Jona
Glava 1
1:1 И дојде слово Господово до Јона, синот на Амитај:
1:2 „Стани и оди во Ниневија, градот голем, и проповедај во него, зашто неговите лоши дела стигнаа до Мене.“
1:3 А Јона стана за да избега во Тарсис од лицето Господово; слезе во Јафа, каде што најде брод што плови за Тарсис, па откако ја плати возарината, влезе во него за да избега во Тарсис од лицето Господово.
1:4 Но Господ испрати силен ветар над морето, и настана голема бура, така што бродот за малку ќе се разбиеше.
1:5 Морнарите се уплашија и повикаа секој кон својот бог, па почнаа товарот од бродот да го фрлаат во морето, за да му се олесни; а Јона беше слегол во дното на бродот, легнал и длабоко заспал.
1:6 Тогаш дојде кај него капетанот на бродот и му рече: „Што, ти спиеш!? Стани и повикај кај твојот Бог! Можеби Тој Бог ќе се сети на нас, и ние нема да загинеме.“
1:7 Па си рекоа еден на друг: „Да фрлиме ждрепка и да видиме поради кого нѐ снајде ова зло.“ Фрлија ждрепка и ждрепката падна на Јона.
1:8 Тогаш му рекоа: „Кажи ни заради што нѐ снајде оваа неволја? Со што се занимаваш, и од каде си? Каде е твојата земја и од кој народ си?“
1:9 Тој им рече: „Јас сум Евреин, Го почитувам Господ Бог на небесата, Оној што ја создаде земјата и водата.“
1:10 Тогаш луѓето се уплашија многу и му рекоа: „Зошто го направи ова?“ Зашто тие дознаа дека тој бега од лицето Господово, – како што тој сам им беше кажал.
1:11 И му рекоа: „Што да направиме со тебе, та морето да стивне?“ Бидејќи морето сѐ повеќе се брануваше.
1:12 Тогаш тој им рече: „Земете ме и фрлете ме в море, и морето за вас ќе стивне, зашто знам дека поради мене се крена оваа бура.“
1:13 Луѓето потоа се трудеа некако да се приближат до копното, но не можеа, бидејќи морето сѐ повеќе беснееше против нив.
1:14 Тогаш повикаа кон Господ и рекоа: „Те молиме Господи, да не загинеме поради душата на овој човек, и да не бидеме одговорни за невина крв, зашто Ти, Господи, си направил како што Ти е Тебе угодно.“
1:15 Па го зедоа Јона и го фрлија во морето; и морето престана да се бранува.
1:16 Тогаш луѓето се уплашија многу од Господ, Му принесоа на Господ жртви и се заветуваа.
Glava 2
2:1 И ѝ заповеда Господ на една голема риба да го проголта Јона; и Јона остана во утробата на тој кит три дена и три ноќи.
2:2 Му се помоли Јона на својот Господ Бог од утробата на рибата,
2:3 па рече: „Кон Господ повикав во мојата неволја и Тој ме чу; извикав од утробата на пеколот – и Ти го чу гласот мој.
2:4 Ти ме фрли во длабините, во срцето на морето, и вода ме опколуваше, и сите води Твои и бранови Твои минуваа преку мене.
2:5 Тогаш реков: Отфрлен сум од очите Твои, како ќе ја видам светињата Твоја?
2:6 Ме притиснаа водите до гушата моја, бездната ме затвори; со трева морска главата моја е обвиена.
2:7 Слегнав до корените на планините, земјата со резињата свои за навек ме затвори, но Ти, Господи, Боже мој, ја изведе душата моја од јамата.
2:8 Кога животот ми згаснуваше, се сетив на Господ, и молитвата моја стигна до Тебе, до светиот храм Твој.
2:9 Оние, кои почитуваат лажни богови, Го оставија својот Милосрден,
2:10 но јас со благодарствена песна ќе Ти принесам жртва; она што сум го ветил, ќе го исполнам. Во Господ е спасението!“
2:11 Тогаш ѝ заповеда Господ на рибата, и таа го исфрли Јона на копното.
Glava 3
3:1 И повторно дојде словото Господово до Јона, велејќи му:
3:2 „Стани и појди во градот Ниневија, големиот град и проповедај му го она што ќе ти кажам.“
3:3 Стана Јона и отиде во Ниневија по заповед на Господ; а Ниневија беше многу голем град: три дена одење.
3:4 И Јона почна да оди по градот, колку што можеше да се изоди за еден ден, и проповедаше, велејќи: „Уште четириесет дена и Ниневија ќе биде разурната!“
3:5 И поверуваа Ниневјаните во Бога, прогласија пост и се облекоа во вреќи, мало и големо.
3:6 Таа проповед дојде и до царот на Ниневија, и тој стана од престолот свој, ја соблече царската облека, се облече во вреќиште и седна во пепел,
3:7 па заповеда да се прогласи и да се каже во Ниневија од името на царот и од неговите големци, ни луѓето, ни добитокот, ни воловите, ниту овците да не јадат ништо и да не одат на пасење и да не пијат;
3:8 и луѓето и добитокот да бидат покриени со вреќишта и силно да извикуваат кон Бога: секој да се откаже од својот лош пат и од неправдите што ги вршел.
3:9 Кој знае, можеби Бог ќе се смилостиви и ќе го отфрли од нас Својот разгорен гнев, и така да не загинеме.
3:10 И ги виде Бог нивните дела дека тие се одвратија од својот лош пат, па се сожали по однос на злото, за кое беше рекол дека ќе го нафрли врз нив, и не го нафрли.
Glava 4
4:1 Поради тоа Јона многу се огорчи и се налути.
4:2 Па Му се помоли на Господ и рече: „О, Господи, зар не го велев тоа уште додека бев во земјата своја? Та затоа и побегнав во Тарсис, зашто знаев дека Ти си Бог добар и милосрден, долготрпелив и многумилостив, и над несреќата бргу се сожалуваш.
4:3 А сега, Господи, земи ја душата моја од мене, зашто подобро е да умрам отколку да живеам.“
4:4 Господ пак му рече: „Дали со право се лутиш?“
4:5 Тогаш Јона излезе од градот, па седна од источната страна, и таму си направи колиба и се смести во неа под ладовина, за да види што ќе стане со градот.
4:6 Тогаш Господ Бог нареди да израсне растение над главата на Јона, за да има над главата сенка, и да го избави од неудобноста. Јона многу му се зарадува на тоа растение.
4:7 И нареди Господ, вториот ден, кога зората се зазори, црви да ја подгризат билката, и таа се исуши.
4:8 А кога изгреа сонцето, испрати Бог врел источен ветар, и сонцето почна да ја пече главата на Јона, така што тој изнемоште толку што се помоли да умре, велејќи: „Подобро е да умрам отколку да живеам.“
4:9 А Бог му рече тогаш на Јона: „Зар имаш право да се лутиш поради билката?“ А тој одговори: „Многу сум лут, лут сум дури до смрт!“
4:10 Тогаш Господ рече: „Тебе ти е жал за едно растение, за кое ти не си се трудел, ниту си го одгледувал, и кое за една ноќ израсна и за една ноќ се исуши,
4:11 а Мене да не Ми е жал за Ниневија, за овој голем град, во кој живеат повеќе од сто и дваесет илјади души, кои не можат да ја разликуваат десната рака од левата, а и за многу добиток?“