Efesjanite

1 2 3 4 5 6

Glava 1

1:1 Павле, по волјата Божја апостол на Исус Христос, до светиите што се во Ефес, и до верните во Исус Христос:

1:2 благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и Господ Исус Христос!

1:3 Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нѐ благослови со секаков духовен бла­гос­лов од небесата во Христос,

1:4 така што и нѐ избра преку Него, уш­те пред светот да биде создаден, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта,

1:5 предопределувајќи нѐ за посинување за Себе преку Исус Христос, зашто тоа Му беше по волја,

1:6 за да биде фалена славата на Него­вата благодат, со која нѐ дарува преку Својот Возљубен Син,

1:7 во Кого имаме откуп преку Не­го­ва­та крв, простување на гревовите по бо­гат­ството на Неговата благодат.

1:8 Таа благодат Тој ни ја даде изобилно заедно со сета мудрост и разум,

1:9 откако ни ја откри тајната на Сво­ја­та волја според Своето благоволение што го беше положил во Себе од порано

1:10 во уредувањето и исполнувањето на времињата, за да соедини сѐ небесно и земно под една глава – во Христос.

1:11 Преку Него ние бевме избрани за наследници, однапред определени спо­ред одлуката на Оној Кој врши сѐ спо­ред волјата Своја,

1:12 за да послужиме како пофалба на славата Негова ние, кои од порано се надевавме на Христос.

1:13 Во Него и вие, откако го слушнавте словото на вистината – Евангелието за вашето спасение, и откако поверувавте во Него, станавте запечатени преку ве­тениот Свети Дух.

1:14 Тој е залог за нашето наследство, за откупување на посвојувањето за пофалба на Неговата слава.

1:15 Ете, затоа и јас, кога слушнав за ва­шата вера во Христос Исус, и за љубовта кон сите светии,

1:16 постојано Му благодарам на Бога, спомнувајќи ве во молитвите свои,

1:17 та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение за да Го познаете,

1:18 и да ги просвети очите на срцата ваши за да увидите во што се состои надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите,

1:19 и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме пре­ку дејството на Неговата крепка сила.

1:20 Таа сила Тој ја покажа во Христос, кога Го воскресна од мртвите и Го пос­тави од Својата десна страна на небесата,

1:21 повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот,

1:22 и сѐ Му покори под Неговите нозе и Го постави глава над сите во Црквата,

1:23 која е Негово тело, полнота на Оној Кој исполнува сѐ во сѐ.

Glava 2

2:1 И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови,

2:2 во кои живеевте некогаш според жи­вотот на овој свет, согласно со кнезот на воздухот, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието,

2:3 меѓу кои и ние сите некогаш жи­ве­евме според телесните желби, из­вр­шу­вајќи ги похотите на телото и на помислите, и по природа бевме како и други­те, чеда на гневот.

2:4 Но Бог, Кој е богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нѐ засака,

2:5 иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживеа во Христос

2:6 и нѐ воскресна со Него и нѐ постави на небесата во Христос Исус,

2:7 за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус.

2:8 Зашто по благодат сте спасени пре­ку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји!

2:9 Не е од дела, за да не се пофали не­кој.

2:10 Зашто ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела што Бог ги предодредил уште од порано да живееме во нив.

2:11 Затоа помнете, вие, кои некогаш по тело бевте незнабошци, и наречени необрезани од таканаречените обрезани со телесно обрезание, правено со раце,

2:12 дека во она време бевте без Хрис­тос, отстранети од општеството на Из­раел, без право на учество во заветите на ветеното, без надеж и безбожници во светот;

2:13 но сега, во Христос Исус, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова.

2:14 Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив,

2:15 откако со телото Свое го уништи непријателството, а законот на запо­ве­дите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата еден нов човек, воспоставувајќи мир,

2:16 и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уништи непријателството во себе.

2:17 И, откако дојде, Тој ви благовести мир вам далечни и блиски,

2:18 зашто преку него и едните и дру­ги­те имаме пристап кај Отецот во еден Дух.

2:19 И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство,

2:20 зашто се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како камен темелник Самиот Исус Христос,

2:21 врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господ;

2:22 врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиште Божјо преку Духот.

Glava 3

3:1 Затоа сум јас, Павле, затвореник на Исус Христос за вас незнабошците.

3:2 Бидејќи ја чувте распределбата на благодатта Божја, која ми е дадена за вас,

3:3 односно дека преку откровение Бог ми ја соопшти тајната, како што и по­го­ре ви напишав накратко.

