од превид овие работи; запази ја мудроста и разумот;

3:22 тие ќе бидат живот за душата твоја и украс на вратот твој;

3:23 тогаш ќе одиш безопасно по патот свој, и ногата твоја нема да се сопне.

3:24 Кога ќе легнеш да спиеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, сонот ќе ти биде пријатен.

3:25 Нема да се исплашиш од ненадеен страв, ниту од напад, кој доаѓа од безбожниците,

3:26 бидејќи Господ ќе биде на сите твои патишта и ќе ја запази ногата твоја од препнување.

3:27 Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне.

3:28 Не вели му на пријателот свој: „Оди си и дојди пак; утре ќе ти дадам“ кога си во состојба да му помогнеш.

3:29 Не крој зло против ближниот свој, кога тој со доверба живее кај тебе.

3:30 Не карај се со човек без причина, кога не ти направил никакво зло.

3:31 Не завидувај му на човек кој пос­тапува насилно, и не избирај ни еден од патиштата негови,

3:32 зашто на Господ Му е одвратен без­божникот, а близок е со праведникот.

3:33 Проклетството Господово е врз до­мот на безбожниот, а живеали­штето на праведниот Бог го благо­словува.

3:34 Над оние што се подигруваат, Тој им се потсмева, а на смирените им дава благодат.

3:35 Мудрите ќе наследат слава, а без­умните – срам.

Glava 4

4:1 Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте, та да се научите на разум,

4:2 зашто добар дар ви дарувам; не оста­вајте ја мојата заповед.

4:3 Зашто и јас бев сакан син на татко ми, и како единец омилен на мајка ми;

4:4 и татко ми ме поучуваше и ми веле­ше: зборовите мои задржи ги во срцето твое; пази ги моите заповеди и не заборавај ги!

4:5 Здобивај се со мудрост, придобивај разум; не заборавај го тоа и не отстра­нувај се од зборовите на устата моја.

4:6 Не оставај ја, – и таа ќе те чува, сакај ја, – и таа ќе се грижи за тебе.

4:7 Најважна е мудроста: придобивај мудрост и за сиот свој имот придобивај разумност.

4:8 Високо цени ја, и таа ќе те воз­дигне; таа ќе те прослави, ако ја прегрнеш,

4:9 ќе положи на главата твоја прекра­сен венец, со великолепна круна ќе те дари.

4:10 Слушај, синко, и прими ги зборови­те мои, – и ќе ти се умножат годините на животот.

4:11 Ти го покажувам патот на муд­роста, те водам по прави патеки.

4:12 Ако одиш, нозете твои нема да се сопнат, и ако потрчаш, нема да се измо­риш.

4:13 Држи се здраво за поуката, не ос­тавај ја; пази ја, бидејќи таа е твојот живот.

4:14 Не оди на пат безбожнички и не оди по патот на лоши луѓе;

4:15 остави го, не оди по него, отстра­ни се од него и заобиколи го;

4:16 зашто тие не заспиваат, ако не на­прават зло; и сон не ги фаќа, ако не до­ведат некого до пад;

4:17 зашто тие јадат леб од беззаконие и пијат вино од грабеж.

4:18 Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе, дури не настане ден.

4:19 А патот на беззакониците е како темнина; тие не знаат, од што ќе се сопнат.

4:20 Синко, внимавај на зборовите мои и приближи го увото кон поуките мои;

4:21 да не отстапуваат тие од твоите очи; чувај ги внатре во срцето свое:

4:22 зашто тие се живот за оној што ги нашол, и здравје за целото тело негово.

4:23 Од сѐ, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот.

4:24 Отфрли ја од себе лажливоста на устата, и лукавството на јазикот од себе оддалечи го.

4:25 Очите твои нека гледаат право, и клепките твои да бидат управени право пред тебе.

4:26 Провери ја патеката со нозете свои, и сите патишта твои нека бидат цврсти.

4:27 Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечи ја ногата твоја од злото.

Glava 5

5:1 Синко, внимавај на мудроста моја и приближи го увото кон зборо­вите мои,

5:2 за да ја запазиш добрата мисла, и устата твоја да го зацврсти знаењето;

5:3 зашто мед тече од устата на неверна жена, и нејзината уста е помазна од маслиново масло;

5:4 но последиците од неа се горчливи како пелин, остри како меч со две се­чива;

5:5 нозете нејзини слегуваат кон смртта, стапките нејзини водат до пеко­лот.

5:6 Таа не оди по патот на животот, па­тиштата нејзини се непостојани, таа е неразумна.

5:7 Затоа сега, синко, послушај ме и не отстапувај од зборовите мои.

5:8 Држи го подалеку од неа патот свој и не приближувај се до вратата на куќа­та нејзина,

5:9 за да не си го дадеш животот свој на друг и годините свои на мачител;

5:10 за да не се наситуваат туѓинците од твојата сила, и работата твоја да не биде за туѓа куќа,

5:11 за да офкаш отпосле, кога плотта твоја и телото твое ќе бидат истош­тени, –

5:12 зашто потоа ќе речеш: „Зошто ја мразев поуката, и срцето мое го презираше разобличувањето,

5:13 зошто не го послушав гласот на моите учители, и не го приклонував увото кон оние што ме поучуваа?

5:14 За малку ќе паднев во секакво зло среде собранието и општеството!“

5:15 Пиј од водата на твојот извор и од онаа, што извира од твојот кладенец.

5:16 Нека не се разлеваат твоите изво­ри по улицата, водните потоци – по плош­тадите;

5:17 нека ти припаѓаат тие само тебе, а не и на туѓинци.

5:18 Благословен да биде изворот твој; и утешувај се со жената на својата младост.

5:19 Нека ти е мила како кошута и како срна драга; нејзините гради нека те допираат во секое време, со љубовта нејзина насладувај се постојано;

5:20 и зошто ти е, синко, да се забавуваш со надворешна и да ги прегрнуваш градите на туѓа?

5:21 Зашто патиштата на човекот се пред очите на Господ, и Тој ги гледа си­те патеки негови.

5:22 Беззаконикот го фаќаат неговите сопствени беззаконија, и врските на гревот негов го држат:

5:23 тој умира без да биде поучен, и поради големото свое безумие загинува.

Glava 6

6:1 Синко, ако си зел одговорност за твојот ближен и си ја дал раката своја за друг,

6:2 ти си се врзал со зборовите на устата своја, фатен си со зборовите на својата уста.

6:3 Затоа направи, синко еве што, за да се избавиш, бидејќи си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред но­зете на блискиот свој и моли го;

6:4 не давај им сон на очите твои и дремка на клепките свои,

6:5 спасувај се како срна од стапица и како птица од птичар.

6:6 Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар.

6:7 Таа нема ниту началник, ни настој­ник, ниту заповедник;

6:8 но ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја.

6:9 До кога, мрзливче ќе спиеш? Кога од сонот ќе станеш?

6:10 Малку ќе поспиеш, малку ќе подремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш:

6:11 и ќе дојде сиромаштијата твоја како патник, и немаштијата твоја ка­ко разбој­ник.

6:12 Човек лукав, човек нечестив оди со лажлива уста,

6:13 намигнува со очите, говори со нозе­те, дава знаци со прстите,

6:14 во срцето негово има подмолност: тој смислува зло во секое време, сее раздори.

6:15 Затоа ненадејно ќе дојде неговата пропаст, наеднаш ќе биде сотрен – и не ќе има лек за него.

6:16 Еве шест работи, кои Господ ги мрази – дури седум, што Му се одвратни на душата Негова:

6:17 очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв,

6:18 срце што крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло,

6:19 лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа.

6:20 Синко, чувај ја заповедта на својот татко и не отфрлај ја поуката на мајка си;

6:21 врзи ги засекогаш за срцето свое, врзи ги околу вратот свој.

6:22 Кога тргнуваш, тие ќе те раководат; кога легнеш да спиеш, ќе те чуваат, а кога ќе се разбудиш, ќе разговараат со тебе;

6:23 зашто заповедта е светило, добриот совет – светлина, а поуката – пат кон животот,

6:24 за да те чуваат од расипана жена, од ласкав јазик на туѓа.

6:25 Не посакувај ја убавината нејзина во срцето свое, и да не те вовлече со трепките свои,

6:26 зашто блудната жена се задоволува со корка леб, а жена прељубодејка го уловува скапоцениот живот.

6:27 Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова?

6:28 Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори нозете свои?

6:29 Истото тоа станува и со оној, кој влегува кај жената на ближниот свој; оној што ќе се допре до неа, нема да остане без вина.

6:30 Не му проштеваат ни на крадецот, ако краде за да си ја насити душата, кога е гладен;

6:31 ако го фатат, тој плаќа седумпати повеќе, го дава целиот свој имот.

6:32 Кој, пак, врши прељуба со прељубница, тој нема ум; си ја погубува душата своја, оној што го прави тоа;

6:33 биење и срам ќе најде тој, и бес­честието негово нема да се избрише,

6:34 зашто љубомората ја разгорува јароста на мажот, и во денот на одмаздата своја – тој не ќе знае за милост,

6:35 нема да прими никаков откуп и нема да се задоволи ни со многу подароци.

Glava 7

7:1 Синко, пази ги зборовите мои, и сокриј ги во тебе заповедите мои.

7:2 Пази ги заповедите мои, и ќе жи­вееш; пази го и учењето мое, како зеницата на очите свои.

7:3 Врзи ги на прстите свои, напиши ги на плочите од срцето свое.

7:4 Кажи ѝ на мудроста: „Ти си ми сестра!“ – и наречи го разумот твој роднина,

7:5 за да те пазат од туѓа жена, која збо­рува пријатно.

7:6 Ете, еднаш гледав од прозорецот на куќата моја, низ мојата решетка,

7:7 и видов меѓу неискусните, забе­ле­жав меѓу младите едно неразумно момче,

7:8 кое минуваше преку плоштадот бли­зу до нејзиниот агол и кое одеше по па­тот кон нејзината куќа,

7:9 на квечерина кога се стемнуваше, во ноќната темнина и во мракот.

7:10 И ете, во пресрет му доаѓа жена, наконтена како блудница, со подмолно срце,

7:11 зборлива и нескротлива, нозете нејзини не се запираат в куќи:

7:12 де на улицата, де по плоштадите и на секој агол поставува стапици.

