Evangelie po Matej
Glava 1
1:1 Книга за родословот на Исус Христос, син Давидов, син Авраамов.
1:2 Авраам го роди Исак, Исак го роди Јаков, а Јаков ги роди Јуда и неговите браќа;
1:3 Јуда ги роди Фарес и Зара, со Тамара; Фарес го роди Есром, а Есром го роди Арам;
1:4 Арам го роди Аминадав; Аминадав го роди Наасон, а Наасон го роди Салмон;
1:5 Салмон го роди Вооз со Раав; Вооз го роди Овид со Рута, а Овид го роди Јесеј;
1:6 Јесеј го роди царот Давид, а царот Давид со поранешната жена на Урија го роди Соломон;
1:7 Соломон го роди Ровоам; Ровоам го роди Авија, а Авија го роди Аса;
1:8 Аса го роди Јосафат; Јосафат го роди Јорам, а Јорам го роди Озија;
1:9 Озија го роди Јоатам; Јоатам го роди Ахаз, а Ахаз го роди Езекија;
1:10 Езекија го роди Манасија; Манасија го роди Амон, а Амон го роди Јосија;
1:11 Јосија го роди Јехонија и браќата негови за време на преселувањето во Вавилон.
1:12 А по вавилонското преселување Јехонија го роди Салатиил, а Салатиил го роди Зоровавел;
1:13 Зоровавел го роди Авиуд; Авиуд го роди Елијаким, а Елијаким го роди Азор;
1:14 Азор го роди Садок; Садок го роди Ахим, а Ахим го роди Елиуд;
1:15 Елиуд го роди Елеазар; Елеазар го роди Матан, а Матан го роди Јаков;
1:16 Јаков го роди Јосиф, мажот на Марија, од која се роди Исус, наречен Христос.
1:17 И така, сите родови од Авраам до Давид се четиринаесет; и од Давид до преселувањето во Вавилон се четиринаесет родови; а и од преселувањето вавилонско до Христос – родови четиринаесет.
1:18 А раѓањето на Исус Христос стана вака: по свршувачката на мајка Му Марија за Јосиф, уште пред да заживеат во заедница, се виде дека е тешка од Светиот Дух.
1:19 А Јосиф, нејзиниот маж, бидејќи беше праведен, не сакаше да ја посрами и намисли тајно да ја напушти.
1:20 Но, штом помисли така, ангел Господов му се јави на сон и рече: „Јосифе, сине Давидов, не плаши се да ја земеш Марија, својата жена, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух.
1:21 Таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Тој ќе го спаси народот Свој од неговите гревови.“
1:22 А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господ преку пророкот, кој вели:
1:23 „И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!“
1:24 Штом се разбуди Јосиф од сонот, направи така како што му беше заповедал ангелот Господов и ја зеде својата жена.
1:25 И не се доближи до неа, додека таа не Го роди својот Син и Го нарече Исус.
Glava 2
2:1 А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во времето кога царуваше Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од исток и рекоа:
2:2 „Каде е новородениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на исток, па дојдовме да Му се поклониме.“
2:3 Штом го чу тоа, царот Ирод се вознемири и цел Ерусалим со него.
2:4 И кога ги собра сите првосвештеници и книжници од народот, ги праша: „Каде треба да се роди Христос?“
2:5 А тие му одговорија: „Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот:
2:6 ‚И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини; зашто од тебе ќе излезе Водач што ќе го пасе Мојот народ – Израел.‘“
2:7 Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и го дозна од нив за времето кога се појавила ѕвездата,
2:8 па, испраќајќи ги во Витлеем, им рече: „Одете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да одам и јас да Му се поклонам.“
2:9 Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото каде што беше Младенецот.
2:10 А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост.
2:11 И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; потоа ги отворија своите ковчежиња и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна.
2:12 И откако примија предупредување на сон, не се вратија веќе кај Ирод, туку си заминаа по друг пат за својата земја.
2:13 А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосиф на сон, велејќи: „Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби.“
2:14 И тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет.
2:15 И таму остана до смртта на Ирод, за да се исполни реченото од Господ преку пророкот, кој вели: „Од Египет Го повикав Синот Свој.“
2:16 Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го надитрија, се разгневи многу и испрати да ги погубат сите машки новороденчиња во Витлеем и по целата негова околина од двегодишна возраст и помали, според времето што точно го беше дознал од мудреците.
2:17 Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Еремија, кој говори:
2:18 „Глас се слуша во Рама, плач и ридање, и пискот голем: Рахила ги оплакува своите чеда и не сака да се утеши, зашто ги нема.“
2:19 А по смртта на Ирод, ангел Господов му се јави на сон на Јосиф во Египет
2:20 и му рече: „Стани, земи го Младенецот и мајка Му, и врати се во земјата израелска, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот.“
2:21 Тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му, и дојде во земјата израелска.
2:22 Но, кога чу дека во Јудеја царува Архелај, на местото татка си Ирод, се уплаши да оди таму; и откако доби порака на сон, тој замина во галилејските предели.
2:23 А кога пристигна, се насели во градот наречен Назарет за да се исполни реченото преку пророците дека Тој ќе се нарече Назареец.
Glava 3
3:1 Во тие дни дојде Јован Крстител, кој проповедаше во Јудејската пустина
3:2 и говореше: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно.“
3:3 Зашто ова е, навистина, Оној за Кого говореше пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: ‚Пригответе го патот на Господ и исправете ги патеките Негови!‘“
3:4 А Јован носеше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед.
3:5 Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот Јордански крај доаѓаа кај него
3:6 и се крштаваа од него во реката Јордан, исповедајќи ги своите гревови.
3:7 А штом виде Јован дека кај него доаѓаат мнозина фарисеи и садукеи за да се крстат, им рече: „Рожби змиини! Кој ви кажа да бегате од гневот што иде?
3:8 Направете плод достоен за покајание
3:9 и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му подигне чеда на Авраам.
3:10 Секирата веќе лежи до коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.
3:11 Јас ве крштавам со вода за покајание, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган.
3:12 Лопатата е во рацете Негови и Тој ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во амбар, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне.“
3:13 Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован за да биде крстен од него.
3:14 А Јован Го одвраќаше, велејќи: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти кај мене ли доаѓаш!?“
3:15 Но Исус му одговори и рече: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда.“ Тогаш Јован се сложи.
3:16 И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата и Го виде Духот Божји како слегува како гулаб и се спушта над Него.
3:17 И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“
Glava 4
4:1 Тогаш Духот Го одведе Исус во пустината за да биде искушуван од ѓаволот.
4:2 И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне.
4:3 А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: „Ако си Син Божји, заповедај овие камења да станат лебови.“
4:4 А Тој му одговори и рече: „Напишано е – ‚Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога.‘“
4:5 Тогаш ѓаволот Го одведе во Светиот град и Го постави на стреата од храмот
4:6 и Му рече: „Ако си Син Божји, скокни долу, зашто напишано е: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш ногата од камен.‘“
4:7 А Исус му рече: „Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господ, Твојот Бог.‘“
4:8 Потоа ѓаволот Го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава
4:9 и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.“
4:10 Но, Исус му рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господ, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“
4:11 Тогаш ѓаволот Го остави и веднаш дојдоа ангели и Му служеа.
4:12 А кога Исус чу дека Јован е предаден, отиде во Галилеја.
4:13 И кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум, на морскиот брег, во пределите Завулонови и Нефталимови,
4:14 за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели:
4:15 „Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја.
4:16 Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот на смртна сенка, им изгреа светлина.“
4:17 Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“
4:18 И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа, Симон, наречен Петар, и брат му Андреј, како фрлаат мрежа во морето бидејќи беа рибари.
4:19 И им рече: „Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.“
4:20 И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.
4:21 Потоа, одејќи понатаму виде други двајца браќа: Јаков Заведеев и брат му Јован, во кораб со Заведеј, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и нив ги повика.
4:22 И тие веднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него.
4:23 И одеше Исус по цела Галилеја поучувајќи по синагогите, проповедајќи го Евангелието на Царството и лекувајќи секаква болест и немоќ кај народот.
4:24 Па се разнесе глас за Него по цела Сирија и ги доведуваа кај Него сите болни, нападнати од различни болести и страдања, опседнати од демони, месечари, фатени, а Тој ги оздравуваше.
4:25 И по Него одеше многу народ од Галилеја, Десеттоградието, Ерусалим и Јудеја, отаде Јордан.
Glava 5
5:1 Кога го виде народот, Тој се искачи на гората. И штом седна, учениците Негови се приближија до Него.
5:2 И откако ја отвори устата Своја, ги поучуваше и говореше:
5:3 „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!
5:4 Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат!
5:5 Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!
5:6 Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат!
5:7 Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!
5:8 Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!
5:9 Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!
5:10 Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!
5:11 Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови – заради Мене!
5:12 Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.“
5:13 „Вие сте солта на земјата. Но, ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се соли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето.
5:14 Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина.
5:15 Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи.
5:16 Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен!“
5:17 „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам.
5:18 Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ!
5:19 И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и поучи, тој ќе се нарече голем во царството небесно.
5:20 Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно!“
5:21 „Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде осуден пред судот.‘
5:22 Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си (без причина), ќе биде осуден пред судот; а оној што ќе го нарече брата си ‚празноглав‘, ќе биде осуден пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, ќе биде осуден за во пеколот.
5:23 И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе,
5:24 тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот.
5:25 Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата – на служителот и да бидеш фрлен в затвор;
5:26 вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“
5:27 „Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘
5:28 Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое.
5:29 Ако те наведува на грев десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот.
5:30 И десната рака, ако те наведува на грев, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.“
5:31 „Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘
5:32 А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“
5:33 „Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите – ‚Не колни се криво, а заклетвите пред Господ исполнувај ги.‘
5:34 Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, зашто тоа е престол Божји;
5:35 ниту во земјата, зашто таа е подножје на нозете Негови; ниту во Ерусалим, зашто е град на великиот Цар.
5:36 Не колни се ни во главата своја, зашто не можеш ниту едно влакно од косата своја да направиш бело или црно.
5:37 Но зборот ваш да биде: ‚да‘, ‚да‘, или ‚не‘, ‚не‘, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“
5:38 „Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб.‘
5:39 Јас, пак, ви велам: не противете се на лукавиот. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот.
5:40 А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и наметката.
5:41 И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две.
