Agej
Glava 1
1:1 Во втората година на царот Дариј, во шестиот месец, на првиот ден од месецот, дојде слово Господово преку пророкот Агеј до Зоровавел, синот на Салатиил, управител на Јудеја, и до Исус, синот Јоседеков, првосвештеникот.
1:2 Вака вели Господ Саваот: „Овој народ говори: Уште не е дојдено времето, не е време сега да се гради дом Господов.“
1:3 И дојде слово Господово преку пророкот Агеј, велејќи:
1:4 „А за вас време ли е да живеете во своите украсени домови, кога е светилиштето запустено?“
1:5 Затоа сега вака вели Господ Саваот: „Преиспитајте ги своите патишта!
1:6 Вие сеете многу, а собирате малку; јадете, а не се заситувате; пиете, а не се напивате; се облекувате, но не се стоплувате; оној што печали пари, ги става во дупнато ќесе.“
1:7 Така вели Господ Саваот: „Преиспитајте ги своите патишта!
1:8 Качете се на планината, донесете дрвја и градете го храмот, и тоа ќе Ми биде угодно, па ќе се прославувам, вели Господ.
1:9 Очекувавте многу, а излегува малку, и што ќе внесете дома, тоа Јас го разнесувам. Зошто? – вели Господ Саваот: Затоа што домот Мој е запустен, додека секој од вас се грижи за домот свој.
1:10 Па поради тоа небото се затвори и не ви дава роса и земјата не ви дава плодови.
1:11 Затоа повикав суша врз земјата, врз горите, врз житото, врз гроздовите, врз маслото и врз сѐ што се раѓа од земјата, и врз човекот и врз добитокот, и врз секој ваш труд.“
1:12 И Зоровавел, синот на Салатиил, и Исус, синот на Јоседек, и сиот друг народ го послуша гласот на Господ, својот Бог, а и зборовите на пророкот Агеј, како гласник на нивниот Господ Бог, и народот се подуплаши од Господ.
1:13 Тогаш Агеј, гласникот Господов, испратен од Господ, му рече на народот: „Јас сум со вас“ – вели Господ.
1:14 И Господ го подигна духот на Зоровавел, синот на Салатиил, управителот на Јудеја, духот на Исус, синот Јоседеков, првосвештеникот, и духот на сиот друг народ – и тие дојдоа и почнаа да го градат домот на Господ Саваот, својот Бог;
1:15 а тоа стана во дваесет и четвртиот ден од шестиот месец, во втората година на царот Дариј.
Glava 2
2:1 Во седмиот месец, на дваесет и првиот ден од месецот, дојде слово Господово преку пророкот Агеј:
2:2 „Кажи им сега на Зоровавел, синот на Салатиил, управителот на Јудеја, и на Исус, Јоседековиот син, првосвештеникот, и на другиот народ:
2:3 Кој од вас што останавте, го видел овој храм во неговата поранешна слава, а како вие сега го гледате овој? Не е ли овој како ништо во вашите очи?
2:4 Но охрабри се сега, Зоровавеле, – вели Господ – ободри се, Исусе, сине Јоседеков, првосвештенику, охрабрете се сите народи овде – вели Господ – и работете, зашто Јас сум со вас“, вели Господ Саваот.
2:5 „Како што ви ветив, кога излеговте од Египет, Мојот Дух ќе биде меѓу вас: не плашете се!“
2:6 Зашто вака вели Господ Саваот – „Уште еднаш – и ете, скоро ќе се случи тоа – ќе ги затресам небото и земјата, морето и копното;
2:7 ќе ги стресам сите народи – и ќе дојде богатството на сите народи и ќе се исполни овој дом со слава“, вели Господ Саваот.
2:8 „Среброто е Мое и златото е Мое“ – вели Господ Саваот.
2:9 „Славата на овој нов храм ќе биде поголема отколку на поранешниот – вели Господ Саваот; и на ова место ќе му дадам мир“, вели Господ Саваот.
2:10 На дваесет и четвртиот ден од деветтиот месец, во втората година на Дариј, дојде слово Господово преку пророкот Агеј:
2:11 „Вака вели Господ Саваот – прашај ги свештениците за Законот и кажи –
2:12 ако некој би носел осветено месо во полата од облеката своја, и со полата би се допрел до леб, или до нешто варено или до вино, или до масло, или до какво и да е друго јадење, дали би се осветило тоа?“ Одговорија свештениците и рекоа: „Не.“
2:13 Потоа пак рече Агеј: „Ако некој се осквернил, допирајќи мртовец и потоа би се допрел до тоа, дали би станало тоа нечисто?“ Одговорија свештениците и рекоа – „Ќе стане нечисто.“
2:14 Тогаш рече Агеј – таков е и овој народ, такво е и ова племе пред Мене, вели Господ, и такви се сите дела на рацете негови! Па што и да принесувате, сѐ ќе биде нечисто.
2:15 А сега размислете за минатото и за иднината, кога уште не беше положен камен на камен во овој храм Господов,
2:16 како изгледавте? Доаѓавте до купче од дваесет мери, а имаше само десет; доаѓавте да црпите од каца со зафатнина од педесет мери, а имаше само дваесет мери.
2:17 Ве поразував со гламја и со млечка по житата и со град во секое дело на рацете ваши, но вие не се обративте кон Мене, вели Господ.
2:18 Размислете од денес за натаму, од дваесет и четвртиот ден во овој деветти месец, од денот кога беше основан храмот Господов; обратете ги срцата ваши:
2:19 Има ли уште во житниците семе? Досега ни лозата, ни смоквата, ни нарот, ни маслината не даваа плод; а од денес Јас ќе ве благословувам.
2:20 И дојде слово Господово до пророкот Агеј по вторпат на дваесет и четвртиот ден од месецот, и беше речено:
2:21 „Кажи му на Зоровавел, управителот на Јудеја: ќе го затресам небото и земјата;
2:22 ќе урнам престоли на царства незнабожечки, ќе превртам бојни коли и оние што ќе седнат во нив, и кутнати ќе бидат и коњите и коњаниците нивни ќе паднат, секој од мечот на својот другар.
2:23 Во тој ден, вели Господ Саваот, ќе те земам, Зоровавеле, сине Салатиилов, слуго Мој, вели Господ, и ќе те држам како печат, бидејќи те избрав.“