Evangelie po Marko

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16

Glava 1

1:1 Почеток од Евангелието на Исус Христос, Син Божји.

1:2 Како што е напишано кај проро­к Исаија: „Еве, Јас го испраќам пред ли­цето Твое Мојот ангел, кој ќе го при­готви Твојот пат пред Тебе:

1:3 ‚Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господ, из­рамнете ги патеките Негови.‘“

1:4 Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите.

1:5 И доаѓаа кај него од целата Јудејска страна и од Ерусалим, и тој ги крш­та­ва­ше сите во реката Јордан, а тие ги ис­по­ведаа своите гревови.

1:6 А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и се хранеше со скакулци и див мед.

1:7 Тој проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги од­вр­зам ремењата од обувките Негови.

1:8 Јас ве крстив со вода, а Тој ќе ве крс­ти со Дух Свети.“

1:9 А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јован во Јор­дан.

1:10 И кога излегуваше од водата, вед­наш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува над Него.

1:11 И се чу глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.“

1:12 Веднаш потоа Духот Го изведе во пустината.

1:13 И беше таму, во пустината, че­ти­ри­е­сет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеа.

1:14 А потоа, откако Јован беше зат­во­рен, дојде Исус во Галилеја и ја про­по­ведаше радосната вест за царството Божјо,

1:15 и велеше: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието.“

1:16 И, одејќи покрај Галилејското Мо­ре, Исус го виде Симон и брат му Ан­дреј како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари.

1:17 Исус им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!“

1:18 И тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.

1:19 Па, штом одмина малку, го виде Ја­ков Заведеев и брат му Јован, исто така во кораб како ги крпат мрежите свои;

1:20 веднаш ги повика и нив. И тие, ос­тавајќи го татка си Заведеј во коработ со наемниците, тргнаа по Него.

1:21 И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата Тој влезе во синагогата и поу­чуваше.

1:22 И се чудеа на Неговата наука, заш­то Тој ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците.

1:23 Имаше во синагогата нивна човек со нечист дух, и извика, говорејќи:

1:24 „Што имаш Ти со нас, Исусе од На­зарет! Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си Ти, Светец Божји!“

1:25 Но Исус му заповеда, велејќи: „Молкни и излези од него!“

1:26 Тогаш го стресе нечистиот дух, па извика со силен глас и излезе од него.

1:27 И сите се стресоа од ужас, така што еден со друг се прашуваа и велеа: „Што е ова!? Ново учење со власт; Тој и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат!“

1:28 И одеднаш се разнесе глас за Него по целиот Галилејски крај.

1:29 Штом излегоа од синагогата, дојдоа со Јаков и Јован во куќата на Симон и Андреј.

1:30 А тештата на Симон лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа.

1:31 Тој пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа стана и ги служеше.

1:32 А приквечер, кога заоѓаше сонцето, кај Него донесуваа секакви болни и бесомачни.

1:33 И целиот град се беше собрал пред портата.

1:34 И излекува мнозина што страдаа од разни болести; истера многу демони и не им дозволуваше на демоните да зборуваат, зашто Го знаеја.

1:35 А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде на пусто место и таму се молеше.

1:36 А Симон, и оние што беа со Него, тргнаа да Го бараат;

1:37 па, кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“

1:38 А Тој им рече: „Да појдеме до блис­ките села и градови, и таму да про­по­ве­дам, зашто затоа сум дошол.“

1:39 И проповедаше во нивните синагоги.

1:40 И дојде кај Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна пред Него и Му рече: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.“

1:41 Смилувајќи се, Исус протегна рака, се допре до него и му рече: „Сакам! Очисти се!“

1:42 И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој стана чист;

1:43 откако му за­по­веда, го отпушти,

1:44 и му рече: „Гледај, никому ништо да не кажуваш; но оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за очистува­ње, како што заповедал Мојсеј – ним за сведоштво.“

1:45 А тој, штом излезе, почна да рас­ка­жува многу и да разгласува, така што Исус не можеше јавно да влезе во гра­дот, а се задржуваше надвор, во оса­ме­ни места. И доаѓаа кај Него отсекаде.

Glava 2

2:1 По неколку дена, Тој пак дојде во Ка­пернаум; и се чу дека е в куќи.

2:2 Веднаш се собраа мнозина, така што и пред вратата не можеа да се сместат; а Тој им го објавуваше Словото.

2:3 И дојдоа кај Него со еден фатен, кого го носеа четворица;

2:4 па, бидејќи не можеа да се прибли­жат до Него од народот, го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Тој и ја спуштија постелката, на која лежеше фатениот.

2:5 А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се простуваат гревовите твои!“

2:6 Таму седеа некои од книжниците и си помислија во срцата свои:

2:7 „Што хули Овој на Бога? Кој друг може да простува гревови, освен еди­ниот Бог?“

2:8 Исус, веднаш штом дозна со Својот дух дека тие така мислат во себе, им ре­че: „Зошто го помислувате тоа во срцата свои?

2:9 Што е полесно да му кажам на фатениот: ‚ти се простуваат гре­во­ви­те‘, или да речам: ‚дигни се, земи ја пос­телката своја и оди‘?

2:10 Но за да знаете дека Синот Чо­веч­ки има власт на земјата да ги простува гревовите“ – му рече на фатениот –

2:11 „Тебе ти велам: стани, земи ја пос­телката своја и оди си дома!“

2:12 И тој стана веднаш, па, штом ја зеде постелката, се појави пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бо­га, велејќи: „Никогаш вакво нешто не сме виделе!“

2:13 И излезе Исус пак покрај морето, и сиот народ доаѓаше кај Него, и Тој ги поучуваше.

2:14 И кога одеше, го виде Левиј Ал­фе­ев, кој седеше во царинарницата и му рече: „Врви по Мене!“ Тој стана и тргна по Него.

2:15 А кога седеше Исус на трпезата во неговата куќа, заедно со Него седеа и учениците Негови, и многу цариници и грешници; зашто тие беа мно­зи­на и врвеа по Него.

2:16 Книжниците и фарисеите, штом Го видоа како јаде со цариници и грешници, им рекоа на учениците Не­го­ви: „Зошто Тој со цариници и грешници јаде и пие?“

2:17 Кога го чу тоа Исус, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, ту­ку болните. Не сум дошол да ги по­ви­кам праведниците, туку грешниците (на покајание).“

2:18 Учениците на Јован и на фарисеите постеа. И приоѓаа некои, па Му велеа: „Зошто учениците Јованови и на фари­се­ите постат, а Твоите ученици не постат?“

2:19 Исус им рече: „Зар можат свато­ви­те да постат кога младоженецот е со нив!? Додека е со нив младоженецот, тие не можат да постат;

2:20 но ќе дојдат дни, кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш, во тие дни, и тие ќе постат.

2:21 Никој не крпи стара облека со нова крпа; инаку, новозашиената крпа ќе се отшие од старото, и отворот ќе биде уште поголем.

2:22 Никој не става ново вино во стари мевови; инаку, новото вино ќе ги расце­пи мевовите и виното ќе истече, а ме­во­вите ќе се упропастат; туку ново вино треба да се става во нови мевови.“

2:23 И Му се случи во саботен ден да ми­нува преку нивјето, и врвејќи, уче­ни­ците Негови почнаа да кинат класје.

2:24 А фарисеите Му рекоа: „Гледај, зошто го прават учениците во сабота тоа, што не треба да се прави?“

2:25 Но Тој им рече: „Зар никогаш не сте читале што направи Давид, кога ог­ладне тој и оние, што беа со него?

2:26 Како влезе во храмот Божји, во вре­мето на првосвештеникот Авијатар, ги изеде приставените лебови од жрт­ве­ни­кот, што не требаше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние, што беа со него!“

2:27 Потоа продолжи: „Саботата е соз­да­дена за човекот, а не човекот за саботата.

2:28 Па така, Синот Човечки е господар и на саботата.“

Glava 3

3:1 И влезе пак во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака.

3:2 И пазеа на Него, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат.

3:3 А Тој му рече на човекот со ису­ше­ната рака: „Застани насреде!“

3:4 Ним, пак, им кажа: „Во сабота доз­во­лено ли е да прави човек добро или зло; да спаси една душа или да ја погуби?“

3:5 Па, кога ги изгледа со гнев, зашто Му беше тешко поради нивните ска­ме­нети срца, му рече на човекот: „Про­тегни ја раката своја!“ Тој ја протегна и таа му стана здрава, како и другата.