5:42 На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што ти сака нешто на заем.“
5:43 „Сте слушале дека е кажано: ‚Љуби го својот ближен, а мрази го непријателот.‘
5:44 А јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, (благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат) и молете се за оние што ве (навредуваат и) гонат,
5:45 за да бидете синови на Вашиот Отец небесен; зашто Тој го остава Своето сонце да грее и над лошите и над добрите, и им праќа дожд и на праведните и на грешните.
5:46 Зашто, ако ги сакате оние што вас ве сакаат, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и цариниците?
5:47 И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците?
5:48 Но бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен.“
Glava 6
6:1 „Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето само за да бидете забележани; инаку, нема да имате награда од вашиот Отец небесен.
6:2 И така, кога даваш милостина не разгласувај, како што прават лицемерите по синагогите и по улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие веќе ја добиле својата награда.
6:3 А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната,
6:4 за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.“
6:5 „И кога се молиш, не биди како лицемерите, кои сакаат да стојат по синагогите и крстопатите за да се молат и да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам, тие веќе си ја добиле својата награда.
6:6 Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Тој, Кој гледа тајно, ќе те награди (јавно).
6:7 Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека за своите многубројни зборови ќе бидат услишени;
6:8 вие, пак, немојте да бидете како нив, зашто вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да Го помолите.
6:9 Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;
6:10 да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата;
6:11 лебот наш насушен дај ни го денес;
6:12 и прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници;
6:13 и не воведувај нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот, (зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин!).
6:14 Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен.
6:15 Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.“
6:16 „Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда.
6:17 А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое,
6:18 па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.“
6:19 „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат;
6:20 но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат.
6:21 Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше.“
6:22 „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде здраво и целото твое тело ќе биде светло;
6:23 ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“
6:24 „Никој не може да им слугува на двајца господари: зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамон.
6:25 Затоа ви велам: немојте да се грижите за вашата душа – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете. Зар не чини вашата душа повеќе од храната, и телото – од облеката?
6:26 Погледнете ги птиците небески: тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат, но вашиот небесен Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив?
6:27 А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакт?
6:28 Зошто се грижите и за облеката? Погледнете ги полските кринови како растат! Не се трудат, ниту предат;
6:29 но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава не се облече така, како еден од нив.
6:30 Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе ќе стори за вас, маловерни!?
6:31 Па затоа, не грижете се и не говорете: ‚што да јадеме, или што да пиеме‘, или ‚во што да се облечеме?‘
6:32 Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба.
6:33 Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придодаде.
6:34 И затоа, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доволна е неговата неволја.“
Glava 7
7:1 „Не судете, за да не бидете судени;
7:2 зашто, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.
7:3 Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а гредата во своето око не ја чувствуваш?
7:4 Или, како ќе му кажеш на твојот брат: ‚чекај да ти ја извадам раската од окото‘, кога во твоето око има греда?
7:5 Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат!
7:6 Светото не давајте им го на кучињата, и не фрлајте си го бисерот пред свињите, за да не го изгазат со своите нозе, и, да се вратат, и да ве раскинат.“
7:7 „Посакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори;
7:8 зашто секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори.
7:9 Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, ќе му даде камен,
7:10 и кога ќе посака риба, ќе му даде змија?
7:11 И така, ако вие кои сте лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку ли повеќе вашиот Отец небесен ќе им даде добра на оние што Му бараат?
7:12 Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; зашто тоа е Законот и пророците.“
7:13 „Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив;
7:14 а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина ги наоѓаат.“
7:15 „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а одвнатре се волци грабливи.
7:16 По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка?
7:17 Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови;
7:18 не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови.
7:19 Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган.
7:20 И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“
7:21 „Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен.
7:22 Мнозина ќе Ми речат во оној ден ‚Господи, Господи, нели во Твое име пророкувавме? И зар во Твое име демони не изгонувавме? И нели во Твое име многу чуда правевме?‘
7:23 И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!‘“
7:24 „И така, секој што ги слуша и ги исполнува овие Мои зборови, ќе биде како мудар човек кој си изградил куќа на камен.
7:25 И заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, но таа не падна, зашто беше изградена на камен.
7:26 А секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на глупав човек, кој си изградил куќа на песок.
7:27 И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно.“
7:28 И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење,
7:29 зашто Тој ги поучуваше како Оној Кој има власт, а не како книжниците.
Glava 8
8:1 А кога се симна од гората, по Него врвеше многу народ.
8:2 И ете, се приближи еден лепрозен. Му се поклонуваше и говореше: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.“
8:3 А Исус кога ја подаде раката, се допре до него и рече: „Сакам, очисти се!“ И тој веднаш се очисти од лепрата.
8:4 И му рече Исус: „Гледај, никому да не кажеш; а оди, покажи им се на свештениците и принеси дар, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.“
8:5 А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи:
8:6 „Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда.“
8:7 Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“
8:8 А стотникот одговори и рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави;
8:9 зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.“
8:10 Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ни во Израел не најдов толку голема вера.
8:11 И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно,
8:12 а наследниците на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“
8:13 И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, нека ти биде според верата твоја!“ И слугата негов во истиот час оздраве.
8:14 Кога дојде во домот на Петар, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска,
8:15 и се допре до раката нејзина, и треската ѝ помина; таа стана и им служеше.
8:16 А кога се стемни, доведоа кај Него мнозина обземени од демони, и Тој со еден збор ги изгони духовите и ги излекува сите болни,
8:17 за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој врз Себе ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите.“
8:18 Кога виде околу Себе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна.
8:19 Тогаш се приближи до Исус еден книжник и му рече: „Учителе, ќе Те следам каде и да одиш.“
8:20 А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да наслони.“
8:21 Друг, пак од учениците Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам да го погребам татко ми.“
8:22 Но Исус му рече: „Врви по мене, и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци!“
8:23 И кога влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови.
8:24 И ете, голема бура го зафати морето, така што брановите го покриваа коработ, а Тој спиеше.
8:25 Тогаш се приближија учениците до Него, Го разбудија и рекоа: „Господи, спаси нѐ, загинуваме!“
8:26 А Тој им рече: „Зошто сте толку плашливи, маловерни?“ Потоа стана, им се закани на ветровите и на морето, и настана голема тишина.
8:27 А луѓето се зачудија и рекоа: „Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат?“
8:28 И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца обземени од демони, кои излегоа откај гробиштата; беа толку лоши што никој не смееше да мине по тој пат.
8:29 И ете, извикаа и рекоа: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји!? Зар си дошол тука пред време да нѐ мачиш?“
8:30 А недалеку од нив пасеа голем број свињи.
8:31 И демоните Го молеа и говореа: „Ако нѐ изгониш, дозволи ни да влеземе во свињине!“
8:32 И Тој им рече: „Отидете!“ И тие излегоа и влегоа во свињите. И одеднаш сите свињи јурнаа низ стрмнината во морето и се издавија во водата.
8:33 А свињарите побегнаа и кога дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за она што се беше случило со бесомачните.
8:34 И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исус и кога Го видоа, Го замолија да си оди од нивниот крај.
Glava 9
9:1 Тогаш Тој влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна во Својот град.
9:2 И ете, донесоа кај Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му рече: „Не плаши се, чедо! Ти се простуваат гревовите твои!“
9:3 Тогаш некои од книжниците си рекоа во себе: „Овој богохулствува!“
9:4 А Исус ги разбра нивните мисли, и им рече: „Зошто мислите лошо во срцата ваши?
9:5 Или, што е полесно? Да кажам: ‚Ти се простуваат гревовите твои!‘ или да кажам: ‚Стани и оди!?‘
9:6 Но да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови.“ Тогаш му рече на фатениот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“
9:7 И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома.
9:8 А народот кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето.
9:9 А кога си одеше оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи во царинарницата и му рече: „Врви по Мене!“ И тој стана и тргна по Него.
9:10 И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина цариници и грешници дојдоа и седнаа до Него и до учениците Негови.
9:11 Но штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со цариници и грешници?“
9:12 А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните;
9:13 одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“
9:14 Тогаш кај Него дојдоа учениците Јованови и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат!?“
9:15 А Исус им рече: „Зар можат сватовите да бидат нажалени додека е со нив младоженецот? Но ќе дојде време кога младоженецот ќе се оттргне од нив, па тогаш и тие ќе постат.
9:16 Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем;
9:17 ниту, пак, се става ново вино во стари мевови; инаку, мевовите ќе напукнат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и едното и другото.“
9:18 Додека Тој им говореше за тоа, ете еден началник се приближи до Него, Му се поклонуваше и велеше: „Ќерка ми штотуку умре; туку дојди, положи ја раката Своја над неа и таа ќе оживее.“
9:19 И како стана Исус, тргна по него, заедно со учениците Свои;
9:20 и ете, една жена, која беше страдала дванаесет години од крвавење, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова.
9:21 Зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам.“
9:22 А Исус штом се заврти и ја виде, рече: „Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси!“ И оздраве жената во тој час.
9:23 И кога дојде Исус во куќата на началникот и ги виде свирачите и народот ожалостени,
9:24 им рече: „Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.“ А тие Му се потсмеваа.
9:25 Но штом го истера народот, Тој влезе, ја фати девојката за рака и таа стана.
9:26 И се расчу тоа по целиот тој крај.
9:27 А кога Исус си одеше оттаму, тргнаа по него двајца слепи и викаа: „Смилувај ни се, Исусе, сине Давидов!“
9:28 А штом дојде в куќи, слепите се приближија до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Тие Му рекоа: „Да, Господи!“
9:29 Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ваша!“
9:30 И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не дознае!“
9:31 А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја.
9:32 Додека тие излегуваа, ете, кај Него еден човек нем и бесомачен.
9:33 По изгонувањето на демонот, немиот проговори. А народот се чудеше и говореше: „Никогаш такво нешто не станало во Израел.“
9:34 А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните со силата на началникот на демоните.“
9:35 И одеше Исус по сите градови и села и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието за Царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот.
9:36 А штом виде многу народ, се сожали, зашто беа изморени и беспомошни како овци без пастир.
9:37 Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а работници има малку.
9:38 Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“
Glava 10
10:1 И кога ги повика Своите дванаесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква немоќ.
