Joil
Glava 1
1:1 Слово Господово упатено до Јоил, синот Петуелов.
1:2 Чујте го ова, старци, и внимавајте сите жители на оваа земја: се случувало ли ова во вашите денови или во деновите на вашите татковци?
1:3 Раскажувајте за него на децата ваши; а децата ваши нека им раскажуваат на нивните деца, и нивните деца – на следниот род;
1:4 сѐ што остана од гасениците, го изедоа скакулците; а што остана од скакулците, го изедоа црвите; и што остана од црвите, го изедоа бумбарите.
1:5 Разбудете се пијаници, плачете и ридајте, вие сите што пиете вино, за сокот гроздов, зашто е одземен од устата ваша.
1:6 Зашто против земјата моја дојде народ силен и безброен; забите му се како заби на лав, а челустите како челуст на лавица.
1:7 Тој ми ја опустоши лозата, и смоквата ми ја откорна, ја излупи до голо и ја фрли; гранките ѝ побелеа.
1:8 Плачи како што плаче девица, опашана со вреќиште, за свршеникот од својата младост.
1:9 Се прекрати лебниот принос и преливот за него во домот Господов; плачат и свештениците, служителите Господови.
1:10 Опустошено е полето, тагува земјата, зашто е уништено житото; се исуши гроздовиот сок, пресуши маслиновото масло.
1:11 Црвенете се од срам, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, зашто пропадна жетвата по нивите,
1:12 лозата се исуши, смоквата свена, нарот, палмата и јаболкницата – сите дрвја по полето се исушија; поради тоа и веселбата меѓу луѓето исчезна.
1:13 Препашете се со вреќиште, свештеници, и плачете; ридајте, служители на светилиштето. Влезете и ноќевајте, служители на мојот Бог, во вреќиште, зашто во домот на вашиот Бог нема веќе лебен принос и прелив.
1:14 Наредете свет пост, објавете свечен собир, повикајте ги старешините и сите жители од тој крај во домот на Господ, вашиот Бог – викајте кон Господ.
1:15 Страшен ден! Зашто денот Господов е близу; и ќе дојде како запустување од Сесилниот.
1:16 Зар пред очите наши не се одзеде храната, и од домот на нашиот Бог – веселбата и радоста?
1:17 Изгниени се зрната под сувите грутки, запустени се житниците, урнати се амбарите, зашто нема веќе жито.
1:18 Ете, стенка добитокот, скитаат стадата волови, зашто нема за нив пасиште; се измачуваат и стадата овци.
1:19 Кон Тебе, Господи, викам, зашто оган ги проголта пасиштата во пустината, и пламен ги подгори дрвјата во полето.
1:20 Дури и животните во полето викаат кон Тебе, зашто секна водата по потоците, и оган ги изгоре пасиштата во пустината.
Glava 2
2:1 Трубете со труби на Сион и викајте на Мојата света гора; нека треперат сите жители земни, зашто доаѓа денот Господов, близу е
2:2 денот на темнина и мрак, денот облачен и црн: како зората се шири по горите многуброен народ и силен каков што немало од векот и каков што не ќе има потоа од род во род.
2:3 Пред него оган ќе голта, а зад него пламен ќе пали; пред него е земјата како Едемска градина, а зад него земјата ќе биде опустошена како пустина, и за никого нема да има спас.
2:4 Изгледаат како коњи, галопираат како коњаници,
2:5 скокаат преку горските врвови како со тропот од коли, како шум од огнен пламен, кој гори слама – како силен народ построен за борба.
2:6 Штом ќе се појави, ќе затреперат народите; лицата на сите ќе им побледат.
2:7 Како борци ќе трчаат и како храбри борци ќе се искачуваат по карпите, и секој ќе си оди по својот пат и нема да отстапува од патот свој.
2:8 И нема да се притискаат еден со друг, туку секој се држи до својот пат; незапирливо се пробиваат меѓу стрелите.
2:9 Ќе навалат на градот, ќе се искачуваат по ѕидовите, ќе влегуваат во куќите, ќе влегуваат и низ прозорците како крадци.
2:10 Пред нив ќе се потресе земјата, ќе се расклати небото, сонцето и месечината ќе потемнат, а и ѕвездите ќе ја изгубат светлината своја.
2:11 И Господ ќе го пушти гласот Свој пред Својата војска, зашто силата воинствена Негова е многу голема, и многубројни се оние што ќе ја извршуваат волјата Негова; зашто голем е денот Господов и многу е страшен, и кој ќе истрпи?
2:12 Но и уште сега вели Господ: вратете се кај Мене од сѐ срце со пост, плач и ридание.
2:13 Раскинете ги срцата свои, а не облеката и вратете се кај Господ вашиот Бог: зашто Тој е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува кога казнува.
2:14 Кој знае дали нема да се смили и дали ќе остави благослов: лебен принос и прелив за Господ, вашиот Бог?
2:15 Затрубете со труба на Сион, наредете пост и објавете свечен собир.
2:16 Соберете го народот, свикајте собир, поканете ги и старешините, соберете ги децата и доенчињата; нека излезе младоженецот од свадбената соба и невестата од својата одаја.
2:17 Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, служителите на Господ и нека молат: „Смилувај се, Господи, над народот Свој, не предавај го наследството Свое на срам, та да не се подигруваат со него народите! Зошто меѓу нив да се зборува – каде е нивниот Бог?“
2:18 Тогаш Господ стана љубоморен за земјата Своја, па му се смилува и на народот Свој.
2:19 Тогаш одговори Господ и му рече на народот Свој: „Еве, Јас ќе ви пратам леб, вино и масло, и ќе се наситите со тоа, и нема повеќе да ве предавам на срам пред народите.
2:20 И непријателот од север ќе го мавнам и ќе го протерам во безводна и пуста земја – претходницата – во источното море, а позадината – во западното море, и ќе се почувствува неговиот гнилеж, и ќе се почувствува смрдеа, зашто тој беше направил големо зло.
2:21 Не бој се, земјо; радувај се и весели се, зашто Господ изврши големи дела.
2:22 Не плашете се ѕверови полски, зашто пасиштата на пустината ќе се наполнат со трева, дрвјата ќе го дадат својот плод, смоквата и лозјата ќе дадат изобилен род.
2:23 А и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господ, вашиот Бог; зашто Тој ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – пролетен дожд и есенски дожд, како и порано.
2:24 И ќе се наполнат гумната со жито и ќе се преполнат бочвите со гроздов сок и со масло.
2:25 И ќе ви надоместам за оние години, кога испојадоа сѐ скакулците, црвите, бумбарите и гасениците – Мојата голема војска што ја пратив против вас.
2:26 Во изобилство ќе јадете и ќе се наситувате и ќе го славите името на Господ, вашиот Бог, Кој со вас постапи на чудесен начин, така што Мојот народ нема да се посрами довека.
2:27 И ќе познаете дека Јас сум среде Израел и дека Јас сум Господ, вашиот Бог, и дека нема друг, и Мојот народ нема да се посрами довека.“
Glava 3
3:1 „И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секое тело, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија.
3:2 А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух.
3:3 И ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим.
3:4 Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината – во крв, пред да настапи денот Господов, великиот и страшниот.
3:5 Тогаш секој, што ќе го призовува името Господово, ќе се спаси; бидејќи на гората Сион и во Ерусалим ќе има спасение, како што вели Господ, а меѓу преживеаните ќе бидат оние што ќе ги повика Господ.“