3:6 Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со Иродовците на совет против Него, како да Го погубат.

3:7 Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето и по Него одеше многу на­род од Галилеја и од Јудеја,

3:8 од Ерусалим и од Идумеја и отаде Јордан. Па и од Тир и Сидон, откако чу­ја какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него.

3:9 И им порача на учениците Свои да Му приготват кораб, поради народот, за да не Го туркаат;

3:10 зашто мнозина беше излекувал, така што сите, кои беа болни, навалуваа кон Него за да се доближат до Него.

3:11 И нечистите духови, штом ќе Го ви­деа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: „Ти си Син Божји!“

3:12 Но Тој строго им забрануваше да разгласуваат за Него.

3:13 Потоа се искачи на гората и ги по­вика кај Себе оние, кои Сам ги одбра и тие дојдоа кај Него.

3:14 Избра дванаесетмина кои ги нарече апостоли да бидат со Него и да ги праќа да проповедаат;

3:15 и да имаат власт да лекуваат бо­лес­ти и да изгонуваат демони:

3:16 првиот Симон, кого го нарече Пе­тар;

3:17 па Јаков Заведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што зна­чи, синови на громот;

3:18 потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Хананеецот

3:19 и Јуда Искариот, кој и Го предаде.

3:20 И дојдоа в куќи; и пак се собра на­род, така што тие не можеа ни леб да јадат.

3:21 И кога чуја Неговите, отидоа да Го приберат, зашто се говореше дека не бил на Себеси.

3:22 А книжниците, што беа слегнале од Ерусалим, велеа дека во Него е Вел­зе­вул и дека демоните ги истерува со силата на заповедникот на демоните.

3:23 И кога ги повика, им говореше во параболи: „Како може сатаната да из­го­нува сатана?

3:24 Ако едно царство се раздели на де­лови, еден против друг, тоа царство не може да се одржи;

3:25 и, ако еден дом се раздели на де­ло­ви, еден против друг, тој дом не може да опстане;

3:26 ако и сатаната се дигнал против се­беси, и се разделил, не ќе може да се од­ржи, но му дошол крајот.

3:27 Никој не може, кога ќе влезе во ку­ќата на силен човек, да му ја ограби по­куќнината, ако најнапред не го врзе силниот; и тогаш ќе му ја земе по­куќ­нината.

3:28 Вистина, ви велам: на човечките си­нови ќе им се простат сите гревови и хули, какви и да бидат тие;

3:29 но, кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд.“

3:30 Зашто велеа: „Нечист дух има во Него.“

3:31 И дојдоа мајка Му и браќата Не­го­ви, па, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат.

3:32 А околу Него седеше народ, и Му рекоа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сес­трите Твои, надвор се и Те бараат.“

3:33 А Тој им одговори, велејќи: „Која е Мојата мајка и кои се браќата Мои?“

3:34 Па, упатувајќи поглед кон оние што седеа околу Него, рече: „Еве ги Мојата мајка и Моите браќа.

3:35 Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка!“

Glava 4

4:1 И пак почна да поучува покрај морето; и се собра околу Него многу народ; Тој влезе тогаш во кораб во мо­рето и седеше, а сиот народ стоеше на суво, покрај морето.

4:2 И ги поучуваше многу со параболи, и во поуките Свои им велеше:

4:3 „Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее;

4:4 и се случи, кога сееше, едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа пти­ци­те небески и ги исколваа.

4:5 Други паднаа на каменито место, ка­де што немаше многу земја, и набргу изникнаа, зашто земјата не беше длабока;

4:6 а кога изгреа сонцето, тие свенаа, па бидејќи немаа корен, се исушија.

4:7 Некои паднаа на трње; и израсна тр­њето, ги задуши и не дадоа плод.

4:8 А други паднаа на добра земја и поч­наа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесоа: кое триесет, кое шеесет, кое сто.“

4:9 И им рече: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“

4:10 А кога остана Сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесетте, Го прашаа за параболата.

4:11 И им кажа: „Вам ви е дадено да ја знаете тајната на царството Божјо, а на оние, надворешните, сѐ ќе им се кажува во параболи,

4:12 за да гледаат со очи и да не видат; да слушаат со уши и да не разбираат; зашто се плашат да не се обратат некогаш, па да им се простат гревовите.“

4:13 И им рече: „Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите параболи?

4:14 Сејачот го сее словото.

4:15 Посеаното покрај патот ги означува оние, кај кои се сее словото, но кај кои, откако ќе го чујат, веднаш доаѓа сата­ната и им го грабе словото, посеано во срцата нивни.

4:16 Исто така и посеаното на каменито место ги означува оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат,

4:17 но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога ќе настане жалост или гонење заради словото, веднаш се соб­лазнуваат.

4:18 Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото,

4:19 но грижите за овој век, примам­ли­во­то богатство и други желби, кои, кога ќе се вселат во нив, го задушуваат сло­вото и тоа останува бесплодно.

4:20 А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го примаат и донесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто.“

4:21 И им рече: „Зар се внесува светило за да се стави под поклопец или под кревет? Не затоа ли, да се стави на свеќник?

4:22 Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту пак, нешто сокриено, што нема да излезе на видело.

4:23 Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“

4:24 И им велеше: „Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придода­де.

4:25 Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.“

4:26 Па рече: „Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја,

4:27 па спие, и станува ноќе и дење; а ка­ко никнува и како расте семето, тој не знае.

4:28 Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот.

4:29 А кога ќе узрее плодот, веднаш ис­праќа срп, зашто дошло времето за жетва.“

4:30 Пак продолжи: „Со што да го спо­редиме царството Божјо или со каква парабола да го прикажеме?

4:31 Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите земни семиња;

4:32 а кога ќе се посее, израснува и ста­нува поголемо од сите грмушки, и пуш­та големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат пти­ците небески.“

4:33 И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што мо­жеа да слушаат.

4:34 И без параболи не им говореше, а на учениците Свои насамо сѐ им објаснуваше.

4:35 Тој ден вечерта им рече: „Да ми­не­ме на спротивната страна!“

4:36 И кога го отпуштија народот, уче­ниците Го зедоа со себе, како што беше во коработ, а го следеа и други кораби.

4:37 И се подигна голема бура, и брано­вите се префрлуваа во коработ, така што коработ веќе пропаѓаше.

4:38 Тој, пак, беше на кормилото и спи­еше на возглавница; Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа што загинуваме?“

4:39 А Тој стана, му се заповеда на вет­рот и му рече на морето: „Молкни, пре­с­та­ни!“ И ветрот стивна, и настана голема тишина.

4:40 Па им рече: „Што сте толку плаш­ливи? Зар сѐ уште немате вера?“

4:41 И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: „Кој е, пак, Овој, што и ветрот и морето Го слушаат?“

Glava 5

5:1 Преминаа отаде море, во Гадаринската земја.

5:2 И кога Тој излезе од коработ, вед­наш Го пресретна од гробиштата еден човек со нечист дух.

5:3 Тој живееше во гробовите, и дури и со вериги никој не можеше да го врзе;

5:4 зашто многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше оковите и ги раскинуваше веригите, и никој не можеше да го скроти;

5:5 и секогаш, ноќе и дење, по гро­биш­тата и по ридиштата викаше и се уди­ра­ше со камења.

5:6 Штом Го виде Исус оддалеку, при­трча и Му се поклони.

5:7 Па, како извика со силен глас, рече: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!“

5:8 Зашто му беше рекол: „Духу нечист, излези од човекот!“

5:9 И го праша: „Како те викаат?“ А тој одговори и рече: „Легија ми е името, зашто сме многу.“

5:10 И многу Го молеа да не ги брка од тој крај.

5:11 А таму, по ридот, пасеше големо крдо свињи.

5:12 И Го молеа и велеа: „Прати нѐ во свињине, да влеземе во нив.“

5:13 И Исус веднаш им дозволи. Откако излегоа, нечистите духови влегоа во свињите, и јурнаа свињите по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето.

5:14 А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по околијата. И мнозина излегоа да видат што станало.