10:2 А имињата на дванаесетте апостоли се овие: првиот Симон, наречен Петар и Андреј братот негов; Јаков Заведеев и Јован, братот негов;
10:3 Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј, цариник, Јаков Алфеев и Левиј, наречен Тадеј;
10:4 Симон Хананеец и Јуда Искариот, кој и Го предаде.
10:5 Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте;
10:6 а одете најнапред кај загубените овци на Израеловиот дом.
10:7 И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно;
10:8 болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, демони изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте!
10:9 Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар,
10:10 ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата награда!
10:11 А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен, и таму останете додека не си одите.
10:12 И кога ќе влезете во некоја куќа, поздравете ја говорејќи: ‚Нека има мир во таа куќа!‘
10:13 И ако куќата биде достојна, вашиот мир ќе дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир ќе се врати кај вас!
10:14 Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши!
10:15 Вистина ви велам: полесно ќе ѝ биде на земјата содомска и гоморска во судниот ден отколку на тој град!“
10:16 „Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби.
10:17 Пазете се од луѓето, зашто тие ќе ве предаваат на судовите и по синагогите нивни ќе ве тепаат.
10:18 И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците.
10:19 Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете.
10:20 Бидејќи не сте вие што ќе говорите, туку Духот на вашиот Отец ќе говори во вас.
10:21 И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко – чедото свое; и ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат;
10:22 и ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој претрпи до крај, ќе биде спасен.
10:23 Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина, ви велам: нема да ги обиколите израелските градови додека дојде Синот Човечки.
10:24 Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар.
10:25 Доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата да биде како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни!?“
10:26 „И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно, што нема да се дознае.
10:27 Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што ви се шепоти, разгласувајте го од покривите!
10:28 И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!
10:29 Не се продаваат ли две врапчиња за еден денар? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец.
10:30 А вам и влакната на главата ви се изброени.
10:31 Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.“
10:32 „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред мојот Отец небесен.
10:33 А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.“
10:34 „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч.
10:35 Зашто дојдов да разделам човек од татко си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина.
10:36 И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни.
10:37 Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене;
10:38 и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене.
10:39 Кој си го чува животот свој, ќе го загуби, а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, повторно ќе си го најде.“
10:40 „Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил.
10:41 Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда.
10:42 И кој ќе напои еден од овие најбезначајните само со чаша студена вода во име на ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.“
Glava 11
11:1 И кога ги заврши Исус овие заповеди кон дванаесетте Свои ученици, замина оттаму за да поучува и да проповеда по нивните градови.
11:2 А Јован, штом чу во затворот за Христовите дела, испрати двајца свои ученици
11:3 и му рече: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“
11:4 Исус им одговори и рече: „Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате:
11:5 слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат; мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието.
11:6 И блажен е оној што не се соблазнува поради Мене.“
11:7 А кога си отидоа овие, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот?
11:8 Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царски палати се.
11:9 Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк!
11:10 Зашто тој е оној за кого е напишано: ‚Ете, Јас го праќам Мојот ангел пред лицето Твое; тој ќе го приготви патот Твој пред Тебе.‘
11:11 Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител, но најмалиот во царството небесно е поголем од него!
11:12 А од деновите на Јован Крстител па до сега, царството небесно насила се зема и силните го грабаат,
11:13 зашто сите Пророци и Законот пророкуваа до доаѓањето на Јован.
11:14 И, ако сте подготвени да го прифатите, тој е Илија, кој треба да дојде.
11:15 Кој има уши да слуша, нека чуе!“
11:16 „А со кого да го споредам овој род? Тој личи на деца што седат по пазариштата, па им довикуваат на своите другари
11:17 и велат: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте.‘
11:18 Зашто дојде Јован, кој не јаде, ниту пие, а тие велат: ‚Демон има во Него.‘
11:19 Дојде Синот Човечки, Кој и јаде и пие, и велат: ‚Еве човек ненаситен и пијаница, пријател на цариници и грешници.‘ Но мудроста се оправда преку своите дела.“
11:20 Тогаш почна Исус да ги укорува градовите во кои се извршија повеќето Негови чуда, бидејќи не се покајаа.
11:21 „Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон беа чуда, што станаа кај вас, тие одамна би се покајале во вреќиште и пепел;
11:22 но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам!
11:23 И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе бидеш спуштен; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудата што станаа во тебе, тој и до ден денес ќе останеше.
11:24 Но ви велам дека на земјата Содомска ќе ѝ биде полесно на судниот ден, отколку тебе.“
11:25 Во тоа време, откако продолжи Исус, рече: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, зашто си го скрил тоа од мудрите и разумните, а си им го открил на децата!
11:26 Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја.
11:27 Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие.
11:28 Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.
11:29 Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши.
11:30 Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.“
Glava 12
12:1 Во тоа време, една сабота, Исус минуваше преку нивите, а учениците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат.
12:2 Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: „Ете, учениците Твои го прават она што не треба да се прави во сабота!“
12:3 А Тој им рече: „Не сте ли читале што направи Давид, кога огладне тој и оние што беа со него?
12:4 Како влезе во домот Божји, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде ни тој, ниту оние што беа со него, туку само свештениците.
12:5 Или, не сте ли читале во Законот дека во саботен ден свештениците ја нарушуваат саботата и пак не се виновни?
12:6 Но Јас ви велам дека тука е Оној Кој е поголем од храмот;
12:7 и, ако знаевте што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудувате невините;
12:8 Зашто Синот Човечки е господар и на саботата.“
12:9 И штом замина оттаму, дојде во синагогата нивна.
12:10 И ете, таму беше еден човек, кој имаше исушена рака. И за да Го обвинат, Го прашаа Исус: „Допуштено ли е во сабота да се лекува?“
12:11 А Тој им рече: „Кој е тој од вас, ако има една овца и таа падне во саботен ден во јама, што не ќе ја прифати и извади?
12:12 А колку ли, пак, човекот е поскап од една овца!? И така во сабота е допуштено да се прави добро.“
12:13 Тогаш му рече на човекот: „Испружи ја раката!“ И тој ја испружи. И таа стана здрава како и другата.
12:14 А фарисеите, штом излегоа, се договорија како да Го погубат. Но Исус кога разбра, се оддалечи оттаму.
12:15 И тргна по него многу народ и Тој ги исцели сите.
12:16 И им забрани да разгласуваат за Него.
12:17 За да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели:
12:18 „Ете Го слугата Мој; Него Го избрав, Мојот возљубен, што го благоволи Мојата душа. Ќе го положам Духот Свој над Него и на народите ќе им објави правда.
12:19 Нема да се кара, ниту ќе вика, и никој нема да го чуе гласот Негов по крстопатите.
12:20 Трските прекршени нема да ги докрши, ниту запалените светила ќе ги угасне, додека не го доведе судот до победа.
12:21 И во Неговото име народите ќе ја положат својата надеж.“
12:22 Тогаш доведоа кај Него еден бесомачен од зол дух, кој беше слеп и нем; и го излекува, така што слепонемиот прогледа и проговори.
12:23 И сиот народ се чудеше и велеше: „Да не е Овој Христос, синот Давидов?“
12:24 А фарисеите, штом го чуја тоа, рекоа: „Тој не ги истерува демоните на друг начин освен преку Велзевул, началникот на демоните!“
12:25 Но Исус, знаејќи ги нивните помисли, им рече: „Секое царство, ако се раздели, запустува; и секој град или дом, ако се раздели на противни групи, ќе пропадне.
12:26 И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш како може да се запази царството негово?
12:27 И ако Јас ги истерувам демоните преку Велзевул, синовите ваши, преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии.
12:28 Ако, пак, Јас истерувам демони со Духот Божји, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо.
12:29 Или, како може да влезе некој во куќата на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот, па дури тогаш да му ја ограби куќата?
12:30 Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, тој растура.
12:31 Затоа ви велам: секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух нема да им се прости на луѓето.
12:32 И ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости ни на овој, ни на оној свет.“
12:33 „Или, ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар; а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош; зашто по плодот се познава дрвото.
12:34 Змиски рожби! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зашто устата го зборува она што излегува од преполнетото срце.
12:35 Добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште – лошо.
12:36 И ви велам дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден;
12:37 зашто по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден.“
12:38 Тогаш некои од книжниците и фарисеите одговорија и рекоа: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе!“
12:39 А Тој им одговори и рече: „Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона;
12:40 зашто, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи.
12:41 Ниневјаните ќе излезат на суд со овој род и ќе го осудат, зашто тие се покајаа од проповедта на Јона; а ете, тука има поголем од Јона.
12:42 И царицата јужна ќе излезе на суд со овој род и ќе го осуди; зашто таа дојде од крај земја за да ја чуе мудроста на Соломон, но ете, тука е многу поголем од Соломон.“
12:43 „Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот, минува преку безводни места, барајќи спокој и не го наоѓа;
12:44 тогаш ќе рече: ‚Да се вратам во мојот дом, откаде што излегов.‘ И штом дојде го наоѓа празен, изметен и уреден.
12:45 Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој пакосен род.“
12:46 Додека му зборуваше на народот, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него.
12:47 Некој Му кажа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.“
12:48 Тој му одговори на оној што Му зборуваше и рече: „Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?“
12:49 И покажувајќи со рака на учениците Свои рече: „Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа!
12:50 Зашто кој ја исполнува волјата на Мојот небесен Отец, Кој е на небесата, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.“
Glava 13
13:1 Излегувајќи тој ден од куќата, Исус седна покрај морето.
13:2 И се собра околу Него многу народ, така што Тој влезе во кораб и седна, а сиот народ стоеше на брегот.
13:3 И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, излезе сејач да сее;
13:4 и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот; долетаа птици и ги исколваа.
13:5 Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу проникнаа, зашто земјата не беше длабока.
13:6 Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, бидејќи немаа корен, се исушија.
13:7 Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши.
13:8 Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод; едно сто, друго шеесет, а трето триесет.
13:9 Кој има уши да слуша, нека чуе.“
13:10 И кога се приближија до Него учениците, Му рекоа: „Зошто им зборуваш во парабола?“
13:11 А Тој им одговори и рече: „Зашто вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено.
13:12 Кој има ќе му се даде и ќе му се преумножи; а кој нема, ќе му се земе и она што го има.