7:13 Таа го зграпчи, го бакна и со бес­рамно лице му зборуваше:

7:14 „Жртва за мир имам денес: денес ги исполнив заветите свои;

7:15 затоа и излегов да те пресретнам, за да те побарам, и те најдов;

7:16 со покривки го украсив леглото свое, со разнобојни платна египетски;

7:17 леглото свое го попрскав со смирна, алој и дарчин;

7:18 дојди, ќе се насладуваме со љубовта дури до зори, дојди да се радуваме во милување,

7:19 зашто маж ми не е дома: тој замина на долг пат;

7:20 една ќеса сребро зеде со себе; ќе си дојде дома кон полната месечина.“

7:21 Со многу ласкави зборови таа го привлече, со меката уста своја го овла­деа.

7:22 Тој веднаш тргна по неа, како што вол оди на колење и како елен – на истрел,

7:23 додека стрела не му го пробие црниот дроб, како птичка што се фрла во стапица, а не знае дека е таа за неј­зина погибел.

7:24 И затоа, синко, послушај ме и внимавај на зборовите од устата моја.

7:25 Да не скршнува срцето твое по нејзиниот пат, да не талка по патеките нејзини,

7:26 зашто таа многумина смртно ра­нила, и многумина јунаци таа убила.

7:27 Нејзиниот дом е пат кон пеколот, кој води во внатрешните живеалишта на смртта.

Glava 8

8:1 Нели мудроста вика? И нели разумот го издига гласот свој?

8:2 Мудроста застанува на високи мес­та, крај патот, на раскрсници;

8:3 таа вика пред портите при влезот во градот, кај влезот од вратата силно извикува:

8:4 „Кон вас, луѓе, викам, и кон сино­вите човечки е мојот глас!

8:5 Научете се, неразумни, на благоразумие, и безумни, – на разум.

8:6 Слушајте, бидејќи ќе говорам важни работи, и устата моја ќе изрече правда;

8:7 зашто јазикот мој ќе ја изговори вистината; лажливата уста одвратна е за мене.

8:8 Сите зборови на устата моја се справедливи; во нив нема ни подмолност, ни лукавство;

8:9 сите тие се јасни за разумниот и справедливи за оние, што се здобиле со знаење.

8:10 Примете го учењето мое, а не среб­ро; подобро знаење, отколку најдобро злато;

8:11 зашто мудроста е подобра од бисер, и ништо, од она што е скапоцено, не може да се спореди со неа.

8:12 Јас, мудроста, живеам со разумот и барам расудувачко знаење.

8:13 Стравот Господов го мрази злото; ја мрази гордоста и високомерноста, лошиот пат и подмолната уста.

8:14 Мои се советот и правдата; јас сум разум, во мене е силата.

8:15 Преку мене цареви царуваат, и за­поведници правда озаконуваат;

8:16 преку мене началници управуваат и големци и сите судии земни.

8:17 Ги сакам оние што мене ме са­каат, и кои ме бараат, ќе ме најдат;

8:18 во мене се богатството и славата, богатата ризница и правдата;

8:19 плодовите мои се подобри од злато, и од најчисто злато, и користа од мене е повеќе отколку од најчисто сребро.

8:20 Јас одам по патот на правдата, по патеките на правосудството,

8:21 за да им доставувам вистинско доб­ро на оние, што ме сакаат, нивни­те риз­ници ги полнам.

8:22 Господ ме создаде за почеток на Својот пат, пред сите Свои творби,

8:23 ме создаде уште од вечноста, во по­четокот, пред да ја создаде Земјата.

8:24 Јас сум се родила, кога уште немало бездни, кога уште не постоеле из­вори, изобилни со вода.

8:25 Јас сум се родила пред да бидат вте­мелени горите, пред ридовите,

8:26 кога Господ уште не беше ја создал Земјата, ни полињата, ниту првите прашинки на вселената.

8:27 Кога Тој го оформуваше небото, јас бев со Него, кога го поставуваше хоризонтот над бездната,

8:28 кога ги утврдуваше облаците во ви­сините, кога ги зацврстуваше изво­рите на бездната,

8:29 кога ги поставуваше границите на морето, за да не ги преминуваат во­дите неговите брегови, кога ги полне­ше ос­новите на Земјата, –

8:30 јас бев кај Него кога создаваше, и се радував секој ден, веселејќи се пред лицето Негово за сето време,

8:31 веселејќи се на Неговиот земен круг. А потоа радоста моја беше со си­новите човечки.

8:32 И така, синко, сега послушај ме: блажени се, оние што ги пазат моите патишта!

8:33 Послушај ја поуката, бидете мудри и не отстапувајте од неа.

8:34 Блажен е оној човек, кој ме слу­ша, станувајќи бодар секој ден кај портите мои и стоејќи на стража при вратата моја!

8:35 Зашто, кој ме нашол мене, нашол живот; и ќе добие благодат од Господ;

8:36 а кој греши против мене, нанесува штета на душата своја: сите што ме мразат мене, ја сакаат смртта.“

Glava 9

9:1 Мудроста си изгради дом, ги утврди седумте столбови негови,

9:2 ги закла своите жртви, го расточи во чаша виното свое и ја приготви трпезата своја;

9:3 ги испрати слугите свои да огласат од градските височини:

9:4 „Кој е неразумен, да наврати ту­ка!“ И на малоумните таа им рече:

9:5 „Дојдете, јадете го лебот мој и пијте го виното, што сум го приготвила;

9:6 оставете ја неразумноста, и ќе жи­веете; одете по патот на разумот.“

9:7 Кој поучува бесрамник, ќе си спе­чали укор, и кој го разобличува нечес­тивецот – срам.

9:8 Не изобличувај го бесрамникот, за да не те намрази; поучувај го мудриот, и тој ќе те засака.

9:9 Дај му совет на мудриот, и тој ќе би­де уште помудар; научи го праведниот, и тој ќе го збогати своето знаење.

9:10 Почеток на мудроста е верноста кон Господ, а почитувањето на Све­тиот е разум;

9:11 зашто преку мене ќе ти се умножат дните, и ќе ти се додадат години на животот.

9:12 Ако си мудар, мудар си за себеси; и ако си лош, самиот ќе страдаш.

9:13 Жена без расудување е зборлива, безумна и ништо не разбира,

9:14 седнува пред куќната врата на стол, по високите места на градот,

9:15 за да им вели на минувачите, што си одат право по патот:

9:16 „Кој е глупав, нека наврати тука“, а на малоумните им вели:

9:17 „Крадената вода е слатка, и сокрие­ниот леб е – пријатен.“

9:18 И тој не знае дека таму се мртов­ците, и дека поканетите од неа се на дното од пеколот.

Glava 10

10:1 Мудар син го радува татко си, а безумниот син е тага на мајка си.

10:2 Неправедно стекнато богатство не донесува полза, а правдата од смрт спасува.

10:3 Господ не допушта да гладува душа­та на праведникот, но богатството на безбожниците го одзема.

10:4 Мрзливата рака донесува сиромаш­тија, а раката на работливиот збогатува.

10:5 Кој собира преку летото, е разумен син, а кој спие за време на жетва, е не­разумен син.

10:6 Благослов почива врз главата на праведниот, а насилство им ја затвора устата на беззакониците.

10:7 Споменот за праведниот ќе биде благословен, а името на нечестивите ќе биде проколнато.

10:8 Мудриот по срце прима заповеди, а неразумниот, кој брбори, ќе се сопне.

10:9 Кој оди во непорочност, оди без страв; а кој ги искривува патиштата свои, ќе биде казнет.

10:10 Кој намигнува со очите, беда донесува, а кој глупаво зборува – про­паѓа.

10:11 Устата на праведникот е извор на животот, а насилството им ја затвора устата на беззакониците.

10:12 Омразата предизвикува раздори, а љубовта ги покрива сите гревови.

10:13 Во устата на разумниот има муд­рост, а за грбот на глупавиот – стап.

10:14 Мудрите го чуваат знаењето, а устата на глупавиот е близу до смртта.

10:15 Имотот на богатиот е негов утврден град, а пропаст за бедните е нивната си­ромаштија.

10:16 Трудот на праведникот води кон живот, успехот на нечестивиот – кон грев.

10:17 Кој ја пази поуката, тој е на патот кон животот; а кој го отфрла разо­б­личувањето – сѐ губи.

10:18 Кој крие омраза, има лажлива уста; а кој шири клевети, е глупав.

10:19 При многу зборување не се избегнува гревот, а разумен ќе бидеш ако ја воздржуваш устата своја.

10:20 Јазикот на праведниот е одбрано сребро, а срцето на нечестивите – нема вредност.

10:21 Устата на праведниот поучува мно­зина, а глупавите умираат од недостиг на разум.

10:22 Благословот Господов – збогатува, и не донесува со себеси тага.

10:23 Глупавиот со веселба го прави она што е престапно, а на разумниот човек мудроста му е својствена.

10:24 Од она од што се плаши нечестиви­от, тоа ќе го снајде, а желбата на пра­ведниците ќе се исполни.

10:25 Како што виорот минува, така и нечестивиот ќе исчезне; а праведникот е врз вечни основи.

10:26 Она што е оцетот за забите и димот за очите, тоа е мрзливиот за оние што го праќаат.

10:27 Стравот Господов додава денови, а годините на нечестивите ќе се скратат.

10:28 Очекувањето на праведниците е радост, а надежта на нечестивите ќе загине.

10:29 Патот Господов е крепост за непо­рочниот, а пропаст за оние, што вршат беззаконие.

10:30 Праведниот нема да се поколеба ни­когаш, а лошите нема долго да живеат на земјата.

10:31 Од устата на праведникот тече мудрост, а развратниот јазик ќе биде пресечен.

10:32 Устата на праведникот го познава благопријатното, устата на нечес­тивите – развратното.

Glava 11

11:1 Неисправните мерила се одвра­тни пред Господ, а точните мерки Нему Му се угодни.

11:2 Ќе дојде ли гордоста, ќе дојде и срамот, но мудроста е со смирените.

11:3 Непорочноста на простодушните ќе ги раководи, а лукавството на подмолните ќе ги погуби.

11:4 Богатството нема да помогне во денот на гневот, а правдата ќе спаси од смрт.

11:5 Правдата на непорочниот го из­рамнува неговиот пат, а нечестивиот ќе падне поради својата нечесност.