5:15 И дојдоа кај Исус, и го видоа бесомачниот како седи облечен, и со здрав ум, во кого имаше легија, и се упла­шија.

5:16 А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со обземениот од зол дух и со свињите.

5:17 И почнаа да Го молат да си оди од нивните краишта.

5:18 А кога влезе во коработ, оној, што беше порано бесомачен, Го помоли да биде со Него.

5:19 Исус не му дозволи, но му рече: „Оди дома кај своите, па раскажи им што стори Господ за тебе и како те помилува.“

5:20 Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа.

5:21 А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, кај Него се собра многу народ. И беше покрај морето.

5:22 И ете, дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови

5:23 и усрдно Го молеше многу, гово­реј­ќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и по­ложи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!“

5:24 И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа.

5:25 Една жена, што страдаше од крва­вење дванаесет години,

5:26 и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и никаква полза не видела, а ѝ станало дури уште полошо,

5:27 штом чу за Исус, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова;

5:28 зашто си велеше: „Само ако се доп­рам до облеката Негова, ќе оздравам.“

5:29 И веднаш престана крвавењето, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста.

5:30 А Исус одеднаш почувствува во Се­бе како излезе сила од Него и се сврте кон народот и рече: „Кој се допре до облеката моја?“

5:31 Учениците Негови Му рекоа: „Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“

5:32 Но Тој гледаше наоколу, за да ја ви­ди онаа, што го направи тоа.

5:33 Жената, пак, се уплаши и тре­пе­ре­ше; па, знаејќи што стана со неа, се при­ближи, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина.

5:34 А Тој ѝ рече: „Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!“

5:35 Додека Тој уште зборуваше, дојдоа од кај началникот на синагогата и ре­коа: „Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот!“

5:36 Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече на началникот на синагогата: „Не плаши се, само верувај!“

5:37 И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петар, на Јаков, и на Јо­ван, братот на Јаков.

5:38 Дојде во куќата на началникот на синагогата и виде растревоженост, пла­чење и силно врискање.

5:39 И кога влезе, им рече: „Што сте се развикале и расплакале? Девојчето не е умрено, туку спие!“

5:40 А тие Му се потсмеваа. Тој, пак, от­како ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше де­вој­че­то.

5:41 И кога ја фати раката на девојчето, рече: „Талита, куми!“ – што значи: „Де­војко, тебе ти велам, стани!“

5:42 И девојката одеднаш стана и почна да оди. А имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу.

5:43 А Тој строго им заповеда, никој да не разбере за тоа и рече: „Дајте ѝ да ја­де!“

Glava 6

6:1 Па излезе оттаму и дојде во Својот крај; а по Него одеа и учениците Негови.

6:2 И кога дојде саботата, Тој почна да поучува во синагогата и мнозина, што слушаа, се чудеа и говореа: „Од каде во Него ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чуда стануваат преку Неговите раце?

6:3 Не е ли Тој дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јаков, Јосија, Јуда и Си­мон? И не се ли овде меѓу нас сестрите Негови?“ И се соблазнија заради Него.

6:4 А Исус им рече: „Пророкот никаде не е без почест, освен во својата земја, меѓу роднините и во својот дом.“

6:5 И не можеше тука да изврши никакво чудо; освен што излекува малку бол­ни, полагајќи ги рацете врз нив.

6:6 И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучуваше.

6:7 И ги повика дванаесетте, и почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови.

6:8 Па им заповеда да не земаат ништо за по пат освен по еден стап; ни торба, ни леб, ни пари во појасот.

6:9 Но да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки.

6:10 И им рече: „Ако влезете негде во куќа, останете во неа, сѐ додека не си отидете оттаму.

6:11 А ако негде не ве примат, ниту ве послушаат, штом излезете оттаму, ис­тресете го правот од нозете свои, ним за сведоштво.“

6:12 Тие појдоа и проповедаа по­кајание.

6:13 Изгонуваа многу нечисти духови, и многумина болни помазуваа со масло и лекуваа.

6:14 И цар Ирод разбра за Исус, зашто името Негово беше прочуено, па рече: „Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа стануваат чуда преку него.“

6:15 Едни велеа: „Илија е!“, а други: „Пророк е, или како еден од проро­ци­те.“

6:16 А Ирод, штом чу рече: „Тоа е Јо­ван, на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите!“

6:17 Бидејќи сам Ирод прати да го фатат Јован, го врза и го фрли во затвор, за­ра­ди Иродијада, жената на брат му Фи­лип, зашто се ожени со неа.

6:18 Бидејќи Јован му велеше на Ирод: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат!“

6:19 А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше.

6:20 Зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е тој човек праведен и свет и го пазеше; многу беше збунет додека го слушаше, а со задоволство го слу­ша­ше.

6:21 И настана погоден ден кога Ирод, по повод својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, војводи и ста­решини Галилејски;

6:22 и влезе ќерката на Иродијада, иг­ра­ше и им угоди на гостите и на Ирод. То­гаш царот ѝ рече на девојката: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!“

6:23 И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.“

6:24 А таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Таа ѝ одговори: „Главата на Јован Крстител!“

6:25 И таа веднаш влезе кај царот и по­бара, говорејќи: „Сакам уште сега да ми ја дадеш на чинија главата на Јован ­Крстител!“

6:26 Царот се загрижи, но заради ветувањето и гостите свои не сакаше да от­каже.

6:27 И веднаш, откако испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова.

6:28 А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на чинија, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на мајка си.

6:29 Кога неговите ученици разбраа, дојдоа и го зедоа телото негово и го погребаа.

6:30 И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сѐ што направиле и по­учувале.

6:31 А Тој им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат.

6:32 И отидоа со кораб сами во осамено место.

6:33 И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите гра­дови тргнаа таму; и ги испреварија (и се собраа околу Него).

6:34 А Исус, кога излезе, виде многу на­род и се смилува над нив, зашто беа ка­ко овци без пастир; и почна да ги поу­чу­ва многу.

6:35 И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: „Овде е местово пусто, а и доцна е;

6:36 распушти ги за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, зашто нема што да јадат.“

6:37 Тој им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Да пој­деме и да купиме за двесте денарии леб, па да им дадеме да јадат?“

6:38 Потоа Тој ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!“ И кога видоа рекоа: „Пет леба и две риби.“

6:39 Тогаш Исус им рече на сите да по­седнат на купчиња по зелената трева.

6:40 И поседнаа во групи по сто и по пе­десет.

6:41 Тој ги зеде петте леба и двете риби, па, погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и им ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете ри­би на сите.

6:42 И јадеа сите и се наситија.

6:43 И собраа парчиња, од лебот и од ри­бите, полни дванаесет кошеви.

6:44 А оние, што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи.

6:45 И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат по­рано од Него на другата страна кон Витсаида, дури Тој не го распушти на­ро­дот.

6:46 А Тој, одделувајќи се од нив, отиде во гората за да се помоли.

6:47 Приквечер коработ беше сред мо­рето, а Тој сам на копното.

6:48 И ги виде како се мачат при пло­ве­њето, зашто ветрот им беше спротивен; а околу четвртата ноќна стража се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив.

6:49 А тие, кога го видоа како оди по морето, помислија дека е тоа привидение, и почнаа да викаат;

6:50 зашто сите Го видоа и се уплашија. Тој веднаш почна да говори со нив и им рече: „Не плашете се! Јас сум, не бојте се!“

6:51 И влезе кај нив во коработ и ветрот стивна. А тие многу се уплашија и се чудеа во себе.

6:52 Зашто не се вразумија (од чудото) со лебовите, бидејќи срцето им беше скаменето.

6:53 И кога преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска и се задржаа таму.

6:54 А штом излегоа од коработ, веднаш Го познаа.

6:55 Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушаа дека Тој се наоѓа.

6:56 И каде да влегуваше: во села, во градови или населби – на крстопатите полагаа болни и Го молеа да се допрат барем до полата од облеката Негова. И сите што се допираа до Него, оздравуваа.

Glava 7

7:1 Се собраа кај Него фарисеите и некои од книжниците, што беа дошле од Ерусалим.

7:2 И кога видоа дека некои од Не­го­ви­те ученици јадат леб со нечисти, односно со немиени раце, ги укорија.