13:13 Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видат; слушаат и не можат да чујат, ниту пак, разбираат;
13:14 и над нив се исполнува пророштвото на Исаија, кој вели: ‚Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите;
13:15 срцето на овие луѓе закоравело и со ушите тешко слушаат; и ги затвориле очите свои за да не можат никогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат, та да се покајат и да ги исцелам.‘
13:16 Вашите, пак, очи се блажени, бидејќи гледаат и ушите ваши – бидејќи слушаат;
13:17 зашто вистина ви велам: многу пророци и праведници сакаа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.“
13:18 „Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот.
13:19 Кај секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граба посеаното во срцето негово; ете, тоа означува посеаното покрај патот.
13:20 А посеаното на камен е оној што го слуша словото и веднаш со радост го прима;
13:21 но нема во себе корен и е непостојан: дојдат ли неволји или гонење заради словото, веднаш отстапува.
13:22 Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род.
13:23 А посеаното на добра земја е оној што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а трет триесет.“
13:24 И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на човек што посеал добро семе на својата нива.
13:25 Но, додека спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеја меѓу житото какол, па си отиде.
13:26 А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот.
13:27 И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘
13:28 А тој им рече: ‚Непријателот го направи тоа!‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘
13:29 Но тој им рече: ‚Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито;
13:30 оставете нека расте и едното и другото, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а, житото приберете го во мојата житница.‘“
13:31 И друга парабола им кажа, кога рече: „Царството небесно прилега на синапово зрно, кое човек го зел и го посеал на нивата своја.
13:32 Тоа е најмало од сите семиња, но кога ќе израсне, поголемо е од сите грмушки, па станува дури и дрво, така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.“
13:33 И друга парабола им кажа: „Царството небесно прилега на квасец, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето.“
13:34 Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без параболи не им говореше ништо;
13:35 за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: „Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот.“
13:36 Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците се приближија до Него и Му рекоа: „Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!“
13:37 А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки.
13:38 Нивата е овој свет; доброто семе – тоа се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот.
13:39 Непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е крајот на светот, а жетварите се ангелите.
13:40 И така, како што се собира плевата и се гори во оган, така ќе биде и при крајот на овој свет.
13:41 Ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите причинители на гревот од Неговото царство, и оние што вршат незаконски дела,
13:42 и ќе ги фрлат во вжарена печка; таму ќе има плач и крцкање со заби.
13:43 Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе!“
13:44 „Царството небесно прилега уште и на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и прикрил, па, од радост за него, отишол и продал сѐ што имал, и ја купил таа нива.“
13:45 „Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери;
13:46 па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.“
13:47 „Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби;
13:48 и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат.
13:49 Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните,
13:50 и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе има плач и крцкање со заби.“
13:51 И ги праша Исус: „Дали го разбравте сето ова?“ Тие Му одговорија: „Да, Господи!“
13:52 А Тој им рече: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо.“
13:53 И, откако ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму.
13:54 А штом дојде во Својот роден крај, го поучуваше народот во синагогите нивни. И сите се чудеа и велеа: „Од каде кај Него ваква мудрост и моќ?
13:55 Нели е Овој син на дрводелецот? Мајка Му нели се вика Марија, и браќата Негови – Јаков и Јосија, Симон и Јуда?
13:56 И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас? Од каде, пак, сето тоа кај Него?“
13:57 И се соблазнија заради Него. А Исус им рече: „Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов.“
13:58 И не направи таму многу чуда поради нивното неверие.
Glava 14
14:1 Во тоа време гласот за Исус дојде и до Ирод четворовласникот,
14:2 кој им рече на своите потчинети: „Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал, па затоа и стануваат чуда преку него!“
14:3 Зашто Ирод, кога го фати Јован, го врза и го фрли во затвор заради Иродијада, жената на брат му Филип;
14:4 бидејќи Јован му велеше: „Не доликува да биде твоја!“
14:5 И сакаше да го убие, но се плашеше од народот, зашто го сметаа за пророк.
14:6 А кога му беше роденден на Ирод, ќерката на Иродијада играше пред гостите и му угоди на Ирод;
14:7 затоа тој ѝ се заколна дека ќе ѝ даде што и да побара.
14:8 И таа, подучена од мајка си, рече: „Дај ми ја овде на чинија главата на Јован Крстител!“
14:9 И се загрижи царот; но, заради заклетвата и гостите свои, нареди да ѝ ја дадат.
14:10 Па прати, та ја отсекоа главата на Јован во затворот.
14:11 И ја донесоа главата негова на чинија и ѝ ја дадоа на девојката, а таа ја однесе на мајка си.
14:12 Учениците, пак, негови, дојдоа, го земаа неговото тело и го погребаа; па отидоа и му јавија на Исус.
14:13 Штом го чу тоа Исус, замина оттаму со кораб во пусто место, Сам а народот, штом дозна за тоа, тргна по Него пеш од градовите.
14:14 И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смилува над нив и ги излекува нивните болни.
14:15 А на стемнување се приближија до Него учениците Негови и рекоа: „Местово е пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да оди по селата и да си купи храна.“
14:16 Но Исус им рече: „Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!“
14:17 А тие Му рекоа: „Ние имаме само пет леба и две риби.“
14:18 Тој им рече: „Донесете Ми ги тука!“
14:19 И откако му заповеда на народот да седне по тревата, ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги прекрши и им ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот.
14:20 И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња.
14:21 А оние што јадеа беа околу пет илјади мажи, покрај жените и децата.
14:22 И веднаш ги повика Исус учениците Свои да влезат во кораб и да минат на другата страна пред Него, додека Тој да го распушти народот.
14:23 Па штом го распушти народот, Тој се искачи на планината за да се помоли насамо. И таа вечер остана таму Сам.
14:24 А коработ беше веќе на сред море и брановите го удираа, зашто ветрот дуваше спротивно.
14:25 Но на четвртата стража преку ноќта, дојде Исус кај нив, одејќи по морето.
14:26 А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: „Тоа е привидение!“ и од страв извикаа.
14:27 Но Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“
14:28 А Петар, одговарајќи Му, рече: „Господи, ако си Ти, заповедај да дојдам кај Тебе по водата!“
14:29 И Исус му рече: „Дојди!“ Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да оди кај Исус;
14:30 но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да тоне и извика: „Господи, спаси ме!“
14:31 Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?“
14:32 И кога влегоа во коработ, ветрот престана.
14:33 А оние што беа во коработ Му пристапија, Му се поклонија и рекоа: „Навистина, Ти си Синот Божји!“
14:34 Па откако преминаа, дојдоа во земјата генисаретска.
14:35 Луѓето од тоа место, штом Го познаа, разгласија по целата таа околија и ги донесоа кај Него сите болни.
14:36 И Го молеа да се допрат барем до крајот од Неговата облека; и тие што се допреа, се излекуваа.
Glava 15
15:1 Тогаш пристапија кон Исус ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи:
15:2 „Зошто учениците Твои не го запазуваат преданието на старите? Зошто не си ги мијат рацете кога јадат леб?“
15:3 А Тој им одговори и рече: „Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание?
15:4 Зашто Бог заповедал и рекол: ‚Почитувај ги татко си и мајка си‘, и ‚кој говори лошо против таткото свој или мајка си, со смрт да се казни‘.
15:5 А вие велите: ‚Ако некој му рече на татка си или на мајка си: она, со што би можел да се ползуваш од мене, е ветено за Господ‘,
15:6 тогаш тој може да не го почитува својот татко или својата мајка! Така ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание!
15:7 Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи:
15:8 ‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене;
15:9 но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби.‘“
15:10 И како ги повика луѓето, им рече: „Слушајте и разберете!
15:11 Не го осквернува човекот она што влегува во устата, туку она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот.“
15:12 Тогаш Неговите ученици Му се приближија и рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите, штом го чуја тој збор, се соблазнија?“
15:13 А Тој, одговарајќи им, рече: „Секоја садница, што не ја насадил Мојот Отец небесен, ќе се искорне;
15:14 оставете ги: тие се слепи водачи на слепи: а кога слеп води слеп, обата ќе паднат во јама.“
15:15 Петар, пак, Му одговори и рече: „Објасни ни ја оваа парабола.“
15:16 А Исус им рече: „Ама вие, уште ли не сфаќате?
15:17 Уште ли не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку стомакот и се исфрлува надвор?
15:18 А она што излегува од устата, иде од срцето и тоа го осквернува човекот;
15:19 зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули;
15:20 тоа го осквернува човекот. А јадењето со неизмиени раце не го осквернува човекот.“
15:21 И кога излезе оттаму Исус, замина во земјата Тирска и Сидонска.
15:22 И ете, една жена Хананејка, излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко ја мачи демон.“
15:23 Но Тој не ѝ одговори ниту збор. И пристапувајќи до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: „Отпушти ја, зашто вика по нас.“
15:24 А Тој одговори и рече: „Јас сум пратен само кај загубените овци на домот израелски.“
15:25 Но таа, кога пристапи, Му се поклони и велеше: „Господи, помогни ми!“
15:26 Тој, одговарајќи ѝ рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.“
15:27 Но таа Му рече: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари.“
15:28 Тогаш Исус одговори и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!“ И во тој час оздраве ќерката нејзина.
15:29 Штом замина оттаму, Исус дојде кај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму.
15:30 И дојде кај Него многу народ, кој имаше со себе куци, слепи, неми, фатени и многу други, и ги положија пред нозете на Исус, и Тој ги исцели,
15:31 така што народот се восхитуваше гледајќи како неми зборуваат, фатени оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израелов.
15:32 А Исус, кога ги повика учениците Свои, рече: „Жал ми е за луѓето, зашто три дни веќе стојат кај Мене и немаат што да јадат; да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот.“
15:33 Но учениците Негови Му рекоа: „Каде ќе земеме толку леб во пустинава за да нахраниме толку народ?“
15:34 Исус ги праша: „Колку лебови имате?“ А тие одговорија: „Седум и неколку риби.“
15:35 Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата.
15:36 И земајќи ги седумте лебови и рибите, благодари, ги прекрши и им ги даде на учениците Свои, а учениците – на народот.
15:37 И јадеа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња: седум полни кошници.
15:38 А оние што јадеа беа четири илјади мажи, покрај жените и децата.
15:39 Па, штом го распушти народот, влезе во кораб и пристигна во Магдалските предели.
Glava 16
16:1 Тогаш пристапија кон Исус фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже чудо од небото.