11:6 Правдата на простодушните ќе ги спаси, а беззакониците ќе бидат уло­вени од своето беззаконие.

11:7 Со смртта на нечестивиот човек, исчезнува надежта негова, и очекувањето на беззакониците загинува.

11:8 Праведникот се спасува од неволја, а место него во неа паѓа нечестивиот.

11:9 Лицемерниот го погубува со уста ближниот свој, а праведниците се спасуваат со знаење.

11:10 Кога праведниците живеат во бла­госостојба, градот се радува, а кога за­гинуваат безбожниците, настанува ве­селба.

11:11 Со благословот на праведните гра­дот се издига, а преку устата на нечес­тивите се разрушува.

11:12 Малоумниот искажува презир кон ближниот свој, но разумниот чо­век молчи.

11:13 Кој оди да озборува, издава тајна, но верниот човек ја чува тајната.

11:14 Каде што нема водство, народот пропаѓа, а при многу советници жи­вее во благосостојба.

11:15 Кој се застапува за друг, зло си до­несува, а кој го мрази давањето гаранција, тој е во безопасност.

11:16 Добрата жена спечалува слава, а работливиот човек се здобива со богатство.

11:17 Милосрдниот човек си прави добро на душата своја, а жестокиот по срце го руши телото свое.

11:18 Безбожникот врши измамлива ра­бота, а на оној што сее правда, наградата му е вистинска.

11:19 Праведноста води кон живот, а кој се стреми кон зло, се стреми кон смртта своја.

11:20 Подмолните по срце се одвратни пред Господ, а непорочните во својот пат Нему Му се благоугодни.

11:21 Можеш со сигурност да речеш дека порочниот нема да остане не­казнет, а семето на праведните ќе се спаси.

11:22 Она што е златна алка на носот кај свињата, тоа е жена убава, но без разум.

11:23 Праведните сакаат само добро, а нечестивите ги очекува гнев.

11:24 Еден раздава штедро, и уште му се додава; а друг преку мера е скржав, и пак е сиромав.

11:25 Добротворната душа ќе биде наси­тена, и кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен.

11:26 Кој задржува храна за себе, него народот го проколнува; а кој ја продава – врз главата негова стои благо­слов.

11:27 Кој се стреми кон добро, тој бара благоволение; а кој бара зло, него и го снаоѓа.

11:28 Оној што се надева на богатството свое, ќе пропадне; а праведниците како зелено дрво ќе напредуваат.

11:29 Кој ја запустува куќата своја, ќе нас­леди ветар, а неразумниот му е слуга на мудриот.

11:30 Плодот на праведникот е дрво на животот, а мудриот придобива човеч­ки души.

11:31 Ако на праведникот му се плаќа на земјата, дотолку повеќе на нечес­тивиот и на грешниот.

Glava 12

12:1 Кој ја сака поуката, го сака знаењето; а кој го мрази изоб­личу­вањето – неразумен е.

12:2 Добриот добива благодат од Гос­под, а на подмолниот Тој ќе му суди.

12:3 Човек нема да се зацврсти со беззаконие; а коренот на праведните е неподвижен.

12:4 Добродетелна жена е венец за ма­жот свој, а онаа, што го срамоти, е како гнилеж во коските негови.

12:5 Мислите на праведните се правда, а плановите на безбожниците – подмолност.

12:6 Зборовите на нечестивите се заседа за пролевање крв, а устата на праведните ги спасува.

12:7 Каде и да се свртат нечестивите – исчезнуваат, а домот на праведните ос­танува.

12:8 Човекот го фалат според разумот негов, а развратниот по срце ќе биде презрен.

12:9 Подобро да си мал, но да работиш за себеси, отколку да се правиш големец, а да немаш леб.

12:10 Праведникот се грижи и за животот на добитокот свој, а срцето на безбож­никот е жестоко.

12:11 Кој ја обработува земјата своја, ќе се наситува со леб; а кој оди по стапките на безработниците, неразумен е.

12:12 Желбата на грешникот е стапица од зло; но коренот на праведниците дава плод.

12:13 Нечесниот се фаќа во мрежа преку гревовите на устата своја; но праведниот ќе се спаси од неа.

12:14 Од плодот на устата своја човекот се наситува со добро, и на човек му се дава според делата на неговите раце.

12:15 Патот на неразумниот му се чини прав во неговите очи; но кој слуша совет, тој е мудар.

12:16 Глупавиот веднаш ќе го покаже гневот свој, а благоразумниот ја сми­рува лутината своја.

12:17 Кој го кажува она што го знае, тој говори правда, а лажниот сведок говори измама.

12:18 Празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите лекува.

12:19 Праведната уста вечно живее, а лажливиот јазик – само еден миг.

12:20 Во срцето на оние што мислат зло, има подмолност, а кај миротвор­ците – радост.

12:21 Праведниот нема да го достаса никакво зло, а безбожниците ќе бидат преполни со зло.

12:22 Лажливата уста е одвратност пред Господ, а кој говори вистина, благоугоден Му е Нему.

12:23 Расудлив човек го прикрива зна­ењето свое, а срцето на глупавите го разгласува своето безумие.

12:24 Раката на работливите ќе господари, а мрзливоста води во ропство.

12:25 Тагата во срцето го притиска чове­кот, а добриот збор го развеселува.

12:26 Праведниот му го покажува патот на ближниот свој, а патот на нечестиви­те ги води во заблуда.

12:27 Мрзливиот својот лов не го пече; а трудољубивоста е големо богатство.

12:28 По патот на правдата има живот, и во нејзината патека нема смрт.

Glava 13

13:1 Мудриот син ја слуша татковата поука, а непослушниот не го слуша прекорот.

13:2 Од плодот на устата своја човекот ќе вкуси добро, а душата на беззаконикот е полна со насилство.

13:3 Кој ја чува устата своја, тој ја чува душата своја; а кој широко ја отвора устата своја, тешко нему.

13:4 Душата на мрзливиот посакува, но напразно; а душата на работливиот ќе се насити.

13:5 Праведниот го мрази лажливиот збор, а безбожниот се однесува бесрамно и одвратно.

13:6 Правдата го чува непорочниот, а безбожноста го погубува грешникот.

13:7 Некој се покажува богат, а нема ништо; друг се прикажува за сиромав, а има големо богатство.

13:8 Понекогаш богатиот со пари го откупува својот живот, додека сиромавиот не треба од тоа да се плаши.

13:9 Светлината на праведниците свети силно, а светилото на нечесните згаснува.

13:10 Од гордоста произлегува кавга, а мудроста е во оние што примаат совет.

13:11 Богатството, спечалено со беззаконие, се намалува, а кој собира со труд, го зголемува.

13:12 Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето, а исполнетата желба е како дрво на животот.

13:13 Кој не води грижа за словото, тој си штети, а кој се бои од заповедта, нему ќе му се даде награда.

13:14 Поуката на мудриот е извор на животот; таа го избавува од мрежите на смртта.

13:15 Добриот разум донесува пријатност, а патот на беззакониците, води во пропаст.

13:16 Секој благоразумен работи со знае­ње, а глупавиот се истакнува со глупости.

13:17 Лош гласник носи беда, а верен гласник е спасение.

13:18 Немаштија и срам за оној, што го отфрла учењето; а оној, кој ја пази поуката, ќе се прослави.

13:19 Исполнетата желба е пријатна за душата, но на глупавите им е тешко да го одбегнуваат злото.

13:20 Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде.

13:21 Грешниците злото ги гони, а на праведниците им се враќа добро.

13:22 Добриот остава наследство и на внуци, а богатството на грешникот се чува за праведните.

13:23 Праведните имаат богатство многу години, неправедните бргу го загубуваат.

13:24 Кој ја жали прачката, го мрази синот свој; а кој го сака, го казнува од детските години.

13:25 Праведникот јаде до наситување, а стомакот на беззакониците трпи од не­достиг.

Glava 14

14:1 Мудрата жена си ја гради куќата, а глупавата ја урива со своите раце.

14:2 Кој оди по прав пат, се плаши од Господ; на кого патиштата му се криви, тој Го презира (Господа).

14:3 Во устата на безбожникот е кам­шикот на гордоста; а мудрите ги чува нивната уста.

14:4 Каде што нема волови, амбарите се празни; а од силата на воловите има изобилно жито.

14:5 Верен сведок не лаже, а лажливиот сведок шири многу лаги.

14:6 Развратникот бара мудрост, и не ја наоѓа; а разумниот до знаењето лесно доаѓа.

14:7 Бегај од безумен човек, кај него нема да најдеш разумна уста.

14:8 Мудар човек внимава на своето однесување, неразумноста на глупавите ги води во заблуда.

14:9 За глупавите гревот е шега, а со праведните е милоста Божја.

14:10 Секој сам ги доживува своите таги и своите радости и никој друг не може со него да ги сподели.

14:11 Куќата на беззакониците ќе се сотре, а живеалиштето на праведните ќе преуспее.

14:12 Има патишта, кои на човек му изгледаат прави, но крајот нивни води во смрт.

14:13 И при смеа понекогаш срцето боли, а по радоста настапува тага.

14:14 Човек со развратно срце ќе ги добие плодовите на своето однесување, а добриот – ќе живее во задоволство.

14:15 Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори.

14:16 Мудриот има страв и бега од злото, а неразумниот не се чува, бидејќи се чувствува безбеден.

14:17 Избувливиот човек прави глупости, а пакосниот е омразен.

14:18 Безумните глупост добиваат за на­града, а благоразумните се украсуваат со знаење.

14:19 Лошите ќе се поклонат пред добрите, а безбожните – пред вратите на праведникот.

14:20 Сиромавиот го мразат дури и неговите блиски, а богатиот има многу пријатели.

14:21 Греши оној што го презира својот ближен, а блажен е оној што е милосрден кон сиромасите.

14:22 Нели се заблудуваат оние, што кројат зло? Но милост и верност има кај оние што мислат добро.

14:23 Од секој труд има добивка, а празните зборови водат кон скудност.

14:24 Венец на мудрите е богатството нивно, а животот на безумните е глупост.

14:25 Верен сведок души спасува, а лажливиот лаги измислува.

14:26 Во стравот пред Господ има голема надеж, и на чедата Свои Тој им е прибежиште.

14:27 Стравот Господов е извор на животот, извор што оддалечува од мрежите на смртта.

14:28 Во многуброен народ е величието на царот, а кога нема народ – пропаст е за господарот.

