Kolosjanite

1 2 3 4

Glava 1

1:1 Павле, по волјата Божја апостол на Исус Христос, и братот Тимотеј,

1:2 до светиите и верните браќа во Исус Христос што се во Колоси: благодат вам и мир од Бога нашиот Отец и Гос­под Христос!

1:3 Му благодариме на Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, секогаш кога се молиме за вас,

1:4 бидејќи слушнавме за вашата вера во Христос Исус и за љубовта ваша, ко­ја ја имате кон сите светии,

1:5 поради надежта која се чува за вас на небесата, за која порано сте слуш­на­ле од словото на вистината – Еванге­ли­ето,

1:6 кое е во вас, како и во целиот свет, и принесува плод и расте, како и меѓу вас од оној ден кога ја чувте и познавте Божјата благодат во вистината;

1:7 како што и научивте од Епафрас, нашиот возљубен соработник, кој е ве­рен служител Христов заради вас,

1:8 и кој нѐ извести за вашата љубов во Духот.

1:9 Затоа и ние, од оној ден кога го чув­ме тоа, непрестано се молиме и сакаме да се исполните со познание на Него­ва­та волја во секоја мудрост и духовно разбирање,

1:10 та да постапувате достојно за Бога, угодувајќи Му во сѐ, принесувајќи плод во секое добро дело и да растете во познанието на Бога,

1:11 укрепувајќи се со секаква сила пре­ку Неговата славна моќ за секаква тр­пеливост и великодушност со радост,

1:12 благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нѐ направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината,

1:13 нѐ избави од власта на темнината и нѐ воведе во царството на Својот воз­љу­бен Син,

1:14 во Кого имаме откуп; и простува­ње на гревовите.

1:15 Тој е слика на невидливиот Бог, пр­вороден пред секое создание;

1:16 бидејќи преку Него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сѐ е преку Него и за Него создадено.

1:17 Тој е пред сѐ, и сѐ во Него стои.

1:18 И Тој е глава на телото, односно на Црквата. Тој е почеток, првороден од мртвите, за да има првенство во сѐ.

1:19 Бидејќи во Него благоволи Отецот да ја насели сета полнота,

1:20 и преку Него да измири сѐ со Себе, или земно, или небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст.

1:21 И вас, кои некогаш бевте отуѓени од Бога, и непријатели поради помислите кон лоши дела,

1:22 сега ве примири во телото на Не­го­вото тело, преку Неговата смрт, за да ве претстави пред Себе свети, непороч­ни и без вина,

1:23 само ако останете во верата тврди и непоколебливи, и бидете неотклонливи од надежта на Евангелието што го чув­те, кое е проповедано на секое подне­бес­но создание, и Кому што јас, Павле, му станав слуга.

1:24 Сега се радувам во своите страдања за вас и го пополнувам недостигот од Христовите маки во моето тело за телото Негово, кое е Црквата.

1:25 Нејзе ѝ станав служител по Божја наредба што ми е наложена мене за вас, за да го исполнам словото Божјо,

1:26 тајната, скриена од векови и родови, а сега откриена на Неговите светии,

1:27 на кои Бог пожела да им покаже какво богатство на слава има во таа тајна за незнабошците, односно дека Христос, надежта на славата, е во нас.

1:28 Него ние го проповедаме, вразумувајќи ги сите луѓе и учејќи ги со сета мудрост, за да го претставуваме секој човек совршен во Христос;

1:29 затоа се трудам и се борам. Зашто Неговата сила со голема моќ дејствува во мене.

Glava 2

2:1 Сакам да знаете во каква голема борба сум заради вас и заради оние што се во Лаодикија и во Јерапол, и поради сите, кои не ме видоа лично.

2:2 Нека се охрабрат срцата нивни та, соединети во љубов во секое богатство, со потполно разбирање, да ја познаат тајната на Бога и Отецот и на Христос,

2:3 во Кого се скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето.

2:4 А ова ви го велам за да не ве измами некој со лукави зборови;

2:5 зашто, макар и да сум отсутен со те­лото, со духот сум при вас, радувајќи се и гледајќи го вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христос.

2:6 Поради тоа, како што Го примивте Господ Исус Христос, така и одете по Него,

2:7 вкоренети и утврдени во Него и укрепени во верата, како што сте на­учени, изобилувајќи во неа со благодарност.

2:8 Браќа, пазете некој да не ве заведе со филозофија и со празна измама што се потпира на човечкото предание, на стихиите на светот, а не по Христос;

2:9 зашто во Него телесно живее сета пол­нота на Божеството,

2:10 и вие да бидете исполнети во Него, Кој е глава на секое началство и власт;

2:11 во Него сте и обрезани преку нера­котворено обрезание, откако го соб­лековте гревовното тело на плотта преку обрезанието Христово;

2:12 откако се погребавте со Него во крштавањето, во кое заедно со Него и воскреснавте преку вера во силата на Бога, Кој Го воскресна од мртвите.

2:13 И вас, кои бевте мртви во гревовите и во необрезанието на вашето тело, Тој заедно со Него ве оживи, простувајќи ви ги сите гревови;

2:14 извршувајќи го ракописаниот закон, кој со своите прописи стана наш непријател, кого Тој го зеде од средината и го прикова на крстот;

2:15 и, откако ја зграби силата од на­чал­ствата и властите, Тој ги изложи јавно на позор и славејќи ја во Себе победата над нив.