16:2 Тој, одговарајќи им, рече: „Навечер велите: ‚ќе биде ведро, зашто небото е црвено‘;
16:3 а наутро: ‚денес ќе има невреме, зашто небото е матно.‘ Лицемери, изгледот на небото можете да го распознавате, а знаците на времињата не можете?
16:4 Род лукав и прељуботворен бара знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона.“ Па оставајќи ги, си замина.
16:5 И преоѓајќи на спротивната страна, учениците Негови заборавија да земат леб.
16:6 Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасецот фарисејски и садукејски!“
16:7 А тие помислија во себе и си рекоа: „Тоа е што не зедовме леб!“
16:8 Но Исус ги разбра и им рече: „Маловерни, зошто мислите во себе дека не сте зеле леб?
16:9 Уште ли не разбирате и не помните за петте леба на пет илјади души, и колку кошеви собравте?
16:10 Ниту за седумте леба на четири илјади души, и колку кошници собравте?
16:11 Како не разбирате дека не ви зборував за леб: ‚Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!‘“
16:12 Тогаш разбраа дека Тој им беше рекол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско.
16:13 И кога дојде Исус во областа на Кесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: „Што велат луѓето, кој е Синот Човечки?“
16:14 Тие одговорија: „Едни дека е Јован Крстител, други дека е Илија, а некои дека е Еремија или дека е еден од пророците.“
16:15 А Тој им рече: „А вие, што мислите, Кој сум Јас?“
16:16 Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“
16:17 Тогаш Исус му одговори и рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата.
16:18 А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.
16:19 И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата.“
16:20 Тогаш Исус им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому дека Тој е Христос.
16:21 Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Тој треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.
16:22 А Петар Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: „Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!“
16:23 Но Тој се заврте и му рече на Петар: „Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко!“
16:24 Тогаш Исус им рече на учениците Свои: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи;
16:25 зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го најде:
16:26 зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?
16:27 Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови.
16:28 Вистина ви велам: тука стојат некои што нема да вкусат смрт додека не Го видат Синот Човечки како доаѓа во царството Свое.“
Glava 17
17:1 А по шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и брат му Јован, и ги изведе на висока гора сами;
17:2 и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина.
17:3 И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него.
17:4 Тогаш Петар Му одговори на Исус и рече: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш ќе направам тука три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“
17:5 Додека уште говореше, ете, ги засени светол облак; и се чу глас од облакот кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“
17:6 И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија.
17:7 Но Исус, штом се приближи, се допре до нив и им рече: „Станете и не плашете се!“
17:8 А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа никој друг освен Исус.
17:9 Исус им заповеда и рече: „Никому не кажувајте што видовте додека Синот Човечки не воскресне од мртвите!“
17:10 Потоа учениците Негови Го прашаа, говорејќи: „Зошто, пак, книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“
17:11 Исус им одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ;
17:12 но ви велам дека Илија веќе дојде и не го познаа, туку му направија сѐ што сакаа; така и Синот Човечки ќе пострада од нив.“
17:13 Тогаш учениците разбраа дека Тој им зборува за Јован Крстител.
17:14 Кога дојдоа кај народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена
17:15 и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нова месечина го напаѓа зол дух и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода;
17:16 го одведов кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“
17:17 А Исус одговори и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!“
17:18 И му нареди Исус на демонот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час.
17:19 Тогаш учениците пристапија кон Исус насамо и Му рекоа: „Зошто не можевме ние да го истераме?“
17:20 А Исус им рече: „Заради вашето безверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму!‘ И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно.
17:21 (Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.)“
17:22 А кога беа во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки,
17:23 и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“ И тие многу се нажалија.
17:24 А кога пристигнаа во Капернаум, му пристапија на Петар оние што собираа дидрахми и му рекоа: „Учителот ваш не плаќа ли дидрахми?“
17:25 Тој одговори: „Плаќа.“ И кога влезе дома, Исус го испревари и рече: „Како ти се чини, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓи?“
17:26 Петар Му одговори: „Од туѓите.“ Исус му рече: „Значи, синовите не плаќаат;
17:27 но, за да не ги соблазниме, отиди до морето, фрли јадица и првата риба што ќе се улови, земи ја; и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за себе!“
Glava 18
18:1 Во тој час се приближија учениците до Исус и рекоа: „Кој е најголем во царството небесно?“
18:2 И Исус повика едно дете, го постави меѓу нив
18:3 и им рече: „Вистина ви велам, ако не се промените и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно:
18:4 кој ќе биде понизен како ова дете, тој е најголем во царството небесно;
18:5 и кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима.“
18:6 „Кој ќе соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина.
18:7 Тешко му на светот од соблазни, зашто соблазните треба да дојдат; но тешко му на оној човек, преку кого доаѓа соблазната.
18:8 Ако те соблазнува раката твоја или ногата твоја, отсечи ја и фрли ја од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот без една рака или нога, отколку со двете раце и двете нозе да бидеш фрлен во вечниот оган;
18:9 и ако те соблазнува окото твое, извади го и фрли го од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку да ги имаш и двете очи, а да бидеш фрлен во огнениот пекол.“
18:10 „Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен.
18:11 (Зашто Синот Човечки дојде да го бара и спаси загубеното.)
18:12 Што мислите? Ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте в планина и да појде да ја бара загубената овца?
18:13 Па, ако ја најде, ве уверувам дека ќе се радува за неа повеќе отколку за деведесет и деветте незагубени.
18:14 Така и вашиот Отец небесен не сака да загине ниедно од овие, маливе.“
18:15 „Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си;
18:16 ако не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор;
18:17 ако, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и цариник.“
18:18 „Вистина ви велам: сѐ што ќе сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сѐ што ќе разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото.
18:19 Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да молат за нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец небесен;
18:20 зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив.“
18:21 Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: „Господи, колкупати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“
18:22 Исус му одговори: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум.“
18:23 „Затоа царството небесно прилега на царот кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги.
18:24 Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа кај него еден што му должеше десет илјади таланти;
18:25 па, бидејќи немаше со што да плати, господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сѐ што имаше, за да наплати.
18:26 Тогаш тој слуга падна пред него на колена и му се поклонуваше говорејќи: ‚Господаре, стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти платам.‘
18:27 А господарот на тој слуга се смилува, го пушти и му го прости долгот.
18:28 Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто денарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: ‚Врати ми го долгот!‘
18:29 Тогаш неговиот другар падна ничкум пред нозете негови, го молеше и велеше: ‚Стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти исплатам!‘
18:30 Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека не му го исплати долгот.
18:31 Другарите, пак, негови, кога видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сѐ што се случи.
18:32 Тогаш господарот негов го повика и рече: ‚Зол слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше;
18:33 не требаше ли и ти да се смилуваш над својот другар, како што се смилував и јас над тебе?‘
18:34 И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот долг.
18:35 Така и Мојот Отец небесен ќе постапи со вас, ако секој од вас не му прости од срце на брата си.“
Glava 19
19:1 Кога ги заврши Исус тие зборови, тргна од Галилеја и пристигна во пределите јудејски, отаде Јордан.
19:2 По Него појде многу народ и Тој ги исцели таму.
19:3 И дојдоа кај Него фарисеите што Го искушуваа, па Му рекоа: „Може ли човек да ја остави жената своја за каква и да било причина?“
19:4 Тој им одговори и рече: „Не ли сте читале, дека Оној што ги создаде во почетокот, маж и жена ги создаде, и рече:
19:5 ‚Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело.‘
19:6 Па така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. А Бог што соединил човек да не разделува.“
19:7 Тие Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да ѝ даде мажот разводно писмо и да ја напушти?“
19:8 Тој им одговори: „Заради вашите жестоки срца Мојсеј ви дозволи да ги оставате жените свои; но во почетокот не беше така.
19:9 Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен заради прељуба, и се ожени со друга, тој извршува прељуба; и оној, што ќе се ожени со напуштена, исто така прељубодејствува.“
19:10 А учениците Негови Му рекоа: „Ако е таква должноста на човекот кон жената, тогаш не треба ни да се жени!“
19:11 Но Тој рече: „Секој не може да го прифати ова учење, туку само оние на кои им е дадено;
19:12 зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и скопени, кои самите себе се скопиле заради царството небесно. Кој може да прифати, нека прифати.“
19:13 Тогаш кај Него доведоа деца, за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им забрануваа.
19:14 Но Исус рече: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат кај Мене, зашто на такви е царството небесно.“
19:15 И откако ги положи рацете над нив, Исус си отиде оттаму.
19:16 И ете, еден човек, кога пристапи до него, Му рече: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“
19:17 А Тој му одговори: „Зошто Ме нарекуваш добар? Само Еден е добар. А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите.“
19:18 Тој Му рече: „Кои?“ А Исус одговори: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно;
19:19 почитувај ги татка си и мајка си; сакај го ближниот свој како себеси!“
19:20 Младиот човек Му рече: „Сето тоа сум го запазил уште од детството; што ми е уште потребно?“
19:21 Исус му кажа: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене!“
19:22 Штом ги чу младиот човек овие зборови, си отиде нажален, бидејќи имаше голем имот.
19:23 А Исус им рече на учениците Свои: „Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно;
19:24 и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.“
19:25 Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“
19:26 Исус, ги погледна и им рече: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.“
19:27 Тогаш Петар одговори и Му рече: „Ете, ние оставивме сѐ, и по Тебе одиме: што ќе стане, со нас?“
19:28 А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие што врвите по Мене, во новиот свет, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израелови колена;
19:29 и секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име, ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен.
19:30 Но мнозина први ќе бидат последни, а последните први.“
Glava 20
20:1 „Зашто царството небесно прилега на домаќин, кој излегол наутро рано да изнајми работници за своето лозје.
20:2 Па, штом се спогоди со работниците по денариј на ден, ги прати во лозјето свое.
20:3 Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на пазариштето без работа,
20:4 им рече: ‚Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа.
20:5 Пак излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто.
20:6 А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: ‚Зошто стоите тука цел ден без работа?‘
20:7 Тие му одговорија: ‚Никој не нѐ повика.‘ А тој им рече: ‚Одете во моето лозје.‘ (И што е право ќе добиете.)
20:8 А кога се стемни, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‚Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.‘
20:9 И дојдените околу единаесеттиот час добија по денариј.
20:10 А кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе; но и тие добија по денариј;
20:11 и штом добија, негодуваа против господарот
20:12 и велеа: ‚Оние последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тежината на денот и жегата.‘
20:13 А тој им одговори и му рече на еден од нив: ‚Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за денариј?