14:29 Кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости.

14:30 Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските.

14:31 Кој притеснува сиромав, го навредува неговиот Создател, а кој Го почитува Создателот, му прави добро на оној што е во нужда.

14:32 За своето зло безбожниот ќе про­падне, а праведниот и при смртта ќе има надеж.

14:33 Мудроста почива во срцето на разумниот, а во срцето на безумниот ја нема.

14:34 Правдата народ подига, а беззаконието срамоти народи.

14:35 На царот мил му е разумниот слуга, а се разгневува против оној, кој го посрамува.

Glava 15

15:1 Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор ја­рост предизвикува.

15:2 На мудрите јазикот добри знаења искажува, а на безумните устата глупости блуе.

15:3 Очите Господови се на секое место: тие ги гледаат и лошите и добрите.

15:4 Кроток јазик е дрво на животот, а злиот – рана на душата.

15:5 Безумниот се подбива со татковата поука; а кој слуша прекор, разумен е.

15:6 Во куќата на праведникот – големо богатство, а печалбата на нечестивиот – пропаѓа.

15:7 Устите на мудрите знаење сеат, но срцето на безумните не постапува така.

15:8 Жртвата на безбожните е одвратност пред Господ, а молитвата на праведните Му е пријатна.

15:9 Патот на нечестивиот е одвратност пред Господ, а кој ја бара правдата, Тој го сака него.

15:10 Остра казна го чека оној што го остава правиот пат, а кој го мрази изоб­личувањето – ќе загине.

15:11 Пеколот и пропаста се откриени пред Господ, а како ли нема да бидат – срцата на синовите човечки?

15:12 Развратникот не ги сака оние, што го прекоруваат, тој не разговара со мудрите.

15:13 Весело срце го прави лицето весело, а при тажно срце – и лицето е ната­жено.

15:14 На разумен срцето бара знаење, а устите на безумните со глупост се хранат.

15:15 На несреќниот сите дни му се таж­ни; а животот на среќниот е постојано празнување.

15:16 Подобро малку, но со страв Гос­подов, отколку големо богатство, и со него немир.

15:17 Подобро јадење од зеленчук, и со него љубов, отколку угоени телиња, и со нив омраза.

15:18 Избувлив човек расправии крева, а трпеливиот караници смирува.

15:19 Патот на мрзливиот е послан со трње, а патот на праведниот е чист.

15:20 Мудриот син го радува татко си, а безумниот нема почит кон мајка си.

15:21 На неразумниот безумни му се па­теките, а разумен човек оди по правиот пат.

15:22 Без советување намерите се осуетуваат, а при многу советници тие успеваат.

15:23 Пријатно е да се знае добро да се одговори. Колку добар е зборот изго­ворен во вистинскиот момент!

15:24 Мудриот размислува за патот на животот, за да се отстрани од патот што води во пеколот и да се спаси.

15:25 Господ ќе го сотре домот на горделивите, а меѓата на вдовицата ќе ја зајакне.

15:26 Помислите на лошите се одвратни пред Господ, а зборовите на непо­рочните Му се угодни.

15:27 Лакомиот ќе го растури својот дом, а оној, кој мрази поткуп, ќе живее.

15:28 Срцето на праведниот мисли што зборува, а устата на нечесните исфрла зло.

15:29 Господ е далеку од безбожните, но ја слуша молитвата на праведните.

15:30 Светол поглед срце радува, добра вест коски храни.

15:31 Кој го слуша учењето на животот, меѓу мудри ќе живее.

15:32 Кој ја отфрла поуката, ја мрази душата своја; а кој слуша изобличу­вање, тој придобива разум.

15:33 Стравот Господов учи на мудрост, а пред славата оди смиреноста.

Glava 16

16:1 Човекот размислува во срцето свое, но одговорот на јазикот е од Господ.

16:2 Сите дела на човекот му изгледаат дека се исправни, но Господ ги испи­тува душите.

16:3 Предај ги делата свои на Господ, и твоите намери ќе се исполнат.

16:4 Господ направил сѐ со определена цел, а и безбожниците – за судниот ден.

16:5 Секој горделив по срце е одвратност пред Господ: биди сигурен дека тој нема да остане неказнет.

16:6 Со милосрдност и правда грев се исчистува, и со страв Господов зло се отстранува.

16:7 Кога на Бога Му се пријатни патиш­тата на човекот, Тој и со непријателите негови го смирува.

16:8 Подобро мала печалба со правда, отколку голема добивка со неправда.

16:9 Човекот сам го обмислува патот свој, но Господ управува со него.

16:10 Во устата на царот има вдахновено слово; неговата уста не смее да греши на суд.

16:11 Точните мерила и тасовите се од Господ; од него се и сите точни мери.

16:12 Незаконското дело е одвратно за царевите, зашто со правда престолот се зајакнува.

16:13 Справедлива уста на царот му е пријатна, и тој го сака оној, што ја кажува вистината.

16:14 Царевиот гнев е гласник на смртта; но мудар човек ќе го смилостиви царот.

16:15 Во светлиот поглед на царот има живот, и неговото благоволение е облак со задоцнет дожд.

16:16 Да се здобиеш со мудрост е многу подобро, отколку со злато, и да се здобиеш со разум е повеќе за претпочитување отколку одбрано сребро.

16:17 Патот на праведните е отстранува­ње од злото: кој ги пази своите патишта – душата своја ќе ја запази.

16:18 Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање – надменоста.

16:19 Подобро е да се смируваш во духот со кротки, отколку да делиш грабеж со горделиви.

16:20 Кој ја води разумно работата своја, добро ќе најде, и кој се надева на Гос­под, блажен е.

16:21 Мудрите по срце, разумни ќе ги наречат, и слаткиот збор го зголемува знаењето.

16:22 Разумот за оние, што го имаат, е извор на животот, а ученоста на безумниот е глупост.

16:23 Срцето на мудриот го прави јазикот негов мудар, и го умножува знаењето во устата негова.

16:24 Пријатни зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити.

16:25 Има патишта, кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта.

16:26 Кој се труди, се труди за себе, зашто кон тоа устата го упатува.

16:27 Лукав човек зло замислува, во устата своја – оган разгорува.

16:28 Подмолен човек сее раздор, и клеветник пријатели разделува.

16:29 Злонамерен човек го мами својот ближен и го води кон лош пат;

16:30 замижува со очите, за да измисли подмолност: прекасувајќи си ги усни­те, извршува зло.

16:31 Староста е венец на славата, таа води по патот на правдата.

16:32 Долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себе, подобар е и од освојувач на градови.

16:33 Ждрепка се фрла во скут, но сѐ што решава таа, од Господ е.

Glava 17

17:1 Подобро сув залак и со него мир, отколку куќа полна со заклан добиток, но во раздор.

17:2 Разумен слуга господари над раз­вратен и со браќата ќе го подели нас­ледството.

17:3 Среброто и златото со оган се испи­туваат, а срцата Господ самиот ги испитува.

17:4 Лош човек се вслушува во беззакона уста; а лажливец – во злонамерен јазик.

17:5 Кој се подбива со сиромав, Созда­телот негов го навредува; кој се радува на зло, нема да остане неказнет.

17:6 Синовите на синовите се венец на старите, а слава за децата се родите­лите нивни.

17:7 На безумниот умен збор не му прилега, уште повеќе на големец – лажлива уста.

17:8 Дарот е скапоцен камен во очите на оној што го дава: каде и да се сврти, ќе успее.

17:9 Кој ги покрива престапите, бара љубов, а кој одново напомнува за нив, оддалечува дури и пријател.

17:10 Врз разумниот посилно дејствува прекор, отколку врз глупавиот сто уда­ри со стап.

17:11 Лошиот човек бара само зло, затоа жесток ангел ќе биде испратен против него.

17:12 Подобро човек да сретне мечка, чии мечиња се грабнати, отколку безумен во неговото безумство.

17:13 Кој враќа зло за добро, злото нема да ја напушти куќата негова.

17:14 Почеток на караницата е како кога водна брана се отвора: отстапи од кара­ницата пред да се разгори.

17:15 Кој оправдува грешен и кој обвинува праведен – и обајцата се одвратност пред Господ.

17:16 Што ќе му се пари во рацете на без­умен за да купи мудрост, кога во него нема разум?!

17:17 Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на не­волја.

17:18 Неразумен човек подава рака и станува гарант за ближниот свој.

17:19 Кој сака караници, го сака гревот, и кој високо ја издига вратата своја, бара да падне.

17:20 Подмолно срце нема да најде добро, и лукав јазик ќе западне во беда.

17:21 Кому се родил глупак, тешко нему. За таткото на безумен нема радост.

17:22 Веселото срце е благотворно како лек, а паднатиот дух коски суши.

17:23 Не се прави патиштата на нечесни­те што земаат поткуп; тие го искривуваат патот на правосудието.

17:24 Мудроста е пред лицето на разумниот, а очите на безумниот се на крајот од земјата.

17:25 Глупав син е мака за таткото и огорчување за мајката.

17:26 Не е добро да казнуваш праведен, ниту да тепаш началник.

17:27 Разумниот е воздржан во зборо­вите свои, а одмерениот е трпелив и спокоен.

17:28 И безумниот кога молчи, за мудар го сметаат, и кој ја затвора устата своја – за разумен го сметаат.

Glava 18

18:1 Тврдоглавиот се управува според своите желби и станува против сѐ што е умно.

18:2 Безумниот не сака знаење, туку само да ги изложи своите мисли.

18:3 Со доаѓањето на нечесниот, доаѓа и презирот, а со недостојниот – доаѓа и срамот.

18:4 Зборовите на човечката уста се дла­боки води; извор на мудроста – брзо­течен поток.

18:5 Не е добро да бидеш лицемерен кон безбожниот, за да го собориш праведниот во судот.

18:6 Устата на безумниот води кон кавга, а зборовите негови предизвикуваат те­пачка.

18:7 Јазикот на безумниот е погибел за него, а усните негови се стапица за ду­шата негова.

18:8 Зборовите на клеветникот се како слатки, и тие влегуваат внатре во утробата.

18:9 Немарниот во работата своја е брат на расипникот.

18:10 Името на Господ е цврста кула: ако во неа побегне праведник, безбеден е.

18:11 Имотот на богат човек е како тврдина и во мислите му е како висока ограда.

