Mihej
Glava 1
1:1 Слово Господово, упатено до Михеј од Морешет, во деновите на Јотам, Ахаз и Езекија, цареви јудејски, со кое му беше откриено за Самарија и за Ерусалим.
1:2 Чујте, сите народи, внимавај, земјо, и сѐ што те исполнува! Сведок нека е против вас Господ Бог, Господ од Својот свет храм!
1:3 Зашто Господ, ете, излегува од Своето место, ќе слезе и ќе оди по земните височини,
1:4 и планините ќе се топат под Него, долините ќе се растопат како восок од оган, како водата што се излева низ стрмнини.
1:5 И сето тоа ќе стане поради престапите на Јаков, поради гревот на Израеловиот дом. Кој му е гревот на Јаков? Нели е тоа Самарија? Кои ѝ се идолските светилишта на Јудеја? Нели е тоа Ерусалим?
1:6 Затоа од Самарија ќе направам купишта урнатини во полето, место за садење лози; ќе ги сринам камењата нејзини во долина и ќе ѝ ги разголам основите.
1:7 И сите нејзини резани ликови ќе се строшат и сите нивни дарови од блуд – со оган ќе бидат изгорени: сите идоли ќе ги разурнам; со дарови од блуд ги правела, и пак ќе бидат дарови од блуд.
1:8 Поради тоа ќе заплачам и ќе заридам, ќе одам бос и гол, ќе вијам како чакал, ќе врискам како ној;
1:9 зашто нема лек за нејзината рана, тоа дојде до Јудеја, а стигна дури и до портите на Мојот народ – сѐ до Ерусалим.
1:10 Не разгласувајте го ова во Гет, не плачете таму гласно, а во Бет-Леафра посипете се со пепел.
1:11 Исели се, жителко шафирска, срамно разголена; нема да се спаси ни жителката хананска, до темел е разурнат Бет-Ецел, искорнат е од своите цврсти основи.
1:12 Жителката на Марот е желна за добро, а ете, зло дојде од Господ, слезе до портите ерусалимски.
1:13 Впрегни брзи коњи во колата, жителко лахишка, тоа беше почеток на гревот од ќерката Сионска, зашто во тебе се појавија престапите на Израел.
1:14 Затоа ти ќе се збогуваш со дарови од Морешет-Гат; куќите ахзивски ќе бидат измама за царевите израелски.
1:15 Ќе доведам и освојувач против тебе, жителко; и тој ќе дојде дури до Адулам, славата на Израел.
1:16 Куби ја косата своја, истрижи се – од жал за своите сакани деца: разголи ја ќелавоста своја за нив како гологлав орел зашто тие ќе бидат одведени од тебе во ропство.
Glava 2
2:1 Тешко им на оние што кројат беззаконија и на леглата свои измислуваат зли дела, и ги извршуваат штом ќе се зазори, зашто силата е во нивни раце!
2:2 Посакаат ли ниви – ги заземаат насила, куќи – и ги одземаат; и човекот го угнетуваат, и куќата негова, стопанот и наследството негово.
2:3 Затоа вака вели Господ: „Еве Јас смислувам зло против тој род од кое не ќе можете да го извлечете вратот свој, па затоа и нема да одите исправени; зашто тоа време ќе биде лошо.
2:4 Во она време ќе се зборува за вас, ќе плачат многу и ќе велат: наполно сме разорени; делот од мојот народ е даден на друг; како да ми се врати? Нивите наши им се веќе раздадени на освојувачите.“
2:5 Затоа не ќе имаш никого што ќе фрли ждрепка во собранието пред Господ.
2:6 Не пророкувајте – велат тие – не пророкувајте дека ќе нѐ постигне зло.
2:7 О, ти, што се нарекуваш Јаковов дом! Зар Господ ја загубил трпеливоста? Зборовите Мои зар не се благотворни за оној, кој постапува справедливо?
2:8 Но вие се кревате против Мојот народ како непријатели и вие им ја грабате не само горната туку и долната облека на мирните луѓе, што и не помислуваат на војна.
2:9 Жените на Мојот народ ги истерувате од нивните мили домови; а од децата нивни ја одземате славата Моја.
2:10 Станете и одете си, зашто тој крај не е земја за почивка; поради нечистотија таа ќе биде разорена – и тоа со голема погибел.