20:14 Земи си го своето и оди си; и на овој последниов, сакам да му дадам колку и тебе;
20:15 зар немам право да чинам со своето што сакам? Или ти е окото завидливо, зашто сум дарежлив?‘
20:16 Така ќе бидат последните први, а првите – последни; (зашто мнозина се повикани, но малкумина се избрани).“
20:17 И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече:
20:18 „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт,
20:19 и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан, и тепан, и распнат; и на третиот ден ќе воскресне.“
20:20 Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови и, поклонувајќи Му се, Го молеше нешто.
20:21 А Тој ѝ рече: „Што бараш?“ Таа Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седат до Тебе, едниот од десно, а другиот од лево во Твоето царство!“
20:22 Исус одговори и им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам Јас?“ Тие Му одговорија: „Можеме.“
20:23 И им рече: „Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите, но да се седи на Мојата десна или лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е подготвено од Мојот Отец.“
20:24 И десетте, штом го чуја тоа, негодуваа против двајцата браќа.
20:25 Но Исус ги повика и им рече: „Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив;
20:26 меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;
20:27 и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви служи;
20:28 како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“
20:29 И кога излегуваше од Ерихон, по Него врвеше многу народ.
20:30 И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и рекоа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“
20:31 А народот им заповеда да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: „Смилувај ни се, Господи, Сине Давидов!“
20:32 Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да сторам за вас?“
20:33 Тие Му одговорија: „Да ни се отворат очите наши.“
20:34 И Исус се смилува и се допре до нивните очи, и веднаш им прогледаа очите нивни; и тие тргнаа по Него.
Glava 21
21:1 А кога наближија до Ерусалим и дојдоа до Витфагија, кај Маслиновата Гора, Исус испрати двајца ученици
21:2 и им рече: „Отидете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана магарица и младо магаре со неа; одврзете ги и доведете Ми ги!
21:3 А ако некој ви рече нешто, кажете му дека Му се потребни на Господа, и веднаш ќе ги прати.“
21:4 А сето тоа стана за да се исполни кажаното преку пророкот, кој вели:
21:5 „Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, твојот цар доаѓа кај тебе кроток, качен на магарица со младо магаре.“
21:6 Учениците отидоа и направија така, како што им беше заповедал Исус.
21:7 Ги дотераа магарицата и младото магаре и ги кладоа одозгора алиштата свои, и Тој седна над нив.
21:8 А мнозина од народот ги постилаа по патот облеките свои; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот;
21:9 а народот што врвеше пред Него и по Него, викаше велејќи: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Осана на висините!“
21:10 И кога влезе во Ерусалим, целиот народ збунето прашуваше: „Кој е овој?“
21:11 А народот одговараше: „Овој е Исус, пророкот од Назарет галилејски.“
21:12 И влезе Исус во храмот Божји и ги истера сите што продаваа и купуваа во храмот, ги растури масите на менувачите и столовите на оние што продаваа гулаби,
21:13 и им рече: „Напишано е: ‚Домот Мој нека биде дом за молитва‘, а вие го направивте како разбојничка пештера.“
21:14 И дојдоа кај Него во храмот слепи и куци, и Тој ги излекува.
21:15 А првосвештениците и книжниците, гледајќи ги чудесните дела што ги направи Тој, и слушајќи ги децата како викаат во храмот и велат: „Осана на Давидовиот Син!“, се разгневија,
21:16 и му рекоа: „Слушаш ли што велат тие?“ А Исус им рече: „Да! Зар никогаш не сте читале: ‚Од устата на новороденчињата и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба?‘“
21:17 И кога ги остави, отиде надвор од градот, во Витанија, каде што преноќи.
21:18 А утредента, враќајќи се во градот, огладне;
21:19 и виде покрај патот смоква, па отиде до неа; откако не најде на неа ништо освен лисја, рече: „Од сега да нема плод на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши.
21:20 Штом го видоа тоа, учениците се зачудија и рекоа: „Како веднаш се исуши смоквата!“
21:21 А Исус им одговори и рече: „Вистина, ви велам: ако имате вера и не се посомневате, не само тоа што стана со смоквата ќе го правите, туку, ако и на оваа планина ѝ речете – дигни се и фрли се в море, ќе биде.
21:22 И сѐ што ќе побарате во молитва со вера, ќе добиете.“
21:23 И кога дојде Тој во храмот и поучуваше, пристапија кон Него првосвештениците и старешините народни и рекоа: „Со каква власт го правиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?“
21:24 А Исус им одговори и рече: „И Јас ќе ве прашам нешто. Па, ако Ми одговорите, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам тоа.
21:25 Крштавањето Јованово од каде беше: од небото или од луѓето?“ А тие размислуваа меѓу себе и велеа: „Ако кажеме – од небото, ќе ни рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘
21:26 А ако речеме: – од луѓето, се плашиме од народот, зашто сите го сметаа Јован за пророк.“
21:27 И, одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Тој им рече: „Ни Јас не ви кажувам со каква власт го правам тоа.“
21:28 „Што мислите за ова? Еден човек имаше два сина; па отиде кај првиот и му рече: ‚Сине, оди денес да работиш во моето лозје!‘
21:29 Тој одговори и рече: ‚Не сакам!‘ но потоа се покаја и отиде.
21:30 Дојде и кај вториот, и му го рече истото. Тој одговори и рече: ‚Ќе отидам, господаре.‘ Но не отиде.
21:31 Кој од двајцата ја исполни татковата волја?“ Му одговорија: „Првиот.“ Тогаш Исус им рече: „Вистина ви велам дека цариниците и блудниците ќе ве испреварат во царството Божјо:
21:32 зашто дојде кај вас Јован по патот на праведноста и вие не му поверувавте, а цариниците и блудниците му поверуваа; вие, пак, иако видовте, не се предомисливте отпосле за да му поверувате.“
21:33 „Чујте друга парабола! Беше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако им го предаде на лозарите, си отиде.
21:34 И кога наближи времето за берба, тој ги испрати кај лозарите своите слуги за да му ги приберат плодовите.
21:35 Но, лозарите, ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа.
21:36 Тој испрати сега други слуги, повеќе од првите; но и со нив постапија исто.
21:37 Најпосле го испрати кај нив својот син, велејќи: ‚Ќе се засрамат од син ми.‘
21:38 Но лозарите, штом го видоа син му, си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово.‘
21:39 Па, го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија.
21:40 Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“
21:41 Му одговорија: „Злосторниците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари што ќе му ги даваат плодовите навреме.“
21:42 А Исус им рече: „Зар не сте читале во Книгите: ‚Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник: тоа е од Господ и чудесно е во очите наши.‘
21:43 Затоа ви велам дека царството Божјо ќе биде земено од вас и ќе се даде на народ што ги принесува неговите плодови.
21:44 И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, ќе го здроби.“
21:45 И слушајќи ги Неговите параболи, првосвештениците и фарисеите разбраа дека говори за нив,
21:46 па гледаа да Го фатат; но се плашеа од народот, зашто Го сметаа за пророк.
Glava 22
22:1 И одговарајќи, Исус пак им говореше во параболи и рече:
22:2 „Царството небесно прилега на еден цар, кој направи свадба за својот син.
22:3 И ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие не сакаа да дојдат.
22:4 Потоа испрати други слуги и им рече: кажете им на поканетите: ‚Ете, приготвив јадење; јунците мои и сѐ што е угоено се заклани, и сѐ е готово; дојдете на свадбата!‘
22:5 Но, тие не сакаа да знаат за тоа, туку си отидоа: кој на нива, кој по трговија;
22:6 а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмејаа и ги убија.
22:7 Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град.
22:8 Тогаш им рече на слугите свои: ‚Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни.
22:9 Затоа одете по крстопатите и колкумина ќе најдете, поканете ги на свадба!‘
22:10 И излегоа слугите на крстопатите, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости.
22:11 Кога влезе царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта.
22:12 Па му рече: ‚Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?‘ А тој молчеше.
22:13 Тогаш царот им рече на слугите: ‚Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби!‘
22:14 зашто, мнозина се повикани, а малкумина избрани.“
22:15 Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат во некој збор.
22:16 И ги испраќаа кај Него своите ученици, заедно со некои Иродовци, кои Му говореа: „Учителе, знаеме дека си правичен и навистина ги учиш луѓето на патот Божји, и не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој;
22:17 затоа кажи ни; што мислиш: треба ли да се дава данок на царот или не?“
22:18 Но Исус го проѕре лукавството нивно и рече: „Што Ме искушувате, лицемери?
22:19 Покажете Ми една пара од данокот.“ Тие Му донесоа еден денариј.
22:20 И им рече: „Чиј е овој лик и потпис?“
22:21 Тие одговорија: „На царот.“ Тогаш им рече: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“
22:22 И штом го чуја тоа, тие занемеа и, оставајќи Го, си отидоа.
22:23 Во истиот ден пристапија кон Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа, говорејќи:
22:24 „Учителе, Мојсеј рече: ‚Ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека му подигне потомство на својот брат!‘
22:25 Кај нас имаше седуммина браќа; првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си;
22:26 исто така направи и вториот, и третиот, дури и седмиот;
22:27 а по сите нив умре и жената.
22:28 При воскресението, на кого од седуммината ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела?“
22:29 Исус им одговори: „Се лажете, зашто не ги познавате Писмата, ниту силата Божја;
22:30 зашто при воскреснувањето луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе живеат како ангели Божји на небесата.
22:31 А за воскреснувањето на мртвите, не сте ли читале што ви рекол Бог, Кој вели:
22:32 ‚Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.‘ Бог не е Бог на мртвите, туку на живите.“
22:33 И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на Неговата наука.
22:34 Кога фарисеите слушнаа дека ги посрами садукеите, се здружија со нив.
22:35 И еден од нив, познавач на Законот, искушувајќи Го, запраша и рече:
22:36 „Учителе, која заповед е најголема во Законот?“
22:37 А Исус му одговори: „‚Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум;‘
22:38 тоа е прва и најголема заповед;
22:39 а втората е слична на неа: ‚возљуби го својот ближен како себеси!‘
22:40 На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците.“
22:41 И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша
22:42 и рече: „Што мислите за Христос? Чиј син е Тој?“ Му одговорија: „Давидов.“
22:43 Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот Го нарече Господ, велејќи:
22:44 ‚Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘
22:45 И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш може Тој да Му е син?“
22:46 И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша.
