Amos
Glava 1
1:1 Зборовите на Амос, еден од пастирите на Текоа, што ги чу во видение за Израел во деновите на јудејскиот цар Озија, и во деновите на израелскиот цар Јеровоам, синот Јоасов, две години пред земјотресот.
1:2 И рече тој: Господ ќе загрми од Сион и ќе го пушти гласот Свој од Ерусалим, и ќе свенат пасиштата пастирски, и ќе се исуши врвот на Кармил.
1:3 Така вели Господ: за трите престапи на Дамаск и за четирите нема да го поштедам, зашто го вршеа Галаад со железни орудија.
1:4 Ќе пуштам оган на домот Азаилов, и тој ќе ги проголта дворците на Венадад.
1:5 Па ќе ги скршам резињата на Дамаск и ќе ги истребам жителите на Бикат–Авен, и оној, што држи жезол, од Бет–Едем; народот на Арам ќе отиде во ропство во Кир, вели Господ.
1:6 Така вели Господ: за три престапи на Газа и за четири нема да ја поштедам, зашто тие ги одведоа сите во ропство, за да му ги предадат на Едом.
1:7 И ќе испратам оган врз ѕидините на Газа и тој ќе ги проголта дворците нејзини.
1:8 Па ќе ги истребам жителите на Ашдот, и оној, што го држи жезолот во Ашкелон, и ќе ја свртам раката Своја против Екрон, и ќе загине остатокот на Филистејците, вели Господ.
1:9 Вака вели Господ: за трите престапи на Тир и за четири нема да го поштедам, зашто тие му ги предадоа на Едом сите заробеници, и не се сетија за братскиот сојуз.
1:10 Ќе пратам оган врз ѕидините на Тир, и тој ќе ги проголта дворците негови.
1:11 Така вели Господ: за трите престапи на Едом и за четири нема да го поштедам, зашто тој ги гонеше браќата свои со меч, погази секакво сочувство, беше свиреп во гневот свој и секогаш ја потпалуваше јароста своја.
1:12 Ќе испратам оган врз Теман, и тој ќе ги проголта дворците на Восор.
1:13 Така вели Господ: за трите престапи на синовите Амонови и за четири нема да ги поштедам, бидејќи тие ги распоруваа бремените жени во Галаад, за да ги прошират границите свои.
1:14 И ќе запалам оган во ѕидовите на Рава, и тој ќе ги проголта дворците нејзини со врисок во денот на бојот и со виор во денот на бурата.
1:15 И ќе отиде царот нивни во ропство, тој и кнезовите негови заедно, вели Господ.
Glava 2
2:1 Вака вели Господ: за трите престапи на Моав, и за четири нема да го поштедам, зашто тој ги изгоре коските на царот едомски во вар.
2:2 Па ќе пратам оган врз Моав, и тој ќе ги проголта дворците на Кериот, и ќе загине Моав во метеж со викотница, при трубен звук.
2:3 И ќе го истребам владетелот негов и ќе ги убијам сите кнезови негови заедно со него, вели Господ.
2:4 Така вели Господ: за трите престапи на Јуда и за четири нема да го поштедам, заради тоа што го отфрлија законот на Господ и наредбите Негови не ги запазија; и идолите, по кои одеа татковците нивни, ги заведоа.
2:5 И ќе испратам оган врз Јуда, и тој ќе ги проголта дворците ерусалимски.
2:6 Така вели Господ: за трите престапи на Израел и за четири нема да го поштедам, бидејќи тие продаваат праведник за пари, и сиромав за чифт сандали.
2:7 Газат врз главите на сиромасите, и ги туркаат сиротите од патот; дури татко и син одеа при иста жена, за да го бесчестат Моето свето име.
2:8 При секој жртвеник лежат врз облеки, земени во залог, и вино изнудено од обвинети, пијат во домот на својот Бог.
