Jakovova

1 2 3 4 5

Glava 1

1:1 Јаков, слуга на Бога и на Господ Исус Христос, испраќа поздрав до дванаесетте племиња, кои живеат раселени.

1:2 Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија,

1:3 знаејќи дека проверката на вашата вера создава трпеливост:

1:4 трпеливоста, пак, нека биде со­вр­ше­но дело за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток.

1:5 Ако некому од вас му недостига муд­рост, нека ја побара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без приговарање – и ќе му се даде.

1:6 Но да моли со вера и никако да не се сомнева; зашто оној кој се сомнева, при­ле­га на морски бран, кого ветрот го издига и растура;

1:7 таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господ.

1:8 Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан.

1:9 Братот, кој е на пониска положба, нека се фали со возвишеноста своја,

1:10 а богатиот – со својата понизност, бидејќи тоа е минливо како цвет од тре­ва;

1:11 зашто како што сонцето огрева и со својата жега ја исушува тревата, и цветот нејзин отпаѓа, и убавината на нејзи­ниот изглед исчезнува, така ќе овене и богатиот во својот пат.

1:12 Блажен е оној човек кој издржува искушение, бидејќи откако ќе биде проверен, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние кои Го сакаат.

1:13 Ниеден, кога е во искушение да не вели: „Бог ме искушува“, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Тој никого не искушува,

1:14 но секого го искушува неговата по­хота која го влече и мами.

1:15 Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт.

1:16 Не мамете се, браќа мои возљубени.

1:17 Секој добар дар и секој совршен по­дарок иде озгора, симнувајќи се од Оте­цот на светлината, во Кого нема про­мени ни сенка од измена.

1:18 Зашто Тој нѐ роди по својата волја преку словото на вистината, за да би­деме првина меѓу Неговите созданија.

1:19 И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз за слушање, а спор за зборување, и бавен за гнев,

1:20 бидејќи човечкиот гнев не ја извр­шува Божјата правда.

1:21 Затоа, отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со кроткост примете го насаденото слово, кое може да ги спаси вашите души.

1:22 Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе.

1:23 Зашто, кој го слуша словото, а не го извршува, тој прилега на човек кој го гледа своето сопствено лице во огледало;

1:24 ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил.

1:25 Но кој ќе се задлабочи во совр­ше­ниот Закон на слободата и остане во не­го, тој, бидејќи не е заборавлив слу­шател, туку извршител кој дејствува, ќе биде блажен во своето дејствување.

1:26 Ако некој од вас мисли дека е по­бо­жен, а не го зауздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата по­бож­ност е суетна.

1:27 Чиста и непорочна вера пред Бога Отецот е оваа: да се грижиш за сираци и вдовици во нивните маки и да се па­зиш да останеш неосквернет од светот.

Glava 2

2:1 Браќа мои, држете ја непристрасно верата во Исус Христос, нашиот Господ на славата!

2:2 Ако во вашето собрание влезе човек со златен прстен, во светли алишта, и влезе сиромав човек со проста облека,

2:3 па се загледате на облечениот во светли алишта и му речете: „Ти седни овде убаво!“, а на сиромашниот му ре­чете: „Ти стој таму!“, или „Седни овде, крај подножјето мое!“,

2:4 зарем со тоа не покажувате пристрасност, и не станувате судии со лоши помисли?

2:5 Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние кои Го љубат?

2:6 А вие го посрамивте сиромавиот! Не се ли богатите тие што ве мачат и ве влечат по судови?

2:7 Не го хулат ли тие вашето добро име, со кое сте се нарекле?

2:8 Ако, пак, го извршувате царскиот закон според Писмото: „Возљуби го ближниот како самиот себе“ – добро правите.

2:9 Но, ако сте пристрасни, грев пра­ви­те; и Законот ве осудува како престапници.

2:10 Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сѐ.

2:11 Зашто Оној, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Па затоа, ако не вршиш прељуба, а убиеш, ти ќе станеш престапник на Законот.

2:12 Зборувајте и постапувајте како оние што ќе бидат судени според за­ко­нот на слободата.

2:13 Зашто судот ќе биде безмилосен спрема оној кој не покажува милост; милоста надвива над судот.

2:14 Каква е ползата, браќа мои, ако не­кој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси?

2:15 Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат,

2:16 па некој од вас им рече: „Одете си со мир, грејте се и наситете се!“, а не им даде што им е потребно за телото – как­ва полза?

2:17 И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва.

2:18 Но може некој да рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја сво­ја­та вера без дела, а јас преку моите дела ќе ти ја покажам мојата вера.

2:19 Ти веруваш дека Бог е еден: добро правиш; но и злите духови веруваат, а треперат.

2:20 Не сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е мртва?

2:21 Нели со дела беше оправдан Авра­ам, нашиот татко, откако врз жртве­ни­кот го положи својот син Исак?

2:22 Гледаш ли дека верата дејствуваше заедно со делата негови, и дека преку делата, верата стана совршена?

2:23 И се изврши Писмото, кое вели: „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност“, и тој се на­рече – пријател Божји.

2:24 Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера?

2:25 А така не се оправда ли со дела и блудницата Раав, откако ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат?

2:26 Зашто, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва.