2:11 Ако некој ветрогон измислува лага и вели: „Ќе ти проповедам за вино и за пиење“, тој би бил добар за пророк на овој народ!
2:12 Навистина ќе те соберам сиот, Јакове, навистина ќе ги соберам остатоците Израелови; ќе ги соберам во едно како овците во трло, како стадо овци на пасиште – ќе изобилува со луѓе!
2:13 Пред нив ќе тргне уривач на ѕидови; тие ќе ги разбијат преградите, ќе влезат низ портите и ќе излезат низ нив, и царот нивни ќе тргне пред нив, и Господ – ќе биде на чело.
Glava 3
3:1 Потоа реков – чујте, поглавари Јаковови и кнезови на домот Израелов: зар вие не знаете што е право?
3:2 А вие го мразите доброто и го сакате злото, ја дерете од нив кожата, и месото од коските нивни;
3:3 јадете од телото на Мојот народ и ја дерете кожата нивна, а коските нивни ги кршите како за во сад, и месото нивно го дробите како за во котел.
3:4 И тие ќе викаат кон Господ, но Тој нема да ги чуе и ќе го сокрие лицето Свое од нив во тоа време, поради нивните злодела.
3:5 Така вели Господ против пророците, кои го воведуваат во заблуда Мојот народ, кои кога имаат храна во устата проповедаат мир, а ако никој не им стави во уста ништо, против него објавуваат војна.
3:6 Затоа, место виденија, вие ќе гледате ноќ, место пророштво – темнина; и сонцето ќе зајде над тие пророци и денот ќе потемнее над нив.
3:7 Ќе се засрамат јасновидците, ќе бидат посрамени гледачите, и сите ќе ја затворат устата своја, зашто нема да добијат одговор од Бога.
3:8 Но јас сум исполнет со силата на Духот Господов, со правда и цврстина, за да му ги кажам на Јаков престапите и на Израел – гревот негов.
3:9 Чујте ме сега, поглавари на домот Јаковов, и кнезови на домот Израелов, вие, кои се гнасите од правдата и што искривувате сѐ што е право.
3:10 Вие, кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда.
3:11 Поглаварите негови судат со поткуп, свештениците учат за да заработат, а пророците пророкуваат за пари, и сепак се повикуваат на Господ, велејќи: „Нели е Господ меѓу нас; затоа зло нема да нѐ постигне.“
3:12 Затоа поради вас Сион ќе биде разорен како нива, а Ерусалим ќе стане купиште од урнатини, и планината на тој дом ќе зарасне во шума.
Glava 4
4:1 И, ете, во последните дни планината на Господовиот дом ќе биде поставена на чело над сите планини, и ќе се издигне над ридовите, и ќе поитаат кон неа народите.
4:2 И ќе тргнат многу народи, и ќе речат: „Дојдете да се искачиме на гората Господова и да влеземе во домот на Јаков – и Тој ќе нѐ научи на Своите свети патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим – словото Господово.
4:3 Тој ќе управува со многу народи и ќе пресудува меѓу многу племиња во далечни краишта; па ќе ги прековаат мечевите свои во плугови и копјата свои – во српови; и народ против народ нема да крене веќе меч, и нема веќе да се учат да војуваат;
4:4 секој ќе седи спокојно под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да се плаши, зашто устата на Господ Саваот го изрекла тоа.
4:5 Зашто сите народи одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Господ, нашиот Бог, секогаш и довека.“
4:6 Во оној ден, вели Господ, ќе соберам сѐ што е куцо, и ќе соединам што е разгонето, и оние, врз кои сум допуштил неволја.
4:7 И ќе направам од остатокот на куците и прснатите по светот силен народ, и Господ ќе царува над нив на гората Сион од сега па довека.
4:8 А ти, куло на стадото, риду на Сионовата ќерка, кај тебе ќе дојде и ќе се врати поранешното владение, царството – кај ќерките ерусалимски.
4:9 А зошто ти сега така гласно плачеш? Зар немаш цар или ти недостига советник, па те обзеле маки како кај родилка?
4:10 Страдај и мачи се од болки, ќерко Сионова, како родилка, зашто сега ќе излезеш од градот, ќе живееш во полето и ќе стигнеш во Вавилон. Таму ќе бидеш избавена, таму ќе те откупи Господ од рацете на непријателите твои.