18:12 Пред паѓање срцето на човекот се возгордејува, а смиреноста оди пред славата.

18:13 Кој дава одговор пред да ислуша, безумен е; тоа е срам за него.

18:14 Духот на човекот го поткрепува во немоќ, а скршен дух – кој може да поткрепи?

18:15 Срцето на разумниот се здобива со знаење, и увото на мудрите бара поука.

18:16 Подарокот што го дава човекот, му отвора пат и до големците го доведува.

18:17 Првиот по тужбата си е прав, но доаѓа противникот негов и го порекнува.

18:18 Ждрепката прекинува расправии и решава спор меѓу силните.

18:19 Навреден брат е понепристапен од утврден град, а караниците поне­попуст­ливи од затварало на кула.

18:20 Од плодот на устата на човекот се полни стомакот негов; од плодовите на устата своја тој се наситува.

18:21 Смртта и животот му се потчи­нети на јазикот, и оние што го владеат, ќе вкусат од плодовите негови.

18:22 Кој нашол жена, нашол среќа и добил благодат од Господ.

18:23 Сиромавиот говори со молба, а бо­гатиот одговара остро.

18:24 Кој сака да има пријатели, и сам треба да биде дружељубив; зашто има пријатели поприврзани од брат.

Glava 19

19:1 Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку богат со лажлива уста, притоа и глупав.

19:2 Не ѝ е добро на душата без знае­ње; а кој брза со нозете, се сопнува.

19:3 Глупавоста на човекот му го искри­вува патот негов, а срцето негово негодува против Господ.

19:4 Богатството собира многу пријате­ли, а сиромавиот го напушта и пријате­лот негов.

19:5 Лажниот сведок нема да остане не­казнет, и кој говори лага, нема да се спаси.

19:6 Мнозина им се умилкуваат на го­лемците, и секој му е пријател на чове­кот, кој дава подароци.

19:7 Сиромавиот го мразат сите негови браќа, а уште повеќе се оддалечуваат од него пријателите: трчка по нив, за да проговори – но нив ги нема.

19:8 Кој се здобива со разум, ја сака ду­шата своја; кој ја пази мудроста, наоѓа среќа.

19:9 Лажниот сведок нема да остане не­казнет, а кој говори лага, ќе загине.

19:10 На глупавиот не му прилега рас­кош, уште помалку на слуга – да господари над кнезови.

19:11 Благоразумноста го прави чове­кот бавен на гнев, и за него е чест да биде попустлив кон грешките.

19:12 Гневот на царот е како лавовско рикање, а милоста негова – како роса по трева.

19:13 Глупав син е пропаст за татко си, и жена кавгаџика е како незапирлива капка од стреа.

19:14 Куќата и имотот се наследуваат од родителите, а разумна жена е дар од Господ.

19:15 Мрзливоста тера во сон, а немарна душа трпи глад.

19:16 Кој пази заповед, ја запазува ду­шата своја, а кој не се грижи за своите патишта, ќе загине.

19:17 Кој прави добро на сиромав, заем Му дава на Господ, и Тој ќе му плати за неговата добрина.

19:18 Казни го синот свој, додека има надеж, и не се возбудувај од викањето негово.

19:19 Гневниот нека трпи казна, зашто ако го пожалиш, ќе треба да го казниш уште повеќе.

19:20 Слушај совет и примај поука, за да станеш потоа мудар.

19:21 Во срцето на човекот има многу мисли, но се извршува само определената од Господ.

19:22 Радост за човекот е неговата милостина; подобро да бидеш сиромав отколку лажливец.

19:23 Стравот Господов води кон жи­вот, и кој го има, секогаш ќе биде задоволен, и зло нема да го снајде.

19:24 Мрзливиот ја пружа раката кон храната, но не сака да ја подигне до устата своја.

19:25 Ако го казниш оној што се пот­смева, и простиот ќе стане разумен; и ако му укажеш на разумниот, тој ќе ја разбере поуката.

19:26 Кој го упропастува татко си и ја на­бркува мајка си, тој е бесрамен и не­чесен син.

19:27 Немој, синко, да слушаш совети што те отстрануваат од зборовите на разумни.

19:28 Лукавиот сведок се потсмева со судот, и устата на беззакониците голта неправда.

19:29 Готови се судовите за горделивите, и ударите за телото на безумните.

Glava 20

20:1 Виното е потсмевка, ракијата – бунтовник; и секој, кој им е пот­чинет, не е разумен.

20:2 Заплашувањето од царот е како лавовско рикање: кој го дразни, гре­ши против себеси.

20:3 Чест е за човекот да се воздржи од кавга; а секој неразумен се вплеткува во неа.

20:4 Мрзливиот наесен не ора, а кога доаѓа жетва, тој бара и ништо нема.

20:5 Помислите во срцето на човекот се длабоки води, но разумен човек ги исцрпува.

20:6 Мнозина го фалат човекот за ми­лосрдноста негова, но кој наоѓа вистински човек?

20:7 Праведникот оди по својата непо­рочност: блажени се децата негови по него.

20:8 Кога цар праведен седи на прес­тол, нему не му се противи никакво зло.

20:9 Кој може да каже: „Го очистив срцето свое, чист сум од гревот свој?“

20:10 Нееднакви терезии, нееднаква мер­ка, – и едното и другото се одвратност пред Господ.

20:11 Дури и дете може да се познае по работите негови: чисто ли ќе биде и правилно ли ќе биде поведението негово?

20:12 Уво што слуша, и око што гледа, – и едното и другото Господ го создал.

20:13 Не љуби да спиеш, за да не осиромашиш; држи ги отворени очите свои, и ќе јадеш леб до наситување.

20:14 „Лошо е, лошо е,“ вели купува­чот, а кога ќе одмине, тогаш се фали.

20:15 Има злато и многу скапоцени камења, но разумната уста е поскапо­цена од сѐ.

20:16 Земи ја облеката негова, бидејќи се заложил за туѓ човек; и за туѓинка земи залог од него.

20:17 Леб, спечален со неправда, му се засладува на човек; но подоцна – устата негова со песок се наполнува.

20:18 Намерите добиваат цврстина пре­ку советување: дури по советувањето води војна.

20:19 Кој оди да оговара, открива тајна, и кој широко ја отвора устата своја, со него не се здружувај.

20:20 Кој зборува лошо за татко си и за мајка си, зениците на очите негови ќе згаснат среде длабока темнина.

20:21 Наследство, што се добива уште во почетокот, набрзина, нема да биде благословено отпосле.

20:22 Не вели: „Ќе му се одмаздам на непријателот“, туку остави на Господ, Тој ќе ти помогне.

20:23 Двојни мерки се одвратност пред Господ; и неточни мерки не се добри пред Господ.

20:24 Стапките на човекот се насочу­ваат од Господ; тогаш, како човекот може да го дознае патот свој?

20:25 Стапица е за човекот набрзина да вети жртва, а по жртвата да се кае.

20:26 Мудар цар ги распознава нечес­ните и го свртува врз нив тркалото.

20:27 Господов светилник е човечкиот дух, кој ги испитува сите длабочини на срцето.

20:28 Милоста и вистината го запазуваат царот, и со милост тој го одр­жува прес­толот свој.

20:29 Слава за младите е нивната сила, а украс за старците – е нивната бела коса.

20:30 Раните од борбата се лек против злото, како и ударите, што стигнуваат до внатрешноста на утробата.

Glava 21

21:1 Срцето на царот е во раката Господова, како водните потоци: Тој го насочува, каде што ќе посака.

21:2 Сите патишта на човекот се прави пред очите негови; но Господ ги мери срцата.

21:3 Да ја пазиш правдата и правосудието, Му е поугодно на Господ, отколку жртвите.

21:4 Горделивите очи, надуеното срце, сјајот на грешник – сето тоа е грев.

21:5 Мислите на трудољубивите се стре­мат кон изобилие, а секој што пребрзува, трпи немаштија.

21:6 Богатство добиено со лажлив јазик е суета, која брзо одминува кај оние што ја бараат смртта.

21:7 Насилството на безбожниците ќе се струполи врз нив, зашто се откажале да го прават она што е добро.

21:8 Крив е патот на развратниот чо­век; а на чесниот постапките му се прави.

21:9 Подобро е да живееш во агол под покривот, отколку во голема куќа со жена кавгаџика.

21:10 Душата на безбожниот сака зло: во неговите очи нема да најде милост ни пријателот негов.

21:11 Кога го казнуваат арогантниот, простиот станува мудар; и кога муд­риот го вразумуваат, тој се здобива со знаење.

21:12 Сеправедниот го набљудува домот на нечесните: тој ја забрзува нивната несреќа.

21:13 Кој ги покрива ушите свои пред пискотот на сиромавиот, тој и самиот ќе пишти, – и нема да го чујат.

21:14 Таен подарок го стивнува гневот, а дар под рака – и жестоката јарост.

21:15 Да го пази правосудието е радост за праведникот и страв за оние, што вршат зло.

21:16 Човек кој скршнал од патот на разумот, ќе се насели во собранието на мртвите.

21:17 Кој сака веселби, ќе осиромаши, а кој сака вино и мрс, нема да се збогати.

21:18 Грешниот ќе биде откуп за праведниот, и лукавиот – за простодушниот.

21:19 Подобро да живееш во пуста земја, отколку со жена лута и кавгаџика.

21:20 Скапоцени добра и масло има во куќата на мудриот, а безумниот човек ги растура.

21:21 Кој ја пази правдата и милоста, ќе најде живот, правда и слава.

21:22 Мудриот влегува во градот на силните и ја соборува силата, на која тие се надевале.

21:23 Кој ја чува устата своја и јазикот свој, ја чува душата своја од зло.

21:24 На дрскиот силник – името му е потсмевач – дејствува со прекумерна дрскост.

21:25 Гладот мрзливиот го убива, зашто рацете негови откажуваат да работат;

21:26 тој секој ден гладува, а праведниот дава и не му е жал.

21:27 Жртвата на безбожниците е од­врат­ност пред Господ, зашто ја принесуваат со лукавство.

21:28 Лажниот сведок ќе загине, а човек, кој говори она што знае, ќе говори секогаш.

21:29 Безбожниот човек има дрско лице, а праведниот право оди по патот свој.

21:30 Нема мудрост, нема разум, нема со­вет – против Господ.

21:31 Коњот го подготвуваат за денот на битката, но победата е од Господ.