2:9 Но Јас ги истребив пред нив Аморејците, чија височина беше како височината на кедар, и кој беше јак како даб; Јас го уништив и плодот негов горе, а и коренот негов долу.
2:10 Вас, пак, ве изведов од земјата египетска и ве водев по пустината четириесет години, за да ја наследите земјата аморејска.
2:11 Од синовите ваши избирав луѓе за пророци и од младинците ваши – за назири; зар не е така синови израелски? – вели Господ.
2:12 А вие ги поевте назирите со вино и на пророците им заповедавте: не пророкувајте.
2:13 Еве, Јас ќе ве притегнам, како што се стега кола, натоварена со снопја,
2:14 и брзиот не ќе има сила за бегање, ни јакиот да издржи и храбриот да го спаси животот свој.
2:15 Ни стрелец нема да се додржи, ниту брзиот ќе избега, ниту пак оној на коњ ќе го спаси животот свој.
2:16 И најхрабриот од храбрите во оној ден ќе избега гол, вели Господ.
Glava 3
3:1 Чујте го овој збор, што го кажа Господ против вас, синови на Израел, против целото племе, кое го изведов од земјата египетска, велејќи:
3:2 само вас ве признав од сите земни племиња, поради тоа и ќе ве казнам поради сите ваши беззаконија.
3:3 Тргнуваат ли двајца заедно, ако не се договорат меѓу себе?
3:4 Рика ли лав во гора, кога нема пред него плен? Пушта ли глас лавче од својата пештера, ако ништо не уловило во неа?
3:5 Паѓа ли птица во мрежа на земја, кога нема мрежа за неа? Ќе се подигне ли од земјата стапица, ако не се фати ништо во неа?
3:6 Труби ли труба во град, а народот да не се уплаши? Се случува ли во градот зло, што не го дозволил Господ?
3:7 Зашто Господ Бог не прави ништо додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците.
3:8 Кога ќе зарика лав, кој нема да се исплаши? Господ Бог зборува – кој нема да пророкува?
3:9 Прогласете од тврдините на Ашдод и од покривите на земјата египетска и кажете: соберете се по горите на Самарија и погледајте го големото бесчестие во неа и насилствата во неа.
3:10 Тие не знаат да постапуваат справедливо, вели Господ: со насилие и грабеж собираат добра во дворците свои.
3:11 Затоа, вака вели Господ Бог: еве, непријателот ќе ја опколи земјата, одбраната ќе ти ја разбие и дворците твои ќе бидат ограбени.
3:12 Така вели Господ – како што понекогаш пастирот истргнува од лавовска уста две нозе или дел од увото, така ќе бидат спасени синовите Израелови, кои сега седат во Самарија во аголот на постелата своја и во Дамаск на леглото свое.
3:13 Слушајте и бидете сведоци против домот на Јаков, вели Господ Бог Саваот.
3:14 Зашто во оној ден, кога ќе го казнам Израел за престапите негови, ќе го казнам и за жртвениците во Ветил; ќе бидат отсечени роговите на жртвеникот и тие ќе паднат на земја.
3:15 Ќе го поразам зимскиот дом заедно со летниот дом, и ќе исчезнат домовите со украси од слонова коска, ќе снема многу домови, вели Господ.
Glava 4
4:1 Чујте го ова слово, јуници башански, вие, кои сте на Самарјанската Гора, вие, кои ги измачувате сиромасите, ги угнетувате бедните и им велите на своите мажи: „Донесете да пиеме!“
4:2 Се заколна Господ Бог во Својата светост дека, ете, ќе дојдат врз вас дни, кога ќе ве извлечат со куки и остатокот ваш – со јадици.
4:3 Па ќе излезете низ пукнатините на ѕидовите, секоја – како ќе може, и ќе бидете фрлени кон Хармон, вели Господ.
4:4 Одете во Ветил и грешете, во Гилгал и умножувајте ги престапите, принесувајте жртви секое утро, десетоци секој трет ден.