7:3 (Зашто фарисеите и сите Јудејци, држејќи го преданието на старите, не јадат, дури не ги измијат рацете до лактите;

7:4 и кога ќе се вратат од пазар, не ја­дат, дури не се измијат; и уште многу друго има што примиле и го држат; ми­ење чаши, чинии, котли и столови.)

7:5 Потоа фарисеите и книжниците Го прашаа: „Зошто учениците Твои не постапуваат според преданието на ста­рите, но со неизмиени раце јадат леб?“

7:6 А Тој им одговори и рече: „Добро пророкувал Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: ‚Овој народ со уста Ме почитува, но срцето им е да­ле­ку од Мене;

7:7 но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби.‘

7:8 Зашто, вие, оставајќи ја Божјата за­повед, го држите преданието човечко: миење чинии и чаши, и вршите многу други слични работи.“

7:9 И им рече: „И така ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите ва­шето предание.

7:10 Зашто Мојсеј рече: ‚Почитувај ги татка си и мајка си‘ и ‚Кој го злослови таткото свој или мајка си, со смрт да се казни.‘

7:11 А вие велите: ‚Ако некој каже на татка си или на мајка си: она, со кое би можел да те издржувам е корбан, односно, прилог е‘,

7:12 тогаш таквиот не го оставате веќе ништо да стори за својот татко или за својата мајка,

7:13 престапувајќи го словото Божјо со вашето предание, што сте го предале вие; многу такви слични работи вр­шите.“

7:14 И кога го повика сиот народ, им ре­че: „Слушајте Ме сите и разберете:

7:15 ништо, што влегува во устата на чо­векот однадвор, не може да го ос­квер­ни; туку она што излегува од него, тоа го осквернува човекот.

7:16 Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“

7:17 И кога се оддалечи од народот и влезе во една куќа, учениците Негови Го прашаа за параболата.

7:18 А Тој им рече: „Зар сте и вие така неразумни? Не разбирате ли дека ниш­то, што влегува во човекот однадвор, не може да го оскверни?

7:19 Зашто, тоа не оди во срцето, туку во стомакот, и излегува надвор, чис­теј­ќи ја сета храна.“

7:20 И уште им рече: „Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот.

7:21 Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодеј­ства, блудства, убиства,

7:22 кражби, лакомства, лукавства, па­кос­ти, злоби, око завидливо, богохул­ство, гордост, безумство.

7:23 Сето тоа зло одвнатре излегува и го осквернува човекот.“

7:24 И кога се крена оттаму, отиде во пределите Тирски и Сидонски; и кога влезе во една куќа, сакаше никој да не Го дознае. Но не можеше да се сокрие.

7:25 Зашто чу за Него една жена, чија ќерка имаше нечист дух, па дојде и пад­на пред нозете Негови.

7:26 А таа жена беше друговерка, по по­текло Сирофеничанка; и Го молеше да го истера демонот од ќерка ѝ.

7:27 Но Исус ѝ рече: „Остави најнапред да се нахранат децата; зашто не е право да се земе лебот од децата и да им се фрли на кучињата.“

7:28 А таа одговори и Му рече: „Да, Гос­поди! Но и кучињата јадат под трпезата, од трошките на децата.“

7:29 И ѝ рече: „За ова што го рече – мо­жеш да си одиш! Демонот излезе од ќерка ти.“

7:30 И кога се врати дома, ја најде ќерка си како лежи на постела, а демонот беше излегол од неа.

7:31 И пак излезе Исус од пределите Тирски и Сидонски и отиде кон Га­ли­лејското Море, низ пределите на Де­сет­тоградието.

7:32 И доведоа кај Него еден глув и тепкав, па Го молеа да положи над него ра­ка.

7:33 Исус, откако го одведе настрана од народот, ги стави Своите прсти во не­го­вите уши; а кога плукна, го допре не­го­виот јазик;

7:34 потоа погледна на небото, воздивна и му рече: „Ефата!“ – што значи: „Отво­ри се!“

7:35 И веднаш му се отвори слухот, и се разврзаа врските на неговиот јазик и го­вореше чисто.

7:36 И им заповеда никому да не ка­жу­ваат. Но, колку повеќе Тој им забрануваше, толку повеќе тие разгласуваа.

7:37 И прекумерно се чудеа и велеа: „Сѐ добро прави: и глувите ги прави да слушаат и немите да зборуваат!“

Glava 8

8:1 Во тие дни, кога се беше собрал многу народ и немаше што да јадат, Исус ги повика учениците Свои и им рече:

8:2 „Ми е жал за народот, зашто веќе три дни стојат кај Мене и нема што да јадат.

8:3 Ако ги пуштам да си одат гладни по куќите нивни, ќе премалеат по патот, зашто некои се дојдени оддалеку.“

8:4 Учениците Му одговорија: „Од каде може човек сите овие да ги нахрани со леб, овде во пустинава?“

8:5 И ги праша: „Колку лебови имате?“ А тие одговорија: „Седум.“

8:6 Тогаш му заповеда на народот да по­седне по земјата; па, откако ги зеде се­думте лебови, заблагодари, ги раскрши и им ги даде на учениците Свои да ги разделат; и тие ги разделија на народот.

8:7 Имаа и малку риби; ги благослови и заповеда да ги раздадат и нив.

8:8 И јадеа, и се наситија; и собраа се­дум кошници останати парчиња.

8:9 А оние, што јадеа, беа околу четири илјади души. И ги пушти да си одат.

8:10 И веднаш влезе во кораб со уче­ни­ците Свои и дојде во пределите Дал­ма­нутски.

8:11 И излегоа фарисеите и почнаа да се препираат со Него, па искушувајќи Го, Му бараа чудесен знак од небото.

8:12 А Тој воздивна длабоко и рече: „Зошто овој род бара чудесен знак? Вистина ви велам: нема да му се даде чудесен знак на овој род.“

8:13 И кога ги остави, пак влезе во ко­ра­бот и премина на другата страна.

8:14 А тие, пак, беа заборавиле да земат леб и во коработ имаа само еден леб.

8:15 А Тој им заповеда и рече: „Вни­ма­вајте, чувајте се од квасот фарисејски и од квасот Иродов!“

8:16 И си размислуваа меѓу себе, ве­леј­ќи: „Тоа е затоа што немаме леб.“

8:17 А Исус, кога ги разбра, им рече: „Зошто зборувате за тоа што немате леб? Зар уште не знаете и не разбирате? Уште ли е скаменето вашето срце?

8:18 Очи имате, не гледате ли? Уши имате, не слушате ли? И не помните ли?

8:19 Кога ги раскршив петте леба, за пет илјади души, колку полни кошеви со парчиња собравте?“ Му рекоа: „Два­на­е­сет.“

8:20 „А седумте – за четири илјади, кол­ку кошници со останати парчиња соб­равте?“ Тие одговорија: „Седум.“

8:21 И им рече: „Па како тогаш не раз­бирате?“

8:22 Потоа дојде во Витсаида; и доведоа кај Него слеп и Го молеа да се допре до него.

8:23 И кога го зеде слепиот за рака, го изведе надвор од селото и, откако плукна на очите негови, ги положи рацете над него, па го праша дали гледа нешто.

8:24 Тој, кога погледна, рече: „Ги гледам луѓето како дрвја, но тие одат.“

8:25 Потоа пак ги положи рацете над очите негови и му рече да погледа. И му се поврати видот и ги гледаше сите јасно.

8:26 И го испрати во домот негов и му рече: „Не навраќај в село!“

8:27 И излезе Исус со учениците Свои по селата на Кесарија Филипова. По па­тот ги праша учениците Свои и им ре­че: „За кого Ме мислат луѓето?“

8:28 Тие одговорија: „За Јован Крс­ти­тел, некои за Илија, а други, пак, за не­кој од пророците.“

8:29 Тој, пак, им рече: „А вие, за кого Ме мислите?“ Петар Му одговори и ре­че: „Ти си Христос!“

8:30 И им заповеда никому да не говорат за Него.

8:31 Па почна да ги учи дека Синот Чо­вечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвеш­те­ниците и книжниците, и да биде убиен и на третиот ден да воскресне.

8:32 И говореше за тоа отворено. Но Петар, Го повлече настрана и почна да Го одвраќа.