3:4 Читајќи го тоа, можете да разберете како сум ја сфатил тајната на Христос,

3:5 која, на синовите човечки од по­ра­нешните поколенија не им беше објавена како што сега се откри на Неговите свети апостоли и пророци преку Светиот Дух,

3:6 за да бидат и незнабошците сонас­ледници, делови на едно тело, и соучесници на ветувањето Божјо во Христос Исус преку Евангелието,

3:7 на кое му станав слуга според дарот на благодатта Божја, дадена по дејство на Неговата сила.

3:8 Мене, најмалиот од сите светии, таа благодат ми се даде – да им го про­по­ве­дам на незнабошците неискажливото богатство Христово,

3:9 и да расветлам на сите во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сѐ преку Исус Христос,

3:10 та многуликата мудрост Божја да им се објави сега преку Црквата на на­чалствата и властите небесни,

3:11 според предвечната одлука, која Тој ја изврши во Христос Исус нашиот Гос­под,

3:12 во Кого, преку верата во Него, има­ме слобода да се доближуваме со доверба.

3:13 Поради тоа, ве молам, не паѓајте со духот пред моите маки заради вас, кои се ваша слава.

3:14 Затоа ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос,

3:15 од Кого се именува секој род на не­бесата и на земјата,

3:16 да ви даде, по богатството на Сво­ја­та слава, сила да се утврдите преку Не­говиот Дух во внатрешниот човек,

3:17 и преку верата Христос да се всели во срцата ваши,

3:18 та вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разбирате со сите светии што е ширина и должина, што е дла­бо­чина и височина,

3:19 и да ја осознаете Христовата љубов што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја.

3:20 А на Оној Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сѐ што ќе побараме или помисли­ме,

3:21 Нему нека е слава во Црквата пре­ку Исус Христос во сите родови и за си­те векови. Амин!

Glava 4

4:1 Браќа, јас, затвореник во Господ, ве молам да се однесувате достојно според звањето, за кое сте повикани,

4:2 со сета понизност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг со љубов,

4:3 трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот.

4:4 Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на ваше­то звање.

4:5 Еден Господ, една вера и едно крш­тение,

4:6 еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сѐ, и преку сите, и во сите нас.

4:7 А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Хрис­тов.

4:8 Затоа е и речено: „Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето.“

4:9 А што означува „издигајќи се“, ако не тоа дека Тој слезе пред тоа во најдолните места на земјата.

4:10 Слегнатиот е истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сѐ.

4:11 И Тој постави едни за апостоли, други за пророци, трети за благовести­тели, четврти за пастири и учители,

4:12 за усовршување на светиите во де­лото на служењето, за изградување на Христовото тело,

4:13 додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота,

4:14 та да не бидеме веќе мали деца што ги лула и занесува секој ветар на лаж­ните учења, преку човечките заблуди, во лукавството на измама кон заблуда.

4:15 Туку со љубов држејќи се за вистината во секој поглед да растеме во Оној, Кој е глава, Христос.

4:16 Со Него целото тело е составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поради силите негови, нараснува за да се изградува во љубов.

4:17 Ова, пак, го зборувам и сведочам во Господ; да не живеете повеќе како што живеат и другите незнабошци, по суетата на својот ум;

4:18 помрачени во разумот, отуѓени од Божјиот живот поради нивното незна­ење и тврдокорноста на нивното срце;

4:19 дојдени до бесчувство, тие се пре­да­доа на разврат и ненаситно вршат се­каква нечистота.

4:20 Но вие не Го познавте така Хрис­тос,

4:21 ако навистина сте чуле за Него и во Него сте биле поучувани – дека вистината е во Исус,

4:22 тогаш отфрлете го од себе стариот човек според вашето поранешно жи­ве­ење, кој се распаѓа во измамливите желби,

4:23 за да се обновите со духот на својот ум

4:24 и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во вистинска пра­ведност и светост.

4:25 Поради тоа, откако ја отфливте лагата, кажувајте си ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме делови еден на друг.

4:26 Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде над гневот ваш;

4:27 и не давајте му место на ѓаволот.

4:28 Крадецот да не краде веќе, туку не­ка се труди и подобро е да се труди со своите сопствени раце да го прави она што е добро, за да има што да му даде на оној што има потреба.

4:29 Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат.

4:30 И не оскрбувајте Го Светиот Дух Божји со Кој сте запечатени за денот на откупувањето.

4:31 Отстранете ја подалеку од вас секоја огорченост, јарост, гнев, викање и хулење заедно со секоја друга злоба.

4:32 Бидете еден спрема друг добри и милосрдни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христос.

Glava 5

5:1 И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени,

5:2 и живејте во љубов, како што и Христос ве возљуби и за нас се предаде Себеси како принос и жртва на Бога за пријатен мирис.

5:3 А блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост воопшто да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии,

5:4 ниту, пак, срамни и будалести збо­рови или двосмислени приказни, што се неприлични, туку само благодарност.

