Filipjanite
Glava 1
1:1 Павле и Тимотеј, слуги на Исус Христос, до сите светии во Христос Исус, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите:
1:2 благодат и мир вам од Бог, Отецот наш и од Господ Исус Христос!
1:3 Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас,
1:4 – во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас –
1:5 заради вашето учество во Евангелието од првиот ден, па сѐ досега,
1:6 уверен во тоа дека Оној, Кој го започна во вас доброто дело, ќе го доврши сѐ до Денот на Исус Христос.
1:7 И право е да го мислам тоа за сите вас, зашто секогаш ве носам во срце – и кога сум во окови, и кога го бранам и утврдувам Евангелието, бидејќи сите вие сте мои соучесници во благодатта.
1:8 Бог ми е сведок колку многу копнеам по сите вас со милосрдноста на Исус Христос.
1:9 И се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува преку познанието и разбирањето на сѐ,
1:10 за да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос,
1:11 полни со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бога.
1:12 Сакам, браќа, да знаете дека тие работи, што ми се случија, придонесоа за поголем успех на Евангелието,
1:13 така што во целата преторија и меѓу сите други стана познато дека сум во окови за Христос;
1:14 и дека повеќето од браќата во Господ, поттикнати од моите окови, се осмелија, без страв да го проповедаат словото Божјо.
1:15 Некои, навистина, од завист и желби за кавга, а други од добра волја Го проповедаа Христос:
1:16 едни Го проповедаат Христос од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието.
1:17 А другите имаат желба да се препираат неискрено, мислејќи дека ја наголемуваат тежината на моите окови.
1:18 Другите, пак, проповедаат од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието.
1:19 Зашто знам дека тоа ќе ми послужи за спасение со вашата молитва и преку дејството на Духот на Исус Христос,
1:20 како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се посрамам, но со сета моја храброст, како секогаш, така и сега, ќе се возвеличи Христос во моето тело – било со живот, било со смрт.
1:21 За мене, „да се живее“ значи Христос, а „да се умре“ – придобивка.
1:22 Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тогаш што да одберам не знам.
1:23 Измачуван сум и од едното, и од другото: сакам да заминам и да бидам со Христос, бидејќи тоа е многу подобро;
1:24 но да останам во телото е попотребно за вас.
1:25 Уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе пребивам со сите вас за ваш напредок и радост на верата,
1:26 та пофалбата ваша во Христос Исус да се умножува преку мене, кога повторно ќе дојдам кај вас.
1:27 Живејте само достојно за Христовото Евангелие, та, ако дојдам и ве видам, или пак во отсуство слушнам за вас дека стоите во еден дух, борејќи се еднодушно за верата на Евангелието,
1:28 и во ништо не се плашите од противниците; тоа е знак за нивната погибел, а за вашето спасение, и тоа е од Бога.
1:29 Зашто вам ви се даде дар поради Христос не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него,
1:30 борејќи се со истата борба, каква што видовте во мене и сега слушате за мене.
Glava 2
2:1 И така, ако во Христос има некаква утеха, ако има некаков поттик од љубовта, ако има некакво заедништво со Духот, ако има некое милосрдие и сострадание,
2:2 исполнете ја мојата радост: бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени;
2:3 не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси!
2:4 Не грижете се секој само за себе, туку и за другите!
2:5 Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос,
2:6 Кој, иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога;
2:7 но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек;
2:8 Сам Себе се понизи, послушен сѐ до самата смрт, смрт на крст.
2:9 Па затоа и Бог Го превозвиши и Му даде име што е над секое име,
2:10 та во името на Исус да се поклони секое колено на сѐ што е небесно, земно и подземно,
2:11 и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Отецот.
2:12 Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го своето спасение,
2:13 зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја.
2:14 Правете сѐ без мрморење и двоумење,
2:15 за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји, сред изопачено и развратно поколение, во кое светите како светила во светот,
2:16 држејќи се за словото на животот, за моја гордост во денот Христов, дека не трчав напразно и не се трудев напразно.
2:17 Но, иако се излевам како жртва леаница и за служба на вашата вера, се радувам сам и се радувам со сите вас.
2:18 Така исто радувајте се и вие и зарадувајте ме!
2:19 А се надевам во Господ Исус дека наскоро кај вас ќе го пратам Тимотеј, та и јас, откако ќе разберам како сте, да се утешам со духот.
2:20 Всушност, немам ниту еден истомисленик, кој толку искрено би се грижел за вас.
2:21 Зашто сите си го бараат своето, а не она на Исус Христос;
2:22 а неговата опитност е позната; тој, како син на татко, слугуваше заедно со мене при благовестувањето.