8:33 А Тој, кога се заврте и ги погледна учениците Свои, му забрани на Петар да говори и рече: „Бегај од Мене, сата­но! Зашто не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко!“

8:34 И кога го повика народот и уче­ниците Свои, им рече: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене.

8:35 Зашто, кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој го загуби жи­вотот свој заради Мене и Евангелието, тој ќе го спаси.

8:36 Зашто каква полза има човек, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?

8:37 Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?

8:38 Зашто, кој се срами од Мене и од зборовите Мои во овој прељубодеен и грешен род, и Синот Човечки ќе се сра­ми од него, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели.“

Glava 9

9:1 И им рече: „Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, додека не го видат царството Божјо, дојдено во сила.“

9:2 А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив.

9:3 Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белило на земјата не може да избели.

9:4 И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исус.

9:5 Тогаш проговори Петар и Му рече на Исус: „Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“

9:6 Зашто не знаеше што да каже, би­дејќи беа многу уплашени.

9:7 И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него слушајте Го!“

9:8 И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен Исус.

9:9 А кога слегуваа од гората, им за­по­веда никому да не кажуваат што ви­де­ле, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.

9:10 И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: „Да воскресне од мртвите?“

9:11 И Го прашаа, велејќи: „А зошто книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“

9:12 А Тој, пак, одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ; а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен.

9:13 Но ви велам дека и Илија дојде, ка­ко што е напишано за Него, и му на­пра­вија што сакаа.“

9:14 И кога дојде кај учениците Свои, виде многу народ околу нив и книж­ни­ци, кои се препираа со нив.

9:15 И штом Го виде, сиот народ се ис­плаши; а кога се приближија, Го поздравуваа.

9:16 Ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?“

9:17 Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух;

9:18 и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на уче­ниците Твои да го изгонат, но тие не можеа.“

9:19 А Исус одговори и рече: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До ко­га ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!“

9:20 И кога го доведоа кај Него – штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет.

9:21 Го праша Исус татко му: „Колку време има откако станува тоа со него?“ Тој одговори: „Од детството;

9:22 и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!“

9:23 А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш – сѐ е можно за оној што верува!“

9:24 И одеднаш таткото на момчето из­вика и со солзи рече: „Верувам, Гос­поди, помогни му на моето неверие!“

9:25 А Исус, штом виде дека се собра народ, строго му заповеда на нечистиот дух и му рече: „Духу нем и глув. Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!“

9:26 И кога извика, силно го стресе и из­лезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело.

9:27 Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана.

9:28 И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го исте­раме?“

9:29 Им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“

9:30 И кога излегоа оттаму, минуваа преку Галилеја; и Тој не сакаше некој да разбере.

9:31 Зашто ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне.

9:32 Но тие не ги разбираа овие зборови и се плашеа да Го прашаат.

9:33 И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: „Што размислувавте меѓу себе патем?“

9:34 Тие молчеа, зашто патем се препираа меѓу себе, кој е поголем.

9:35 Тој седна и ги повика дванаесетте, па им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на – си­те!“

9:36 И тогаш зеде едно дете, го постави меѓу нив, го гушна и им рече:

9:37 „Кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној, Кој Ме пратил.“

9:38 Тогаш Јован Му одговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој во Твое име изгонува демони, а не врви по нас; и му забранивме, зашто не оди по нас.“

9:39 А Исус рече: „Не бранете му, заш­то никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене.

9:40 Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.

9:41 И кој ве напои со чаша вода во Мое име, затоа што сте Христови, вистина ви велам, нема да остане без награда.“

9:42 „А кој ќе соблазни едно од овие ма­лите, што веруваат во Мене, за него е подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море.

9:43 И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган,

9:44 (каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.)

9:45 И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во пеколот, во неизгасливиот оган,

9:46 (каде што нивниот црв не умира ни огнот не изгаснува.)

9:47 И, ако окото твое те соблазнува, из­вади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо, отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во ог­нениот пекол,

9:48 каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.

9:49 Зашто секој со оган ќе се посоли, (и секоја жртва со сол ќе се осоли).

9:50 Солта е добра; но, ако солта облута­ви, со што ќе ја осолите? Затоа имајте сол во себе, и мир имајте меѓу себе!“

Glava 10

10:1 И откако стана Исус оттаму, преми­на во пределите Јудејски, пре­ку страната што е отаде Јордан. И пак се слеваше народ кон Него; а Тој, по Својот обичај, ги поучуваше.

10:2 И пристапија фарисеите и Го пра­шаа, искушувајќи Го: „Допуштено ли е, да ја остави човек својата жена?“

10:3 А Тој им одговори и рече: „Како ви заповеда Мојсеј?“

10:4 Тие рекоа: „Мојсеј дозволи да се на­пише разводно писмо и да се отпушти.“

10:5 Одговори Исус и им рече: „Поради вашето жестоко срце ви ја напишал таа заповед.

10:6 Во почетокот на создавањето, пак, Бог ги создаде машко и женско.

10:7 Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си, ќе се прилепи до жената своја

10:8 и обата ќе бидат во едно тело; и та­ка, тие веќе не се двајца, туку едно те­ло.

10:9 Значи, тоа што Бог го сврзал, човек да не го разделува.“

10:10 И во домот, учениците Негови пак Го прашаа за тоа.

10:11 И им рече: „Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува кон неа;

10:12 а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодеј­ствува.“

10:13 И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа (на оние што ги носеа).

10:14 И кога го виде тоа Исус, негодува­ше и рече: „Оставете ги децата да доа­ѓа­ат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо.

10:15 Вистина ви велам, кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“

10:16 Прегрнувајќи ги, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше.

10:17 А кога излегуваше на пат, дотрча некој, падна на колена пред Него и Го праша: „Учителе добар, што треба да направам, за да наследам живот вечен?“

10:18 Исус му рече: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен еди­ниот Бог!

10:19 Заповедите ги знаеш: не прељубо­деј­ствувај; не кради; не сведочи лажно; не навредувај; почитувај ги татка си и мај­ка си.“

10:20 А тој Му одговори и рече: „Учи­те­ле, сето тоа сум го запазил уште од младоста своја.“

10:21 Кога го погледна Исус, му омиле, па рече: „Уште една работа ти недостасува: оди и продај сѐ што имаш, раздај го на сиромаси и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене.“

10:22 Кога ги чу овие зборови, тој се из­ненади и си отиде нажален, зашто има­ше големо богатство.

10:23 И кога погледа Исус, им рече на учениците Свои: „Колку е тешко за бо­гатите да влезат во царството Божјо!“

10:24 А учениците се уплашија од збо­ровите Негови. Но Исус пак им одгово­ри и рече: „Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо!

10:25 Полесно камила ќе влезе низ игле­ни уши, отколку богат човек во цар­ството Божјо.“

10:26 А тие се чудеа многу и си велеа ме­ѓу себе: „Тогаш, кој може да се спаси?“

10:27 Кога ги погледа Исус, им рече: „За луѓето тоа не е можно, но не и за Бога; зашто за Бога сѐ е можно!“

10:28 И Петар почна да Му говори: „Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме.“

10:29 А Исус одговори и рече: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието,

10:30 а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нив­је, а во идниот век – и живот вечен.

10:31 И мнозина први ќе бидат последни, а последните – први.“

10:32 Кога беа на пат, искачувајќи се кон Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа вџашени, па, врвејќи по Него, се исплашија. И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него.

10:33 „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците.

10:34 И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“

10:35 Тогаш пристапија кон Него За­ве­де­евите синови, Јаков и Јован и рекоа: „Учителе, сакаме да ни го исполниш она, што ќе го побараме.“

10:36 Тој ги праша: „Што сакате да сто­рам за вас?“

10:37 А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а дру­ги­от одлево, во славата Твоја.“

10:38 Но Тој им рече: „Не знаете што ба­рате! Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крш­тавањето, со кое се крштавам Јас?“

10:39 Тие одговорија: „Можеме.“ А Исус им рече: „Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите;

10:40 но, да дозволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Ме­не; тоа е за оние, за кои е приготвено.“

10:41 Десетте, пак, штом го чуја тоа, не­годуваа против Јаков и Јован.

10:42 Исус, кога ги повика, им рече: „Зна­е­те дека оние, што се сметаат за народни кнезови, господарат над нив, и управниците управуваат над нив.

10:43 Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;

10:44 и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите.