5:5 Зашто ова треба да го знаете: дека ниеден блудник, или нечист, или користољубец – кој е идолопоклоник, нема дел во царството на Христос и Бог.

5:6 Никој да не се мами со празни збо­ро­ви; зашто поради нив доаѓа гневот Бож­ји врз синовите на непокорноста;

5:7 затоа, не станувајте нивни соучесници.

5:8 Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господ: живејте како деца на светлината!

5:9 Зашто плодот на светлината се состои во сѐ што е добро, праведно и вистинито –

5:10 одлучете се за она што Му е мило на Бога!

5:11 Не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги!

5:12 Зашто за она што го прават скри­шум, срамно е и да се зборува.

5:13 А сѐ што е изобличено, светлината го прави јавно; бидејќи сѐ што е јавно, светлина е.

5:14 Затоа е речено: „Стани ти што спи­еш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!“

5:15 Па така, внимавајте добро како жи­веете! Не како безумни, туку како мудри;

5:16 ползувајте го времето, зашто дните се лукави.

5:17 Затоа немојте да бидете неразумни, туку распознајте што е волјата Божја!

5:18 И не опивајте се со вино, во него има разврат, но исполнете се со Дух.

5:19 Разговарајте меѓу себе со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господ во срцата ваши;

5:20 благодарејќи Му секогаш за сѐ на Бога и Отецот, во името на нашиот Гос­под Исус Христос;

5:21 покорувајте се еден на друг во страхопочит Божја.

5:22 Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господ,

5:23 зашто мажот е глава на жената, ка­ко што е и Христос глава на Црквата, и Тој е Спасител на телото.

5:24 Па, како што Црквата Му се покорува на Христос, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ.

5:25 Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што Христос ја засака Црк­вата и се предаде Себе за неа,

5:26 за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото;

5:27 та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна.

5:28 И така, мажите се должни да ги са­каат жените свои како што ги сакаат своите тела; зашто, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси.

5:29 Зашто никој никогаш не го намра­зил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата,

5:30 бидејќи ние сме делови на Неговото тело.

5:31 „Поради тоа, човекот ќе го остави својот татко и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат едно тело.“

5:32 Оваа тајна е голема. Но јас ви збо­рувам за Христос и за Црквата.

5:33 И така, секој од вас да си ја сака же­ната своја, како што се сака самиот себе, а жената да го почитува мажот свој.

Glava 6

6:1 Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Гос­под, зашто тоа е праведно.

6:2 „Почитувај ги својот татко и својата мајка!“ – тоа е првата заповед со ветува­ње,

6:3 „За да ти биде добро, и да живееш долго на земјата.“

6:4 И вие, татковците, не дразнете ги де­цата свои, туку подигнувајте ги во вос­питанието и науката на Господ.

6:5 Вие, слуги, бидете послушни кон ва­шите земни господари со страв и тре­пет, во простота на срцето, како кон Христос,

6:6 не работете само за пред очи, како оние што сакаат да им се умилкуваат на луѓето, туку како Христови слуги, извршувајќи ја волјата Божја од срце,

6:7 драговолно служејќи, како да Му служите на Господ, а не на луѓе,

6:8 знаејќи дека секој, па било тоа роб или слободен, ќе добие од Господ спо­ред доброто, што го направил.

6:9 А и вие, господарите, исто така, од­несувајте се кон нив и бидете умерени во строгоста своја, знаејќи дека и над вас самите и над нив има на небесата Господар, во Кого нема лицемерност!

6:10 Браќа, засилувајте се во Господ и во силата на Неговата моќ!

6:11 Облечете се во сето оружје Божјо за да се одржите против ѓаволското лу­кавство;

6:12 зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните упра­вители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата.

6:13 Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите.

6:14 И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во ок­ло­пот на праведноста,

6:15 и нозете да ви бидат обуени во подготвеност за да благовестите мир.

6:16 А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете си­те вжештени стрели на лукавиот;

6:17 земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо!

6:18 Со секаква молитва и молба во се­која пригода молете се во духот. Затоа бидете постојано будни со сета истрај­ност и молитва за сите светии,

6:19 и за мене, та, кога ќе ја отворам ус­тата да ми се даде слободно да ја со­оп­штувам тајната на Евангелието,

6:20 поради кое сум пратеник во окови, за да го проповедам смело, како што ми прилега.

6:21 А за да знаете и вие, како сум и што работам, за сѐ ќе ве извести Тихик, воз­љубениот брат и верен служител во Господ.

6:22 Него го пратив кај вас за да дозна­ете како сме, и за да ги охрабри срцата ваши.

6:23 Мир на браќата и љубов со вера од Бог Отецот и од Господ Исус Христос.

6:24 Благодат со сите што Го сакаат на­шиот Господ Исус Христос – во нераспадливост. Амин.