Glava 22

22:1 Подобро е добро име, отколку големо богатство, и подобро е бла­гонаклоност, отколку сребро и злато.

22:2 Богатиот и сиромавиот се сре­ќаваат еден со друг; и едниот и другиот ги создал Господ.

22:3 Умниот го гледа злото и го избегнува; а безумните одат невнимателно и тоа скапо го плаќаат.

22:4 Плодови на смиреноста се: стравот Господов, богатството, славата и животот.

22:5 По патот на подмолниот – трње и стапици: кој ја пази душата своја, ќе бега од нив.

22:6 Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари.

22:7 Богатиот господари над сиромавиот, и должникот станува роб на заемодавецот.

22:8 Кој сее неправда, ќе пожнее зло, и прачката на гневот негов ќе исчезне.

22:9 Милосрдниот ќе биде благословен, зашто им дава на бедните од лебот свој.

22:10 Истерај го исмејувачот, и раздорот ќе исчезне, ќе престанат кавгата и на­в­редите.

22:11 Оној што љуби чисто срце, и чии зборови се пријатни, и на царот станува пријател.

22:12 Очите на Господ го чуваат знае­њето, а зборовите на престапникот Тој ги разобличува.

22:13 Мрзливиот вели: „Лав има надвор! Насред улица ќе загинам!“

22:14 Устите на блудниците се длабока бездна: на кого Господ ќе се разгневи, тој ќе падне во неа.

22:15 Безумието на детето му е при­врзано за срцето, но прачката ќе го отстрани далеку од него.

22:16 Кој ограбува сиромав, за да го ум­ножи богатството свое, и кој му дава на богатиот, – ќе осиромаши.

22:17 Наклони го увото и слушај ги збо­ровите на мудрите, и сврти го срцето кон моите зборови,

22:18 зашто ќе се радуваш, ако ги пазиш во срцето свое, и ако ти бидат исто така во устата твоја.

22:19 За да биде твојата надеж во Гос­под, јас ти го покажувам патот.

22:20 Јас ти напишав триесетина совети и поуки,

22:21 за да те поучам на зборовите вистински и добри, та да ги предаваш на оние што те испраќаат.

22:22 Не ограбувај сиромав, зашто тој е сиромав, и не притеснувај страдалник кај портите, –

22:23 зашто Господ ќе се застапи за нив, и ќе ја истргне душата на грабачите нивни.

22:24 Не се дружи со гневлив и не оди со човек жесток,

22:25 за да не се навикнеш на нивните патишта и да не навлечеш стапица на душата своја.

22:26 Не биди од оние, што даваат рака и се заложуваат за туѓи долгови:

22:27 ако нема со што да платиш, зошто да ти ја земат постелата под тебе?

22:28 Не преместувај стари меѓи, кои твоите татковци ги поставиле.

22:29 Си видел ли вешт и искусен човек во својата работа? Тој ќе служи на цареви, нема да остане меѓу простите.

Glava 23

23:1 Кога ќе седнеш да јадеш со властодржец, гледај добро што има пред тебе,

23:2 и постави ограда на грлото свое, ако си лаком.

23:3 Не се мами од вкусните гозби не­гови: тие се примамлива храна.

23:4 Ако си сиромав, не настојувај да трупаш богатство; бегај од таквите мисли.

23:5 Ќе ги устремиш очите кон него, и еве веќе го нема: тоа ќе си направи крилја и како орел ќе летне кон небото.

23:6 Не јади леб кај завидлив човек и не се занесувај од вкусните негови гозби;

23:7 зашто какви му се мислите во душа­та негова, таков е и тој: „Јади и пиј“, ти вели, но срцето негово не е со тебе.

23:8 Залакот, што си го изел, ќе го из­блуеш, и убавите зборови свои напразно ќе ги потрошиш.

23:9 Во ушите на безумниот не зборувај, зашто тој ќе ги презре разумните твои зборови.

23:10 Не преместувај стара меѓа и во нива на сираци не влегувај;

23:11 зашто нивниот Заштитник е силен; Тој ќе се замеша во делото нивно против тебе.

23:12 Насочи го срцето свое кон учење и ушите свои – кон умни зборови.

23:13 Не оставај го детето без казна: ако го казниш со прачка, тоа нема да умре;

23:14 ќе го казниш со прачка, и ќе ја спасиш душата негова од пеколот.

23:15 Синко, ако твоето срце биде муд­ро, и моето срце ќе се радува;

23:16 ќе се радува целото мое битие, кога твојата уста говори право.

23:17 Срцето твое нека не им завидува на грешниците, туку биди во сите дни свои во стравот Господов;

23:18 зашто има иднина, а твојата надеж не е загубена.

23:19 Слушај, синко, и биди мудар и насо­чувај го срцето свое по прав пат.

23:20 Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо, –

23:21 зашто пијаницата, и оној што се прејадува, ќе осиромашат, а сонливоста ќе ги облече во партали.

23:22 Слушај го својот татко: тој те ро­дил; не ја занемарувај мајка си, кога таа ќе остарее.

23:23 Купувај вистина и не продавај муд­рост, учење и разум.

23:24 Таткото на праведниот се весели, и оној што родил мудар, се радува поради него.

23:25 Нека ти се радуваат татко ти и мај­ка ти, нека се радува онаа која те родила.

23:26 Синко, дај ми го мене срцето твое и очите твои да ги гледаат патиштата мои, –

23:27 зашто блудницата е длабока про­паст, а туѓа жена – тесен бунар;

23:28 таа како разбојник ги пречекува и ги умножува беззакониците меѓу лу­ѓето.

23:29 На некого – ах, на некого – ох, на некого – кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи?

23:30 На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми.

23:31 Не гледај го виното како се црвенее, како тоа искри во чашата, како убаво се лее;

23:32 отпосле тоа ќе касне како змија и ќе жилне како отровница;

23:33 очите твои ќе гледаат привиденија, и срцето твое ќе почне да говори не­разумно;

23:34 и ти ќе бидеш како заспан среде море и како задреман на врвот од јарбол,

23:35 па ќе речеш: „Ме тепаа и не ме болеше; ме туркаа и не чувствував. Ко­га ќе се разбудам, пак ќе го барам истото.“

Glava 24

24:1 Не завидувај им на лошите луѓе, и не посакувај да бидеш со нив,

24:2 зашто срцето нивно насилство на­мислува, и устите нивни за лошо зборуваат.

24:3 Со мудрост куќа се изградува и со разум се зацврстува,

24:4 а со умешност нејзините простории се исполнуваат со секакви скапоцености и добра.

24:5 Мудриот човек е силен, а разумниот – ја зацврстува силата своја.

24:6 Затоа со обмислување се води војна, а успех ќе има со многу советувања.

24:7 Мудроста е недостижна за глупавиот, затоа тој не отвора уста на собирите.

24:8 Кој мисли да направи зло, ќе го на­речат зломисленик.

24:9 Безумието има само една мисла: гре­вот, а исмејувачот е одвратен за луѓето.

24:10 Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата.

24:11 Спасувај ги оние што ги водат на смрт, и поштеди ги оние, кои упла­шени одат кон губилиштето.

24:12 Ако кажеш: „Ете, ние не го знаевме тоа“, а Оној, Кој ги испитува срцата, зар не знае? Оној, Кој бдее над душата твоја, го знае тоа и ќе му даде на чове­кот според делата негови.

24:13 Јади, синко, мед, затоа што е пријатен, и јади восочен мед, кој е сладок за грлото твое:

24:14 такво е за душата твоја и познавањето на мудроста. Ако си ја нашол, имаш иднина, а твојата надеж нема да те остави.

24:15 Не помислувај зло, безбожниче, против живеалиштето на праведниот, не опустошувај го местото на спокој­ството негово,

24:16 зашто седумпати ќе падне праведникот – и пак ќе стане; а падне ли не­чесен, тој изнемогнува во злото.

24:17 Немој да се радуваш, кога непријателот твој ќе падне, и срцето твое да не се весели, кога тој ќе се сопне.

24:18 Инаку, Господ ќе види, и тоа пред очите Негови нема да биде угодно, и Тој ќе го оттргне од него гневот Свој.

24:19 Не лути им се на зломислениците и не завидувај им на безбожниците,

24:20 зашто лошиот нема иднина; и све­тилото на безбожните ќе згасне.

24:21 Имај страв, синко, од Господ и од царот; не востанувај ни против едниот ни против другиот,

24:22 зашто неочекувано ќе дојде казната од нив, – а кој е тој што ќе ја предосети пропаста од нив двајцата?

24:23 Кажано е од мудрите: не е добро во судот да има пристрасност.

24:24 Кој му вели на виновниот: „Прав си“, него народите ќе го проколнуваат, него племињата ќе го мразат;

24:25 а кои разобличуваат, ќе бидат сакани, и врз нив ќе дојде благо­словот.

24:26 Во устата бакнува оној, кој изговара зборови чесни.

24:27 Уреди ги работите надвор од куќа­та, сврши ги на нивата своја, а потоа гради го домот свој.

24:28 Не сведочи лажно против ближ­ниот свој: зошто да лажеш со устата своја?

24:29 Не вели: „Како ми направи тој мене, така и јас ќе му направам нему: ќе му се одмаздам за навредата што ми ја нанесе.“

24:30 Минував покрај нивата на мрзлив човек и покрај лозје на неразумен човек:

24:31 и ете, сѐ беше обраснато со трње, нивата беше покриена со коприва, а ка­мената ограда негова беше урната.

24:32 И погледнав, го устремив срцето свое, погледнав и поука извлеков:

24:33 „Малку ќе поспиеш, малку ќе задремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш“ –

24:34 и сиромаштијата ќе ти дојде како брзоодец, и немаштијата твоја – како вооружен човек.

Glava 25

25:1 И ова се мудри изреки Соломонови, што ги собраа луѓето на јудејскиот цар Езекија.

25:2 Слава за Бога е да ја обвива секоја работа со тајна, а слава за царевите е да ги истражуваат работите.

25:3 Како небото во висините и земјата во длабочините, така и срцето на царевите е неиспитливо.

25:4 Оддели ја смесата од среброто, и истата ќе биде работа на златарот;

25:5 оддалечи го неправедниот од ца­рот, и престолот негов ќе се зацврсти со правда.

25:6 Не се кревај на големо пред лицето на царот и не седнувај на местото на големците;

25:7 зашто подобро е кога ќе ти кажат: „Дојди тука погоре“, отколку кога ќе те понизат пред очите на кнезот.

25:8 Не брзај да покренуваш тужба, зашто, што ќе правиш на крајот, кога твојот противник ќе те посрами?

25:9 Суди се со противникот, но туѓи тајни не откривај,

25:10 за да не те прекори оној, што ќе го чуе тоа, и тогаш нечесноста твоја нема да избега од тебе.

25:11 Умесно кажаниот збор е како златно јаболко во сребрена кошничка.

25:12 Мудриот разобличувач за внимателно уво е како златна обетка и украс од чисто злато.

25:13 Како ладен снег во време на жетва, така е верен оној пратеник, што се испраќа: тој му донесува утеха за ду­шата на својот господар.

25:14 Како облаците и ветровите без дожд, таков е човекот, кој се фали со лажливи подароци.

25:15 Со долготрпеливост се придобива и судија, а мек јазик коски крши.

25:16 Ако најдеш мед, јади колку што ти треба за да не се прејадеш и да не го повратиш.

25:17 Не оди често во куќата на пријателот свој, за да не му додеваш и да не те намрази.

25:18 Она што е чеканот, мечот и острата стрела, таков е човекот, кој сведочи лажно против ближниот свој.

25:19 Она што е скршен заб и крива нога, таква е надежта на безна­дежниот во злочест ден.

25:20 Тоа што е оној, кој соблекува облека во студен ден, она што е оцет на ра­на, таков е оној, кој песни пее на ната­жено срце.

25:21 Ако непријателот твој е гладен, нахрани го со леб; и ако е жеден, напој го со вода;

25:22 зашто, правејќи го тоа, ти нат­рупу­ваш жар врз главата негова, и Господ ќе ти воздаде.

25:23 Северниот ветер дожд донесува, а таен јазик – незадоволни лица.

25:24 Подобро да живееш во агол на по­к­ривот, отколку со жена кавгаџика во широка куќа.

25:25 Она што е студената вода за из­мачената од жед душа, тоа е добрата вест од далечна земја.

25:26 Она што е нечист извор и матен кладенец, тоа е праведниот кој по­пушта пред безбожниот.

25:27 Како што не е добро да се јаде многу мед, така и да се лакомиш за слава.

25:28 Она што е разрушен град, без ѕи­дови, таков е човекот, кој не владее со духот свој.

Glava 26

26:1 Како снег во летно време и дожд во време на жетва, така и честа не му прилега на безумниот.

26:2 Како врапче што ќе фркне, како ластовица што ќе одлета, – така и незаслужена клетва нема да се збидне.

26:3 Камшик – за коњ, узда – за магаре, а стап – за безумните.

26:4 Не му одговарај на безумниот спо­ред глупоста негова, за да не станеш и ти сличен на него;

26:5 но одговори му на безумниот против глупоста негова, за да не помисли дека е мудар.

26:6 Кој усно порачува на безумен, тој ги потсекува нозете свои, трпи непријатност.

26:7 Како што криват нозете на куциот, така и расказот куца во устата на безумните.

26:8 Тоа што е оној што клава во праќа скапоцен камен, таков е и оној, кој му прави чест на безумен.

26:9 Она што е трнлива гранка во раката на пијаница, тоа е и зборот во устата на безумните.

26:10 Силниот сѐ врши по своја волја: и глупавиот го дарува, и секој минувач го наградува.

26:11 Како што кучето се враќа на изблуеното, така и безумниот ја повторува својата глупост.

26:12 Ако си видел човек, кој се смета за мудар, тогаш повеќе надевај се на безумен, отколку на него.

26:13 Кога го испраќаат мрзливиот на пат, тој вели: „Ѕвер е на патот, лав има на плоштадот!“

26:14 Вратата се врти на куките свои, а мрзливиот – на леглото свое.

26:15 Мрзливиот ја пружа раката своја кон храната, но тешко му е да ја принесе до устата своја.

26:16 Мрзливиот самиот се смета за по­мудар од седуммина, кои смислено од­говараат.

26:17 Кој, минувајќи, се замешува во туѓа караница, фаќа куче за уши.

26:18 Како што разгневениот фрла оган, стрели и смрт,

26:19 таков е и човекот, кој подмолно го оштетува пријателот свој и потоа вели: „Јас само се пошегував.“

26:20 Кога нема веќе дрва, огнот згаснува, и кога нема клеветник, раздорот стивнува.

26:21 Јагленот е за жар, а дрвата – за оган, кавгаџијата, пак – кавга да разго­рува.

26:22 Зборовите на оговарачот се како слатки и влегуваат внатре во утробата.

26:23 Она што е глинен сад, глеѓосан со сребро, такви се пламените усти и злобното срце.

26:24 Со устата своја непријателот се преправа, а во срцето подмолност крие;

26:25 кога говори дури и со нежен глас, не верувај му, зашто во срцето негово има седум одвратности.

26:26 Ако омразата негова се прикрива насамо, злобата негова ќе се открие во собранието народно.

26:27 Кој копа јама, ќе падне во неа, и кој тркала камен угоре, врз него ќе се врати.

26:28 Лажливиот јазик ги мрази оние, што ги повредил, и устата ласкава подготвува пропаст.

Glava 27

27:1 Не фали се со утрешниот ден, зашто не знаеш, што ќе роди тој ден.

27:2 Нека те фали друг, а не устата твоја, – туѓ, а не јазикот твој.

27:3 Тежок е каменот, тежок е и пе­сокот; но гневот на глупавиот е потежок и од едното – и од другото.

27:4 Лут е гневот, нескротлива е јароста; но кој ќе издржи против зависта?

27:5 Подобро отворено разобличување, отколку сокриена љубов.

27:6 Искрени се прекорите од оној, кој сака, а лажливи се бакнежите од оној, кој мрази.

27:7 Сита душа го гази и восочниот мед, а на гладна душа и горчливото ѝ е слатко.

27:8 Она што е птицата, што го на­пуштила гнездото свое, тоа е човекот, кој го напуштил местото свое.

27:9 Маслото и темјанот го радуваат ср­цето; така е сладок пријателот со него­виот срдечен совет.

27:10 Не напуштај го пријателот свој, ни­ту пријателот на таткото твој, и не му оди на братот во куќата негова во денот на неволјата твоја; подобро сосед во близина, отколку брат на­далеку.

27:11 Биди мудар, синко, и радувај го ср­цето мое, – и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети.

27:12 Умниот го гледа злото и го одбегнува; а неискусните одат невнимателно и биваат казнувани.

27:13 Земи му ја облеката, зашто се зало­жил за туѓинец; и за туѓинката земи од него залог.

27:14 Кој со силен глас го поздравува пријателот свој од рано утро, поздравот негов ќе се прифати како клетва.

27:15 Непрестајно капење од стреа во дождлив ден и жена кавгаџика се едно исто:

27:16 кој сака да ја задржи, тој сака да задржи ветар и со својата рака масло да фати.

27:17 Железо железо остри, и човек на човека гневот го изострува.

27:18 Кој ја чува смоквата своја, ќе ги јаде плодовите нејзини, и кој го чува господарот свој, ќе биде почитуван.

27:19 Како што е во водата лице спроти лице, така е и срцето на човека спроти човек.

27:20 Пеколот и бездната не можат да се наситат: така се ненаситни и очите чо­вечки.

27:21 Она што е топилницата за среброто и печката за златото, тоа се за човекот устите, што го фалат.

27:22 Безумниот да го толчиш со же­лезо во дибек заедно со зрната, – безумието нема да се оддели од него.

27:23 Добро надгледувај го добитокот свој, води грижа за стадата свои;

27:24 како што богатството не е вечно, така и власта не трае довека.

27:25 Тревата никнува, и зеленило се јавува, па се собираат билки горски,

27:26 тогаш овците треба да ти бидат тебе за облека, и козите – за купување ниви;

27:27 ќе имаш доволно козјо млеко за тебе и за твоите домашни за храна и на твоите слугинки за исхрана.

Glava 28

28:1 Безбожниот бега, кога никој не го гони; а праведниот е смел ка­ко лав.

28:2 Кога земјата ќе отстапи од законот, тогаш во неа има многу началници; а при разумен и вешт маж управата е долговечна.

28:3 Човек сиромав кој врши зло над сла­бите е исто како излеан дожд, кој нанесува штета.

28:4 Отстапниците од законот ги фалат нечесните, а оние што го почитуваат за­конот, негодуваат против нив.

28:5 Лошите луѓе не ја разбираат спра­ведливоста, а оние, што Го ба­раат Господа, разбираат сѐ.

28:6 Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку оној што ги ис­кривува своите патишта, макар и да е богат.

28:7 Кој го пази законот, е разумен син, а кој се дружи со расипници, го срами татко си.

28:8 Кој го умножува имотот свој пре­ку камата и лихварство, тој го собира за добротворецот на сиромасите.

28:9 Кој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквиот и молитвата му е одвратна.

28:10 Кој ги упатува праведните кон па­тот на злото, сам ќе падне во јамата своја, а непорочните ќе наследат добро.

28:11 Богатиот човек самиот се смета за мудрец, но умен сиромав ќе го разобличи.

28:12 Кога праведници победуваат, голема е славата, но кога безбож­ниците се издигаат, луѓе гинат.

28:13 Кој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се кае и ги остава, ќе биде помилуван.

28:14 Блажен е оној човек, кој секогаш се бои; а кој го ожесточува срцето свое, ќе падне во неволја.

28:15 Лав што рика и мечка гладна, тоа е безбожниот властодржец над беден народ.

28:16 Неразумен управител врши многу угнетувања, а кој го мрази користољубието, ќе има долги дни.

28:17 Човекот, виновен за пролевање на човечка крв, бега до гроб, за да не го фати некој.

28:18 Кој оди непорочно, ќе биде непо­вреден; а кој оди по криви патишта, ќе падне на еден од нив.

28:19 Кој си ја обработува земјата, ќе се наситува со леб, а кој е мрзлив и не работи, ќе се насити со сиромаштија.

28:20 Верен човек ќе биде многу благо­словуван, а кој брза да се збогати, не останува без казна.

28:21 Не е добро да се биде лицемерен: таков човек и за парче леб ќе изврши неправда.

28:22 Завидлив човек брза кон богатството и не мисли дека сиромаштијата ќе го стигне.