4:11 А сега се собрани многу народи против тебе и велат: „Нека биде осквернета и очите наши да се нагледаат на Сион!“
4:12 Но тие не ги знаат замислите на Господ и не ги разбираат намерите Негови – дека Тој ги собрал како снопје на гумно.
4:13 Стани и удирај, ќерко Сионова, зашто Јас ќе го направам рогот твој железен и копитата твои бакарни; ќе прегазиш многу народи, и нивните трудови и богатства ќе ги посветиш на Господ – Владетелот над целата земја.
4:14 Но сега сме со ѕидини опколени и пак сме опседнати, со прат го бијат по образите судијата на Израел.
Glava 5
5:1 Но ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој ќе владее во Израел и чие потекло е од почетокот, од вечноста.
5:2 Затоа Тој ќе ги остави до времето додека роди онаа, која треба да роди; тогаш кај синовите Израелови ќе се вратат и нивните други браќа.
5:3 Ќе застане Тој и ќе ги пасе со силата на Господ, со величието на името Господово, својот Бог и тие ќе живеат во мир, зашто тогаш Тој ќе биде велик до краиштата на земјата.
5:4 И Тој ќе биде мирот. Кога ќе дојде Ашур во нашата земја и ќе стапи во нашето владение, тогаш ние против него ќе поставиме седум пастири и осум народни кнезови.
5:5 Тогаш тие ќе ја завладеат земјата Ашурова со меч, и земјата на Нимрод со сабја, и Тој ќе нѐ избави од Ашур, ако дојдат во нашата земја и влезат во пределите наши.
5:6 А остатокот од Јаков меѓу многуте народи ќе биде како роса од Господ, како ситен дожд по трева. Тој нема да зависи од човек и нема да се потпира на смртници.
5:7 И остатокот на Јаков ќе биде меѓу народите, меѓу многу племиња, како лав меѓу горски ѕверови, како лавче меѓу овчо стадо; и кога ќе се појави, ќе гази и ќе растргнува и никој не ќе може да се спаси од него.
5:8 Тогаш ќе се крене раката Твоја над непријателите Твои и тие ќе бидат истребени.
5:9 И во оној ден, вели Господ, ќе ги истребам коњите твои пред тебе и ќе ги уништам колите твои;
5:10 и ќе ги сотрам градовите во твојата земја и ќе ги растурам сите тврдини твои;
5:11 ќе ги истргнам магиите од рацете твои и кај тебе не ќе има веќе вражачи;
5:12 ќе ги уништам идолите и резаните ликови кај тебе и нема веќе да се поклонуваш на творби од рацете твои;
5:13 и ќе ги искоренам од твојата средина идолските светилишта и ќе ги разорам градовите твои.
5:14 Во гнев и со јарост ќе се одмаздам над народите што беа непослушни.
Glava 6
6:1 Слушајте што вели Господ: „Стани и суди се пред горите, ридовите да го чујат гласот твој!“
6:2 Чујте го, гори, судот Господов, и вие, цврсти основи на земјата, зашто Господ му суди на Својот народ, се тужи со Израел.
6:3 „Народе Мој, што ти направив и со што ти дотегнав? Одговори Ми.
6:4 Јас те изведов од египетската земја, те ослободив од куќата на ропството и ги водев пред тебе Мојсеј, Арон и Мирјам.
6:5 Народе Мој, сети се што кроеше Валак, царот моавски, и што му одговори Валаам, синот Беоров и што стана од Ситим до Гилгал – за да ги познаеш праведните дела на Господ.“
6:6 „Со што да застанам пред Господ, да се поклонам пред небесниот Бог? Да застанам ли пред Него со сепаленици, со едногодишни телци?
6:7 Но може ли да Му се угоди на Господ со илјадници овни или неизмерни потоци масло? Дали да Му го дадам мојот првороден син за престапите свои и плодот на утробата своја – за гревовите на душата своја?“
6:8 О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш праведно, да сакаш милосрдни дела и понизно да врвиш пред твојот Бог.
6:9 Гласот Господов вика кон градот, мудроста повикува на страхопочит кон Твоето име: слушајте племенски и градски Собранија!