4:5 Принесувајте како благодарствена жртва леб со квас, објавете доброволни прилози и разгласувајте за нив, зашто вие тоа го сакате, синови Израелови, вели Господ.
4:6 Затоа и ви дадов чисти заби во сите ваши градови и недостиг од леб по сите ваши населби; но вие не се вративте кај Мене, вели Господ.
4:7 И ве лишив од дожд три месеци пред жетва; пуштав дожд врз еден град, врз друг град не пуштав; еден дел беше напојуван со вода, а другиот – ненаросен со дожд, и се исушуваше.
4:8 И се собраа два-три града во еден град, за да се напијат со вода и не можеа да се напијат до ситост; но и тогаш вие не се вративте кај Мене, вели Господ.
4:9 Ве казнував со суша и метлика по житата и во многу ваши градини и лозја, а насадите со смокви и маслини ги јадеа гасеници, и при сето тоа пак не се вративте кај Мене, вели Господ.
4:10 Ви праќав помор, како египетскиот, ги убивав со меч момчињата ваши, ги одведов коњите ваши во плен, и смрад во становите ваши се креваше во ноздрите ваши, и покрај сето тоа не се вративте кај Мене, вели Господ.
4:11 Ве сотирав, како што Бог ги разруши Содом и Гомора, и вие бевте истргнати од огнот како гламња, но при сето тоа не се вративте кај Мене, вели Господ.
4:12 Затоа вака ќе постапам со тебе, Израеле; и бидејќи така ќе постапувам со тебе, приготви се да Го дочекаш твојот Бог, Израеле.
4:13 Зашто, ете, Оној, Кој образува гори и создава ветар и му ги објавува замислите Свои на човекот, утринската светлина ја претвора во мрак и оди високо над земјата, Господ Бог Саваот е Неговото име.
Glava 5
5:1 Чујте го ова слово, искажано со плач за вас, доме Израелов.
5:2 Падна, нема повеќе да стане девицата израелска! Фрлена е на земјата своја, и нема кој да ја крене.
5:3 Зашто вака вели Господ Бог: град, од кој излегуваат илјадници, ќе остане само со сто, а од кој излегуваат сто, ќе остане само со десет во домот Израелов.
5:4 Зашто така му вели Господ на домот Израелов: побарејте Ме и ќе бидете живи.
5:5 Не барајте го Ветил, не одете во Гилгал и не патувајте во Вирсавија, зашто сиот Гилгал ќе појде во ропство, а Ветил ќе се претвори во ништо.
5:6 Побарајте Го Господа, и ќе бидете живи, за да не се нафрли Тој против домот Јосифов како оган, што ќе го проголта, и не ќе има кој да го гасне во Ветил.
5:7 О, вие, што го извртувате правосудството во отров и правдата ја фрлате на земја!
5:8 Тој ги создал Плејадите и Орион и ја претвора црната темнина во јасно утро, а денот го прави темен како ноќ, ги извикува морските води и ги разлива по земјата, Јахве е името Негово!
5:9 Тој испраќа пустош врз силните и врз нивните тврдини.
5:10 А тие го мразат оној, кој дели правда пред портите, и се гнасат од оној, кој ја зборува вистината.
5:11 Па така, затоа што го измачувате сиромавиот и земате од него данок во жито, вие ќе изградите домови од делкан камен, но нема да живеете во нив; ќе насадите убави лозја, само вино од нив нема да пиете.
5:12 Зашто Јас знам колку се многубројни вашите престапи, и колку се тешки вашите гревови; вие сте му непријатели на праведникот, земате поткуп и ги извртувате делата на сиромасите во судот.
5:13 Поради тоа разумниот човек молчи во тоа време, зашто времето е зло.
5:14 Барајте добро, а не зло, за да останете живи – и тогаш Господ Бог Саваот ќе биде со вас, како што велите вие.