10:45 Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да го да­де животот Свој за откуп на мнозина.“

10:46 Потоа пристигнаа во Ерихон. И ко­га излегуваше Исус од Ерихон со уче­ниците Свои и со многу народ, Ти­ме­е­виот син, Вартимеј, кој беше слеп, се­деше покрај патот и просеше.

10:47 Па, кога чу дека е тоа Исус од На­зарет, почна да вика и да вели: „Исусе, сине Давидов, смилувај ми се!“

10:48 И мнозина му велеа да молчи, но тој уште повеќе викаше: „Сине Да­ви­дов, смилувај ми се!“

10:49 Исус застана и рече да го викнат. И го повикаа слепиот, говорејќи му: „Не плаши се, стани, те вика!“

10:50 Тој, кога ја фрли горната облека, стана и отиде кај Исус.

10:51 А Исус, одговарајќи му, го за­пра­ша: „Што сакаш да сторам за тебе?“ Слепиот Му рече: „Да прогледам, Учи­теле!“

10:52 Исус му рече: „Оди си, верата твоја те спаси!“ И тој веднаш прогледа, па тргна патем по Исус.

Glava 11

11:1 И кога се приближи до Еруса­лим, во Витфагија и Витанија, кај Маслиновата Гора, испрати Исус двајца од учениците,

11:2 и им рече: „Одете во селоно, што е наспроти вас, па штом ќе влезете во не­го, ќе најдете врзано младо магаре, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го!

11:3 И, ако ви рече некој: ‚Зошто го правите тоа?‘ Кажете дека Му е потребно на Господ; и тој веднаш ќе го прати тука.“

11:4 Тие отидоа и го најдоа младото ма­га­ре, врзано за портата однадвор, на крстопатот и го одврзаа.

11:5 И некои од оние, што стоеја таму, им рекоа: „Што правите? Зошто го од­врзувате?“

11:6 А овие им одговорија, како што им беше заповедал Исус и тие ги оставија.

11:7 И го доведоа младото магаре кај Исус, ги кладоа врз него алиштата свои и Тој седна на него.

11:8 И мнозина ги постилаа своите облеки по патот.

11:9 А оние, што одеа пред Него и по Не­го, викаа и велеа: „Осана! Благословен е Оној што иде во името Господово!

11:10 Благословено е царството на на­ши­от татко Давид, кое иде во името Гос­по­дово! Осана во висините!“

11:11 И влезе Исус во Ерусалим, во хра­мот, разгледа сѐ, па, бидејќи веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесетте во Витанија.

11:12 А утредента, кога излегоа од Ви­та­нија, Тој огладне;

11:13 и кога оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доближи до неа, не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше времето за смокви.

11:14 И Исус ѝ рече: „Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!“ И го чуја тоа учениците Негови.

11:15 И пак дојдоа во Ерусалим. Кога влезе Исус во храмот, почна да ги брка оние, што продаваа и купуваа во хра­мот, и им ги преврте масите на менува­чите на пари и столовите на оние, што продаваа гулаби;

11:16 и не дозволуваше никој преку хра­мот да пренесе каков и да било сад.

11:17 И ги поучуваше, велејќи: „Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘? А вие го направивте како разбојничко гнездо!“

11:18 И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, бидејќи се плашеа од Него, зашто сиот народ се восхитуваше на Неговото учење.

11:19 А кога се стемни, Тој излезе надвор од градот.

11:20 Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен.

11:21 И кога се сети, Петар Му рече: „Ра­ви, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила!“

11:22 А Исус им одговори и рече:

11:23 „Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку по­ве­рува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже.

11:24 Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде.

11:25 И кога стоите на молитва, простувајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прос­ти вашите гревови.

11:26 Ако ли, пак, вие не простувате, и вашиот небесен Отец нема да ви ги прости гревовите ваши.“

11:27 И пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, се приближија до Него првосвештениците и книжниците и старешините,

11:28 па Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа? Или кој Ти ја дал таа власт, да го правиш тоа?“

11:29 Исус им одговори и рече: „Ќе ве прашам и Јас за нешто и одговорете Ми, а потоа и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа.

11:30 Крштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!“

11:31 А тие си мислеа во себе и велеа: „Ако кажеме ‚Од небото‘ – ќе рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘

11:32 Но, ако кажеме, ‚Од луѓето‘“ – се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јован за вистински пророк.

11:33 И одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Исус им одговори и ре­че: „Ни јас не ви кажувам, со каква власт го вршам тоа.“

Glava 12

12:1 И почна да им говори во па­раболи: „Еден човек насади лозје и го загради со ограда, па ископа бунар и соѕида кула; и откако им го предаде на лозарите, си отиде.

12:2 А кога дојде времето, испрати кај лозарите еден слуга, за да го прибере од нив плодот на лозјето.

12:3 Но тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија празен.

12:4 И пак испрати кај нив друг слуга; и нему, со камења му ја расцепија главата, па го отпуштија посрамен.

12:5 Испрати и друг; него, пак го убија; и мнозина други, или натепаа, или пак ги убија.

12:6 Па, бидејќи имаше уште еден син, кој му беше мил, го испрати најпосле него кај нив, велејќи: ‚Ќе се засрамат од сина ми.‘

12:7 Но лозарите си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘

12:8 И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.

12:9 Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лоза­рите, а лозјето ќе го даде на други.

12:10 Зар не сте читале во Писмото: ‚Ка­менот, што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник.‘

12:11 Од Господ е тоа, и чудесно е во очи­те наши.“

12:12 И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, зашто разбраа дека за нив ја кажа параболата; па Го оставија, и си отидоа.

12:13 А пратија кај Него некои од фарисе­ите и од Иродовците, за да Го фатат на збор.

12:14 Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да му се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?“

12:15 А Тој, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: „Зошто ме искушувате? Донесете ми еден денариј да го видам!“

12:16 И тие донесоа. Па им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ Му рекоа: „На ца­рот.“

12:17 Тогаш Исус им одговори и рече: „Давајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ И тие Му се чудеа.

12:18 Дојдоа кај Него и садукеите, кои ве­лат дека нема воскресение, па Го пра­шаа, говорејќи:

12:19 „Учителе, Мојсеј ни напиша: ‚Ако некому умре братот и остави жена, а де­ца не остави, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го подигне потомството на својот брат.‘

12:20 Беа седуммина браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород.

12:21 Неа ја зеде вториот брат, и умре, но и тој не остави пород; исто така и третиот.

12:22 Ја зедоа сите седуммина, и не ос­та­вија пород. По нив умре и жената.

12:23 При воскресението, кога ќе вос­креснат, на кого од нив таа ќе биде же­на? Зашто седуммина ја имаа како же­на.“

12:24 А Исус им одговори и рече: „Зар не се лажете, бидејќи не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја?

12:25 Зашто, кога ќе воскреснат од мрт­вите, ниту ќе се женат, ниту ќе се ма­жат, туку се како ангели на небесата.

12:26 А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгата на Мојсеј, како му рече Бог кај капината: ‚Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Ја­ковов‘?

12:27 Но Тој не е Бог на мртвите, туку Бог на живите. Вие, пак, многу се ла­же­те!“

12:28 Тогаш пристапи еден од книж­ни­ци­те, кој ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: „Која е прва од сите заповеди?“

12:29 А Исус му одговори: „Најважна од сите заповеди е: ‚Чуј Израеле! Господ, Бог наш, е еден Господ.

12:30 Затоа, возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ Ова е најважната заповед.

12:31 А втората е слична на неа: ‚Воз­љуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема.“

12:32 Книжникот Му рече: „Добро, Учи­теле. Право кажа дека Бог е еден, и де­ка нема друг, освен Него;

12:33 и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите прилози и жртви.“

12:34 Исус, пак, кога виде дека умно од­говори, му рече: „Не си далеку од царството Божјо.“ Потоа никој веќе не се осмелуваше да Го прашува.

12:35 И кога одговараше Исус, поу­чу­вај­ќи во храмот, рече: „Како тоа книжни­ците велат дека Христос е син Давидов,

12:36 кога самиот Давид кажа преку Све­тиот Дух: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите неприја­тели за подножје на нозете Твои!‘

12:37 И така, сам Давид Го нарече Гос­под; од каде тогаш да Му е Тој син?“ И многу народ Го слушаше со задовол­ство.