Glava 23
23:1 Тогаш Исус му проповедаше на народот и на учениците Свои,
23:2 говорејќи: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите.
23:3 Затоа, сѐ што ќе ви кажат пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, зашто тие говорат, но не извршуваат;
23:4 врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат.
23:5 И сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето; ги прошируваат своите записи и ги продолжуваат ресите на својата облека;
23:6 сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите,
23:7 и поздрави по улиците, и да ги викаат луѓето ‚Рави!‘
23:8 А вие немојте да се нарекувате ‚Рави‘, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа.
23:9 И никого на земјата не викајте го свој Татко, зашто еден е вашиот Татко – Оној Небесниот;
23:10 и водачи немојте да се именувате, зашто еден е вашиот Водач – Христос.
23:11 Но, најголемиот меѓу вас да ви биде слуга;
23:12 зашто, кој се воздигнува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат.“
23:13 „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; зашто, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат.
23:14 (Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги подјадувате домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда.)
23:15 Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден следбеник, и кога ќе успеете во тоа, тогаш го правите син на пеколот, двапати полош од вас.
23:16 Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‚Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во злато на храмот, виновен е.‘
23:17 Безумни и слепи! Што е поголемо: златото или храмот кој го осветува златото?
23:18 Исто така велите: ‚Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘
23:19 Безумни и слепи! Што е посвето: дарот или жртвеникот што го осветува дарот?
23:20 А кој ќе се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него;
23:21 и кој ќе се заколне во храмот, се колне во него и во Оној Кој живее во него;
23:22 и кој ќе се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него.
23:23 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто давате десеток од нане, копра и ким, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате.
23:24 Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате!
23:25 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ги чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и алчност.
23:26 Слеп фарисеју, очисти ги чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор.
23:27 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија.
23:28 Така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие.“
23:29 „Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто им ѕидате гробници на пророците и ги украсувате спомениците на праведните,
23:30 па велите: ‚Да живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците.‘
23:31 А со тоа сведочите сами против себе, дека сте синови на оние што ги убиле пророците.
23:32 Дополнете ја и вие мерата на татковците ваши!
23:33 Змии и рожби аспидини, како ќе побегнете од пресудата за во пеколот?
23:34 Затоа, ете, Јас праќам кај вас пророци и мудреци и книжници; едни ќе убиете и распнете, а други ќе тепате по синагогите и ќе ги прогонувате од град во град;
23:35 за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на Захарија, синот на Варахија, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот.
23:36 Вистина, ви велам: сето тоа ќе падне врз овој род!“
23:37 „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте.
23:38 Ете, ви се остава пуст вашиот дом.
23:39 Зашто ви велам: нема да Ме видите од сега додека не кажете: ‚Благословен е Оној, Кој иде во името Господово!‘“
Glava 24
24:1 И кога излезе Исус од храмот и си одеше, се приближија до Него учениците Негови за да Му ги покажат зградите на храмот.
24:2 А Исус им рече: „Го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде урнат.“
24:3 И кога седеше во Маслиновата Гора, дојдоа кај Него учениците Негови насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?“
24:4 А Исус им одговори и рече: „Пазете се, да не ве излаже некој;
24:5 зашто многумина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ‚Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат мнозина.
24:6 Ќе слушате за војни и повици на војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа уште не е крајот.
24:7 Зашто ќе се крене народ против народ, и царство против царство, и на разни места ќе има глад, помор и потреси;
24:8 а сето тоа е почеток на страдањата.
24:9 Тогаш ќе ве предадат на мачење и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име.
24:10 Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат;
24:11 многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина;
24:12 и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади.
24:13 А кој ќе издржи до крај, тој ќе биде спасен.
24:14 И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.“
24:15 „Па така, штом го видите гнасниот пустошник како стои на светото место, за кој зборува пророкот Даниел – кој чита нека разбере,
24:16 тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат по планините;
24:17 кој е на покрив нека не слегува да земе нешто од куќата своја;
24:18 и кој е на нива, нека не се враќа дома за да ги земе алиштата свои!
24:19 Но тешко на бремените и на доилките во тие дни!
24:20 Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме или во сабота;
24:21 зашто тогаш ќе има страдања, какви што немало од почетокот на светот па досега, ниту, пак, ќе ги има.
24:22 И ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни.
24:23 Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос‘ или ‚таму е‘ – не верувајте!
24:24 Зашто ќе се појават лажни месии и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, дури и избраните.
24:25 Ете, однапред ви кажав.
24:26 И така, ако ви речат: ‚Ете, Тој е во пустината‘ – не излегувајте; или, ‚ете, во тајна соба е‘ – не верувајте!
24:27 Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки.
24:28 Зашто, каде што е мршата, таму се собираат и орлите.“
24:29 „И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвезди ќе паѓаат од небото, и силите небески ќе се разнишаат.
24:30 Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните облаци, со голема слава и сила;
24:31 и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата.“
24:32 „Со смоквата направете споредба: штом ќе се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото.
24:33 Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата.
24:34 Вистина ви велам: нема да мине овој род додека сето тоа не се исполни.
24:35 Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат.“
24:36 „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец;
24:37 но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки;
24:38 зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот,
24:39 и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сѐ – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки.
24:40 Тогаш ќе бидат двајца на нива: еден ќе биде земен, а другиот ќе биде оставен;
24:41 две жени ќе мелат со рачна мелница: едната ќе биде земена, а другата ќе биде оставена.
24:42 Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ.
24:43 Знајте го и тоа: кога домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би останал буден и не би дозволил да му провалат во куќата.
24:44 Затоа и вие треба да бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате.“
24:45 „Кој е, пак, тој верен и мудар слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои да им дава навреме храна?
24:46 Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го наоѓа дека постапува така;
24:47 вистина ви велам дека над целиот свој имот ќе го постави него.
24:48 Ако, пак, тој слуга е лош и си рече во срцето свое: ‚Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘,
24:49 па почне да ги тепа другарите свои и да јаде и пие со пијаниците,
24:50 господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога тој не го очекува, и во час што не го знае;
24:51 и ќе го исече на парчиња, и ќе му даде еднаква награда со лицемерите; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“
Glava 25
25:1 „Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пречекаат младоженецот.
25:2 Петте од нив беа мудри, а петте неразумни.
25:3 Неразумните ги зедоа светилките свои, но не понесоа со себе масло;
25:4 а мудрите, заедно со светилките, зедоа во садовите свои и масло;
25:5 и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа.
25:6 А на полноќ се чу викање: ‚Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!‘
25:7 Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилки.
25:8 Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: ‚Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилки гаснат.‘
25:9 Мудрите им одговорија и рекоа: ‚Но, може да не ни стигне и нам и вам: подобро одете кај продавачите и купете си!‘
25:10 А кога тие отидоа да купат, пристигна младоженецот и приготвените влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија.
25:11 Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: ‚Господаре, господаре, отвори ни!‘
25:12 А тој им одговори и рече: ‚Вистина, ви велам: не ве познавам!‘
25:13 И така, бидете будни, зашто не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки.“
25:14 „Зашто, Тој ќе постапи како човекот, кој тргнувајќи на пат, ги повика слугите свои и им го предаде својот имот;
25:15 и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден, секому според способноста негова; и веднаш замина.
25:16 Оној што зеде пет таланти, отиде, ги употреби во работа и спечали други пет таланти;
25:17 и исто така и оној што зеде два таланта, спечали други два;
25:18 а оној, што доби еден талант, отиде и го закопа в земја и така ги сокри парите на својот господар.
25:19 По долго време дојде господарот на тие слуги и побара да му поднесат сметка.
25:20 И кога пристапи оној што беше примил пет таланти, донесе уште други пет и рече: ‚Господаре, ти ми предаде пет таланти; ете, сум спечалил уште пет.‘
25:21 Господарот му рече: ‚Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; сподели ја радоста со својот господар!‘
25:22 Дојде, исто така, и оној што беше примил два таланта и рече: ‚Господаре, ти ми предаде два таланта, ете, со нив спечалив уште два.‘
25:23 Господарот му рече: ‚Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; сподели ја радоста со својот господар!‘
25:24 Пристигна и оној што беше зел еден талант и рече: ‚Господаре, те знаев дека си жесток човек: жнееш каде што не си сеел, и собираш каде што не си веел,
25:25 па се уплашив и отидов, и го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето.‘
25:26 А господарот му одговори и рече: ‚Зол и мрзлив слуго! Ако си знаел дека жнеам, каде што не сум сеел, и собирам каде што не сум садел,
25:27 требаше моите пари да им ги дадеш на трговците, па кога ќе дојдам да си го приберам своето со добивка;
25:28 земете го од него талантот и дајте му го на оној што има десет таланти;
25:29 зашто секому, што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има;
25:30 а лошиот слуга фрлете го во крајна темнина: таму ќе биде плач и крцкање со заби.‘“ (Откако го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе.“)
25:31 „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја,
25:32 и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што ги одделува овците од козите;
25:33 и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата.
25:34 Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот;
25:35 зашто, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте;
25:36 необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене.‘
25:37 Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме?
25:38 Кога те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме?
25:39 Кога Те видовме болен, или во затвор и Те посетивме?‘
25:40 А Царот ќе им одговори и ќе рече: ‚Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле.‘
25:41 Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ‚Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели!
25:42 Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте;
25:43 странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.‘
25:44 Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор – не Ти послуживме?‘
25:45 Тогаш ќе им одговори и рече: ‚Доколку не сте го направиле тоа за еден од овие најмали браќа ни за Мене не сте го направиле.‘
25:46 И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен.“
Glava 26
26:1 И кога ги заврши Исус овие зборови, им рече на учениците Свои:
26:2 „Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден на распнување.“
26:3 Тогаш првосвештениците, книжниците и старешините народни се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа,
26:4 и се советуваа како да Го фатат Исус со измама и да Го убијат;
26:5 но рекоа: „Само не на празникот, за да не стане бунт меѓу народот.“
26:6 А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симон Лепрозниот,
26:7 се приближи до Него една жена, која носеше шише со скапоцен мирис и го изли врз главата Негова, кога Тој седеше на трпезата.
