Galatjanite

1 2 3 4 5 6

Glava 1

1:1 Павле, апостол, повикан не од луѓе, ниту преку човек, туку преку Исус Христос и Бог Отецот, Кој Го воскресна од мртвите,

1:2 и сите браќа што се со мене – до црк­вите во Галатија;

1:3 благодат и мир вам од нашиот Бог Отец и од Господ Исус Христос,

1:4 Кој се даде Себе за нашите гревови, за да нѐ избави од сегашниот зол свет, по волјата на Бога, Кој е наш Отец.

1:5 Нему нека Му е слава во вечни ве­ко­ви. Амин!

1:6 Се чудам што така брзо се одвратувате од Оној Кој ве повика преку благодатта Христова, и преминувате кон дру­го Евангелие,

1:7 зашто и нема друго Евангелие, но има такви кои ве бунат и сакаат да го изопачат Евангелието Христово.

1:8 Но ако и ние самите, или пак ангел од небото ви проповеда нешто спротив­но од она што ви благовестевме ние, не­ка биде проклет!

1:9 Како што рековме порано, и сега пак повторувам: оној што ви благовестува некое поинакво Евангелие од она што го примивте – нека биде проклет!

1:10 Во луѓето ли сега барам благона­клонетост, или во Бога? Или, пак, на луѓето ли сакам да им угодувам? Ако бев сакал да им угодувам на луѓето, не­маше да бидам Христов слуга.

1:11 Браќа, ве известувам дека Еван­ге­лието, кое јас Го проповедав, не е од лу­ѓе,

1:12 зашто јас ниту сум го примил, ниту сум го научил од човек, туку преку от­кровение на Исус Христос.

1:13 Сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека пре­ку­мерно ја гонев Божјата црква и ја ра­зорував;

1:14 и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за тат­ков­ските преданија.

1:15 Кога Бог, Кој ме избра уште од мај­чина утроба и ме повика преку Својата благодат, благоволи

1:16 во мене да Го открие Својот Син за да благовестувам за Него меѓу незна­бошците, – веднаш, не го прашав ни те­лото, ниту крвта,

1:17 ниту, пак, отидов во Ерусалим кај оние што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск.

1:18 А три години подоцна отидов во Ерусалим за да се видам со Кифа, и ос­танав кај него петнаесет дена.

1:19 А, пак, од апостолите не видов ни­кој друг, освен Јаков, братот Господов.

1:20 А за она што ви пишувам, еве, пред Бога велам дека не лажам.

1:21 А потоа дојдов во земјите Сириски и Киликиски.

1:22 На Христовите цркви во Јудеја лич­но не им бев познат,

1:23 туку само беа слушале дека оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја про­поведа верата што порано ја разорувал.

1:24 И Го прославуваа Бога за мене.

Glava 2

2:1 И четиринаесет години подоцна пак се искачив во Ерусалим со Вар­нава, а го зедов со себе и Тит.

2:2 Влегов по откровение и им го из­ло­жив на верните, посебно на највидните, Евангелието што го проповедам кај незнабошците, за да не трчам или за да не трчав попусто.

2:3 Па дури ни Тит, кој беше со мене, иако Елин, не беше принуден да се обрезе,

2:4 и тоа заради лажните браќа, кои дојдоа и се вовлекоа да ја гледаат нашата слобода, која ја имаме во Христос Исус, за да нѐ поробат,

2:5 ним ни за час не им дозволивме да нѐ покорат, за да остане во вас вистината на Евангелието.

2:6 А, пак, оние за кои се мисли дека значат нешто – какви и да биле тие не­когаш, мене ми е сеедно, Бог не го гле­да човекот по лице – тие ништо не ми дадоа.

2:7 Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е доверено да го проповедам Евангелието на необрезаните, како на Петар – на обрезаните,

2:8 зашто Оној, Кој дејствуваше врз Петар да врши апостолска служба меѓу обрезаните, дејствуваше и врз мене за апостолска служба меѓу незнабошците

2:9 и кога ја познаа благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ни ја подадоа мене и на Варнава раката за заедништво и се согласија ние да одиме кај незна­бош­ци­те, а тие – кај обрезаните.

2:10 Посакаа само да ги помниме сиро­ма­сите, за што се погрижив и точно да го исполнам.