5:15 Мразете го злото, сакајте го доброто и поставете правосудство пред портите; можеби, Господ Бог Саваот, ќе се смилува над остатокот Јосифов.
5:16 Затоа вака вели Господ Бог Саваот, Седржителот: по сите ваши плоштади ќе има плач, и по сите ваши улици ќе викаат: Оф, оф! И ќе повикаат земјоделец да жали и искусни за жални песни, да плачат;
5:17 и по сите лозја ќе има плач, зашто Јас ќе минам среде тебе, вели Господ.
5:18 Тешко вам, кои го барате денот Господов! Зошто ви е тој ден Господов? Тој е темнина, а не светлина.
5:19 Тоа е како некој да бега од лав, па да го сретне мечка, или да дојде дома и се потпре со раката на ѕид, па да го касне змија.
5:20 Денот Господов е мрак, а не светлина, тој е мрак, и во него нема виделина.
5:21 Ги мразам и ги отфрлувам празниците ваши и не ги помирисувам жртвите ваши во времето на вашите прослави во собранијата.
5:22 Ако ми принесете сепаленица и лебен принос, нема да ги примам и нема да погледнам милостиво на благодарствената жртва од вашите угоени телиња.
5:23 Отстрани ја од мене бучавата на твоите песни, зашто звуците на твојата харфа нема да ги слушам.
5:24 Правдата нека тече како вода, и справедливоста – како силен поток.
5:25 Зар ми принесувавте жртви и дарови во лебови во пустината во текот на четириесетте години, доме Израелов?
5:26 Ќе ги носите Сикут, вашиот цар и Кијун, вашиот бог, ликовите што сами си ги направивте,
5:27 поради што ќе ве прогонувам зад Дамаск, вели Господ, чие име е Бог Саваот.
Glava 6
6:1 Тешко им на оние што се опуштиле во Сион и на оние што се чувствуваат сигурни на Гората Самарјанска, кои се првенци во народот, и при кои доаѓа домот Израелов!
6:2 Минете во Калне и видете, оттаму одете во Великиот Хамат и спуштете се во Гет филистејски: зар вие сте подобри од овие царства? Нели се пошироки нивните предели од вашите предели?
6:3 Тешко вам, кои сметате дека е далеку злочестиот ден, а правите да се приближи власта на насилството,
6:4 вие, кои лежите на легла од слонова коска и се оптегате на постелите свои, вие, кои јадете најдобри овни од стадото и телиња од богато пасиште,
6:5 вие, кои врескате по звукот на харфа, мислејќи дека свирите како Давид,
6:6 вие, кои пиете вино од врчви, се мачкате со најдобри масла и не ве боли срцето за пропаста на Јосиф!
6:7 Затоа сега вие ќе појдете први во ропство пред заробените, и ќе се заврши ликувањето на разнежените.
6:8 Се колне Господ Бог Сам во себе и вака вели Господ, Бог Саваот: се гнасам од гордоста на Јаков и ги мразам дворците негови, и ќе го предадам градот и сѐ, што го исполнува.
6:9 И, ако во некоја куќа останаа десет души, и тие ќе умрат.
6:10 Ќе ги земе роднината нивни, за да ги изнесе коските нивни од куќите, па ќе го прашаат оној, кој стои пред куќата: „Има ли уште некого?“ Тој ќе одговори: „Нема никого“. И овој ќе рече: „Молчи, зашто не бива да се спомнува името Господово.“
6:11 Зашто, ете, Господ ќе даде заповед и ќе ги сосипе големите куќи на парчиња, а малите на остатоци.
6:12 Трчаат ли коњите по карпа? Може ли морето да се изора со волови? Вие, пак, го превртувате правосудството во отров, а плодот на правдата – во горчина;
6:13 вие, што се восхитувате од ништо и од никакви работи и велите: „Зар не спечаливме со силата на својата моќ?“
6:14 Еве, Јас, вели Господ Бог Саваот, ќе подигнам народ против вас, доме Израелов и ќе ве угнетуваат од влезот во Емат до потокот во рамнината.