2:16 Па така, никој нека не ве осудува за јадење или пиење, или за некој празник, или за млад месец или саботи;

2:17 тоа е само сенка на она што доаѓа, а телото е Христос.

2:18 Никој своеволно да не ве мами со смиреномудрост и служење на ан­ге­ли­те, впуштајќи се во она што не го видел, гордеејќи се залудо со својот телесен ум,

2:19 и не се придружи кон Главата, од Која целото тело, поддржано преку зглобови и врски, расте со растење спо­ред Бога.

2:20 И така, ако вие со Христос умревте за почетоците на светот, тогаш зошто се препирате, како уште да живеете во светот;

2:21 „Не се фаќај, не вкусувај, не пипај!“

2:22 Сите тие се определени за распа­ѓа­ње – кога се управуваат според човечки­те заповеди и учења.

2:23 Тие само наликуваат на мудрост во своеволното богослужење, во лажните понизности и во нештедењето на телото, но тоа нема никаква вредност, освен што го заситуваат телото.

Glava 3

3:1 И така, ако сте воскреснале заедно со Христос, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога;

3:2 мислете за небесното, а не за земното.

3:3 Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога.

3:4 А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава.

3:5 Затоа умртвете ги органите од земната природа во вас, односно блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство!

3:6 Поради тие пороци доаѓа гневот Божји врз синовите на непослушноста,

3:7 меѓу кои некогаш се движевте и вие, кога живеевте во тие пороци.

3:8 А сега и вие отфрлете сѐ од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста!

3:9 Не лажете се еден со друг, зашто ве­ќе го соблековте стариот човек заедно со неговите дела,

3:10 и се облековте во новиот, кој се об­новува во познанието, според образот на својот Создател.

3:11 Тука нема повеќе ни Елини, ни Јудејци, ни обрезани, ни необрезани, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос.

3:12 И така, како избраници Божји, све­ти и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост;

3:13 трпете се еден со друг и проштавај­те си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете!

3:14 А над сето тоа облечете се во љу­бов, која сѐ сврзува во совршенството,

3:15 и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни!

3:16 Словото Христово изобилно нека се всели во вас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пе­ејќи Му на Господ со благодарност во срцата ваши!

3:17 И сѐ што правите со збор или со де­ло, правете го во името на Господ Исус Христос, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот!

3:18 Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во име­то на Господ!

3:19 Вие, мажите, сакајте ги жените свои и не огорчувајте ги!

3:20 Деца, на родителите свои бидете им послушни во сѐ, зашто тоа Му е бла­го­угодно на Господ!

3:21 Татковци, не дразнете ги децата свои, за да не паѓаат со духот!

3:22 Вие, слуги, во сѐ бидете им пос­луш­ни на своите земни господари по тело, слугувајте им не само пред очи како оние што сакаат да се умилкуваат на луѓето, туку во простота на срцето, со страхопочит кон Бога!

3:23 И сѐ што правите, правете го од ду­шата, како за Господ, а не за луѓе,

3:24 знаејќи дека како награда ќе добиете од Господ наследство, бидејќи на Господ Христос Му служите.

3:25 А кој врши неправда, ќе добие според неправдата своја; и нема да има пристрасност!

Glava 4

4:1 Вие, господари, бидете справедливи спрема слугите свои и давајте им го она што е правично, зашто знаете дека и вие имате Господар на небесата!

4:2 Бидете постојани во молитвата, би­дете бодри во неа со благодарност!

4:3 Молете се исто така и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на проповедта да ја разгласуваме Христовата тајна, поради која сум и во окови,

4:4 та да ја откријам, како што треба да зборувам!

4:5 Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето!

4:6 Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате!

4:7 Што се однесува до мене, сѐ ќе ви соопшти Тихик, љубениот брат и верен служител и соработник во Господ,

4:8 кого нарочно поради тоа го испратив кај вас за да разбере како сте и да ви ги утеши срцата ваши,

4:9 заедно со Онисим, верниот и омилен наш брат, кој е од вас; тие ќе ви рас­ка­жат сѐ што станува овде.

4:10 Ве поздравува Аристарх, кој е затворен со мене, и Марко, внукот на Варнава – за кого добивте заповед: ако дојде кај вас, примете го.

4:11 Исто така и Исус, наречен Јуст; тие се од обрезаните и единствени сотрудници за царството Божјо, кои ми беа утеха.

4:12 Ве поздравува од вашите Епафрас, служител на Исус Христос, кој секогаш во молитвите свои се грижи, да бидете совршени и исполнети со секаква волја Божја.

4:13 Сведочам за него дека тој има голема ревност и грижа за вас и за оние што се во Лаодикија и Јерапол.

4:14 Ве поздравува Лука, возљубениот лекар, и Димас.

4:15 Поздравете ги браќата во Лаоди­ки­ја, и Нимфана, и неговата домашна црк­ва!

4:16 Откако ова послание ќе биде про­чи­тано кај вас, потрудете се да биде про­читано и во лаодикиската црква, а она од Лаодикија да го прочитате и вие.

4:17 Кажете му на Архип: „Гледај ја службата, што си ја примил во Господ да ја извршуваш!“

4:18 Своерачен поздрав од мене, Павле. Помнете ги оковите, мои! Благодат ме­ѓу сите вас. Амин!