26:8 И кога го видоа тоа учениците Негови, се расрдија и рекоа: „Какво е тоа растурање?
26:9 Зашто тој мирис можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.“
26:10 Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: „Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело за Мене!
26:11 Бидејќи сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш;
26:12 таа, излевајќи го тој мирис врз телото Мое, Ме приготви за погреб.
26:13 Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен.“
26:14 Тогаш еден од дванаесетте, по има Јуда Искариот, отиде кај првосвештениците
26:15 и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?“ А тие му предложија триесет сребреници.
26:16 И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде.
26:17 А во првиот ден на празникот Бесквасници пристапија кон Исус учениците и Му рекоа: „Каде сакаш да ти приготвиме да јадеш Пасха?“
26:18 Тој им рече: „Одете в град кај тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, кај тебе ќе ја прославам Пасхата со учениците Свои.‘“
26:19 Учениците постапија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата.
26:20 Кога се стемни, Тој седна на трпезата со дванаесетте.
26:21 И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“
26:22 Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“
26:23 А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде.
26:24 Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше родил.“
26:25 А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одговори: „Ти рече.“
26:26 И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го прекрши, и откако им го даде на учениците, рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“
26:27 И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите;
26:28 зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите.
26:29 И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.“
26:30 И откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора.
26:31 Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе Ме оставите уште оваа ноќ; зашто е напишано: ‚Ќе удрам по пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат.‘
26:32 А по воскресението Мое ќе отидам пред вас во Галилеја.“
26:33 Тогаш Петар Му одговори и рече: „Дури и сите да се соблазнат поради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.“
26:34 Исус му рече: „Вистина, ти велам: оваа ноќ уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.“
26:35 Петар Му кажа: „Ако затреба дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе!“ Истото го говореа и сите ученици.
26:36 Потоа отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: „Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.“
26:37 И кога ги поведе со себе Петар и двајцата Заведееви синови, се натажи и почна да тагува.
26:38 Тогаш Исус им рече: „Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене!“
26:39 Оддалечувајќи се малку, падна ничкум; се молеше и говореше: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; сепак, нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти.“
26:40 Па дојде кај учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петар: „Толку ли не можевте еден час да останете со Мене будни!?
26:41 Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“
26:42 Повторно отиде и се помоли, говорејќи: „Оче Мој, ако не може да ме одмине оваа чаша без да ја пијам, тогаш нека биде волјата Твоја!“
26:43 Кога дојде, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале.
26:44 Тогаш ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови.
26:45 Потоа пак дојде кај учениците Свои и им рече: „Сѐ уште спиете и почивате! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешниците.
26:46 Станете да одиме! Ете, се приближува оној што Ме предава.“
26:47 Додека Тој уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу луѓе со ножеви и колови, испратени од страна на првосвештениците и старешините народни.
26:48 А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Фатете Го Тој што ќе го бакнам!“
26:49 И веднаш се приближи до Исус и Му рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го бакна.
26:50 А Исус му рече: „Пријателе, зошто си дошол?“ Тогаш пристапија, положија раце на Исус и Го фатија.
26:51 И ете, еден од оние што беа до Исус, протегна рака и извади нож, па го удри слугата на првосвештеникот, и му го отсече увото.
26:52 Тогаш Исус му рече: „Врати го ножот во ножницата. Зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат;
26:53 или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?
26:54 Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“
26:55 Потоа Исус му рече на народот: „Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови за да Ме фатите. Секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте.
26:56 Но сето тоа стана за да се исполнат пророчките писма.“ Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.
26:57 А оние што Го фатија Исус, Го одведоа кај првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани книжниците и старешините.
26:58 Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и влезе внатре, па седна со слугите за да го види крајот.
26:59 А првосвештениците и старешините, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исус за да Го погубат
26:60 и не наоѓаа; и, макар што пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но најпосле дојдоа двајца
26:61 и рекоа: „Овој кажа: ‚Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.‘“
26:62 Тогаш стана првосвештеникот и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“
26:63 Но Исус молчеше. А првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Синот Божји?“
26:64 Исус му одговори: „Ти рече! Ви велам отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.“
26:65 Тогаш првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: „Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење!
26:66 Како ви се чини?“ А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!“
26:67 Тогаш Го плукаа в лице и Го удираа по образите, а други Го тепаа
26:68 и говореа: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?“
26:69 А Петар седеше надвор во дворот. И се приближи до него една слугинка и му рече: „И ти беше со Исус Галилеецот!“
26:70 Но тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!“
26:71 А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: „И овој беше со Исус од Назарет!“
26:72 Но тој пак се одрече со заклетва: „Не Го познавам Човекот!“
26:73 Малку потоа се приближија оние што стоеја таму и му рекоа на Петар: „Навистина, и ти си од нив, зашто и говорот твој те издава!“
26:74 Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: „Не Го познавам Човекот!“ И веднаш запеа петел.
26:75 И се сети Петар на Исусовите зборови што му ги рече: „Уште петел пред да запее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ Па излезе надвор и горко плачеше.
Glava 27
27:1 А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини направија договор против Исус за да Го убијат;
27:2 и откако Го врзаа, Го одведоа и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат.
27:3 Тогаш Јуда, што Го предаде, кога виде дека е Тој осуден, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините,
27:4 велејќи им: „Згрешив, зашто предадов невина крв!“ А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти!“
27:5 Тој ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.
27:6 Првосвештениците ги собраа сребрениците и рекоа: „Не чини да се стават во црковната каса, бидејќи се платени за крв.“
27:7 Откако се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места.
27:8 Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива.
27:9 Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израелови,
27:10 и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ.“
27:11 И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Ти велиш.“
27:12 И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Тој ништо не одговараше.
27:13 Тогаш Пилат Му рече: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?“
27:14 И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.
27:15 А на секој празник Пасха управникот имаше обичај да му пушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале.
27:16 Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.
27:17 И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исус, наречен Христос?“
27:18 Зашто знаеше дека Го беа предале од завист.
27:19 Во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: „Не прави му ништо на Тој Праведник, зашто денеска многу пострадав на сон заради Него.“
27:20 Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исус да Го погуби.
27:21 Тогаш управникот ги праша: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?“ Тие одговорија: „Варава!“
27:22 Пилат им рече: „А што да правам со Исус, наречен Христос?“ Му одговорија сите: „Да биде распнат!“
27:23 Управникот рече: „Па какво зло направил?“ Но тие уште посилно викаа и рекоа: „Да биде распнат!“
27:24 Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!“
27:25 И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“
27:26 Тогаш им го пушти Варава, а Исус, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат.
27:27 Потоа војниците на управникот Го зедоа Исус во судницата и ја собраа целата чета околу Него,
27:28 па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница;
27:29 исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“
27:30 И плукаа на Него и со трската Го удираа по главата.
27:31 А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.
27:32 На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.
27:33 И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница,
27:34 Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие.
27:35 А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка;
27:36 па седеа таму и Го чуваа;
27:37 и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“
27:38 Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници; едниот од десната страна, а другиот од левата.
27:39 А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа
27:40 и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“
27:41 Исто така и првосвештениците, заедно со книжниците, старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа:
27:42 „Други спасуваше, а Сам Себе не може да се спаси! Ако е Тој Цар Јудејски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него.
27:43 Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“
27:44 И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така.
27:45 А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час;
27:46 а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“
27:47 А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“
27:48 И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.
27:49 Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси!“
27:50 А Исус, откако повторно извика со силен глас, го испушти духот.
27:51 И наеднаш се расцепи завесата на храмот на две – од горе до долу; и земјата се затресе; и карпи паднаа.
27:52 И гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа;
27:53 па кога излегоа од гробовите, по воскреснувањето Негово, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина.
27:54 А стотникот и оние што со него заедно Го чуваа Исус, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“
27:55 Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што Го следеа Исус од Галилеја и Му служеа.
27:56 Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови.
27:57 А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше, исто така, ученик на Исус;
27:58 тој отиде кај Пилат и го побара телото Исусово. Тогаш Пилат нареди да му го дадат телото.
27:59 А Јосиф, штом го зеде телото, Го завитка во чисто платно,
27:60 и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа; па, откако постави голем камен над гробната врата, си отиде.
27:61 А таму беа Марија Магдалена и другата Марија, кои седеа спроти гробот.
27:62 На другиот ден, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите кај Пилат,
27:63 и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ‚По три дни ќе воскреснам!‘
27:64 Затоа нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ‚Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.“
27:65 Пилат им рече: „Имате стража; одете и осигурајте го како што знаете.“
27:66 Тие отидоа и со стража го осигураа гробот, а каменот го запечатија.
Glava 28
28:1 Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот.
28:2 И ете, стана голем потрес; ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него;
28:3 лицето му беше како молња, а алиштата – бели како снег;
28:4 а стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви.
28:5 Ангелот им се обрати на жените и им рече: „Не плашете се; знам дека Го барате Исус распнатиот;
28:6 не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ,
28:7 па отидете бргу и кажете им на учениците Негови дека Тој воскресна од мртвите. И ете, ќе отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите. Ете, ви кажав.“
28:8 И излегоа брзо од гробот, со страв и голема радост и отрчаа да им соопштат на учениците Негови.
28:9 Кога одеа да им јават на Неговите ученици, Исус, ги пресретна и им рече: „Радувајте се!“ А тие се приближија, ги гушнаа нозете Негови и Му се поклонија.
28:10 Тогаш Исус им кажа: „Не плашете се; одете и соопштете им на браќата Мои, да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат.“
28:11 Кога одеа тие, ете, некои од стражарите, влегувајќи в град, им кажаа на првосвештениците за сето она што беше станало.
28:12 И тие, кога се собраа со старешините и се посоветуваа, им дадоа многу пари на војниците,
28:13 велејќи: „Кажете дека: ‚учениците Негови дојдоа и Го украдоа кога ние спиевме;‘
28:14 и, ако за тоа чуе управникот, ние ќе го смириме и ќе направиме и вам ништо да не ви се случи.“
28:15 А тие ги зедоа парите и направија, како што беа научени. И тој глас се пренесува меѓу Јудејците и до денес.
28:16 А единаесетте ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше заповедал Исус;
28:17 па, штом Го видоа, Му се поклонија; а некои се посомневаа.
28:18 А Исус, кога се приближи, проговори и рече: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата.
28:19 Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух,
28:20 и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот.“