2:23 Него, пак, се надевам дека ќе го испратам веднаш, штом ќе дознаам што ќе стане со мене;
2:24 а се надевам во Господ дека и сам скоро ќе дојдам кај вас.
2:25 Сметам дека е потребно кај вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и соборец во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои,
2:26 бидејќи тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше што сте чуле дека бил болен.
2:27 Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, и не само него, туку и мене, за да не ми се натовари една жалост врз друга.
2:28 Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален.
2:29 Примете го, пак, во Господ со секаква радост, и такви почитувајте,
2:30 бидејќи за Христовото дело тој беше скоро на умирање, не жалејќи го својот живот за да го дополни недостигот на вашата служба кон мене.
Glava 3
3:1 Но, браќа мои, радувајте се во Господ! Зашто мене не ми е здодевно да ви пишувам исти нешта, а за вас тоа значи безбедност.
3:2 Чувајте се од кучињата, чувајте се од лошите работници, чувајте се од лажно обрезување,
3:3 зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се гордееме со Христос Исус, и не се надеваме на телото,
3:4 иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли дека може да се надева на телото, тогаш уште повеќе можам да се надевам јас,
3:5 кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израелов, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по законот фарисеј,
3:6 по ревност – гонител на Божјата Црква, според правдата на Законот – беспрекорен.
3:7 Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба.
3:8 Затоа, сметам дека и сѐ друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Христос,
3:9 и да се најдам во Него, не со својата праведност стекната од Законот, туку со придобивката преку верата во Христос, односно со праведноста од Бога преку верата;
3:10 за да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата,
3:11 та некако да го достигнам воскресението на мртвите.
3:12 Велам така не затоа што веќе достигнав, или дека веќе постигнав совршенство, туку се стремам да го достигнам она со кое Христос ме достигна мене.
3:13 Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене,
3:14 трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос.
3:15 Ние, кои сме, пак, совршени, мислиме така; ако, пак нешто инаку мислите, Бог и тоа ќе ви го открие.
3:16 Но, само да го држиме она до кое достигнавме, да бидеме едномислени и по истото правило да продолжиме.
3:17 Следете го мојот пример, браќа, и гледајте ги оние што живеат според образецот што го имате во вас.
3:18 Зашто мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов;
3:19 нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи.
3:20 А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос.
3:21 Тој ќе го преобрази нашето понизено тело да стане подобно на Неговото славно тело, со силата преку која Тој може да потчинува под Себе сѐ.
Glava 4
4:1 И така, браќа мои возљубени и многу пожелни, радост моја и венец, стојте цврсто во Господ, возљубени!
4:2 Ја молам Еводија, ја молам и Синтихија да бидат едномислени во Господ;
4:3 а те молам и тебе, искрен сотрудниче, помагај им на оние што се грижеа во Евангелието заедно со мене и со Климент и со другите мои сотрудници, чии имиња се во Книгата на животот.
4:4 Радувајте се секогаш во Господ, и пак ќе речам: радувајте се!
4:5 Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу!
4:6 За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања,
4:7 и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исус Христос.
4:8 Понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!
4:9 И она што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа правете го, – и Бог на мирот ќе биде со вас!
4:10 Јас се зарадував необично многу во Господ, зашто најпосле расцветавте во вашата грижа за мене; вие и порано се грижевте за мене, но немавте згодна пригода.
4:11 Ова го велам не поради скудност од нешто, бидејќи се научив да се задоволувам со она што го имам.
4:12 Знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сѐ и сешто, и сит да бидам, и глад да трпам, и во изобилие да сум и во немаштија.
4:13 Сѐ можам преку Исус Христос, Кој ме крепи.
4:14 Но, добро направивте што зедовте учество во мојата скрб.
4:15 А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога отпатував од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен од вас;
4:16 зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат ми пративте нужни работи.
4:17 Ова го велам не дека сакам да ми давате, туку го барам плодот кој се умножува во ваша полза.
4:18 Добив сѐ и имам во изобилие, се пренаполнив со блага, кога го примив од вас испратениот дар преку Епафродит, кој е мирис сладок, жртва пријатна, благоугодна на Бога.
4:19 Мојот Бог, по Своето богатство, нека ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христос Исус.
4:20 А на Бога, нашиот Отец, слава во вечни векови. Амин!
4:21 Поздравете го секој светија во Христос Исус! Ве поздравуваат браќата што се со мене.
4:22 Ве поздравуваат сите светии, а особено оние што се од Цезаревиот дом.
4:23 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин!