Estira

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10

Glava 1

1:1 Тоа беше за време на владеењето на Ксеркс, – оној Ксеркс кој царуваше над сто дваесет и седум области од Индија до Етиопија, –

1:2 во тоа време, кога царот Ксеркс седеше на својот царски престол што е во престолнината Суза,

1:3 во третата година на своето царување, тој приреди гозба за сите свои кнезови и слуги, за главните војводи на персиската и на мидиската војска и на своите обласни управници,

1:4 покажувајќи ги во текот на цели сто и осумдесет дена големото богатство на царството свое и големиот сјај на своето величие.

1:5 Откако завршија тие денови, царот приреди за народот свој, кој се наоѓаше во Суза, од најголем до најмал, седум­дневна гозба во тремот на градината на царскиот дворец.

1:6 Бели памучни и виолетови волнени завеси, прицврстени со ленени и пурпурни врвци, за сребрени алки, висеа на мермерните столбови. Има­ше златни и сребрени легла послани на подот, од зелен, бел, жолт и црвен мермер.

1:7 Напивките се служеа во златни разнообразни чаши; а царско вино има­ше во изобилие, според богатството на царот.

1:8 Пиењето беше слободно: без при­силување, бидејќи царот им беше запо­ведал на сите свои управници на домот да постапуваат според волјата на секој.

1:9 И царицата Астина исто така приреди гозба за жените во царскиот дом на царот Ксеркс.

1:10 На седмиот ден, кога срцето на ца­рот се развесели од виното, тој им рече на Мехуман, Бизета, Харвона, Бигета, Авагета, Зетар и Каркас – седум евнуси, што служеа пред царот Ксеркс,

1:11 да ја доведат царицата Астина пред царевото лице со царски венец за да им ја покаже нејзината убавина на народите и на кнезовите, зашто таа беше многу убава.

1:12 Но царицата Астина не сакаше да дојде според царевата наредба, соопштена преку евнусите.

1:13 Царот многу се разгневи, и јароста пламна во него. И им рече царот на мудреците, кои ги познаваа поранеш­ните времиња, зашто царски­те дела се разгледуваа пред сите што знаеја закон и правда,

1:14 а негови најблиски тогаш беа: Каршена, Ситар, Адмата, Тарсис, Ме­рес, Марсена, Мемухан – седум перси­ски и мидиски кнезови, кои седеа до ца­рот на прво место:

1:15 „Како да постапиме според за­конот со царицата Астина, поради тоа што не го исполни зборот на царот Ксеркс, соопштен преку дворјаните.“

1:16 Тогаш рече Мемухан пред лицето на царот и на кнезовите: „Не само пред царот е виновна царицата Астина, туку и пред сите кнезови и началници цар­ски;

1:17 зашто постапките на царицата ќе ги дознаат сите жени и ќе почнат да ги запоставуваат мажите свои и да говорат: ‚царот Ксеркс заповедал да ја доведат пред него царицата Асти­на, но таа не отишла.‘

1:18 Сега персиските и мидиските кне­гињи, кои ќе чујат за постапката на царицата, ќе им го кажат тоа на сите царски кнезови; и ќе има горделивост, а и големи караници.

1:19 Ако му е на царот угодно, нека издаде царска заповед што ќе се запише во персиските и мидиските закони и да не се менува: дека Астина нема да излегува веќе пред лицето на царот Ксеркс, а нејзиното царско достоинство царот да го предаде на друга, подобра од неа.

1:20 Кога ќе чујат за таа царска заповед, која ќе се разнесе по целото негово царство, колку и да е големо, сите жени ќе ги почитуваат мажите свои, од најголем до најмал.“

1:21 Тие зборови му се допаднаа на царот и на кнезовите: и царот пос­тапи според зборовите на Мемухан;

1:22 па испрати до сите царски об­ласти писма, напишани за секоја област со писмото нејзино и на секој народ на јазикот негов: секој маж да биде господар на домот свој, и тоа да му се објави на секого на неговиот роден јазик.

Glava 2

2:1 Откако стивна гневот на царот Ксеркс, тој се сети на Астина и на она што го направи таа и за решението за неа.

2:2 И рекоа царските слуги, што му служеа: „Да се побараат за царот млади и убави девојки,

2:3 а царот да определи во сите области на царството пратеници што ќе ги соберат сите млади и убави на изглед девојки во престолнината Суза, во женскиот дом под надзор на царскиот евнух Хегај, чувар на жени­те, и да им дадат сѐ што е потребно за дотерување.

2:4 И која девојка ќе му се допадне на царот, таа да стане царица наместо Астина. Му се допаднаа на царот тие зборови, и тој постапи така.“

2:5 Имаше во престолнината Суза еден Јудеец, по име Мардохеј, син на Јаир, син на Семеј, син на Кис, од Венија­миновото племе.

2:6 Тој беше преселен од Ерусалим со плениците, протерани заедно со јудеј­скиот цар Јехонија, што го беше преселил вавилонскиот цар Навуходо­носор.

2:7 Тој ја воспитуваше Хадаса – односно Естира – ќерка на чичко му, бидеј­ќи таа немаше ни татко, ни мајка. Таа девојка имаше тенка става и убаво лице, а по смртта на татко ѝ, Мар­дохеј ја прибра кај себе како своја ќерка.

2:8 Кога беше објавена заповедта на царот и указот негов, и откога беа собрани многу девојки во престолнината Суза под надзор на Хегај, тогаш беше земена и Естира во царскиот дом под надзор на Хегај, чуварот на жените.

2:9 Таа девојка му се допадна и ја придоби неговата наклоност, и тој побрза да ѝ даде масла и сѐ што ѝ припаѓа, и да ѝ определи седум достојни девојки да бидат покрај неа, во царскиот дом, па ја премести неа и девојките нејзини во најубавото одделение на жен­скиот дом.

2:10 Естира не го кажуваше ни народот свој, ни потеклото свое, бидејќи Мардо­хеј ѝ беше заповедал да не кажува.

2:11 И секој ден Мардохеј доаѓаше во дворот на женскиот дом за да дознае за здравјето на Естира и што станува со неа.

2:12 Кога доаѓаше времето на секоја девојка да влезе кај царот Ксеркс, откако дванаесет месеци по ред беше извршувано над неа сѐ, определено за жените, – зашто за толку време продол­жуваа дните на дотерувањето нивно: шест месеци со смирново масло и шест месеци со благопријатни мириси и со други женски работи –

2:13 дури тогаш девојката влегуваше кај царот. И што и да побараше таа, ќе ѝ дадеа и со тоа одеше од жен­скиот дом во домот на царот.

2:14 Вечерта таа влегуваше и утредента се враќаше во друг женски дом под надзор на царскиот чувар на наложниците; и веќе не влегуваше кај царот, – освен ако царот ја побараше, и ќе ја повикаа по име.

2:15 Кога дојде време за Естира, ќерка на Авихаил, чичко на Мардохеј, кој ја беше прибрал кај себе место ќерка, – да оди при царот, таа не побара ни­што, освен она што ѝ го кажа царскиот дворјанин Хегај, чувар на жените. И Естира им се допадна на сите што ја видоа.

2:16 И беше земена Естира кај царот Ксеркс, во неговиот царски дом, во десеттиот месец, односно во месецот тевет, во седмата година од царувањето негово.

2:17 Царот ја засака Естира повеќе од сите жени, и таа ја доби неговата бла­гонаклоност и љубов повеќе од сите девојки; тој ѝ стави на главата царски венец и ја постави за царица на местото на Астина.

2:18 И царот им приреди голема гозба на сите свои кнезови и слуги кај него, – гоштевање поради Естира, и им даде олеснувања на областите и раздаде подароци со царска штедрост.

2:19 И кога вториот пат беа собрани девојките, и Мардохеј седеше кај цар­ската врата,

2:20 Естира сѐ уште не говореше за своето потекло и за народот свој, спо­ред она како што ѝ беше запо­ведал Мардохеј; и зборот на Мардохеј го ис­полнуваше и сега така, како и кога беше кај него на воспитување.

2:21 Во тоа време, кога Мардохеј седеше пред царската порта, двајцата царски дворјани Бигетан и Тереш, кои го чуваа прагот, се озлобија поради тоа што бе­ше претпочитан Мардохеј, па размислуваа како да стават рака врз царот Ксеркс.

2:22 Кога дозна за тоа, Мардохеј ѝ соопшти на царицата Естира, а Естира му кажа на царот од името на Мардохеј.

2:23 Работата беше испитана и се утврди дека е тоа вистина, и тие двајцата беа обесени на дрво. И тоа се запиша во книгата на царскиот летопис.

Glava 3

3:1 Потоа царот Ксеркс го возвеличи Вугеецот Аман, син Амадатов, го воздигна и го постави престолот негов погоре од престолите на сите свои кнезови;

3:2 и сите слуги на царот, кај царската порта се поклонуваа и паѓаа ничкум пред Аман, бидејќи така беше запо­ведал царот. Но Мардохеј не му се поклонуваше и не паѓаше на колена.

3:3 И му говореа на Мардохеј царските слуги кај царската порта: „Зошто ја кршиш царевата заповед?“

3:4 Но иако му говореа така секој ден, тој сепак не ги слушаше. Тогаш му ја­вија на Аман, да видат ќе остане ли на зборот свој Мардохеј, бидејќи им беше рекол дека е Јудеец.

3:5 Откако виде Аман дека Мардохеј не се поклонува и не паѓа ничкум пред него, се исполни со гнев.

3:6 Но тој помисли дека не е добро да става рака само на Мардохеј; но бидејќи му рекоа, од кој народ е Мардохеј, Аман намисли да ги истреби сите Јудејци во целото Ксерксово царство, како народ на Мардохеј.

3:7 Па свика совет во првиот месец, односно месецот нисан, во дванаесеттата година од владеењето на царот Ксеркс, и фрлаа ждрепка пред Аман од ден на ден и од месец на месец, и падна ждрепката на тринаесеттиот ден од дванаесеттиот месец, односно месецот адар кога требаше да го погубат Мар­дохеевиот народ.

3:8 И Аман му рече на царот Ксеркс: „Има еден народ, распрснат меѓу народите по сите краишта на твоето цар­ство; законите нивни се разликуваат од законите на сите народи, и царските закони тие не ги исполнуваат; па не треба царот така и да ги остави.

3:9 Ако му е на царот угодно, нека заповеда да бидат истребени, и десет илјади кикари сребро ќе измерам за да бидат внесени во царската ризница.“

3:10 Тогаш царот го извади од раката прстенот свој и му го даде на Вугеецот Аман, синот Амадатов за да стави печат на повелбата против Јудејците.

3:11 И му рече царот на Аман: „Ти го предавам тебе тоа сребро и народот; прави со нив што сакаш.“

3:12 И беа свикани царските писари во првиот месец, во тринаесеттиот негов ден, и беше напишано, како што заповеда Аман, до царските намесници на секоја област, до кнезовите на секој народ, – на секоја област со неј­зиното писмо, и до секој народ на јазикот не­гов: сѐ беше напишано од името на царот Ксеркс и потврдено со печатот од царскиот прстен.

3:13 И беа испратени писма преку брзоодци до сите царски области за да бидат убиени, погубени и истребени си­те Јудејци, од најголем до најмал, деца и жени, во еден ден, во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно, месец адар, и имотот нивен да биде разграбен.

3:14 Препис од писмото да се испрати до секоја област, како закон, што им се објавува на сите народи за да бидат спремни за оној ден.

3:15 Брзоодците тргнаа брзо со царската заповед. Повелбата беше објавена и во престолнината Суза: а царот и Аман седеа и пиеја, а градот Суза беше вознемирен.

Glava 4

4:1 Кога Мардохеј дозна за сѐ што се правеше, ја раскина облеката, стави врз себе вреќиште и пепел, излезе среде градот и викаше силно и со огорченост: „Се истребува народ во ништо необвинет.“

4:2 И дојде до царската порта и запре, бидејќи не можеше да влезе со вре­ќиште и со пепел.

4:3 Исто така и во секоја област и мес­то, каде и да пристигнеше запо­ведта на царот и повелбата негова, настануваше голема тага кај Јудеј­ците и пост и пла­чење и викање; вре­ќиштата и пепелта им служеа како постела на мнозина.

4:4 Дојдоа слугинките и дворјаните на Естира и ѝ раскажаа сѐ; царицата силно се возбуди. Таа испрати облека да го преоблечат Мардохеј и да го симне од себе вреќиштето. Но тој не ги прими.

4:5 Тогаш Естира го повика Хатах, еден од евнусите на царот, кого тој го беше одредил да биде покрај неа, и го испра­ти кај Мардохеј да дознае: што значи тоа и зошто е?

4:6 Хатах отиде кај Мардохеј на градскиот плоштад што беше пред царската порта.

4:7 Мардохеј му раскажа за сѐ што се беше случило со него, и за определеното количество сребро, што Аман го бе­ше ветил да го одмери во царската риз­ница за да бидат истребени Јудејците;

4:8 и му врачи препис од повелбата, објавена во Суза, за истребувањето нивно за да ѝ ја покаже на Естира, та таа да дознае за сѐ; притоа ѝ порача да оди кај царот и да му се моли за својот народ.

4:9 Хатах дојде и ѝ ја предаде на Естира пораката на Мардохеј.

4:10 И му рече Естира на Хатах, испраќајќи го, да му каже на Мардо­хеј:

4:11 „Сите слуги кај царот и народите во царските области знаат дека секој, било тоа маж или жена, што ќе влезе кај царот од внатрешниот двор, а да не е повикан, го очекува една пресуда – смрт; само оној, кон кого царот ќе го пружи својот златен жезол, останува жив. А јас не сум повикана кај царот еве веќе триесет дена.“

4:12 И му ги пренесоа на Мардохеј зборовите на Естира.

4:13 Мардохеј во одговор ѝ рече на Естира: „Не мисли дека ти единствена од сите Јудејци ќе се спасиш во цар­скиот дом.

4:14 Ако ти премолчиш во ова време, тогаш слободата и спасението на Ју­дејците ќе дојде од друго место, а ти и домот на таткото твој ќе загинете. И кој знае, дали токму за вакво време не си достигнала царско достоинство?“

4:15 А Естира му одговори на Мар­дохеј, велејќи:

4:16 „Оди, собери ги сите Јудејци што се наоѓаат во Суза, и постете за мене, и не јадете, и не пијте три дена, ни дење ни ноќе, и јас со слугите свои исто така ќе постам и потоа ќе одам кај царот, иако е тоа и против зако­нот, па ако загинам – нека загинам.“

4:17 Тогаш отиде Мардохеј и направи, како што му порача Естира.

Glava 5

5:1 На третиот ден Естира се облече по царски и дојде во внатрешниот двор на царскиот дом, пред домот на царот. А царот тогаш седеше на својот царски престол во царскиот дом, токму спроти влезот на домот.

5:2 Кога царот виде дека царицата Естира стои во дворот, таа најде милост во очите негови и царот го подаде кон Естира златниот жезол што беше во раката негова. Естира се приближи и го допре крајот на жезолот.

5:3 Тогаш царот ѝ рече: „Што ти е, царице Естира? Која е твојата молба? Дури и половината од царството ќе ти биде дадено.“

5:4 Тогаш Естира рече: „Денес имам празник. Ако му е на царот угодно, не­ка дојде царот со Аман на гозба што сум му ја приготвила.“

5:5 А царот рече: „Одете поскоро по Аман за да се исполни желбата на Ес­тира.“ И дојде царот со Аман на гозбата што ја беше приготвила Естира.

5:6 И кога царот сакаше да пие вино, ја праша Естира: „Која ти е желбата? Таа ќе биде исполнета. И каква е твојата молба? Макар да бараш и половина царство, тоа ќе ти биде дадено.“

5:7 Одговори Естира и рече: „Еве ја мојата желба и мојата молба:

5:8 ако сум нашла милост во очите на царот и ако на царот му е мило да ја исполни желбата моја и да ја исполни молбата моја, тогаш нека дојде царот со Аман на гозба што ќе ја приготвам за нив и утре, па ќе постапам според царскиот збор.“

5:9 Тој ден Аман излезе весел и расположен. Но кога Аман го виде Мардохеј при царската порта, и тој не стана и не се помести од местото пред него, Аман се исполни со гнев против Мардохеј.

5:10 Но Аман сепак се воздржа. А кога дојде во домот свој, испрати да ги пови­каат неговите пријатели и неговата жена Зереша.

5:11 Аман им раскажа за големото свое богатство, за многуте свои сино­ви и за сѐ она, како царот го возве­личил и како го воздигнал над кнезовите и слугите царски.

5:12 И рече Аман: „Па и царицата Ес­тира никого не повика со царот на гозбата, што ја беше приготвила, освен мене; така и утре сум поканет кај неа со царот.

5:13 Но сето тоа не ме задоволува додека го гледам Јудеецот Мардохеј како седи пред царската порта.“

5:14 И му рече жената негова Зереша, и сите негови пријатели: „Нека приготват бесилка, висока педесет лакти, и утре кажи му на царот да го обеси Мардохеј на неа, и тогаш оди весело на гозбата со царот.“ Му се допаднаа на Аман тие зборови, и тој нареди бесилката да биде направена.

Glava 6

6:1 Преку ноќта Господ не му даде сон на царот. Затоа му заповеда на слугата да ја донесе книгата за дневните белешки; и ги читаа пред царот;

6:2 и се најде запишано таму дека Мар­дохеј беше соопштил за двајцата царски слуги Бигетан и Тереш, кои го чуваа прагот и правеа план да стават рака врз царот Ксеркс.

6:3 Царот запраша: „Каква чест и какво одликување му е дадено на Мардохеј за тоа?“ Царските дворјани што му читаа, одговорија: „Ништо не му е направено.“

6:4 Кога царот се распрашуваше за доб­рото дело на Мардохеј, дојде во дворот Аман, и праша царот: „Кој е во дво­рот?“ Аман, пак, тогаш беше дошол во надворешниот двор на цар­скиот дворец за да бара од царот за да го обесат Мардохеј на бесилката што ја беше приготвил за него.

6:5 Дворјаните му одговорија на царот: „Ете, Аман стои во дворот.“ Царот рече: „Нека влезе.“

6:6 И Аман влезе. Царот го праша: „Што да му направам на таков човек кого сакам да го одликувам со по­чести?“ Аман си помисли во срцето: кого друг би посакал царот да го одликува, освен мене?

6:7 И Аман одговори: „На таков човек, кого царот сака да го одликува со почести,

6:8 нека му донесат царска облека, со која царот се облекува, и да го доведат коњот, на кој царот јава, да му постават царски венец на главата негова,

6:9 и нека ги дадат облеката и коњот, во рацете на еден од првите царски кнезови, да го облечат човекот, кого царот сака да го одликува, да го изведат на коњ на градскиот плоштад и да огласат пред него: Вака му се прави на оној човек, кого царот сака да го одликува со почести!“

6:10 Тогаш царот му рече на Аман: „Добро рече; веднаш земи ја облеката и коњот, како што рече, и направи му го тоа на Јудеецот Мардохеј, кој седи пред царската порта; ништо да не пропуш­тиш од тоа што го кажа.“

6:11 Ги зеде Аман облеката и коњот, го облече Мардохеј, го изведе на коњ на градскиот плоштад и објави пред него: „Вака му се прави на човек, кого царот сака да го одликува со почести!“

6:12 Мардохеј се врати кај царската пор­та. Аман, пак, тргна во домот свој, натажен и со наведната глава.

6:13 И ѝ раскажа Аман на жената своја Зереша, и на сите пријатели свои за сѐ што се случи со него. Тогаш мудреците негови и жената негова Зереша му ре­коа: „Ако Мар­дохеј, поради кого ти почна да паѓаш, е од јудејско племе, ти нема да го надвиеш, туку навистина ќе паднеш пред него, бидејќи со него е живиот Бог.“

6:14 Тие уште разговараа со него, и царските евнуси дојдоа и го поканија Аман да оди на гозбата што ја беше приготвила Естира.

Glava 7

7:1 И дојде царот со Аман на гозбата кај царицата Естира.

7:2 Царот ја запраша Естира исто така и во тој втор ден за време на гоштева­њето: „Која е твојата желба, царице Естира? Таа ќе биде исполнета; и која е молбата твоја? Макар и за половина од царството, таа ќе биде исполнета.“

7:3 Царицата Естира одговори и рече: „Ако сум нашла милост во твоите очи, царе, и ако на царот му е угодно, нека ми бидат подарени мојот живот, по моја желба, и мојот народ, по моја молба!

7:4 Зашто јас и мојот народ сме продадени да бидеме истребени, убиени и загинати. Да бевме продадени како робови и робинки, јас ќе молчев, макар непријателот и да не ја надомести ште­тата на царот.“

7:5 Проговори царот Ксеркс и ја праша царицата Естира: „Кој е тој и каде е тој, кој се осмелил во своето срце да пос­тапи така?“

7:6 Естира му одговори: „Непријате­лот е овој злобен Аман!“ И Аман затрепери пред царот и царицата.

7:7 И во гневот свој царот стана од гозбата и отиде во градината на дворецот; Аман, пак, остана да ја моли за животот свој царицата Естира, зашто виде дека од царот го чека зло.

7:8 Кога царот се врати од градината кај дворецот во домот на гозбата, Аман се беше наведнал кон леглото, на кое седеше Естира. И царот рече: „Сака дури и да ја обесчести царицата во куќата моја!“ Излезе зборот од устата на царот, – му го покрија лицето на Аман.

7:9 И рече Харвона, еден од царските слуги: „Еве ја бесилката што ја беше приготвил Аман за Мардохеј, кој го­вореше добро за царот, стои во домот на Аман, висока е педесет лакти.“ И царот рече: „Обесете го на неа!“

7:10 И го обесија Аман на бесилката што тој ја беше направил за Мардохеј. Тогаш гневот на царот стивна.

Glava 8

8:1 Во тој ден царот Ксеркс ѝ го даде на царицата Естира домот на Аман, непријателот на Јудејците; а Мардохеј влезе пред лицето на царот, зашто Естира беше соопштила што ѝ е тој.

8:2 И царот го извади прстенот свој што го беше одзел од Аман, и му го даде на Мардохеј; а Естира го постави Мар­дохеј за надзорник на Амановиот дом.

8:3 И Естира говореше уште пред ца­рот, падна пред нозете негови, плачеше и го молеше да ја измени злобата на Вугеецот Аман и плано­вите негови што беше ги скроил против Јудејците.

8:4 Царот го подаде кон Естира златниот жезол; Естира стана и застана пред лицето на царот,

8:5 па му рече: „Ако му е на царот угодно, ако сум нашла милост пред неговото лице, а тоа дело биде спра­ведливо пред лицето на царот, нека се напише да се вратат писмата според замислата на Вугеецот Аман, син Амадатов, кој беше напишал за по­губувањето на Јудејците во сите царски области;

8:6 зашто, како би можела да ја гледам неволјата што ќе го снајде мојот народ, и како би можела да го гледам загинувањето на моите сродници?“

8:7 Тогаш царот Ксеркс им рече на ца­рицата Естира и на Јудеецот Мар­дохеј: „Еве, јас ѝ го дадов на Естира домот на Аман, и самиот него го обесив на бесилка, поради тоа што беше кренал рака на Јудејците;

8:8 напишете и вие за Јудејците, она што ви е угодно, од името на царот и потврдете го со печат од царскиот прстен, зашто писмо, напишано од името на царот и потврдено со печат од царски прстен, не може да се измени.“

8:9 Веднаш беа повикани царските пи­сари во третиот месец, односно, во месецот сиван, на дваесет и третиот ден, и беше напишано сѐ онака, како што заповеда Мардохеј, до Јудејците и до сатрапите, до обласните намесници, до управниците на областите од Индија до Етиопија – сто дваесет и седум об­ласти на секоја област со нејзиното писмо и до секој народ на неговиот јазик и до Јудејците со нивните писма и на нивни јазик.

8:10 И беа напишани писма од името на царот Ксеркс, ги запечати со царскиот прстен и им ги испрати по брзоодци на коњи, на камили и на царски мулиња,

8:11 дека царот им дозволува на Јудеј­ците што се наоѓаат во секој град да се соберат и да го заштитат својот живот, да ги истребат, убијат и погубат сите силни во народот и во областа, кои постапуваат непријателски спрема нив и нивните деца и жени, а имотот нивни да го разграбаат,

8:12 во еден ден по сите области на царот Ксеркс, во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно, во месе­цот адар.

8:13 Препис од таа повелба да се ис­прати до секоја област, како закон, обја­вен за сите народи, та Јудејците да би­дат готови за тој ден да им се одмаздат на непријателите свои.

8:14 Брзоодците, јавнати на брзи царски коњи, тргнаа скоро и брзаа со царската заповед. Повелбата беше објавена и во престолнината Суза.

8:15 Тогаш Мардохеј излезе откај царот во царски сини и бели алишта, со голем златен венец и во ленена и пурпурна облека. Градот Суза се развесели и се зарадува.

8:16 Кај Јудејците тогаш настана ден на светлина и радост, веселба и свеченост.

8:17 И во секоја област, во секој град и секое место, каде што ќе стигнеше заповедта на царот и неговата повелба, настануваше радост, веселба, гозба и празник за Јудејците. И мнозина луѓе од народите во земјата станаа Јудејци, зашто ги беше обзел страв од Јудејците.

Glava 9

9:1 Во дванаесеттиот месец, во месецот адар, на тринаесеттиот ден, кога дојде време да се исполни заповедта на царот и на неговата повелба, во тој ден, кога непријателите на Јудеј­ците, се надеваа дека ќе ја земат власта над нив, Јудејците ја зедоа власта над своите непријатели;

9:2 се собраа Јудејците во градовите свои по сите области на царот Ксеркс, да ставаат рака врз своите непријатели, и никој не можеше да истрае пред лицето нивно, затоа што стравот од нив ги беше опфатил сите народи.

9:3 И сите кнезови по областите и са­трапите и обласните намесници и извр­шители на царските дела ги помагаа Јудејците, зашто ги беше опфатил страв од Мардохеј.

9:4 Зашто Мардохеј беше силен во царскиот дом, и славата негова се пренесуваше по сите области, бидејќи тој човек, Мардохеј, се издигаше сѐ повеќе и повеќе.

9:5 Јудејците ги погубуваа сите свои не­пријатели, убивајќи ги со меч, ги умртвуваа и ги истребуваа; и постапуваа со непријателите свои по своја волја.

9:6 Во престолнината Суза убија и истребија петстотини души;

9:7 Паршандата, Далфон, Аспата,

9:8 Пората, Адалија, Аридата,

9:9 Пармашта, Арисај, Аридај и Вајизата

9:10 – десетте синови на Амадатовиот син Аман, непријател на Јудејците, ги убија, но за грабеж рака не подадоа.

9:11 Во истиот ден му го соопштија на царот бројот на убиените во престолнината Суза.

9:12 Тогаш ѝ рече царот на царицата Естира: „Во престолнината Суза Јудеј­ците убија и истребија петстотини души и десетмина Аманови синови; а што ли извршиле во другите царски области? Каква е твојата желба? И таа ќе биде удоволена. И каква е уште твојата мол­ба? И таа ќе биде исполнета.“

9:13 Естира му одговори: „Ако му е на царот угодно, нека им биде дозволено на Јудејците во Суза, да го вршат истото и утре, она што беше денес, и десетте Аманови синови да бидат обесени на бесилка.“

9:14 Царот заповеда да се направи така. Затоа беше издадена повелба во Суза, и ги обесија десетте Аманови синови.

9:15 Се собраа Јудејците што беа во Суза, исто така и на четиринаесеттиот ден од месецот адар и убија во Суза триста души, но за грабеж рака не пуштија.

9:16 И другите Јудејци, кои се наоѓаа во царските области, се собраа да го заштитуваат својот живот и својот мир од нивните непријатели, па убија од непријателите седумдесет и пет илјади, но за грабеж рака не пуштија.

9:17 Тоа стана на тринаесеттиот ден од месец адар, и на четиринаесеттиот ден од тој месец тие се успокоија и напра­вија ден за гозби и веселби.

9:18 А Јудејците што беа во Суза, се собраа на тринаесеттиот ден и на четиринаесеттиот ден, а на петнаесеттиот ден се успокоија и го направија ден за гозби и веселби.

9:19 Затоа Јудејците селани што жи­вееја во неутврдени села, го поминуваат четиринаесеттиот ден на месец адар во веселби и гоштевки, како празник, и за­емно си испраќаат пода­роци; а оние што живеат во утврдените градови, го поминуваат и петнаесеттиот ден на адар во добра веселба и им испраќаат подароци на блис­ките.

9:20 Мардохеј ги опиша тие настани и испрати писма до сите Јудејци во областите на царот Ксеркс, до блис­ките и далечните,

9:21 за да го востановат и секоја година да го празнуваат четиринаесеттиот ден од месецот адар и неговиот петнаесетти ден,

9:22 како дни, во кои Јудејците се сми­рија од своите непријатели, и како таков месец, во кој се претвори кај нив жа­лоста во радост и тагата – во празник, – за да ги направат дните за гоштевки и веселби, при што заемно да си испраќаат подароци и дарови на сиромасите.

9:23 Јудејците го примија тоа, кое веќе сами беа почнале да го прават и за кое им напиша Мардохеј,

9:24 дека Вугеецот Аман, Амадатов син, непријател на сите Јудејци, мислеше да ги погуби Јудејците и фрлаше ждрепка, за да ги истреби и погуби,

9:25 и како Естира отиде кај царот и како царот заповеда со ново писмо злосторничкиот план на Аман што бе­ше намислил за Јудејците да се сврти против главата нивна, и да го обесат него и синовите негови.

9:26 Затоа и ги нарекоа тие дни Пурим, од зборот пур – ждрепка. Ете зашто, согласно со сите зборови од тоа писмо и со она што сами го видоа и пропатија,

9:27 Јудејците се обврзаа и прифатија за себе и за децата свои и за сите што се присоединуваа кон нив, неодменливо да ги празнуваат тие два дена, според заповеданото за нив и на времето нивно, секоја година;

9:28 и да бидат тие дни за сеќавање и празнувани во сите родови, во секое племе, во секоја област и во секој град; а тие дни Пурим да не се менуваат кај Јудејците, па споменот за нив да не исчезне кај децата нивни.

9:29 Напиша и царицата Естира, ќер­ка Авихаилова, и Јудеецот Мардохеј, најупорно да го исполнуваат тоа ново писмо за Пурим;

9:30 и испратија писмо со зборови за мир и правда до сите Јудејци во сто дваесет и седум области на царот Ксеркс,

9:31 за да ги пазат постојано тие дни Пурим за времето нивно, како што ги установија за нив Јудеецот Мардохеј и царицата Естира и како што сами ги определија за себе и за децата свои, во дните на пост и плачење.

9:32 Така заповедта на Естира ја потврди таа наредба за Пурим, а таа се запиша и во книгата.

Glava 10

10:1 Потоа царот Ксеркс ѝ наметна данок на земјата и на морските острови.

10:2 Сите дела на силата негова и моќта негова и подробниот приказ за големината на Мардохеј, со која царот ги возвеличи, се запишани во книгата за дневни белешки на мидис­ките и персиските цареви,

10:3 како и тоа дека Јудеецот Мардохеј беше втор по царот Ксеркс, велик кај Јудејците и љубен од многу свои бра­ќа, зашто му го мислеше доброто на својот народ и говореше за доброто на целото свое племе.