6:10 Па зар не се наоѓаат во домот на безбожникот богатство неправедно и мерка смалена, одвратна?
6:11 Можам ли да ги оправдам мерките на беззакониците и неточните тегови во торбата?
6:12 Вашите богаташи се полни со неправда, и жителите ваши говорат лага, а и јазикот нивни измама е во устата нивна.
6:13 Затоа почнав да те ударам со запустување поради гревовите твои.
6:14 Ќе јадеш – и нема да се наситуваш, гладен ќе остануваш; ќе оставаш настрана, но нема да го зачуваш, а она што ќе зачуваш, тоа Јас ќе го предадам на меч.
6:15 Ќе сееш, но нема да жнееш; ќе гмечиш маслинки, но нема да имаш масло, ќе цедиш гроздов сок, но нема да пиеш вино.
6:16 Кај вас се запазиле обичаите на Омриј и сите дела на домот Ахавов, и вие постапувате според нивните совети. Затоа ќе те предадам на запустување и жителите твои на потсмев, а вие ќе претрпите срам од Мојот народ.
Glava 7
7:1 Тешко мене, зашто со мене е сега како по собирање на летните плодови, како по гроздобер; ни зрнце за каснување, ниту рана смоква по која копнее душата моја.
7:2 Нема веќе верни луѓе по земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да проливаат крв; секој му става на брата си стапица.
7:3 Рацете им се приготвени за да прават зло: началникот сака подароци, судијата суди за поткуп, а големците решаваат по своја волја и ја изопачуваат правдата.
7:4 Најдобриот од нив е како трн, а најсправедливиот е полош отколку ограда од трње. Денот на Твоите пости, денот на Твојата казна наближува; и сега ќе ги опфати смут.
7:5 Не верувајте му на другарот, не потпирајте се на пријателот; пред онаа, што лежи во твојата постела, не отворај ја устата своја.
7:6 Зашто синот го угнетува татко си, ќерката се противи на мајка си, снаата станува против свекрвата; непријатели на човекот му се неговите домашни.
7:7 Јас, пак, гледам кон Господ, и за моето спасение ќе се надевам на Бога; мојот Бог ќе ме чуе.
7:8 Не радувај се на мојата мака, непријателко моја! Иако сум паднат, јас ќе станам; макар што сум сега во мрак – Господ е мојата светлина.
7:9 Морам да го поднесам гневот Господов, – зашто сум згрешил пред Него – додека не го реши делото мое и не ја изрече правдата; тогаш Тој ќе ме изведе на светлина, и јас ќе ја видам правдата Негова.
7:10 И ќе го види тоа мојата непријателка и срам ќе ја покрие онаа што ми велеше: „Каде е Господ, твојот Бог?“ И ќе го видат тоа очите мои – и таа ќе биде згазена како кал на улица.
7:11 Доаѓа време, кога ќе се изѕидаат ѕидовите твои, во тоа време границите ќе се прошират надалеку.
7:12 Во оној ден ќе доаѓаат кај тебе од Асирија до Египет, од Нил до Еуфрат, и од море до море и од планина до планина.
7:13 А земјата ќе биде пустина поради гревовите на жителите нејзини, и поради плодовите на делата нивни.
7:14 Паси го со жезолот народот Твој, овците на наследството Свое, оние, што живеат осамени во густа шума среде овошни градини, остави ги да пасат тие во Башан и Галаад како во стародревните дни!
7:15 Ќе му покажам чудесни дела како во времето кога ти излезе од египетската земја.
7:16 Ќе го видат тоа народите и ќе се засрамат при сета таа сила; ќе стават рака на устата своја, и ушите нивни ќе се заглушат.
7:17 Ќе лижат прав како змии, како лазачи што лазат по земја, ќе излегуваат од своите скривници; ќе се уплашат од Господ, од нашиот Бог, и ќе се уплашат од Тебе.
7:18 Кој Бог е како Тебе, за да ги простува беззаконијата, да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Тој вечно не се гневи, зашто Тој со радост се смилува.
7:19 Тој пак ќе се смили над нас и ќе ги сотре нашите беззаконија. Тој ќе ги фрли сите наши гревови во морските длабочини.
7:20 Ти ќе покажеш верност кон домот на Јаков, милост кон Авраам, како што со клетва си им ветил на предците наши од најдамнешни дни.