2:11 А кога дојде Кифа во Антиохија, јас лично му се спротивставив, зашто бе­ше заслужил осудување.

2:12 Имено, пред да пристигнат некои од Јаков, тој јадеше заедно со незна­бош­ците; а кога дојдоа, почна да се снебива и да се двои, бидејќи се плашеше од об­резаните.

2:13 Заедно со него лицемереа и другите Јудејци, така што со нивното лицеме­рие беше заведен дури и Варнава.

2:14 А кога видов дека тие не постапува­ат точно според Евангелската вистина, му реков на Кифа пред сите: „Кога ти, кој си Јудеец, живееш како нез­на­бош­ците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да жи­ве­ат јудејски?“

2:15 Ние сме родени како Јудејци, а не грешници од незнабошците.

2:16 Но знаеме дека човекот не се оп­равдува преку делата на Законот, туку само преку верата во Христос Исус. За­тоа и ние поверувавме во Исус Христос, за да се оправдаме преку верата во Христос, а не преку делата на Законот; зашто преку делата на Законот нема никој да се оправда.

2:17 Ако, пак, барајќи да се оправдаме во Христос, и сами се најдовме греш­ни­ци, не е ли тогаш Христос слуга на гре­вот? Тоа никако!

2:18 Зашто, ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и сам станувам престапник;

2:19 преку Законот умрев за Законот, за да живеам за Бога. Се распнав заедно со Христос;

2:20 и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се пре­да­де за мене.

2:21 Не ја отфрлам благодатта Божја; зашто ако праведноста се придобива преку Законот, тогаш Христос залудо умрел.

Glava 3

3:1 О неразумни Галатјани! Кој ве маѓепса (та не се покорувате на вистината) вас, пред чии очи Исус Христос беше јасно насликан распнат меѓу вас?

3:2 Само ова сакам да го дознаам од вас: преку делата на Законот ли го добивте Духот или преку пораката на верата?

3:3 Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, со телото ли сега за­вршувате?

3:4 Зарем залудо толку многу претрпевте? Да беше само залудо!

3:5 Оној, пак, Кој ви Го дарува Духот и прави меѓу вас чудеса, преку делата на Законот ли го прави тоа, или преку по­раката на верата?

3:6 Така, Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се сметаше за праведност.

3:7 Знајте, пак, дека оние што се потпираат на верата, се синови Авраамови.

3:8 И Писмото, предвидувајќи дека Бог преку вера ги оправдува незнабошците, однапред му благовести на Авраам: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.“

3:9 И така, оние што веруваат, се бла­гословени заедно со верниот Авраам;

3:10 а сите оние, што се од делата на За­конот, под клетва се. Зашто е на­пи­ша­но: „Проклет да е секој кој не исполнува постојано сѐ што е напишано во книгата на Законот!“

3:11 А дека преку Законот никој не се оправдува пред Бога, се знае, зашто „Праведниот ќе живее преку верата.“

3:12 А Законот не е од верата, туку збо­рува: „Кој ќе ги исполни овие работи, тој ќе биде жив преку нив.“

3:13 Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако поради нас стана проклетство, бидејќи е напишано: „Секој да е проклет што виси на дрво!“,

3:14 така што благословот даден на Авраам да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, за да Го добиеме ве­тениот Дух преку верата.

3:15 Браќа, зборувам како човек: и утврдениот човечки завет никој веќе не го растура ниту му додава нешто.

3:16 Но ветувањата му беа дадени на Авраам и на семето негово. Не е ре­чено: „И на семињата“, како за мнозина, туку како за еден: „И на семето твое“, кое е Христос.

3:17 Ова сакам да го кажам: Заветот што Бог го даде не може да биде обез­вреден од Законот, кој е настанат четиристотини и триесет години подоцна, така што ветувањето би можело да ја изгуби силата.

3:18 Зашто, ако наследството е добиено по Законот, тоа веќе не е според ветува­њето; а на Авраам Бог му го дари по ветување.

3:19 Зошто е, пак, даден Законот? Тој е додаден поради престапите, додека не дојде семето, на кое се однесува ветувањето, и е предаден преку ангели, пре­ку рака на посредник.

3:20 Но посредникот не може да биде са­мо посредник на еден, а Бог е еден.

3:21 Па така, Законот противен ли е на Божјите ветувања? Никако! Зашто, ако беше даден закон, што ќе можеше да животвори, тогаш навистина оправда­нието ќе произлегуваше од Законот.

3:22 Но Писмото сите ги затвори под грев, па преку верата во Исус Христос да им се даде ветеното на оние кои веруваат.

3:23 Пред да дојде верата, ние бевме под стража на Законот, заклучени за верата која требаше да се открие.

3:24 И така, Законот беше за нас вос­пи­тувач да нѐ доведе до Христос, за да бидеме оправдани преку верата;

3:25 а откако дојде верата, ние веќе не сме под раководство на воспитувач.

3:26 Зашто сите сте синови Божји преку верата во Христос Исус;

3:27 сите, што сте крстени во Христос, во Христос се облековте.

3:28 Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христос Исус.

3:29 А, ако сте, пак, вие Христови, то­гаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници.

Glava 4

4:1 Но ви велам: наследникот, додека е млад, со ништо не се разликува од робот, макар што е господар над сѐ;

4:2 туку е под настојници и чувари до определениот рок од неговиот татко.

4:3 Па така и ние, додека бевме мало­лет­ни, бевме поробени од стихиите на светот;

4:4 но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот,

4:5 за да ги откупи оние што се под За­кон, та да го примиме посинувањето.

4:6 А бидејќи вие сте синови, Бог Го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши, Кој вика: Ава, Оче!

4:7 Затоа не си веќе роб, туку син; ако си, пак, син, тогаш си и наследник Бож­ји преку Исус Христос.

4:8 Но тогаш, бидејќи Бога не Го познававте, им служевте на богови кои по својата природа не се богови;

4:9 а сега, откако Го познавте Бога, или, подобро, откако Бог ве позна, како сега повторно се враќате кон слабите и бедни стихии, на кои сакате одново да им служите?

4:10 Внимавате на деновите, месеците, времињата, годините.

4:11 Се плашам за вас, да не сум се тру­дел меѓу вас попусто.

4:12 Ве молам, браќа, станете како мене, затоа што и јас станав како вас. Вие со ништо не сте ме навредиле:

4:13 знаете дека, кога за првпат ви про­поведав, бев телесно немоќен,

4:14 и при сето тоа, вие не го презревте искушението на моето тело, ниту се погнасивте од него, туку ме примивте како ангел Божји, како Исус Христос.

4:15 Каде ви е сега радоста ваша? Сведо­чам за вас дека кога би било можно, и очите свои би ги извадиле и би ми ги дале.

4:16 И затоа ли станав ваш непријател, бидејќи ви ја зборував вистината?

4:17 Тие не ревнуваат за вас добро, туку сакаат да ве одвојат од мене, та вие за нив да ревнувате.

4:18 Добро е секогаш да ревнувате во доброто, а не само кога сум меѓу вас.

4:19 Чеда мои, за кои сум пак во родилни маки, додека не се обликува во вас Исус Христос,

4:20 сега би сакал да бидам меѓу вас и да ви се обратам со поинаков тон, бидејќи сум во недоумица за вас.

4:21 Кажете ми, вие, што сакате да би­дете под Законот: зарем не го слушате Законот?

4:22 Зашто е напишано дека Авраам имаше двајца синови, еден од слугинката, а друг од слободната.

4:23 Но оној што беше од слугинката, се роди по тело; а оној што беше од сло­бод­ната – по ветување.

4:24 А ова е речено сликовито: двете жени се двата завета: едниот од Синај­ската Гора, која раѓа за ропство; а тоа е Агара.

4:25 Бидејќи Агара значи Синајска Гора во Арабија, а соодветствува на сегаш­ни­от Ерусалим и робува со децата свои;

4:26 а горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас.

4:27 Зашто е напишано: „Развесели се неплодна, ти што не раѓаш; воскликни и извикај ти, која не си искусила поро­дилни маки; бидејќи напуштената има многу повеќе деца од онаа која има маж.“

4:28 Вие, пак, браќа, сте како Исак, чеда на ветувањето.

4:29 Но, како што тогаш, оној што се роди по тело, го гонеше родениот по дух, така е и сега.

4:30 А што зборува Писмото? „Истерај ја робинката и синот нејзин, зашто си­нот на робинката нема да биде наследник заедно со синот на слободната!“

4:31 И така, браќа ние не сме деца на ро­бинката, туку на слободната.