12:38 И им рече потоа во Својата поука: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат во долги облеки и да ги поздра­вуваат по улиците,

12:39 и заземаат предни седишта во синагогите, како и први места на гозбите.

12:40 Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се мо­лат, ќе бидат потешко осудени.“

12:41 Па седна Исус спроти ковчежето и гледаше како народот пушта пари во него. Мнозина богати пуштаа многу.

12:42 И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што изнесува еден кодрант.

12:43 А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Вистина ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во касата на храмот;

12:44 зашто сите пуштија од својот ви­шок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целиот свој имот.“

Glava 13

13:1 А кога излегуваше од храмот, еден од учениците Негови Му рече: „Учителе, гледај какви камења и какви згради!“

13:2 Исус, пак, му одговори и рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Ни ка­мен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат!“

13:3 А кога седеше на Маслиновата Гора, спроти храмот, Го прашаа насамо Пе­тар, Јаков, Јован и Андреј:

13:4 „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се сврши сето тоа?“

13:5 Исус, одговарајќи им почна да збо­ру­ва: „Чувајте се да не ве прелаже не­кој!

13:6 Зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе пре­лажат мнозина.

13:7 А кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да се случи; но тоа уште не е крајот.

13:8 Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; а на некои мес­та ќе има и земјотреси и глад. Тоа е по­четокот на болките.

13:9 Но вие чувајте се, зашто ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве би­јат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведувани заради Мене, за све­доштво пред нив.

13:10 И кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието.

13:11 Кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе го­ворите, ниту размислувајте; туку она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух.

13:12 И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе се дигнат децата против родителите, и ќе ги предадат на смрт.

13:13 Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен.“

13:14 „А кога ќе видите дека гнасниот пустошник се сместил каде што не тре­ба – кој чита, нека разбере – тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по планините;

13:15 и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја;

13:16 и кој е на нива, да не се враќа за да ја земе облеката своја!

13:17 Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни!

13:18 Туку молете се, бегањето ваше да не биде зиме!

13:19 Зашто во тие дни ќе има мака, как­ва немало досега од почетокот на светов, што го создаде Бог, а и нема да има.

13:20 И ако Бог не ги скратеше тие дни, тогаш не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра Тој, ќе ги скрати дните.

13:21 Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, ов­де е Христос‘, или ‚Ене, таму е‘, не верувајте!

13:22 Зашто, ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните.

13:23 Но вие – чувајте се! Ете, сѐ од­нап­ред ви кажав!

13:24 Во тие дни, по маките, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина,

13:25 и ѕвездите небески ќе паѓаат, и си­лите, што се на небото, ќе попуштат.

13:26 И тогаш ќе Го видат Синот Чо­веч­ки, како иде на облаци со голема сила и слава.

13:27 Тогаш Тој ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.

13:28 Со смоквата направете споредба: кога нејзините гранки се подмладуваат и пуштаат лисја, знаете дека е близу ле­тото.

13:29 Па така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека е близу, пред врата!

13:30 Вистина ви велам: нема да помине овој род, додека сето тоа не се исполни.

13:31 Небото и земјата ќе исчезнат, но зборовите Мои нема да исчезнат!“

13:32 „А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите небесни, ниту Синот, а само Отецот.

13:33 Внимавајте, бидете будни и молете се, зашто не знаете кога ќе биде часот.

13:34 Како човек, кој заминувајќи, ја ос­тава куќата своја и им дава власт на слугите свои, секому своја работа, на вратарот му заповеда да биде буден.

13:35 Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата, прик­ве­чер ли, или на полноќ, или петлите кога ќе пропеат, или наутро,

13:36 па да не дојде ненадејно и да ве за­тече како спиете.

13:37 Што ви зборувам вам, им го зборувам на сите: Бидете будни!“

Glava 14

14:1 По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници. А првосвеш­тениците и книжниците сакаа да Го фа­тат на измама и да Го убијат;

14:2 но велеа: „На празникот не, за да не стане бунт меѓу луѓето.“

14:3 А кога беше Тој во Витанија, во ку­ќата на Симон Лепрозниот, и седеше на трпеза, дојде една жена со шишенце скапоцен и чист нардов мирис и, кога го искрши шишенцето, го изли мирисот врз главата Негова.

14:4 А некои негодуваа во себе и говореа: „Зошто мирисот да се растура?

14:5 Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста денарии, и да им се раздадат на сиромасите.“ И негодуваа против неа.

14:6 Но Исус рече: „Оставете ја неа; зош­то ја буните? Таа направи добро дело за Мене!

14:7 Сиромасите секогаш ги имате со вас и кога сакате, можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш.

14:8 Тоа што можеше, таа го направи: однапред го помаза телото Мое за по­гребение.

14:9 Вистина ви велам: каде и да се про­поведа ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа.“

14:10 Тогаш Јуда Искариот, еден од два­наесетте, отиде кај првосвештениците за да им Го предаде.

14:11 А тие, штом чуја, се зарадуваа и ве­тија да му дадат пари. И бараше погодно време за да Го предаде.

14:12 Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: „Каде сакаш да оти­деме и да приготвиме, за да ја јадеш Пасхата?“

14:13 И прати двајца од учениците Свои, па им рече: „Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него.

14:14 И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ‚Учителот прашува: каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со учениците Свои?‘

14:15 И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.“

14:16 И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им бе­ше рекол, па ја приготвија Пасхата.

14:17 А кога се стемни, Тој дојде со два­наесетте.

14:18 И кога седеа и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.“

14:19 Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да прашуваат: „Да не сум јас?“

14:20 А Тој им одговори и рече: „Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чи­нијата.

14:21 Но Синот Човечки заминува, како што е пишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Чо­веч­ки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не се беше родил!“

14:22 И кога јадеа, зеде Исус леб, го бла­гослови, го прекрши, па им даде и рече: „Земете, јадете; тоа е Моето тело.“

14:23 Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите.

14:24 И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина.

14:25 Вистина ви велам: Јас нема да пијам веќе од лозовиот плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.“

14:26 Па, откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Го­ра.

14:27 И им рече Исус: „Сите ќе се соб­лаз­ните заради Мене во оваа ноќ, зашто е напишано: ‚Ќе го удрам пастирот и ќе се разбегаат овците.‘

14:28 Но после, кога ќе воскреснам, ќе отидам во Галилеја пред вас.“

14:29 А Петар Му рече: „Дури и сите да се соблазнат, јас не!“

14:30 Му рече Исус: „Вистина, ти велам дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене!“

14:31 Но тој уште повеќе тврдеше: „Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.“ И сите така рекоа.

14:32 Пристигнаа во пределот, по име Гетсиманија; и им рече на учениците Свои: „Седете овде, додека отидам да се помолам!“

14:33 И ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јо­ван; се замисли и почна да тагува,

14:34 па им рече: „Душата Ми е до смрт нажалена; останете тука и бидете буд­ни!“

14:35 И штом се оддалечи малку, се фрли на земја и се молеше, за да Го одмине овој час, ако е можно;

14:36 и велеше: „Ава, Оче! Сѐ е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; се­пак не како Јас што сакам, туку како Ти!“

14:37 Па дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петар: „Симоне, спиеш ли? Не можеше ли еден час да бидеш буден?

14:38 Бидете будни и молете се да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“

14:39 И пак отиде и се помоли, изгова­рај­ќи ги истите зборови.

14:40 А кога се врати, ги најде пак како спијат, зашто очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат.

14:41 И по третпат дојде и им рече: „Са­мо спиете и почивате! Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници.

14:42 Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава.“

14:43 И веднаш, додека Тој сѐ уште гово­реше, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу народ со мечеви и со ста­пови, испратени од првосвештениците, книжниците и старешините.

14:44 А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е: фатете Го и водете Го претпазливо!“

14:45 Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: „Рави!“ И Го целива.

14:46 А тие ги кладоа рацете свои на Не­го и Го фатија.

14:47 Еден, пак, од оние, што стоеја таму, извади нож, го удри слугата на прво­свештеникот и му го отсече увото.

14:48 Исус им одговори и рече: „Зар како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите?

14:49 Секој ден бев со вас во храмот и по­учував, и не Ме фативте. Но, нека се ис­полнат Писмата.“

14:50 И откако Го оставија, сите се разбегаа.

