Avdij

1

Glava 1

1:1 Вака му вели Господ Бог на Едом: „Чувме глас од Господ, гласник е испратен меѓу народите: ‚Станете, да војуваме против него!‘“

1:2 Еве, те направив најмал меѓу народите, многу си презрен.

1:3 Гордоста на твоето срце те измами, тебе, кој живееш во камени пештери, во својот висок дом, и му велиш на своето срце: „Кој е тој што ќе ме собори на земја?“

1:4 И да се кренеш високо како орел, да направиш гнездо меѓу ѕвездите, и оттаму ќе те симнам, говори Господ.

1:5 Крадци кога би дошле кај тебе, или ноќни разбојници, зар не би украле онолку колку што сакаат? Берачи на грозје ако би те нападнале, зар би оста­виле нешто за доберување?

1:6 Како беше пребран Исав, и како му ги пребараа сите негови сокриени ра­боти!

1:7 До граница те избркаа, сите твои со­јузници те измамија и оние што јадат со тебе, стапица ти поставија – тоа не мо­же да се разбере!

1:8 Во оној ден, вели Господ, ќе ги по­губам мудрите во земјата едомска и раз­умните во гората Исавова.

1:9 И јунаците твои ќе се уплашат, Те­мане, за да се истребат сите од гората Исавова.

1:10 Поради насилството и заради убис­твото, што му го направи на братот твој Јаков, со срам ќе бидеш покриен и ќе бидеш отфрлен засекогаш.

1:11 Во оној ден кога ти си стоеше на­страна; во оној ден кога туѓинци му го изнесуваа богатството и кога туѓинци влегуваа низ вратата негова и фрлаа ждрепка за Ерусалим, беше и ти како еден од нив.

1:12 Не радувај се на несреќниот ден на твојот брат ниту на пропаста на сино­вите Јудини, а уште помалку да ја отвораш устата своја во денот на нивните страдања.

1:13 Не провалувај низ вратата на Мојот народ во денот на неговата неволја, не насладувај се на нивното зло во денот на нивната погибел, и не земај од имотот нивни во денот на нивната пропаст.

1:14 И не стој на нивните крстопати, за да ги убиваш оние што бегаат, ниту да ги предаваш оние, што преживеале во денот на нивната неволја.

1:15 Зашто денот Господов за сите народи е близу: како си правел, така ќе ти се прави; отплатата ќе падне на твојата глава.

1:16 Зашто, како што пиевте на Мојата света гора вие, така ќе пијат сите народи, ќе пијат без здив и докрај, и ќе бидат како никогаш да не биле.

1:17 Но на гората Сион ќе бидат спасени и ќе биде света, и домот на Јаков ќе го добие своето наследство.

1:18 Домот на Јаков ќе биде оган, а до­мот на Јосиф пламен, додека домот на Исав стрниште; ќе ги запалат и ќе ги изгорат; и нема никој од домот Исавов да остане жив, зашто Господ така вели.

1:19 Жителите на Негев ќе ја наследат гората Исавова, а рамнината филистеј­ска – жителите од Шефела; ќе го наследат и полето Ефремово и полето самарјанско, а Венијаминовото колено ќе го наследи Галаад.

1:20 Прогонетата, пак, војска на сино­вите Израелови ќе го наследи Ханан до Сарепта, а прогонетите од Ерусалим кои се во Сефарад, ќе ги наследат гра­довите во Негев.

1:21 И победниците ќе се качат на гората Сион за да ѝ судат на гората Исавова, и тогаш ќе настапи царството Госпо­дово.