28:23 Кој разобличува човек, отпосле ќе најде поголема благонаклоност, от­колку оној што му ласка со јазикот.

28:24 Кој го краде татко си и мајка си и вели: „Тоа не е грев“, тој им е соучес­ник на грабителите.

28:25 Горделивиот предизвикува кара­ници, а кој се надева на Господ, ќе пре­успее.

28:26 Кој се надева на себеси, безумен е; а кој постапува мудро, ќе биде спасен.

28:27 Кој дава на сиромав, нема да осиромаши; а кој ги крие очите од него, ќе биде проколнуван.

28:28 Кога безбожните се издигаат, лу­ѓето се кријат, а кога паѓаат, праведниците се умножуваат.

Glava 29

29:1 Човек, кој, иако разобличуван, останува тврдоглав, неочекувано ќе биде скршен, и ќе нема за него лек.

29:2 Кога праведниците се умно­жуваат, народот се весели, а кога безбожниот господари, народот офка.

29:3 Човек, кој ја сака мудроста, го радува татко си; а кој се дружи со блудници, имотот го растура.

29:4 Царот со правда ја зајакнува земјата своја, а кој љуби подароци, ја расипува.

29:5 Човек кој му ласка на пријателот, поставува стапица за нозете негови.

29:6 Гревот на лошиот човек е стапица за него, а праведникот ќе се весели и ќе се радува.

29:7 Праведниот грижливо вникнува во маката на бедните, а безбожниот не се интересира за тоа.

29:8 Развратните луѓе го бунтуваат градот, а мудрите го смируваат гневот.

29:9 Умен човек, кога се суди со безумен човек, се лути ли, или се смее, – нема мир.

29:10 Крвожедните луѓе го мразат непо­рочниот, а праведните се грижат за не­говиот живот.

29:11 Глупавиот го излива сиот свој гнев, а мудриот се воздржува.

29:12 Ако управителот слуша лажни збо­рови, тогаш и сите негови службеници стануваат нечесни.

29:13 Сиромавиот и лихварот се сре­ќаваат еден со друг; но Господ им дава и на двајцата светлина во очите.

29:14 Ако царот им суди на сиромасите по правда, престолот негов ќе се зајакне засекогаш.

29:15 Стапот и прекорот даваат му­дрост; но момче, оставено без грижа, ја посрамува својата мајка.

29:16 Кога се умножуваат безбожните, се умножува беззаконието; но праведните ќе го видат нивното паѓање.

29:17 Казнувај го синот свој, и тој ќе ти даде мир и ќе ѝ донесе радост на душата твоја.

29:18 Без откровение одозгора народот е нескротлив, а кој го пази законот, бла­жен е.

29:19 Слугата со зборови нема да се научи, зашто и да ги разбира, не ги слуша.

29:20 Ако си видел човек брз и недомислен во зборовите свои, повеќе надевај се на безумен, отколку на него.

29:21 Ако ласкаво држиш слуга од детството, подоцна ќе посака да ти стане син.

29:22 Гневлив човек подига бунтови, а избувливиот многу греши.

29:23 Гордоста на човека го понизува, а смирениот по дух ќе се здобие со чест.

29:24 Кој дели со крадец, ја мрази душата своја; тој слуша клетви, но не ги соопштува.

29:25 Оние што се плашат и срамуваат од луѓето, ќе се сопнат; а кој се надева на Господ, ќе биде спасен.

29:26 Мнозина го бараат благонаклоното лице на управителот, но судбината на човекот е од Господ.

29:27 Неправеден човек е одвратен за праведниците, а одвратност за безбож­ниот е оној што оди по прав пат.

Glava 30

30:1 Зборовите на Агур, син Јакеов; негово пророштво, кажано на Итиел, на Итиел и Укал.

30:2 Навистина, јас сум понеук од кого и да било меѓу луѓето, и во мене нема разум човечки,

30:3 и не се научив на мудрост, и не успеав да Го запознаам Сесветиот.

30:4 Кој се искачил на небото и слегол оттаму? Кој собрал ветар во пазувата своја? Кој врзал вода на наметката своја? Кој ги поставил сите краишта на земјата? Како му е името? И кое е името на синот негов? Знаеш ли?

30:5 Секој збор од Бога е чист; Тој му е штит на оној, што се надева на Него.

30:6 Не додавај кон зборовите Негови, за да не те разобличи, и да не излезеш лажливец.

30:7 За две работи те молам; не ми откажувај пред да умрам:

30:8 суетата и лагата оддалечи ги од мене, сиромаштија и богатство не ми давај, – храни ме со насушниот леб,

30:9 та, откако ќе се пренаситам, да не се откажам од Тебе и да кажам: „Кој е Господ“ или, откако ќе осирома­шам, да не почнам да крадам и да го употребувам името на мојот Бог напразно.

30:10 Не клевети го слугата пред господарот негов, за да не те проколне, и ти да останеш виновен.

30:11 Има изроди, кои го колнат својот татко и не ја благословуваат својата мајка.

30:12 Лошото чедо се смета за чисто, а не е измиено од нечистотиите свои.

30:13 Лошото чедо високо ги држи очите свои, и толку се кренати клепките негови!

30:14 Има изроди чии заби се како ме­чеви, а вилиците нивни се како ножеви, за да ги изедуваат сиромасите по земјата и немоќните меѓу луѓето.

30:15 Ненаситноста има две ќерки: „Дај, дај!“ Има три работи ненаситни и чети­ри што не велат: „Доволно е.“

30:16 Тоа се: пеколот и утробата неплодна, земјата што не се наситува со вода, и огнот, кој не вели: „Доста!“

30:17 Око, што му се потсмева на татко си и не сака да се покорува на мајка си, ќе биде исколвано од долински гаврани и од орлови пилци изедено!

30:18 Три работи се недостижни за мене, и четири што не ги разбирам:

30:19 патиштата на орелот по небото, ползењето на змијата по карпите, пате­ките на бродот среде море и патот на маж кон девица.

30:20 Таков е патот и на жена прељубница: се најала и ја избришала устата сво­ја, па вели: „ништо лошо не сум напра­вила.“

30:21 Од три работи се тресе земјата, и четири кои не може да ги поднесе:

30:22 слуга, кога ќе стане цар; безумен, кога до наситување ќе се најаде со хра­на,

30:23 развратна жена, кога ќе се омажи, и слугинка, кога го зазема местото на гос­подарката своја.

30:24 Има четири мали животни на земјата, но тие се помудри и од муд­реците:

30:25 мравките – во кои нема сила, но лете сепак си ја приготвуваат храната;

30:26 јазовците – иако слаби животни, но ги прават куќите свои во камен;

30:27 скакулците, кои немаат цар, но излегуваат во војна сите во редови;

30:28 пајакот, кој со раце се лови, но се наоѓа и во царските палати.

30:29 Еве три, кои убаво чекорат, и чети­ри, кои свечено настапуваат:

30:30 лавот, најсилен меѓу ѕверовите, кој нема да се врати и да се исплаши од никого;

30:31 грациозна газела или козел, и цар на чело на својата војска.

30:32 Ако гордоста те тера на безумни дела и си намислил зло, стави ја раката на устата своја.

30:33 Зашто, како што кога се бие млеко, се добива масло, и кога ќе се удри носот, потечува крв, така и кога се предизвикува гнев, произлегува кавга.

Glava 31

31:1 Зборовите на царот Лемуел, со кои го поучила неговата мајка.

31:2 Ах, сине мој! Ах, сине на утробата моја! Ах, сине на заветите мои!

31:3 Не давај им ја на жени силата своја, ниту судбината своја на оние од нив, кои цареви погубуваат.

31:4 Не е за царевите, Лемуеле, не е за царевите вино да пијат, ниту за кнезовите – жесток пијалак,

31:5 за да не го заборават, откако ќе се опијат, законот и да ја искривуваат правдината на угнетените.

31:6 Дајте му алкохол на оној што оди во погибел; вино нека пијат оние со мака во душата своја;

31:7 нека пивне тој за да ја заборави сиромаштијата своја и да не ги чувствуваат веќе болките свои.

31:8 Отворај ја устата своја за обесправениот, и за заштита на сираци.

31:9 Отворај ја устата своја и праведно суди, и заштитувај ги и сиромавиот и немоќниот.

31:10 Кој ќе најде жена добродетелна? Таа е поскапа и од најскапоцените ка­мења.

31:11 Срцето на мажот нејзин е убедено во неа, тој нема да остане без добивка;

31:12 таа ќе му прави добро на мажот свој, во сите дни од животот негов.

31:13 Набавува волна и лен, и весело ра­боти со рацете свои.

31:14 Таа е како трговски кораб, – оддале­ку си донесува храна.

31:15 Таа станува уште преку ноќта и дава храна во куќата своја и им определува работа на слугинките свои.

31:16 Ќе помисли ли за нива, ја купува; од плодот на рацете свои си насадува лозје.

31:17 Ја препашува со сила половината своја и ги зајакнува рацете свои.

31:18 Таа гледа колку ѝ напредува работата, и светилката нејзина не се гасне ноќе.

31:19 Ги протега рацете кон фурката, и прстите нејзини се фаќаат за вретеното.

31:20 Дланката своја му ја отвора на си­ромав, и раката своја на оној, кој има нужда, му ја подава.

31:21 Не се плаши од студ за челадта сво­ја, зашто сета челад нејзина е облечена во двојни алишта.

31:22 Таа си ткае покривачи: од висон и пурпур е нејзината облека.

31:23 Мажот нејзин е познат кај портите, кога седи со старешините на земјата.

31:24 Таа работи покривки и ги продава, и со појаси ги снабдува Хананците.

31:25 Здравје и убавина е нејзината облека, и весело гледа на иднината.

31:26 Со мудрост ја отвора устата своја, и кротка поука има на јазикот нејзин.

31:27 Го надгледува домаќинството свое и не јаде леб во леност.

31:28 Стануваат децата и ја благословуваат, – мажот, и тој ја фали:

31:29 „Многу жени добродетелни има­ло, многу од нив стекнале богатство и сила, но ти ги надмина сите.“

31:30 Миловидноста е примамлива и уба­вината – суетна; но жена, која се плаши од Господ, е достојна за пофалба.

31:31 Дајте ѝ од плодовите на нејзините раце, и нека се прославува кај градските порти поради делата свои!