Glava 7
7:1 Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Тој создаде скакулци, кога почна да изникнува доцнежната трева, а тоа беше тревата по царската косидба.
7:2 И, ете, кога завршија да ја јадат тревата по земјата, реков: Господи Боже, прости, Те молам; како ќе издржи Јаков? Тој е многу мал.
7:3 И Господ се сожали на тоа: „Нема да стане тоа“ – рече Господ.
7:4 Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Господ Бог повика оган за суд – и тој проголта голема бездна, проголта и дел од земјата.
7:5 И реков: Господи Боже, запри те молам: „Како ќе издржи Јаков? Па тој е многу мал.“
7:6 И Господ се сожали на тоа: „И тоа нема да се збидне“, рече Господ Бог.
7:7 Вакво видение ми откри Тој: еве, Господ стоеше на ѕид и во раката имаше оловна висулка.
7:8 И ми рече Господ: „Што гледаш, Амосе?“ Јас одговорив: „Висулка“. И Господ рече: „Еве ќе ставам висулка меѓу Мојот народ израелски; нема повеќе да му проштевам.
7:9 Опустошени ќе бидат жртвениците Исакови и разрушени ќе бидат светилиштата израелски, и ќе се кренам со меч против домот Јеровоамов.“
7:10 И Амасија, свештеникот ветилски, порача до израелскиот цар Јеровоам, да му кажат: Амос крева бунт против тебе меѓу домот Израелов; земјата не може да ги трпи зборовите негови,
7:11 зашто тој вака вели: од меч ќе умре Јеровоам, а Израел бездруго ќе биде одведен од земјата своја во ропство.
7:12 И му рече Амасија на Амос: јасновидецу, оди си и насели се во земјата Јудина; таму јади леб и таму пророкувај,
7:13 а во Ветил не пророкувај веќе, зашто тој е светиња царева и е царски храм.
7:14 Му одговори Амос и му рече на Амасија: јас не сум пророк и не сум син на пророк; бев пастир и собирав диви смокви.
7:15 Но Господ ме зеде од овците и ми рече: оди, пророкувај кај Мојот народ Израел.
7:16 А сега ислушај го словото Господово. Ти велиш: не пророкувај против Израел и не кажувај зборови против домот Исаков.
7:17 Затоа, еве, што вели Господ: жената твоја ќе блудствува по градот, синовите твои и ќерките твои ќе паднат од меч, земјата твоја ќе биде разделена со мерно јаже, ти ќе умреш во нечиста земја, а Израел ќе биде одведен од земјата своја.
Glava 8
8:1 Вакво видение ми откри Господ Бог: ете, кошница со зрели плодови.
8:2 И ми рече Тој: што гледаш, Амосе? Одговорив: кошница со зрели плодови. Тогаш Господ ми рече: му дојде крајот на Мојот народ Израел – нема повеќе да му проштевам.
8:3 Песните во храмот во оној ден ќе се претворат во плачење, вели Господ Бог; ќе има многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде молчешкум.
8:4 Чујте го ова, вие, што газите бедни и уништувате сиромаси,
8:5 вие, кои велите: кога ќе мине новомесечието, за да продаваме жито, и сабота, за да ги отвориме житниците, да ја намалиме мерката, да ја зголемиме цената на шекелот и да измамуваме со лажни мерки,
8:6 да купуваме сиромаси со пари и бедни за чифт сандали, и да продаваме застарено жито.
8:7 Се заколна Господ во гордоста на Јаков: навистина нема никогаш да заборавам ниту едно од делата нивни!
8:8 Нема ли да се затресе земјата од тоа и нема ли да заплаче секој жител на неа? Таа целата ќе се подига како реката Нил и ќе се бранува и ќе се спушта како реката египетска.