14:51 А по Него врвеше еден млад човек, наметнат со платниште на голо тело; и војниците го фатија.

14:52 Но тој, кога го остави платништето, побегна од нив необлечен.

14:53 И Го доведоа Исус кај прво­свеш­те­никот, и се собраа таму сите прво­свеш­теници, старешини и книжници.

14:54 А Петар врвеше по Него оддалеку и влезе внатре, во дворот на прво­свеш­теникот; па седна со слугите и се гре­е­ше на огнот.

14:55 Првосвештениците и целиот Синед­рион бараа сведоштва против Исус, за да Го убијат, и не наоѓаа.

14:56 Зашто мнозина лажно сведочеа против Него, но тие сведоштва не се сложуваа.

14:57 И станаа некои, па сведочеа лажно против Него, велејќи:

14:58 „Чувме кога Тој говореше: ‚Ќе го урнам овој ракотворен храм и по три дни ќе соѕидам друг, неракотворен.‘“

14:59 Но ни тоа нивно сведочење не беше еднакво.

14:60 И првосвештеникот, откако застана на средина, Го праша Исуса говорејќи: „Ништо ли не одговараш? Што све­до­чат овие против Тебе?“

14:61 Но Тој молчеше и ништо не одгова­раше. Првосвештеникот пак Го праша и Му рече: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?“

14:62 Исус рече: „Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како иде на обла­ци­те небески.“

14:63 А првосвештеникот, пак, ја раскина облеката своја, рече: „Зошто ни се по­веќе сведоци?

14:64 Чувте како хули на Бога; што мислите?“ И сите тие се согласија дека за­служува смрт.

14:65 А некои почнаа да плукаат на Него, да Му го покриваат лицето, да Го уди­ра­ат и да Му велат: „Проречи!“ И слу­гите Го удираа по образите.

14:66 Кога Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на прво­свеш­теникот,

14:67 па, штом го виде Петар како се грее, погледна во него и рече: „И ти бе­ше со Исус од Назарет.“

14:68 Но тој одрече, велејќи: „Не знам, ниту разбирам што говориш.“ И излезе надвор пред дворот и запеа петел.

14:69 Слугинката, кога го виде повторно, почна да им зборува на оние што стоеја таму: „И овој е од нив!“

14:70 Тој пак одрече. Подоцна, оние, што стоеја таму, му рекоа на Петар: „Навис­тина, и ти си од нив; бидејќи си Га­ли­ле­ец, а и говорот ти е таков!“

14:71 А тој почна да се колне и се заколна: „Не Го познавам Овој Човек, за Ко­го говорите!“

14:72 И по вторпат петел запеа. Петар се сети на зборовите, што му ги кажа Исус: „Уште пред двапати петел да за­пее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ И почна да плаче.

Glava 15

15:1 И веднаш утредента првосвештениците, со старешините и книжниците, и целиот Синедрион, одр­жаа состанок, па Го врзаа Исус, Го од­ведоа и Го предадоа на Пилат.

15:2 А Пилат Го праша: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и рече: „Ти ве­лиш.“

15:3 И првосвештениците Го обвинуваа многу. Но, Тој не одговори ништо.

15:4 А Пилат пак Го праша и рече: „Ништо ли не одговараш? Гледаш кол­ку многу сведочат против Тебе!“

15:5 Но Исус ништо веќе не одговори, така што Пилат се чудеше.

15:6 А на секој празник им ослободуваше по еден осуденик, кого што ќе го по­ба­раа.

15:7 И имаше еден човек, по име Варава, во окови заедно со прид­руж­ни­ците, што во една буна извршиле убиство.

15:8 И кога извика народот, почна да го моли Пилат да им го направи она, што го правел секогаш.

15:9 А тој им одговори и рече: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?“

15:10 Зашто знаеше дека прво­свеш­те­ни­ците Го беа предале од завист.

15:11 Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Ва­ра­ва.

15:12 Пилат, пак, им одговори и рече: „Што сакате да направам со Оној, што Го именувавте Цар Јудејски?“

15:13 Тие одново извикаа, велејќи: „Распни Го!“

15:14 Пилат им рече: „Какво зло напра­ви­л?“ Но тие уште посилно извикаа: „Распни Го!“

15:15 Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исус Го камшикуваше и Го предаде да Го распнат.

15:16 Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и по­викаа цела чета,

15:17 па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата;

15:18 и почнаа да Го поздравуваат: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“

15:19 И Го удираа по главата со трска и плукаа на Него, Му се поклонуваа, па­ѓајќи на колена.

15:20 А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат.

15:21 И го натераа некој си Симон Кири­неец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да Му го носи крстот.

15:22 Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.

15:23 И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде.

15:24 Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка кој што да земе.

15:25 Беше третиот час, и Го распнаа.

15:26 И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.“

15:27 А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата.

15:28 (И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу грешници Го ставија.“)

15:29 А минувачите, вртејќи глава, Го хулеа и велеа: „Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш,

15:30 спаси се Себеси и слези од крстот!“

15:31 Исто така и првосвештениците со книжниците Му се смееја и велеа: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси!

15:32 Христос, Царот израелски, нека слезе сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!“ Го хулеа и распнатите со Него.

15:33 А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час.

15:34 И во деветтиот час Исус извика гласно велејќи: „Елои, Елои, Лама са­вахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Бо­же Мој, зошто Ме остави?“

15:35 Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија!“

15:36 А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му да­ваше да пие, велејќи: „Почекајте да ви­диме, ќе дојде ли Илија да Го симне.“

15:37 А Исус, пак, испуштајќи висок глас, издивна.

15:38 И завесата на храмот се расцепи на две, одозгора додолу.

15:39 А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Тој, откако извика така и издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!“

15:40 Имаше и жени што гледаа одда­ле­ку; меѓу нив беше и Марија Магдалена, и Марија, мајката на малиот Јаков и на Јосија, и Саломија,

15:41 кои и тогаш, кога Тој беше во Гали­леја, врвеа по Него и Му служеа, и мно­гу други што беа дошле со Него во Еру­салим.

15:42 А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно ден спроти сабота,

15:43 дојде Јосиф од Ариматеја, прочуен член на советот, кој и сам го очекуваше царството Божјо, се осмели да влезе кај Пилат и го замоли за телото Исусово.

15:44 Пилат се зачуди дека Тој веќе ум­рел; и кога го извика стотникот, го пра­ша дали одамна умрел.

15:45 Па штом дозна од стотникот, му го даде телото на Јосиф.

15:46 А Јосиф купи платно, Го симна и Го обви во плаштаница и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа и на­вали камен на гробната врата.

15:47 А Марија Магдалена и Марија Јо­сиева гледаа каде Го полагаат.

Glava 16

16:1 Штом мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Саломија купија мириси, за да дојдат и да Го помазаат Исус.

16:2 И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгрева­ше сонцето,

16:3 па си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?“

16:4 И кога погледнаа, видоа дека ка­ме­нот е одвален, а тој беше многу голем.

16:5 Штом влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се упла­шија многу.

16:6 А тој им рече: „Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што беше положен.

16:7 Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол.“

16:8 Па, штом излегоа, побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, зашто се пла­шеа.

16:9 А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалена, од која беше исте­рал седум демони.

16:10 Таа отиде и им јави на оние, што беа со Него и што плачеа и ридаа.

16:11 Но тие, кога чуја дека е Тој жив и дека таа Го видела, не поверуваа.

16:12 Потоа им се јави во друг лик на двај­ца од нив по пат, кога одеа в село.

16:13 И штом се вратија, тие им кажаа на другите; но и ним не им поверуваа.

16:14 Најпосле им се јави на единаесетте, кога беа на трпеза, и ги укори за нивното неверие и тврдокорност, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат.

16:15 Па им рече: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание.

16:16 Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден.

16:17 А знаците, на оние што ќе пове­ру­ва­ат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат демони; ќе говорат нови ја­зици;

16:18 ќе фаќаат змии и ако нешто смрто­носно испијат, нема да им наштети; на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздра­вуваат.“

16:19 А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната стра­на на Бога.

16:20 Тие, пак, отидоа и проповедаа на­се­каде; и Господ го поткрепуваше словото нивно со чуда, што се јавуваа. Амин!