Glava 5

5:1 Стојте во слободата, со која Христос нѐ ослободи, и не се подавајте пак под ропски јарем!

5:2 Еве, јас, Павле, ви велам: ако се об­р­езувате, Христос ништо нема да ви помогне.

5:3 А му сведочам пак на секој човек што се обрезува дека тој е должен да го почитува целиот Закон.

5:4 Вие, што посакавте да се оправдувате со Законот, Го изгубивте Христос, отпаднавте од благодатта;

5:5 а ние се надеваме и очекуваме оп­равдание од верата преку Духот.

5:6 Зашто во Христос Исус ниту обре­за­нието има сила, ниту необрезанието, ту­ку верата, која дејствува преку љубовта.

5:7 Вие трчавте добро: кој ви попречи да не се покорувате на вистината?

5:8 Тоа убедување не е од Оној Кој ве повика.

5:9 Малку квас го потквасува целото тесто.

5:10 Јас сум уверен за вас во Господ дека вие нема да мислите инаку; а оној, кој ве збунува, – кој и да бил, – ќе претрпи осуда.

5:11 А јас, браќа, ако обрезанието уште го проповедам, тогаш за што ќе ме гонат? Тогаш би исчезнала соблазната од крстот.

5:12 О, да беа отсечени оние што ве бунеа!

5:13 Вие, браќа, повикани сте кон слобода; но слободата ваша да не ви служи како повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг.

5:14 Зашто, целиот Закон се извршува во еден збор, односно: сакај го ближ­ни­от како самиот себе.

5:15 А ако, пак, меѓу себе се гризете и јадете, пазете да не се истребите еден со друг.

5:16 Ви велам: живејте по Духот, и нема да им угодувате на телесните страсти.

5:17 Зашто, телото сака противни рабо­ти на духот, а духот – противни на телото; тие се спротивни еден на друг, за да не го правите она што сакате.

5:18 Ако ве води Духот, вие не сте под Законот.

5:19 Делата на телото се познати. Тие се: блудство, нечистота, бесрамност,

5:20 служење на идоли, маѓии, непријателство, кавги, ревнување, гнев, раздо­ри, расцепи,

5:21 зависти, пијанство, пирови и други слични работи; однапред ви велам, како што ви реков и порано, дека оние што го прават тоа, нема да го наследат царството Божјо.

5:22 А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност,

5:23 кротост, воздржливост. Против такви нема закон.

5:24 Оние, пак, кои се Христови, го рас­пнаа телото свое со страстите свои и похотите.

5:25 Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме.

5:26 Да не бараме лажна слава, еден друг да не се предизвикуваме, еден на друг да не си завидуваме.

Glava 6

6:1 Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте го та­ков со духот на кротоста, пазејќи се и вие да не бидете искушани.

6:2 Поднесувајте го товарот еден на друг и исполнувајте го така законот Христов.

6:3 Зашто оној, кој сам себе се смета за нешто, а не е ништо, тој се мами самиот себе.

6:4 Секој нека си ги испита делата свои и тогаш ќе има пофалба пред себе са­ми­от, а не пред друг.

6:5 Зашто секој ќе го понесе својот то­вар.

6:6 А оној што се учи на словото, нека му дава дел од секое добро на оној што го учи.

6:7 Не лажете се: Бог не е за подигрува­ње. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее.

6:8 Кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот.

6:9 Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, ако не се измориме.

6:10 И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера.

6:11 Гледајте со колку големи букви ви напишав со својата рака.

6:12 Оние што сакаат да се фалат по тело, тие ве принудуваат да се обрезувате само за да не бидат гонети поради крстот Христов.

6:13 Зашто, и оние што се обрезуваат, сами не го почитуваат Законот, а сакаат вие да се обрезувате за да се пофалат со вашето тело;

6:14 а мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот.

6:15 Зашто во Исус Христос ниту обре­занието има некаква сила, ниту необрезанието, туку новото создание.

6:16 На оние што постапуваат и по тоа правило, и отсега натаму нека биде мир и милост, ним и на Израел Божји!

6:17 И така, никој да не ми досадува веќе, зашто јас ги носам на своето тело белезите на Исус.

6:18 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, нека биде со вашиот дух, браќа. Амин!