Glava 3

3:1 Не барајте, браќа мои, мнозина да станете учители, зашто знаете дека поголемо осудување ќе добиеме.

3:2 Сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го заузда и целото тело.

3:3 Ете, ако и ние на коњите им ставиме узда на устите, за да ни се покоруваат, тогаш управуваме со целото нивно те­ло.

3:4 Па, ете, и корабите: иако се толку многу големи и силно гонети од бурни ветрови, со мало кормило се управуваат онаму каде што кормиларот сака;

3:5 а така и јазикот е мал орган, но го­леми работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува;

3:6 и јазикот е оган, свет полн со не­правда; јазикот се наоѓа во таква по­ложба меѓу нашите органи, што го ос­квернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот.

3:7 Секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припитомува од човечкиот род,

3:8 а јазикот никој не може да го скро­ти: тој е немирно зло и полн со смрто­носен отров.

3:9 Со него Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето создадени според подобието Божјо.

3:10 Од истата уста излегува и благослов и клетва. Не треба, браќа мои, тоа така да биде.

3:11 А тече ли од еден ист извор слатка и горчлива вода?

3:12 Може ли, браќа мои, смоквата да раѓа маслинки, или лозата смокви? Та­ка, од еден ист извор не може да тече солена и слатка вода.

3:13 Кој е меѓу вас мудар и умен, нека ги покаже преку своето добро однесување делата свои во кротост и мудрост.

3:14 Но, ако во срцата свои имате гор­члива завист и карање, не фалете се и не лажете против вистината:

3:15 тоа не е мудрост која доаѓа озгора, туку земна, душевна, бесовска;

3:16 зашто, каде што има завист и карање, таму има неслога и сѐ е лошо.

3:17 А мудроста, што иде озгора, е најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри пло­до­ви, непристрасна и нелицемерна.

3:18 Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротворците.

Glava 4

4:1 Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли – од вашите похоти, кои се борат во органите ваши?

4:2 Пожелувате и немате; убивате и за­видувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не се молите.

4:3 Просите, а не добивате, зашто зло барате, за да го трошите во вашите по­хоти.

4:4 Прељубодејци и прељубодејки, не знаете ли дека пријателството со овој свет е непријателство на Бога? Зашто, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога.

4:5 Или, пак, мислите дека Писмото напразно зборува: „Со ревност го љуби духот што го вселил во нас.“

4:6 Но Тој дава поголема благодат; за­тоа е речено: „Бог се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“

4:7 Па затоа, покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас.

4:8 Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, грешници, поправете ги срцата свои, непостојани!

4:9 Бидете нажалени и плачете и липај­те: смевот ваш нека се претвори во плач, а радоста во тага!

4:10 Понизете се пред Господ и ќе ве по­дигне!

4:11 Не озборувајте се еден со друг, бра­ќа: зашто, кој го озборува братот свој или го суди, тој го напаѓа Законот и го суди Законот. А ако, пак, го судиш Законот, тогаш ти не си извршител на Законот, туку судија.

4:12 Еден е Законодавецот и Судијата, Кој може да спаси и погуби: а ти, кој си што осудуваш друг?

4:13 Слушајте сега вие, кои велите: „Де­нес или утре ќе тргнеме во оној град и таму ќе останеме една година, ќе тргуваме и ќе спечалиме“,

4:14 вие, кои не знаете што ќе стане ут­ре. Што е вашиот живот? Тој е пареа, која се појавува за кратко време, па ис­чезнува.

4:15 Место да велите: „Ако сака Господ да бидеме живи, ќе направиме тоа и тоа.“

4:16 А сега се фалите со својата гордост. Секоја таква фалба е зла.

4:17 И така, грев е за оној кој знае да прави добро, а не го прави.

Glava 5

5:1 Ајде сега вие, богати, плачете и липајте за страшните маки што идат на вас.

5:2 Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа.

5:3 Златото ваше и среброто ви за'рѓаа, и 'рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган! Сте насобрале богатство за пос­ледните дни.

5:4 Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеле на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот.

5:5 Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги згоивте срцата ваши како за ден на клање.

5:6 Го осудивте, Го убивте праведникот; и тој не се спротивставуваше.

5:7 Бидете трпеливи, браќа мои, до доа­ѓањето на Господ! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен.

5:8 Па трпете и вие, укрепете ги срцата свои, зашто доаѓањето на Господ се приближи.

5:9 Не оплакувајте се, браќа, еден на друг, та да не бидете осудени: ете, Су­ди­јата стои пред вратата.

5:10 Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците што зборуваа во името Господово.

5:11 Ете, блажени се оние што истрајаа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него.

5:12 А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту пак со некоја друга заклетва. И зборот нека ви биде да – да и не – не, за да не паднете под суд!

5:13 А ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога; весел ли е, нека Го фа­ли Господа!

5:14 Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат и да извршат помазание над него со елеј во името Господово.

5:15 И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат.

5:16 Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг за да се исцелите. Голема сила има усрдната молитва на праведникот.

5:17 Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци.

5:18 И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод.

5:19 Ако, браќа, некој од вас се отклони од вистината, и ако некој друг го по­вра­ти,

5:20 тој нека знае дека оној што обрати грешник од лажлив пат, спасува една ду­ша од смрт и ќе покрие многу гре­во­ви.