8:9 И во оној ден, вели Господ Бог, ќе направам сонцето да зајде напладне и ќе ја помрачам земјата среде бел ден,
8:10 ќе ги претворам празниците ваши во тага и сите ваши песни – во плач; ќе ставам вреќишта на сите бедра и ќелавост – на секоја глава, и ќе создадам во земјата плач како за син единец, и крајот ќе ѝ биде како горчлив ден.
8:11 Ете, настапуваат дните, вели Господ Бог, кога ќе испратам на земјата глад, не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање зборови Господови.
8:12 И ќе талкаат од море до море, ќе скитаат од север до исток, барајќи го словото Господово, и нема да го најдат.
8:13 Во оној ден ќе премираат од жед убавите девојки и момчиња.
8:14 Оние што се колнат во гревот самарјански и велат: жив е твојот бог, Дане, така да ни е жив и патот за Вирсавија! Тие ќе паднат и веќе нема да се кренат.
Glava 9
9:1 Го видов Господа како стои на жртвеникот и вели: удри во горниот праг на вратата за да се растресат спојките и расцепи ги врз главите на сите нив, а другите од нив ќе ги убијам Јас со меч: никој од нив, кој бега, нема да избега, и никој од нив, кој сака да се спаси, нема да се спаси.
9:2 И да се закопаат во Подземјето, и оттаму раката Моја ќе ги извлече; и да се качат на небото, и оттаму ќе ги симнам.
9:3 Макар да се скријат и на врвот Кармил, и таму ќе ги најдам и ќе ги фатам; па и да се сокријат и од очите Мои во морското дно, и таму ќе му заповедам на змејот морски да ги голтне.
9:4 И во плен, ако појдат пред непријателите свои, ќе му заповедам на мечот таму да ги убие. Ќе ги свртам врз нив очите Свои за нивно зло, а не за добро.
9:5 Зашто Господ Бог Саваот ќе се допре до земјата, и таа ќе се растопи, и ќе се расплачат сите живи на неа; ќе се крене таа цела како реката Нил и ќе се спушти како реката египетска.
9:6 Тој ги изгради своите горни дворци на небесата и сводот Свој го зацврсти на земјата; ги повика морските води и ги изли по лицето на земјата; Јахве е името Негово.
9:7 Вие, синови Израелови, не сте ли за мене како синови етиопски, вели Господ, нели Јас го изведов Израел од земјата египетска и Филистејците – од Кафтор и Арамејците од Кир?
9:8 Ете, очите на Господ Бог се врз грешното царство, и Јас ќе го истребам од лицето на земјата, но домот на Јаков нема целосно да го истребам, вели Господ.
9:9 Зашто, еве, Јас ќе заповедам и ќе го распрснам домот Израелов по сите народи, како што се растураат зрната во решето, и ниедно не паѓа на земја.
9:10 Од меч ќе умрат сите грешници меѓу народот Мој, кои велат: „Нема да нѐ постигне и нема да дојде кај нас тоа зло!“
9:11 Во оној ден ќе ја подигнам паднатата скинија Давидова, ќе ги пополнам пукнатините нејзини, срушеното ќе го подигнам и ќе ја обновам, како во поранешните дни.
9:12 За да го завладее остатокот од Едом и сите народи, меѓу кои ќе се спомнува името Мое, вели Господ, Кој го врши сето тоа.
9:13 Ете, ќе настапат дни, вели Господ, кога орачот ќе го затече жетварот и оној што гази грозје – сејачот; и горите ќе пуштаат гроздов сок, и од сите ридови ќе потече.
9:14 Ќе ги вратам заробените на Мојот народ Израел; и пак ќе ги изградам запустените градови и ќе се населат во нив; ќе насадат лозја и ќе пијат вино од нив, и ќе направат градини и ќе јадат плодови од нив.
9:15 И ќе ги населам во земјата нивна и тие нема повеќе да бидат истргани од својата земја, која им ја дадов Јас, вели Господ, твојот Бог.